Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

Inhabited Places in Aegean Macedonia

III - МИГРАЦИОНИТЕ ДВИЖЕЊА ВО ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА (1919-1940) - Part 02

Од Тодор Христов Симовски · Дел 4 од 6 · Околу 15 минути

Читај на English

Освен тоа, речиси сите топоними на овие новоприсвоени територии, посебно во Егејска Македонија, дури и во оние области каде што живееше покомпактно грчко население (Гребен, Кожани, Населица, Катерина), топонимите и имињата на населените места беа, во апсолутен број, словенски, што непобитно зборуваше и за нивното потекло, а таму пак, каде што имаше мнозинство од турско население, тие беа претежно турски. Стануваше сосема јасно дека Грција навлезе, односно присвои територија која ниту етнички, а уште помалку географски и историски и припаѓаше.

Замислениот план за измена на топонимите, Грција реши да го форсира пред се во Егејскиот дел на Македонија, а во другите делови од земјата тоа да го чини постапано.

Така, веднаш по Букурешкиот мировен договор (август 1913)

пристапи кон попис на населнието во новоприсвоените земји, според кој е утврдено дека во Егејска Македонија живееле 1.160.477 жители, а во 1917 година донесе и Закон, познат под број 1.051, со чиј член 6 го утврдува формирањето и управувањето на градските и селските општини.

На 10 октомври 1919 година пак, е издадено циркуларно писмо во кое се даваат детални упатства за потребата итно да се пристапи кон преименување на топонимите и начинот на кој треба да се оствари оваа замисла од Комисијата за топоними на Грција. Во уводот на ова циркуларно писмо се вели:

“Комисијата за топоними на Грција, чија мошне важна задача е отфрлување на сите турскофонски имиња (се избегнува зборот словенски - б.а.) на селата и на општините, кои го трујат и го грубат ликот на нашата убава татковина, а даваат повод за неповолни заклучоци за грчката нација кои противничките народи ги употребуваат против нас, со Указ на Министерството за внатрешни работи реши да ги засили своите напори за менување на странските имиња со грчки. Денешните топоними

– се вели подолу во упатството – не се случајно избрани. Тие имаат своја причина, свој живот, своја историја со околната природа, со жителите, со историјата... дел од нив се турски и словенски, за кои постои намера да бидат заменети.” Речиси веднаш по издавањето на циркуларното писмо од надлежната Комисија за топонимите, од Министерството за внатрешни работи била изададена и специјална брошура со наслов Совети за измена на имињата на општините и селата, публикувана во Атина во 1920 година. Во исто време, при новоформираните окрузи во егејскиот дел на Македонија биле формирани специјални поткомисии со задача на самото место да го проучат проблемот и да предложат нови имиња за селата и градовите во своите окрузи.

Во друхот на истото циркуларно писмо, во 1922 година, под број 426, било публикувано и поопширно упатство на Комисијата за топоними, така што во Грција почнало засилено и активно да се работи во овој правец. Меѓутоа, поради Грчко-турската војна од 1919-1922 година и се уште неутврдениот мировен договор со Турција, како и поради големата преселба на населението од Егејска Македонија во Турција и обратно (тогаш биле иселени повеќе од 300.000 Турци и друго муслиманско население во Турција, а во Егејска Македонија биле доселени приближно 640.000 бегалци од Мала Азија и други места, како и принудното иселување на 33.000 Македонци во Бугарија, со т.н. “доброволно иселување” по силата на член 56 од Нејскиот мировен договор, процесот на забрзаното преименување на населените места и другите топоними во Егејска Македонија и другите делови на Грција беше подзабавен.

Поради тоа, од 1918 заклучно со 1925 година во егејскиот дел на Македонија беа преименува само 76 населени места, и тоа според следнава динамика: во 1918 година 1 населба, во 1919 година 2, во 1920 година 5, во 1921 година 4, во 1922 година 18, во 1923 година 18, во 1924 година 5 и во 1925 година 26 населби. Тогаш на удар се најдоа повеќе населени места во Леринско, Костурско, Воденско, Кукушко и Солунско.

Сепак, иако сите комисии за преименување на населените места и другите топоними работеле усилено врз основа на дотогашните законски акти, и тоа не само во егејскиот дел на Македонија, туку и во другите делови на Грција, се чувствуваше потреба од донесување на еден поцелосен закон врз основа на кој требваше да се вршат сите преименувања во иднина. Таков Указ беше донесен на 17 септември 1926 година, објавен во Владиниот весник број 332 од 21 септември 1926 година под наслов За преименување на селата, градовите и гратчињата (Περι µετονοµασίας συνοικισµών, πόλεων η κωµών).

