Refugee Children from Aegean Macedonia in Yugoslavia
ПРВ ДЕЛ НАПУШТАЊЕ НА РОДНИТЕ ОГНИШТА - Part 02
- Дутовље – 144 Македончиња и 55 Грчиња
- Стара Гора – 195 Македончиња
- Шент Вид – 134 Македончиња
- Осијек – 86 Македончиња и 19 Грчиња
- Стениевиќ, Сенвит – 30 Грчиња Вкупно деца: 1.857, од кои 1.581 Македонче и 276 Грчиња.
Во тие детски домови за децата беа ангажирани 90 лица, од кои 17 македонски и 10 грчки учители, а како воспитен и друг помошен персонал работеа 33 Македонци и 30 Грци, наведува д-р Ф. Буцкова.
ФАКТОРИ ШТО ГО ДИКТИРАА РАСЕЛУВАЊЕТО Српскиот историчар д-р Милан Ристовиќ, професор на Филозовскиот факултет во Белград во својата книга “Долго враќање дома” (“Дуг повратак куђи”) го подвлекува следното:
- Голем број деца за време на Граѓанската војна останале без еден или двајцата родители. Децата од воените зони покрај северната граница на Грција постанале од почетокот на 1948 година протагонисти на една драматична, контроверзна и според последиците исто така, особено тешка епизода на Грчката граѓанска војна. Според некои толкувања околу 25.000, според други 28.000 деца се префрлени (во организација на “Привремената влада” – ПВ) или пребегале во придружба на родителите и други возрасни лица на територијата на соседните и другите земји на “народната демократија”. Според наодите на Специјалниот комитет на Обединетите нации за Балканот и податоците на Меѓународниот Црвен Крст од земјата се одведени 23.696 деца.
Треба да се напомене дека тој феномен имал и своја друга страна во акцијата што ја водела владата во Атина која, исто така, организирала “прибирање на децата” од воените зони. Од вкупно 43.000 деца опфатени со тие акции, околу 15.000 евакуирале властите на кралската влада во Атина.
ЈУГОСЛАВИЈА КАКО ТРАНЗИТНА ЗЕМЈА Исто така, проф. д-р М. Ристовиќ го забележува и следното:
- Првата вест за намерата дека преку северната граница наскоро треба да се очекува праќање на првите детски транспорти, стигна во Југославија на 20 февруари 1948 година. Имено, Маркос Вафијадис, претставник на ПВ го извести “Дионисис” во Белград, дека подготовките за евакуација добро течат.
Проценуваше дека од областа Флорина (Лерин) ќе бидат транспортирани 2.500, од областа Касторија (Костур) 3.500, додека од областа Коница – Загорје се уште не беа собрани детални податоци. Вкупно собрани деца, како што тврдеше Маркос “нема да бидата повеќе од 10.000”. За тоа дека акцијата била добро планирана зборува и податокот дека за нејзиното изведување се создадени посебни комисии и собирни центри, организирана исхрана и префрлање. Во исто време течеше и стихијното самоиницијативно бегство и префрлање на помали и поголеми групи, кои главно ги водеа жени.
Првата “организирана група” од 500 деца требаше да биде подготвена за пат на 25 февруари 1948 година, но Маркос бареше информации кога ќе биде подготвено нивното прифаќање, во кој правец треба да се врши концентрацијата и колку деца ќе можат да бидат транспортирани дневно. Таа размена на вести покажува (а тоа го потврдуваат и останатите документи од преписката меѓу Маркосовиот штаб со неговите претставници во Југославија и другите земји) дека е точна претпоставката дека почетокот на масовното префрлање на децата преку граница може да се смести во последните денови на февруари и почетокот на март 1948 година.
ПОДГОТВЕНО БЕА ДОЧЕКАНИ ДЕЦАТА БЕГАЛЦИ Во својата политиколошко-историографска студија проф. д-р М. Ристовиќ, го наведува и следното:
- Извршниот одбор на Југословенскиот Црвен крст на 16 март
1948 година издаде соопштение за јавноста, во кое стоеше дека последните акции и “незапамтениот терор на монархофашистичката војска над демократското население во Грција, палење на селата, масовните апсења, убиства и насилство” и другите мерки на терор, создадоа бегалски бран преку југословенската граница. Меѓу бегалците “...е сè поголем бројот деца, кои боси, голи, изгладнети и до крајни граници исцрпени преминуваат, па затоа им е неопходна што побрза и поголема помош”. Поради тоа, Југословенскиот Црвен крст веднаш стапи во акција и организираше помош и згрижување на децата бегалци. За проблемот да биде побрзо и поделотворно решен, ЈЦК им упати апел на националните организации на Црвениот крст “...да помогнат во згрижувањто на невините деца кои се приморани да ја напуштат својата родна грутка и да побараат спас надвор од својата татковина”.
