Front Matter - Part 01
Постела за Чемерните Роман Петре Наковски Постела за Чемерните Роман Published by:
Risto Stefov Publications rstefov@hotmail.com Toronto, Canada All rights reserved. No part of this book may be reproduced or transmitted in any form or by any means, electronic or mechanical, including photocopying, recording or by any information storage and retrieval system without written consent from the author, except for the inclusion of brief and documented quotations in a review.
Тоа е Прењес.
Џадето тесно набиено со дебела кременеста коцка. Ендеците широки, длабоки и обраснати со бозјак и магарешки трња. Во деновите кога врне, од горе, од ридиштата, дождовницата влече матна црвеница и се полни со тиња. Во ведрите ноќи студенилото допира до коска, а дење – жега. Каменот – бел, испран од дождот, испечен и распукан од сонцето. Кога дувнува ветар, што во пластови надоаѓа од планините, облаци црвеникава прав висат над бараките.
Тука, од сите места над кои згроби црвениот петел на војната, надојде народ. Чемерен, разнебитен, размеѓен – вудвосани старци, вдовици од шест војни, раскостени жени што ги наткаса болест, самоглавнички, доилки и чеднички и меѓу нив мажи разнеможени и мажи роболепници на сопствениот страв. Меѓу нив и по некој што обесил пушка на трн, а тука се јуначи.
Двапати на ден над Прењес се наднесува облак на битисување. На развиделина и квечерум. Двапати поминува колона камиони. Ако се дигне прав од долу, откај фурните, тогаш камионите носат оздравеници од болниците на Елбасан, Тирана, Драч, и Сук и со нив – храна и муниција за оние на боиштата на Вичо и Грамос. До границата, а оттаму на рамо, со магаре, коњ и маска до другите планиње. Во сивата магла што се претурува во котлината ретко се случува камионите да стигнат до фурните со притулени светла.
А кога во сивите развиделини на врвовите на околните планини затреперува првиот зрак на сонцето, горе, на ридот, откај превалот почнуваат да се спуштаат по змиестиот пат камионите што во сабајлината поминуваат низ Прењес. Полни се со ранети. Се спуштаат удолу по калдрмисаниот пат разофкани, распцуени и крвјосани… И така, двапати на ден, над Прењес катаден се слуша:
“доаѓаат”. Катаден на развиделина и квечерум од бараките и коњушниците се истура црневица и, разнемоштена, разофкана, разорлавена и разнебитена, трча накај џадето. И колку поблиску е колоната, толку поголема е турмата што во навалица надотекува кон џадето од бараките и коњушниците. Луѓето, газејќи ја таа пржелика, трчаат од сите страни и викаат, се довикуваат, се туркаат и паѓаат. И во тој вик не се слуша ниту име, ниту презиме, туку само “о-о-о-а-а-а!!!” и плачење, и молење, и колнење, и проколнување, и пцости, и лелекање. Секој го вика и го бара својот најмил, најблизок, најочекуван, најсонуван...
Сите ги бараат своите најблиски: во тие стари чешки и италијански камиони што не сакаат да подзастанат; сите трчаат крај камионите, се туркаат, се удираат, а оние што паѓаат, остануваат да лежат поснопица, изгазени од навалицата... Така катаден, двапати, турмата од жени и старци квечерум трча зад камионите се до фурните, до првата стражарница, до првиот бункер зад кој продолжува патот накај Елбасан.
Тука застанува…
А во бараките, оставени на рогозина, на сламеник, плачат доенчиња, офкаат и стенкаат разнеможените чиј век е на битисување.
