Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

A Story Told About a Person from Zhelevo: A Book About Risto Mavrovski

Front Matter - Part 12

Од Спиро Мавровски · Дел 12 од 14 · Околу 21 минути

Читај на English

1979год– со сопругата одиме да бериме по планините билки и смрека ја продаваме за да помогниме за децата, се раѓа внукот Христо од синот Васко 1981год– синот Спиро со Елена Стојковска Бабец стапуваат во брак на 10.05 а истата година на 10.09 се раѓа нивниот син и наш внук Васко,

1983 год – ќерката Неда учи во гимназија 1984 год – 04.11. синот оди во ЈНА, прво во Ниш па во Врање 1985 год – ќерката Неда се мажи за зетот Здраве 1986 год.- синот Спиро се вработува во РЕК Битола, како електро инжинер

1987 год – се жени Мијал син на брат ми Коле, доаѓа сестра ми Софија од Канада

1991 год – се раѓа внуката од ќерката Неда, Маре 1998 год – синот Спиро е директор за производство во РЕК Битола 1998-2002

1999 год – внукот Васко се запишува на НАТФИЗ – академија за артисти во Софија

2002 год – синот Спиро е пратеник во Македонскиот парламент

2002-2006 год.

2003 год - внукот Васко завршува Академија во Софија, со Спиро одиме десет дена во Грција, кај внуката Елена во Аталанти, Атина, Пелопонез, цела Грција Моето видување за татко ми Ристо Мавровски Мои лични размисли за некои случувања во мојот живот поврзани со татко ми егзодусот, животот во Битола, спортот и останати случувања за кои татко ми не проговорил. Би прозборил за неколку настани кои длабоко ми се врежале во моите спомени и неповратно остануваат во мене до крајот на мојот живот.

Мојот однос со татко ми беше многу интензивен, бевме упатени еден на друг за цело време, затоа што моите баби и дедовци по татко ми не ги запомнив, имав можност само еднаш да го видам мојот дедо Мијал, бев многу мал (три години), и тоа беше само ден два. Дедо ми и баба ми по мајка Лена и Методија ги видов повеќе пати, но не растевме со нив, видувањата беа инцидентни. Во нашето растење како деца бавме за цело време со родителите и тоа не направи уште поблиски. Мојот татко за мене беше и родител и пријател и брат и се на овој свет.

Неговите совети и крилатици, неговиот труд, чесноста, искреноста, љубовта кон сите беше огромна. Се до неговата смрт и покрај тоа што веќе бев во парламентот на Р.

Македонија, неговите критики, совети и укажувања ми беа многу важни и премногу ги респектирав и уважував. После неговото физичко заминување сеуште не можам да го заборавам, а многу работи едноставно заминаа со него. Верувам дека и денес е некаде каде мисли, не чува и секогаш ќе биде со нас, во нас и во времето на кризи ќе помага.

Ми остана во незаборавно сеќавање нашето одење на прошетки низ и околу градот, секогаш сите пет души заедно, во една голема преубава количка донесена од Полска. Во сабота и недела во лето обавезно одевме на капење на реката Драгор, во месноста викана Топла Вода, но заедно со татко ми слегувавме и до капалиштата како Славија, Киташ, Пајтонче, што денеска ги нема. Мојот татко по потекло од Желево, беше планински човек и планината од секогаш ја сакаше, секогаш со друштво или сам шеташе до Неолица, за жал тука и заврши неговиот живот, за тоа накрајот, Снегово во пролет, Тумбе Кафе секогаш, Пелистер на езера, по планинарските домови, Бегова чешма и Копанки. Едно време со мајка ми береа билки и останати дарови од природата како што беа боровинки, смрека, печурки, тоа беше кога татко ми замина во пензија, а јас студирав во Скопје.

Се сеќавам на раѓањето на мојата сестра 1962 година, во старата болница во центарот на градот, јас со пет години го чував брат ми Васил со три години, а татко ми со нас заедно за да ја посетиме мајка ми на болница. Не оставаја да се влези во болницата така да од улица ја довикувавме и видовме мајка ми.

Бевме многу радосни што за доручек татко ми ни купуваше секогаш бурек.

