ПОСТЕЛА ЗА ЧЕМЕРНИТЕ – 13 - Part 03
Веровит е патот, што го изоди дотука и за вероотстапник него не го бива. Не дека ништо не го ветроса. Го ветроса, ама преку тоа тој се вживи, се вжили и се вжешти, се вѕвери. Така откако се замолчи, без замолчување по истиот пат. Исправен, без занеменост, без заостанување, узреа. За избав никого не молел. Идолопоклонички пред никого не неведнал глава. Не извалкал образ. Го делкале неговото стебло, но глужд до глужд останало црно, испупчено. Врз него се напишани имињата на логорите и затворите и останале лузни од зараснати рани. Затоа имела не го удира. И во најлошото. Искован, исткаен и скроен од вековите поминати во црнина, го разјадувале црнила. Ни искорнат, ни исплевен, но најмногу понижуван. А сега е како камен кој, помрднат од своето место, не фаќа трева. Така едноног, сакат, седи во бозјакот крај прашливото џаде, испоганет од погани усти, но не испостен. Се уште верува, се уште гледа и се вгледува во ноќта. Осамен е тој во мракот, во тој прав без дно, сам е со своите желби и надежи.
“Ќе се истргнам и од овој мрак, ќе го истресам правот што овојпат и на овој пат легна врз мојов шинел, ќе се истурам на широк мегдан, ќе исчекнам и не итаница, ами полецка ќе стигнам онаму кај што ме чекаат другарите. Не како алчен јадач, ами во првиот ред за в бој...” Пребледе, посиве небото. Беловина се појави на врв рид што вишнее отаде шума. Врз дрвената нога капки роса. Во првите зраци на младото сонце одблеснуваат бисери. Прекршен, наведнат синчец рони солзи роса.
ПОСТЕЛА ЗА ЧЕМЕРНИТЕ - 15 ПО ПОЈАДОКОТ, пак удрија на шината. На собиралиштето построени мажи, потаму жени во молк.
Високиот со чистите чизми врши преглед. Кузе, со главата стуткана во тесните рамена, стои пред него кисел и овенат.
- А тебе што ти е, бре, што си толку блед?
- Стомакот, стомакот, другар, - прошепоти Кузе и тој миг му закркорија цревата.
- Што ти е?
- Дезентерија... – прошепоти срамежливо тој и со крајот од окото погледна во високиот.
- Марш, серко! Посрани борци не ми требаат!
Кузе не чека да му повторат. Држејќи се за мевот, вјасаница потскокнува и го снемува во бараката. Легна на својата сламарица, се покри со козинениот покривач и зајачи колку што можеше поболно.
ПОСТЕЛА ЗА ЧЕМЕРНИТЕ - 16 ОД КОЊУШНИЦАТА, во која се сместени падавичарите, тивко, молбено, жалосно, набожно и трепетливо се шири пеење:
Црнеј горо, црнеј сестро Заедно да црниме…
Појот паѓа како да се губи во некоја глува шума и наскоро, чиниш од далеку, испрекинато, нескладно, длабоко, осамено, преполнето со солзи и пејовито се премотува непремолчано, се прекршува, се пренесува и пронижува преоѓа во тажновито, молбено и осамено битисување:
Твојте лисја, горо сестро, Пак ќе ти се вра-а-а-тат, А мојата младост, горо, Нема да се вра-а-а-ти-и-и...
Ветрот што дувна ја растури песната по сите бараки и коњушници и ја пренесе отаде бозјаците. Реткото пеење во Прењес е како сновидување. Тука песна се слуша само од звучниците. Доаѓа некаде од далеку, осакатена, кркорлива, некако скршена од планинските врвови и долови, од ветриштата и виулидите; во неа има нешто кобно, зашто, откако замолкнува звучникот, во бараките и коњушниците почнуваат намнисувања, плачења редења:
Твојте лисје, горо сестро, Пак ќе ти се вратат...
допира гласот на падавичарите и веднаш носи со себе тага и болка за загубеното. Тенорот го подига последниот збор и гласот останува за миг да виси во растреперениот ноќен воздух и секнува песната колку за да чукне срцето посилно, градите да се наполнат со воздух.
