Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

A Story Told About a Person from Zhelevo: A Book About Risto Mavrovski

Front Matter - Part 13

Од Спиро Мавровски · Дел 13 од 14 · Околу 20 минути

Читај на English

Во Шпанија 1936 год. имаше парламентарни избори на кои победуваат социјалистите и сакаа да прогласат власт на работниците и селаните. Но поради незадоволството на Хитлер и Мусолини го праќаат тогашниот генерал на кралската војска, Франко и со помош од Германија и Италија прават граѓанска војна во Шпанија. Таа војна трае скоро три години, покрај учеството на фашистичките сили од другата страна учествуваат силите од работничките партии т.е. доброволците од цела Европа кои ги формираа работничките бригади. За жал напредните сили ја изгубија војната а Франко стана голем диктатор по чин Генералисимус. Набрзо после тоа Германија ја анексира Чехословачка, а Италија ја присвојува Албанија 1939 год. Англија и Америка се неутрални во овие случувања, но потајно работат против советите а економски го подржуваат западот. Во Азија Јапонија ја напаѓа Кина, а на 01.09.1939 год.

без никаква најава и причина Германија ја напаѓа Полска, за разлика од претходно Франција и Англија застануваат на страната на Полска и така започнува втората светска војна, и тоа во Европа, Азија и Африка.

Од едната страна се силите на оската Рим Берлин Токио на која се приклучува Бугарија на цар Борис, квинслишки влади во Романија, Југославија, Франција, Украина и други. 1940 год.

Германија почнува да ги окупира сите западни земји, Скандинавија вклучувајќи ја и Франција, така да сега останува нападот на Англија. Во исто време склучениот договор за ненапаѓање меѓу Германија и Советскиот Сојуз, му овозможува на советите да објават војна на Финска за свои поранешни територии. Октоври поточно 28.10.1940 год. Италија и објавува војна на Грција преку Албанија, така да слободна останува само Југославија. Пролетта 1941 год. на 06.04.1941 год. нападната и освоена за една недела е и Југославија па силите на оската продолжуваат кон Грција, а и таа набрзо капитулира. На балканот останува уште Турција неутрална но повеќе на страна на германците. Во месец мај 1941 год. остануваат слободни уште Англија и Советскиот Сојуз. Но иако Хитлер се гледаше кон Англија, цело време мислеше кога ќе го нападне Советскиот Сојуз од кого доаѓаше најголемата закана. Хитлер ја започна војната со советите многу порано, преку петтата колона која направи многу штета во советите, притоа во многу чистки беа погубени и испратени во прогон во Сибир многу вистински прави комунисти кои му пречеа на Хитлер. Тој цело време работеше на планот Барбароса со кој на 22.06.1941 год. го нападна Советскиот Сојуз, но со ова ја започна најголемата битка во историјата на светот видена до денес. Така да сега судбината на војната се пренесе во рацете на советскиот народ, црвената армија, и целото меѓународно движење. Со тоа Хитлер ја направи најголемата грешка, и од тој ден веќе почна да ги губи своите позиции во Европа и во светот. Првиот голем пораз на германците беше пред Москва кога беа протерани цели 240 км. назад, и се покажа ранливоста на непобедените до тогаш германци. Тоа предизвика лавина на партизански движења во Југославија со Тито, Грција, Албанија, Франција, Скандинавија и останати делови од Европа. После првата следеше уште поголема победа во Сталинградската битка кога елитни германски единици беа поништени. Во Африка англоамериканските сили им нанесоа големи порази на германците, во исто време декември 1941 год. кај Перл Харбур Јапонија ја напаѓа Америка, така да и таа се вклучува во војната. Од 1942-43 год. текот на војната се менува сега оската Берлин Рим Токио веќе почнува да напукнува.

На другата страна сега се сите останати кои се борат против оската. Во 1943 год. се одржува првата средба во Техеран, на трите големи водачи Сталин, Черчил, Рузвелт овој пат средбата ја закажал Черчил. За оваа конференција е битно што Сталин побарал од сојузниците да отворат втор фронт, но за жал тоа се случи многу покасно, а сојузниците од месец јули до септември

1943 год. се истоварија на Сицилија и со тоа ја примораа Италија на 09.09.1943 год. да потпише капитулација. Тоа време партизанското движење е во голем подем а Црвената армија веќе се ближи до границите на Полска, Унгарија и Романија.