Моето школување воглавном беше многу лесно, одличен ученик за цело време, меѓу најдобрите во генерацијата, татко ми не беше оптеретен со тоа, но секогаш кога завршуваше школската година во основното училиште Дамјан Груев, јас ја носев книшката со сите петки, обврзно беше одењето на ќебапи во кафеаната кај дрвениот мост. Вака беше се дотрета година на факултет, кога после една потешка сообраќајна несреќа и мое недоразбирање за една неправда од професорката Катерина Чундева, бев спремен да се вратам во Битола. Но и тогаш моите родители тоа него дозволија и јас завршив. Татко ми никогаш не прашуваше дали положив или не, беа 54 испити, но секогаш ме храбреше и покрај тоа што ретко се случуваше да не положам. Мислам дека еден од најголемите радосни моменти за него беше присуството на одбранара на дипломската работа на Електро Технички факултет, кај професорот Властимир Гламочанин. Татко ми со кумот Ташко Чапканов озарени ја напуштија салата, горди после моите одбрани и презентација на трудот. Во 2011 година магистрирав на Техничкиот Факултет во Битола, сега сум магистер по индустриски менаџмент, нешто што му го посветив посмртно на мојот татко и моите прекрасни внуци.

Потоа следуваше одење војска во тогашната ЈНА, во касарната Филип Кљаиќ во градот Ниш, Србија. На мојата заклетва беа дојдени моите родители заедно со сопругата Елена.

Како што пишувам јас предходно се оженив со Елена Стојковска, ќерка на Петар и Милица Стојковски. Таткото на Елена е прославениот актер, еден од најголемите во битолски театар и во целото македонско глумиште, Бабецот. Човекот по кој го запаметив театарот со првата култна детска претстава Хајди, која сме ја гледале во прво одделение, а Бабецот режираше и го играше дедото. Од тогаш не сум пропуштил ниту една театарска претстава како во Битола, така и за време на моето студирање во Скопје, во Драмски и Народен театар каде имав абонентна карта. Пред самиот брак се јавија некои проблеми. Двајцата бевме сеуште студенти, но татко ми пресече и ова денес што го живееме со моето семејство крајно му благодарам. На нашата свадба беа присутни сестра ми Неда, стрико ми Коле, стрината Василка, брачед ми Мијал, тетка ми и тетин ми Цвета и Илија, брат ми за жал не беше, беше во војска, моите кумови Ташко Чапканов со сопругата Нада и децата Марина и Миле кој беше со сопругата Ефимија. Тие подоцна станаа кумови на мојот син Васко, а нивните синови Ташко и Димитри станаа кумови на децата од синот Васко. Свадбата беше прекрасна во с. Бистрица во тогаш една од најрепрезантативните кафани Кај Кубурот 1981 година, каде после 24 години и мојот син се ожени за актерката Јулијана Мирчевска. На свадбата беа присутни сите мои другари од Егејската зграда, Петар Гацов-Талентот со сегашната сопруга Љупка, Васко Ѓоргиевски-Тохари со сестра му Елена, Ташков Борче-Труманот, Сиваков Трајче-Папата, Алеко Петков-Таљата, двајцата во Австралија, Васко Филиповски-Буљата, Ѓорги Стерјовски-Џонсоно, Никола Мамакис, Љупчо Јовановски-Пантеро, Кире Кукулуковски-Коската, Стево Елков-Бебек сега во Канада, Васил Сиваков-Цикецот. Моите пријатели од школските клупи, деверот Веселин Талевски, Бог да го прости, Томче Трајковски-Ќемата, Ристо Чолаков-Чолако сега доктор во Америка.

Свадбата на мојот брат Васил во Софија, Бугарија во далечната 1976 година, кога јас за прв пат после прва година студии морав да одам на првата студентска војна вежба, за време на олимпијадата во Монтреал, Канада. Следниот ден од како заврши вежбата заедно со родителите и сестра ми заминавме со автобус на свадбата. Имаше два музики, прекрасни македонски песни, брат ми само 17 години, но одлуката беше негова и се се заврши во ред. На 35 години брат ми стана дедо, зошто неговата ќерка Цветанка со омажи со Петар Голешов. Така да историјата се повтори, но нивните семејства се множат се успешни и Бог да ги чува.

На свадбата на мојата сестра со зетот Здраве Петковски, бевме повторно сите заедно со стрико ми со семејството, беа дојдени тетка ми Софија и тетин ми Коле од Канада, роднините на татко ми од Тетово, Дафина, Митра и се беше прекрасно. Денеска нивните две деца Методија се ожени за Елена, и Марика се возрасни успешни и воспитани возрасни луѓе кои бескрајно ги сакам како мои.

