Front Matter - Part 02
Како што обично се вели, од телата да ги вадам парчињата железо да ги шијам раните. Таму, во Кожани, имаше многу ранети.
Ампутирав нозе, раце и постојано мислев на Шпанија и на Ференц.
Еден ден со џип ме префрлија до Горуша. Таму имаше многу ранети.
Ноќта лазаретот го нападнаа партизаните и така се најдов тука.
Никос му рече нешто на шпански на Ференц и тие почнаа да се смеат.
Не успеав да прашам зошто се смеат. Дојде една сестра и ги викна. Се вратив во болничката соба. На креветите лежеа непознати лица. Нови ранети. До мојот кревет лежеше нешто сосем завиткано во преврски.
Влегоа Никос и Ференц. Ги прегледаа новодојдените, а завитканото наредија да го изнесат. Некаде по полноќ го донесоа.
- Нумо, ми рече Никос - од денес ќе имаш ново друштво, - и ми покажа кон количката.
Две сестри го подигнаа завитканото и го легнаа на креветот. До зори не заспав. Го слушав длабокото и испрекинато дишење и по стенкањето разбрав дека до мене лежи жена. Никогаш не и го видов лицето и никогаш не дознав како се вика. Умре пред изгрејсонце.
Подоцна, во текот на денот, Никос ми кажа дека немала лице и нозе.
Многу работи, Пандо, гледаш и слушаш во воените болници. Многу.
Најчесто немаше потреба човек да чита весници, зашто ранетите ги носеа од боиштата најновите вести. И што ли нема да слушне и нема да дознае човек. Јас, клинкајќи, одев од соба в соба, ги гледав ранетите, им подавав вода, застанував покрај нивните кревети, го слушав разговорот и така дознавав многу работи. Човекот, кога му е тешко, бара да се испразни од чемерите.
Еден ден донесоа многу ранети. Меѓу нив имаше еден кој постојано викаше:
- Та подја му! Та подја му! (Моите нозе! Моите нозе!)
Го внесоа во собата во која лежев и јас. Цела ноќ стенкаше и викаше. Пцуеше. Колнеше. Пред зори го зедоа. Го вратија околу пладне. Мирисаше на хлороформ. Беше тивок. Одвај дишеше.
- Што е со него? - прашав една од сестрите.
- Под колковите... - покажа таа на своите бутови.
Кога човекот се освести, закова очи во таванот и со никого не сакаше да разговара. Молчеше со денови. Својата осакатеност ја прими некако мирно. Не се жалеше. Се чинеше дека е благодарен затоа што е жив. Подоцна, Харилаос, така го викаа, отвори уста и срце.
- Бев војник во 225 пешадиски баталјон. Во првите денови од офанзивата на Грамос не успеавме да ја пробиеме одбранбената линија на ДАГ. Не вратија на појдовната позиција, ги пополнија водовите и утредента, во зорите, по артилериската подготовка, тргнавме во напад. Со борба гради в гради ја презедовме првата линија, ама заглавивме во минското поле. Една недела загубивме додека стигнавме до подножјето на Свети Илија. Неколку обиди да го преземеме ридот, останаа без успех. Од Кожани, каде што беше штабот на дивизијата, стигнаа офицери на воената полиција.
Осумнаесет војници не вратија од позицијата. Не товарија на камиони и - во Кожани. Воениот обвинител ни рече кратко:
- Момци! Не покажавте доволно храброст, патриотизам и национална доблест против: славокомунистите! Вечерва ќе ве упатам во центарот за национално превоспитување.
Така стигнавме во Макронисос. Лесно е да се рече стигнавме. А како? Не знам дали ќе може некој некогаш да го опише Макронисос.
