Refugee Children from Aegean Macedonia in Yugoslavia
ШЕСТИ ДЕЛ ДЕТСКИ ДОМОВИ И ПРИФАТИЛИШТА ВО НР МАКЕДОНИЈА - Part 03
Сите Егејчиња се залагаат да ја совладаат теоријата и практиката на наставата, и во тоа постигнаа многу добри резултати.
И ДЕЦАТА ОД ДОМОТ ВО ВАЛАНДОВО НА ЛЕТУВАЊЕ Меѓу многубројните сведоштва за децата бегалци од Егејска Македонија и нивниот престој во детските домови, веќе рековме дека се објавени повеќе текстови во весникот “Глас на Егејците”. Таков е и текстот посветен на децата од детскиот дом во Валандово, кои исто така, биле на летен одмор. Во текстот е забележано:
- Минатата 1952 година, потомците од детскиот дом
“Александар Ранковиќ” од Валандово, од кои повеќето се деца на Македонци од Егејска Македонија, без еден или двајца родители, летуваа во летувалиштето “Водно” близу до Скопје.
Годинава беше планирано децата да бидат испратени на летување во други летувалишта. Така, една група од 60 деца замина на 30 јуни за Охрид, 80 деца во Љубанската шума, која се наоѓа северно од Скопје, и околу 100 деца ќе заминат овие денови за Дојранско Езеро.
Во претходните делови пренесовме фрагменти од текстови објавени во весникот “Глас на Егејците”. Се определивме за нив од едноставна причина што тој весник (1950-1954), во тоа време одигра историски значајна улога во одбраната на Македонците од Егејска Македонија и нивната праведна борба за национална слобода. Може да се рече дека “Глас на Егејците” беше и остана неодминлив сведок на нашата бегалска драма, на нашето откорнување, така што автентично забележените сведоштва на неговите страници се вистинските камчиња што го составуваат мозаикот на нашето детство и живот...
А, што се однесува до многубројните (со десетици и стотици)
печатени текстови во тогашните дневни, неделни и месечни весници и ревии во НР Словенија, НР Хрватска, НР Србија со АП Војводина и НР Македонија, останува да ги објавиме во друга прилика. Веќе подготвуваме едно такво специјално издание, како аманет до потомците, за нашиот пат и голгота што се простира на сите меридијани...
СЕДМИ ДЕЛ - ДОКУМЕНТИ МЕМОРАНДУМ НА ПРИВРЕМЕНАТА ДЕМОКРАТСКА ВЛАДА НА ГРЦИЈА Кралската грчка влада во Атина, во мај 1948 година, упати претставка до Генералното собрание на Обединетите нации за “киднапирање” на грчките деца со тешки обвинувања.
Со цел да ги побие наводите и обвинувањата на атинската влада, Привремената демократска влада на Грција упати свој меморандум до Обединетите нации, исто така во мај 1948 година. Меморандумот во име на Привремената демократска влада на Грција како нејзин претставник го упати генерал Маркос Вафијадис. Во исто време, копија од овој меморандум Маркос достави и до владите на големите сили како и до владите на поголем број останати земји. Радио станицата на Привремената демократска грчка влада “Слободна Грција” на 26 мај 1948 година го објави овој меморандум во кој меѓу другото, се вели:
- “Атинските властодршци, кои направиле толку злосторства со кои е запозната светската јавност, настојуваат во последно време да ги заташкаат своите гнасни дела со систематска кампања од лаги и клевети. Во таа цел атинската влада мобилизира агенти од сите видови и мошне често, по упатствата на оние кои настојуваат организацијата на Обединетите нации да ја претворат во оружје на својата офанзивна империјалистичка политика, се служи со органите на Обединетите нации за ширење на своите лаги и клевети.
Должност ни е да ја раскринкаме клеветата која во последно време стана редовна тема на монархофашистичката пропаганда.
Се работи за програма за заштита на деца.
Злоупотребувајќи го ова прашање, атинските властодршци го искористија за свои клевети. Атинскиот архиепископ Дамаскинос во телеграмата која ни ја упати тврдеше дека наводно органите на Привремената демократска влада на Грција вршат киднапирање на деца, наводно со намера да ги претворат во непријатели на Грција. Треба да се потсети дека атинскиот архиепископ Дамаскинос за време на хитлеровата окупација на Грција ги советувал министрите да положат заклетва на нацистите и дека нешто подоцна, во декември 1944 година, го одобрил теророт на атинската влада и така учествувал во подготовките на несреќата на Грција.
