Front Matter - Part 05
Тие и тука се прават народна власт. Таму не ораа, не копаа, не береа дрва. Повеќе им личеше да викаат жими сенката отколку да се колнат во нешто друго, зашто сенката им беше најблиска. Кога ги стегнуваше сиромаштијата се впрегнуваа во аргатување. И тука ништо не прават. Ете, за пример да го земеме Митре. И таму шеткаше и тука шетка со две крпеници на газот и проповеда комунизам. Тој и други што му се слични туѓите деца ги испратиле на боиштата, а тука, во Прењес, си живеат подобро отколку дома. Таков не мора рано да станува, не мора да оди на орање. За него нема полска, нема селска работа. Си живеат тие, Нумо. Имаат големи усти кога треба да извикуваат пароли. И први се тие пред казанот, секој ден имаат зготвено. Месо јадеа од Велигден на Велигден, а тука барем еднаш неделно. Жените си ги имаат покрај себе, децата не им се на бој, ги пратија по државите. Таму немаа да јадат, тука имаат. Е, од таква народна власт како што ја гледа Митре, мене, Нумо, ништо не ми треба. А да не зборувам за Кузе...
- А кој е тој Кузе? - праша Нумо.
- Кузе? Подобро да не знаеш. А ако сакаш да знаеш кој е, оди утре горе, кај што пасат овците. Таму ќе ги најдеш и него и Митре и уште двајца-тројца. Одат ѓомти, да ги бројат овците, како што велат – народните овци, оние што ни ги зедоа, да видат стопаните дали туѓото е на број. И да не ти е чудно ако ги најдеш да печат шилеже.
Ќе ти речат дека е за ранетите во Елбасан. А ти ако сакаш не верувај им. Ако речеш збор повеќе, ќе те пријават на управата и објаснувај.
Кузе - Гуштерот, Нумо, за малку што не ги отру тука луѓето. Отишол по дрва во коријата, му беше редот да собере дрва за кујната, и кој знае, како го однесе ѓаволот во пештерата. А во неа цели купови вреќи, кутии полни со конзерви, со макарони. И кој знае што друго.
Се погоди Кузе поумен од ѓаволот. Товари две вреќи и ги однесе долу, во фурните. Се здоговорил и со главниот фурнаџија и со главниот готвач. Фурнаџијата му дал на Кузе што му дал, ама кога видел дека брашното е стврднато, згрутчено, се стрчал по него и караница. Се степале. Кузе рекол во управата дека му го продал некој Албанец од околните села и така се покрила работата. Ама лакомиот готвач ставил од брашното во манџата. Вечераа луѓето, а потоа цела ноќ ја поминале во нужниците, во ендеците покрај џадето и зад бараките. Илјадници луѓе сереле каде што стигнувале. Нужниците знаеш колку можат да соберат. Цело Прењес смрдеше. По ден или два луѓето се прибраа до пештерата. Изгледа некој го видел Кузе како изнесувал оттаму. Влегле и се вдале во изнесување брашно, ама еден од друг криел. Тврдо брашното како камен. Останато било од Италијанците. Меселе од згрутченото брашно што го кршеле со камења, а потоа го толчеле, ама никој никому не кажува, крие и сере по цели денови. Туку да не должам. Оние од управата почнале да испитуваат. Кузе разбрал што му се пишува и го поткажал овчарот.
Го зеле кутриот човек и со џипот го пренеле во Смрдеш, а оттаму во Брезница го наполниле со олово... Знаеш, ако некој е за чистење, сакам да речам осуден на смрт од тукашната управа, тука не смее никој да го гибне. Пресудата ја потврдуваат оние таму, во Винени.
Туку, кутрите, одвај стигнуваат до Винени. Штом стигнат до Смрдеш, се знае. Бам и готово. Во ова наше проклето време, Нумо, еден петел или кокошка повеќе вреди од човекот.