Кога велам Макронисос, не мислам на сувиот долг остров каде нема ниту една сенка. Таму, кога не би бил човекот, не би се знаело што е тоа сенка. Освен трнливи ниски растенија и по некоја тревка меѓу белите камења испукани од сонцето и кои повремено ги мијат дождовите, нема ништо што би давало малку зелена боја. Црвеникава земја, прашлива и сува како пепел. Кога дувнува ветар, крева облаци црвен прав, ги врти над каменестиот остров и не останува ништо каде што не успева да се изнапика. Дождот е реткост, а горештината катадневно измачување и нема каде да скриеш глава. Таму и човекот и природата како да ги здружиле сите свои ѓаволштини. На Макронисос сонцето секогаш извира и потонува во морето.
Единствен придружник му е човекот-маченик, човекот-роб...
Јас не бев меѓу првите. Таму секој ден пристигаа нови. Велеа дека не има околу дваесет и пет илјади војници униформирани во англиска униформа. Така сметале тие во Атина. Дваесет и пет илјади момчиња, национално лошо воспитани, страшливци, без патриотизам и национална доблест, та затоа тука беа пратени да се превоспитаат...
Грчки ни беа само имињата и презимињата. И Грци беа тие што не мачеа... Треба да одиш на Макронисос (а некои кои на тој остров стигнаа и од други суви острови на Егејот, велеа дека не е само Макронисос проколнатиот пекол) та да разбереш, најпосле, дека некои од луѓето се само човеколики и имаат само инстинкти.
Едно попладне во четата за превоспитување донесоа педесетина момчиња. На прашливата ширинка пред зградата на командата А2 чекаа заедно со своите работи. Еден по еден, онака како што си ги слушаа имињата и презимињата, ги оставаа своите ранци и, викајќи “јас”, застануваа во стројот. Ние, постарите, животни во таа џунгла, стоевме настрана. Врнеше ситно. Се погледнувавме в очи и се прашувавме со погледите: “Колкумина од овие ќе издржат?” Првото прашање беше:
Ќе потпишеш ли изјава за покајување?
Оној што потпишуваше изјава, чиниш одново роден, се враќаше, си го земаше ранецот и го упатуваа во долниот логор што не беше ограден со жица. Оној што откажуваше, го одведуваа настрана. Него најпрвин го чекаше менгемето. Го оставаа преку ден да го гледа менгемето и другите справи за измачување...
Мачењата почнуваа ноќе. Во мракот. Дење стоеја под жешкото сонце.
Дење, најпрвин не тераа да ги читаме паролите што ги имаа испишано со вар на високите карпи или логорашите ги имаа направено со камења што прво ги вадеа од морето и на грб ги носеа горе, на највисоките ридови на островот.
“ДА ЖИВЕЕ КРАЛОТ ПАВЛЕ!” “САКАМЕ ПУШКИ!” “ДА ЖИВЕЕ ГРЧКАТА РАЦА!” “НЕ ЗАБОРАВАЈ ДЕКА СИ СЕ РОДИЛ ГРК!” И шаторите беа поставени така што гледани од подалеку, ги испишуваа истите пароли. Не тераа во еден глас по цели часови да ги читаме паролите. Но пред тоа моравме да кршиме камења, ситно задолжително да бидат аглести и шилести и клечејќи со колената врз нив. Не тераа да пееме:
“Апо кате гоња су, Елада, (Од секое твое катче, Грцијо)
маземени с' авто то ниси, (собрани сме на овој остров,)
сто мегало схолјо су патрида (во твоето големо училиште, татковино)
пу то лен АЕТО-ЕСАИ... (што се вика АЕТО-ЕСАИ…)
Молизмени ос тора и психи мас (Нашата душа, досега заразена)
тели ваптизма ксана етнико. Не етнико! (Одново сака национално крштевање. Да, крштевање!)
фово пја ден та ехи и фили мас (Нашата раса нема да има повеќе страв)
ап' тон атимо кумунизмо!...” (од подлиот комунизам!), (слободен превод).
По овој ред поминуваа сите што пристигнуваа на Макронисос.
Превоспитувањето почнуваше веднаш и за никого, освен за оние што веднаш потпишуваа изјава за покајување, немаше исклучок ниту сожалување. На Макронисос единствено олеснување е смртта.