А мојата младост, горо сестро, Нема да се вратииии...
Се пренесува појот и растура зад себе тага. Во бараките и коњушниците длабоки воздишки. Во бранови надоаѓа болка Старци со цигарите в шепи, седат на праговите, гледаат во небото, навезано со ѕвезди и воздивнуваат... Кратката тишина што настанува од еден до друг збор, од една до друга воздишка, ја пресечува високиот тон на тенорот кој најдолго ги влече зборовите “нема да се врати...” Страсната тага по оставената младост во карпите, ридиштата, доловите, осојнините, припеците, шумите и снеговите на Македонија, се прекршува во зарипнатите и гладни грла на падавичарите.
Ноќта мириса на правот што пред зајдисонце го дигнаа камионите и луѓето што трчаа зад нив. Во воздухот се уште се чини дека висат викотниците и лелеците. Врз изгазената и исушена трева, врз топлите покриви и врз калдрмата и бозјакот легнува свежа роса. Отаде река заквилува ноќна птица, меѓу бараките прелетува лилјак. Високо полна месечина. Над Прењес ведрина, во Прењес тага, болка и чемер... А појот, ту близок, ту далечен, ту длабок и растреперен, нескладен и испрекинат, се растура во ноќната тишина тажновито и пејовито, потсетувајќи на еднаш изминатото време што наврапито го однесоа и го однесуваат времињата крвави и мрачни... И се оддалечува појот, се подалеку подалеку...
ПОСТЕЛА ЗА ЧЕМЕРНИТЕ - 17 ПАНДО И НУМО седат скраја од полјанката и, влечејќи го сертиот чад од крупно дробен тутун, ги гледаат момчињета како вежбаат.
- Налеооо круг! - командува високо и суво момче во долги војнички панталони и широка блуза со ракавите искинати на лактовите. Свртуваат и рамномерно удираат строев чекор. Од под искинатите цокули пуфка прав. Исправени и загледани пред себе, маршираат занесено. Ешалон зад ешалон, во рамни редови, свртуваат и се посилно се слуша нивниот чекор.
Од долу, откај тунелот, над џадето се дигна прав. Само неколку мига потоа на свијокот се појави џипот. Се дотркала до полјанката и застана. Штрака моторот.
Високиот исправен со цела висина, стои, држејќи се со едната рака за предното стакло.
- По-оо-здрав!!! - викна суволикото момче.
Водовите секавично свртуваат глави кон џипот. Промаршираа со оптегнати раце крај телата, со закован поглед во двајцата офицери на ДАГ. Шоферот, навален со десниот лакот на воланот, ја ниша левата нога што му виси надвор од џипот и сосила се обидува со плунка да го погоди каменот што лежи на два-три метри потаму. Откинува ново стракче трева, го џвака и, откако устата му се наполнува плунка, ги токми усните и, како гуска што тешко голта, ја подава брадата, си го оптегнува вратот и исплукува низ заби.
Високиот му се обрати на сопатникот без да го гледа:
- Одлично, нели? Рече дека ги има илјада и двесте, нели?
- Толку.
- Кој беше тој глупак што нареди да се вратат? Па тоа е цела бригада, нели? И сега, кога најмногу ни треба војска, некој таму, нетокму човек, нареди да ги вратат и да маршираат на полјанкава?
Шоферот пак плукна низ заби и полека исцеди:
- Водачот, другар, наредил, водачот...
Високиот сврте глава, косо погледна во шоферот и просаска:
- Ти многу знаеш...
- Знам, зашто бев таму.
На полјанката се појавија нови четири ешалони. Се доближуваа со маршов чекор до џипот. Одеднаш зад нив се нададоа нови ешалони и до Нумо и Пандо допре песна. Оние од џипот се погледнаа в очи и високиот праша:
- А ова што е, пак?
- Песна, - рече шоферот.
- Знам дека е песна. Не сум глув. Песна, ама каква?
- Војничка, а во случајов парадна... Нумо се наведна кон Пандо и полека му рече:
- Пеат слушаш, нели?
- Слушам... Првпат ја слушам.
- Маршот на осумнаесеттата бригада...
- На онаа во која има најмногу наши?
