A Story Told About a Person from Zhelevo: A Book About Risto Mavrovski
Front Matter - Part 04
Затоа на населението не им се даваше, цело време се работеше и ништо се немаше. Требаше да се купи газија, масло, сол, шеќер и ништо друго. Секогаш со кандило, фенер и ламба да се осветлуваме. Затоа во долгите ноќи постарите ни кажуваа приказни за убави но и многу лоши работи, како вампири, врколаци, самоволи, сеништа, живи светци, и што не друго.
Така нас не фаќаше страв да одиме до алето сами, во собата беше Облека што ја носевме Во тоа време машките носеа шаачни горно и долно, внатрешно ткаенини од платно или лен шиени од терзија, значи кошула и гаќи и плетена фанела, чорапи волнени плетени, а одкако ќе се скинеа се крпеа со крпа и тоа на повеќе места. Чевли немавме никакви носевме бишкови, свински, опинци, кои ги правеше мајка ми, а гумени чевли имавме само за Божик, Водици, Велигден и некои свадби и имендени. Исто тоа го носеа и момите само што нивните алишта се повеќе везени и шарени од машките. Да напоменам дека текстил носеа само тие што имаа роднини во странство, и тие што учеа во други места надвор од селото.
Христо Михаил Шкаврев, Мавровски (1928 – 2004 год.)
Христо Михаил Шкаврев, Мавровски роден сум во село Желево, леринска околија, Егејска Македонија, 1928 год. од мајка Неда и татко Михаил Бојков. Сум се родил кон крајот на 1928 год. но покасно во книгите сум запишан како да сум роден 1929 год. и така се водам до денес. Јас сум третото машко дете на Мијал и Неда, но покасно умира брат ми Крсто и сега сум второ дете. Потекнувам од сиромашно селско работничко семејство, мојот татко по професија е ѕидар и со чеканот и мистријата го одржуваше семејството. Мојата мајка беше со мал имот во селото, но дома имаше слепа мајка, внук од брат за гледање, така да нашето семејство беше поголемо, затоа благодарејќи на дено ноќната работа на татко ми и мајка ми никогаш не останавме голи, гладни и боси. Школата од шестти клас ја завршив во селото на грчки јазик, почнав 1934 год. од кога почнувам да одам и говедар да помогнам дома. 1932 год се роди сестра ми Софија. Летото почнав јас да ги пасам кравата, телето и магарето, и тогаш почнуваа моите маки, лето со говедата, есен, зима и пролет со учење. Говедата ги пасев со поголеми деца од мене како што беа: Ѓорги Станишев, Анастас Христо Николов, Танас на тета Мара Трендова, Коле на Филе ковачот, а покасно и со мои врсници како: Ставро на Ѓорги Николов, Ванѓел и Пандо на тета Таса, Спиро на Пандо Трендов, Танас на Јане Војнов, Вангел на Коле шоферот, Ѓорги на Ристана Лазарова, Стојан на Васил Станишев и многу други.
Овие деца што ги набројувам погоре ги викаа башкари, затоа што ги пасеа своите говеда, а во селото имаше и селски говедар кои ги пасеше говедата од селата, истото го имаа и другите маала и во Селца.
1936 год. умира баба Јотејца, Стојна, а 1937 год. се раѓа најмалиот брат Никола. Сега во семејството бевме татко ми, мајка ми, браќата Спиро, Ристо, Коле сестрата Софија, брачедот Васил, кој од 1936 год. работи пољак и си го вади лебот, а татко ми е ѕидар во селото и околината посебно во село Буф, а заедно со него почнува како калфа да го зема брат ми Спиро. 1939 год.
како што кажав Васил се жени и целиот имот се дели на два дела пола, пола, а моите родители во дворт му градат нова куќа на Васил. Ова се случува во периодот до почетокот на војната
28.10.1940 год.
