ПОСТЕЛА ЗА ЧЕМЕРНИТЕ - 18
ПОСТЕЛА ЗА ЧЕМЕРНИТЕ - 18
- ДОБАР ДЕН... - поздрави Кире. - Трчав, та затоа сум вака...
- Уморен, нели? – го праша Пандо. - Да седнеме, што велиш, Нумо, а?
- Да седнеме, - одговори и почна да го бара најудобното место во камењарот.
- Ве гледав цело време. Седевте скраја од полјанката нели? А јас си мислев, штом ќе заврши вежбата, веднаш ќе одам кај нив. Ве видов уште сабајле и тешко ми дојде кога забележав како си одите.
Си мислев, кој знае кога ќе ги видам пак.
Откако седна и си ја стави патерицата настрана, Нумо му се обрати на Кире:
- А што ви зборуваа оние од џипот?
- Многу не пофали Високиот. Ни рече такви како нас, орли, соколи, кажуваше и некои други имиња на пилци, сме само за на фронт, дека ние сме дораснале да ги замениме нашите татковци и браќа што останаа на Грамос и на Вичо, ама имал добиено строга наредба да не не враќа иако тој со големо задоволство би извршил уште една голема задача спрема револуцијата праќајќи не нас на боиштата. Меѓутоа, рече, ние мораме да учиме. А знаете ли дека вчера ни пратија учители? Дојдоа од Сук. Едниот има едно око и е наглув, а другиот една нога. Читавме од “Непокорен” и “Нова Македонка”. Ни рекоа дека наскоро ќе почнеме и да пишваме и дека на секој ќе ни дадат по половина молив и по една тетратка. Така ни дадоа во Романија...
- Како? Што рече? – праша Пандо. – Што сте барале во Романија?
- Зар не ви кажав дека бевме во Романија? - вчудовидено праша Кире.
Пандо го погали по глава и рече:
- Не, синко, ништо не си ни раскажал...
Кире се поднамести. Во неговите очи има блесок на дете, а не на војник. Голобрадо и бледо, во широката излитена униформа како да е загубено, откинува синчец и долго го врти во прстите.
- Ви кажав како си отиде Маријанти?
-Да.
- А за Ѓорѓи? За Ѓорѓи не ви кажав?
Пандо климна одречно со глава.
- За “Песоците” надвор од Драч ви кажував, нели? Таму беше и Ѓорѓи. Суволико, бледо, испиено момче. Не знам од кое костурско село беше. Главата голема, истрижена до кожа. На нозете само волнени чорапи, ама стапалата и прстите голи. Секогаш, каде и да одеше, беше сам. Прстите, собрани во тупанички, си ги држеше под брадичето. Имаше големи, секогаш исплашени и широко отворени очи, а усните секој миг му трепереа од липање. Никогаш никој друг не го виде да се смее. Никогаш не трчаше како сите други за да ја види локомотивата со трите вагони. Секогаш осамен и секогаш страв во очите и на лицето. Не се смееше, не беше палав како неговите врсници и другите деца. И лошо што се најде таков меѓу нас. Ние го задевавме, го поттурнувавме, му се смеевме, а тој, навален на ѕидот плачливо викаше:
- Мамооо! Мамоооо! Овие ќе ме тепаат!
Секогаш држеше камче во џебот. Кога му се доближуваше некој, брзо го извлекуваше и, држејќи го во подигнатата рака и гласно плачејќи, се фалеше:
- Бегај! Ќе те удрам, ќе удрам...
Најчесто се бранеше плукајќи. А кога дојде Маријанти, штом го виде таков рече:
- Ова дете е будала, - и го прати во лудница. Оф, како плачеше Ѓорѓи кога тргнуваше пајтонот. А најмногу викаше “Не сакам” кога се затвори зад црниот пајтон големата двокрилна врата од неизделкани дрва и испреплетена со бодлива жица. Ние, стотици деца, застанавме крај оградата и, држејќи се за сребрестата жица со остри боцки, го слушавме пробивниот и пис клив ту покорен, ту испрекинат, жалосен и молбен глас па Ѓорѓи и бавното суво и едностојно клопотење на тркалата и коњските копита по нерамната калдрма. Се чинеше дека брзо го заборавивме Ѓорѓи. Но есента кон крајот на ноември, кога ни рекоа дека ќе заминеме за Романија, еден ден, попладнето, во големиот двор, што го викавме плоштад, некаде во средината, застана пајтонот. И се слушна глас: “Дојде Ѓорѓи будалата” и сите истрчавме и се собравме околу пајтонот. А Ѓорѓи не сакаше да излезе. Пајтонџијата го фати за рамо, ама момчето, цврсто држејќи се за наслонот од седиштето, клоцаше и викаше:
- Не! Не сакам тука! Не сакам!
