A Story Told About a Person from Zhelevo: A Book About Risto Mavrovski
Front Matter - Part 06
Југославија Во оваа држава имаше најмногу желевци и тоа борци, политички бегалци, децата што беа префрлени пролетта 1948 год., многу ранети и пребегани од селото за да се спасат од монархо фашистичките орди. Селаните беа сместени во разни места и градови. Во Војводина во с. Гаково, и с. Крушлево, а ранетите борци во Булкес. Детски домови имаше во Бела црква и Црквеница. Во Македонија сместени во Скопје, Тетово, Битола, Прилеп, Струга.
Во Скопје имаше најголема група на желевци, а покасно се вратија и од народните републики и СССР Скопје стана Ново Желево, после Торонто со најголем број соселани. Треба да се напомени дека во периодот 1950 – 54 год. многу дечиња се вратија во Грција во своите домови, а покасно заминаа за Канада. Во Скопје има многу семејства чии имиња ќе се потрудам да ги напишам:
Стамовци 2. Балковци. 3. Симовци 4. Дибрановци 5. Флоровци
6. Бундовци 7. Станишеви 8. Темовци 9. Јановци 10. Николовци
11. Попспирови 12. Марковци 13. Беќаровци 14. Темелковци 15.
Степановци 16. Румијаковци 17. Јанкуловци 18. Дамовци 19.
Додевци 20. Дограмови (Јановци) 21. Митановци (Чоневи) 22.
Лумбуровци 23. Марковци (Колејчини) 24.Гадучеви 25.
Глигоровци 26. Лулевци 27. Кировци 28. Бодановци 29. Гулини
30. Пачови Ова се семејства со исти презимиња така да нивниот број е многу поголем. Такви се семејствата: Јановци, Беќаровци, Марковци, Станишеви, Флоровци.
Во овој град своите животи ги оставија многу наши соселани, ќе пробам да се сетам на некој од нив, кои вечно почиваат во гробиштата Бутел.
Јоан, Филе, Трајко, Коле Беќарови Ламбро и жената му Флоровци Трајко Додевски Фоти жената му Темовци (Сотировци)
Божин Јанов Манџуков Софија Попспиров Балков Мичо и Софија Гадучи Поп Симовски и син му Томислав Малина Маркова Ристојца, Стефо, и син му Тоде Бодановци Тасе и жената Митанови Коле Глигоров Коле Пачов Ристојца Лумбурова Ѓургица Глигурова Крсте Степанов Танас Јане Војновски Петре и Елена Прпикови Иљо и жена му Марковци Леко и син му Спиро Марковци Доне Јанкуловци и многу други што не ги знам ни помнам.
Тетово Во овој град има неколку семејства и тоа:
1. Ламбро Митанов 2. Леко Глигоров 3. Дафина Петкова Трендовска со децата 4. Архонда Гакеја со ќерката Василка и децата 5. Севда Станишева со децата 6. Фана Курцова.
Тука умреа: Ламбро Митанов, Архонда Попова Гакеја, Алеко Глигоров Попјоанов.
Струга Во овој град е една семејство и тоа Ристо на Ламбро Тркалов со неговите деца фамилијарно, дојдени се од Ташкент.
Прилеп Во овој град живее Конда на Мазенко.
Битола Во мојот град има желевци уште од 1924 – 28 год. исто и период од 1944 – 45 год. и после граѓанската војна 1948 год.
1924 – 28 год. Браќата Симовци, Стојан Петревци Марковци, Пандо Лумбуров во Породин.
1944 – 45 год. Никола Николовски (шоферот), со фамилијата, Коста Станишев со фамилијата.
1950 год. Лучков Васил ги врати жена си и децата од Ташкент и Полска.
1957 год. Мичо Флоров, браќата Ристо и Коле Шкавреви, со семејствата од Полска, Танас и ќерката Ристана Маркова, а покасно дојде детето Васил семејно од Ташкент, Петре Брбалов се враќа од Канада и од Желево доаѓа жената. Јанејца Миовска и Јанаки Лучков. Така после Скопје сега Битола е втор по големина со желевци во Македонија.
Во село Породин од 1924 – 28 год. беа следни:
Лумбурови, Бундовци, Темовци, Курзови, но тие сега не се во Породин се раселија и остана само Васил Темо Сотиров. Во село Егри остана Сотир Румбаков кој таму почина.