Моето школување беше во селото и ќе се потрудам да ги набројам моите соученици врсници со кои одев заедно на училиште:
Елена Јану (на Танас шоферот)
Александра Балку на Тасе Петрина Гину Никола Нану Андони Андониу на Сотир Џолин Томаки Лазаров на Васил Зора Чаку на Дане Архонда Бачку на Ристо Софија Киру на Филе коачот Ѓорги Лазару на Спиро Стојан Станишев на Васил Севасти Станишев на Коста Трендафила Гадучи на Лука Трендафила Бундоа на Ламбро Сотир Теодору на Голано Атанас Војну на Јане Ставрос Николау на Ѓорги Васили Пучунга на Пандо Никола Пучунга на Букури Севасти Марку Арта Мирчу на Крсто Фоти Куфела Архонда Тркалаа на Васил Кланти Попилиу на Пандо Фани Пеју на Ѓорги Ланџако Елени Степани на Крсто Фоти Степани на Христо Севасти Јанкула на Христо Јанула Ѓаму на Стојан Кире Марко на Иљо Алеко Митани Ставро Марку на Тодор Ставро Гадучи на Стојан Трајко Пирпико на Лони Алеко Стергу на Пандо Вангели Мирчу на Лазо Ристо Шкаврев Мавровски Детските игри во Желево Треба да кажам дека во тој период во нашите села никаде немаше електрична енергија, така да и тоа беше причина да ги играме некои игри. Во есен и зима се стемнуваше многу рано така да игрите највеќе ги игравме во школото. За време на одморите игравме машки игри: Кленџа, Пупа, Трчање, Скокање, Работа со дрвена пушка, разни атлетски вежби и на крајот со крпена топка фудбал. Момите на школо се береа накуп, пееја песни, играја момини игри, учеа да плетат да перат и да им помагаат на мајките дома. Во селото имаше игралиште на кое играа поголемите деца, а и фудбалска екипа која играше со сите околни села до Лерин, а за време војната и со германската војска. Есентта на почетокот се береа младите по куќи кај побогатите кои имаа мисер(пченка), и ронејќи ја помагаа кај стопанот да го изронат од кочанот. Стопанката во меѓу време правеше вечера и вареше мисер. Во зимата беше поубаво, имаше многу снег терени за лизгање и скијање. Тогаш правевме санки и скии од штици и се лизгавме во месноста Рајчејца и Касарица. Од сурови букови дрва правевме „ногалки“ и со нив се движевме, правевме топки од снег и се тепавме меѓу себе, и фрлавме по девојките. Во пролетта и летото се знае со говедата трчање по планините по цело време се до ноќта. Пролетта обично во неделите младите момчиња и девојки одеа со коњите и магарињата да ги пасат, берат суви дрва, букети цвеќиња, така да на враќање доаѓаат со песни во селото. Да напоменам дека од школото организирано одевме во Рајчејца и таму садевме борчиња. Во селото имавме наследено еден асфалтиран пат и тоа од џадето преку Брода па се до големата и убава црква Свети Никола. Овој пат со помош на соселаните од Канада, ангарија на селаните, месен самодопринос се направи овој прв асфалтиран пат прв во сите села. Корзото беше на Брода имаше многу чесми, кафани во кои се играше карти, младите ги среќаваа првите љубови, а обавезно во недела мораше да се оди во црква и за сите други празници, тие кои не доаѓаа беа накажани со последици во школото и казна од корофилаците. Таква беше нашата детска селска живот.
Даскали што не учеа во школото Димитриос Киру (Таки даскалот) директорот на училиштето од Желево Ѓеорги Хаџиавгустиду учител грк просвига Софија Копаниду учителка гркинка Фаница (презиме не знам), гркинка Софија Деспинис Чула Првите тројца предаваа од трети до шестти клас а Фаница и Чула од забавиште до втори клас. Училиштето беше ново големо и убаво, ние учевме пред ручек и по ручек значи по шест часа дневно, сем во сабота кога се учеше само до ручек.
Сите предмети и матерјали ги учевме на грчки јазик и беше доста тешко. Ги учевме следните предмети: Грчки јазик, Граматика, Аритметика, Географија, Историја старогрчка, Религија, Топографија, Природа, Нова грчка историја, Домаќинство и Гимнастика.
За сите овие предмети учебници немаше, па сите пишувавме што ќе кажат учителите и од тоа покасно учевме. Од страна на даскалите тепањето беше најважната воспитна мерка, ако не знаеш јадеш бој, ако згрешиш и си немирен повторно бој, во избата затворање како во затвор, такво беше тоа време од 1936
– 1940 год. времето на диктатурата на Метаксас. Во нашите села беше претставник така наречениот Чаксира од Лерин, кога не можеше ниту еден македонски збор да кажеш без да те казнат со ќотек и парични казни. Премногу кодоши кои го правеа прекажувањето во полиција, тоа беше нашата детска слобода во тие тешки времиња. Додека пак возрасните кои беа ангажирани во партијата следеше одење по затвори, логори, давање рибино масло, ќотек и сите гнасни методи што луѓето некогаш ги измислиле се применувале во тие години, од диктатурата на Метаксас, во времето на крал Ѓорги втори.
