Inhabited Places in Aegean Macedonia
III - МИГРАЦИОНИТЕ ДВИЖЕЊА ВО ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА (1919-1940) - Part 01
III - МИГРАЦИОНИТЕ ДВИЖЕЊА ВО ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА (1919-1940)
1. Иселувањето на Македонците во Бугарија и СХС Веќе укажавме на фактот дека во текот на балканските војни и Првата светска војна од територијата на Егејска Македонија емигрирале околу 50.000 Македонци. (26) Ова присилно иселување на Македонците сепак не ги даде очекуваните резултати за грчките власти, бидејќи во Егејска Македонија, земајќи го предвид природниот прираст на населението, и натаму останаа да живеат околу 270.000-300.000 Македонци.
Имајќи го предвид овој факт, Грците, со согласност на сојузниците, и наметнаа на Бугарија една посебна конвенција која се засновуваше врз член 56, ал. 2 од Нејскиот мровен договор. (27) Конвенцијата предвидуваше “доброволна” размена на населенијата на Бугарија и Грција. Ова намерно наметнување имаше за цел да го озакони принудното иселување на Македонците од Егејска Македонија во Бугарија.
Но и победената Бугарија не даде отпор, зашто и самата сакаше за сметка на Македонците да се ослободи од грчкото население што живееше во Бугарија, посебно во Пловдив и околината, како и во црноморските градови и села.
За таа цел беше предвидена и гарантирана отштета на нивниот недвижен имот, за што уште на 20 септември 1920 година беше именувана специјална комисија, позната како Грчко-бугарска мешовита комисија на Советот на Друштвото на народите. Во комисијата имаше и двајца странци, и тоа полковникот A. C.
Corfe. од Нов Зеланд и мајорот Mariel de Roover од Белгија, (28)
од кои едниот беше претседател, а другиот потпретседател. Во комисијата влегоа и еден Бугарин и еден Грк. Комисијата имаше за цел да врши надзор и да го олеснува иселувањето и обештетувањето на имотите на иселениците. Но, самата конвенција во практиката се покажа одвишна, како и формирањето на комисијата. За периодот од три години од именувањето и функционирањето на комисијата се увиде дека ниту Македонците, ниту Тракијците кои живееле во рамките на грчката држава, а ниту Грцијте што живееле во Бугарија, немале никаква намера доброволно да ги напуштат своите огништа.
За периодот од 1919 до есента 1923 година, користејќи ги услугите на мешовитата грчко-бугарска комисија, во двата правца биле иселени одвај 800 иселеници, од кои Македонци беа помалку од една третина, односно не повеќе од 250 души.
(29)
Меѓутоа, еден друг чинител за Македонците, и не само за нив, имаше мошне значајна последица за измените на етничкиот состав на Егејска Македонија, а тоа беше Грчко-турската војна од 1919-1922 година.
Мегалоидеатските аспирации на грчката олигархиска клика кон Мала Азија, посебно кон приморските делови на Мала Азија, кои ги сметаше за свои, како “историско право”, што наводно произлегуваше од некогашната Византиска империја, за чиј наследник се сметаше, ја доведе Грција во војна со многу посилната Турција. Оваа војна која траеше од 1919 до 1922 година и во која загинаа и многу Македонци од Егејска Македонија кои беа мобилизирани во грчката војска, заврши со тотален пораз на Грција. Турција ја искористи победата и на Грција и ја наметна Лозанската конвенција.Таа предвидуваше принудно иселување на сите христијани од турската држава во Грција, како и на сите муслимани од Грција во Турција.
