Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

Refugee Children from Aegean Macedonia in Yugoslavia

ЧЕТВРТИ ДЕЛ ДЕТСКИ ДОМОВИ И ПРИФАТИЛИШТА ВО НР ХРВАТСКА - Part 03

Од Мишо Китаноски и Ѓиорги Доневски · Дел 11 од 20 · Околу 6 минути

Читај на English

Еден ден само ми пријде едно тивко детенце, кое не зборување многу, но сакаше да биде покрај мене. Мислам дека се викаше Ангел. Оттогаш, иако имавме по малку проблеми во меѓусебната комуникација, честопати бевме зедно, а Ангел не сакаше да се оддели од мене. Еден ден здогледав на брегот осамено дете, кое си играше во песокот, кое во своите мечти беше кој знае каде и кој знае со кого? Му пријдов, па си поигравме малку. Тоа детенце исто така, се приврза за мене.

Мислам дека се викаше Коста.

Се трудев колку што можев и умеев, со оглед на моето осакатено детство, да им помогнам на децата бегалци, со кои ете живеев извесен период од мојот живот. Но, сега знам дека и тие тогаш, иако за тоа не беа свесни, ми помогнаа многу и мене.

Меѓу првите со кои стапив во контакт беше една жена, за мене тогаш веќе возрасна. Се викаше Стефанија Мичева и нејзиниот маж Атанас. Жена која со своите деца беше бегалец од Егејската Македонија. Често пати со саати си ги кажувавме своите судбини кои ги имаа истите обележја: болка, страдања и мака...

За изучувањето занает во Осиек, НР Хрватска, сведоштво имаме од Христина Тамбова, мажена Петровска. Таа е една од повеќето девојки, кои дошле во овој град и по школувањето што траело од 1949 до 1952 година, се стекнале со дипломи за занает. Се вратиле со Скопје како квалификувани работнички и веднаш се вработиле во повеќе фабрики. Таа вели:

- Во 1948 година бевме принудени да го напуштиме родното село Косинец. Покрај мене беа уште и мојата постара сестра, братучетката и уште многу други деца од Костурскиот дел на возраст од 11-15 години. Точно кажано, тоа беше втората група која тргна од Егејска Македонија, кон НР Македонија.

Тргнавме голоноги и пешки до селото Љубојно – Ресенска, па потоа со камиони до Битола, каде преспавме.

Со товарен воз стигнавме во Браилово – Прилепско, и по неколку дена појдовме во село Слепче, во манастирот, каде останавме 30 дена. Со воз стигнавме во Скопје и пешки до Матка, каде не сместија во манастирот. За сиот овој период од селото Љубојно до село Матка, се грижеше Црвениот крст на Скопје.

По повеќемесечен престој во Македонија, Црвениот крст не предаде на Српско-Хрватскиот црвен крст и престојувавме во Цриквеница. Таму бевме сместени во хотелите. Потоа правеа селекција, малолетните деца беа издвоени од поголемите и беа упатени во Бела Црква - АП Војводина.

Јас не отидов со помалите деца, бидејќи не се делев од мојата постара сестра – Елена. Потоа, над 80 девојчиња бевме упатени во Осиек, на изучување занаети, а јас бев определена за шивачкиот занает. Школувањето траеше од 1949 до јули 1952 година.

Наобразбата беше на српско-хрватскиот јазик. Заради тешкотиите што ги имавме со изучувањето на јазикот, испративме барање до Министерството за просвета на НР Македонија да ни бидат испратени учители од Македонија, кои требаше да ни помогнат околу јазичното толкување. Бартањето ни беше исполнето. Така, успешно го завршивме нашето образование, благодарение на нашите учители: Љупчо, Вера и Даница.

Наша желба беше да се вратиме во Македонија, која Владата ни ја исполни и бевме вработени во нашите струки.

Искажувам голема благодарност до тогашниот Црвен крст, кој се грижеше за целиот период на нашиот престој во детските домови и интернати, како и за нашето школување...

НА ВИСТИНСКИОТ ПАТ Меѓу просветните работници-учители, што беа испратени да изведуваат настава на мајчин македонски јазик во основните училишта што постоеја и работеа во детските домови, а беше релизирано од страна на Министерството за просвета на НР Македонија, е и Љубомир Галевски, квалификуван учител со завршена учителска школа. Тој, поради потребите, иако бил определен за учител во АП Војводина, наместо да замине таму, бил испратен во Осиек. Причина за ова решение е искажаната непослушност од страна на штитениците деца бегалци, поточно девојчиња сместени во детскиот дом во Осиек. Тој, за ова се сеќава:

- Во август 1949 година, се појави револт кај штитениците од детскиот дом во Осиек. Тоа беше пред сè, резултат на веќе присутната жестока информбировска кампања против Југославија од една , и влијанието на грчките учители (беа двајца – учителка и учител) во домот во Осиек, од друга страна.

Да го кажам и тоа дека во тоа време, во домот во Осиек беа сместени 107 штитенички, од кои 86 девојчиња – Македонки и 21 девојче од грчка националност. Тие одбиваа да јадат, се бунтуваа... Проблемот особено се изостри кога една група одбија да јадат, а казанот со јадењето го фрлија на улица. На ова реагираа, мислам сосема оправдано, граѓаните, така што не само поради оваа постапка, туку воопшто, однесувањето на штитениците се најде на дневен ред дури и на ОК на КПХ за Осиек. За ова беше запознат и Југословенскот Црвен крст и Министерството за просвета на НР Македонија. Но, она што мене најмногу ме изненади беше фактот што на повеќето состаноци, на кои се обидував да ги убедам згрижените штитеници, да не го прават тоа што го прават, сите зборуваа на грчки јазик. А, ваму најголемиот број од нив беа – Македончиња. Меѓутоа, во една прилика, сосема неочекувано, девојката Димана прозборе на македонски јазик. Тоа беше доволен знак, таа да признае дека не може повеќе да издржи да зборува на грчки јазик и дека сите девојчиња сместени во домот зборуваат на македонски јазик, но дека им е страв тоа да го прават од грчките учители. Се виде дека стравот беше победен, и оттогаш сè тргна во позитивна насока. Беа отфрлени заканите од страна на грчките учители, а девојчињата продолжија да зборуваат само на мајчиниот македонски јазик, но и прифатија да бидат дисциплинирани...

Учителот Љубомир Галевски уште истакнува дека по расчистувањето со оваа за жал, негативна појава, еден број од штитениците биле распоредени за престој во други детски домови во другите републики (Бела Црква, Крањ, Скопје и др.), каде што го продолжиле своето школување, учејќи некој занает.

А, тој пак, бил преместен на работа во интернатот во Стењавац кај Загреб. Во тамошниот дом биле сместени 47 деца багалци од машки пол, кои своето образование го продолжиле учејќи занает во фабриката “Јединство”. Но, неговата приказна незавршува тука. Дацата-штитеници од Стењевац биле преместени во детскиот дом во Самобор, а со нив отишол и ја продолжил својата работа учителот Љ. Галевски.