Нашето имање во с. Желево Куќата е стара и таа е разрушена во поголем дел, а новата има две соби и ќерал.
Нивите: Главјето, тука имаше и големи дабови дрва кои ги користевме за исхрана на козите и овците, Горни Купот, Долни Купот, Олништа, Манкоа Ливада сите овие се по еден дел
(парче).
Ливади: Голема ливада со две ливади, Клапата, една ливада, Боројчки Трап една ливада и едно парче место за нива.
Лозја: имаме две лозја во месноста „Гробо“, едно помало едно поголемо, заедно со брачко Васил и другите Мавревци Градини: Ситките едно градинче, Паскоја куќа едно градинче, имаме и едно место во месноста Лазина каде имаше корија со дрва бука и даб кои се користеа за огрев.
Гробовите: се наоѓаат во црквата Свети Атанас заедно со другите гробови на Шкавреви, на нашиот гроб има бетонски крст и се пишани имињата на таткото, мајката, братот Михали, Неда и Спиро.
Човечки капацитети Човечките капацитети на селото исто беа многу големи, имаше луѓе со најразлични професии како:
Даскали: Симо Царев, Ристо Сидери, Таки Киру директор на училиштето, Танас Сидери, предаваше во Воден, Танас од Николовци, а во селото имаше и 4 грчки даскали кои беа во селото до 1940 год.
Попови: Андон, Илија има и питропи и псалтир. По смртта на двата попа во селото иди пак наш поп и тоа поп Спиро Балков, тој беше во селото до 1949 год. кога заминува за Полска и тука умира во град Менџе Гуже.
Лекари: Трајко Мирчев во Лерин. Доне Мирчо учествува во првото движение, но сега живее и работи во град Солун.
Авукати: Павле Перелов Јану, Пандо Попилија работаат во Герман, Пандо Стергиу.
Офицери: Илија Мирчу Милошов, Танас Балку овие се редовни, а имаше доста резервни официри.
Во селото имаше и стална полициска станица со корофилаци, војска немаше, таа беше стационирана во Псодери.
Покрај овие имаше и два пољаци кои го чуваа местото од пакости да не се прават од луѓе од другите села, ги чуваа лозјата, нивите, ливадите, шумата, пошто во Герман и Псодери преку летото има каракачани со овци, така да овие имаа полни раце работа.
Во селото имаше пошта со телефон и телеграф во која работеа Спиро и Анастас Симовски. Во селото имаше и музичари како:
Васил Пачко, Јован Марко, Иљо и Васил Киру, Фото Темо кои свиреа во селото и во другите села, а потоа кај нас свиреше оркестарот на Иљо Тимио од село Трнаа, и оркестар и од село Ошчима.
Селото имаше и фудбалски клуб Андартикон, во кој играа младинци од селото.
Како живееше и како се прехрануваше селото во времето од
1928 – 1940 год.
Во тоа време владееше прав феудален систем, зошто го немаше најпотребното за еден народ нормално де живее, работа дење и ноќе за една корка леб. Немаше осветление, (струја), селаните употребуваа свеќи, газија, лој од животни, маст и друго за долгите зимски ноќи. Земјата се обработуваше најпросто и најтешко со дрвени рала,со волови, крави, алатите беа прости како лопата,мотика, дикел, копачка, вила, грибел, секира, бичкија, варија, коса, срп и други примитивни алати. Се вршеше на гумна со коњи волови и магариња. Немаше нити плуг, нити трактор ниту комбајн и многу други совршени алатки што тогаш ги имаше. Токму поради ваквиот тежок живот многу желевци беа принудени да го напуштат селото барајќи подобар живот. Тие заминаа за Бугарија,Србија, Канада, Америка, Австралија и Франција.
За Вардарска Македонија или Србија како што ја викаа заминаа во Битола и село Породин: Стојан Марковци, браќата Симовци, Лумбуровци, Бундовци, Темовци, Курџои, Сандрини. Во Бугарија Сареви и Јановци. Во Канада со преселби започна уште од 1902-03 год. а по масовно 1930 – 1940 год. а најмасовно после граѓанската војна 1949 год. Постепено селаните се населуваат во Торонто и стана второ Желево.