Целокупната организација околу приемот и згрижувањето на децата во март 1948 година, Југословенската влада ја довери на Комитетот за социјална грижа при Владата на ФНРЈ и Југословенскиот Црвен крст, кој се најде пред извонредно тешка задача. Требаше веднаш да се пронајде доволен и погоден простор за сместување на големиот број деца од сите возрасти, да се организираат домови, да се создадат одредени санитарни услови, да се организира здравствена заштита и лекување, да се обезбеди исхрана, снабдување со облека и обувки – во земја во која последиците од војната и општата немаштија беа видливи на секој чекор. Поради наглиот раст на евакуираните деца и големиот број на проблеми врзани за нивното прифаќање и сместување Централниот одбор на ЈЦК во мај 1948 година го основа Одсекот за заштита на грчките деца.
Веднаш по пристигнувањето на првите поголеми групи деца на територијата на Југославија во Владата на ФНРЈ е направен план за делување, поделени се задолженија и формирани се екипи за одредени проблеми околу бегалците. Екипа на Комитетот за социјални грижи и ЈЦК работеа на пронаоѓањето згради за сместување на бегалците, во прв ред во АП Војводина. Групите бегалци се прифаќани веднаш по преминување на границата, каде добиваа прва помош во храна и облека од ЈЦК, кој имаше централен пункт во Битола. Во Матка кај Скопје, а потоа и во Белград, ЈЦК, со помош на федерални, републички и локални органи на власта, активисти на масовните организации како Антифашистичкиот Фронт на жените (АФЖ) и Народниот фронт организираа поделба на храната, бањање, дезинфекција, пресоблекување на децата и лекарски прегледи. Детските групи потоа беа упатувани во местата каде на брзина се организираа прифатилишта и домови.
Освен групите кои мораа да останат под надзор на Југословенскиот Црвен крст, југослвенската територија беше и главната транзитна станица и место за привремено опоравување на децата, одредени да го продолжат патот кон другите одредишта. Според “произволните податоци”, низ Југославија од 30 март 1948 година до крајот на септември 1949 година од Грција на патот кон “земјите на народната демократија” поминаа 14.028 деца. Според службените податоци, само за нивниот транспорт југословенската влада потрошила сума од 3.600.000 динари. И децата од тие транспорти имаа лекарски прегледи, добиваа облека, обувки и потребна храна за пат. Со транспортите за транзит низ Југославија раководеа органите на Министерството за внатрешни работи, со помош на ЈЦК.
Децата во транзитот не се попишувани ниту за нив се собирани некои други податоци, освен брачната состојба.
Според југословенските податоци во време март – април 1948 година преку југословенската територија и со асистенција на ЈЦК, за Чехословачка се префрлени 2.492, во Романија 3.300 и во Унгарија 2.254 деца.
Југословенскиот Црвен крст на 9 јуни упати до Лигата на друштвата на Црвениот крст (ЛДЦК) во Женева, апел за помош во облека. Според податоците наведени во апелот тогаш во земјата имало: 1.300 девојчиња и 1.000 момчиња од 3 до 6 години; 2.500 девојчиња и 1.500 момчиња од 6 до 12 години и 400 девојчиња и 300 момчиња од 12 до 16 години.
ПОД ГРИЖАТА НА НОФ И АФЖ Евдокија Фотева е првоборец, директен учесник во единиците на ДАГ, партиски работник, кој што во драматичните години, на крајот од Граѓанската војна, со сите сили учествува во спасувањето на децата од сигурна смрт. Нејзиното автентично сведочење, колку што е драматично, исто толку е и пофалба за немерливото херојство на македонската жена: и мајка и сестра од Егејска Македонија, кои придонесувајќи максимално на бојното поле, исто толку посакаа нивниот корен, нивната лоза да се продолжи во иднината, со тоа што ги пуштија децата, да отпатуваат надвор од своите родни татковски огништа. Тоа откорнување од градите и полите е уште една возвишена храброст и херојство на жената од Егејска Македонија. Вера Фотева го сведочи следното:
- Ниедна војна не ги поштедува дури ни животите на најневините – децата. Така беше во Граѓанската војна во Грција од 1945 до 1949 година.
