Refugee Children from Aegean Macedonia in Yugoslavia
БРАБОТЕН ПЕРСОНАЛ НА ЦРВЕНИОТ КРСТ ВО ДЕТСКИТЕ ДОМОВИ ВО БЕЛА ЦРКВА, ОД 1948 Д - Part 02
Денес целиот свет се менува и минува низ процес на ослободување и сестран подем. Ние се залагаме за тој свет, на македонското малцинство да му се признаат најелементарните човечки права и достоиство... За триумфот на човештвото во векот во кој влегуваме неопходна е добра волја и напор: со помош на Меѓународната заедница и на сите прогресивни сили ние сме уверени дека конечно ќе се избориме против она што ги разделува луѓето и народите, против сите видови неправди, ние веруваме во подобра и посветла иднина.
ПОВЕЌЕ ОДБЕЛЕЖУВАЊА ЗА СПОМЕН Исто така, во рамките на Првата светска средба на цедата бегалци што се одржа од 30 јуни до 3 јули 1988 година, во центарот на Скопје, во паркот “Жена борец”, беше откриено спомен - обележјето, дело на академскиот вајар Насо Беќаровски, и архитектонско решение на архитектот Даница Павловска - Циги. Спомен -обележјето опретставува – мајка страдалник со своите три деца, тргнати во непознат правец и разделена од своето огниште и најмилите...
Спомен - обележјето пред повеќе илјади присутни го откри Тина Поповска, некогашен воспитувач и учител на децата бегалци, а новоизграденото основно училиште, кое беше свечено отворено го доби името на истакнатиот македонски борец и учител од Егејскиот дел на Македонија – Лазо Ангеловски.
И во лекувалиштето Катлановска Бања на свечен начин беше откриена спомен-плоча посветена на партизанската болница во која се лекуваа и опоравуваа борци од Граѓанската војна. На спомен обележјето е запишан следниот текст: “Во ова зграда се наоѓаше Партизанската болница во која се лекуваа учесници во Граѓанската војна во Грција – борци на народно -ослободителното движење од Егејскиот дел на Македонија и на Демократската армија”.
Да потсетиме, во Граѓанската војна во Грција од 1946 до 1949 година, учествуваа околу 20 илјади Македонци од Егејскиот дел на Македонија, а повеќемина ранети во борбите, беа лекувани во партизанската болница, што специјално беше отвоерна во Катлановска Бања.
Во Народната и универзитетска библиотека “Св. Климент Охридски” беше отворена голема изложба на фотографии, на кои беа прикажани разни настани од животот на децата бегалци при напуштањето на родните огниишта, престојот во домовите и школувањето, како и изложбата на книги, чии автори се децата бегалци... Во чест на средбата се одржа и литературна средба со настап на 20 македонски писатели, меѓу кои има автори, некогашни деца бегалци, кои живееле во детски домови во повеќе земји.
Доајенот на македонскиот филм, режисерот Трајче Попов, којшто има снимено документарен филм за децата бегалци уште во 1949 година, на оваа средба почна да снима нов филм под наслов “Ин континуо”. Покрај него како сценарист се јавува и Кузман Георгиевски, а продуцент на филмот е “Вардар филм” од Скопје.
За првата светска средба на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија под Грција, за одбележување е уште и овој факт:
истата ја следеа 239 новинари, 24 фоторепортери и 16 сниматели, од сите средства за јавно информирање во Република Македонија и од повеќе земји.
Македонската телевизија вршеше директен пренос од свеченото отворање, а потоа ги следеше сите програмски активности и им посветуваше посебни емисии. Тоа истото се однесува и на максималната ангажираност на Македонското радио-Радио Скопје. Со тоа се покажа дека и покрај препраката од сојузните органи на тогашна Југославија за информативен молк, сепак, во тоа не се успеа. Средствата за јавно информирање го направија своето и во светот испратија безброј информации за оваа историска средба...
Првата светска средба на децата бегалци заврши со одржувањето на пикник на езерото Треска, на кој присуствуваа повеќе илјади гости дојдени од повеќе земји, бројни музичари, пејачи и играорци од културно-уметнички друштва. Со звуците на музиката, се славеше и пееше, бескрајно се играше и се обновуваа спомените за некогашниот живот во детските домови и за она што се постигнало во животот. И тука се покажа најголемото македонско срце дека “македонското име никогаш нема да загине”.