Не сакаше да биде со нас. Изгледа ја претпочинуваше лудницата каде што го прати Маријанти.
Кире наведна глава, долго се загледа во тревата, си го подигна чорапот и, држејќи се за коленото, замолча. Пандо и Нумо се погледнаа. Нем, вчудовиден, гневен, тврд, пронижувачки, суров, студен, презрив поглед.
- Па, - прозбори Кире - кој знае дали онака, како што живеевме со Маријанти, кој знае дали ние бевме во лудница или Ѓорѓи?
Една од “мајките” се проби до пајтонот и со молење успеа да го, поведе Ѓорѓи со себе. Арно, ама, утредента, кога се качувавме во камионите, него го прибра еден од албанските шофери. Додека ние цел ден мрзневме и не јадеше студениот ветар што дуваше од заснежените планини, Ѓорѓи патуваше на топло и меко. Вечерта стигнавме во Елбасан. Преспавме во една сала. Кој на под, кој на клупи. И во зорите пак на пат. Штом излеговме од градот, колоната застана. На патот стоеја многу, многу луѓе и други доаѓаа од горе, каде што се наоѓаат неколку бели куќи. Кој крив, без нога, со една, па и со две патерици стегнати под мишки, потпрени еден врз друг, со преврски на главите, на рамената, со празни пачовици и ракави... Се наполни џадето. Одеа од камион до камион, викаа плачеа. Плачевме и ние... Знаете...
- Да, Кире, - рече Нумо. Тоа беа нашите ранети партизани во болницата...
- А од горе дојде еден куц и со викотници и пцости почна да ги растерува од џадето. А тие, кривејќи, влечејќи се и плачеиќи се собира крај џадето и оградата и, бришејќи си ги солзите, викаа:
- Добар пат!
- Сто кало! (добар пат!)
Камионите тргнаа. На свијоците ѓи броевме. Дваесет и пет. И додека си ги бришевме солзите и престанавме да липаме, штом го поминавме тунелот, слушнаме пробивен и писклив женски глас:
-Доаѓаат!!!
И црневица се растури накај џадето, Турмата како диво надојдена река, црна, огромна, разофкана и развикана, расплакана и разлелекана
- надоаѓа, надоаѓа, се згустува; истечува од горе и дотечува, бучи, завива, вие, тупа, дига облак прав, го наполнува просторот, се влева во ендеците, се втиснува и се растура меѓу камионите, ги опкружува, се збива, се рои, во бранови се фрла, трча, клокоти, врие и вика гласно, болно, продорно, пронижувачки, жаловито, галежливо, тажовито, испрекинато, молбено и шепотливо:
- Е-е-е-е-е!!!...
Имиња, имиња, имиња. Извикувани со плач, со љубов, со надеж, со болка, со топлина и со солзи во очите. И во ниеден глас нема радост.
- Е-е-е!!! - се разлеваше, а мене во ушите ми одѕвонуваше:
Кире-е-е!!!
И од камионите пискливо, растреперено, плачливо:
- О-о-о-!!!
- Мамооо!!!! – викна момче од камионот што возеше пред нас.
- Митре! - молскавично се пресече глас.
- Мамооо!!! - Мамооо!! - се развикавме.
Стоевме на нозе и викавме, викавме, мавтавме со раце, викавме до зарипнување: Мамооо!!! Мамоо!!...
Пред моите очи сал непознати лица. Сестра ми ме повлече за полата и низ плач ме праша:
- Бате, Кире, ја гледаш ли мама? Ја гледаш? Викни ја, Кире, викни ја...
