Refugee Children from Aegean Macedonia in Yugoslavia
ПЕТТИ ДЕЛ ДЕТСКИ ДОМОВИ И ПРИФАТИЛИШТА ВО НР СЛОВЕНИЈА
ПЕТТИ ДЕЛ ДЕТСКИ ДОМОВИ И ПРИФАТИЛИШТА ВО НР СЛОВЕНИЈА
- Шишка
- Борл кај Птуј
- Стара Гора
- Дутовље
- Мекиње
- Шент Вид ПРВИТЕ ПРИФАТИЛИИШТА Првиот детски дом, односно прифатилиште за децата бегалци од Егејска Македонија во НР Словенија е отворен, односно почнал со работа во 1948 година во Шишка. Во него првите 166 деца бегалци дошле на 11 август 1948 година, преземени од детските домови што постоеле и работеле во АП Војводина и тоа: 16 од Вршац, 25 од Банатско Пландиште и 125 деца од Бела Црква. Од нив, 81 биле од машки и 85 од женски пол на возраст од 3 до 7 години. Со нив дошле и 6 жени “мајки” и 6 младинки придружнички, кои ги донеле од селата од Егејска Македонија и ги придружувале до тука.
Пред да дојдат децата бегалци во новиот дом, тие престојувале 15 дена во Загреб, каде што им била пружена медицинска помош и лекување, и за тоа време биле извршени сите подготовки за нивно прифаќање во Шишка. Прифатилиштето имало привремен карактер, а тука децата бегалци останале само 14 дена, по што биле преместени во Борл кај Птуј, каде што исто така, привремено биле сместени во еден детски дом. За нивниот престој и сместување се грижел Црвениот крст на НР Словенија.
Прифатилиштето во Шишка било затворено на 25 август 1948 година.
Воспитно-образовната работа во детскиот дом во Шишка ја изведувале македонските учители Душан Георгиевски, Љубен Апостоловски и Методија Наумовски и учителките Косара Галевска и Даница Баснаркова.
Исто така, бил привремен и детскиот дом во Борл кај Птуј.
Отворен бил на истиот ден кога децата дошле од детскиот дом во Шишка.
Децата бегалци во Борл престојувале повеќе од три месеци, а на почетокот од декември 1948 година, повторно биле преместени во новоотворените детски домови на Словенечкиот Црвен крст што биле прилагодени специјално за оваа намена во Стара Гора и Дутовље. По нивното иселување бил затворен домот во Борл.
На почетокот од април 1949 година отворено е ново прифатилиште за децата бегалци во Мекиње, кај Камник, НР Словенија. Овде биле прифатени децата што доаѓале од детските домови од НР Хрватска, и тука за почеток биле сместени 40 деца дојдени од детскиот дом во Црквеница. Од Црквеница биле прифатени уште 23 деца бегалци, а во прифатилиштето биле сместени уште 32 деца дојдени пред тоа, така што на крајот од април 1949 година, во детскиот дом во Мекење биле згрижени 95 деца бегалци од Егејска Македонија.
Но, децата од овој дом во мај 1949 година, повторно биле преместени од ова прифатилииште и сместени во детските домови на словенечкиот Црвен крст што постоеле во Дутовље, Стара Гора и Шент Вид.
Прифатилиштето во Мекиње е затворено на крајот од мај 1949 година.
Треба да се одбележи дека првите деца бегалци од Егејска Македонија во НР Словенија пристигнале во август 1948 година, откако претходно биле прифатени и живееле во детските домови во АП Војводина. Исто така, и овие деца биле веднаш прифатени и сместени во прифатилиштата во Шишка и Борл, по што народната власт и Словенечкиот Црвен крст извршиле подготовки за отворање на постојани детски домови во Стара Гора кај Горица и во Дутовље.
ДЕТСКИОТ ДОМ ВО СТАРА ГОРА Детскиот дом во Стара Гора е отворен при крајот на ноември 1948 година и во него биле сместени деца што дошле од прифатилиштето во Борл и деца бегалци дојдени од детските домови во НР Хрватска. Од 330 деца што дошле во НР Словенија во време од 11 август до 25 ноември 1948 година, во детскиот дом во Стара Гора биле сместени 136 деца бегалци, а останатите во детскиот дом во Дутовље.