Така катаден трчаат зад колоната камиони што змиесто се оддалечува по нагорнината…
На раздрумот - цевки со штикови што блескаат под првите зраци на сонцето. Навалицата застанува. Камионите се губат зад последниот свијок. Зад нив останува прав и плачење, лелекање, колнење, анатеми, пцости и тивки молитви. Старичките ја испраќаат колоната и се прекрстуваат. Ги испраќаат со благослов оние кои од болниците се враќаат на боиштата. “Нека им се на здравје лузните…”
- изустуваат некои, голтајќи солзи. Со нем поглед и со симнати црни шамии се збогуваат со оние што одат на бој, а потоа толпата, забрадена со црни шамии, се разбранува и полека кинисува удолу. Не се враќаат веднаш на своите сламеници и рогозини во бараките и во коњушниците. Увилено го пребаруваат џадето, ендеците, бозјакот и бурјанот. Бараат писма што пред малку ги фрлиле оние од камионите.
А потоа, во бараките и во коњушниците, од доцнина до ранина и од ранина до доцнина пробивно и долго се слушаат олелии. Од барака до барака одат сенки, се собираат роднини и ги оплакуваат и ги редат заеднички оние што загинале на боиштата на Грамос и на Вичо, во Епир и Тесалија и што умреле осакатени во болниците под туѓи поднебја... А кога солзите и плачот ќе им ја затапат болката, редат тие во темнината, изустуваат само понекој збор, санким се наоѓаат на разбуд…
На таа садовина, на која со раѓањето и умирањето на денот црна турма се дотура кон џадето, не расте трева; се е изгазено. Во бараките и во коњушниците за чемерните, разнебитените, размеѓените и испадените, на сламеник и рогозина има само по четири педи место.
Над нив долги, подгниени греди, под нив калдрма во која до векутому век е впиена коњска моч. На снеможените здравите им посакуваат што поскоро да починат - да се спасат самите и од себе да ги спасат другите.
Меѓу двете поминувања на камионите, наспроти забраните и заплашувањата, некои скришум се искачуваат до горе, до превалот и оттаму, гледајќи ја големата вода, а преку неа високите врвови на сивите планини, си шепотат во себе и покажуваат со прст еден на друг, велејќи: - “Ене, онаму е нашата дома”.
ПОСТЕЛА ЗА ЧЕМЕРНИТЕ - 2 МАЛКУ НАСТРАНА, под стрмниот рид од кој постојано се ронат камењa, во дотраена барака, беа сместени падавичарите. Ги носат тука од болниците во Корча, Тирана и Елбасан, а најмногу од Сук.
Меѓу нив има и такви кои од страв да не се вратат на боиштата, научиле од болните да се преправаат. Во нивните очи најмногу има страв, малку се движат, не се оддалечуваат од бараката, повеќе си лежат на сламениците и “болката” ги фаќа најчесто кога доаѓа некој од “началството” како што ги викаат неколкуте чисто униформирани мажи кои постојано се возат со еден дотраен џип од болница до болница, од логор до логор, каде што се собрани бегалците, од град до град, каде што се сместени децата. Ја шетаат тие со расклатениот џип цела Албанија и подобро им е да го голтаат белиот и црвеникав прав, отколку да гинат на Грамос или на Вичо. Велат: “И ние сме од првата линија”. Нивните средби со ранетите, со осакатените, со оздравениците или со старите жени во Прењес, или со жените-вдовици што се грижат за децата, се кратки, но исполнети со пароли.
Тие не знаат да зборуваат. Знаат да извикуваат пароли, да јадат, патем да лежат под сенка и да си ги одржуваат чисти војничките униформи.