Гостите, некогашни деца бегалци, по одржувањето на средбата, посетија повеќе градови во Република Македонија, меѓу кои и Прилеп и Крушево, каде на споменикот “Македониум”, положија венец, а една група го посети и селото Три Чешми, во кое живеат бегалци од Егејска Македонија, а некои отидоа да си ги посетат и родните огништа во Егејскиот дел на Македонија под Грција.
За жал, напорите од повеќе некогашни деца бегалци, жители на Република Македонија, да ги посетат своите родни огништа во Егејска Македонија, завршија безуспешно. Тие беа вратени од македонско-грчката граница, а меѓу нив имаше и гости – учесници, од повеќе западни земји. И, тогаш се покажа грчката
“демократија”...
И, на крај, на свечената вечера што се одржа во една од халите на Скопското сајмиште, каде што се одвиваше свечениот дел на средбата, што се одржа во 1988 година, за прв пат беше испеана песната “Каде сте Македончиња”, чија автор е Бранко Георгиевски од скопското село Драчево, инаку жител на град Перт, Австралија.
Таа, како што покажа времето стана “химна” на некогашните деца бегалци, која се пееше и на Втроата светска средба, но без која веќе неможе да се замисли ни една свеченост што се одржува во Република Македонија и надвор од неа, каде што има собири на Македонците...
КОНКРЕТЕН ЗАФАТ – ФОРМИРАЊЕТО НА ЗДРУЖЕНИЕ НА ДЕЦАТА БЕГАЛЦИ Првата светска средба што се одржа во Скопје во средината на летото 1988 година, и на која дојдоа деца бегалци од повеќе европски земји, како и од Австралија, Канада и САД, не само што беше извонредна прилика за пријателски и роднински средби по толку години и децении, и се разбира, евоцирање на спомени од детството, туку разновидноста на програмата како да го забрза сознанието и потребата дека треба да се изнајде форма за здружување на децата бегалци во една организација.
Така и се роди иницијативата која веднаш доби легитимитет за формирање на Здружение на децата бегалци во Република Македонија.
За таа цел, веднаш се конституира Иницијативен одбор, којшто имаше за задача да изврши подготовки за формирање на Здружението на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија во Република Македонија. Во Иницијативниот одбор влегоа слените членови: Ване Плуковски, Мито Миовски, Ѓорѓи Доневски, Илија Аиновски, Коле Мангов, Перо Наковски, Коста Јанчевски, Методија Топевски, Ефтим Чуновски, Паскал Гилевски, Насо Бекаровски, Крсто Кираџиев, Ели Манева, Михајло Дичевски, Никола Думурџанов, Никола Бундовски и Никола Атанасов. Исто така, членовите на Иницијативниот одбор ги изготвија првите документи – Статутот на Здружението на децата бегалци во Република Македонија и другите акти, потребни за регистрирање пред надлежните органи. Според прифатените документи покрај изборот на членови на Претседателството, беа исто така избрани и членови на петте комисии, и тоа Комисија за човекови права и основни слободи, Комисија за заштита на имотите на Македонците од Егејот, Комисија за култура и наука и Комисија за имформирање и издавачка дејност.
Така, на 23 декември 1989 година, беше регистрирано Здружението на децата бегалци во Република Македонија, од кога почнуваат значајните активности на повеќе полиња: од организирање на научни-стручни средби, собири и протести, манифестации и соработка со сродни здруженија, до издавањето на книги за Егејска Македонија и весникот “Незаборав”. Веќе се издадени десетина книги.
Во основниот документ – Статутот на Здружението на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија во Република Македонија, децидно се определени неговите цели и задачите, кои имаат историско значење за прогонетите деца и нивните родители и роднини од родните места и огништа. Според член 10, тие начела се состојат во следното: запознавање и исполнување на одредбите од Универзалната декларација за правата на човекот, потоа Хелсиншката спогодба и други документи со кои се заштитуваат човековите права и основни слободи поради чија повреда членството трпи дискриминација од страна на Република Грција заради упатување на поединечна и колективна заштита, потоа правото за одржување на роднинските врски во Република Грција, правото за непречено добивање визи за влегување во неа и др.
