Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

Inhabited Places in Aegean Macedonia

I - РЕПЕРКУСИИТЕ ОД БАЛКАНСКИТЕ ВОЈНИ

Од Тодор Христов Симовски · Дел 2 од 6 · Околу 6 минути

Читај на English

I - РЕПЕРКУСИИТЕ ОД БАЛКАНСКИТЕ ВОЈНИ

(1912-1913)

Во Првата балканска војна која беше објавена на 4 (17), односно на 5 (18) октомври 1912 година, сојузничките војски:

српската, бугарската, грчката и црногорската, им нанесоа тешки загуби на турските војски, поради што Турција беше приморана да побара примирје (4 декември 1912). Војната со Турција правно беше завршена со склучувањето на Лондонскиот мировен договор од 17 (30) мај 1913 година, со кој територијата на европскиот дел на Турција им се отстапуваше на сојузниците, без притоа да се одредат нивните граници. Поради тоа, а главно и поради меѓусебните несогласувања, која од нив да задржи и да заземе што поголем дел од новоослободените македонски територии, дојде до Втората балканска војна која наскоро заврши со целосен пораз на Бугарија (6)

Треба да се напомене дека сојузничките војски својата меѓусебна нетрпеливост и своите ненаситни аспирации ги покажуваа уште во текот на Првата балканска војна, во која најмногу настрада турското и другото муслиманско население во Македонија. Од сојузничките војски беа убиени илјадници муслимани, чии блага беа опљачкани, куќите запалени, а се палеа и цели села, па дури и цели делови од градовите што беа населени со муслимани. (7)

Но, на окупираните територии во текот на Првата балканска војна не настрада само муслиманското население, иако тоа претрпе најголеми загуби. Спроведувајќи ги доследно своите империјалистички планови во Македонија, новите окупаторски војски и власти пристапија кон малтретирање и на она христијанско население, кое според нивните калкулации и мислења не се чувствуваше за нивно. (8)

Втората балканска војна која се покажа многу посвирепа, а која избувна на 29 јуни 1913 година, најскапо ја плати македонскиот народ. Во оваа војна, особено од страна на грчките војски, беа заклани илјадници невини Македонци, од кои поголемиот број жени и деца, посебно во Кукушко и Валовишко, каде што се водеа воените операции. Исто така, беа запалени и разурнати десетици македонски села и убавиот македонски град Кукуш.

Еднакво свирепи спрема грчкото население, посебно во градовите Серес и Доксат се покажаа и бугарските војски. (9)

Како последица од двете балкански војни, Бугарија на својата територија доби околу 112.000 бегалци, од нив околу 50.000 Македонци, од кои околу 30.000 од Егејска Македонија. (10)

Грција, пак, на територијата на Егејска Македонија доби околу 157.000 бегалци, претежно Турци, а помалку Грци, Македонци патријаршисти и Власи, и тоа од Бугарија, од Вардарска и Пиринска Македонија, од Тракија и од Мала Азија. (11) Од нив, извесен дел ќе останат на територијата на Егејска Македонија за да ги пополнат празнините што настанаа во текот на двете војни. Другите, предимно Турци и други муслимани, преку Солунското пристаниште, се преселија во Турција, и тоа веднаш по нормализацијата на ситуацијата, потпомогнати од грчките власти, кои намерно им го правеле животот неподнослив, со цел што поскоро да се ослободат од нив. (12)

Меѓутоа, и покрај фактот што во Втората балканска војна, поради споменатите свирепости Македонците беа значително разредени во некои околии (Кукуш, Валовишта, Серес и др.), тие и натаму останаа главната народност во Егејска Македонија, а во апсолутно мнозинство во пограничните области со Вардарска Македонија, која беше во склопот на Србија, и со Бугарија.

Таквата состојба ни од далеку не можеше да ги задоволи грчките планови кои се состоеја во тоа оваа богата и дотогаш негрчка област, да се елинизира. Тоа можеше да се постигне единствено со присилно иселување или асимилирање на Македонците и со присилно иселување на турското и другото муслиманско население, од една страна, и со населување со грчко или со прогрчки чувства население од Кавказ, Мала Азија и други области.