Зошто селаните беа принудени да го напуштат селото. После балканските војни 1912-13 год. кога Македонија се подели помеѓу победниците Грција, Србија и Бугарија, нашиот дел подпадна под грчка окупација. Грчката влада уште на почетокот почна со своја политика со заканување, казнување, претење, забрана на мајчиниот јазик, испраќање по затвори и интернирање. Покасно после првата светска војна и грчко – турската војна и поразот на Грција во нашето село почнаа да се носат Просвиги (пондии), по Преспа кај нас и цела Македонија.
Грчките власти и правителства се исплашија од ново настанатата состојба и раѓањето на нова прва Социјалистичка држава СССР. Последиците од тоа се формирање на социјалистичка и комунистичка партија во Грција, така да грчката влада да се одбрани во 1926 год. Воведува воена диктатура на Пангалос, а покасно доаѓа уште пострашната за време на Метаксас од 1936-40 год. Ова беше најгнасното нешто што можеше до тогаш да се види со тепање, затворање интернирање, целосна забрана на мајчиниот јазик, доколку се говори следува затворање, парични казни, тепање и многу други бесмислени казни. Затоа народот беше донесен да молчи, јавно не говореше никој, сем по своите домови за некои да не ги наклеветат. Сите млади одеа на училиште учеа на грчки јазик, се беше забрането сем Метаксас и неговата диктатура.
Комунистите беа праќани по островите каде беа безмилосно измачувани, но и покрај се во селото постоеше илегална организација на комунистите.
Војните во Желево 1939-1945 год.
Втората светска војна започна во септември 1939 год. со нападот на Германија врз Полска, а Англија и Франција застанаа на страната на Полска. Така да во оваа војна на една страна беа силите на оската Берлин-Рим-Токио т.е. Германија, Италија, Јапонија и нив им се приклучија Бугарија, Шпанија, Унгарија и други, а на другата страна Америка, Англија, Франција покасно и СССР. Оваа војна започна на 01.09.1939 год. заврши на 09.05.1945 год со катастрофален пораз на силите на оската и нивна капитулација. Војната во Грција започна на 28.10.1940 год. кога фашистичка Италија преку Албанија ја нападна Грција. И покрај тоа што во Грција беше фашистичкиот режим на Матаксас, врските на Грција со Англија и Франција имаат подлабоки корени и затоа италјаните сакаат да ги покорат. Така започна војната во понеделник 28.10.1940 год. по целиот синор меѓу Албанија и Грција. Во нашето село беше собиралиште на грчката војска, така да сите возрасни и способни мажи беа вклучени во бојот, а пак постарите, жените и децата сите работеа за фронтот. Тука беше пунктот за ранетите и штабот на 303 полк кој се бореше храбро во Албанија. На третиот ден од почетокот за прв пат италјански бомбардери го бомбардираа селото, а после тоа уште неколку пати. Имаше доста ранети, убиени војници а од селото се рани Кала Глигорова која за жал остана без рака. Тоа време беше многу тешко, така да ние го напуштивме селото и се населивме во село Буф, каде бевме три недели. За тоа време грчката војска го зазеде градот и аеродромот во Корча, а фронтот се пресели длабоко на албанска територија, така да не беше страшно од авионите. Но маките продолжуваат секој ден спиење, хранење на војските што се движеа ката дневно по џадето леринско.
Со почетокот на војната, и бомбардирањата, селото се евакуира во блиското село Буф каде бевме сместени кај сем. Бејкови, само татко ми остана во селото да го чува имотот. После еден месец се вративме во селото и тогаш татко ми ме даде кај Ѓорги Трендов во селото, да работам како момок во неговата кафана.
Тука работев дење ноќе и тоа само за јадењето и така беше се до април 1941 год. кога во селото дојдоа германците и кафаната престана да работи, така да јас се вратив дома во куќата наша.
Оваа војна траеше се до април 1941 год. кога Германија ја нападна Југославија, и преку границата влегоа во Лерин и во Солун, а во исто време преку Бугарија навлегоја во Грција и таа капитулира. Пред Велигден 1941 год. нашето село падна под германска окупација. Грчката војска во Албанија се растури и се повлекуваше во голем неред, и жртви. Меѓу жртвите беа и Лучков Андони, Ѓиамо Христо, (Албанија), Тимчо Фоти (на бугарска граница). Покрај се ова имаше многу ранети и трајно осакатени желевци од оваа војна.
За време на војната и пред неа со селото раководеше одбор на видни желевци меѓу кои беа: Коџобашија (Проедрос), секретар (граматиас), советници (символи), тука беа и попот и даскалот.