- Аха! - потврди Нумо.
- Туп-туп-туп! - удираат момчињата загледани пред себе.
Командирот што маршира отстрана, не заповеда “Поздрав”. Високиот и овојпат стои исправен и војнички поздравува.
- Одлично! Одлично! Одлично! - се восхитува. Овие уште денес би ги пратил на Вичо. Уште денес... Цела бригада... Одлично! Браво!..
А што е тоа? - му се обрати на оној што стои до него.
- Што? - Тој си ја покри устата со дланката. Се кикотеше.
- Виде ли?
- Видов... Се сопва момчето, што да му правиш...
- Не смее да се сопнува. Тој е во строј, нели? Не смее, велам, да се сопнува. Командирот на четата вечер да се јави кај мене на рапорт.
Како смее никоквецот, да дозволи да му се сопнуваат војниците во марш а?
Со нашиот командант Војната, Со нашиот македонски дух, дух, дух!...
Ечеше Маршот на Осумнаесеттата бригада на ДАГ. Високиот намршти веѓи. Му се обрати на шоферот:
- Ја истрчај и пренеси им ја наредбата да престанат да пеат.
Шоферот мрзливо се помрдна и во тој миг одекна команда:
- Батаалјон! Стој!!! Нале-е-е-о!
- Да одам? – праша шоферот.
- Не треба – рече високиот. Слезе од џипот и мрзливо, со чекор на овца болна од шап (го стега левата чизма – “Тој пезевенк шофер-аѓутант, мајка му, пак не ми ги измачка чизмите со лој” – просаска)
им се доближи на челите.
Нумо истиот миг му рече на Пандо:
- Ајде да си одиме. Не би можел да ја слушам оваа позадинска вошка.
Високиот се сврте и му даде знак на шоферот да го следи со џипот. Застана и чекаше додека не стигна возилото. Откако се качи рече:
- Поефектно ќе биде да им речам неколку зборови оттука, отколку од долу...
- Секако. Кога доаѓаат зборовите од повисоко паѓаат подлабоко...
- Или ги однесува ветрот - дополни шоферот.
Високиот не издржа и налутено подвикна:
- Слушај, Коста. Ти со тие твои глупави дофрлувања ми одиш веќе на нерви. Претпоставен сум ти или не? Сум! Те доделија од командата како мој шофер или не?
- Како шофер да, ама не и како слуга...
- Не слуга, туку аѓутант.
- Море остави ги ти аѓутантите. - Тој плукна настрана, ја забави брзината и додаде: - Доста ми е ова возење од болница до болница, од кујна до кујна и...
- Да го сметам ова за непослушност? Така? Ако е така, тогаш уште денес, со првата колона можам да те пратам на фронтот. И да знаеш дека, откако ми го снема пиштолот, јас не те гледам благонаклоно.
Замисли си - му се обрати на сопатникот од кола да ти го земат пиштолот, а овој си мисли дека го имам само за мустра... Застани токму до оној камен, слушна?
- Не сум глув.
Коста веќе четири месеци му е доделен на овој човек кој за фронтот знае онолку колку што чита во весниците и колку што му раскажуваат оние што се враќаат оттаму. Чист, секогаш избричен и, веројатно поради неговиот начин лесно да воспоставува контакти со луѓето, а уште повеќе да ги загрева со својот богат речник и одлично глумена гестикулација, направија од него политички работник.
Претходниот шофер (се зборуваше) не издржал со него ниту еден месец. При првата можност се качил во Сук на камионот што враќал оздравеници на фронтот. Коста, кога дозна од командирот на втората механизирана колона со седиште во Корча, дека ќе вози некој офицер на ДАГ, замоли:
- Другар, командир! Ве молам, не правете ми го тоа. Ќе ми се смеат другарите.
- Зошто? Зошто да ти се смеат другарите?
- Па јас, возач на десеттонец натоварен со топовски гранати, со илјадници фишеци, со нагазни, рачни противтенковски и што знам какви не други мини и гранати, да возам, да талкам од логор до логор, од болница до болница и да слушам како се лигави некоја заднинска гнида... Немојте, другар командант, не правете ми го тоа... Што, сакате да ме острамотите? И верувајте, ама навистина верувајте, јас не знам да возам џипови. Воланот ми се лизга од прсти... Кој слушнал, Коста, значи јас, да вози гниди, а?