Исклучок се правеше само за муслиманското население од Западна Тракија и за христијанското во Цариград, поради посебни долгорочни планови и на двете држави. (30) Во практиката, уште во текот на воените операции, во 1922 година, Турците насила го гонеле грчкото населние од малоазиското крајбрежје кое во текот на 1923 и 1924 година мораше исцело да се исели во Грција по силата на оваа конвенција. Грција се најде во крајно неповолна ситуација, зашто не само што беше војнички поразена и економски ослабната, туку засекогаш мораше да се откаже од сите великоидеатски планови за Мала Азија. Но, затоа ја искористи оваа прилика и голем дел од оваа грчка емиграција од Турција, која изнесуваше околу 1.230.000 лица, да ја насели пред се во Егејска Македонија. Тоа и даде можност од основа да го измени етничкиот состав на оваа територија. Така, во Егејска Македонија биле населени повеќе од 640.000 доселеници, (31) додека во меѓувреме, по силата на истаа конвенција, од истата територија во Турција биле иселени повеќе од 300.000 Турци и други муслимани од кои и повеќе од 40.000 македонски муслимани. (32)
Значи, ситуацијата беше искористена и за принудно иселување на Македонците. Под изговор дека се сретнуваат со тешкотии околу сместувањето на бегалците, во македонските домови насилно беа сместувани по едно и повеќе бегалски семејства.
(33) Оваа појава беше најкарактеристична во пограничните реони, со цел животот на Македонците да се направи неподнослив. Присилното сместување беше проследено и со одземање на ниви, инвентар и друга покуќнина. Не изостануваше ни физичкиот терор и други видови притисок.
Освен тоа, во цела Македонија беа формирани гонечки вооружени одреди, кои, под изговор дека гонат комити, ги малтретираа македонските семејства, вршеа масовни апсења, па дури и поединечни и масовни убиства. (34) Меѓу помасоните убиства заслужува да се спомне убиството на 19 македонски селани од селата Трлис, Караќој и Ловчен, кои, врзани, биле убиени на 27 јули 1924 година, (35) како и помасовното апсење на селани и граѓани од Лерин и Леринско воноември 1925 година, кога повеќето од нив биле осудени на смрт и стрелани, а другите биле осудени на долгогодишна робија. (36)
Многубројните терористички акции на овие вооружени одреди и сите други методи на насилство што се применуваа од страна на грчките власти, принудија голем број Македонци да се иселат во Бугарија, а еден помал дел и во Вардарска Македонија, односно во тогашната СХС, посебно во реоните Битола, Гевгелија и Струмица.
Според официјалните статистички податоци со кои располагаме, за периодот 1923-1928 година, под таквите околности во Бугарија се иселија околу 33.000, а во СХС приближно околу 10.000 Македонци. (37)
Овие Македонци беа принудени да се иселат затоа што се најдоа во погоре споменатите неподносливи услови, постојано тероризирани, провоцирани од грчките власти и од вооружените групи. Беше природно, единствениот излез за својот спас да го бараат во бегство, со иселување, мислејќи дека на тој начин ќе се спасат од бесилката, од физичките и психичките малтретирања и дека ќе се ослободат од кошмарот во кој беа ставени, барајќи релативен мир во емиграцијата. (38)
2. Сместувањето на македонските емигранти во Бугарија Не навлегувајќи во процедурата на иселувањето на оваа македонска емиграција која пред да се исели речиси до кожа беше оголувана, (39) ќе направиме само еден краток преглед како таа во првите години се сместуваше во Бугарија.
Кога ќе се собереа поголем број македонски семејства за иселување и кога беа сосема готови за тргнување и откако ќе ги добиеја сите потребни документи, всушност, за нив почнуваа нови маки, очајувања, страдања. (40)
Стигнувајќи со големи маки до железничката станица од каде што требаше да се префрлат во специјални за нив товарни вагони, кои требаше да ги префрлат во Бугарија, често требаше да чекаат со денови, а понекогаш и со недели. И кога најпосле, композицијата ќе тргнеше со тешкиот товар наменет фактички за депортирање, ги исфрлуваше од другата страна на границата каде што според нивните мисли требаше да значи крај на нивната трагедија. (41)
Но, и оттука почнувале нови страдања на македонските емигранти кои не беа помали. Тие се пикажуваат во практиката далеку потешки и понесносливи, зашто беа придружени со агонијата за негледање на никаква сигурност за иднината.
Еве неколку карактеристични извештаи од одговорни бугарски личности задолжени за нивното прифаќање и сместување:
Членот на Националниот комитет Д. Динев, во својот извештај до ИК од 11 август 1924 година, меѓу другото, го пишува и следново за начинот како пристигнаа бегалците и каква помош им се укажува:
“...Во Свиленград бегалските семејства пристигаат во полноќ во 1-1,30 часот. Тука се задржуваат, дезинфекцираат, вакцинираат и потоа се задржуваат од 3-10 дена во еден логор на отворено.