Бројни се активностите што во изминатите години ги оствари Здружението на децата бегалци во Република Македонија, за кои поопширно ќе стане збор во некоја друга прилика, а овде само ќе ја споменеме добрата и континуирана соработка со Здружението на бежанците, бегалците и нивните деца од Струмица, Здружението за заштита на човековите права од Радовиш, потоа Здружението на прогонетите Македонци “Егеј” од Штип, Организацијата на Македонците-потомци од Егејска Македонија – Битола и др.
Како резултат на таквата соработка меѓу овие здруженија дојде и до остварувањето на две прекрасни идеи: отворањето на клубот “Незаборав”, што се наоѓа во трговскиот центар “Скопјанка” и конституирањето на Сојузот на здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, што веќе е регистриран, потврдувајќи ги и афирмирајќи ги досегашните бројни и заеднички акции и активности.
Кога погоре истакнавме дека Здружението на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија – Скопје, има постигнато завидни и многу значајни афирмативни активности, меѓу другото мислевме и на организирањето на Втората светска средба на децата бегалци во Скопје, во 1998 година.
И ПО ВТОР ПАТ – СВЕТСКА СРЕДБА НА РАЗДЕЛЕНИТЕ...
За време на одржувањето на Првата светска средба на децата бегалци што се одржа во Скопје, на 5 јули 1988 година одборите на децата бегалци од Канада, Австралија, и источноевропските земји со претставници од Скопје одржаа состанок и се договорија за одржувањето на Втората светска средба на децата бегалци. Беше решено, таа да се одржи во 1998 година и да биде посветена на 50-годишнината од егзодусот на децата бегалци од Егејска Македонија во Скопје, Република Македонија.
Втората светска средба на децата бегалци се одржа од 15 до 19 јули 1998 година. Свечениот собир, како централен настан се одржа на 15 јули во Скопскиот саем и на истиот присуствуваа повеќе од 3.500 некогашни деца бегалци дојдени од Австралија, Канада, САД, повеќе источноевропски земји и од Република Македонија. Свеченоста со пригоден говор ја отвори Ѓорѓи Доневски претседател на Организациониот одбор, а по него пред присутните со свој говор настапи претседателот на Република Македонија – Киро Глигоров. Во културно-уметничкиот дел беше изведен литературно-музичко сценски приказораториумот “Деца на Македонија” од Стојче Тошевски во кој зедоа учество членовите на Македонската филхармонија, хоровите на МТВ, детскиот хор “Лале” од Тетово, солистите Марија Муратовска, Светлана Донковска, Цветан Стојановски и Милан Фифров, рецитаторот Томе Витанов и диригентот Ангел Шурев. Во програмата учествуваа уште и чартистите Соња Каранџуловска, Валентина Божиновска и Илија Милчин, пејачите Љупка Рондева, која живее во Софија, Малена Шомова од Мелбурн, додека авторот на песната “Каде сте Македончиња” Бранко Ѓоргиевски, што живее во Перт, се претстави со новата песна “Незаборав”, настапи групата “Бапчорки”, потоа балетската двојка Зуица Пуровска и Зоран Велевски, поетите Пандо Колевски од Прага, Ристо Миљановски од Торонто и ансамблот на народни песни и ора “Гоце Делчев” од Скопје. Свеченоста беше директно пренесувана од МРТВ.
Исто така, за време на одржувањето на Втората светска средба на децата бегалци беше отворена изложба на фотографии и документи. Изложбата во Музејот на град Скопје ја отвори Димитра Карчицка, а на истата беа претставен 106 фотографии и документи од животот на децата бегалци во детските домови.
Учесниците, некогашните деца бегалци, положија свежи цвеќиња на гробот на Гоце Делчев во црквата “Св. Спас”, на споменикот на борците од НОБ, на бистата на првоборецот Лазо Ангеловски, во основното училиште што го носи неговото име и на споменикот на децата бегалци во паркот “Жена борец”.