Прашуваш кој е тој Кузе... А макароните, како што велат некои, скришум и ноќе одел по албанските села и им ги продавал на Албанците. Не мисли дека Албанците се посити од нас. Тие навистина се гладни. Својот леб, што го добиваат на ливче, го делат со нас. Нашата војна со едната нога стапна на нивниот грклан. Голем товар носат и тие. Зошто? Ајде, сега ти, што си бил во бој и со Италијанците и со Германците, што им ја сврте пушката на Еласовците и, како што велиш, стигна и до онаа голема и богата рамнина, како ја рече?...
- Срем...
- Е, Срем де... Ајде, кажи ми ти мене, зошто стана така?
Нумо се потпре на патерицата, плукна настрана и полека исцеди:
- Ами ти што бараше на кукушкото боиште, па оттаму во Али Веран, во Мала Азија? Ти рекоа: оди, бори се за татковината и ти отиде. А за чија татковина? Сите ние си ја бараме татковината, ама под туѓи знамиња. Е, затоа го сереме Прењес јадејќи скаменето италијанско брашно, затоа под ова жешко сонце роеви муви не плукаат, затоа трчаме како луди зад камионите... Не терај ме, Пандо да зборувам многу. Јас ти реков: пак ќе одам долу. А знаеш ли зошто?
- За да си ја загубиш главата, ами за што друго...
- Ќе ја загубам, можеби, главата, тоа е, можеби, најсигурно, ама и ќе оставам аманет чија и каква татковина да бара нашинецот...
- Ако стигнеш да оставиш аманет, - рече потсмешливо Пандо и полека тргна пред себе. - Ако те остават да го сториш тоа. А јас ти велам дека, ако направиш такво нешто се ќе сторат не само за да не ти се знае гробот, ами и името да ти го затрат. И тоа да го очекуваш, дури и од нашинците. Нашинчето е проклето. Дај му малку ветар и готово е не само очи да ти извади, ами и срцето да ти го откине со своите валкани прсти... А мене ме прашуваш каква татковина барав...
Жими лебот, ја барав и верував. И цело време за нив бев незнамитис.
Без име и презиме. Незнамитис. Робот голта чемери, ама најмногу слатки зборови за слобода и за татковина. Ја барав, ами како... Кога бегавме на врат на нос од Турција и одвај стигнавме одовде море, не пречека Венизелос и, дигајќи ја високо пушката што му ја зеде на еден очаблавен војник, викаше.
- Педја, хасаме тин Микра Асија, ала кердисаме тин Македонија!
Зито и Елас! (Момци, ја загубивме Мала Азија, ама ја спечаливме Македонија! Да живее Грција!)
- Е, - им реков на едни нашинци во грчка униформа - не мора да биде баш така, ама дека е така, така е... Туку ќе има, белки, и за нас парче од неа...
Ми ја соблекоа униформата и почнаа да ме викаат смрдлив славофон. А јас ја барав неа, татковината... И затоа лежев во Егина кога дојде Пангалос. (Пангалос, генерал, диктатор.) Ме обвинија за комунизам. Им реков: мене комунизми не ми требаат и не ги барам.
Мене ми треба Македонија и неа ја барам. Ме нарекоа автономист и -на сув остров. По две години ме пуштија. Се вратив дома. Мислев се е запустено, ама големото дете заедно со помалото и со мајка им го чуваа имотот, ги ораа нивите, не оставија троскот да ги јаде, сееја и жнееја и вршеа, гладни не останаа. Ме радуваше што земјата раѓа богато. Ги зедов ордените што ми ги имаа дадено за храброст во војната со Турците во Мала Азија и право во Костур. Појдов кај градоначалникот. Му реков: - “Еве ти ги, грчка државо и татковино, ордените, мене доста ми беше Егина”. Тој ми врза една преку очи и ме истера од графиото (канцеларија). Дојде Метаксас, како што знаеш. Со години, Нумо, јас сум врвел по сите врати и раце на грчката полиција. И секогаш по мене како сенка одеше пликот, а во него целиот јас: “автономист” и секогаш истото. Почнуваа, Нумо со маслото. Рицинусот, де. Тој што ја водеше истрагата, имаа луѓето трпение да губат цели денови за да го натераат човеке да признае дека изустил збор-два нашински, на масата држеше три чаши. Во првата тураше триесет, во втората седумдесет и пет и во третата сто грама масло: И дури потоа почнуваше сослушувањето. Со мене секогаш почнубаа од тоа дека сум автономист. Велев дека не сум тоа и дека не сум ни Грк. По ова ми ја даваа првата чаша, значи триесет грама масло. Ја пиев онака како што се пие вода за време жнеење -полека, небаре со наслада, ѓомти до ситост, ги гледав со подзамижано око и широкоградо им ја ставав празната чаша на маса. И почнуваше тепање. По половина час истите прашања а јас истиот одговор, се разбира само еден, а тие мене - втората чаша со масло. И кога по третото сослушување го слушаа истото, ама јас немав што да кријам, велев да, господине, јас си зборував на мојот мајчин јазик, е, тогаш ми ја опнуваа стотката. Ме затвораа потоа во една мала келија.