Нашите патувања како мали во Тетово, заедно со семејството кај тетка ми, се незаборавни, потоа патувањата со воз или автобус за Бугарија, прво во Гара Елин Пелин па потоа во Софија, оставија вечни спомени и преубави моменти кои не се забораваат. Уште многу пати со мојата кола бевме да ги видиме нашите брат и тетин ми и тетка ми. А едно време и синот Васко кој студираше во Софија на НАТФИЗ, академија за актерство, која ја заврши како еден од најдобрите. Бевме присутни на многу негови претстави а сите на дипломската претстава кога министерот им ги предаде дипломите а ние сите бевме пресреќни.

Едно патување ќе остане запаметено, за жал се покажа и последно, кога заедно со татко ми и мајка ми заминавме во Грција во 2003 година. Целта на патувањето беше посета на брачеда ми Елена која живее во Аталанти, гратче на 90 километри пред Атина. Беше крајот на месец мај и почетокот на јуни. Тргнавме негде околу 5 и 30 часот, на граница проблеми, ми го загубија зелениот картон, а беа упорни да видат дали стварно носиме сервис за ручање, или нешто друго. Сервисот беше од тетка ми Цвета, а ние требаше да го пренесеме. Откако расчепкаа се, ги замолив се да вратат назад, зошто јас тогаш имав дипломатси пасош, како член на Собранието на Р.

Македонија, и после кратка расправија се си дојде на свое место. Моите ме замолија да не се расправам зошто она нивното “знаеш какви се Грците“. Нејсе кај 11 часот, со едно запирање за појадок под Олимп, стигнавме во Аталанти, каде многу брзо ја пронајдовме куќата на брачеда ми Елена. Радост, Среќа, Веселба со целото семејство во новата куќа. Веќе третиот ден ние заминавме за археолошкото наоѓалиште Делфи, се наоѓа на многу голема висина, патот со многу кривини и угорници. Делфи со голем музеј, уште поголем амфитеатар и премногу туристи. Оттука заминавме и почнавме да слегуваме кон Коринтскиот залив, во местата Галаксиди со огромен луна парк, и ручавме во с. Кири. Водата прекрасна ние со колата Лада 110, застанавме и во прекрасното море со топла вода се капевме со татко ми долго време. Вечерта се вративме а веќе наредниот ден се капевме во местото Скала недалеку од Аталанти, водата прекрасна. Веќе наредниот ден заминавме за Атина, до таму стигнавме за еден час, но во Атина за 10-15 км ни требаа цели два часа. Тоа беше пред олимпијадата 2004 година, така да многу улици се поправаа, се преправаа згради, фасади, прав хаос. Некако стигнавме до Акропол, на кого исто се работеше, многу кранови, прашина и многу туристи. Меѓу нив и една група од Полска со кои татко ми се изнаприкажува.

Не беше многу воодушевен од тоа што го виде, реше „само камен и ништо друго“. Наредниот ден веќе заминавме за Солун каде ручавме, и продолживме за Калитеа каде спиевме.

Следниот ден го прошетавме првиот и вториот крак, и тоа многу повеќе го бендиса, тука се капевме беше преубаво. После два дена заминавме за с. Пожарско (Аридеја), тука спиевме.

Наредниот ден ручавме на водопадите во Воден, каде потоа идевме повеќе пати со татко ми и беше многу задоволен. Потоа заминавме преку Костур, Поздивишта и стигнавме во с.

Желево. Тука бевме повеќе пати секогаш се возбудуваше, при секоја посета. Првиот пат ја пропушти улицата каде се неговите куќи, но се вративме и беше трогателно, да гледаш нешто што било полно со живот а сега да е запустено, без живот едноставно да нема никој. Во селото имаше една брачеда кај која бевме, кај стрина ми Танасица на Брода во кафаната и на гробиштата на гробовите на најмилите. Секогаш тешко го преживуваше секое одење, и живо се сеќаваше на минатите времиња во ДАГ и местата каде војувал, се ранувал и го носеле по болници, така да се враќавме со уште поголема сета и тага.