Граѓанската војна во Грција ни ја наметнаа довчерашните сојузници со англиската интервенција во Атина на 4 декември 1944 година, а во 1947 година поитаа американските империјалисти да ја “заштитат Грција од сопствениот народ”.
Уште од почетокот на Граѓанската војна во Грција македонското население се најде во првите борбени редови.
Негов организатор и водач беше Народоослободителниот фронт (НОФ) на Егејска Македонија што се формира на 23 април 1945 година. Составни делови на НОФ беа и организациите НОМС и АФЖ.
И во Граѓанската војна во Грција, Македонката-борец во НОБГ, скромна, молчелива, но смела и храбра му покажа на непријателот и на целиот свет дека умее и е способна и на бојното и на политичкото поле да се бори за својот физички опстанок. Таа веќе го имаше искуството на Илинден и НОБГ, особено охрабрена од успесите што ги постигнаа жените во Југославија по победата над фашизмот, а посебно од благодетите на Македонката во новосоздадената Народна Република Македонија. Македонките од Егејскиот дел на Македонија се организираа и дејствуваа преку својата организација АФЖ.
Македонката во Грција, која врз својот грб ги почувствува сите неправди, понижувања и малтретирања, на која со драконски мерки и беше забранувано да се служи со својот мајчин јазик и повеќепати беше измамувана, првпат во својата фронтовска организација се покажа во нејзината целосна светлина, го манифестираше своите “јас”. Беше решена по секаква цена да го сочува својот национален идентитет. Токму затоа организацијата АФЖ за време на Граѓанската војна на Грција стана моќен фактор на кој сметаше КПГ и ДАГ, а и Привремената демократска влада на Грција.
Во судбоносните денови на 1948 година Македонката, односно АФЖ ја зеде врз себе сета грижа за децата. Секојдневно децата беа изложени на животна опасност од бомбардирањата, и од ѕверствата на монархофашистите. Немаше никакви услови за нивниот живот и школување. Беа изложени и на разни заболувања и гладување. Поради таквите услови Привремената демократска влада, КПГ, НОФ и другите антифашистичко-демократски организации се обратија до слободните социјалистички земји за прифаќање на малолетните деца до 14-годишна возраст. На апелот од ПДВ меѓу првите се одѕваа:
Југославија, Романија, Чехословачка, Унгарија, Полска, Бугарија, а подоцна и Источна Германија.
Почна организирано евакуирање на малолетните деца. Со оглед на тоа каде беше жариштето на Граѓанската војна, повеќето деца беа од македонска националност. Тоа беа, главно, деца од Централна, Западна Македонија и Епир, од жариштата на Беласица, Пајак, Кајмакчалан, Вермио, Сињачко, Вичо и Грамос.
Масовните и многубројните протести, како и апелот од ПДВ до владите на атинскиот режим и до Обединетите нации преку Балканската комисија да се поштеди цивилното население и децата од катадневните бомбардирања на Трумановите авиони, не вродија плод. Повиканите останаа глуви. Единствен спас беше решението на ПДВ за евакуирање на децата.
Оправданоста на нејзиното решение се гледа од повеќе настани.
Монархофашистичките влади во Атина една по друга паѓаа под притисок на народот од големите градови Солун и Атина.
Монархофашистичката армија секојдневно се “чистеше” од напредните, демократски настроени војници, испраќајќи ги во концентрационите логори во Макронисо и Ѓура. Поради поразот на боиштата на Вичо и Грамос во 1947-1948 година монархофашистичката армија се нафрли и врз малолените деца.
Таа акција ја спроведуваше кралицата Фредерика, која народот ја именуваше со “Фрики-ужас”. Божем покажува грижа за децата, кралицата одеше по селата, присилно им ги одземаше децата на мајките за да ги прави “јаничари”, беспоштедно употребувајќи ја силата на своите монархофашисти.
Кога монархофашистите отидоа во селото Загоричани – Костурско, присилно да ги соберат децата, Македонките ги скрија своите рожби во фурните, а потоа ноќе ги префрлија на слободната територија. Од бес монархофашистите искасапија 17 жени од околните сила и нивните тела ги фрлија во Ѓолот на Костурското Езеро.