Со шепите направив инка, собрав воздух и викнав:
- Мамооо!!! - повторував и гледав како трчаа жените, како се туркаа и викаа, ама во таа викотница, во таа бура име не се слушаше.
Сестричката пак ме повлече за полата и рече:
- Ја нема ли мама, бате Кире?
Се качив на покривот на кабината, пак ги составив дланките во инка и на сет глас извикав:
- Ма-мо-о-о-о!! Ма-мо-ооо!! Ма-мо-о-о!
Гледав во црневицата, во толпата, во шумата црна и чемерна и никаде не можев да ја видам мама...
Се скрши гласот на Кире. Замавна со раката пред очи, чиниш со тоа движење растера сениште. Наведна глава и шмркна. Пандо слушна како голтежот му забулготе во грлото. Го фати за брада и, откако му се загледа в очи, му рече:
- Горе главата, војнику...
Кире, со клечка долго чепка и рие во земјата.Инаетливо ги расфрлува грутките, удира по нив, ги дроби, ги растура. Воздивнува.
Шмркнува. Одеднаш подигна глава, сврте опуљ кон горната страна на Прењес и низ липот прошепоти:
- Свијокот, онаму горе, - покажува со рака - го гледате?
- Аха! - потврди Пандо.
- Е, таму ги одделија луѓето од камионите и... нас од луѓето... Ние, нагоре, а жените и старците стоеја на џадето... Улуглави, едни мавтаа со црните шамии и капи, други си ги бришеа солзите и си ги криеја лицата со црнината што ја држеа в раце. Камионите набираа брзина, кркореа на кривините, а ние, стоејќи, викавме и плачевме. Од долу не се слушаше ништо, зашто нашето викање и плачење ја заглушваше и бучавата на камионите... И кога стигнавме горе, забележав дека сите околни планини и ридишта лежат под снег. И на патот имаше снег. И на полјанката каде што застанаа камионите. Ни рекоа да не зборуваме. Замолкнавме. Војници, тукуречи во слични униформи шетаа по партините. Некој рече дека тука е границата. Се подигнав.
Војниците имаа обесено на врат руски и германски автомати. Натаму, во шумата, се гледаа свежо ископани ровови. Одеднаш на полјанката надојдоа многу камиони. Двајца офицери нешто зборуваа и покажуваа со раце. Потоа слушнав на Македонски:
- Свртувајте назадечки и преземете ги децата!
Камионите се растресоа, лево-десно, па напред и назад и застанаа назадечки. Откај ридот дувна ветар и почна да паѓа снег. Ветрот ни го фрлаше в очи, во ракавите. ни го пикаше зад јаките.
- Едно, две, три... - и кога изброи до дваесет, офицерот викна: - Тргнувај!
Последно дете што прескокна во југословенскиот камион беше моето братче, Коста. Тој викна, се расплака, подаде раце кон мене, ама двајца војници ја подигнаа задната штица и, уште недобро затворена, камионот тргна.
- Чекајте, чекајте! - викав. Никој не ме слушна. Лапавицата ми го зграпчи гласот и кој знае каде го однесе. И така - не префрлија од албанските во југословенските камиони кои веднаш ги снемуваше.
Лапавицата се згусти и ветрот со брзината на возењето се зголеми и беше многу студен. Ленка, сестра ми, ја држев во мојот скут, со половината на блузата ја имав покриено. Таа, целата вгушната во мене, со главчето под мојата брада, трепереше, се тресеше од студ и шепотеше:
- Кире, зошто ја немаше мама со другите мајки? Кире, зошто ни го зедоа Коста? Ако ја видиме мама, што ќе и кажеме за Коста, а?
Си зборуваше Ленка така се додека не заспа.
Камионите јуреа по удолнината. Снегот паѓаше се поретко и се подиво виеше ветерот. Се прибравме еден до друг, во едно купче до кабината. Дуваме во прстите, си ги триеме рацете, се топлиме со воздишките. Фативме рамнина. Поминавме низ еден град и веднаш патот се влечеше покрај езеро. Пак низ град. Камионот нагло сврте, излезе на прав пат и кратко потоа ја фати угорнината и одново снег.
Шумата бела. На врв рид два камиона стоеја скраја од патот.