Големината на татко ми ја гледав во неговиот однос кон баба ми и дедо ми од мајка ми, ги сакаше и почитуваше како свои, а и тие него го прифатија како нивно дете. Неговиот однос со брат му, стрико ми, Коле. За него кажа дека му е најголемата слабост во животот, но тој му беше и татко и брат и пријател, нивната врска беше нешто посебно, секогаш заедно и во радост и во тага, и во болест и во градби, за жал и во смртта. Само после 5 месеци од смртта на татко ми замина и мојот сакан и почитуван стрико Коле, човекот што го сакав, единствениот роднина, човекот кај кого единствено сакав да одам да преспијам заедно со мојата стрина Василка нема никогаш да ги заборавам или одделам од моето семејство. Неговиот однос кон своите го видов и кога дојдоа на посета во Битола Чичко ми Илија Јану, од Воронеж Русија, тетка ми Александра со децата Елена и Михали, тетка ми Цвета со тетин ми Илија со брат ми Васил, и ние четворица единаесет луѓе во 33 квадрати.

Невозможна мисија, моите спиеја на отворено на балконот беше лето, а другите кој каде најде, за јадење на два пати, но беше преубаво, незаборавно, а татко ми главен во сето ова.

Стрикото Илија Јану е доктор на историски науки на универзитетот во Воронеж, човекот кои ги направи првите врски меѓу нивниот и универзитетот Кирил и Методиј во Скопје.

Една тема за која нема ништо напишано во своите белешки е таа со мојот брат Васил и негоовото заминување во Бугарија кај моите мили тетка Цвета со тетин Илија, каде продолжува да живее како нивно дете се до нивната смрт, а брат ми со своето семејство и понатаму живее во Бугарија. За оваа ситуација не сме говореле многу, но само еднаш во автобусот со кој се враќавме во Битола од Софија, кога на моето прашање зошто, ми одговори дека тие уште во Полска се договориле да го сторат тоа, брат ми да живее со моите тетка и тетин, затоа што тие не можеле да имаат деца, но тоа го замислувале сите заедно да живееме во Битола или Македонија. Се случи една непредвидена работа, по доаѓањето на моите тетка и тетин во Тетово, тетин ми паѓа во затвор, заради една глупост, напишал наводно на ѕидот во фабриката Тетекс: Долу Титовиот ревизионизам и бил осуден, така да после тоа тие со уште 6 други семејства заминале за Бугарија во местото Гара Елин Пелин, на 40 километри од Софија кон Пловдив. Тука добиле работа, сместување и бенефиции, така да брат ми прво одделение започна да учи таму, во Битола беше се до забавиште. Секогаш одеше со мене како помал, но до ден денс тој е мојата најголема слабост, човекот без кого не можам а да не го видам или слушнам барем на кратко. Татко ми прв и последен пат го направивме тој разговор, му беше тешко, но тој никогаш не го гледал поинаку брат ми отколку мене и сестра ми затоа го почитувам решението кое го донеле, а тоа е уште една големина на татко ми.

Националното чувство и гордоста дека е македонец ја искажувал илјада пати и тоа го всадил длабоко во нас. Се сеќавам на многу разговори со мојот тетин Илија Склифов од с.

Загоричани за многу битки, за нивните чувства, за зборовите на тетин ми на секое испраќање „ Поздравете ми ја Македонија“, но еден разговор од 70 – тите со еден соборец Јани во град Јамбол, Бугарија каде преспавме. Разговорот беше за граѓанската војна во Грција, разговараат три соборци Јани без нога, татко ми скоро без рака, и тетин ми ранет во главата, и почна големата филозофија кој е крив, зошто е крив, кој треба да одговара, но на крајот една мисла Македонија ги обедини и не направи да стане голема караница. Муабетот беше тежок за слушање, во меѓувреме нааучив многу работи за кои само слушав, така да сега имам изграден став за кој ќе пишувам некогаш.

Сведок на неговите чувства за овие работи беше пред општина Битола, за прв пат во слободна и независна Македонија војник со македонска униформа. Татко ми не се воздржа отиде го бакна војникот и долго долго плачеше и остана без зборови, а војникот изненаде но среќен и задоволен.

За цело време татко ми беше многу активен, но тргнувајќи од се она што има доживеано во животот со политика никогаш јавно не се занимаваше. Единствено ми даде подршка со мојата кандидатура во 2002 година за пратеник, кога идеше на митинзите и разговаравме и ме советуваше, но не послушав или не разбрав се што ми кажуваше и сега уште повеќе ја ценам неговата големина. Неговите ангажмани беа во организации како сојуз на борци и тоа во спортските игри или кога нешто треба да организира, тука секогаш спремни за помош: Вангел Чалдаров, Тодор Атанасовски, Никола Стефановски, Александар Поповски во Скопје Ташко Чапканов. За ова секогаш беше спремен, спортскиот дух не го напушташе вежбаше на балконот пикадо и имаше освоено многу награди.