Меѓутоа, бројот на децата бегалци во овој дом во мај 1949 година се зголемил на 195 деца бегалци, од кои 194 биле од македонска националност, а едно дете од влашка народност.
Но, бројот на згрижените деца во домот во Стара Гора постојано се зголемувал, така што во средината на октомври 1949 година во домот веќе биле прифатени и сместени 212 деца, од кои 96 од машки и 116 од женски пол. Од овој број, исто така, 84 биле на претшколска возраст, а 128 од школска возраст, а со нив биле дојдени уште и 19 жени “мајки” и девојки што се грижеле за нив.
Треба да се истакне уште и ова: во детскиот дом во Стара Гора имало и двајца учители кои наставата ја изведувале на мајчин македонски јазик, а истите ги имало испратено Министерството за просвета на НР Македонија.
И овој детски дом во средината на септември 1949 година го посетила македонска делегација на чело со Петар Здравковски, секретар на Владата на НР Македонија. Домот во октомври истата година го посетил и Филип Николовски од Скопје, којшто извршил инспекциски надзор врз училишната и воспитна работа, а домот го посетиле и други функционери на Црвениот крст на Југославија.
Децата сместени во детскиот дом во Стара Гора потекнувале од околиите Лерин и Костур, и во него во 1950 година, биле сместени 148, а во 1951 година 167 деца бегалци, како и 9-те “мајки” што дошле со нив.
При крајот на март 1952 година, 86 деца од овој детски дом биле испратени во детските домови во Сајлово и Бела Црква, со што престанал со работа домот во Стара Гора. Од почетокот на април 1952 година со одлука на Главниот одбор на Црвениот крст на НР Словенија детскиот дом во Стара Гора, бил затворен.
ДЕТСКИОТ ДОМ ВО ДУТОВЉЕ Детскиот дом во Дутовље - НР Словенија е отворен на 25 ноември 1948 година. Во него биле сместени деца бегалци кои дотогаш престојувале во други прифатилишта и деца кои штотуку доаѓале во НР Словенија.
Во детскиот дом во Дутовље, за кого се грижел Црвениот крст на НР Словенија на почетокот од декември 1948 година примил 194 деда, од кои 156 од македонска националност, а 34 од грчка народност. Во мај 1949 година, бројот на децата сместени во овој дом бил 154 деца и 15 жени бегалки односно “мајки”, коишто дошле со децата, а на почетокот од октомври истата година, во домот престојувале 181 дете бегалец и 15 жени од кои 6 Македонки “мајки” и 9 Гркинки.
Децата бегалци сместени во детскиот дом во Дутовље биле од следните села:
Арменско Жупаниште Блаце Крчишта Бесфина Котори Брешчани Кономлати В’мбел Крушоради Габреш Лак Галиште Лудово Герман Медово Желево Ошчима Оровник Трсје Раби Трново Рудари Штрково и Тиолишта Детскиот дом во Дутовље имал доволно простории и инвентар, така што грижата за сместените деца била на висина, а храната квалитетна и обилна затоа што домот располагал и со своја економија. Во домот биле вработени 28 словенечки работници.
Во детскиот дом во 1949 година престојувале, односно биле заедно со децата бегалци, и следните “мајки”, кои дошле заедно со нив:
Митра Германчева Тена Бундова Ристана Лазарова Марија Шулевска и Парашка Панова Митра Колова Катина Маркова И овој дом во септември 1949 година го посетила македонска делегација во состав: Петар Здравковски, Ристо Јанкуловски, Василка Чесова, Василка Дивкова, Филип Николовски и Томе Крстовски. Исто така, овој дом го посетил и инспекторот за просвета Благоја Кондарко од Скопје.
Во октомври 1949 година, во домот во Дутовље е одржано советување на сите управници и сметководители од детските домови за децата бегалци од Егејска Македонија. Семинарот го водел Димитрије Гончаров, началник на финансиското одделение на Централниот одбор на Црвениот крст на Југославија, бидејќи сите детски домови во кои биле сместени децата бегалци од Егејска Македонија, биле во надлежност на оваа институција.