Летото 1944 год. советските армии влегуваат на полска територија и продолжуваат према Германија, истата ситуација е и према Румунија.

На 09.09.1944 год капитулира Бугарија, црвената армија стигна на грчките граници, но на барање на Тито се вклучува во завршните битки во Југославија. На барање на Димитров во тие борби се вклучува и отечествената бугарска армија, која со свои единици учествува во борбите од Македонија до Хрватска.

Есента 1944 год. англоамериканците, французите и канаѓаните вршат инвазија на Нормандија и го отвораат вториот фронт, од причини што советската Црвена армија е длабоко во Европа и навлегува во Германија. Стравот од новиот непријател Сталин ги тера на овие потези. Следи втората средба на големата тројка но овој пат на Јалта. Тука е направена победничката карта на Европа после поразот на Германија и силите на оската.

Пролетта 1945 год. Црвената армија е веќе на германска територија и беа ослободени Романија, Бугарија, Полска, Унгарија, Чехословачка, голем дел од Австрија, така да на крајот на месец април 1945 год. советите го напаѓаат Берлин, последното упориште на нацистите, Хитлер се самоубива, а големиот пропагатор на нацизмот Гебелс прво го убива своето семејство и на крајот и себеси, за да не биде заробен за сите злостори кои тои ги стори. Така на 09.05.1945 год. германската команда потпишува бесусловна капитулација и војната во Европа завршува, сем во Југославија каде последен ослободен град е Загреб на 15.05.1945 год. Досега најжестоката војна со многу жртви, ранети, огромни матерјални штети и нарушени меѓунационални односи за наредните неколку децении.

Но војната продолжува на далечниот исток, во Јапонија каде американците со фрлањето на атомските бомби на Хирошима и Нагасаки ги принудуваат Јапонците на безусловна капитулација. Тука има илјадници невини жртви и човештвото покажува уште посурова сила од било кога порано, за жал врз невино цивилно население.

Најголемиот терет од оваа војна го понесе Советскиот Сојуз со негде околу 20 милиони жртви, уште повеќе ранети и осакатени, за матерјалните загуби никогаш не се утврдија до крај. Полска со 7 милиони жртви, скоро сите евреи во полските гета, 90% уништеност на матерјалните добра. Југославија со 1,7 милиони жртви, ранети и осакатени и во меѓунационалните и меѓуверски војни кои одзедоа голем дел од овие жртви, ранети и оскатени. Оштетени голем дел од Босна, Србија, Хрватска.

Англија и Франција и покрај учеството од почетокот на војната, сем матерјалните загуби од бомбардирањата, човечките загуби се многу помали. Америка имаше воени загуби во оружје и војници, но матерјални штети на нејзина територија немаше. На Балканот покрај Југославија настрадаа и Грција, Албанија.

Од страна на оската најголеми загуби претрпе Германија, па Јапонија, Италија, со поголем број жртви и разурнувања, додека Бугарија, Романија, Унгарија, Шпанија поминуваат со матерјални штети од бомбардирањата, а малку човечки жртви.

Тоа е кратко она што се случуваше во Европа и светот од 1939-

45 год.

Што добија сојузниците од оваа војна. Прво Германија се дели на четири зони, америчка, англиска, француска и советска.

Австрија е поделена на три дела америчка, англиска и советска.

Во Азија делбата на Јапонија е на американска и дел земаат советите на северот, тука народни републики стануваат Северна Кореа, Кина, Монголија така да од една советска држава 1918 год. сега стануваат многу и тоа: Виетнам, Лаос, Камбоџа, во Африка се: Етиопија, Либија, Ангола, Конго Бразавил, Јемен потоа Куба така да покасно се формира третиот свет. Светот се подели на два дела социјалистички и капиталистички.

После војната во Европа се раѓаат нови народни демократски држави како што беа Полска, Југославија, Унгарија, Чехословачка, Романија, Бугарија, Албанија. Само Грција останува пак под западно влијание, и тоа под англичаните, кои го носат повторно кралот на власт, а сите оние кои се бореа за демократска Грција и учествуваа на албанскиот фронт, се бореа против германците, италјаните, бугарите и нивните слуги сега се принудени пак да се спремат за долга и исцрпувачка граѓанска војна, која беше долга и сурова.