- Наредбата е потпишана, Коста, и не расправај се со мене. На извршување!
- Разбирам! - подигна рака за поздрав и, откако постоја уште малку, рече: - Разбирам, ама да знаете, другар командир, дека јас таму нема да бидам добар шофер...
- Тоа ти е воена задача, разбираш?
- Разбирам, ама мене не ме бидува за таков возач. Другар командир, а знаете ли зошто Сотир е в затвор? - и без да чека дозвола, Коста продолжи: - Затоа што не можел да ја трпи таа гнида што ја возел. Од него направиле прислужник. Чизмите, Сотире, коланите, Сотире, брилјантинот, Сотире, јајцето, мајката твоја, е тврдо, а сум ти рекол да биде меко, и на човекот му дошло преку глава и му го попарил скутот со жешка вода небаре котлето му паднало од раце... А тој, гнидата, го набедил човекот и ете сега, како што слушам, седи во затворот во Нивици и изнесува и истура во езерото кофи лајна... Зар и јас до таму да дотерам?
- Ако бидеш будала како него, можеш и подалеку да дотераш.
Биди умен, па нема да изнесуваш кофи...
- Нема да изнесувам кофи, ама цела кола лајно ќе возам. Е, море, Јован, командире мој. Ние сме едноселани, а ти ме праќаш таму. Зар мене најде да ме избереш? Што сум ти згрешил, а?
Јован му се доближи и, фаќајќи го за рамената, му се загледа в очи и му рече:
- Коста, послушај ме и нема да зажалиш. Нема да се влечеш по цели ноќи со тој твој десеттонец. Барем си заслужил и под сенка да седнеш и во чиста постела да легнеш...
- А ти мислиш дека тоа е награда за мене? Колку пати те молев да ми дозволиш да одам на линијата, во бој, а ти - молчи и молчи, тука си попотребен, шофери немаме, шофери ни требаат, борба се води...
И таму со тој расклатен џип да талкам по патиштата на Албанија и да ми се смеат луѓето. А знаеш ли што ми рече вчера еден од оздравениците? Не знаеш? Е, па слушни. Вие, вели, со камионите само ту-ту ваму ту-ту таму, кокошка на пат ќе згазите сосе пердуви ја јадете, та затоа газиштата ви се толку дебели. Таму, таму да ве видам, а не Корча-граница-граница-Корча. Само рачишта и газишта имате, а ум ниту драм. Од седење вели, газиштата ви окапаа, од вртење на воланот, вели рацете како на мајмуни ви се искривија пфу! Како во лице да ми плукна. А ти ми велиш дека јас сум заслужил да возам џип... за да ми прди зад грб некоја заднинска вошка. Тоа ли ми го сакаш, а? Така ли ми се зблагодаруваш? Па знаеш дека јас сум те извлекол од бункерот што гореше. А ти, побрза да кажеш дека сум бил шофер и сега ете, на! Ме пикнале во кабина. А знаеш ли дека секој ден цревата под грло ми висат од тоа тресење? Ти седиш тука, командуваш, си плукаш на моливот и пишуваш кој каде, кога и што ќе пренесува.
Јован седна на клупата запали и рече:
- Истресен си, Коста, и ми се чини нетокму си.
- Ете, сега и луд ме направи...
- Да не зборуваме повеќе. Ти си одреден. Преземи ја должноста и збогум.
- Што? Зар нема да се видиме?
- Кој знае... Војна е... И јас одам долу, на линијата. Успеав да добијам прекоманда. Всушност, ме сменуваат од оваа должност. Ми предложија и натаму да останам во колоната, ама јас побарав да одам на линијата. Ми одобрија. Вечерва заминувам со првата група камиони. Затоа те праќам таму... Остани некој месец и побарај прекоманда. И немој да лудуваш. Не се знае кој ќе ти падне да возиш.
Гледаш, никој не ги носи еполетите. Може да е некој мал по чин, а може и некој голем... Чувај се... А сега, да се збогуваме и на извршување.