Целта на грчкиот монархофашизам беше и остана истребување на сите оние кои ја сакаат независноста и слободата. Но овде не станува збор за истребување само на оние кои земале учество во народно-ослободителната борба туку тоа важи за сите граѓани кои не го помагаат монархофашизмот.
Денес во Грција 50.000 лица се наоѓаат во затвори и логори. До денес 7.000 лица се стрелани или убиени. Мораме да подвлечеме дека поголемиот број Грци се стрелани само затоа што не се одрекле од нивната борба и затоа што земале учество во движењето на отпорот против нацистите. На процесите пред воените судови често се слуша дека единствен доказ за вината на обвинетиот е фактот што се борел во редовите на Елас.
Околу 7.000 лица, мажи, жени и деца се истерани од своите домови и се одведени во градовите, каде што гладта, болеста или студеното време буквално ги десеткуваат. Систематските, бездушните напади против неборбеното население во слободна Грција, предизвикуваат многубројни жртви во прв ред, меѓу жените и децата. Блокадата на ослободените краеви, кои ги спроведуваат атинските политичари, има за цел да го спречи снабдувањето со намирници на оние краеви кои секогаш се снабдувале од градовите.
Пред таквата состојба мајките во ослободените краеви не можеа мирно да гледаат како нивните деца умираат од глад или живеат во постојана опасност да загинат од бомбардирање.
Грчките мајки побараа од нашата влада да им помогне да ги тргнат своите деца во соседните земји за да ги спасат. Ние се обративме на добротворните организации во странство и со радост констатиравме дека добротворните организации на демократските жени го прифатиле барањето да ги заштитат и да се грижат за овие невини жртви на нечовечката политика на атинската влада.
Така 10.000 грчки деца по иницијатива на нивните родители се префрлени во странство. Откако увидела дека и пропаѓа планот за истребување на населението во ослободените краеви, самонаречената атинска влада отпочна со кампањата на лаги и клевети, тврдејќи дека наводно ние киднапираме деца а во суштина таа започна со одземањето на децата од областите кои се граничат со ослободените краеви, жандармите и војниците ги одземаат децата од прегратките на мајките и без одобрение од родителите ги водат во градовите каде ќе служат како послуга за богатите семејства.
Органите на Привремената демократска влада не упатија во странство ни едно дете без желба и упорна молба на родителите, додека водењето на деца во градовите кое го вршеа монархофашистите, се спроведува и покрај неодобрување на мајките. По прашањето на одземањето на деца навистина постојат злостроства но нив треба да ги бараме во таборот на монархофашистите и нивните соучесници.
Привремената демократска влада, верна на идеалите на демократијата и мирот ќе го заштити грчкиот народ и децата од теророт на денешниот режим во окупирана Грција. Таа во име на грчкиот народ им изразува благодарност на сите кои на грчкиот народ му помагаат да го преброди периодот до воспоставување на националната независност и слобода”.
(Радио “Слободна Грција” 26 мај 1948 година)
ПРВА РЕЗОЛУЦИЈА НА ГЕНЕРАЛНОТО СОБРАНИЕ НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ А РЕПАТРИЈАЦИЈА НА ГРЧКИТЕ ДЕЦА На третото заседание на Генералното собрание на Обединетите нации, кое е одржано во Париз на 27 ноември 1948 година едногласно е донесена следната резолуција:
“Генералното собрание
193/III ПРЕПОРАЧУВА враќање на грчките деца во Грција, кои сега се оддалечени од своите домови, ако децата изразат желба, нивниот татко или мајка или, ако ги нема нив, нивниот најблизок роднина;
ГИ ПОВИКУВА сите членки на Обединетите нации и останатите држави, на чија територија се наоѓаат децата, да преземат потребни мерки во врска со извршувањето на овие препораки;
МУ СЕ ДАВА ЗАДАЧА на генералниот секретар да побара од Меѓународниот комитет на Црвениот крст и Лигата на друштвото на Црвениот крст и полумесечината да организираат и остварат врска со националните организации на Црвениот крст на заинтересираните земји, да ги овластат националните организации на црвениот крст да преземат потребни мерки во заинтересираните земји за извршување на оваа препорака”.