На 16 јули се одржа премиера на филмот “Инконтинуо”, кој по порачка на Здружението на децата бегалци го сними “Вардар филм”, по сценариот на Кузман Георгиевски и Трајче Попов, којшто во исто време е и режисер на филмот. За значењето на филмот зборуваше актерот Илија Милчин.
Во Соборниот храм “Св. Климент Охридски” во Скопје се одржа панихида во спомен на загинатите и починати деца бегалци, а со истата чиноначалствуваше неговото блаженство Архиепископот охридски и македонски г.г. Михаил со повеќе митрополити и други пречесни отци и ѓакони на МПЦ.
Во рамките на Втората светска средба на децата бегалци беше отворена и ликовна изложба на која зборуваа Коле Манев и Паскал Гилевски. Организатор на изложбата е ДЛУМ, а нејзиниот наслов беше “Арт Егзодус 98”, и на истата со свои дела беа претставени 64 ликовни уметници од Република Македонија.
И во Народната и универзитетска библиотека “Св. Климент Охридски” беше организирана изложба на книги и публикации напишани од некогашни деца бегалци. Изложбата ја отвори Ставре Џиков, а се одржа и Симпозиум на тема “Етничките промени во Егејскиот дел на Македонија (1912-1955)”. Се одржа и концерт на Никола Атаносов – флејта и Христо Христовски – гитара, посветена на Втората светска средба на децата бегалци.
И овој пат се одржа свечена вечера, а присутните ги поздрави Григори Поповски, член на Организациониот одбор. На вечерата поздравни говори имаа уште и Џон Битов од Канада, архимандрит Никодим Царкњас и Наџулис Георгиус од Егејска Македонија, Јордан Костадинов – Иванов од Пиринска Македонија, Страшо Ангеловски од МААК и академик Блаже Ристовски.
На свечената вечера во културно забавниот дел учествуваа пејачите Петранка Костадинова, Гоце Касаповски, Мице Димитров, Алена Шомева, Бранко Георгиевски, оркестарот “Егејски мелос”, оркестарот на ансамблот за народни песни и ора “Гоце Делчев” и оркестарот “Славна Дебарца”.
Учесниците, некогашните деца бегалци, гости на средбата посетија повеќе градови во Република Македонија: Битола, Штип и Радовиш, Струмица, а беше организиран и излет во градот Воден. Имено, на 19 јули 1988 година околу 300 учесници го посетија градот Воден во Егејска Македонија. Но, за жал, на граничниот премин Меџитлија, на 42 граѓани од Република Македонија, на 15 лица од Канада, 11 од Австралија, 2 од Чешка република и по 1 лице од Унгарија, Полска и Словачка не им беше дозволено да влезат во Грција и да присуствуваат на излетот во Воден.
Во рамките на Втората светска средба беа објавени три книги и тоа: “Населените места во Егејска Македонија” во два тома од Тодор Симовски, монографијата “И ние сме деца на мајката земја” од д-р Фана Буцкова, монографијата “Трсје и Трсјани” од Никола Кичевски, а Народна банка на Република Македонија издаде златник со симболите на средбата.
И Втората светска средба на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија помина во сообразност со највозвишените принципи на хуманоста, која се повеќе се материјализира во свеста на сите луѓе во светот и на човештвото во целина, изразувајќи се во барањата никогаш ниедно дете во светот да не ја доживее судбината што децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија ја доживеаја како последица на Граѓанската војна во Грција од 1946 до 1949 година.
Од средбата беше испратена до сите мирољубиви луѓе во светот Декларација во која се пледира за мир меѓу луѓето и барање за Македонците од Егејскиот дел на Македонија да го добијат одземеното право за враќање во Грција, посета на родните огништа, роднини, пријатели и др.
На седницата на Организациониот одбор на Втората светска средба што се одржа во Скопје се донесе одлука – Третата светска средба на децата бегалци да се одржи по пет години, односно во 2003 година.
КАДЕ СТЕ МАКЕДОНЧИЊА Илјада деветсто четириесет и осмата.
Егеј наш македонски солзи пролеа, од гради топли мајчински дечиња се откинаа, по секаде распрснаа, детски игри си оставија.
