Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

Refugee Children from Aegean Macedonia in Yugoslavia

ВТОР ДЕЛ ДЕТСКИ ДОМОВИ И ПРИФАТИЛИШТА ВО ЈУГОСЛАВИЈА - Part 04

Од Мишо Китаноски и Ѓиорги Доневски · Дел 8 од 20 · Околу 12 минути

Читај на English

Првото доселување на Македонците во Гаково се случи на крајот од февруари и продолжи на почетокот од март 1948 година. Македонските бегалци потекнуваа од околиите: Костур, Лерин, Воден и од Тракија. Според податоците со кои располагаме, дошле вкупно 8.729, од кои возрасни имало 4.749, а деца до 14 години биле 3.980. Од овој вкупен број над 6.000 бегалци биле задржани во Гаково, а околу 2.000 се населиле во Крушевље. Најмногу од бегалците беа жени и деца, чии мажи и родители загинале во борбите или пак, биле затворени и однесени во затворите и логорите на грчките острови. Но, имало и извесен број деца без родители, како и воени инвалиди и старци, за кои во 1950 година за нив бил отворен посебен дом, во кого биле сместени 25 лица, а за децата без родители бил отворен детски дом во кој биле сместени околу 50 деца бегалци.

Уште еден податок – во Гаково имало 3.234 деца до 14 години, кои дошле заедно со своите родители и роднини, додека во Крушевље имало 746 деца до 14 години, а над 100-тина деца што немале тука родители.

За надминување и за разрешување на повеќето отворени прашања поврзани со сместувањето и исхраната на бегалците од Егејска Македонија, тогашната влада на ФНР Југославија доделила помош во висина од 15 милиони динари, а Владата на НР Македонија испратила помош од 6 милиони динари. За сите бегалци биле обезбедени станови и други потребштини. Во оваа акција максимално се вклучил и Централниот одбор на Југословенскиот Црвен крст, којшто исто така, на бегалците им доделил многу предмети и прехрамбени производи за живеачка.

Треба да се истакне дека по избивањето на Резолуцијата на Информбирото на 28 јуни 1948 година, грчките доселеници што дотогаш живееле неколку години во Булкес, побарале и ја напуштиле населбата, а 20 Македонци и 10-тина Грци одбиле да заминат и се преселиле да живеат во Гаково.

Бидејќи доселувањето на Македонците во Гаково и Крушевље се паднало во пролет, тие веднаш се организирале и пристапиле кон обработка на расположливото земјоделско земјиште, сè со една цел и тие рамноправно да се вклучат во стопанскиот живот. Формирале машинотракторска станица, обработливите површини ги засеале со повеќе земјоделски култури, а формирале и народна власт, односно самостојна општина. За прв претседател на Општината Гаково е избран Мино Делковски, а во нејзин состав влегло и селото Крушевље.

Како резултат на искажаните работни успеси веќе во 1949 година во Гаково се формирала селската работна задруга “Гоце Делчев”, а во Крушевље задругата се викала “Лазо Трповски”.

Управник на задругата “Гоце Делчев” во Гаково станал Мини Ајановски. Двете задруги работеле до крајот на февруари 1950 година, кога истите се расформирале, по што го формирале земјоделското стопанство “Граничар”.

Во рамките на овие стопански организации биле формирани и работеле столарска, ковачка, чевларска и шивачка работилница, во кои биле вработени околу 60 работници.

За одбележување е дека во средината на април 1949 година, Месниот народен одбор во Гаково, чиј претседател бил В.

Танов, извршил попис на жителите. Според пописот, во Гаково имало 195 деца од кои 92 машки и 103 од женски пол до 3 години, потоа 217 деца од кои 115 од машки и 102 од женски пол од 3 до 7 години, како и 467 деца од кои 255 од машки и 212 од женски пол од 7 до 14 години. Во Гаково, за време на овој попис, живееле уште 1.439 возрасни или вкупно 2.318 жители.

Бидејќи Крушевље спаѓало под Месниот народен одбор на Гаково, резултатите од пописот спроведен исто така, во оваа населба, се следните: деца до 3 години имало 79, од кои 37 од машки и 42 од женски пол, деца од 3 до 7 години имало 90, од кои 50 од машки и 40 од женски пол, како и 308 деца од 7 до 14 години од кои 150 од машки и 158 од женски пол, додека возрасни имало 399 жители или вкупно 876.