Желевци кои починаа во Битола:
Коста и жената Станишеви, Коле и жената Николовци (шоферот), Петре Брбалов со сопругата, Тасе со сопругата Симовци, Нате поп Симовци, Јанаки и Васил со внукот Лучкови, Јанејца Миовска, Пандо и сопругата Лумбурови, Танас и Ристана Марковски, Ристо, Коле Шкавреви и многу други.
Бугарија Во град Софија живеат следните семејства:
Ставро на Тодор Марков 2. Харила Симовски 3. Ѓорги Брбалов
4. Јановци 5. Вангел Богданов кои тука почина.
На Гара Елин Пелин се следни семејства:
Трајко Киров, 2. Спиро Киров почина таму, 3. Ламбро Румбјаков Во град Стара Загора е Лена Богданова Во град Толбухин Леко Митанов и Лена Бундова.
Во град Сандански: 1. Дине Чаков семејно, 2. Ѓорги Чаков сопругата Софија Флоровска со децата. Тена Јаневска Флоровска со син му Павле, Ѓорги и Наса Маркова семејно.
Тука починаа Павле Флоров и Дане Чаков.
Романија, Чехословакија и Унгарија Во овие земји имаше деца од 1948 год. и тоа во Тулгеш, Калиманешти, во домови во Унгарија но повеќето се иселија од тука во Македонија, некој во Грција. Во Унгарија имаше доста ранети борци кои се лечеа во Будимпешта, а потоа си отидоа од таму. Тука почина Лена Степанова која ги учеше децата од селото.
Во Унгарија останаа следните семејства:
1.Анастасија Коцу хемиски инжинер, 2. Василиј Симу професор по Филологија, 3. Ѓорги Беќаров електро инжинер 4. Севасти Гијанкула професор 5. Фани Курџу архитект, 6. Спирос Флору (Глиптис) уметник сликар, 7. Јани Пасков машински инж. 8.
Михали Пасков ветеринарен доктор, 9. Дола Лјулу пензионер исто и останатите сега се пензионери, сем Михали Пасков кои работи ветеринар.
Засекогаш во Унгарија останаа во Будимпешта следните желевци:
Антигони Ласку, Аглики Марку, Деодота Јоану, Пандо Паско и Малакамба.
Полска Како што пишав и погоре сите здрави желевци беа сместени во град Богатиња, каде работеа на совхоз, земјоделие и краварство, во болница 250 ранетите борци, а останатите стари и деца беа во градот Згоржелец. Од 1950-53 год. многу желевци работеа по други градови и совхози како што се: Ваубжих, Немча, Швидница, Вроцлав, Полице и други. А покасно од Полска почнаа да си бегат за Канада, Грција, Бугарија и Македонија.
Таму остана само Танас Пачов кој имаше жена полјакиња.
Тука засекогаш останаја Попспиро Балко (Менџегузе), Марија на Танас, Марко Петров во Згоржелец, Мичо на Иљо Пучунгов.
СССР – Ташкент Во овој град Ташкент беа донесени здравите борци, кои останаа живи после поразот на ДАГ, преку Албанија беа донесени во Узбекистан. Кога се дозволи да се собираат семејствата заедно многу желевци отидоа во Ташкент, жени и деца, а борци заминаа во другите држави, во Грција, Канада и Македонија.
Таму останаа многу малку желевци меѓу кои се: Стојан Гужов, Стојан Трпчелов, кои имаат жени русинки и во Воронеж Илија Јану кој има жена русинка и е Доктор на историски науки во универзитетот во Воронеж. И тука останаа желевци за секогаш и тоа Фото Јановски во Москва детето на Доне Марковски на секаде расфрлени гробови по сите народни републики, за кои претходно никогаш не беа чуле, да им лесна земјата и да им вечна славата на сите желевци што останаа далеку од родното огниште.
Моето излегување во партизани 1947 година Во пролетта 1947 год. започнува нова страница во редовите на ДАГ, започнаа да се напаѓаат воени пунктови, полициски станици, како што беа нападите во селата Лак, Папли, на Бигла планина. Во исто време и костурскиот крај се крена многу масовно, така да монархо фашистичката војска се повлекува исцело од Преспа каде е загрозена и се повлекуваат во Лерин.
Тоа им овозможува на ДАГ да имаат големи слободни територии и во нив да се формираат новите единици со нови борци. Во тоа време пролетта 1947 год. излегуваат многу борци и од нашето село, а брат ми Спиро излегува пред монархо фашистичката војска да го напушти Желево. После тоа јас во јуни 1947 год. заминувам во редовите на ДАГ, и станувам редовен борец. Дома остана татко ми, мајка ми која е непокретна од 1944 год. снаата Спировица, сестра ми Софија и брат ми Никола.