Жените правеа сè само нивните деца да не бидат земени од монархофашистите. Тие беа камшикувани, малтретирани и затворани.
Во органот на ПДЕГ “Махитрија” од 16 ноември 1948 година се наведува случајот на жените од с. Жупаништа – Костурско, кои се здружиле да реагираат за да им се вратат одземените деца од кралицата Фредерика.
Македонката беше затворена поради недозволувањето нејзините деца да ѝ се одземат од Фредерика. Поради тоа и во доцна бременост беше во затвори. Таму голем број новороденчиња дојдоа на свет. Жената стоички ги поднесуваше сите ужаси на војната, но не отстапуваше од националниот идеал.
Гледајќи ја суровоста на Граѓанската војна, сознавајќи што може да доживее детето, што го чека од раката на монархофашистите и американските авиони, мајката единствен спас за својата рожба гледаше во решението на ПДВ, во мерките на антифашистичките и демократски организации и затоа доброволно го даваше своето дете да биде евакуирано во некоја слободна земја, бидејќи беше уверена оти таму ќе биде безбедно и посреќно во идниот живот. Мајчината болка е безмерна кога се дели од своето дете, но овој пат таа токму од името на животот го избра патот што ѝ го покажа нејзината организација.
Месните НОО во секое село одржуваа собири на кои им се објаснуваше на луѓето за мерките на ПДВ и на сите организации за обезбедување на децата. Списоците на децата кои требаше да се евакуираат ги правеа организациите НОФ и АФЖ. На секои десет деца се одредуваше по една негователка, а на секои 20-25 деца по еден учител или учителка. Се водеше сметка негувателките и учителите да бидат од семејства кои имаа повеќе членови во партизани или од семејства на паднати борци или да бидат воени инвалиди. Со ваквиот став сите едногласно се согласуваа. Избраните другарки и другари земаа обврска дека ќе ја оправдаат довербата на родителите и на организацијата и дека родителски ќе се грижат за децата.
Имаше и вакви случаи: кога лично ѝ предложив на Малина Ралева од с. Д’мбени, која имаше 4 малолетни деца што требаше да се евакуираат и таа да замине со нив, таа ми одговори: “Не, јас не го оставам мојот другар, мојата сестра и брат да се борат овде, а јас да заминам со децата. Знам дека тие ќе бидат безбедни, имам полна доберба во избраните другарки, а јас овде ќе можам повеќе да придонесам за борбата”.
Кога реонската секретарка на АФЖ Александра Пановска во с.
Желево – Леринско го заврши сместувањето на децата по куќите да ноќеваат за одморени идниот ден да го продолжат патот за одредениот пункт, пристигна командирот Јани Лукров, од с. В’мбел – Костурско. И се обрати на Александра со прашањето: “Во која куќа е сместено моето дете Пандо? Дај да го видам бидејќи веднаш се враќам во единицата”. Заедно ги обиколија сите куќи во кои беа сместени децата. На повикот:
“Панде! Панде!” никој не се одѕва, бидејќи изморените деца беа заспани, брзо се најдоа во длабок сон. Храбриот командир не се виде за полседен пат со својот син, бидејќи набрзо загина храбро за слободата на својот народ.
Вакви и слични примери има многу. Секое дете и секој родител си има своја потресна историја од тој период.
Акцијата за испраќање на децата во социјалистичките републики се спроведуваше доброволно и организирано. За секоја држава имаше одредено по еден другар или другарка од НОФ и од АФЖ, кои се грижеа за децата. Тие имаа врска со Централниот одбор на НОФ и на АФЖ. А одговорен за сите деца во сите народни републики од страна на НОФ беше одреден другарот Доне Сикавица. За грчките деца беа одредени грчки другари. Одговорните за македонските и за грчките деца соработуваа меѓу себе.
Мајките беа среќни што нивните деца живеат во народните републики, далеку од ужасите на суровата војна, тие бараа само едно: нивните деца да продолжат да живеат и да се школуваат до конечното ослободување.
Исто така, се пишуваа писма од децата до родителите. И тоа одеше организирано – преку АФЖ.
Во еден фрагмент од дневникот на една жена член на АФЖ што е објавен во “Нова Македонија” од септември 1948 година, меѓу другото, е запишано: “Денеска сите се насолзивме. Бевме трогнати како никогаш. Седевме во сенката под една топола.