Поради тоа, веднаш по склученото примирје, врз Македонците и Турците бил извршен силен притисок, да се иселат од грчката држава. Таквиот притисок принудил и извесен број македонски семејства да се иселат во Бугарија и Србија (поточно во Вардарска Македонија која се наоѓала во нејзиниот состав), а се јавило и засилено иселување во прекуокеанските земји. (13) Ова емигрирање привремено се прекинува поради Првата светска војна и стационирањето на сојузничките војски (француска, англиска, српска и др.) на територијата на Егејска Македонија.

II - МИГРАЦИОНИТЕ ДВИЖЕЊА ВО ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА ВО ТЕКОТ НА ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА Овој процес на иселување од Егејска Македонија, како и започнатиот процес на колонизирање со емиграцијата од Кавказ и други области се прекина поради настаната ситуација, повлекувањето на српските војски од територијата на Вардарска Македонија и нејзиното окупирање, како и на Источна Егејска Македонија од Бугарите и стационирањето на сојузничките војски на територијата на Егејска Македонија.

(14)

Покрај тоа, и точно поради таквата новосоздадена ситуација во текот на Војната се појави нов бран на македонска емиграција и тоа во три правци. Незадоволни од српската, а подоцна и од бугарската окупација, еден дел од Македонците кои живееја на оваа територија бегаа во правец на Егејска Македонија, каде што со “грижата” на грчките власти се сместуваа во пограничните области: Лерин, Сорович, Острово, Воден, Меглен, Ениџе Вардар, Гумеџе, Бојмица, Кукуш. (15)

Подоцна, поголемиот дел од македонските емигранти од Вардарска Македонија, особено по повторното напуштање на Битола од сојузничките војски, (16) се наоѓаат под грижата на српските цивилни и воени власти, кои често се жалат на антисрпската и антисловенската политика на Грците кои прават се за да им создадат тешкотии на српските власти околу згрижувањето на оваа емиграција. (17)

Обратно пак, од Егејска Македонија има појави на емигрирање во правец на територијата окупирана од Бугарите, главно со намера да се избегне регрутирањето во грчката војска. (18)

Според официјалните статистики, во текот на Првата светска војна од Вардарска Македонија во Егејска Македонија побегнале околу 14.000 лица (бројкава се однесува на лицата кои не се вратиле назад по Војната). (19)

Во Бугарија пак, побегнале околу 41.000, од кои половината од егејскиот дел на Македонија. (20) Распоредена по години, оваа емиграција во Бугарија пристигнуваше зависно од ситуацијата:

во 1915 година 3.759; во 1916 година 6.713; во 1917 година 2.376; во 1918 година 13.454 и во 1919 година 14.785 бегалци.

(21) Оваа бројка на емигранти беше многу поголема, но добар дел од нив се вратија во своите родни места по нормализацијата на ситуацијата. Оваа емиграција, особено онаа која се однесува на 1916 година, потекнува од селани и граѓани кои во есента 1916 година беа насила повлечени во внатрешноста од градовите и селата кои се наоѓаа на самата линија на фронтот, меѓу кои и жителите на Дојран и Гевгелија. (22)

Од гореспоменатата емиграција во Бугарија, која како што спомнавме изнесуваше 41.000 – 5.500 лица биле сместени во Пловдив и околината, а останатите во други градови и окрузи на Бугарија. (23)

Првата светска војна за Грција заврши поволно. Таа се прошири и на Западна Тракија која според Букурешкиот мировен договор и припадна на Бугарија.

Македонците од Егејска Македонија претрпеа нови загуби поради споменатите принудни иселувања. Од друга страна, на територијата на Егејска Македонија била населена нова емиграција со прогрчки чувства, чиј број изнесуваше околу 100.000 лица. (24) Но сепак, состојбата во Егејска Македонија и натаму остана неповолна за Грција. Поголемиот број од населението не беше грчко, а мнозинството се уште го сочинуваа Македонците, Турците и други народности. Освен тоа, еден број од колонизаторското население во Егејска Македонија се состоеше од Македонци од Пиринска и Вардарска Македонија, кои, иако патријаршисти, во никој случај не им “одговараа” на Грците. (25)