При излегувањето во планина јас со поголема група борци отидовме во село Коломнати, а од таму за некој ден тргнавме кон Кајмакчалан, и тоа во село Попадија на самата граница со Југославија. Тука останавме неколку дена, бев заедно со Коле на Филе коачо, Мичо на Лекојца Чачани, Трајко на Лони Пирпикот, и Ставро на Ѓорги Николов од моето село. Од тука се враќаме на Вичо планина, каде нашата единица на чело со Акрита Јани од Овчарени, леринско зазеде позиција над село Арменско и над трсјанските каливи над градот Лерин. Јас во тоа време бев во водот на Апостоли Димакопулос од село Неохораки, леринско. Тој беше просфига, но беше многу добар човек, Десетар ми беше Коле Киру од Желево, пошто немавме многу искуство со оружјето, секој ден се вежбавме и обучувавме со пушки и друго оружје. Отакако ја завршивме обуката во село Турје ја направивме и првата акција во село Неволени, сосем блиску до градот. Од како припукавме кон противникот а тои ни возврати, се разви кратка битка и ние се вративме во село Нерет, каде останавме на ручек и вечера, а ноќта се вративме на нашите позиции. После ова имаше битки во Арменско, кај трсјанските колиби во полето и на Бигла.
Летото месец јули се собравме над Прекопана во падините на Вичо, каде се формираа големи единици, цели батаљони.
Батаљонот со командант Пандо Шиперков од село Смрдеш македонец, батаљонот со командант Михали Гранити од село Крчишта, батаљонот со командант Пандо Вајната од село Сребрено. Две чети наречени Дилохија водени од Гарефи од село Косинец и сите овие команданти беа македонци.
Се формираа главни штабови и тоа на сите единици а главен за сите единици беше Аминда од село Лехово, леринско, албанец по народност. Од кога се заврши со формирањето на единиците јас припаднав во батаљонот со командант Михали Гранити со број 588, во четата на Лефтер од село Баница, во водот на Апостоли од Неохори. Со мене беа повеќе македонци од леринско поле, од Преспа и од костурско, од моето село со мене беа: Коле Киру, Мичо Чачани, Трајко Пирпико и Ставро Николов на Ѓорги. Другите соборци на кои можам да се сетам беа: Александро Чалдари, Толи, Грамо Спасе, од село Овчарени, Мичо од Сетина, Алеко, Насе, Чане и Танас од Коломнати, од село Лак преспа беше Алексо беше магирос (кувар), од село Герман беше Герман малку наглув. Девојки партизанки со мене беа: Василка Руси од Герман, Томаија Мичопуло од село Папли, Цвета од Мокрени, Поликсени од Нестрам, Андромахи Кочопуло од село Папречко, костурско.
На почетокот бев само обичен војник, но после ме зеде Апостоли и станав негов курир во единицата. Набрзо ја обавувам таа служба и во четата, така да сега сум во штабот на водот и четата. Да напоменам дека секоја чета беше составена од четири вода, секој вод од четири десетини, а секоја десетина од по единесет борци, значи единиците беа доста големи.
Од кога се направија овие големи единици се јави потреба од проширување на фронтот, па така нашата единица беше пратена кон полето преку Бигла планина према Буф. Кога стигнавме на мала Бигла над село Арменско се случи и првото десертерство од редовите на ДАГ. Имено Никола Киру и Мичо Чачани од Желево, не приметени се одделија од колоната, слегоа и се предадоа во Лерин на грците. Од кога слеговме во Буф се дозна за предавството, останавме тука до вечерта, а ноќта удривме на селата Долна и Горна Клештина. Во оваа борба беше и брат ми Спиро со посебна единица наречена „саботер“, која беше за растурање на бункери, и други објекти со мини или базуки (панцер). После овие борби во погорните села и селото Света Петка, четата се врати во село Раково,остана малку време и се упативме преку Бигла во Желево. Од тука после краток одмор тргнуваме за костурско имаме борба во село Дамбени и Четирок, овие акции се во јули и август 1947 година на Вичо.