Сите секогаш беа од повидните семејства во селото, признати да водат политика за селото и од грчката влада. После капитулацијата на Грција селото остана под италјанска зона, во селото се доселија војска и карабинерија. Тие останаа во селото од 1941 год. до 09.07.1943 год. до капитулацијата на фашистичка Италија. Тие години во нашето село имаше доста неволи. Постоеше глад уште 1941 год. но за среќа никој не умре, но со многу работа, труд, се издржа. Во селото имаше италјанска војска која ја прехранувавме со месо, кртули, граф, јајца, кокошки, сирење, се што му требаше сами си бараа, сами си земаа. Најлошото се случи кога ни го зедоа цел крупен добиток и овци и кози, се случија и други лоши работи, извршуваа некоја пробугарска политика, вооружувајќи дел од желевци под знамето на Калчев, со намера да бидат чувари на селото, во корист на италјаните.
Од кога пролетта 1941 год. дојдоа германците во нашето село, тие продолжија према Костур и надолу према Грција, да ги изгонат грчката и енглеската војска која ја имаше во мал број.
Во тоа време во селото остана многу воен матерјал и многу пушки. Членовите на партиската организација направија голема агитација и младинците од селото собраа многу пушки, муниција, воен и медицински матерјал. Во тие групи беше и брат ми Спиро, а јас ги известував да не дојде некој, собраниот матерјал се носеше на сигурно и безбедно место надвор од селото. Сето се правеше под раководство на Пандо Трендов, Спиро Симовски, Иљо Марковски, Тоде Кировски и други лица. Малку покасно во селото дојдоа талјаните со чета војска и карабинерија, така да животот стана потежок од порано.
Германците, талјаните и бугарите станаа господари и го собраа целото богатство од народот, така да веќе есента, зимата 1941 год. почна голема немаштина, умирање од глад, во големите градови, а кај нас во селото борба за парче леб, посебно за оние чии родители беа во странство. Така партијата се вклучи во оваа борба со доделување храна на посиромасите од побогатите, за да се преживее, се до првото наредно жнеење на јачменот и ржта. Таа година паролата беше да се помага населението да се прехрани и опстои. Но есента на 27.09.1941 год. се формира првата организација ЕАМ, слична на НОВ, која излезе со паролата сите чесни и прогресивни луѓе да излезат со пушки во раце против заедничкиот непријател фашистичкиот окупатор. Како што знаеме сите на 22.06.1941 год. Германија ја нападна единствената слободна социјалистичка држава СССР и од тој момент во Европа, почнува нова, тешка борба за секој прогресивен и чесен човек во поробена Европа и на Балканот.
Истото важеше и за нашето село, почнаа да се формираат организации на ЕАМ, во многу тешки услови, под италјанска управа.
Почна и новата 1942 год. со поголем терор и заканувања, постепено почна да стигнува и бугарската пропаганда во селото со паролата да сме сите бугари. Прво му се доделува пченка на село Рменово, леринско, а веќе во пролетта 1943 год. во селото доаѓаат вооружени чети од костурските села со паролата да се пали Желево оти е мрсно село (гркоманско), треба да се опљачка и изгори. Но тоа не се направи оти голем дел од желевци зедоа пушки и не дозволија ништо да се случи со селото. Организацијата уфрла свои луѓе во пушкарите и ја има работата под контрола. Се работи во најголема илегалност и се спремаат првите одреди кои ќе излезат партизани во планината.
Вооружените селани се спремаа да се борат против своите соселани, а во интерес на Германија, Италија и Бугарија на чело со Калчев, кој беше германски шпион. Јас во 1941-42 год. сум кај татко ми дома, но не мирувам трчам по брат ми Спиро и помагам што можам.
Германците во тоа време не се истите од почетокот на војната, сега веќе имаат доживеано порази и тоа првиот пред Москва, од каде панично се повлекуваат, а зимата го доживуваат еден од најголемите порази во оваа војна, битката за Сталинград, каде ја губат елитната единица на фелдмаршалот Пауерс, а во исто време ја губат и скоро цела Африка од Англо-американските сили. Тоа се одрази и на балканот каде италјаните и бугарите трпат големи загуби од развиеното партизанско движење во Југославија.