Ова го пишувам многу покасно во девеесетите за да кажам дека во светот се случи според мене големо предавство т.е. пресврт и тоа во 1989 год. од страна на Михаил Горбачов, кои во историјата ќе биде познат по големите реформи и перестројката во Русија. Тој успеа да го разурне берлинскио ѕид, да ги растури сите социјалистички држави, против тежата Варшавскиот договор, и сето ова се реперкуира и во Југославија. Станаа граѓански војни во Словенија, Хрватска, покасно Босна и Херцеговина и накрајот и во Македонија.

Македонија станува независна држава после 1990 год. на парламентарни избори, станува држава со сите нишани: војска, полиција, парламент од повеќе партии и од тогаш се гради плуралистичко општество. Тоа е нов капитализам, со човечки права и слободи но бргу ни дојде голема безработица, слаба економија и претстои голема борба за опстанок и развој на државата.

Мои видувања за изгубената граѓанска војна Во овој период после падот на Вичо, грците се нафрлија на Грамос и по многу тешки крвави борби се се заврши на 26.08.1949 год. со повлекување на единиците на ДАГ во Албанија, така завршува големата граѓанска војна која се води од 1945 до 1949 год. со победа на монархофашистите, а единиците ба ДАГ со ранети, болни, здрави борци се наоѓаме на територија на Албанија по логорите Сукт, Елбасан, Бурели и други места.

Моето видување за нашиот пораз ги кажував неколку пати, но уште еднаш: последиците од овој пораз се катастрофални, многу ранети, убиени, затворени, уништени цели села, оставено е многу оружје, муниција, воени матерјали кои не можеа да ги понесат со себе. Монархофашистите беа поспремни во сите елементи на борбата, против нашите единици. Главниот штаб на ДАГ во зимата 1949 год. презеде офанзива со кој а се обиде да го изненади непријателот и тоа во Карпениси, со мал успех, во Сботско, Арадеа, Воденско со пораз на ДАГ, во Негуш со доста загуби и мобилизирани, и најголемата грешка нападот на Лерин во февруари 1949 год. Тука се докажа дека главниот штаб не е дораснат да води борби со помоќен и по вооружен непријател, посебно во населени места, така да на овој начин ја уништија цела 114 бригада, а затоа дежурен кривец беше нејзиниот командант Георгијадис кои беше осуден и стрелан за да се скрие немоќта на главниот штаб. Меѓу борците кружеше и информацијата дека е стрелан да нема сведок против министерот на војската, Вландата, кои беше одговорен за таа битка, а се кажува дека нападот е предаден, нема изненадување зошто наши борци пребегаа во редовите на монархофашистите.

Наместо нападот да се одложи, неговата реализација беше катастрофална така да крајот почна тука. На почетокот пред да почни војната се најголемите грешки. Потпишани се договори помеѓу ЕАМ, ЕЛАС со англичаните за предавање на оружјето, се покорија на нивните наредби, што после се одразува на теророт над егејска Македонија, затворите и логорите се наполнија со напредни кадри. Партијата КПГ не беше спремна да дигне вооружено востание, долго време се двоумеа и не се спремаа. Од кога започна војната, партијата не успеа да го крене пролетерјатот по градовите, што требаше да биде ударна сила во оваа револуција, исто се случи и со борците од ЕЛАС то кои требаше да се носители. Така да оваа војна се сведе на селаните и македонците од егејскиот дел на Македонија, уште на почеток немаше резерви, формирањето на големи единици, така да непријателот почна да ја чисти територијата уште во 1948 год. и тоа од Крит, Пелопонез, Стара Грција па се до Епир, Грамос, Вичо, Пиреја и Кајмакчалан, но во 1949 год.

монархофашистите успеваат да ги истераат нашите единици од Вермо, Епир и Кајмакчалан, така да остана само Вичо и мал дел од Грамос. Последната офанзива со најмодерно оружје и подршка од американците почна и заврши во август 1949 год кога се истерани сите наши единици во Албанија, со што ние доживуваме пораз а монархофашистите победа.

Мое видување за помошта од Америка и крајот на Граѓанската војна во Грција Во првата половина на месец мај, во месноста Дрепано, во околината на градот Кожани беа донесени стотина затвореници.

Тие под засилена стража, во смени, деноноќно градеа бункери.