Се прегрнаа, потоа силен стисок на рацете, војнички поздрав.
Коста, пред да ја затвори вратата, слушна:
- Аха, слушај, ќе заборавев.
- Кажи, - рече Коста.
- А знаеш ли како се вари меко јајце?
Обајцата се насмеаја гласно. Само една недела подоцна Коста и Јован се сретнаа во болницата во Елбасан. Коста како возач на Високиот, а Јован закован за креветот.
- Ете, - прошепоти Јован – стигнав и јас.
- Многу си удрен?
Ме прожица во дебелото месо. Добро што коската не е повредена.
Велат месец или два и пак долу. А ти, како си ти?
- Ете, ја возам гнидата...
- А ремените, чизмите, јајцето?...
- Доста, жити Бога... И тоа го правам, ама обратно. Се наопаку.
Тој почна да се нервира и верувам дека наскоро ќе ме испади, и тоа со лоша карактеристика. Значи, право на линијата. Држи се. Таму ќе се најдеме. Денес одиме за Сук. а утре, можеби на враќање, ќе го наговорам да навратиме тука. Ќе се погрижам да ти донесам цигари или тутун.
- Слушај, Коста. Минатата недела, кога поминувавме по Прењес, знаеш кого видов? Нема да веруваш. Нумо.
- Кој Нумо? Чекај, чекај... Да не е Нумо... Нумо Дамовси?
- Да, Тој.
- Ајде, де?!
- Го видов од камионот. Клинка човекот, се потпира на патерица и нешто вика. Камионот помина покрај него и го познав по гласот. Ист, бре. Знаеш каков глас имаше. А како пееше!...
- Чекај, бре Јоване. Јас често сум во Прењес и како да не го препознам? Велиш со една нога? Море ми се чини дека секогаш гледам еден таков. Не сака пред себе да го види Високион. Ене, оној таму, што зборува со сестрата. Го гледаш? Е, ако успее да ја наговори, уште во текот на ноќта ќе бидеме тука. Тој штом ќе се загледа во некој, како куче е. Ајде, остани ми со здравје... А искрено, да ти кажам, требаше главата да ти ја прониже, а не дебелото месо.
Најде каде да ме пратиш. А Нумо ќе го побарам, задолжително ќе го побарам.
Возејќи сега кон ешалоните што стојат построени, Коста ги преџвакува овие разговори и веста дека Нумо Дамовски е во Прењес и размислува што да направи наопаку за да го слушне од својот претпоставен она “Ај сиктер, паљопедо” (уличар, арамија) и барем половина час да биде слободен.
- Вози и ти како да си на парада! Заповеднички му се обрати Високиот на Коста.
- Разбирам, другар, ами од кај да знам како се вози на парада, кога никогаш не сум возел?
- Исправи ја тиквата, достоинствено гледај пред себе и не туку треси го џипот.
Коста ту го притиснува, ту го олабавува педалот за гас и притоа џипот потскокнува или сосем се смирува, а Високиот не може да си ја одржи рамнотежата.
- Застани ! - нареди Високиот кога се доближија на десетина метри.
- Значи, слободен сум за час-два? - праша Коста.
- Не! Веднаш тргнуваме за Елбасан!
Коста се навали со десната рака на воланот и мавта со левата нога што му виси надвор од џипот. И тивко, колку за себе, слушајќи го говорот на Високиот, вели:
- И така натаму и така натаму... куцо петле на ист плет пее и на исто буниште чепка... Амин! - рече кога двајцата се качуваа во џипот.
Му се обрати на Високиот:
- Ама говорче, топ!
- Јас можам и подобро, ама што можеш на дечишта да им зборуваш?
- Дечишата, велиш, а пред малку им се восхитуваше и сакаше да ги вратиш на линијата, па и идиоти ги нарече...
- Сказмос, ре пусти! (молк, педеру) Ако слушнам уште еднаш да ми зборуваш вака, не на фронт, туку во лудница ќе те пратам.
Каталавес! Сказмос! (Разбра! Молк!) Пали го моторот и вози назад во Елбасан.
Коста го сврте клучот, моторот се искашла и престана. Пак го сврте клучот и пак истото.