Јас 1942 год. работам со татко ми во селото за да опстаниме да не умреме од глад. Зимата 1942 год. италјаните го собираат цело село за да го риниме снегот од патот кои водеше за Лерин, меѓу нив беше и моето семејство, и јас лично. Во 1942 год зимата беше доста студена со големи снегови, а во исто време се појави и една многу опасна болест стомачен тифус. Тогаш умира Вангел на тета Таса Перелова, а јас се разболев од истиот и лежев дома цели два месеци во постела како жив труп, 40 дена никаков леб ни храна. Татко ми повика еден помошен лекар од италјаните во селото и тој ми даде упутство како да ме лечат. Лекот беше следен: Варено кравско млеко и варен планински чај, се тоа траеше 40 дена. После тој период почнав полека да станувам, да поткаснувам по некоја чорба и варени кртули. Опоравувањето траеше долго, ми испадна цела коса од главата, па почна да ми излегува нова, многу се измачив но на крајот успешно се излекував. Откако заздравев се приклучив на младинската организација ЕПОН која се формира во февруари 1943 год. под раководство на ЕАМ и ЕЛАС кои беа формирани од КПГ и Земјоделската партија и други прогресивни партии.
Пролетта 1943 год. од Желево излегоа првите партизани на Вичо планина, со тоа мерките за безбедност и контрола во селото уште повеќе се зајакнаа. Во времето на растурањето на грчката војска, и доаѓањето на германската војска во селото, членовите и симпатизерите на КПГ работеа на собирање на оружје муниција, облека и останат санитетски и воен матерјал.
Сето тоа беше скриено на сигурни места, па со излегувањето на партизаните истото почна да се користи. Талјаните капитулираа на 09.07.1943 год. така да во селото се вратија германските војски и останаа до крајот на војната.
Во 1944 год. неколку борци од селото почнаа да го напуштаат селото и тоа траеше до пролетта 1945 год. преминаа во вардарска Македонија и останаа во редовите на Гоцевиот батаљон, покасно станува бригада. Кога во 1945 год. се враќаат грците во селото, тие борци повторно преминуваат во Вардарска Македонија.
После формирањето на ЕАМ набрзо се формира и ЕЛАС (народно ослободителна армија на Грција), така да во селото организациите се зголемуваат со нови членови и активисти и се работи за припрема на првиот партизански одред од селото, но лошите услови тоа не го дозволија се до пролетта месец март 1943 год. Од нашето село излегува првата група млади и орни за борба: Пандо Марко на Малина, Никола Фундако, Ѓорги Гушо, Ѓорги Богдано, Спиро Мирчо. После оваа група излегоа и други групи со повеќе членови така да летото 1943 год.
имаше веќе формирани илегални групи кои работеа на разни операции и курирски дејности, во овие групи беше и брат ми Спиро, а во мај месец 1943 не приклучија и нас Ристо Шкаврев, Стојан Станишев, Ристо на Ламбро Тркалов, Вангел на Богдановци, Јани Јанкула, Ламбро Румјако, Мичо Гадучи, Насо на Дидо и многу други кои не ги думам. Ние сите бевме поделени по групи и не знаевме едни за други, за да нема предавство и ако не фатат. Беа тешки времиња под италјанска окупација.
Веќе 1943 год. движењето зема замав се формираат одреди и батаљони. Во нашето село беше одредот на даскалот од село Оштима, Мичо Тупурка, Титан. Одредот дејствуваше во нашиот реон а покасно се приклучи на батаљонот на командантот Илија Димаки, Гоце, кој беше од с. Статица ама живееше во град Лерин и беше еден од првите партизани во леринско. Во ова време заедно со овие одреди беше и одредот од битолско – преспанскиот регион, кои пребегна во нашиот крај подгонен од бугарскиот окупатор. Тие одреди дејствуваа во Вичо планина, Преспа и нашите места, командант беше Коле Канински од с. Канино, битолско, кои заедно со Гоце извршуваа синхронизирани акции, но не за долго тие се вратија назад, заради барањето на грчките организации ЕАМ и ЕЛАС кои беа против заедничка борба која на крајот би била на нивна штета.
Италјаните не мируваа, прво од селото собраа многу говеда и овци и ги однесоа во Костур, а потоа на два пати од селото однесоа две групи на селани во костурскиот затвор. Првата група останува пократко време во затвор, и од како се отпуштаат се носи нова група од која се стрелани следните желевци: браќата Пандо и Павле Поповски, Иљо Мирчо, Иљо Сандрин, Васил Ѓамов, Пандо Стерју Ласко, од оваа група е ослободен само поп Спиро, заради титулата. На овој начин со стрелање и на други селани од другите села се покажува слабоста на непријателот, кој заплашен од големото вооружено движење се осветува на народот.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/risto-mavrovski-e-book-macedonian-1/4 на 29 октомври 2026