Во Прењес сите се плашат од падавичарите. Додека не ги “фаќа” лудилото, како што велат луѓето, тие се мирни, лежат под стреите, си подаваат цигара, се шегуваат, намнисуваат, но кога ги “фаќа”... тогаш “занаетчиите” најмногу лудуваат, стануваат опасни, а оние што навистина се болни, лежат овде-онде, удираат со нозе и раце, копаат со петиците, со нокти си ги раскрвавуваат образите, се превртуваат и пена од устите им тече. Присебните трчаат на сите страни, ги прибираат во бараката, и така наизменично, помагајќи си, многу од нив го дочекуваат својот суден ден. И, според некое непишано правило, ги закопуваат понастрана од гробиштата, таму каде што земјата е каменлива, црвеникава, тврда. Копа во неа Пандо гробарот и, пцуејќи се што се движи и лежи, карајќи ги мајките и сестрите и татковците на падавичарите, удира со копачот во тврдата земја. Така редум, без нишан, тој ги брои купиштата земја и само тој знае да каже кој каде лежи. На почетокот им ставаше крст, на кој со мастилав молив ги пишуваше имињата и презимињата на починатите, но откако еден од оние од џипот му се изнавреска пред луѓето дека е контра и дека со крстот го погани црвеното знаме на револуцијата, Пандо гробарот, така го викаат и само така го познаваат луѓето, си го скри изгризеното моливче, што го имаше украдено од офицерската чанта оставена во џипот, се затвори во себе и само кога го поздравуваат, одговара: копам, закопувам... Некои од управата и од оние што постојано се “шинати” во колкот, во шиперот или вратот и болните од офтика кои најмногу кашлаат кога се појавува некој од началството, му се потсмеваат на Пандо гробарот затоа што по секој закоп тој најмногу плаче. Закопаниот го оплакува како да му е најблизок род. Откако ќе се изнаплаче, се оддалечува, од луѓето, се крие некаде зад карпите, чепка меѓу камењата, собира некои тревки и корења, ги суши на сонце, а потоа, завиткани во парче весникарска хартија ги пуши.
Чадот, жолтеникав и мирудлив, толку го смирува што Пандо може по цели часови да лежи под сенката на старата подгниена слива, да гледа во небото, во облаците, во летот на соколите и, без да му трепне око, да ги слуша лелеците на жените што ги оплакуваат своите најблиски. Само тој знае какви тревки и корења треба да се собираат за да му го замрачат умот, за да го доведат до некаква рамнодушност спрема се што се случува околу него, да го оттргнат од луѓето и од грижите. Од сонот и лажното спокојство, го разбудува ѕвонењето на шината што ги повикува бегалците да се постројат пред казаните.
Пандо се оптегнува, погледнува долу и, кога забележува како се редат пред казаните, оди во својата барака, ја зема лименката од конзерва што виси на гредата и, нишајќи се, застанува во редот. А бидејќи чекорот не му е сигурен, тој во редот стои со раширени нозе и со спуштен поглед. Не ги гледа луѓето и не сака да знае дали тие го гледаат него. Со лименката наполнета до половина, се враќа под стреата на бараката каде што живеат падавичарите и седнува покрај Нумо, кого неодамна го донесоа од Сук. Нумо ја вади од џебот изабената лажица, ја брише со полата, ја удира од коленото и седнува до Пандо. Сркаат од лименката, подавајќи си ја лажицата и, кршејќи го парчето пченкарник, ги собираат во шепата трошките или ги ронат во лименката. Нумо не е падавичар. Тука го доведоа неодамна.
Заради казна, велат го сместија меѓу падавичарите. Човекот од џипот, што го доведе тука, на заминување му рече: “Чувај се и јазикот зад заби” и со рака му го покажа ритчето каде што се наоѓаат гробиштата.
А од што треба да се чува, Пандо не праша. Се чини дека двајцата се разбираат преку своето молчење. Но понекогаш, на стемнување, кога жените седнуваат пред портите од бараките, се случува Нумо да рече:
- За што ли мислат жените? - И веднаш потоа сам си одговара, пак прашувајќи се: - За мажите и синовите ли? Па многумина од нив останаа на стража на Грамос, на Вичо, или сакати лежат по болниците во туѓи земји. Потоа немо гледаат во жените забрадени со црни шамии и, по подолго молчење Нумо почнува со она свое што Пандо веќе го знае на памет:
- Еј, жено-женичке, не ми ја пери кошулата. Нека остане во неа впиена војничката киселина и мирисот на млада девојчинска града.