Бункерите по големина, издржливост и моќ исти како оние што лани беа изградени на Грамос. И сега се градени на Мали Мади, Бела Вода, Лунѕер, Јамата, Баро, Рото, Лисец, Полената и други ридови во секторот Вичо. На штотуку изградениот полигон, без одлагање почна засилена обука и вежби во кои учествуваа единиците на II, IX, XI, XV дивизија како и офицерите на I, VIII, X владини дивизии. Тука се совладуваа воените вештини и новите оружја – базуки и топови од 75 мм, што пред извесно време од Америка пристигнаа во Грција. Учеа како во активни ноќни и денски борбени услови да ги совладуваат силно утврдените упоришта на противникот во содејство со тенковите, артилеријата и воздухопловството. Предност на воздухопловството, кое снабдено со нови бомби и ракети, вежбаше уништување на утврдени позиции – бункери, командни и набљудувачки пунктови...Потоа вежбите беа со артилерија и накрај со пешадијата. Вежбите траеја скоро еден месец а со нив, пред се пилотажата со усовршените воени авиони, од типот Дакота, Харвард и Спитфаер, се одвиваа под будно око на американски и британски воени специјалисти и инструктори, со кои директно командуваше американскиот генерал Ван Флит. Два дена по завршување на обуката и вежбите, во големата сала на градскиот совет, претворена во воен оперативен штаб беа повикани сите команданти на батаљоните, полковите, бригадите и дивизиите како и високи офицери од военото воздухопловство. Состанокот го водеа главниот командант, маршалот Александрос Папагос, началникот на Генералниот штаб Козмас, командантите на I, II, III корпус – Цакалотос, Манидакис и Григоропулос. Во првиот ред генерал Ван Флит со своите соработници. Генерал Козмас со растреперен глас му изрази голема благодарност на мошне почитуваниот генерал Ван Флит и неговите соработници кои помогнаа да се изготви оперативниот план, што го носи криптонимот “ΠΎΡΣΟΣ“, - (Факел).

Господо преминувам на планот. Наша главна цел е реонот Вичо. Меѓутоа, со намера да се постигне стратешко изненадување, се определивме за второстепени чекори. Првиот е, со силите на XI дивизија да се исчисти реонот на Кајмакчалан, каде според наши информации делуваат околу 800 комунистички бандити. Со овој чекор на противникот му ја одземаме можноста од Вичо да се префрли на Кајмакчалан.

Борбените дејствија во овој реон, според оперативниот план, ќе почнат на 4 и треба да завршат на 8 јули. Веднаш по тоа главните сили на XI дивизија ќе се стават на располагање на Вториот корпус со цел да учествуваат во борбите во реонот на Вичо. Вториот чекор има поголемо значење. Да го натераме противникот да помисли дека нашиот главен удар е насочен на Грамос.

Оттука предвидовме силите на Првиот корпус, поточно Првата и Осмата дивизија, со 73-та бригада 8-от, 15-от, и 24-от полк, во содејство со артилеријата и воздухопловството да извршат силни удари на утврдените упоришта на противникот со цел да го заковаат за неговите позиции и на овој начин да го спречат да се префрли на Вичо, кога таму ќе почне главната офанзива.