Шоферите се вртеа околу нив. Ние полека поминавме и одеднаш во купчето деца што седеа вкочанети во едниот од расипаните камиони, го видов Коста. Викнав. Ништо. Глас не му слушнав. Кривини, а снегот врз нас порасна цела педа. Не го тресевме. Така некако ни беше потопло. Пак град. Не застанавме никаде. Пак угорнина над која ниско висат облаци со боја на олово. По кривини слегувавме надолу и одеднаш камионот застана. Го отфрлив снегот, подигнав глава и погледнав. Двајца мажи во црни униформи и со автомати на рамо и со пиштоли на појас нешто зборуваа со шоферот. Едниот од нив погледна во камионот. Брзо го повика другиот. И тој погледна.
Слушнав:
- Излези!
Шоферот излезе. Момчето што беше до мене подигна глава и веднаш прошепоти:
- Кире! Хорофилаци!(множина од грчкиот-хорофилакас- жандари)
И зборуваат македонски...
- Деца, - викна едниот - ви студи?
- Аха - изустија неколку замрзнати усти.
- А зошто, бре, неранимајко, - трас - се слушна шлаканица и пцост
- те прашувам тебе, никаквецу, си ги замрзнал децава, а? Зар не можеше да ги покриеш со церадата? Марш, говедо едно, да ги покриеш и брзо вози за Битола, право на железнизничката станица!...
Шоферот на две на три ја префрли церадата врз нас. Пред да ми ја покрие главата, успеав на таблата што стоеше крај патот да прочитам:
“Кажани”. Камионот тргна и јуреше потскокнувајќи по калдрмата.
Момчето што седеше покрај мене се поднамести и, шепотејќи, пак рече:
- И и и, мајќата! Хорофилаците, ги слушна ли? Македонски зборуваа...
Ветрот сега не не јадеше, ама не дојадуваше студенилото. Снегот што беше врз нас почна да замрзнува... Во мракот влеговме во град и низ тесни улици камионот излезе на рамнината над која високо се дигаше чад. Сврте. Шоферот ја спушти задната штица од камионот и викна:
- Деца! Ајде, мили, слегувајте и право во вагонот!
Одвај станав. Нозете ми беа вкочанети. Дојдоа некои жени и мажи и не пренесоа во вагонот. Топло. Седнав до прозорецот, до мене Ленка. Две девојки, облечени во бело, влегоа во купето. Од голем ѓум тураа млеко во лончиња и ни ги пикаа под нос.
- Млеко, момче, млеко. Топло е. Земи... – ми рече едната. Море, какво млеко, си реков. Не бев ни жеден, ни гладен. Ми се спиеше, многу ми се спиеше. Погледнав кон другите деца. Спиеја. Девојките во бело излегоа. Слушнав гласови:
- Ги нахранивте?
- Не сакаат, Спијат...
- Спијат. - слушнав глас и се разбудив: Веќе беше ден и сонцето светеше високо. Станав и сакав да го отворам прозорецот. Не попушта. Се обидов со вратата. И таа заклучена. Погледнав на другата страна. Горе натпис “СКОПЈЕ – ЅКОРЈЕ”.
Не префрлија на друг колосек и, откако ни изнапумпаа ДДТ во градите, плеќите, панталоните и каде ли уште не, возот тргна. Каде?
Никој не кажуваше. Најчесто долго стоебме на станици. Пред зајдисонце возот застана. Ни рекоа да слеземе и да преминеме од другата страна на шините. Пред нас долг воз. На ниската бела зграда над вратата пишуваше “Врање”. Ги памтам имињата на сите станици по кои поминавме. Влеговме во возот на чии вагони беше нацртан голем црвен крст. Секој си доби креветче и така цели денови и ноќи патувавме, а најмногу стоевме, чекавме и гледавме како поминуваат други возови...
- А братчето Коста? – праша Нумо.
- Не знам што стана со него... А ние долго патувавме. Една ноќ, по долго стоење на некоја станица, името не и го знам зашто не го видов, не префрлија во воз со дрвени седишта. Мажите и жените што не пречекаа и не сместија во вагоните, откако тргна возот не прашуваа:
- Шти романешти? Кунте кјама? (Разбираш романски? Како се викаш?)