Понекогаш неа ја чекаш како божја милост, но и неа ја нема. Таму господ ги има заборавено луѓето. На тој сув бесценет остров - карпа што безмилосно ја бијат морските бранови, го разјадуваат јужни и северни ветришта, не можеш да најдеш никаква убавина, ниту едно делче што би дишело со, мир, ниту една зелена тревка што би го зарадувала окото... Низ целата негова должина и ширина, по сите негови долини и ридови ниту едно дрвце, ниту едно цвеќенце, ниту тревичка. Го одбегнуваат и галебите и прелетните птици. Бесплодна и сува е земјата што ја полеваа само солзите, потта и крвта на современите грчки робови. Карстот што ја краси Грција е плач и проколнување на робот.
Од горе, каде што ги носевме камењата и пак ги враќавме долу за да ги наводениме во морската вода и одново да тргнеме боси по патеката посеана со шилести камчиња, се гледа еден рид долг како појас. Голи со многу котлини. Тоа се котлините на смртта. Таму не носеа се додека не загубевме сознание и свест и се будевме во засмрдените болници, се додека не полудевме, се додека не дојдовме до умирање, но не не оставаа да умреме. Тоа за нас би било спас, а тие не сакаа никој да се спаси. Законот што владее на Макронисос е само еден: оној што не се покајува засекогаш мора да остане сакат...
По секое измачување, доколу измачуваниот останеше жив, лекување.
А потоа одново...
Те тераат, аделфе му (мој брат), сам да ископаш дупка. Влегуваш во неа. Тие почнуваат со лопати полека да те закопуваат. Надвор ти ја оставаат само главата и десната рака.
Ме прашаа:
- Ќе потпишеш?
- Охи! (Не!) - реков.
Почнаа да ми ја горат раката.
- Левак сум! - викнав. - Пишувам само со левата рака.
Ме откопаа до половина, ми ја закопаа десната и ми ја подигнаа над земја левата рака.
- Еве хартија и пенкало, - ми рекоа. - Потпиши!
Земјата ми ги стегаше градите. Не можев да дишам. Се задушував.
- Ипограпце, атиме! (потпиши, подлецу!) - слушнав врескање, а потоа почнаа да ме удираат по глава. Почувствував дека ме фаќа лудило. Почнав гласно да викам. Не можев да издржам... Се освестив во логорската болница, врзан за креветот со бодлива жица.
До мене лежеше маж и личеше на давеник.
- Ме врзаа со дебело јаже, - раскажуваше тој.
- Со лицето ја допирав солената морска вода. Надоаѓаше бран зад бран, ме удираше в лице. Се давев. Така со часови, цел ден... потоа, ме легнаа на карпата и ме праша:
- Ќе потпишеш?
- Не - викнав и на оној што беше наведнат над мене му плукнав в лице.
Ме спуштија. Бранот ме давеше. Главата ми ја удираше од карпата. Решив да се удавам. Не ме оставија. Ме подигнаа. Паднав.
Почнаа да ме тепаат со камшици од челична жица. Ме болеше, многу ме болеше. Викав од болка ама не молев да престанат да ме тепаат.
Еден од нив ми стапна на градите и со чизмата почна да ми го стега срцето. Замолив: - Убијте ме...
- На Макронисос не убиваме, - рече оној што ме газеше со чизмата. - На Макронисос не убиваме, - повтори. - Оттука не излегуваат херои. Оттука излегуваат само сакати, луди, црви или исти како мене, како нас, и - покажа на своите.
Ете, - доврши човекот - четврти ден сум тука.
Долго молчеше. Воздивна долго и тешко и ме праша:
- А дали можеш да станеш?
Климнав со главата дека можам да станам.
- Стани, те молам, - рече молбено - и погледни дали се уште стои бандерата...
Не разбрав што сака човекот. Тој го забележа тоа и пак рече:
- Стани и погледни дали тој се уште стои... Станав. Мачно стигнав до прозорецот. Погледнав.
- Го гледаш? - ме праша. - Го гледаш ли?
- Кого? - прашав вчудовиден.