Измачените бегалци, достигнати до болно очајание не можат да чујат благ збор од никого. Тука ќе се печат на жешкото летно сонце, на ветерот, на дождот. Ним не им се дозволува да се сместат во карантинските бараки, па нити на болните и доилките.” (42)
За бегалците не се завршуваат маките ниту по ослободувањето од карантинот од железничката станица каде што се “истоваруваат”, ниту со нивното транспортирање и сместување во населбите по разните околии на Бугарија. Тоа може да се види од многуте писма и од официјалните извештаи на одговорните за нивното сместување.
Така, во еден таков извештај од 11 јули 1924 година меѓу другото пишува:
“...Од Бургас до Месимврија на неколку меса сретнавме групи очајни бегалци, за чија положба би рекол само тоа дека личат на се друго, само не и на луѓе.” (43)
Станува јасно дека на бегалските семејства бугарските власти сосема слабо им излегувале во пресрет и дека во таквата ситуација, исцрпени од порано, можеа лесно да стануваат жртви на разни болести. Точно поради тоа не е чудна констатацијата на д-р Талев, кој со својата телеграма од 25 јули 1924 година до Министерството за внатрешни работи и до Националниот комитет ги известува дека: “...Во бургарскиот округ констатирав дека сите бегалци се заразени од маларија...
Тешкиот пат и гладот ги истрошиле бегалците и станува жално кога гледаме смртни случаи од маларија”. (44)
Уште позабележително за негрижата на бугарските власти околу сместувањето на бегалците се изнесува во извештајот на годишното собрание на Националниот комитет на македонските благотворителни друштва, оджан во Софија од 31 јануари до 2 февруари 1926 година.
Во овој извештај во врска со бегалското прашање се вели и следново:
“Бегалците доаѓаа голи, гладни, измачени и исцрпени. Тие имале надеж дека тука, во слободна Бугарија, ќе им се тури крај на нивното црно ропство и физички и морални страдања, дека тука ќе бидат пресретнати и прифатени братски и барем ќе имаат привремено каде да се потпрат и сместат. Тешко им ним!
Уште со нивното пристигање на свиленградската станица тие беа пресретнувани од официјалните власти на начин што веднаш ја оладуваше таа нивна мала надеж, која ја имале по напуштањето на своите домови, за да ја заменат со полно очајание пред грозната бугарска стварност... Наместо братско сочуство, полна незаинтересираност, полна безгрижност од сите правци на заинтересираните власти, а некаде и од месното население, за да се стигне до парадоксот бегалците да се третираат како интернирани во Ловечко, или да се нарекуваат “ескими и варвари”, како што го сторил тоа месемврискиот кмет во своето писмо до окружниот управител на градот Бургас”. Подолу ја констатира страшната вистина дека “...смртниот сопатник на лишувањата, очајанието и гладот не задоцни да ја направи својата жетва богата. Од нивните редови од 20% во Пловдивско таа достигна 80% во Русенско”. (45)
Големата смртност на бегалците се констатира во многу официјални документи, како и во трудот на André Wurfbain кој во својата книга ќе констатира: “Сместени привремено по училишта, железнички станици, колиби или шатори, тие дотолку полесно стануваа плен на сите зарази, затоа што веќе беа ослабени од поранешните лишувања. Поради недостатокот на расположива обработлива земја, многу бегалци беа упатени кон мочуришната област Бургас, плоден крај кој стана речиси неснослив поради маларијата која таму пустошеше. И така смртноста кај последната категорија беше вистински страшна.