Друго нешто беше Здружението на македонците од егејскиот дел на Македонија, каде заедно со чичко Александар Поповски беа заедно за цело време. Помагаше секогаш, ни една средба на Здружението на македонците од егејскиот дел на Македонија во с.Трново не можеше да започне без нашето семејно присуство на истите, а покасно идеа и кај мене во вилата.

Проблемите се разбира непотребни се случуваа заради неговата дружељубивост и желбата да комуницира и да се дружи. Како дете се сеќавам дека имаше дојдено едн циркус во кој беа и некои актери од Полска. Татко ми ги покани дома, се дружевме прекрасно, сеќавања на убави времиња, но непријатно изненадување само после ден два. Од МВР дојде инспектор кој се распрашуваше што правеле луѓето од Полска, зошто дошле и многу други глупи прашања. Татко ми целиот изненаден и зачуден, просто не можеше да верува што се случува. Следниот пат беше доаѓањето на дедо ми Методија, кога исто дојде инспекторот со прашања за кои и ден денес не ми е јасно како е да му се постават на еден старец од 70 години. Дедо ми се возбуди, а кога татко ми се врати од работа и разбра за оваа случка замина во МВР и после расправии, од кај нив повеќе никој не дојде дома да се распитува.

Би почнал со една од првите фотографии во Битола, јас на две години на велосипедот од татко ми пред западната капија на градскиот стадион под Тумбе Кафе, незаборавно, момент кој во моето живеење ме направи од моите 5-6 години да не пропуштам ни еден натпревар во сите спортови, дури многу пати и тренинзите на сите спортски екипи во Битола, а покасно со моето одење во Скопје на факултет тоа продолжи и понатаму. На овие натпревари скоро секогаш бевме татко ми, стрико ми и јас. Татко ми како член на управата во фудбалскиот клуб при фабриката за фрижидери „Ѓорги Наумов“ кои се натпреваруваа во тогашната регионална лига со фабричкиот автобус одевме скоро на сите натпревари во гости. За да покасно во животот, со мојата кола одевме и секаде по селски утакмици во с. Новаци, с. Логоварди, с. Кравари, с. Добрушево, с. Кукуречани и многу други. Со развојот на спортот почнавме да одиме во сите градови во Македонија, а редовно бевме во Прилеп кога Победа играше во трета лига а Пелистер беше во втора лига, затоа што Победа во Прилеп играше во сабота, а Пелистер во недела. Покасно станав претседател на ракометниот клуб Пелистер, за ова пишував нешто порано, татко ми од секогаш заедно со стрикото влегуваа први во салата, ги гледаа натпреварите на младинската екипа, па потоа и сениорите значи од 16 – 20 часот, секоја сабота. Боксот беше нешто посебно што го интересираше и секогаш го пратеше.

Тука беше и еден негов ученик Мите, но тоа беше меѓу првите генерации каде од Беломорскиот дел беа Мите, Лазе Ѓаковски, ненадминат техничар, браќата Робеви, Ташко и Трифун кој имаше и професионална кариера во Канада, Кочо Стерјов и многу други кои дојдоа покасно како како Лаличо, Илче Белџигеров, Сеад Амедовски, Пупучо, Седат Керимов, браќата Рустемов, Шериф и Седат, Дилабер Јусуфов, Османи, Салиху, Драган Костиќ, потоа професионален европски првак, Иле Бучко, Бебио, заедно со селекторот на Македонија, Христо Димитровски, и многу други да не се налутат, што нема да ги споменам во моето пишување. Во зградата имаше и други деца што се занимаваа професионално со спорт како Васил Анастасовски – Циле, кој играше фудбал за Пелистер, Овче Поле и долги години во Канада, Кочо Малков фудбал во Пелистер, со џудо се занимаваа со голем успех Миле и Пеце Гулевски, Томче Гацов, Ице и Кире Дамјановски со ракомет во Пелистер, првакот во Македонија во карате и првиот што работел со нон-чаки, Панде Петков, Бог да го прости, почина млад, со боди билдинг меѓу првите во Битола Стасе Ралев, Трајче Сиваков, Лазе Бебиот, Мишако и многу други. Во Битола 60-тите и 70 –тите се одржуваа мотокросови и тоа на ливадите во с. Буково, с. Братиндол каде после години продолжи да се одржува до денес. Се одржуваа авто трки околу реката Драгор во самиот град. Спортот беше важен сегмент од нашето живеење.

Останувам должен да го напишам и крајот на мојот татко.