Четири дена. Е, толку дена ја серев полициската ќелија. Сум седел и со гол газ на куп мраз. Цели часови. Резултатот, Нумо, ист како и со маслото. Триесет и седмата побарав да заминам за Америка. Ми рекоа да чекам. Чекав. Ме повикаа в полиција и ме обвинија дека сум се поврзал со комунистичката партија. Реков дека не е вистина. А вистината била дека сум бил симпатизер, ама не бев член. Ама и јас тврдоглав. Тие мене од почетокот со убави зборови, со цигари, со узо... Јас пак, за да не мислат дека ми го откорнаа јазикот, им потфрлував понекој нашински збор. Се лутеа, подвикнуваа и на крајот почнуваа со тепачката. По тепачката, Нумо, полека почнуваа со откорнување на ноктите. Сеедно дали од нозете или од рацете.
Болката е иста. Ми ставаа и запален кибрит под мишки или жешки јајца. А ме тепаа и по стапалата и со вреќички наполнети со песок.
Дали боли? Боли, Нумо! Еднаш ми рекоа дека ќе ме крунисаат за цар на автономна Македонија. Ми ставијана глава железен венец и почнаа полека да го навиваат, да го стегаат. Мислев очите ќе ми пукнат од болка. Море се дерев на цел глас и пцуев. Ме оставија ден-два, потоа ми ја дадоа пиперката. Имаат тие некој посебно лути пиперки. Кога ќе ти ја стават в уста, небаре оган ти ставаат. Ужас! А мачката ми ја ставија под кошула триесет и осмата. Ете, гледаш, таа не е откритие на оние од Макронисос. Мислам дека тоа што го пренеле од туѓо и сами го измислиле за мачење, го испробале прво врз нашиот грб. А дури потоа ги мачеле и своите. Така.
На Илинден се собравме под сенките на старите дабови на црквата Свети Илија. Намислувавме за времињата крвави и горди.
Како што е адет и ред – дававме помен - и ја запеавме нашата.
Запеавме, Нумо, прво полека, тивко, на гласови. Ја почна Доно...
развлечено, а јас ја подигнав кога дојдовме до зборовите: “Доста, доста, разбуди се, свести се, не спиј ти...” Не понесе и мелодијата, ама уште повеќе зборовите. Доно постојано ниско држеше глас, често прекинуваше колку за да си ги голтне солзите... “Срам голем е за тебе...” бучеше под дабјето неговиот бас и потоа малку повисоко, понакренато де: “сам да не се знаеш...” А кога почнуваат да се редат зборовите: “...другите да те знаат…” сложно ја кревавме мелодијата, ама ги спуштавме чашите... и на лицата си гледавме...
- Срам?... - глуво праша Нумо, плукна и со обете раце, подигајќи ја дрвената нога, почна да ја гнете плунката во црвеницата. - Срам ли, а? – праша задишан.