Според информациите северен Грамос противникот го брани со 4900 мажи и жени и располага со 16 топови, два минофрлачи од 120 мм и со поголем број противтенковски и противавионски цевки за кои нема доволно гранати. Оваа операција ќе почне ноќта меѓу 2-ри и 3-ти и мора да заврши на 9-ти август. Овој предел е ридско – планински и на многу места покриен со шума. Во споредба со Грамос, тука ги нема високите камени чуки, длабоките клисури и бројните козји патеки. Главни планини се Бела Вода на север, Вичо на исток, Мали-Мади на на југ и Чука и Лисец на запад. Реката Бистрица која извира под селото Псодери, течејќи на југ, го дели овој предел од планината Врба и натаму од Преспа и Преспанското езеро. Во близина на селото Брезница свртува на југоисток, правејќи разделница меѓу Мали-Мади на југ и Јамата, Баро, Роте и погоре Полената. За овој предел карактеристично е тоа што го пресекуваат две многу важни сообраќајници. Едната од Костур преку село Апоскеп се влече покрај брегот на река Бистрица и северно од селото Брезница се вкрстува со сообраќајницата што води од Костур преку Мањак, Тиквени, Четирок, Света Недела, Косинец, Смрдеш, Брезница, Желево, Псодери од каде се спушта по планината Бигла завршува во Лерин. Од картата се гледа дека пред Желево се дели и продолжува за Преспа. Оваа сообраќајница во делот меѓу Смрдеш (грчко-албанска граница), Псодери - Бигла и Желево - Преспа за нашиот противник има непроценливо значење. По оваа сообраќајница се врши целокупното снабдување со оружје и храна кое со камиони е пренесувано од Албанија и од Југославија до магацините вкопани лево и десно од патот. Брзиот пробив на нашите тенкови по овие сообраќајници значи, на противникот да му се прекини и затвори патот за бегство во Албанија и Југославија, значи затворање на обрачот... Со што ќе ни се спротистави непријателот. Бункерите исти како оние на кои вежбавме во полигонот Дрепано, целата одбрамбена линија е со мински полиња и пречки од бодликава жица. Реонот на Вичо непријателот ќе го брани со следниве сили: X дивизија со 18 и 103 бригада. Поконкретно нивните сили се распоредени како што следи. На северниот дел од фронтот Бела Вода – Бигла – Лунѕер – Кулкутурија 4 пешадиски баталјони, 8 ридски, 5 полски и 5 противтенковски топови. Вкупно 1450 борци од кои триесет посто се жени. Централниот фронт Полената – Плати – Кула и Рото, 3 пешадиски баталјони, 12 ридски, 4 полски и 10 противтенковски топови. Вкупно 1250 борци. Втората линија Баро – Јамата – Лисец - Моро – Чука 3 пешадиски баталјони, 6 ридски и 6 противтенковски топови. Вкупно 1060. Јужниот фронт Мали –Мади 3 пешадиски баталјони, 6 ридски, 3 полски и 6 противтенковски топови. Вкупно 1250. Резерва 105 бригада (1000 борци) во реонот на селото Смрдеш и офицерската школа (500 борци) во реонот на селата Брезница – Трнаа. Во помошни сили имаат 1500 лица. Во длабочина се организирани две одбрамбени линии. Првата влече од Бигла – Лунѕер и со ровови, бункери и мински полиња ги поврзува ридовите Јоргова Глава – Голината – Чука – Лисец – Баро – Јамата. Зад оваа одбрамбена линија се наоѓа џадето што ги поврзува Смрдеш, Брезница, Желево, Псодери. Втората одбрамбена линија на север се потпира на север со Бела Вода, се спушта јужно и ги покрива Превалот и Врба и завршува во котлината на Смрдеш.

Крајното одмбрамбено упориште е во Преспа, а тоа се ридовите меѓу селата Штрково и Раби и отаде – полуостровот со селата Нивици, Винени, Орово и Граждено. Нашите анализи и истражувања потврдија дека моралот на непријателот е висок.

Ова е постигнато со неговите лански борбени успеси на Грамос и Вичо, (битката на Мали–Мади), некои успешни битки за помали градови, и пролетното заземање на Грамос. Во текот на зимата и пролетта непријателот изврши реорганизација на своите единици, го подобри снабдувањето со облека и храна.

Ваквата состојба му даде за право на повисокото раководство да мисли дека 1949 година ќе биде година на нивната победа, па оттука моралот кај нашите противници е на доста високо ниво.

Која е нивната цел? Нивна цел е да го сочуваат тој последен “слободен простор“, цврсто бранејќи ги планините Бела Вода – Вичо – Мали-Мади. За време на офанзивата со активна одбрана да го заковаат непријателот на одбрамбените позиции и кога ќе се создадат соодветни услови за промена на состојбата, да тргнат во противофанзива со цел да ги уништат нашите национални сили.

Со кои сили ќе нападнеме ние? Во борбена состојба се ставени II, IX, X, XI, пешадиска дивизија, вкупно единаесет бригади, III дивизија за гонење со две пешадиски бригади, еден лесен пешадиски полк, шест баталјони на националната гарда.

Артилерија: 4 полкови полски топови, 3 одделенија средни топови, 5 одделенија ридски топови, скоро половината од расположивите тенкови и борни коли со кои располагаме и 90 авиони. Како резерва на врховниот командант останува XV дивизија во Рупишта и 32-та бригада во Дервен. Основна и главна борбена задача на Вториот корпус е: совладување на непријателските позиции и уништување на противничките сили. Офанзивата во реонот Вичо ќе се одвива во четири фази.