Тој период грчката монархо фашистичка војска почнува офанзива на Грамос, тамошните партизански единици ги води главен штаб (Архигио Воију Граму), на чело со командир Гианулис. Штабот се обрати за помош на Вичо и од тука тргнуваат два батаљони на помош. Едниот на Пандо Шиперко покрај албанските граници стигна на Грамос, а нашиот на чело со Гранити стигна до село Лабаница и од тука беше вратен према Вичо. Се вративме кон село Блаце, тука спавме, а на другиот ден маршутата преку Загоричани, стигнавме во синјачко до селото Гермија (Деспоти рахи), каде останавме преку дента, а вечерта маршутата не носеше преку село Богачико кај мостот на река Бистрица, и тоа близу градот Рупишта (Аргос).
Откако ја преминавме реката Бистрица, тргнавме во правец на селата Нестимо, Калохори, Лакомата, Дамашкинија, Дафни, Поликастано и планините Орлија и Ондрија, над македонските села Езерец и Петро (Пулаки). Сите овие села припаѓаат на Гревена и Козани сем Езерец кое е во костурско. Тоа беше нашата маршута за да стигнеме и се приклучиме на нашите единици на Грамос.
После неколку дена одмор нов командир на батаљонот стана Ахилеа Папајоану. Од с. Каливриси, македонец но цело време зборуваше грчки, тука се ствара нов начин на живот и на борба затоа што се наоѓаме на простор каде поголем број на села се од чисто грчки етнички состав и тоа ни прави проблеми. Се јавува потреба од мобилизација за да се собери храната за единиците во планините каде што нема села. Ние вршиме мобилизација во селата Нестимо, Кастанофито, Авгерино, Дамашкинија, Дафни, за оваа мобилизација имавме и проблеми од оние кои им служеа на монархо фашистите (маидес). Грците тука беа собрани околу поголемите села во посигурни центри како што беа Рупишта, Нестрам, Чотили (Педалофо), а другите околу градовите Костур, Гревена, Каљари, Кожани и други.
Батаљоните на Ахилеа и Гранити требаше да бранат многу голема територија, за што немаа доволен број борци.
Мојата чета со командир Лефтер од Баница, го имаше просторот до Чотили, многу близу до Рупишта, каде поминува патот за Гревена и Кожани. Со нас имаше луѓе кои беа дење со нас но потоа не предаваа на монархо фашистите и ние бевме изложени постојано на бомбардирања од авионите и артилеријата.
Есента 1947 год. беше многу тешка за нас со многу стални борби од сите страни, така да ни се случи една утрина цела чета да биде обиколена, а еден вод (димирија), беше заробен, така да сите беа однесени во селото и стрелани меѓу нив и Трајко Пирпико. Другите водови со тешки маки, голем број ранети, се извлекоа од заседата и се спасија. Во оваа нерамноправна борба со многу загуби на наша страна загина и членот на главниот штаб на Грамос, Буковала, кој загина на Орле планина есента 1947 год. после овие случувања беше сменет командирот Лефтер, за кратко беше поставен Спиро, грк по народност, но и него брзо го сменија и го поставија македонецот Вангел Чапас од село Манијак. Мојот командир на вод Апостоли беше пратен на школа за предавачи, во главниот штаб на ДАГ. Мене ме испратија во село Ланга на курс за подофицери (сколио омардихон), каде останав три недели и се вратив во четата, но овој пат како командир на десетина, дестар, и за прв пат се најдов да командувам со постари од мене и од друга народност.
Сега сум во водот на Коста Кизаки, кои е доста добро екипиран со добри борци кои се во четата на Вангел Чапата, а се за заштита на штабот на четата. Заедно одевме по разни акции во селата Жели, Мелантио, се до градчето Хрупишта, со диверзантски акции. Се удира ноќе и се бега. Тоа време беше доста тешко за војување и за нашиот батаљон, и батаљонот на Пандо Шиперко, кои во месноста Копанче, Портите, Палиокреми, до Горуша, места стратешки, кои ги држи непријателот, а ние цело време го напаѓаме за да ги освоиме тие точки, пред зимата пред да падне снегот. Имавме заеднички борби двата батаљони на Копанче, Портите, Горуша доста успешни, а на Полиокремиди имавме многу ранети, меѓу нив и Вангел Богданов кому во Албанија му ја секоја ногата и загинати (убиени). Така да Шиперко се повлекува, со него беше и Пандо Марко на Малина, како командир на чета за тешко оружје, а со мене од нив беа стари борци Борче Ѓорги Бејко од Бапчор, сега командир на чета кај Шиперко, Ѓорги Лавдако од с. Бесфина, командир на вод, Лагото од с. Статица командир на вод, Ване Чалев од с. Черешница, Склифов Илија од с.