Не ми го фрлај шинелот во купот стари партали. Развеј, развеј го како знаме, зашто во него е впиен правот од сите боишта на Грамос и на Вичо, од сите планини на Македонија. Нека остане правот врз правот и не бриши го, не истресувај го за да не ја избришеш трагата, зашто само по неа се оди до никаде... - Тука Нумо прекинува, се искашлува, гледа некаде од високо, мижурка, погледот му се губи некаде пред него, небаре сака да се потсети каде ли уште води трагата и, по подолго молчење, продолжува: - Стопанкината, трагата, наша де, секогаш, барем нас, не водеше кон нашата смрт, или нашето осакатување... Ме гледаш, и јас сум сакат...
- Те гледам и се прашувам...
- Каде ли ја оставив?... Една ми остана, - тој се удира по дрвената нога - ама јас си клинкам и со дрвената и ќе видиш дека еден ден ќе одам долу...
Каде ли ја оставив? На Камна. На Камна ме погодија, на Камна ме осакатија. На самоти, врв, гол, како избричена глава. Арно рече некој дека тука ќе не имаат на чист нишан, ама командирот наш од горе сакаше со дуљбија да гледа наоколу, та нареди: - “Тука копајте!” Јас и мојот помошник – пушкомитралезец, Васил му беше името, а каде ли е сега, самиот си знае, ископавме толку, колку глава и газ да скриеме, нафрливме наоколу камења и го потпревме врз нив митралезот.
Чекаме. Пушиме. Го вдишуваме смрдливиот чад од дробено тутуново стебло, а заедно со него и опојниот мирис на јановото цвеќе. Сум ги прегазил тукуречи сите наши планини, Пандо, ама толку многу јаново цвеќе на друго место не сум видел. Брмчи во него пчелата, се превртува и со ноженцата пожолтени од полен, си одлетува животинчето. На зајдисонце Липовец фрли сенка врз Камна. Тишина.
Само во сувите стебленца на високите треви потсвирнува квечерниот ветерец и ја разнесува наоколу опојната миризба на јановото цвеќе.
Кога падна мракот, долу, под Камна, се појавија мали растреперени пламенчиња. Свртев глава кон Васила и го прашав: - “Што ли е тоа таму?” А тој, без да размислува многу, откина: - “Изгледа жените дојдоа да им запалат свеќа на своите... Денес, мислам, им е годишнина…” - пресече мојот помошник и замолкна. Гледавме од горе, ама во мракот освен пламенчињата ништо друго не можевме да забележиме.
Зад нас слушнавме чекори и свртевме глави. Накај нашето митралеско гнездо со долг чекор се доближуваше командирот. “Ајде, вие двајцата, одете долу и проверете што значат оние светла. Ако е непријателот, испукајте рафал”. Тргнавме. Јас напред, со шарецот на рамо, по мене Васил. По едно черек време, тој ми рече: - “Немој направо. Треба да заобиколиме. Уште малку, па почнува карпата”. - Од каде знаеш? – го прашав, а тој - Многупати сум доаѓал тука... – И почна момчето да ми раскажува...
Нумо си ја поднамести дрвената нога, го исплука догорчето и ја запали цигарата што беше си ја ставил зад уво.
- А ете, како што гледаш, Пандо, пак се враќаме онаму. - Нумо покажа со глава кон планините од каде сонцето во претпладнињата им биеше право во очите. - Седнавме на работ од карпата и, така загледани во пламенчињата што трепереа под Камна, јас онемен го слушав момчето:
- Триесет и седмата- рече - за дваесет и петти март даскалот и фалангархинот наредиле сите ученици на школо да дојдат облечени во униформите на ЕОН и скапанитите. Јас немав униформа, зашто татко немаше пари да ми купи. Плачев... Срам ми беше да излезам без униформа... Дента, пред празникот, стрико ми ме фати за рака и, велејќи ми – “Ајде, синко, со мене…” – ме одведе на лединката под Камна. “Ја гледаш ли дупкана што зее во карпата?” – ме праша. – “Ја гледам”, -реков. - Е, сега слушај. Деветстотини и третата, по востанието, тука се сокриле луѓето од нашата селска чета. Еден ден ги откриле Турците, што беа тргнале во потера, ама нашите не сакале да се предадат. Тогаш некој од нашите се обидел да избега... Го гледаш ли врвот, а малку понатаму длабнатинката? Е, таму има отвор, нешто како оџак што води од пештерата до врвот... Турците го забележале од Липовец, та почнале да фрлаат со пушките. Жетва била, та им текнало во отворот да фрлаат запалени снопје. Нашите почнале да се задушуваат од чадот и тогаш решиле да излезат, ама не и да се предадат. Првиот што излегол, пукнал во некој од Турците и така на куршум одговарале со куршум, на штик со кама. Така изгинале нашите до еден...