Од погорните показатели може да се согледа следното: во двете населби во 1949 година имало 1.356 деца бегалци и 1.838 возрасни, или вкупно 3.194 жители.

Во март 1948 година во Гаково и Крушевље имало 3.980 деца бегалци, а 4.749 возрасни или вкупно 8.729 жители.

Во средината на јануари 1949 година од Гаково и Крушевље 216 деца бегалци биле однесени во детскиот дом на Црвениот крст во Ровињ, НР Хрватска.

Исто така, за одбележување е дека во Гаково и Крушевље, веднаш по доселувањето, а во интерес на понатамошниот развој на децата бегалци, биле отворени основни училишта и нижа гимназија со 2 одделенија. Наставата се изведувала на македонски јазик, а во основното образование биле опфатени 1.300 ученици, додека за учениците од Крушевље, што ја посетувале гимназијата во Гаково, бил отворен ученички интернат. За училиштата во Гаково и Крушевље биле испратени квалификувани наставнички кадри од страна на Министерството за просвета на НР Македонија, кои ја изведувале наставата според наставниот план и програма на училиштата, а учениците биле снабдени со учебници и учебни помагала што се употребувале во училиштата во НР Македонија. Директор на училиштето во Гаково бил Милан Крстевски.

На крајот од 1950 година во Гаково и Крушевље дошла делегација составена од претставници на Главниот одбор на Егејците во Скопје, од Владата и од Главниот одбор на Црвениот крст на НР Македонија. Оваа делегација ги посетила детските домови во НР Србија, односно АП Војводина, НР Хрватска и НР Словенија, при што, истата престојуваше и во Гаково и Крушевље. Делегацијата ја составуваа: Динко Делевски, началник на Управата за бегалци при Министерството за социјални грижи на НРМ, Атанас Кировски од Главниот одбор на Црвениот крст на НРМ, Стерија Вангелова, член на Главниот одбор на Егејците и Спиро Мечкаров, секретар на Градскиот одбор на Здружението на бегалците од Егејска Македонија во Скопје. Тие во Гаково и Крушевље ги посетиле училиштата и детските градинки.

Во извештајот од 25 јануари 1951 година, членовите на делегацијата, меѓу другото го забележале и ова: “Детските градинки се држат чисто, добро се уредени, а децата во нив добро се воспитуваат. Дневно во градинката во Гаково престојуваат 40 до 70 деца, а исто толку и во градинката во Крушевље. Во училиштето учат 570 ученици. Во разговорот учителите ни рекоа дека децата се добри и дека добро учат...”.

За потребите на македонското население во Гаково бил отворен и дом на култура со кино, а било формирано и културно-просветно друштво. Истото имало три секции: фолклорна, драмска и секција за народна просвета. Фолклорната секција на фестивалот во Сомбор го освоила првото место и била прогласена за најдобра во околијата, додека драмската секција на околиските драмски смотри го освоила второто место.

Македонците од Гаково и Крушевље формирале работни бригади: правта бригада во 1948 година учествувала во изградбата на пругата Шамац – Сараево, втората бригада учествувала во 1949 година на изградбата на автопатот Братство-единство од Белград до Загреб, а третата бригада исто така, таа година учествувала во изградбата на Нов Белград.

Исто така, од Македонците во Гаково и Крушевље се формирала и вонредна бригада, која есента 1949 година под раководство на Ѓорѓи Чолаков учествувале во заштитата на имотот во Булкес, од кога населбата ја напуштиле грчките доселеници.

Македонците бегалци населени во Гаково и Крушевље, потекнувале од следните места во Егејска Македонија:

Асланово Луковец Апоскеп Мокрени Баница Нанице Бахово Неоказ Бобиште Пападија Босилево Пожарско Баровица Прокитија Бесфина Ранци Буф Роби Воштарен Радево Врбени Сакулево Герман Студен Добролиишта Сетина Емборе Тушин Крушоради Цакони и други.