- Па човекот што стои потпрен на бандерата... Зар не го гледаш?
- Да, го гледам. –реков.
- Што прави?
- Стои со подигнати раце...
- Стои... Браво... Стои таму уште пред да ме донесат мене тука...
Браво...
- Свети ли сонцето? - ме праша еден што лежеше во ќошот.
- Не зборувај со него! – ми подвикна давеникот.
- Тој потпиша...
- Да, - се слушна гласот од ќошот - потпишав!...
Свртев, глава и на креветот видов мумија во бело. Во преврските нешто се движеше и имаше глас на човек.
- Потпишав, - пак викна завитканото. - Потпишав, потпишав, потпишав... Откако ме извадија од гробот ме испрскаа со нафта и ме запалија. Горев како ламбада... Тука, на овој кревет се освестив и кога отворив очи ми го покажаа листот со мојот потпис. Цело име и презиме... Тука, на овој кревет, јас, изваден од гробот и направен ламбада... потпишав... Само, вие кажете ми - викаше завитканото – кажете ми кој нареди да им го предадам оружјето на Англичаните?
Кој?! Моето раководство! Кој е предавник?! Кој?! Не сакав ни една, ни друга пушка да земам. Ја имав цели четири години, чесно ја употребив за татковината, бидејќи го туѓинецот. И едните и другите ме нарекоа предавник. Едните затоа што се борев против Англичаните, во декември во Атина, а другите затоа што не сакав да го предадам оружјето. Но го слушав гласот на партијата и го предадов. И тогаш и едните и другите ми рекоа: “Кало педи!
Паликари!” (Добро момче! Јунак!). Кога почнаа да се полнат шумите и планините и едните и другите поитаа по мојата душа. Плукнав на навредата зашто душата ми беше таму каде што орелот лета високо, ама хитите и мавроскуфите ме зграпчија... (фашистички националистички организации, соработници на окупаторот, а потоа на Англичаните.) Потпишав... Потпишав... Како да сум го посрал сопственото лице...
Во собата влезе висок, сув и блед маж. Рацете, завиткани во преврски, ги држеше пред себе. Ме погледна и ме праша:
- Вие сте нов? Потпишавте?
- Не, - реков.
- И немојте. Ништо не вреди. Јас по налог на партијата потпишав во 1936 година. И се досега сум пример на партиски предавник. Се борев во редовите на ЕЛАС, но другарите никогаш во мене немаа доверба. Но, ете, жив сум. Барем досега. Се борев против Италијанците, Германците и Бугарите, а на крајот и против Англичаните и хитите и мавроскуфите... Против Англичаните се боревме ние во Атина, нашите сојузници, разбираш? Ние, илјадници, се боревме против туѓинците. Затоа денес толку многу не има тука. И пак бараат да потпишам, да се покајам затоа што не ги сакам Англичаните, не ги сакам Американците, а ми велат дека ги сакам Русите, Бугарите дека сакам на Македонците да им ја дадам Македонија. Јас ги сакам Грците и сите што ги сакаат Грците... Да, ги сакам и Македонците, зашто и тие се бореа против тугинците во истите ровови во кои што се боревме и ние... А дека црвецот на великогрцизмот сите нас се уште не јаде, ние сме виновни што не умееме да го гледаме светот со отворени очи и сакаме да бидеме секогаш затворени во венците на славата што ја влечеме од старите Грци...
- Не е вистина, - викна давеникот. - Па нели нашите патриотари ја пеат онаа, како е, чекај “На пат за да ја земеме Москва, ќе останеме на починка во Софија за да се напиеме по едно кафенце”, така некако, нели? Некои за Индија сонуваат, правот, велат што легнал по славните патишта на Александар Велики, треба да се избрише...
- Го бараат презирот,- рече високиот. – Го бараат презирот да ни го залепат на чело... Тоа значи да потпишеш...
- А мислиш дека самоубиството - викна завитканиот во преврски - за такви како нас е подостоинствено?