Нумо повлекува длабоко, го испушта чадот низ нос, се чеша зад уво и, загледан некаде далеку, продолжува:
- Да не должам многу, Пандо. Како што ми раскажа момчето, стрико му му кажал кога, зошто и чие било востанието. А јас, прекинувајќи го, му реков: ајде, Василе, ајде да се вратиме. Штом е така работата, таму долу, нема што да правиме. Се вративме и му кажавме на командирот во што била работата, ама јас замолив во зорите да ни дозволи да одиме пак. Добро... Откако дочекавме зора, слеговме долу. Зелена лединка легната на блага угорнина. Мирис на восок на фитил и штотуку испечен леб - бела погача; мирис на темјан и јаново цвеќе.
- Ете - се одгласи Васил - тука лежи Ѓорги Дигаловски. Внук му Ѓорги, како борец на ДАГ, загинал во Мечово. Под купчево лежи Кољо Дремовски, таму Дичо Карамешовски, онаму тројца роднини -Кољо, Цветко и Доно Крстовски, а од оваа страна Кољо Камбуровски. Внук му Кољо е капетан на ДАГ, а потаму Трпо Кичевски. Син му Трпо се родил дваесетина дена подоцна. Посмртче.
Од другата страна лежи. Наум Лафазановски, до него Ристо Марковски. Внук му Ристо е во ДАГ, а таму, до Ристо Марковски, лежи Јани Нанчевски. Син му Јани, кој сега е во ДАГ, се родил два месеца по татковата смрт! Тука лежи Сотир Пуровски. Внук му Сотир, борец на ДАГ, загинал под Аљавица. А таму лежат Доно Поцков, Наум Пановски, Трпо Сомовски и Лазо Сомовски. А Ѓорѓи Церјан останал жив и долги години со едно уво. Тој бил само тешко ранет, а Турците на убиените им ги исекле ушите како доказ дека ги убиле. Така Церјан долги години скитал по светот со едно уво и умрел некаде во Бугарија...
Седумнаесет души, Пандо. Ги изброја? Е, така. А момчето продолжи да ми раскажува:
- Гробовите беа обраснати со трева како што се и сега. Стрико ми ми ја стави раката на рамо и ми рече:
- Синко, наведни се и слушај го шепотот на тревите, слушај го завивањето на ветрот меѓу стеблата, слушај ја водата како шуми кога се пробива меѓу камењата, слушај го брмчењето на пчелата во чашката на цвеќето, а ќе слушнеш многу повеќе отколку на друго место и, не само што ќе ја слушнеш, ами ќе ја научиш вистината...
Стрико ми се доближа, еве до овој гроб, ја тргна тревата и на бел камен видов букви.
- Читај, - ми рече.
Некои букви личеа на грчкото писмо, а другите не ги знаев.
- Е,-синко, - ми рече стрико ми - ова е Кириловото писмо и на каменот пишува: “Дичо Карамешовски”.