- Аха... Ами што друго, кога сам не се знаеш, што друго би ти видел на лицето? Татко ми пееше други песни. Во нив се слушаше фрчењето на куршумот, виорењето на знамето, а ја пееше и оваа:
Чујте, браќа, чује, сестри, Какво е чудо, чудо станало, Чудо станало во Костурска кааза!
Седи султано, седи се мисли, Седи се мисли кој да заколи:
Дали Ерменци или пак Грци?
Ниту Ерменци, ниту пак Грци, А Македонци Костурска кааза.
А ние тогаш, на Илинден де, ја пеевме “Срам голем е за тебе…” Кметот, кератајата, не поткажа и угредента - мачката под кошула.
Жива, Нумо, мјаука и те дере со нокти. Истиот ден поминавме фаланга. А фаланга, тоа ти е да те тепаат пет-шест полицајци. По каде што ќе стигнат. Тие не тепаат, туку толчат... Откако добро не измесија, не облеаја со две-три кофилајна. И ете, покрај се, останав и јас и стотици други живи. А знаеш ли зошто? Не знаеш. Јас ќе ти кажам. Тие тепаат, но не убиваат. Правилото е: Осакати, ама не убивај! Осакати! Посеј во нив малодушност. Осакати за да се плашат од нив и осакатените! Ете, тоа го имавме ние во грчката патрида. Ама како што нам ни било во лулката на демократијата, не верувам дека им било на другите наши во тамошните татковини. Дивјаци, мајката им стара. Дури и со својата насмевка секогаш сакаа да не доведуваат до лудило и очај. Меѓутоа, и во безнадежноста што катаден ни ја носеше очајот, кај нас никогаш не се појави сомнежот во живеењето.
Како ли само не не викаа и како ли само не ни се ругаа. Кој како доаѓал и доаѓаше, па и доаѓа, ни измислуваше име, и тоа што попогрдно и што понавредливо. По нивното доаѓање и заминување го броевме времето и векот. И кој знае дали утре или задутре нема да ни обесат попогрдни имиња и да ги плашат со нас сопствените рожби? А ние, гледаш, мајката, траеме и сме... Како пирејот, нели?... И погледни ги облацине. Горе нив ги дува ветрот, ги кошка де тука де таму, а тие некаде на друго место се појавуваат, натежнуваат, грмнуваат, пак ги снемува и пак се појавуваат некаде на друго место, некаде над друго поле, над други планини над други шуми...
Погледни ја водата во поројчево. Си тече, гледаш, се витка и се превиткува како змијче, се губи под каменот и пак се појавува и пак си тече, некаде далеку си тече... Си го знае својот вечен пат... Така и ние. Де едни не прават вака, де други така, а ние сме... Јас, Нумо, војникувајќи и лежејќи по затвори и влечен по полиција и жандармерија, добро го научив нивниот јазик и доста сум читал. И криво им беше дека јас - незнамитисот - добро им го знам јазикот и нивните книги. Ним се им е криво кога ние, “варварите” знаеме малку повеќе. Криво им е дури и затоа што нивните униформи и фишеклии добро ни стојат. Криво им е... зошто ли им е криво? Ете, јас Пандо, гробарот во Прењес, те прашувам тебе, исто си се борел за патридата против Италија и Германија, и сега пак за некоја нова патрида, те прашувам – зошто? Не отворај уста. Нема да ме убедиш. Ако почнеш да ме убедуваш, сигурен сум дека ќе ме лажеш. Кој може мене да ме убеди? Само тој што ја има силата да ги претвори во живот моите, твоите, нашите надежи. Нумо... А со зборови... празна работа, Нумо, нели е така, а? Четири години ја пеев “Народе македонски...” и четири години заради таа песна го пиев грчкото масло и серев по грчките жандармериски и полициски канцеларии и подруми. И секоја година најмалку по еден месец ме пржеше грчкото сонце на некој од грчките суви острови. И таму, седнат над карпестиот брег, и јас ја барав мојата Итака. А за ангаријата да не зборувам. Откако се замомчив само ангарија работам за нив... Ти реков дека најдов ливче за големото дете... Ама јас си имав и поголемо... Му ја облекоа грчката униформа пред да влезе четириесеттата. Мене тогаш пак ме пратија на сончање, ама во Гјура. Кога почна бојот со Италијанците, ме пуштија. Пак им притребав. Не собраа стотини мажи. Носевме муниција, храна, ги поправавме патиштата, значи помагавме да се брани татковината. Така ни велеа и ние ја браневме како што знаевме и како што можевме. Третиот месец од бојот, нафрли голем снег, до над појас. Со лопати го чистевме друмот Костур – Билишта. Бевме луѓе од Костурско. А оттаму, откај Лерин, Леринчани и Воденчани.