- Тука е достоинство... Што е достсинство тука? Знае ли некој од вас? Зар е достоинство да си само живо орудие без сопствено мислење? Што е достоинство? Умираме по сувите острови, гинеме по карпестите планини, како овни не колат во сопствените куќи и ниви и не покажуваат пред кафеани обесени на столбови. И светот, таа голема ороспија, ништо не вели. Има ли тој совест штом така мирно го гледа сево ова? Па тогаш, зошто, прашувам, за достоинство? Јас, ти, оној што се удави во вреќа, девојките и момчињата што гинат по планините, прогонетите, испадените, оние што гнијат по затвори и логори, можеби ние сме достоинството на светот?
- Па, сигурно, _ се одгласи завитканиот, - достоинство не е со заби да си ги кинеш жилите, нели? - потсмешливо закркоре мумијата.
... – Да... - изусти нововлезениот. - Со запалени цигари, а потоа со вжештени железа ми го гореа телото. Тешко ми беше и не сакав да викам од болка. Ама се уште имав сила со заби да си ги раскинам жилите од рацеве и кога видов како потече крв, тогаш си реков, ете им дојде крајот на моите маки. Но не ме оставија да умрам. По ден или два ќе ми ги одврзат рацете и пак ќе се најдам во котлината на смртта...
- А каде си бил? - праша, давеникот.
- Ме однесоа да ги видам мачките. Знаете, тука во близината има неколку кафези со мачки. Убаво ги хранат. Па и треба. Тие мора да бидат силни. Учествуваат во делото за национално превоспитување...
Ги гледав и си мислев: со која од вас ставени во една вреќа ќе бидам спуштен в море од високата карпа? Која од вас ќе ми го распара лицето, ќе ми ги извади очите ќе ми го раскине грлото и ќе ми ги распара градите, борејќи се за сопствениот живот? Која? Одете, погледнете ги. Можеби ќе се спријателите и ќе ви биде полесно во иста вреќа?
Надвор се слушна строево чекорење и песна:
Макрониси семно, скапанеон ангали, (Макронисос скромен, прегратка на пионери)
мја патрида ироон ме докса мегали, (ти си татковина на херои со голема слава)
мја патрида мегали, трани к' охи склавон, (голема огромна татковина, но не на робови)
и фовера к' о тафос тон варварон Славон. (и страв и гроб на варварите Словени...)
А од другата страна, откај шаторите, каде што беа сместени оние што потпишаа изјава за покајување и се пријавија во баталјонот што требаше наскоро да замине на фронт, запеаја:
То прото тагма Макронису (Првиот баталјон на Макронисос)
миси тора то Слависмо... (сега го мрази словинството...)
Мумијата од ќошот се помрдна и ме праша:
- Свети ли сонцето?
- Не, - реков. - Потона во морето...
Мракот полека навлегуваше во собата. Надвор се слушна силно и пробивно викање:
- Воитјааа! Ме скотонун! (Помош! Ме убиваат!)
На Макронисос ноќите се многу мрачни. Ги осветлуваат само светлечките куршуми на митралеските и автоматските рафали. Бијат од сите страни. Фрчат куршуми од сите страни. Одеднаш престануваат, чиниш колку за да ги сменат шаржерите и одново почнува стрелбата. И тоа е начин на национално превоспитување.
Велат: челичење на нервите, подготовка за борба. По стрелбата човеколиките почнуваат да викаат, да извикуваат пцости. А таму, во котлинката, почнуваат измачувањата. И слушаш само викотници:
“Воитја! Ме скотонун!” Во ниедно време човеколиките, со кучешки маски на лицата, влегуваат во шаторите и првите што ќе им паднат на дофат со тупаници ги тераат надвор. А надвор чекаат пустидес (педери), исто така со кучешки маски на лицата. И почнува ритуалот на дивјаштвото...