Долго ми зборуваше тој за Кирила, за луѓето што лежат на лединкава... и зошто морам да учам грчко школо, а не наше... И оттогаш јас не побарав да облечам униформа на ЕОН, оттогаш не и се лутев и не и се смеев на мајка што не знае да зборува грчки. Знаев и порано дека тука луѓето доаѓаа секоја година. Палеа свеќи, каснуваа од кравајчето, пивнуваа од ракијата и виното, каснуваа од варената пченица украсена со плодови и шеќер, намнисуваа, а потоа молкома се враќаа дома. Никогаш не сум видел на лединкава овци или говеда да пасат. Никој, дури ни овчар ни говедар не поминувал тука со добиток. И секој маж што врвел тука, врвел улуглав, а јас, моите врсници и помалите деца пеевме песни за велика Елада и за Метаксас и им се смеевме на оние што пееја нашински. Така, со помош на нашето незнаење тие го посеале во нас семето на грцизмот, ама тоа не никна, не пушти корен...
Јас им раскажував на моите врсници, тие на други и така почнавме ние младите да сфаќаме колку е саатот. И не се чудев повеќе, ами се гордеев затоа што мајка зборуваше нашински, македонски, и затоа што од далеку се гледаше треперењето на пламенчињата под Камна. Тоа беше нашиот дух, Науме, што светеше во мракот и секогаш пред очи ги имав тие пламенчиња и на жнеење, и на гроздобер, и на тивки седенки на кои повеќе пеевме со очи зашто под прозорците се врткаше грчкиот полицаец... Ама триесет и деветтата планиниве се наполнија со војска. Еден ден од градот дојде и полиција, ја пребара лединката, а потоа ги искрши надгробните камења, ги искрши Кириловите букви со кои беа напишани имињата.
Кога дојде Италијанецот, си отиде Гркот и живите пак им поставија на мртвите камења над главите, а поп Ристо Лафазановски им отпеа на мртвите. Четириесет и петтата Гркот пак се врати и пак ги искрши камењата, а поп Ристо го бараа, ама тој фати гнездо во Врбник. Тука и Албанците, бидејќи по својата и по неговата вера, го натераа да си плукне на брадата, да ја избричи, и отиде човекот да работи во Билишта како ѕидар. Четириесет и шестата почнаа да се полнат планиниве и шумиве со наши партизани. Војниците се прибираа во градовите, а тука, под Камна, луѓето пак изделкаа камења, ги врежаа имињата и ги ставија над главите на мртвите...
- Ете, Пандо, толку ми раскажа момчето. Се вративме горе, а попладнето не нападнаа. Пукав со мојот шарец во војниците што носеа англиски шлемови и американски автомати и непрекинато мислев на свеќите што гореа долу, во рамнинката под Камна. Гореа тие, Пандо, со години, отворено и потајно, скришум од туѓото око и отворено кога туѓинците ги немаше. И така, мој Пандо, нашинчето си дознавало што е и кој е, не од дебелите книги и од учените луѓе, ами од надгробните камења, од гробовите останати по карпи, од зарезите направени со кама или штик во стеблото на буката, дабот или борот, од нишаните што останале од нашето постоење во кое не битисавме и од времето што го броеја само по лошото, само по крвавите траги што ги оставал тој што доаѓал и си одел... Пукав, мој Пандо, и не сакав да ја слушам наредбата за повлекување, зашто ја бранев полјанката под Камна, ги бранев камењата, со Кироловото писмо, го бранев и пламенчето на свеќата за да не згасне... И одеднаш ме покри земја и само почувствував болка во ногата и во очите ми згасна сонцето. Потоа долго ме носеа во ќебе де угоре, де удолу, како во сон го слушав жуборењето на потоците. Сонував, Пандо, извори, потоци, реки... и плачев затоа што така напразно си тече водата, додека мене внатре изгор ме гори... течеше, пустата, чиста и бистра. Се обидував барем да ја допрам, а таа бегаше од мене... А јас кој знае колку трчав по неа. Потоа ја снема. А јас сонував како солзи листог роса и си присакував барем една солза да капне врз моите усни..., а оган ме гореше внатре, чувствував како ме предаваа едни на други...