Во декември 1950 година, детскиот дом во Дутовље го посетила и делегација од Комитетот на Егејците во Скопје во состав:
Динко Делевски, Атанас Кировски, Стерија Вангелова и Спиро Мечкаров.
Во 1951 година овој дом и сите домови за децата бегалци на Црвениот крст на Југославија го посетила делегација од Шведскиот Црвен крст на чело со професорот д-р Ерих Холмберг. Покрај оваа делегација, детските домови во кои беа сместени децата бегалци од Егејска Македонија под Грција, биле посетувани и од повеќе странски делегации со цел да се утврди вистинската положба за нивното сместување, одгледување и школување. Притоа, секогаш делегациите во своите пишувани извештаи истакнувале дека власта во Југославија вложува максимални напори и средства и има создадено добри услови за прифатените деца бегалци и нивното школување. Со тоа, се демантирале бројните гласини што се ширеле не само од грчка страна туку и од владите на источноевропските земји, во кои исто така, биле прифатени деца бегалци.
На почетокот од учебната 1949/50 година, а со одлука на Централниот одбор на Црвениот крст на Југославија, било решено децата од македонска националност да бидат однесени од детскиот дом во Цриквеница во детскиот дом во Дутовље, за да можат да ја следат наставата на мајчин, македонски јазик, а 38 грчки деца и 8 “мајки” од Дутовље да појдат во детскиот дом во Цриквеница.
Меѓутоа, под влијание на информбировската кампања, грчките жени и деца искажале незадоволство, односно се побуниле и од половина пат за Цриквеница, повторно биле вратени во детскиот дом во Дутовље. Но, бидејќи веќе македонските деца биле дојдени и сместени во детскиот дом во Дутовље, за повратените грчки жени и деца привремено била адаптирана една кафеана за нивно сместување и престој. Во неа останале да престојуваат сè до декември 1949 година, а потоа биле испратени во детскиот дом во Боговаѓа – НР Србија, каде што биле сместени останатите деца од грчка националност.
Поради репатријацијата бројот на децата бегалци во 1951 година, значително се намалил во детските домови во НР Словенија и НР Хрватска, по што тие биле затворени, а малиот број на деца биле испратени во детскиот дом во Бела Црква.
Детскиот дом во Дутовље престанал со работа на крајот на септември 1951 година.
На поччетокот од февруари 1949 година е отворено детско прифатилиште и во Окрогло, место северно од Љубљана. Во него биле сместени 26 деца. Прифатилиштето служело како летовалиште за опоравување, бидејќи во него доаѓала на опоравување деца не само од детските домови на Црвениот крст на НР Словенија, туку и од детските домови што постоеле во другите републики.
Покрај опоравилиштето во Окрогло, исто така, вакво опоравилииште за закрепнување на болни деца било отворено и во близина на Бела Црква, во подножјето на планината Карпати.
Во опоравилиштето во Окрогло во 1952 година, престојувале деца од детските домови во Сајлово, Цриквеница, Стара Гора и Бела Црква. Во него била добро организирана здравствената служба, така што децата брзо здравствено закрепнувале и се опоравувале, а потоа се враќале во детските домови.
Во Окрогло во средината на февруари 1952 година, е одржана конференција на сите управители на детските домови во НР Словенија на која се расправало за репатријацијата на децата бегалци со нивните родители.
Опоравилиштето во Окрогло постоело 3 години, а е затворено на 18 март 1952 година. На денот на затворањето, во опоравилиштето престојувале 38 деца, од кои 22 биле упатени во детскиот дом во Шент Вид, 12 во детскиот дом во Бела Црква и 2 деца во детскиот дом во Сајлово.
ОД ДЕЦАТА ШТО ЗАМИНАА ЗА АВСТРАЛИЈА На 26 октомври 1952 година заминаа, за Австралија група од 56 деца бегалци од Егејска Македонија во Југославија, чии родители се наоѓаа таму. Пред заминувањето од името на групата младинката Олга Иванова го кажа следното:
- Другари и другарки, Ние децата од Егејска Македонија што бевме принудени да ги напуштиме своите домови и семејства поради Граѓанската војна во Грција и ѕверските бомбардирања од страна на монархофашистите на мирното население, најдовме уточиште и братска помош во Федеративна Народна Република Југославија.