Прва фаза: –10 август 1949 година. Дента, по авионското бомбардирање и артилериска подготовка, во 10,00 часот во насока Дервен – Кулкутурија – Полената – ридот 1685 тргнува 22-та пешадиска бригада со цел да ги совлада позициите на Полената – кота 1685 што се наоѓаат зад првата одбрамбена линија и да создадат благонаклонени услови и бази за напад и да навлезе во одбрамбената линија над селото Статица, да го изненади непријателот и да ги совлада ридовите Чука – Лисец.

Втора фаза: ноќта меѓу 10-11 август синхронизирани напади.

Од Буковик тргнува X пешадиска дивизија со цел да ги совлада позициите на непријателскита линија Јамата – Баро – кота 1709.

Од Дервен – Кулкутурија XI пешадиска дивизија продолжува со нападот на линијата Чука – Лисец. Истовремено третата бригада за гонење врши напад на кота 1695 – Бигла – Лунѕер – Гогова Глава, а на југ, во напад на Мали-Мади, тргнува 36-тата бригада. На крајниот север, од селото Долна Клештина преку Буф во насока на Герман тргнува 21-та бригада со цел да го затвори евентуалното бегство кон Југославија и по заземањето на преспанското село Раби да го затвори патот кон преминот наречен Кула што се наоѓа меѓу двете преспански езера. Време на започнување на нападот 20,00 часот на 10 август. Трета фаза:

(12-13 август 1949), префрлување на нашите сили на линијата Врба – Превал – Корбеч, навлегување во котлината на Преспа и спречување на бегство на непријателот кон Албанија и Југославија. Четврта фаза: (14-16 август 1949), чистење на полуостровот отаде езерата и на целиот реон на Вичо. За подршка на пешадијата предвидени се две моќни артилериски групи. Северната група – Лерин и јужната – Костур со сите видови топови. Од истите насоки подршка ќе даваат и механизирани единици, пред се тенковите. Почетокот на офанзивата ќе му припадне на нашето славно воздухопловство чија цел е во утринските часови да ги нападне и уништи утврдените точки на непријателот, во продолжение да ги уништува неговите артилериски и минофрлачки гнезда, да врши извидувачки летови со цел од воздух да информира за движењата на противникот и да ја фотографира актуелната состојба на фронтот. Вкупно ќе учествуваат деведесет борбени авиони.

По секоја цена, на почетокот на офанзивата да се сочува содејство на воздухопловството, артилеријата, пешадијата и механизираните единици. Ова пред се важи при нападот на Полената и ридот 1685 каде првенствено ќе напаѓа III дивизија за ридско гонење, додека задача на IX, X, XI дивизија е да го спречат бегството на непријателските сили кон Албанија...

Господо!!! Грчката армија никогаш до сега не располагала со толку борбена сила во луѓе и борбени средства и техника.

Благодарение на нашите пријатели и сојузници, Соединетите Американски Држави, со чиј офицерски и стручен тим командува драгиот и почитуван генерал Ван Флит, ние сме сестрано подготвени да го сотреме непријателот. Нас не интересира едно: Победа! Нема да има никакви преговори. Ќе говори само оружјето. Нема капитулација. Ќе има само пораз од кој тие никогаш нема да се подигнат! Господо чест ми е да објавам дека офанзивата ќе почне на 10 август во 5 часот наутро. Овации од сите страни.

Пред картата застана генерал Ван Флит, обраќајки се на присутните. - Ете господо генерали само толкав простор треба да совладате. Две шепи. Две шепи простор, покажувајќи на картата, и ништо повеќе. Војската ви ја облековме и добро ја нахранивме и ви ја снабдивме со најдоброто оружје што го имаме. Сега имате се! Авиони – од најновите. Топови и минофрлачи – нови. Базуки и напалм бомби! – тој подвикна и долго се загледа во присутните. – имајќи такво оружје треба да приберете храброст и за само пет денови, господо, за само пет денови морате да ставите крај на војната. Тука – тој покажа на картата ќе бијат 90 авиони и покрај бомбите ќе фрлаат и напалм, ќе грмат стотина артилериски цевки и уште толкав број минофрлачи, ќе јуришаат скоро 80 илјади војници потпомогнати со над двесте блидирани коли и тенкови! Не повеќе, туку само пет денови! Комунистите да не ги извадите од рововите и од бункерите. Тие да останат таму, ама мртви...