Меѓу многу други, во Гаково и Крушевље живееја и домаќинствата на:

Јаруса Т. Абаџиева Тронда Голчева Коста Авков Марика Горчилова Лефтерија И. Аврамова Тина Гјанина Пинелопи Г. Анастасова Георгије Гинев Лазар Ангелевски Најденка Дафова Ристана Андријевска Емилија П. Дафова Софија Аргирова Василка Делова Лена Арнаутова Мино Делковски Томанија Аспрова Риса М. Делковска Тронда Бабинкостова Петруса Х. Дечкова Георгије Белимовски Спиро Дибранов Олимпија Бецова Кузман Димов Тина Богданова Елена А. Димитрова Димитра Б. Боглева Наум Дичовски Стоја Боглева Киро Донев Тошо Божанов Ѓорѓе Донев Фанија Х. Божинова Велика Дојчинова Благуна Бојаџиева Доне Дудев Такшо Бојчевски Петре Дукетовски Димка Д. Борисова Димитра Иванова Фана Бошева Марија Ицкова Тена К. Боцова Коле Ѓурков Дине Ботев Елена Ефтова Доне Бранов Елефтерија К. Јадрова Спаса Д. Бранова Пасхалина С. Јанкова Ката Булева Димитра Јаневска Софија Ванчова Славка Јанкова Софија Васева Христо Јанкулов Коста Василевски Дине Јанчевски Стојанка Василева Риса Јанчова Ташо Галов Марика Јанчева Елефтерија Гакова Петар Јовановски Стилјана Гацева Васил Јованов Георгије Генчев Тронда Кајчева Фанија Кајчевска Анастасија Менчова Глигор Камбуров Иван Менчов Трајанка Калајанова Тронда Мељанова Софија Калкова Паскал Месајаков Софија Капетанова Марија С. Мига Марија Каранова Ката Миланкова Вангел Карајашовски Марија Мијова Тина Карајованова Таса Мангова Петкана Карајаскова Марија Митрева Пандо Каранфилов Олга Мишевска Тронда Казанова Софија Мишева Сава Качакова Василка Мишовска Никола Качандонов Јован Мицков Јованка Ковачева Јордана Насева Ристосија Колева Софија Никовска Софија Колева Олга Ничова Велика Констевчева Димитар Нолев Вана Кочева Љуба Ољева Димитар Карнишевлијев Митра Ољева Димитра Крстева Андромахи Павлова Доне Кудалов Стојан Пајков Марија Кузманова Цветко Пајков Грена Кукувикова Данка Петкова Лена Куртева Елена Петрова Доста Курти Гива Петрова Ристана Лазарова Трајко Петличаров Кица Ламова Петре Пецев Стојанка Ламова Анастасија Пецова Марија Ламова Менка Петкасинова Пена Ландова Фана Плескова Петкана Лакова Цана Пинзова Јоше Марчевски Јана Падаровска Флорина Маџева Марија Попова Света Маџева Лена Попова Елефтерија Маџева Пасхалина Попчева Доста Маџева Фанија Попова Тина Попстефанова Аргира Стојчева Дита Попташева Марија Стојчева Петар Пошинов Рина Стојанова Ване Ранелов Фотија Танева Митра Рајева Тина Ташева Алексо Рисафов Елена Ташева Риса Русева Крста Ташева Менка Русева Митра Танурова Фана Русева Иљо Толевски Тодор Русев Сотир Толевски Катарина Сасова Сондра Торкова Кице Стајевски Лена Тоцева Коста Станишев Ефтимија Трајкова Ставрула Стефова Ката Ф. Трговчева Димка Стеринова Филип Трговчев Доста Трпенова Марија Цоцева Гена Трпенова Софија Чапканова Сондра Трпова Ристо Чолаков Лазо Узунов Фана Чакова Марија А. Фармакова Атанас Чопов Рада Филина Крста Џингова Дафина Филкова Крсте Џогов Уранија Хаџиева Василија Џогов Васил Цакончев Георги Џуриќ Ефтимија Цакончева Георгије Шмарганов Цана Цапова Елена Шулевска Јула Цветкова Данка Шутева.

Но, напуштањето на Гаково и Куршевље од страна на македонските бегалци особено била изразена во наредните години, така што, по 1954 година во Крушевље не останал никој, а во Гаково останале по оваа година само уште 15 семејства. Тие дошле во НР Македонија и се населиле во Скопје, Велес, Тетово и други градови.