Југословенскиот Црвен крст направи сè за нас уште од првиот момент кога ја поминавме границата па сè до сега. Нè стави во домови, ни даде можност да учиме на својот мајчин јазик, нè хранеше и облекуваше како најдобра мајка.
Напуштајќи ја Југославија и нашата слободна татковина Народна Република Македонија, благодарни за грижите на народната власт, ветуваме дека никој нема да го заборави сето тоа што го сторија за нас. Меѓу нас има деца што во своите села беа овчари, а денеска во Југославија станаа квалификувани работници. Многу од нас бевме неписмени, а сега знаеме да читаме и пишуваме на својот мајчин јазик.
Овдека во Југославија, ние имавме можност преку писма да го следиме животот на нашите браќа и сестри, што се наоѓаат во информбировските земји. Тие ни пишуваа дека сме ние среќни што останавме во Југославија каде што се води најмногу грижа за младото поколение. Тие ни пишуваа дека од тамошните власти биле принудени да учат на грчки јазик, дека биле воспитувани да се борат против своите родители и браќа. Во некои писма отворенио ни пишуваа дека не им веруваат на информбировците, дека сакаат да дојдат во Југославија, но не можат тоа јавно да го кажат. На нив им говорат дека во Југославија владее фашизам и други лаги.
Другари и другарки, нас и на нашиот напреден свет ни е познато многу добро што се гради во Југославија. Никој и никакви клевети и лаги не неможат и не ќе можат да не убедат па макар и тие да се речени од некои таканаречени “големи луѓе” дека југословенските народи не градат социјализам.
Ние, таму преку океанот, искрено ќе говориме за сè што видовме во Југославија. Во Југославија другари и другарки се гради социјализам, се гради поарен живот, среќна иднина за нејзините народи и младото поколение. Тоа не можат да бидат никакви лаги и клевети никакви захаријадисовци или на нив слични предавници со своите тврдења.
Од името на децата што одат кај своите татковци и мајки, јас најискрено и од сè срце им благодарам на југословенските народи и на нивната влада, а најповеќе на другарот Тито, кој најмногу води сметка за младото поколение, за сè што тие сторија досега за нас и што ни овозможија да одиме кај своите мајки и татковци.
Длабоко му благодарам и на Црвениот крст на Југославија, што директно беше заинтересиран за нас.
РОДИТЕЛИТЕ МИ ГИ ДАДОА ДЕЦАТА Еве уште едно сеќавање за голготата што децата бегалци ја доживејаа, откорнати од родните огништа. Раскажува Славка Делјанова-Карлевска, која убаво се сеќава на патешествието што го поминала:
- Од Бапчор тргнавме во месец мај 1948 година, на ден Велигден и по истиот пат како и другите групи деца од нашето село. Стигнавме во Бела Црква и тука децата беа поделени. Јас со неколку мали дечиња бев испратена во Стара Гора во Словенија, а Елена Делјанова и Ристана Боршова со поголемите деца ги однесоа во Чехословачка. Во Стара Гора имаше околу 200 деца, а ние одговорните жени бевме само седум од Егејска Македонија. Другиот персонал што се грижеше за децата беше од Словенија.
Бапчорци мене ме пуштија со децата најмногу поради барањето на родителите на децата кои знаеја дека јас сум жена на маж кој долго време се наоѓа во туѓина, во Австралија.
Во мојата група ги имав овие дечиња: Доста Делјанова, Лозана Делјанова, Софка Делјанова, Танас Димиров, Софка Кочова, Доста Кочова, Ристана Кочова, Коста Огненов, Коца Пејкова, Коле Пејков, Ристо Пеов, Мите Пеов, Томе Римпапов, Василка Трпина, Коле Фотин, Иљо Фотин.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/refugee-detsa-begaltsi-e-book-macedonian/12 на 29 октомври 2026