Загоричани и многу други. Тоа време бевме многу време заедно така да во слободното време пеевме и игравме заедно, кога немаше борби. Но сега остануваме ние со батаљонот на Ахилеа и Гранити. Имавме многу тешки борби, но посебно успешна за нас беше борбата на Полиокремини, која ја добивме, планината е голема и имавме стратешки подобра позиција од непријателот, за понатамошните борби.
Есента 1947 год. во четата на брат ми Спиро за политички комесар дојде Наум Пачко од село Дамбени, костурско. Тој беше многу добар човек, комунист, борец, педагог и имаше углед во четата. Тогаш јас станав редовен член на КПГ, зошто дотогаш бев приправник (докимо). Во тоа време имавме доста успеси во борбите но и многу жртви од наша страна. Беше направена мобилизација од наша страна за нови борци, беа фатени доста предавници, меѓу нив и еден поп, и сите беа предадени на Војо Грамо.
Во тоа време се создаде и бригада (таксимархија), и тоа 14-та.
Бригадата беше составена од батаљоните на Пандо Шиперко, Ахилеа и Гранитии други единици кои беа на таа територија.
Командир на бригадата стана Ѓоргијади.
Сега ќе се обидам по сеќавање да ги напишам штабовите, прво на батаљонот:
Командир на батаљон – Ахилеа Папајоану Политички комесар – Михали Апостолски Гранити Стратиотикос – Ипефтинос Спартако од с. Клештина Стратологос – Мичо Шканџо од с. Поздивишта Набавачот на храна епимелитис и куририте.
Командири на четите:
Лефтер Олеф од с. Баница, Веви, леринско Јани Акрита од с. Овчарени, Мелити, леринско Петромбеи од с. Махала, леринско Овие беа командири на четите од почетокот па се до есента 1947 год. кога стигнавме во Грамос, командири на водови
(демирии), беа:
1. Руско од Клештина
2. Коста од Клештина
3. Толи Чакрев од Крушоради
4. Апостоли Димакопулос од Неохораки
5. Коста Кизаки од Коломнати (Макрохори) и други чии имиња поради поминатото време не се сеќавам добро. Во Војо Грамос имавме многу измени во кадровскиот кадар, после неуспехот на Лефтер, дојде еден Спиро, а покасно на негово место дојде вангел Чапата од с. Мањак, а покасно дојде и Наум Пачков од с.
Дмбени, како политички комесар на чета.
Ќе се обидам да се сетам на уште некои имиња на борци од четата:
Васили Папанесторас од с. Крчишта, Костурско, десетар Александар Луле од Коломнати. Костурско, десетар Спасе Качора, пушко митралезец од Овчарени, леринско Александар Чалдари од с. Средно село, Леринско Алексо од с. Лак, Преспа, кувар во четата Герман од с. Герман, работеше во кујната Василики Русева од с. Герман, стара партизанка Андромахи Мичопуло од с. Папреско, стара партизанка Томаија Кочопуло од село Папли, Преспа Поликсени (Цена) од с. Нестрам Катина Кузманова, Цвета од Мокрени, офицер на ДАГ, народен херој загинува во 1949 год Павле Шапков од с. Герман, загина кај планина Орле Ставро Николов од с. Желево, загина кај Ондре планина Трајко Пирпико од с. Желево, загина во с. Нестимо, Гревенско Перо од с. Загоричани, загина во с. Дамаскинија Ѓорги Рапчо од с. Косинец, загина на Грамос Мичо од с. Сетина, погина во с. Нестимо Танаси Калогјани од с. Нестрам, погина во Копанче Насо Лоро од с. Кономлати, умре во Кичево Лефтера Апостолска, сестра на Гранити Јани Мисев од Котори Јани Лаго од с. Статица (мела)
Танас од с. Коломнати, терзија По формирањето на големите единици се пристапи кон формирање на нова привремена демократска влада на единиците на ДАГ. Претседател и врховен командант на таа влада стана генерал Вафијадис Маркос, генерален секретар Никос Захаријадис. Во исто време се формира и радио станица Глас на слободна Грција, со сите овие постапки се мислеше за целосна слободна демократска Република Грција, но за жал тоа не се случи, колку беа грешки во прашање или целосна стратегија не разбрав. Работите уште тогаш тргнаа на лошо, позадина немаше доволно, а од градовите не излегуваа партизани. Монархо фашистите спроведуваа тешки и сурови мачења на секој кои му помагаше на партизаните, а донесоја и закон во кој беше членот 509. Со овој член секој помагач беше затворан или убиван по брза постапка, без пардон.