(Месечен извештај на Лигата за декември 1948, стр. 3)
СООПШТЕНИЕ НА ЛИГАТА И МЕЃУНАРОДНИОТ КОМИТЕТ НА ЦРВЕНИОТ КРСТ Во декември 1948 година Лигата на друштвото на Црвениот крст и Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Женева го издадоа следното соопштение:
“Генералниот секретар на Организацијата на обединетите нации го замоли својот прв советник полковник А. Г. Кацин да конферира со Лигата на друштвото на Црвениот крст и Меѓународниот комитет на Црвениот крст по прашањето за примена на оваа резолуција.
Полковник Кацин на 17 декември 1948 година се состана со претставниците на Лигата и Комитетот. Во текот на тие разговори одлучено е генералниот секретар на Обединетите нации:
- Да им обрне внимание на одредени влади на Резолуцијата на Генералното собрание на ООН и да побара соработка на Меѓународниот комитет и Лигата за репатријација на грчките деца;
- Официјално да ја замоли Лигата и Комитетот да стапат во контакт со заинтересираните влади и друштва на Црвениот крст за да се изработат планови за репатријација на децата.
Лигата очекува одговори на писмата кои ОН ги упатија на владите како и официјално барање на ОН од Лигата и Комитетот да стапат во врска со владите и друштвата на црвениот крст на заинтересираните земји”.
(Rapport mensuel du Secretariat de la Ligue des societes de la croix rouge – 24.XII.1948)
ЛИГАТА НУДИ ПОМОШ ЗА ГРЧКИТЕ ДЕЦА На 9 јуни 1948 година Лигата на друштвото на Црвениот крст во Женева на Југословенскиот црвен крст му ја упати следната телеграма:
До Југословенскиот црвен крст Белград На иницијатива на Бернадот, претседател на Шведскиот Црвен крст и во согласност со председателот на Советот на гувернерите на Лигата, ве прашуваме дали би одобриле Лигата да направи апел во корист на грчките деца кои се наоѓаат далеку од своите семејства во Грција или во другите земји. Со оглед на вашите големи обврски кон децата на вашиот сопствен народ мислиме дека ќе го цените овој предлог ако извесен број деца се наоѓа во Југославија.
Ве молиме да не известите за потребите на грчките деца во Југославија според нивниот број, старост и пол.
Југословенскиот Црвен крст ќе биде замолен да обезбеди поделба на помошта. Во секоја од заинтересираните земји акцијата ќе ја спроведе националниот Црвен крст во соработка со Лигата.
Ве молиме за одговор колку е возможно порано. Истиот предлог е упатен и до друштвата на следните земји: Грција, Бугарија, Унгарија, Албанија, Романија и Чехословачка.
Де Руже, генерален секретар на Лигата за организација на црвениот крст број 268 На 23 јуни 1948 година Југословенскиот Црвен крст ѝ одговори на Лигата со следната телеграма:
До Лигата на друштвата на Црвениот крст Женева Со задоволство го оприфаќаме апелот во корист на грчките деца. Потребна е облека и обувки.
Југословенски црвен крст Број 5939 На 9 јули 1948 година Југословенскито Црвен крст ја извести Лигата на друштвата на Црвениот крст и Меѓународниот комитет на Црвениот крст во врска со нивниот апел во корист на грчките деца, дека моменталните потребите на децата од Грција кои се наоѓаат во Југославија во облека и обувки се следните:
За машки деца од 3-6 години потребни се 1.300 одела, а за женски 1.000;
За машки деца од 6-12 години потребни се 1.500 одела, а за женски деца од истата возраст потребни се 2.500 одела;
За машките деца од 12-16 година потребни се 300, а за женските деца од истата возраст 400 одела.
Напомената е дека бројот на децата бегалци во Југославија од затворена и отворена заштита на црвениот крст се движи околу
10.000.
НЕТОЧНИ ВЕСТИ НА РАДИО АТИНА На 3 октомври 1949 година Радио Атина го емитуваше соопштението на грчкото Министерство за надворешни работи во кое се вели дека Југословенскиот Црвен крст го известил Меѓународниот црвен крст дека Југославија ќе и ги врати на грчката влада избеганите деца кои се наоѓаат во Југославија.