Кога новремено ми се враќаше способноста да мислам и да чувствувам, ми се чинеше дека мракот за мене нема да заврши. Не можев да препознаам ниту едно лице, да видам ниту едно дрво, ниту еден камен. Се чудев што толку долго трае ноќта, што ни месечина ни ѕвезда можам да видам. А кој ме носеше, не можев да видам. Одеа, застануваа, нешто зборуваа. Понекогаш долго чекаа. По лулањето некако разбрав дека излеговме на рамно. Слушнав бучава на камиони, некакви гласови и нагло дигање и спуштање, на тврдо. Не беше земја. Земјата, колку и да е тврда, ја чувствуваш под себе ако си лежел или ако си спиел на неа. Забрмче, ми се стресе телото, болките ме споулавеа, викнав, опцув. Отворив очи. Покрај мене како фишеци наредени – ранети. Малку потаму тивко ту плачеше, ту липаше и стенкаше девојка. Сакав да подигнам глава, ама нешто како да ме држеше за врат. Камионот се тркалаше по калдрмата, потскокнуваше по нерамнините, нагло свртуваше, подзапираше, забрзуваше, ама никаде не застана. Ранетите викаа - вода! и плукаа крв. Стегаше грлото, гореше жедта, повремено во камионот низ цепнатинката од пландеката блеснуваше светлина. Угоре, удолу, фрла, ту лево, ту десно, шуми, во ушите, задушува правот и така стигнавме во Корча...
ПОСТЕЛА ЗА ЧЕМЕРНИТЕ – 3 НОГАТА МИ ЈА ОТСЕЧЕ Унгарец, а му помагаше Грк. Тие најчесто беа меѓу нас. Не посетуваа, не тешеа, не тупкаа по рамо, милно не галеа по лице, не караа кога бевме неизбричени. Меѓу себе зборуваа шпански. Чуден човек беше Гркот. Најчесто молчалив. А како знаеше да свири на гитара! Пееше Унгарецот. Шпански... Кога почнав да се движам со количката, ми пријдуваше Гркот, седнуваше крај мене и ми раскажуваше за Шпанија. Таму тој исто така бил лекар хирург. Во меѓународните бригади. Ми раскажуваше за Париз. Кога ни се придружуваше и Ференц, тогаш тие почнуваа со својот шпански, а Никос ни преведуваше. Двајцата заедно учеле во Париз.
Колку убаво зборуваа за тој град. А потоа, пак се нашле во Шпанија, во една воена болница. Никос и Ференц проскитале многу по светот.
Унгарецот се нашол во Мексико, Никос во Алжир, а оттаму во Каиро.
Дури летото деветстотини четириесеттата се нашол дома, во Атина.
Татко му, некој сапунџија, имал фабрика за сапун, го пратил во Париз за да учи за лекар, ама кога му кажале оти син му по дипломирањето отишол во Шпанија, се откажал од него преку весник. Пезевенк човек. Пфу! А тој, Никос де, кога Италија ја нападна Грција, на фронт заминал доброволно. Се борел човекот како обичен војник. Го мразел фашизмот. Се до атинскиот декември не одрамил пушка. Бил бележан и од Шпанците и од Италијанците и од Германците и од Англичаните. Го одбележале и неговите, та затоа после Варкиза - затвор.
- Не се согласив со Варкиза - ми велеше. Затоа ме откажа и мојата партија. Кога дознав дека го убија Велухиотис, се јавив кај командантот на логорот и потпишав изјава. Ме пуштија од затвор, ама при обидот да се поврзам со партијата, моите некогашни соборци, кои ја прифатија Варкиза, ме откажаа. Мачителите знаеја што прават. А мене ми стана јасно. Ако не те уништи едниот тогаш ќе те уништи другиот. Почна граганската. А јас не можев мирно да работам во една приватна клиника во Атина. Слушав како се постапувало со ранетите и заробени партизани. Се поврзав со еден другар и го замолив да ме префрли в планина, кај партизаните. Ми рече дека нема доверба. Тогаш се јавив во командата и побарав да одам на фронт. Место на фронт, ме пратија во воената болница во Кожани. Всушност, тоа беа неколку бараки. Мојот занает е, како што знаеш, да сечам нозе и раце.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/postela-za-chemernite/1 на 29 октомври 2026