Каде сте Македончиња, каде сте, кај отидовте, жално плаче мајка егејска, за вас плаче Македонија Далечна е пролетта четириесет и осмата, далечно е детството, детство минато, спомен тажен остана за родна кука таткова, зборот плаче мајчински, мајка не заборавајте.
Европа, Канада, Америка, Австралија, Гласови сложно кренаа Македонците, И ние право имаме слободно да живееме, Во земја наша таткова, мила Македонија.
Бранко Георгиевски Авторот на песната е од скопското село Драчево, а сега живее во Перт – Австралија. За прв пат таа беше испеана на Првата светска средба на децата-бегалци, одржана во Скопје, во 1988 година.
НАМЕСТО ПОГОВОР – ГО ПРЕСКОКНАВМЕ ЛИ ПРАГОТ НА НАЦИОНАЛНИОТ СПАС?
Меѓу телесната смртност и духовната бесмртност Природно само од себе произлегува прашањето: каков грев направи тоа поколение, тие дечиња на две до четиринаесет години, за да биде проколнато и накажано да талка од немило до недраго, со законот на Каин на челото? Која беше таа тешка вина поради која децата беа дрпнати од пазувите на нивните мајки за потоа да бидат прогонети отаде морињата и отаде степите?
Некои меѓу нас сè уште се сеќаваат на тие епски слики од македонската национална библија: голораки дечиња товарени во кошови, со денови и со ноќи се провираа меѓу мртвите стражи на границата искачувајќи ги планинските скрки и камењари; прогонети од својата родна грутка разделени од своите татковци и мајки, голи и боси како дечињата над кои демнеше мечот на Ирод, тие лежеа расфрлани под дворовите на македонските цркви и манастири, чекајќи парче леб или веленце за да се подзаштитат во ноќите босоноги дечиња кои со месеци бдееја по железничките крстопати за потоа да бидат одведени меѓу непознати луѓе и туѓи татковини...
Оние кои се сеќаваат на овие слики, можат ли, барем денес да дадат одговор, да појаснат: што се случуваше во тие часови со нашето национално достоинство и со нашиот човечки морал?
Зошто тие деца не беа задржани во нашите домови за сите заедно да го споделиме ужасот на нашата национална катастрофа? За кој сторен грев и самите ние ги казнивме сопствените деца и ги проколнавме со судбината на Каин?
Не толкувањата и појаснувањата, туку ослучноста и одговорноста на една нација се одговор на националните трагедии.
Законот на Каин со кој е обележано ова наше потомство, ја дели телесната смртност од духовната бесмртност. Од тоа наше проколнато и прогонето потомство израснаа големи национални величини: и во науката и во музиката и во сликарството и во литературата. И не само во нашата национална средина: наседаде каде што израснаа и се формираа тие деца оставија длабоки траги на возвишеност и ред, како израз на благодарност кон оние кои со голема човечка љубов ја споделија драмата и судбината на нашите деца од Македонија.
Едмунд Леацгх, размислувајќи за митолошкиот контекст на Каиновиот знак, ќе рече дека тој знак како егзистенцијален парадокс, ја одразува сета противречност помеѓу телесната смртност и духовната бесмртност; означениот со тој знак се изделува од средината и конвенционалниот морал и како метафора стои меѓу човечкиот подвиг и безбожноста. Таа метафора денес е тоа потомство на децата-бегалци од Егејска Македонија, кои по поразот на ДАГ во 1948, беа откорнати од своите родни огниишта и прогонети низ светот. Тоа потомство го восфалуваме.
Во ниедна околност, настаните сврзани и со децата-бегалци, не треба да ги гледаме и толкуваме одделно од основната стратегија и од крајната цел на нешите бегалци соседи кон Македонија: нејзино конечно завојување, колонизирање и анексија на македонските територии и присвојување на македонската историја. Само да потсетиме дека одвај десетина години по Илинденското востание 1903, кога започна големиот прогон на Македонците од нивната татковина, дојде и до подмолно подготвуваните балканските војни, а потоа и до Првата светска војна. Резултат на сето ова беше големиот погорм над Македонија: на стотици илјаи Македонци беа прогонети од нивната земја која во исто време беше и колонизирана со инородно население од малоазискиот и црноморскиот брег, од Кавказ и Ерменија, од Србија и од Албанија. Барем во примерот на Македонија се покажа дека политичката анексија претставува, пред сè кулутрна анексија, односно - асимилација.