Агенцијата Танјуг веднаш ја демантираше оваа вест со тоа што Југословенскиот Црвен крст никогаш не изјавил дека грчките деца ќе ѝ бидат вратени на грчката влада, туку на нивните родители и тоа така што, врз основа на веродостојни документи и барање на родителите секој случај ќе се решава поединечно.
По повод вестите на Радио Атина од 3 октомври 1949 година Југословенскиот Црвен крст ѝ се обрати на Лигата и Меѓународниот комитет на црвениот крст со свое писмо во кое изразува чудење затоа што дошло до неточно прикажување на содржината на писмото кое ѝ го упати на Лигата на 30 август
1949 година.
На 13 октомври 1949 година д-р Олга Милошевиќ, генерален секретар на Југословенскиот црвен крст беше во Женева и водеше разговори со претставниците на Лигата и Меѓународниот комитет на Црвениот крст по прашањата за репатријација на грчките деца. Во таа прилика д-р Милошевиќ го постави и прашањето за ноточното прикажување на југословенскиот став по прашање за репатријација и предавање на децата на родителите.
ПИСМО НА ЛИГАТА И МЕЃУНАРОДНИОТ КОМИТЕТ ДО ЦРВЕНИОТ КРСТ НА ЈУГОСЛОВЕНСКИОТ ЦРВЕН КРСТ ПО ПОВОД НЕТОЧНАТА ВЕСТ НА РАДИО АТИНА Во врска со изјавата на Лигата на Црвениот крст, која се однесува на репатријацијата на грчките деца и неточното прикажување на ставот на Југословенскиот Црвен крст, Лигата и Меѓународниот комитет на Црвениот крст на 14 октомври 1949 година го доставиле следното писмо:
ЛИГА НА ДРУШТВОТО НА ЦРВЕНИОТ КРСТ МЕЃУНАРОДЕН КОМИТЕТ НА ЦРВЕНИОТ КРСТ Г 85 Г 44/53 Ц До госпоѓа д-р Олга Милошевиќ Генерален секретар на ЈЦК Хотел Минерва Женева Чест ни е да го потврдиме разговорот кој со задоволство го водевме со вас на 13 октомври 1949 година.
Како што ве известивме со писмото од 15 септември 1949 година и во врска со гореспоменатиот разговор, не пропуштивме за содржината на вашето писмо од 30 август 1949 година, во врска со грчките деца сместени во Југославија, да ги известиме грчките власти и Грчкиот Црвен крст во Атина. Во тоа известување наведовме, според зборовите од вашето писмо, дека Југословенскиот Црвен крст прифаќа, врз основа на обврските на југословенската влада кон Организацијата на обединетите нации, да ги врати грчките деца за кои нивните родители ќе поднесат молба за репатријација. Ние додадовме, исто така според вашето писмо, дека Грчкиот Црвен крст би можел да ги достави молбите на родителите до Југословенскиот Црвен крст.
Како што веќе кажавме, ние сега го свртевме вниманието на Грчкиот Црвен крст на грешката која се наоѓаше во веста емитувана на 3 октомври 1949 година преку Радио Атина (вест која до сега не е стигната кај нас) според која Југословенскиот Црвен крст го известил Меѓународниот Црвен крст дека е подготвен да ѝ ги врати грчите деца на атинската влада. Ние додадовме дека Југословенскиот Црвен крст изразил желба да се изври исправка на таа вест.
Го замоливме Грчкиот Црвен крст да ја запознае својата влада со оваа информација.
Лига Г. Милсон, с.р.
Генерален потсекретар
(ЦОЈЦК бр. 148/949)
ДОПИС НА ЛИГАТА ДО ГРЧКИОТ ЦРВЕН КРСТ На 14 октомври 1949 година Лигата на друштвото на Црвениот крст до Грчкиот Црвен крст го упати следниот допис:
ЛИГА НА ДРУШТВАТА НА ЦРВЕНИОТ КРСТ Г. 85 Г. 44/53 ц Женева, 14 октомври 1949 година До господинот М. Ц. Георгакопулос Претседател на Грчкиот Црвен крст Атина Чест ни е да се повикаме на писмото од 13 септември 1949 година со кое не известивте за одговорот на Југословенскиот Црвен крст на предлогот за состанок на претставниците на Грчкиот и Југословенскиот Црвен крст во Женева, поради проучување на проблемите на репатријацијата на грчките деца кои се наоѓаат во Југославија. Исто така ве известивме дека Југословенскиот Црвен крст наведе “дека врз основа на обврската на југословенската влада кон Организацијата на обединетите нации, Југословенскиот Црвен крст прифаќа да ги врати грчките деца за кои нивните родители поднеле молби за репатријација и според мислењето на Југословенскиот Црвен крст, Грчкиот Црвен крст за доставување на овие барања од родителите”.