- Значи, ве однесоа во Романија? - праша Пандо.
- Да, во Орадеа. Два месеца останавме во хотел. На еден кревет спиевме по четири и по шест деца. Надвор не излегувавме.
“Мајките”, се разбира, беа со нас. Само една ги напушти своите деца и слезе во Скопје, каде што остана кај некои свои роднини. Другите “мајки” велеа за неа:
- Ами како ќе им погледне еден ден в очи на мајките и на татковците? Па тие и ги дадоа децата да им ги чува и заради тоа не отиде на фронтот, а таа ги напушти... - така велеа. А нејзините деца ги прибра мајка Евгенија. И немаше ден мајка Евгенија да не не собере. Најчесто тоа го правеше по вечерата. Се собиравме некаде во ходникот на хотелот, подалеку од џагорот. Таа сакаше да знае како учиме, кој што направил, дали сме здрави, ни ги прегледуваше главите... А потоа, велеше:
- Коле, кои луѓе од нашето село живеат во долното мало?
А Коле како пушка:
Нановци, Дамовци, Ристовци, Шишковци...
- Ристе, - велеше мајка Евгенија - во горното мало?
- Пандовци, Петревци, Наковци...
- Како се викаат чешмите во нашето село, да каже Маре.
- Нова чешма, Лаброва чешма... Изворчето, Кочанка, Под липките.
Доста, Маре. Кире да каже... - и така кажувавме како се викаат местата каде се наоѓаа нивите, лозјата, кои од нашето село се во ДАГ, како се викаат старите луѓе, какви дрвја и цвеќиња растат во нашето место... А потоа почнуваше да ни раскажува за старите времиња поминати во нашето село и во Костурско. Тоа што сама го знаеше и што и имале раскажано други, постари од неа. Тешко се разделувавме од неа. Потоа долго во ноќите, гледајќи во мракот, ги гледавме лицата на нашите најблиски, ги гледавме нашите ливади, кориите, ридиштата и планините, чешмите, лозјата, реката и сонувавме, сонувавме и плачевме во сонот... Во јануари не пренесоа во еден голем манастир. Надвор од градот. Изгледа оттаму ги протерале калуѓерите или калуѓерките и не сместија во големи одаи со кревети на кат, по дваесет и повеќе деца. Тука продолживме да учиме само македонски. Учителот, висок, со очила, Коста го викаа, на стара машина за пишување по цели ноќи препишуваше од една стара книга македонски народни песни и на четири деца ни даваше по едно ливче.
Од тоа ливче учевме да читаме. А во меѓувреме, ја расипаа црквата што се наоѓаше во манастирот и од неа направија клуб. На местото каде што се наоѓаше олтарот поставија голема сцена со црвени завеси. Почнаа прво грчките деца да поставуваат скечови, а потоа и ние. И додека тие таму, на сцената, се будалеа, јас гледав во таванот.
А таму, високо, цел свет - животни што првпат ги гледав. Учителот им кажа дека тоа биле лавови, слонови, тигрови, камили. Се беше многу убаво нацртано во бои. И небото, и облаците, и пустињето, и витезите, човекот што го носеше крстот на грб, и шумите, и карпите, и разни дрвја и цвеќиња. Убаво, многу убаво изгледаа, особено кога зајдуваше сонцето. Зраците ја осветлуваа големата просторија и таванот добиваше некакви чудни бои. А сликите тоа беше вистинско чудо. Изгледа поради тоа што беше висок таванот не успеале да ги избришат како што ги имаа избришано оние по ѕидовите.
Кога малку се потстопли, почнавме да излегуваме во големиот манастирски двор и да шетаме по паркот, па одевме дури до долу, до манастирските гробишта. Уште првиот ден го слушнав писокот на локомотивата. И така еден ден, додека другите играа топка, јас се искрадов низ оградата и по писокот ја најдов железничката станица.
Си реков: ете оттаму дојдовме. Па ако тргнам по шините, тогаш ќе стигнам до Битола. Па нели од Битола до Орадеа дојдовме по шини?
Па штом одам обратно по шините, ќе стигнам до Битола, а таму ке се распрашам како да стигнам дома. И тргнав...
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/postela-za-chemernite/11 на 29 октомври 2026