- Што му е, бре, мајката? Нели беше одличен?
- Им реков јас на оние во Граждано (село во Преспа каде што беше сместен Главниот штаб на ДАГ) дека не можеме да ја добиеме борбата со стари, американски џипови. Им реков, и тоа двапати. - Се сврте кон момчињата. Тие веќе беа растурени по полјанката и се оддалечуваа накај своите шатори. - Е, педја! Педја! (момци! Момци!)
Никој не сврте глава. Високиот викна уште неколкупати и, откако виде дека напразно вика, му се развика на Коста:
- Толкупати сум ти велел џипот да го вардиш како сопствените очи! Што ќе правам сега без џипот, а?
Коста си ги собра рамената и тивко изусти:
- Па, да турнете малку, можеби ќе запали...
Двајцата офицери слегоа и почнаа да туркаат. Џипот полека тргна напред, тешко потскокнува по нерамнините, Коста го свртува клучот, моторот закашлува.
- Побрзо, побрзо, - вика Коста, држејќи ги нозете сплетени под своето седиште. - Уште малку, уште малку! Побрзо! Побрзо! - Во тој миг го сврте клучот, префрли во втора брзина и, штотуку забрмче моторот, тој исклучи. – Ама, реков, другари побрзо. Зар не видовте дека запали штом се зголеми брзината? Ајле одново. Сега, уште, уште, побрзо, побрзо...
Излегоа на џадето. Високиот ја симна капата, си ја брише потта, плука настрана и пцуе.
- Арно реков јас уште вчера да те прекомандувам, туку си реков, нека остане. Стигнавме ли во Елбасан, по телефон ќе му се јавам на командирот на втората колона во Корча да ми прати друг шофер. А ти на линијата, на фронтот!
Коста се сврте, рашири раце и полека, цедејќи го секој збор, рече:
- Ебати ја УНРАТА што прати такви џипови... Зошто ли ги заробуваат нашите, самиот не знам. Вистинска тенекија, а не џип за офицери. Пфу!
- Сега што правиме, а? - праша висовикот.
- Ајде уште еднаш да се обидеме со туркање, - рече Коста. - Да ја претркаламе угорнинкава, па по удолнинката полесно, ќе биде да туркате...
- Зар сакаш цел пат да туркаме? - праша вториот офицер чие име Коста досега не го слушна, а лицето му го виде дури вчера во болницата во Елбасан.
“Си ги згоивте газиштата, вошки ниедни, тука, во албанското, а сега потуркајте малку, - си велеше Коста во себе и го фаќаше бес, гледајќи ги онака испотени како се бришат со бели шамичиња. - Само за говори ве бидува, за пароли, за мамење. Таму да ве видам, на линијата...
- Ајде, другари, ако сакате денски да стигнеме во Елбасан, потурнете. Сигурно ќе запали. Само да ја превалиме угорнинката, а удолу сам ќе се тркала. Готови? Сега! – викна Коста и нагази на сопирачката.
- Ајде, оооп! Уште малку - ја попушти сопирачката, џипот се дотркала до половина угорнинка и запре. Коста полека ја стегна сопирачката а оние одзади го ораат патот со чизмите.
Непознатиот се исправи и рече:
- Ај сиктер, панталоните ми пукнаа! Погледни!
Високиот, бришејќи си ги дланките, погледна и, како да не беше ништо, рече:
- Да... Во Елбасан ќе добиеш нови, не грижи се. Ајде уште малку, белки ќе запали, ѓаволокиот.
Запнаа. Џипот полека се помрднува, уште чекор, два и ја превали угорнинката.
- Сега надолу, другари, како во, напад, напред, другари!!! - викна Коста, држејќи ги нозете под седиштето. – Уште малку, уште малку и победата ќе биде наша... – се смееше тивко.
- Доста, - рече Високиот. - Коста, ти слези и зафати се со поправката на џипот. Јас и другарот ќе одиме до кај командантот на Прењес. Штом го поправиш, дојди таму. Само гледај што побрзо.
- Одете, другари, а јас белки дотогаш ќе успеам да го поправам.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/postela-za-chemernite/10 на 29 октомври 2026