СО ТРУД ДО ПРИСТОЕН ЖИВОТ Интересно е, и во оваа прилика да истакнеме дека, во тие години, исто така, во весникот “Глас на Егејците” беше објавена репортажа за оваа населба. Пренесуваме делови од истата, со што сакаме на истакнеме дека и животот таму, во Гаково, во рамната Војводина нашите луѓе го направиле пристоен со својот труд и залагање. Еве, меѓу другото што е забележено:

- Во 4 часот на 13 октомври стасавме со групата од нашето културно-уметничко друштво во Гаково. Туши Кордалоз – синдикален функционер во селото беше известен за нашето доаѓање, и не пречека на станицата . Нè распредели по куќите за одмор.

Сонцето беше неколку остени високо на небо кога навлегов да го разгледам селото. Тоа само од навика може да се вели село, инаку е вистинско гратче. Две улици прави од север кон југ и четири други од запад кон исток го сечат Гаково, а од двете страни на улиците плански се наредени куќите. Улиците ги красат по два реда украсени дрва. Сите куќи се едноетажни со модерна спална и трпезарија, кујна, салон, визба за држење на вино и туршии, пишилници за шунки, а околу широкиот калдрмисан двор се наредени штала за коњи и крави, кокошарник, свинњарник, и други потребни одделенија.

Мраморните плочи со кои се ѕидани до половина многу куќи и послани многу тремови, порцелански печки, во салоните и куќите, говорат за некогашното богатство на Гаковчани – австриски колонисти, од времето на австроунгарската окупација во Војводина.

Во споменатата репортажа за животот на Македонците во Гаково, е забележано и ова:

- Во 1948 година, тука се населија околу 8.000 Македонци – бегалци од Егејска Македонија. Првата година протече со извесни мачнотии дури да се навикнат на климатските услови, да се организираат училишта, фурни, продавници итн. Но, во 1949 година, земјоделската работна задруга во Гаково е една од првите во Бачка. Под грижите на управата на задругата беше отворена детска градинка. Оваа градинка работи и денеска.

Управителка во неа е Пента Тануроза од револуционерната фамилија на Тануровци од с. Баово.

И денеска работи старскиот дом. Повеќето од старците се учесници во Илинденското востание. Се запознав со стариот Тодор Настев од с. Неокази, Леринско. На градите му свети илинденската споменица, на која старецот гледа како на фетиш.

Се борел во Илинденското востание заедно со Леко Зорле. Се сеќава на големата битка на Екшица, во Кајмакчалан.

Четниците убиле 40 Турци, а од четата паднале 20 души. Се ракуваме и со Илија Божинов од с. Арменско. На грбот му тежат 73 години, но и за млад не се дава – како што вели самиот. Тој како четник се борел заедно со Ѓорѓи Христов од Битолско. Стрико Илија ми раскажува за некои борби од времето на востанието.

- Во Псодери синко – вели старецот – цел ден востаниците се бореа со 2000 души Турци. На Лизаргорѓова глава на Бигла паднаа 100 мртви од нив само 6 наши. Тука беше ранет и Митре Влаот, страшниот војвода. Во 1911-1912 година се вратил од Америка и со една мала партизанска група со Крсто Љондов во Леринско, дејствувале против Турците.

Тука е и симпатичниот старец кој веќе си го изгубил и виделото Петар Стојков, од с. Пожарско, Мегленско... Во друштвото членуваат: учители, работници и службеници. Друштвото за прв пат се појави пред публика со пиесата “Теророт во Егејска Македонија”. Пиесата беше изведена во Гаково , Крушевље, селата Рижица, Стапишниќ и Растива. Исто така, друштвото подготви и други пиеси како “Последна ноќ” и други, но својот најголем успех го постигна со драмата “Печалбари”. Со оваа драма друштвото “Крсте Мисирков” излезе на реонските, околиските и обласните натпревари на културно-уметничките друштва во АП Војводина.

Откако се претвори работната задруга во стопанство, на секое семејство му е доделена окуќница, каде садат зеленчуци, пченка и друго. Денеска во Гаково има семејства – такви се повеќето што само од градината извадија по 1000-1500 кг пченка.

Управата уште од летото му додели на секое семејство свињи и соодветна количина пченка за нивно гоење. Секоја куќа има и по 20-50 кокошки, патки, и гуски. Дрва добиваат редовно.