Секогаш кога зборувавме, велеше дека му е благодарен на Бога што го оставил жив, зошто на последното ранување, беше тешко ранет и фрлен за закопување. За среќа помина брачедата Севда Станишева со еден постар човек и го препознаа татко ми.

Старецот му ги извадил чевлите запалил еден весник и го доближил до табаните, татко ми изреагирал, така да со првиот нареден камион, наместо да го закопаат, беше испратен за Албанија во болница, каде е опериран. Операцијаја правеше некој доктор од Бугарија, траеше повеќе од 9 часа, докторот беше дојден преку Црвениот Крст, успеа да му ја спаси раката да не му ја ампутираат, но со последици до крајот на животот.

Секоја промена на времето десната рака на татко ми потемнуваше, со големи болки. Многу често и после 30 години од едно друго ранување, при бричењето на брадата му излегуваа парчиња железо, од ранувањето во главата. Затоа знаеше да каже Бог ме зачува, ме остави да Ве имам сите Вас кои треба да го продолжите моето дело, и ако некој ме праша каде сакам да починам би рекол дека тоа е на некоја планина. За жал на 17 јули 2004 година мојот татко како многупати до тогаш замина Неолица но овој пат сам. Од луѓето што беа таму ми кажаа дека после доаѓањето му се слошило, но се повратил, се почувствувал подобро и заминал да бери чај. За жал никогаш не стигнал над Неолица и тука починал. Дали тоа беше неговиот избор, дали Бог ги услиши неговите кажувања не знам, но знам дека мојот татко само физички замина од овој свет. Засекогаш остануваш со Нас и во Нас Велик човеку, нека ти е лесна земјата, остави нешто со што треба да се гордееш Ти, а уште повеќе ние твоите наследници.

ТЕ САКАМ ТАТКО МИ, МНОГУ МИ НЕДОСТИГАШ!!!

ВИДУВАЊА НА РИСТО ЗА СВЕТСКАТА ВОЈНА Моите видувања за почетокот на втората светска војна, работите за кои учев по војните школи и курсеви ќе ги споделам со вас.

Во периодот за првата светска војна 1914 -1918 год. кон крајот на истата се случува еден голем настан кој го менува текот на историјата во светот. Во царска Русија која исто учествува во војната, се случува позната Октомвриска револуција која ја поведуваат меншевиците и бољшевиците на чело со Владимир Илич Ленин после која наместо царска Русија ја имаме Русија на советите или се формира славниот Советски Сојуз. Таа е првата слободна социјалистичка држава на светот. Благодарејќи на неа и во западниот свет се формираат комунистички партии во периодот 1918-20 год. Како одговор на ова западниот свет започнува една општа граѓанска војна против Советскиот Сојуз која бескрајно ја подржува очекувајќи повторно да се врати стариот систем преку белогардејците. Но тоа не им успева после четири годишната војна, непријателот е поразен а Советскиот Сојуз станува уште посилен, но во 1922 год. Ленин е ранет и тој умира 1924 год. Неговото тело беше балсамирано, за прв пат во поновата историја, и изложено да го гледаат луѓето од светот меѓу кои еден бев и јас лично. На местото на Ленин доаѓа хероичниот Јосиф Висарјонович Сталин кој е на власт се до 1953 год. кога умира.

Од првата светска војна како поразени страни беа силите Германија, Бугарија, Австроунгарија, Италија, а победници беа Англија, Франција, Полска, Србија, Русија и многу други помали државички. После ова сите победници заедно со Америка се здружија против мечката од истокот за да можат да ја совладаат, но тоа не им успева. Во 1929-30 год. западниот свет доживува голема економска криза, а тие прават економска блокада против Советскиот Сојуз. Ни со ова блокада западот не успева да ги покори и тоа им прави проблеми во сопствените земји од прогресивните елементи во нив, кои ги бараат своите права. Но западот не мирува бара нови начини за рушење на советите.

Во 1933 год. во Германија на избори победува Национал социјалистичката партија на чело со Адолф Хитлер. Во Италија победува Фашистичката партија на чело со Дуче Мусолини. На балканот се воспоставува воена диктатура во Југославија, во Грција исто се воспоставува воена диктатура на чело со Метаксас. Така да се ова е предуслов за една нова поделба на светот што се случи многу брзо. Во Европа 1937 год. Хитлер прави ајншлус (припојување) на Австроунгарија, во 1936 год.

Италија ја напаѓа Абисинија сегашна Етиопија и ја покорува.