Некои од нас уште спиеја. Се стемнуваше и ќе тргнувавме на работа (тогаш се работеше ноќе – з.н.). И... еве ја другарката Цвета од АФЖ. Само што дојде, ние се радувавме. Кога е со нас, не знам зошто не се плашиме ни од топ.
Овој пат ни донесе писма од нашите деца, коишто се наоѓаа во народните републики. Ги читаме писмата, а рацете ни се тресат.
Срцето ни чукаше силно, но нашите ластари беа далеку. Што убаво ќе беше да ги бацевме малу!
Но тука идат аероплани. Артилеријата фрла гранати по нашите села, колку е убаво што нашата влада ги испрати таму нашите деца, за да се спасат.
Сега ни се наполнаа очите со солзи. Ни пишуваат дека живеат добро. “Само за вас мислиме, ни велат, вашите мајки, војната…” Кутрите. Кога ќе си ги видиме пак?
Ќе ги видиме кога ќе се ослободиме. Што убаво... Но за да се стори тоа ќе треба да го победиме фашизмот. А за да го победиме поскоро сите треба да се бориме, и ние во укрепленијата се бориме.
7.IX. Синоќа направивме повеќе три (3) бункери.
Тоа го правиме за да ни се вратат побргу нашите деца, за да си одиме дома ние и нашите мажи”.
Ете, така тогаш во тие тешки и судбоносни денови мислеше Македонката-жена, Македонката-мајка-борец. Таа, раководена од својата организација – АФЖ, му покажа на светот дека е редок воспитувач и учител. Македонката беше воодушевена од првиот македонски буквар, од создадената Народна Република Македонија во составот на југословенската заедница, во која слободно се зборува на својот македонски, мајчин јазик.
Македонката од Егејскиот дел на Македонија, која не знаеше да чита и пишува на македонски јазик, стана примерна воспитувачка на евакуираните деца. Умееше на непосреден начин, ненаметливо, тивко, во дотогаш непознати земји за неа, упорно и жилаво да бдее деноноќно над детските животи. Се грижеше и ги воспитуваше децата во народните републики, велејќи им: “Учете, дечиња мили. Вие сте Македончиња. Треба да учите, да станете лекари, инженери, професори... кога ќе се вратиме во Македонија, да бидете примерни, да ја градиме нашата опустошена Македонија. Нам, грчките реакционерни режими не ни даваа да учиме ниту на грчки јазик”.
Тоа чувство им беше всадувано на евакуираните деца. Тие, покрај јазикот на земјата домаќин, го изучуваа и својот македонски јазик. Напоредно го изучуваа и грчкиот јазик.
Културниот живот кај децата што беа евакуирани во други земји беше на потребното ниво. Се изучуваа и се пееја македонски песни, се прикажуваа скечови... Учебниците и учебните помагала како и лектирата, на децата им беше обезбедена од Народна Република Македонија и од издавачкиот одбор на НОФ.
Првите курсеви за македонски учители беа одржани на слободната територија во Преспа, па во НР Македонија и во НР Романија.
Во 1948 година ги посетив детските домови во Бела Црква и во Вршац. Нашите деца, од Егејска Македонија и од Грција, во овие домови ги имаа неопходните услови за нормално живеење и воспитување.
Во март 1949 година ПДВГ донесе решение една петочлена комисија на мајки да ги посети детските домови во кои беа сместени нашите деца. Во комисијата три жени беа од организацијата АФЖ и тоа: Донка Калкова – секретарка на АФЖ од с. Д’мбени и член на Реонскиот одбор, Софија Чулева од с. Загоричани – Костурско и Софија Данова од с. Ошчима – Леринско, исто така членки на АФЖ. Другите две жени беа мајки од грчката народност, членови на ПДВГ.
Тогашниот министер за школство на ПДВГ, професорот Петрос Кокалис, со едно отворено писмо им заблагодари на земјите во кои беа згрижени македонските и грчки деца. Меѓу другото, во тоа писмо од 19 јуни 1949 година се вели:
“Нашите деца живеат среќно во народните републики. Со беспрекорно почитување на правата на секого за мајчиниот јазик, на националното чувство и на народните обичаи, покрај грчки училишта, работат и славомакедонски. Но независно што училиштата беа поделени, нашите деца живеат заедно, го јакнат единството како што нивните татковци и повозрасни браќа го остваруваат во оружената борба”.