Југословенскиот Црвен крст не извести дека Министерството за надворешни работи на грчката влада во една емисија од 3 октомври 1949 година на радио станицата Атина наводно изјавило дека Југословенскиот Црвен крст го известил Меѓународниот Црвен крст дека Југословенскиот Црвен крст е подготвен да и ги врати грчките деца кои се наоѓаат во Југославија на грчката влада.
Југословенскиот Црвен крст исто така не извести за демантот на југословенската телеграфска агенција Танјуг, според кој веста не е точна. Југословенскиот Црвен крст ни обрнува внимание на фактот дека никој никогаш не рекол дека грчките деца ќе ѝ бидат вратени на грчката влада и да се држи до текстот од горе цитираната изјава.
Сметаме дека е наша должност да ве известиме за тоа прецизирање од страна на Југословенскиот Црвен крст наведувајќи дека истиот сака да се изврши исправка на веста која е наводно емитувана на 3 октомври преку радио станицата- Атина.
Ве молиме за содржината на ова писмо да ги известите грчките власти.
ЛИГА МЕЃУНАРОДЕН КОМИТЕТ НА ЦК Г. Милсон Д. де Траз Генерален потсекретар Директор на одделението за заробеници, интернирци и цивили (Reg. G. 85 Croix Rouge Internat. Geneve 1949)
СООПШТЕНИЕ НА СЕКРЕТАРИЈАТОТ НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ Секретаријатот на Организацијата на обединетите нации на 13 октомври 1949 година го објави следното соопштение:
“Аташето за печат при специјалната комисија за Балканот во Атина ја упати до Обединетите нации следна телеграма:
Меѓународниот Црвен крст од Женева и соопшти на Специјалната комисија на Обединетите нации за Балканот дека стапил во преписка со Југословенскиот Црвен крст и добил информации кои комисијата ги барала за грчките деца што се наоѓаат во Југославија.
Според првите резултати, примени во Југословенскиот Црвен крст пред три месеци, произлегува дека во Југославија се наоѓаат повеќе од илјада грчки деца и дека Југословенскиот Црвен крст прави напори да осигура исхрана и сместување за тие деца. Иако потребите на Југославија се големи – се вели во соопштението на Меѓународниот црвен крст - Југословенскиот Црвен крст подвлекува дека можел да смести, храни и облекува значителен број деца.
Анкетата е водена на барање на Специјалната комисија на ОН за Балканот која, откако го проучи проблемот на грчките деца кои се наоѓаат во Југославија, побара од Меѓународниот Црвен крст да ѝ го соопшти бројот на децата кои се наоѓаат во Југославија, местото каде се наоѓаат и имињата на организациите кои се грижат за нивното издржување.
Комисијата исто така побара од Меѓународниот Црвен крст да и соопшти кои методи и кој јазик се користи во школувањето и дали децата можат да се допишуваат со своите родители во Грција.
Меѓународниот Црвен крст изјави дека очекува информации од Југословенскиот Црвен крст за сите овие прашања.
Специјалната комисија на ОН за Балканот исто така побара од Меѓународниот Црвен крст, Албанскиот Црвен крст да собере информации за грчките деца кои се наоѓаат во таа земја.
Меѓународниот Црвен крст очекува одговор на тоа прашање”.
(Секретаријат на Лигата, бр. 35/XI – 1949)
ВТОРА РЕЗОЛУЦИЈА НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ Обединетите нации на своето Четврто заседание во Генералното собрание, кое се одржа на 18 ноември 1949 година, едногласно ја прифатија следната Резолуција:
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/refugee-detsa-begaltsi-e-book-macedonian/15 на 29 октомври 2026