Еве што се вели, покрај другото, во овој Указ:

“Член 1. По предлог на Комисијата за топонимите на Грција се дозволува да се преименуваат странски или невкусни имиња на селата, градовите и гратчињата. Нивното преименување се врши со Указ што го издава Министерството за внатрешни работи.

Член 2. Со одлука на месниот окружен началник, во седиштето на секој округ за таа цел може да се формира надлежна комисија за проучување на преименувањето на селата, градовите и гратчињата.

Член 3. Комисијата прави список за преименување на селата, градовите и гратчињата со кратко образложение за причините поради кои е избрано новопредложеното име. Списокот се поднесува до Министерството за внатрешни работи, кое, од своја страна, го испраќа до Комисијата за топоними на Грција на оценка.

Член 4. Комисијата за топоними на Грција, во рок од 15 дена од примањето на предложените преименувања, се изјаснува во врска со нив и го известува Министерството за внатрешни работи, кое, врз основа на тоа го издава потребниот указ за одобрување на предложените преименувања.

Член 5. Указот за одобрување на преименувањата се испраќа до надлежниот окружен началник и до сите министерства и дирекции на железниците. Тие се должни да ги издадат нужните акти за преименување и за промените.

Член 7. а) По преименувањето на наслебите, се објавува список со нивното ново име. б) По објавувањето на овие списоци, апсолутно се забранува употребата на старите имиња.” Од овој момент, сите акти за преименување на населните места и другите топоними ќе се засновуваат врз оваа наредба, така што од септември 1926 година, па до средината на ноември 1927 година, во егејскиот дел на Македонија биле преименувани нови 945 населби.

Но, и покрај оваа засилена дејност, што беше проширена и во другите делови на Грција и укажувањето од страна на надлежните органи за строго почитување и применување на овие акти од страна на граѓаните и надлежните власти, во практиката тоа било невозможно, бидејќи и народот и власта многу тешко можеле да се снајдат и прилагодат пред толку големите и ненадејни промени. Од друга страна, бидејќи донесените законски акти околу преименувањето на топонимите воопшто не ги прецирираа санкциите за прекршителите околу употребата на старите имиња, на 13 ноември 1927 година била донесена нова законска наредба, објавена во Владиниот весник бр. 287 од 13 ноември 1927 година. Со оваа законска наредба, преточена во закон број 3432 од 12 декември 1927 година (Вл. Весник бр. 303/17.12. 1927), всушност се прошируваат и се прецизираат санкциите што судовите требало да ги применуваат врз прекршителите, како и потребата, преземените мерки на властите да се наметнат по секоја цена, односно новите имиња да почнат да функционираат и да се заборави се што било поврзано со минатото.

Еве и некои членови од новата законска наредба – закон, што се однесуваат на санкциите и на другите мерки за спроведување на новото и бришење на старото:

“Член 5. Промената на печатот и на името на општината според даденото ново име се задолжителни, а секаква употреба на старото име од претседателот на општината или од општинските советници во записниците на општинскиот совет или во преписката на општината претставува дисциплински прекршок што се казнува од Окружниот началник со дисциплинска казна од 50 до 200 драхми, а во определени случаи истите можат да бидат и суспендирани со одлука на Окружниот началник.

Член 6. На преименуваните општини и села им се наложува подигање на табли на централното место и при влезовите во селото, кај главните патишта. На таблите се запишува новото име на населбата. Непоставувањето или симнувањето на таблите се казнува согласно член 429 од Законот за прекршоци.

Член 7. пар. 2 По објавувањето на новите имиња апсолутно се забранува употребата на старите имиња од јавните власти и органи, во официјалната преписка, како и во преписката на здруженијата, корпорациите, задругите и другите правни лица.

Пар. 3. Прекршувањето на оваа забрана претставува кривичен прекршок што се казнува со казна од 100 драхми или со притвор до 10 дена.

Пар. 4. Молби од приватни или од правни лица кои се поднесуваат до јавните служби може да не се земат предвид ако во нив не се спомнува новото име на местото на живеењето, на градот или на селото кое е веќе преименувано, на лицето кое ја поднесува.