Потоа тишина. Кратка, но каква блажена е тишината кога престануваат лелеците, кога од пред окото се тргнува грозотијата на смртта и кога на небото светнува некоја ѕвездичка, кога одвај успеваш да го доловиш тивкиот морски бран. И дури во таа тишина успеваш да помислиш дека низ своите маки, со своето страдање, и покрај тоа што од тебе направиле сенка урнатина, смогнуваш сили со презирот да ги наткрилиш своите мачители. И се прашуваш што ли не роди тој крш што денес го викаат Грција?
Кога изгреа сонцето завитканиот во преврски замоли:
- Погледни, молам, свети ли сонцето?
- Свети, - реков.
А оној што го давеле, покажувајќи со очите кон прозорецот, рече:
- Стани и погледни дали уште стои?
- Сонцето свети и човекот стои, - реков откако погледнав низ прозорецот.
И ми се чинеше дека истото прашање го поставуваат за човекот што стоеше под бандерата сите оние од котлината на смртта од истурените шатори, оние што со наведнат поглед погледнуваа накај столбот, носејќи ги на врвот големите камења по патеката со расфрлени парчиња бодликава жица, тапкајќи по неа со боси станала, и оние кои папсани ги трпеа ударите со кундаци и челични камшици.
- Стои, - реков. - Само рацете му се прекршуваат во лактовите.
Ете, притрчува водникот и му ги подига. Му удри шлаканица... А тој стои... исправен е... Само стапалата му се многу отечени и му изгледаат како подуено шкембе. Чевлите му се искинати и стапалата му излегле надвор... Цел рој муви по неговото лице, по мевот, по рацете и отечените стапала...
- Што прави? Гледа ли? - праша оној што го давеле.
- Ми се чини дека гледа ту во небото, - реков
- час во бескрајот на морската шир и мрда со усниете...
- Пее, пее; тој пее! - викна оној со исечените жили. - Пее, но не се слушат неговата песна, не се.слуша неговиот глас...
Попладнето човекот, што стоеше дванаесет дена, умре стоејќи.
Како му беше името? Сите го викавме: човекот што стои. Умре стоејќи. Умре простум. Човеколиките брзо го тргнаа. И насекаде се слушаше ракоплескање. Сите ние што бевме во болницата застанавме крај прозорците и ракоплескавме. И одеднаш влегоа двајца со чукала в раце. Удираа. По првиот удар што го добив по глава, паднав. Ми се чинеше дека сум во некој круг од кој нема излез. Силен крик ме освести. Отворив очи и тогаш врз моето лице се спушти поткована чизма. Не знам кога ме легнаа на дрвениот кревет. Мрднав со рака, мрднав со нога. Жив сум, си реков. Од увото ми течеше поројче крв и се цедеше на камениот под. Капката удираше врз капка, се распрснуваше, врз неа паѓаше нова и растеше купчето пивтија. Така избиени почнавме како молитва да ја шепотиме стихотворбата:
“Анакриси триту ватму” (“Истрага од трет степен” - стихотворба од грчкиот поет логораш во Макронисос, Андреас Леондарис (превод П.
Н.)).
Се откажувам од секавичната слава на мојот ум. Се откажувам од огнените таги на моето срце. Само немојте венци од железо да ми стегате, само менгеме и ченгели не ставајте ми на слепоочниците. Се откажувам! Се откажувам! Само оставете ме да живеам! Моите црни денови, моите бели ноќи ги проколнувам, ја немаат вредноста на еден џган и партал. Само немојте на врат да ми врзувате врвца од свила.
Се откажувам! Се откажувам! Само оставете ме да живеам! И верниот поглед на старите другари го плукам и ви откривам јавки скришни. Само раце и нозе одврзете ми, зашто и онака не можам да се обесам. Се откажувам! Се откажувам! Само оставете ме да живеам! Се откажувам од главата на татко ми, кој заточението го влече како чемер. Само не кршете ми го стапалото и не горете ми ги слабините со цигари распалени. Се откажувам! Се откажувам! Само оставете ме да живеам! Се откажувам од молчаливиот поглед на мајка ми И со гнасење го повраќам светото и млеко Само изгасете од рефлекторот една капка и не фрлајте врз мене повеќе вода. Се откажувам! Се откажувам! Само оставете ме да живеам! Се откажувам, љубов, од твојата топла воздишка и од моето розово ангелче кое во среќна лулка лежи. Само немојте повеќе пред мојата решетка да го довлекувате нивното плачливо бреме. Се откажувам!