Оваа изјава Петрос Кокалис ја даде по повод изјавите на Тереза Мороз, претставник на Научната и образовната програма на Обединетите нации, која на 25 март 1949 година ја пренесоа радиостаниците.
Весникот “Уол Телеграф” од Њујорк, на 18.XII.1948 година, пишува: “Тука децата умираат на стотици поради немање покрив над главата, поради немање храна и облека. 25.000 деца се без никакво згрижување. Забога, испратете веднаш сè што имате, зашто секој ден што поминува значи и смрт”. А колку деца загинаа од бомбардирањата!?
Евакуираните малолетни деца, тогаш згрижени надвор од татковината, сега се академски граѓани, квалификувани стручњаци. Образованието го добија на јазикот од земјата домаќин. Повеќето од нив се вратија во Р. Македонија, а под разни околности прилично се најдоа и во прекуокеанските земји: Канада, Австралија, САД и на други места.
И во оваа прилика треба да им заблагодариме на народите и земјите кои со толку топлина и грижа се понесоа за воспитувањето и дооформувањето на нашите деца од Егејска Македонија и од Грција во зрели и способни стручњаци, добри патриоти. Тие тогаш беа евакуирани за да се спасат од стравотиите на Граѓанската војна на Грција, но по фамозната резолуција на Информбирото во 1948 година се најдоа меѓу чеканот и наковалната. За нив тоа беше втора војна, непозната, од посебен карактер, од која ретко кој неопитен човек можеше да излезе на крај. Сепак, иако малолетни, тие се бореа против неправдата, против клеветничките напади врз својата таковина, против нападите врз своите организации: НОФ, НОМС иАФЖ.
Не треба никогаш да се заборави придонесот и заслугата на луѓето кои дадоа сè од себе за спасување на децата и за нивно воспитување и образование. Тоа беа стотици членови на НОФ и на АФЖ, мајки и учители и учителки, кои беа деноноќно со нив. Меѓу таквите заслужни луѓе да ги споменеме: Доне Сикавица, Паскал Паскалевски, Ристо Поптрајанов, Олга Попова, Алексо Дуковски и многу други.
Денес, по 55 година од напуштањето на родните домови и родниот крај, децата евакуирани и протерани од Егејска Македонија и од Грција, се собирале од целиот свет на свои собири. Од овие собири на тие деца, сега стручњаци од сите профили, научници и уметници од секаков ранг, па и академици, нека чуе светот и владата на Грција дека постоиме и не има насекаде низ светот, дека сме чесни граѓани, дека сме за мир и соработка меѓу државите и народите, дека не треба да се дозволи и други деца да ја доживеат судбината на децата од Егејска Македонија и од Грција. Нека се знае дека тие некогашни деца и ние борците од НОБГ и од Граѓанската војна во Грција сакаме да го посетиме својот разурнат дом, домот во кој сме се родиле, дека сакаме да им подигнеме достоен споменик на своите родители паднати за правда и национална слобода, дека сакаме да положиме свежно цвеќе на гробовите од нашите најблиски... Каква иронија на времето! Тогаш, пред 55 години, атинската влада бараше да се вратат децата, а сега не им се дозволува на тие тогашни деца да живеат во родниот крај, ниту него да го видат...
Ете, така сведочи Е. Фотева-Вера, упатувајќи аманет до потомствата.
СВЕДОШТВА ЗА ОТКОРНУВАЊЕТО Лена Сулевска од село Горно Котори, Леринска околија, во 1948 година, ја даде следната изјава:
- Со уште две жени и 40 деца, на 26 март 1948 година, го напуштивме селото по упадот на владините трупи кои однесоа 13 деца чии родители беа во единиците на ДАГ, додека останатите деца со жените се криевме. Селото исто така, го бомбардираа. По снег и зима се движевме ноќе, а се криевме дење.
Кај селото Трново група од два владини авиони пукаше врз нас, но за среќа, никој не беше повреден. Ние се приклучивме на групата од околу 400 деца кои ги водеа неколку жени. Тие беа од околината на Костур и жените ни кажуваа дека групата повеќе пати ја напаѓале владини авиони, при што загинале четири деца. Кај селото Маврохори ни се приклучија нови бегалци: жени и деца од четири села (Долно Котори, Лагем, Турија и Трен).
Лена Сулевска уште додава:
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/refugee-detsa-begaltsi-e-book-macedonian/3 на 29 октомври 2026