Дење и ноќе помунуваа камиони. Натаму со мониција, оружје и храна, наваму со ранети. Како што поминуваат сега низ Прењес. Еден ден ми рекоа да одам во Костур и да се јавам кај градоначалникот. Е, се качив на воен камион и вечерката стигнав во Костур. Утредента тропнав на врата. Ми рекоа да чекам. Седнав на едно столче.
Слушнав гласно зборување во канцеларијата. Се помрднав со столчето поблиску. И слушам:
- Господин министере Рендис, вчера во мојот штаб дојде еден војник и ми се пожали дека неговиот татко е интерниран затоа што си го зборувал својот словенски јазик. Знаете ли вие, господин министере, дека нивните деца се сржта на нашите единици, дека тие ги задржаа Италијанците? Знаете ли дека мојата дивизија е составена од момчиња од Леринско, Костурско и Воденско? Што се тие глупости што ги правите тука, во заднината? Што ќе биде ако децата на тие татковци дознаат за тоа? Не мислите ли дека таквите постапки можат да ги натераат да го отворат фронтот? Дека тоа можат да го искористат Италијанците во својата пропаганда? Да им речат наједноставно: “Еј, вие, глупави овни! Тука се борите, а таму Грците ви ги затвораат вашите затоа што зборуваат на својот јазик!” А?! Што си мислите вие, а? Што, а?
Слушнав чекори, а потоа:
- Господине генерале Чолакоглу, - тоа е сигурно министерот Рендис си помислив и начулив уши. – Вие како командант треба да знаете што треба да правите во такви случаи. Државата нема доверба во тие луѓе, иако на нивните деца им се доверени пушки, митралези, топови, иако тие се борат во првите редови на фронтот. Колку што ми е познато, тие дури и одлично се борат, меѓутоа... Еве, ова е список на лицата кои грчката држава ги смета за опасни. Некои се интернирани, а некои поради одминати години седат дома, многу работат ангарија.
Толку. А сега да ја извршиме должноста...
Се отвори вратата и едно испиено, офтикаво момче ми рече:
- Влези!
Влегов. Министерот се поздрави со мене, подавајќи ми само два прста. Не му ги стегнав. Генералот ми се лоближи и, откако ме праша како се викам и како сум, ми рече:
- Вие сте татко на многу храбар син. Грчката татковина нема да го заборави тоа.
Потоа отвори едно куферче и извади од него позлатен крст со лента. Го подигна и рече:
- Чест ми е да ви изразам восхит за храброста на вашиот син и истовремено да ви изразам сочувство поради неговата јуначка смрт...
Ми потклекнаа колената, ама не паднав. Само брадата почувствував како ми се тресе. Се исправив и гледав низ прозорецот.
Надвор паѓаше густ снег. Генералот ми ја зеде десната рака и ми го стави орденот во дланката, велејќи ми:
- Благодарната грчка татковина посмртно го одликува вашиот син и го унапреди во чин десетар.
Ја собрав дланката во тупаница. Не пуштив солза. Без да речам збор, го ставив орденот на маса и излегов...
- Да... промрморе Нумо по подолго молчење. – Дури сега ми стана јасно...
- А што? - праша Пандо.
- Да седнеме, - рече Нумо и, подавајќи му го ќесето, замоли: - Жити Господ, завиткај ми една... Да запалиме...