Пар. 5. Сведок, тужител или друго лице, кое се испитува во судот, а како место на живеење или раѓање го именува старото име на градот или на селото кое е веќе преименувано, според оценката на судот може да биде казнет според пар. 3 од овој член.” По силата на овие законски наредби, упатства и други прописи, надлежните комисии при окрузите за преименување на топонимите и Главната комисија во Грција при Министерскиот совет, од 1918 до крајот на 1928 година, само во Егејска Македонија преименуваа 1.497 населени места.

Иако заклучно со 1928 година поголемиот број од населените места биле преименувани, грчката држава продолжи да работи во таа насока, истовремено проширувајќи ја својата работа во цела Грција, усовршувајќи го системот и донесувајќи нови закони и упатства наменети за таа цел. Веќе на 13 март 1929 година е донесен нов закон со кој се даваат детални упатства и обврски за продолжување на задачата за преименување на топонимите.

По силата на овој закон и на претходните закони и упатства, дополнети и со законот број 6.429 од 18 јуни 1935 година и законот број 1.418 од 22 ноември 1938 година, од почетокот на 1929, заклучно со април 1941 година, во Егејска Македонија биле преименувани уште 39 населби.

При обидот за изнаоѓање нови имиња, надлежните комисии со посебно внимание работеа на можноста што поголем број градови и села да бидат преименувани со стари антички имиња на Македонија. Така, родното место на Крсте Мисирков, Постол, било преименувано во Пела, Рупишта во Костурско во Аргос Орестикон, Баница во Леринско во Веви, Либаново во Катеринска околија во Егинион, С’ботско во Мегленско во Аридеа, Вртикоп во Воденско во Скидра, Ларигово во Лариговска околија во Арнеа, Казанџи Махала, родниот град на филозофот Аристотел, од истата околија во Стагира.

Некогашните мали чифлигарски населби Барбеш и Кутлеш во Берска околија, пак, беа преименувани во Вергина. Населбите, всушност беа подигнати на местото на првата македонска античка столица Еге, каде што се пронајдени гробовите на античките македонски цареви и сонцето со кое беше поврзано државното знаме на Македонија, кое предизвика толку бури и клевети од страна на грчката држава. Во истиот дух, селото Острово во Воденска околија беше преименувано во Арница, селото Сехово во Гуменџиска околија во Идомени, иако локалитетот на овој антички македонски град со сигурност е утврден посеверно, во близина на денешното село Милетково, селото Елевиш во Леринско, кое уште во 1926 година било преименува во Лаќа, во најново време се преименува во Левеа, познат антички македонски град, селото Малатрја во Катеринска околија во Дион итн., итн.

Не биле заборавени и македонските цареви, посебно Филип II и неговата сопруга Олимпија. Така селото Селјани во Кавалска околија било преименувано во Филипи, а селото Ракита во Кајларска околија во Олимпјас. Повеќето од генералите на Филип II и на Александар Велики, како Птолемеј, Филота, Клитос, Аминда, Андигон и други, исто така добија свои градови и села. Така, турското гратче Кајлари било преименувано во Птолемаис, а некогашните турски села Чалџилари и Хајдерли од истата околија во Филотас и Клитос.

Гратчето Сорович во Леринска околија било преименувано во Аминдеон, а селото Ќосилер во истата околија во Антигонос итн.

Многу подоцна, односно по Втората светска војна и Граѓанската војна во Грција и поради актуелното македонско национално прашање, и тоа одвај во 1953 година, и Александар Велики доби свое гратче. Во таа година, поголемата населба Гида во Берска околија беше преименувана во Александрија и како таква, од статус на селска доби статус на градска општина.

Многу македонски села биле преименувани и со имињата на водачите на грчките андартски чети кои врлувале во Македонија во и по 1904 година. Така, селото Статица во Костурска околија било преименувано во Мелас, селото Владово во Воденска околија во Аграс, селото Паљор во Кајларска околија во Фуфас, селото Црнешево во Мегленска околија во Гарафион, селото Шлопинци во Гуменџиска околија во Доганис итн., итн.

При обидот на теренот да пронајдат антички имиња за населените места, таканаречените стручни комисии направиле и повеќе грешки на сметка на грчката кауза, што се должи на нивното недоволно знаење. Така, двете села кои го носат името Цакони, едното во Костурско, а другото во Мегленско, го задржале своето првобитно име, благодарејќи на фактот што некои од членовите на овие комисии, учители кои потекнувале од Мореа (Пелопонез), помислиле дека името Цакони е чисто грчко и поврзано со племето кое и денес живее во Мореа, познато со името Цаконес – Цаконци. Иако овие учители правилно ги поврзале имињата на овие две села со Цаконците од Мореа, испуштиле од вид, или пак не знаеле дека ова, од неодамна погрчено племе во Мореа е од чисто словенско потекло и имињата на селата со сигурност потекнуваат од нив и така, за среќа, овие села ги задржаа своите првобитни словенски имиња. Но, не станува збор само за овие две села.