Од бегалците сместени во околината на Бургас, 65% умреа за две години.” (46)
Слична слика за состојбата на бегалците во Бугарија дава Lucien Cramer во “Revue Internationale de la Croix Rouge” бр. 83 од XI 1925, каде што пишува: “Кога ја видовме мизерната положба на бегалците во Бугарија, си вообразивме дека се наоѓаме во еден од круговите на пеколот на Данте. Тоа е вистински скандал за Европа, кој не може да се поднесе.” (47)
Делегатите на Меѓународното биро за трудот при Друштвото на народите, Проктер и Тиксје, при посетата на бегалските логори констатирале: “Тоа е страшно! Ние сме поразени до таков степен што не можеме да се храниме, ниту да се успокоиме од грозните слики што ги видовме низ бегалските логори.” (48)
Тука се дадени само неколку фрагменти од вистинската слика пред која се најдоа македонските бегалци во Бугарија како последица од мегалоидеатските планови и ампирации на Грција и на Бугарија, кои македонскиот народ ги плати многу скапо.
Сместувањето на македонските бегалци на територијата на СХС одеше релативно полесно, не само затоа што нивното иселување и сместување се одвиваше во релативно нормални услови, туку и затоа што нивниот број беше многу помал.
Покрај тоа, не еднаш во тогашна “Јужна звезда”, која излегуваше во Битола, во белградска “Политика”, во другите југословенски весници како и агенцијата “Авала” се регистрираа девијациите и теророт на грчките власти што го применувале врз Македонците. (49)
3. Иселувањето на Македонците во прекуморските земји Треба да се спомне и фактот дека меѓу двете светски војни во Егејска Македонија, поради истите политички причини, се појави и иселување во прекуокеанските земји. Во врска со ова иселување сметаме за потребно накратко да ги изнесеме и мотивите и процесот на иселувањето од порано, за да можеме да добиеме појасна слика за она што се случи и подоцна.
Традицијата на Македонците, посебно од пасивните краишта, да одат на печалба, е многу стара, а најмногу доаѓа до израз во 18-от и 19-от век. Македонски печалбари најмногу има во Цариград, Анадолија, Египет, Романија, Бугарија, Србија и во земјите на Австро-унгарската империја.
Македонските печалбари се познати како занаетчии, обични работници и ситни трговци. Посебно се истакнувале во занаетите: ѕидарство, млинарство, фурнаџиство, слаткарство, бичкиџиство, меанџиство (ресторани), правење тули и ќерамиди и во други. Повеќето од овие печалбари своите семејства ги чувале во селата, каде што се враќале од време на време, за да ги посетат, да изградат куќи, да купат имоти...
Поретко ги повлекувале во местата каде што работеле: во Цариград, Софија, Букурешт, Белград, Александрија, Каиро итн.
Традицијата за одење подалеку, во почетокот во земјите на Западна Европа, е од поново време, додека традицијата за одење во прекуморските земји главно започнува со засилениот терор на турската власт, односно од крајот на 19-от и почетокот на 20-от век. Македонците најмногу емигрирале во Америка, и тоа непосредно по Илинденското востание, кога во Македонија десетици села останале изгорени и разурнати од турската војска и башибозукот.
Позасилено емигрирање во прекуморските земји има и по балканските војни, особено од Егејска Македонија, и оваа појава има главно политички причини. Имено, грчките власти, како што беше спомнато, го потпомогнаа емигрирањето, кое е особено изразено во првите години по балканските војни.
Меѓутоа, поради Првата светска војна, во која по силата на условите од 1916 година се замешува и Грција, ова иселување на Македонците од Егејска Македонија брзо се намалува. Тоа повторно се засилува по крајот на Војната и особено по крајот на Грчко-турската војна и силниот прилив на грчка емиграција од Мала Азија во Егејска Македонија. Овој пат се појавува нов бран на емигрирање, и тоа најмногу во Канада и во Австралија.
Приливот на македонските иселеници во овие земји особено се зголемува по воведувањето на Метаксасовата диктатура од 4 август 1936 година, кога се зголемува и теророт врз Македонците, дури и со забрана на употребата на македонскиот јазик и во домовите на Македонците, и кога бројот на затворените и интернираните Македонци, особено поради нивните национални чувства, драстично се зголемува. Овој процес на иселување од Егејска Македонија во прекуморските земји трае до Втората светска војна, практично до објавувањето на Грчко-италијанската војна од 28 октомври 1940 година.