Чадот од крупно дробениот тутун и весникарската хартија е густ и фрла сенка врз нивните лица. Очуте им солзат и, кога повлекуваат, им се пржат усните.
- Да... - повтори Нумо - сета дури ми е јасно. - И без да чека, продолжи: - Тогаш, како што рече, третиот месец од бојот на Морава падна голем снег. Италијанецот собра топови и не толчеше, не толчеше. Еден ден, на стемнување, кога престана да грми италијанската артилерија, не повикаа сите. Се построивме под големите буки и еден мајор почна да не вика по список. Излеговме педесетина момчиња. Сите нашинци. “Јунаци! - очавчи уста мајорот.
- Татковиата бара од вас до утре да замолкнат италијанските топови!” Ни рече уште многу други убави зборови. Ноќта ги наостривме штиковите, ги одрамивме ранците, изнаобесивме гранати и - марш.
По полноќ доползивме до италијанските позиции, ама не ги замолкнавме топовите. Не пречекаа со своите фијатови и со гранати.
Во светлината на ракетите како зајаци не ловеа во длабокиот снег.
Пред мене блесна и толку запамтив. Си дојдов на себе во еден италијански лазарет. Војникот што стоеше над мене на нашински ме смируваше: - Браче, многу викаш во сон, смири се...” Бре, мајка му, Италијанец, си велам, а нашински меле. Е, Пандо, се покажа дека не беше Италијанец, ами нашинец. И нему прво Албанците, а потоа Италијанците му облекле униформи и го пратиле да се бори за татковината. Баму, ќоравата, колку ли татковини има нашинецов?
Колку ли?
Раната ми заздравуваше. Еден ден нашинчето ми рече:
- Вечер ќе му ја летнеме дома... Грците го отворија фронтот и си одат...
Раната се уште не ми беше добро затворена, ама се решив. Ноќе избегавме. Дали не барале Италијанците? Море какво барање. И тие плачеа и тагуваа и жалосно пееја за своте сињори и сињорити... Баш им беше мака што снема двајца вошлосани...
- Значи и ти си бил на списокот... - рече тивко Пандо.
- Бев, ама останав жив... Двапати ме спаси нашинчето од Албанија. А сега, човеку, тој е полковник, ама не наш, македонски, туку албански. Тој е полковник на албанската татковина... Ебати ги татковините, Пандо...
Замолкнаа. Гризе чемерот. Подјадува. Чепка и во она што беше вчера и во она што е денес. На лицето се разигрува мускулот.
Затреперува адамовото јаболко. Опулот станува остар и пронижувачки. Се збрчкува челото. Се прекршува брчката. Се свиткува веѓата. Ѕунливо се вртка пчелата во чашката на полското цвеќе и во нивните уши небаре удираат ѕвонења на огромни камбани...
- А што мислиш, - рече тивко Пандо – дека бевме наивни? Море ние не бевме наивни, па и не сме сакати во умот...
Нумо го погледна со нема омраза во очите и, без да му даде да доврши, рече:
- Можеби не сме сакати во умот, ама сме тепани по темето...
Честопати се прашувам: од што ли излеговме ние и што ни остана како наследство? Цркви и манастири и гробови што молчат. Да, да, гробови што молчат, Пандо. Во нашето место гробовите молчат. А знаеш ли зошто во други земји и други краишта гробовите зборуваат?. Затоа што имаат крстови или други знаци, а на тие крстови или други знаци е напишано името и родот и семето на оној што почива, а на други места брз нив се издигнати цели палати, а во нив лозата на родот... Кај нас не велам гробобите молчат. А што значи да молчи гробот? Животот да остане нем... Велиш, не бевме наивни. Море бевме наивни, и тоа многу. Не натераа да чувствуваме исто како нив или не? И сигурно е така. Се втурнавме во нивните пароли затоа што неќој друг така рекол и ние рековме - амин. Па секогаш ни велеа:
- Борејќи се за оваа татковина, се борите за вас.
И се боревме. Се боревме за нивната големина, за нивните големи зборови. И тоа е вистина. Ама вистина е и тоа, Пандо, дека туѓата чизма секогаш прво нас не газеше, прво преку нашиот праг поминуваше...