Се откажувам! Само оставете ме да живеам! И ако нешто постои исправено, па дури да е свето и славно го откажувам со желба и доброволно се до дното, само немојте повеќе под ноктите со спици, немојте сол во раните и вода до збеснување. Се откажувам! Се откажувам! Само оставете ме да живеам! Ах! Колку добро! Сега ќе живеам! И сега земете ме ако ви чинам, штом до тоа ме доведовте:
тело во рани, снеможено од болка, недостоен дури и да умрам...
Ја шепотевме за презир, зашто презирот помага да се опстојува, да се живее. Ама колку долго? Веројатно онолку колку што си присакува човек и од работите што се викаат сонце, цвеќе што разубавува облагородува... туку, ете, некој друг, исто така плод на природата, според силата на својата одроденост и отуѓеност од човекот и на самата природа и го обез личува ликот.
Во Макронисос, реков, не дозволуваат да умреш. Таму смртта е благодет, спас. Таму смртта е забранета. И таму се ништожни човековите желби затоа што таму е пренесен дел од насилството што се врши во цела Грција. И во таквиот свет е забрането човек да има желби како што во светот на религијата е забрането да имаш и да веруваш во повеќе богови...
Една ноќ не однесоа во котлинката каде што е сместен логорот за жени. Стоевме во строј по еден и гледавме како ги тепаат. Во мугрите пуштија волчјаци. Лаеж кучешки и женско лелекање и пискот.
Истрелаа црвена ракета и кучињата се прибраа во кафезите. Во изгревот на сонцето ги собираа жените.
...И јас решив.
Утрото се јавив кај водникот и му реков:
- Господине, одведете ме кај командантот на А2.
- Зошто? - ми се оџвари тој, но јас упорно настојував. Ме одведе.
Застанав во став мирно, онака војнички, рапортирав и реков:
- Господине мајоре, дозволете ми да потпишам... се покајувам...
Мајорот без збор ми подаде хартија и пенкало, велејќи:
- Повели, педи му (дете мое), врати се во прегратките на татковината.
Потпишав. Се исправив. Стоев во став мирно. Мајорот погледна во хартијата и, откако го прочита моето име и презиме, со заповеднички глас викна:
- Војнику Харилае, врати се во стројот и верно служи и на татковината!
Јас стоев.
- Војнику Харилае, сега врати се во стројот!
- Господине мајоре! Дозволете ми да се пријавам во баталјонот што се подготвува за на фронт!- отчукав војнички.
- Браво! Браво! викна мајорот. - Најпосле ја сфати својата грешка... Браво! Мајката татковина ти простува, педи му! Врати се во стројот! Скопос (стражар)!
На вратата се појави стражарот и, по наредба на мајорот, ме одведе во баталјонот. По два месеца вежби во Макронисос, баталјонот стигна на Грамос. Така јас излегов од пеколот... Влегов таму низ тесното вратиче што води кон измачувањата и излегов низ истото тесно вратиче зад кое останаа десетици и стотици кои не сакаа да погледнат кон вратичето низ кое излегов јас. Излегувајќи, во нивните измачени, и страдни очи гледав само презир. И во моите очи имаше презир и решеност. И во првиот јуриш, јас, митралезецот на втората десетина на четвртиот вод, штом се најдов на дваесетина метри пред четата, се свртев, погледнав во момчињата со англиски шлемови и почнав да пукам по нив, не... почнав да пукам по Макронисос... Го фрлив празниот шаржер и ставив нов и рафал...
Залегна четата. Вашите тргнаа во јуриш. Стоев исправен и, кога се доближија вашите, го фрлив митралезот. Не успеав да подигнам раце.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/postela-za-chemernite/2 на 29 октомври 2026