* Од сето погоре изнесено произлегува дека Лозанската конвенција од 24 јули 1923 година, односно со принудното иселување на христијанското население од Турција во Грција, како и поновото иселување на Македонците во Бугарија и делумно во Вардарска Македонија, која беше во составот на Кралството на СХС, и во прекуокеанските земји, од основа ја измени етничката структура на Егејска Македонија. Таквите присилни мерки на деколонизација и колонизација всушност ги дадоа саканите резултати за грчката мегалоидеатска политика.
Но, треба да се каже и тоа дека и покрај присилните миграции и иселувањата на Македонците од Егејска Македонија од 1912-1940 година, кои ја достигнаа бројката од околу 90.000, (50)
бројот на Македонците и натаму остана многу голем. Земајќи го предвид и природниот прираст на Македонците, кој за периодот 1928-1940, во просек изнесува 24%, (51) нивниот број во 1940 година изнесуваше исто толку колку што изнесуваше и во периодот пред балканските војни, односно се движеше меѓу 300.000 и 320.000. Но, затоа, во многу типични области, каде што во историското минато никогаш не живееле Грци, како што се Воденско, Ениџе-вардаско, Гуменциско, Кукушко, Валовишко и други, како последица од таквата политика, нивниот број се зголеми, а во некои од нив Македонците станаа малцинство. Сепак, во окрузите Воден, Лерин и Костур, процентот на македонското население и натаму остана релативно висок и се движеше од 55% во Воденско до 85% во Леринско. (52)
Таквата состојба и натаму ги загрижуваше грчките власти, затоа што сите дотогаш применети мерки на присилно иселување и асимилација не ги дадоа докрај посакуваните резултати, иако останува фактот дека етничкиот состав на Егејска Македонија беше драстично изменет како последица и на балканските војни, и на Првата светска војна, на Грчко-турската војна од 1919-1922 и на конвенциите што уследија по неа, како и на денационализаторската и асимилаторската политика на грчката држава и големата колонизација. Но, како последица на колонизаторската политика, како и на природниот прираст, и покрај споменатите потреси, населението во Егејска Македонија покажува константен пораст. Од 1.084.022 жители колку што броеше во 1920 година, во 1928 година тоа порасна на 1.410.884, а во 1940 година бројот на населението се покачи и на 1.752.091 жител, што беше резултат пред се на природниот прираст, во кој витално место зазема македонското население.
(53)
IV - ПРИСИЛНОТО ПРЕИМЕНУВАЊЕ НА НАСЕЛЕНИТЕ МЕСТА, ТОПОНИМИТЕ И МИКРОТОПОНИМИТЕ ВО ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА Историски факт е дека под одредени историски околности, почнувајќи од 6-от век, многубројни словенски племиња, кои порано ги населувале северните делови на Балканскиот Полуостров, потиснати од други сродни или инородни племиња, тргнале кон југ и ја поплавиле цела континентална Грција, вклучувајќи го и Пелопонез и, не познавајќи го неговото античко име, го нарекле Море (Мореа), бидејќи полуостровот е речиси од сите страни опкружен со море. Овие племиња, познати како Езерци и Милинзи го зазеле Пелопонез, додека словенските племиња Берзити и Велигости се населиле во Етелеокаранија, Атика, Беотија и посеверно од овие области.
Новозаземената територија на која словенските племиња станале полни господари, населувајќи се на неа, ја поделиле на општини и жупи, а врз урнатините на некогашните антички населби (села и градови) изградиле нови кои ги именувале со свои словенски имиња. Бидејќи не ја познавале старата топонимија, на местата што ги зазеле и ги населиле, сите географски поими (планини, реки, езера, преслапи, ридови, полиња и се друго што е поврзано со нив) добиле нови словенски имиња, кои до неодамна и во земјата и во светот беа познати како такви, а некои од нив и денеска ги имаат во малку изменет вид поради грчките суфикси.
Така некогашните познати и главни планини на Пелопонез, како Еликон, Парнон, Хрониос и Кимина добиле свои словенски имиња – Загора, Хелмо (Х’лм), Малево, а реките Памисос, Пирос и Еликон биле преименувани во Пирнаца, Каменица и Бурбуцева. Некои од областите на Грција пак, биле преименувани во Сувдела, Мелинзи, Општина, Жупа итн.