- Е, затоа - го пресече Пандо - ние први го облекувавме нивниот шинел, ги обувавме нивниот цокули и на капите го носевме нивниот знак. Како и да речеш, тоа го правевме и за нас. Ти сам рече, Нумо, дека, борејќи се боревме и за нас. И ти и јас сме биле во војна. До мене гинеа Грци, како што до нив гинеа нашинци во истиот ров. Сум изнесувал осакатени Грци, ми умираа на раце, во прегратка; ги закопував како да ми беа најблиски; јадев со нив од една порција и со една лажица; лежев со нив во една ќелија; се пржев со нив на истс карпа... И многупати ми се чинеше дека во изгорот на стремежот се сродивме, ама кога им кажував кој сум и што сум, тогаш се мрштеа и понекој од нив, небаре како за инает, ѓомти не ме гледа, зад мојот грб потпевнуваше: “Елада му то мегалио су василема ден ехи…” (Грцијо моја, твојата величина нема зајдисонце...)
Се прашував: зошто? И си велев: ако, нека си пее, но зошто, мајка му, токму тогаш кога јас му велев дека сум тој и тој, дека тој си има дома, а мојата дома ми ја одзеле и ме натерале да сакам туѓа дома?
Затоа, Нумо, велам, дека ние не сме биле наивни. Само не сме имале ум. Секој таму се наведнувал каде што му ветувале, а никако да мрдне со својата мозговница, да се чукне по чело, по теме, а секогаш дозволувал други да го чукаат по теме... Ете, затоа, велам, има во мене и во тебе, и во сиве овие тука и каде ли уште не - војна. Трае таа, пустата, и си мислиш дека ќе ја снема, дека ќе умре со мојата и со твојата смрт? Не! Ќе трае и во моето и во твоето колено и во копената на копената наши се додека ќе бидеме вакви, без дома, или, како што се вели на митинзи и свечености – без татковина... Та затоа, Нумо, секогаш кога спиеме, дали по сонце или во темнина, под сенки букови или дабови, крај изворче или поточе, во ров ипи во бчнкер, на осојница или на припек, дење или ноќе, да сонуваме секогаш еден сон. Еден, ама заеднички...
- А јас пак ќе речам - се одгласи Нумо по подолго молчење - дека кај нас гробовите молчат. Сум читал или сум слушал некаде дека онаму кај што молчат гробовите, го снемува животот. Дека, ако сакаш да видиш колку е достоинствен и горд, еден народ тогаш оди и види му ги гробиштата. А нас, Пандо, не ни дозволија и мртвите да си ги почитуваме. Зошто?...
- За да заборавиме се, - отсечно рече Пандо. - Се! Зашто, штом човек заборава се, нема свое достоинство, а народ што нема спомени, полека овенува и умира... Умира, Нумо, умира...
Замолкнаа. Секој во, себе прежвакува понешто што се уште го нема речено, нешто што го дави како коска во грлото.
Нумо подигна поглед и рече тивко, колку за себе:
- Ете го, пак кружи...
- Кој? - праша Пандо.
- Соколот... Го гледаш? Секој ден кружи над Прењес. Дали тука ја бара својата жртва? И знаеш што, Пандо? Кога гледаш орли, соколи, секогаш си помислувам на спивтиена крв, на мртво. И чудна мисла ме фаќа. Зошто ли некои народи како симбол на своите грбови ги имаат орлите, лавовите?...
- Па, мислам затоа што тие животни се силни, достоинствени, горди...
И крвожедни, нели?
- Така нешто, - рече Пандо и го закова поглелот, во соколот што кружи над Прењес. Овој како да претскажува смрт, Нумо. Можеби таму од горе, гледа мртво, гледа снеможено, гледа папсано... Соколот има бистро око, остар клун и сетило за мирис... Не само што ја гледа мршата, ами ја чувствува и смртта...
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/postela-za-chemernite/5 на 29 октомври 2026