Слична грешка е направена и со селото Сламурово, кое е подигнато во близина на реката Галик, а административно му припаѓа на Кукушка околија. Иако првобитното име најверојатно е од турско потекло, членовите на “специјалната” комисија го поврзале со името на реката Галик и го преименувале во Галикос, не знаејќи дека името на реката Галик е од чисто словенско потекло и најверојатно со себе го донеле македонските племиња при нивната преселба, бидејќи се сретнува не само во Полска, во областа Галиција, туку и во многу други места во Македонија. Само за потсетување, покрај името на реката Галик и на планината Галичица која ги дели Охридското и Преспанското Езеро, името го носи и селото Галичник, селата Галишта во Тиквешко и Костурско, Галичани во Прилепско итн.

Еден од поинтересните случаи се однесува на двете големи македонски села на јужните падини на планината Беласица – Горно и Долно Порој. Тие и денес ги задржале своите првобитни имиња, бидејќи некој “учен”, а всушност без да го знае вистинското потекло и значење на името, го поврзал со Хераклитовото “панта реи” - “се тече”, па извлекол “заклучок” дека името Порој е од античко грчко потекло, заборавајќи или не знаејќи дека станува збор за истиот индоевропски корен, но со малку поинакво значење. Кај Грците, на пример, од глаголот реореи се добива именката рема, што значи поток или рекичка, додека од истиот корен кај Словените се добива именката река.

Кај Грците реката е именувана како потами или потамос, додека кај Словените истиот корен се користи со поинакво значење, како пот, потоп итн. Благодарение на овие “знаења” на грчките специјалисти, односно поради недоразбирањето, овие две села си ги задржаа старите имиња, со тоа што Горно и Долно беа заменети со “Ано” и “Като”. Интересен е и случајот со селото Дислап во Населичка околија, кое, најверојатно на предлог на селаните, било преименувано во Драгасја, поради близината на планината Драгош, така што “спасувајќи се” од првото словенско име, го преименувале со ново, повторно словенско, но со грчки суфикс.

На удар, всушност, се најдоа не само имињата на градовите и на селата, туку и сите географски поими, планините, реките, езерата итн.

При административната поделба на Егејска Македонија на окрузи и околии, и голем дел од нив добија антички имиња.

Така, Катеринскиот округ и околија е именувана како Пиерија, Берскиот округ и околија како Иматија, Воденскиот округ како Пела, Населичка околија како Војон, Кајларска околија како Еордеа, Гуменџиска околија како Пеонија, Валовишка околија како Синдики, Зихненска околија како Филида, Нигридска околија како Висалтија, Лариговска околија како Арнеа, Правишка околија како Пангеон, а Саришабанска околија како Нестос.

Некои од градовите и поголемите населби, кои имаат турско потекло, како Ениџе Вардар, Лерин, Кукуш, Драма, Дојран и други, беа само дотерани со грчки призвук. Истото се случи и со некои градови и поголеми населби кои се од македонско словенско потекло како Гуменџе, Куфалово, Кожани, Гребен, Чотиљ и други.

Не смее да се заборави и секогаш треба да се има предвид дека ова присилно преименување на населените места, топонимите и микротопонимите беше проследено и со присилно прекрстување и на имињата и презимињата на Македонците.

Повеќето од нив се сосема обезличени и не можат да се препознаат, но добар дел од нив добија само грчки суфикси и од коренот може сосема лесно да се препознае дека станува збор за имиња со словенско потекло. Така, Божиновски стана Мпозинис, Петровски стана Петридис, Гушевски стана Гусидис, Богдановски стана Мпогданис, Жељков стана Залкас итн., итн.

Но, независно од ваквите пропусти, речиси целосното преименување на населените места и на сите други топоними и микротопоними во Егејска Македонија, како и менувањето на личните имиња и презимиња, проследено и со други форми на денационализација и асимилација, имаа за цел да го обезличат посебниот етнички карактер на Македонија и да се покаже дека таа – Македонија, од памтивек била и останува чисто грчка провинција.