Во близина на разурнатата Спарта е подигната нова словенска населба која била именувана Варсова, а врз урнатините на старата Микена, словенското село Хорвати. Дури и звучните, наводно грчки имиња, Мани – Мањатес, Мистра и Цаконија – Цаконес, без никакво сомнение имаат словенско потекло. Во можност сме, само врз основа на старите топографски карти и официјалните пописи на населението во Грција од формирањето на грчката држава до денес, само во овој дел на Грција – Мореа, Етелеокиранија и Атика, да наведеме стотици села, градови, паланки и месности кои, речиси до вчера, носеа звучни словенски имиња на кои можат да им завидуваат сите словенски земји.
Освен словенските називи, подоцна, посебно од 14-от век, се додадоа и други, албански, влашки, турски итн, така што, во новоформираната грчка држава, имињата на голем број населени места и околните топоними не беа грчки, туку претежно словенски и други.
Уште од нејзиното формирање како држава, во 1830-та година, официјална Грција се најде во неприлика поради овие многубројни негрчки, пред се словенски, називи на нејзината државна територија, поради тоа што странските научници, и не само тие, сето тоа внимателно го регистрираа и го публикуваа со свои коментари во странство, одејќи до таму да тврдат дека денешните Грци немаат никаква или сосема мала врска со античките Грци и дека всушност претставуваат сосема нова раса која произлегува од мешавина на словенско, влашко, албанско и колонизирано население од Мала Азија, кое претежно се состоело од елинизирани Хетити и Фригијци, кои не без причина, присилно биле преселувани од Византија од 10- от век наваму.
Покрај многубројната историска фактографија, странските научници се повикуваа и на топонимите кои претставуваа сериозна аргументација за нивните тврдења.
Соочена со оваа проблематика, постепено и без врева, грчката држава ги менуваше имињата, посебно на големите градови кои носеа претежно словенски имиња, така што тие добија нови звучни грчки антички имиња, како некогашната словенска столица на Словените во Мореа (Пелопонез) Трополица која беше преименувана во Триполис, градот Мистра во Спарти, Воштица во Егион, Салона во Амфиса, Писати во Пиргос, Гортина во Каратена, Драгомешти во Астакос, Зејтуни или Зитуни во Ламија итн., итн.
Со приклучувањето на Тесалија кон Грција во 1897 година, Грција уште повеќе се соочи со овој проблем и не само поради многубројните словенски називи на населените места и другите топоними.
Поради тоа, според мислењето на грчката држава, проблемот на преименувањето на топонимите можеше поефикасно да се реши со формирањето на специјална комисија која систематски ќе ја проучува оваа проблематика и што поитно ќе пристапи кон преименвањето на топонимите, инсистирајќи пред се на давање антички грчки имиња.
За таа цел постоеле и други причини. Имено, Грција имаше аспирации кон Македонија, каде што не само топонимите туку и апсолутното мнозинство на населението беше македонско и турско, додека грчкото малцинство претставуваше одвај нешто повеќе од 10% од вкупното население на оваа територија.
За таа цел, министерот за внатрешни работи на Грција, Н.
Левидис, на 8 мај 1909 година лично поднесе опширен извештај до грчкиот крал Георги I, во кој ја нагласи потребата итно да се формира официјална комисија која ќе има за цел да разработи специјален план за преименување на населените места и другите топоними на Грција кои не се од грчко потекло.
Врз основа на овој извештај, на 31 мај 1909 година е издаден Указ, кој е објавен во Владиниот весник број 125 од 8 јуни 1909 година, за формирањето на државна комисија за проучување на топонимите и за утврдување на нивното историско потекло.
Според член 8 од овој Указ, управните и сите други власти на државата беа должни без приговор да и даваат на комисијата потребни информации и да и укажуваат помош за олеснување на нејзината задача.
Работите за Грција се усложнија со фактот што таа, како резултат од балканските и Првата светска војна и мировните договори што следуваа, се прошири многу кон север, присвојувајќи нови територии, меѓу кои и дел од Епир, егејскиот дел на Македонија и Западна Тракија, каде што бројот на грчкото население претставуваше апсолутно малцинство во споредба со месното македонско, турско и друго население.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/naselenite-mesta-vo-egejska-makedonija/3 на 29 октомври 2026