Така, целиот XX век е век на прогонства на Македонците од нивната родна земја. Конечен резултат на таа ситуација е: ако кон крајот на осмалинското владеење во Македонија, нашата земја од етнографска гледна точка преставуваше една од најбројните нации на Балканот и, релативно хомогена целина – тоа кон крајот на овој век состојбите драматично се изменети:
околу 60% од македонската територија е насилно завојувана и анектирана кон Грција и Бугарија, а бројот на македонското население во трите дела денес е помал од оној на почетокот на нашиот век. Тоа се тие вистини, неумоливи и согласни.
Смислата на нашиот историски опит Наспроти сите погроми кои не придржуваат низ историјата, ние сè уште како да немаме одговор на најсуштинското прашање:
што научивте од нашиот историски опит?
Меѓу ретките народи сме на човечката цивилизација кои имаме своја духовна и библиска и предбиблиска маркација но какво е нашето историско искуство? Во прашање е некаква предестинација на македонскиот народ, од век во век да влегува поосакатен и пообесправен или пак, несакајќи да и погледнеме на вистината во очи – самите од себеси создаваме историја на фрагментирана земја и судбина на децимален народ? Како да се одгатне тајната на нашите национални противречности и колебливости?
При обидот ова да го одгатнуваме нам да ни бидат од припомош емоционалните изливи и трогателните преповторувања на знајни или помалку знајни трауми и драми.
Последен час е кога сите заедно ќе се обидеме да го откриеме најрационалниот одговор.
Основно е дека потомствата на Македонци по 1913, независно каде се родени и формирани, не можат да се чувствуваат поинаку освоен како дел на едно насилно разделено национално битие. Тоа се потомства кои се неподносливи болки ги чувствуваат откинатите делови на нивната татковина и нејзиниот поделен национален организам; потомства кои се повеќе се уверуваат дека се дел од телото и од духот на еден народ предодреден жртвата да претставува врховен, највозвишен израз на неговото постоење. Особено по прогласување на самостојна и независна Македонија! Денес сите Македонци својата држава ја прифаќаме и чувствуваме не само како историски туку безмалку и како мистичен факт! Тоа е држава на сите Македонци, независно каде ги расфрлал виорот на балканската историја, и сите заедно живееме со чувство дека со ова сме го прескочиле прагот на националниот спас!
Околностите околу нас, меѓутоа, не ни даваат право сосема да сме уверени во тоа: народ сме кој меѓу првите во Европа е христијанизиран, народ со своја, една од најстарите и независни архипископии, па сепак нашата Црква – не ја признаваат и оние кои и самите произлегле од неа! Уште пред единаесет векови македонскиот јазик од Сухо и Широка, Солучнско, влезе во основата на црквенословенскиот јазик како прв книжевен јазик на Сите Словени – па сепак не го признаваат тој јазик некои кои и самите произлегле од него; имаме име, едно од најдревните и најславните имиња, па сепак и тоа име не го признаваат; уште пред десет векови сме имале своја, една од најсилните држави среде Византија, па сепак – таа држава на Самоил како никогаш да не постоела; овој народ создаде музичко и ликовно творештво кое ги поткрена ренесансните текови, па сепак – и него се обидуваат да го присвојат!
Точно поради сето ова, никогаш после толку национални катастрофи, не постоела толку незначајна потреба Македонецот да ја бара својата смисла како национален ентитет и да го открива каде е неговото вистинско место во светот. За разлика од нас Македонците, еден од водечките принципи на еврејската национална доктрина е равинот, на децата и на нивните татковци постојано да им ги преповторува приказните од митската и историска генеза на еврејскиот народ! Нашата кауза е: не враќај се подалеку од вчера да не би со тоа да ги повредиш со нешто соседите или другите! Погибелна теза! Жив пример на активно негирање на сопствените вредности!
На што треба да нè подучи сето ова?
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/refugee-detsa-begaltsi-e-book-macedonian/18 на 29 октомври 2026