Од наша страна се случија и многу тешки борби во кои ние имавме големи загуби, од човечка и матерјална страна и тоа кај Гревена, Коница, Мечово. По овие загубени битки се промени ситуацијата на теренот на наша штета, така да и моралот на борците опадна есента 1947, зимата 1948 год. Се појавија и други проблеми во нашите редови вошките, гладта, облеката, сето тоа беше на наш грб но ние не се предававме сето тоа го издржавме, за нас комунистите тоа беше животна школа која ја поминавме. Во слободните денови учевме и се спремавме војнички, политички да бидеме добри луѓе, борци, комунисти и политичари. Јас во оваа единица го поминав најголемиот дел од мојот партизански живот, од пролетта 1947 до пролетта 1948 год. можеби една година е мал период, но во тоа време тоа беше и премногу. За сето ова време јас немав никакви контакти со семејството, немаше пошта за да ме информира, затоа што цело време бев на првите борбени линии. Ова траеше до пролетта 1948 год. кога за прв пат се ранувам од граната во нозете, кај месноста Клепсо, тоа е ридче над селата Поликастано и Дафни.
По ранувањето ме префрлаат во село Котили, па во село Монопило (Пилкади), каде добив и напад на слепото црево, а по некои ден патување се најдов во село Нивици, Преспа.
Следната дестинација беше село Вмбел па во Албанија во град Тирана. Така завршува моето учество во 14 бригада, и со мојата единица во 588 батаљон.
Мое видување за партизанството од татко ми.
Кажувањата на мојот татко за партизанството. Овие кажувања за жал не стигнал да ги напише, но многу пати ги кажувал така да чувствувам потреба во оваа прилика да ги напишам.
Во време на најголемите борби кај Чотили во селата Дафни и Дамашкинија за цело време бевме бомбардирани од грчката авијација и тоа многу прецизно по нашите позиции. Ова беше многу сомнително па бевме одредени да видиме и да пронајдеме кој е тој што редовно не шпионира и ги јавува нашите позиции. Ноќта врвевме по селото во мртва тишина да можеме да препознаеме што се случува, но дури на втората ноќ од една плевна слушавме многу чудни гласови, за да по влегувањето утврдиме дека некој по радиостаница испраќа сигнали со типкање. За наше големо изненадување човекот кој го правеше тоа беше локалниот поп, кој редовно ги известуваше монархофашистите за се што се случуваше. Истиот беше однесен во единицата, сослушан ги кажа сите јавки и луѓе со кои соработуваше и беше однесен во главниот штаб. Што се случи со него не знам, но претпоставката е најлошото, затоа што на тој дел ние имавме многу жртви.
Другиот настан е кога во водот бевме определени да донесеме „жив јазик“ човек од противничките редови, кој ќе ги кажа сите положби и јавки на непријателот. Успеавме да го направиме тоа, но изненадувањето беше за нив преголемо, како ние сме можеле да зборуваме на грчки јазик. Откако почна испрашувањето, нивната филозофија, но и обука била дека тиа ќе се борат против некаков непријател, небричен со долга коса со едно око (киклопи), дека суровоста им е единствениот квалитет и за преживување се треба да се убие. После испитувањето младиот војник со 19 год. сфати дека се она што го учеле се она што му го кажувале било лага и сакал да се приклучи кон Демократската Армија на Грција и да се бори за подобри и поголеми права за своето семејство. Тој набрзо беше прифатен во нашиот вод, покажа бескрајна издржливост, борбеност и хероизам така да во една од поголемите битки на Грамос беше тешко ранет и однесен во Албанија. Времињата и настаните се менуваа брзо, така да го изгубив од вид, и покрај тоа што во многу борби беше со мене. Но се случи нешто што се случува во животот, но присетува на филмска сторија. Еден ден на мои партиски активности во Богатиња, станува еден млад човек со патерици без една нога, пред почеток на состанокот ми приоѓа, ме прегрнува и плаче така да не може да застане. Не можам да се сетам никако на овој млад убав човек се додека не прозборе, за да знам дека пред мене е човекот кои ние го заробивме а тој дојде во состојба за ДАГ да го жртвува својот живот. Уште една вистинска приказна за доброто и злото, каде доброто победува, за жал со трајни последици по ова младо момче.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/risto-mavrovski-e-book-macedonian-1/6 на 29 октомври 2026