Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

Macedonia Above All

Front Matter - Part 04

Од Стојан Георгиев Томовичин · Дел 4 од 8 · Околу 22 минути

Читај на English

- Ти мислиш дека ние ништо не знаеме, дека ние тука си го губиме времето со тебе и со другите слични на тебе? Не, младо момче, ние знаеме се за тебе, за Томата, Стамат, Вангел, за твојот учител “Киката”, и за сите други од твојата организација. Знаеме дека псевдонимот ти е “Сукарно” и.т.н. Кажи ми сега, какви цели бркате откако се зафативте да создадете организациија.

-Сакаме да признаете дека сме Македонци!

- Какви Македонци? – свика јадосано иследникот. Ние сите сме Бугари од памтивека.

- Не, другар иследник, јас не сум Бугарин. Јас сум Македонец.

- А од каде го знаеш тоа?

- Од каде? Знам од мојата родна мајка. Нејзиниот татко, Нако Иванов, роден во с. Матница - Егејска Македонија, лежел 5 години затвор во “Еди Куле” во Солун, зашто се борел за слободата на Македонија. Мојот дедо Томо, по таткова линија, е убиен во 1912 година, пак за честа на Македонецот. Ете, оттука знам дека сум Македонец!

- Е, а како го гледаш остварувањето на твоите идеи? Дали со оружје б раце?

- Мислам дека Македонското прашање може да се реши во рамките на една Балканска Федерација, како што на времето го гледаше нејзиното остварување Димитар Благоев – дедото.

- Тоа се нивни идеи кои не можат да се остварат.

- Зарем Димитар Благоев беше наивен кога пред Народното собрание во Бугарија на 14 Ноември 1917 година, изјави: “Јас сум Македонски Славјанин, а Македонскиот народ е поразличен од Бугарскиот народ.”

- Ете, тука Димитар Благоев ја направи својата капитална грешка – рече иследникот.

- А Гоце Делчев, Јане Сандански и илијадата борци кој ги положија коските пред олтарот на Македонија, и тие ли направија капитални грешки? – прашав јас.

- Тие се чувствуваа Бугари и се бореа за ослободувањето на Македонија и нејзино присоединување кон Бугарија.

- Тоа не одговора на вистината – реков јас. Тие се бореа со сите сретсва против Бугарската, Српската и Грчката пропаганда.

- Остави ја сега историјата, гледај ја твојта положба – рече тој.

- Што да гледам? Јасно е: јас сум тука, а останатото зависи од вас.

- Не од нас туку од тебе младо момче. Минатата година ти рековме да не се занимаваш повеќе со тоа проклето Македонско прашање, а ти не можеше да го оцениш нашиот гест. Сега лошо ти се пишува.

- Што е пишано на глава, на камен не оди”, така гласи народната договорка – реков јас.

- И ти си прав – рече иследникот, после што го притисна копчето на своето биро. По неколку секунди се појави дежурниот и јас бев пратен мојата самица.

Така ден за ден, бавно и мачително минуваше времето цели 113 дена, се до завршувањето на истражната постапка и нашето излегување пред Окружниот суд во Благоевград. Тука, главниот обвинител на процесот, кој се одржа на 8 Февруари 1958 година, образложувајќи дека сакаме да го срушиме социјалистичкиот строј на НР Бугарија и да ја отцепиме Пиринска Македонија од териториjата на НР Бугарија, побара да не осудат од 5 до 15 години лишување од слобода.

Судот, од како го исслуша обвинтиелот, нашите (на обвинетите) сопствени објаснувања, како и одбраната, за мене ја донесе следната пресуда:

“Благоевградскиот окружен суд донесе пресуда бр. 142 од 8.02.1958 година, според НОХД и според член 93, ал. 1 од 2 во врска со член 82 и член 36 од Н.К. со која го осудува Стојан Николов Георгиев на четири години лишување од слобода. Го лишува од правата по член 28 од Н.К. во времетраење од 7 години и му се конфискуваат во полза на државата предмети во вредност од 200 лева. Пресудата стапува во сила на 17. IV. 1958 година”.

Кирил Т. Ружкин (Бебо Кика) беше осуден на 10 години лишување од слобода. Стамат Мешков и Тома Иванов, по година и половина лишување од слобода, а Вангел Урдов на 2 години.

Судскиот процес се одржа зад затворени врати. Беа дошле многу пријатели од град Петрич но на претресот беа пуштени само најблиските на обвинените.

Тогаш, кога ме затвориа, јас сеуште не бев оженет и не бев служен војска. На процесот присуствуваа моите родители, сестри, зетови и брат ми Иван.

По завршувањето на процесот ни допуштиа десет минути средба, после што бевме товарени на една камионетка и одведени во софискиот централен затвор. Тука не внесоа во едно режимско одделение: Бебо Кика во келија заедно со други затвореници, јас и Вангел бевме во една келија заедно со уште неколку луѓе, а Томата и Стамат во друга келија.

Дваесетиот ден откако бевме ставени во Седмото режимско одделение, ги повика од калиите Стамат, Томата и Вангел и ги испратија во Старозагорскиот окружен затвор. Јас и Бебо Кика бевме префрлени во Петто одделение каде започнавме да работиме во шивачката работилница која се наоѓаше во круг на затворот.

По три месеци престој тука, јас откажав да работам бидејќи немав време за читање и учење ба Француски јазик. Одново бев вратен во седмото одделение каде што поминав околу 7 месеци, после што и јас бев преместен во Старозагорскиот окружен затвор.

Уште со моето пристигнување таму, старите затвореници откако разбраа дека сум од град Петрич, ми рекоа дека и Вангел, Стамат и Томата биле тука, но дека сега работат во каменоломот кај с.

Калојановец, Старозагорско. Тогаш побарав од раководсвото да бидам преместен во тој каменолом.

Така, само по една недела од моето пристигнување во Старозагорскиот затвор, јас бев преместен кај моите пријатели и сопроцесници Томата, Вангел и Стамат. Колку се радувавме дека одново, живи и здрави, се сретнавме, иако бевме в затвор. Тука затекнав и едно момче од с. Черешница, Иван Кучкудеров, исто така осуден од 2 години затвор по Македонското прашање, за кого ми раскажуваше неговиот сопроцесник Димитар Терзиев, со кого поминавме околу месец за време на истрагата во град Благоевград.

Во софискиот затвор се сретнав и со едно момче, се викаше Тимљо Запрев од град Гоце Делчев, осуден три пати по 3 години во врска со Македонското прашање. Тука се сретнав и со Иван Биков од с. Самоилово, осуден на две години лишување од слобоада по Македонското прашање, а го сретнав и Станко од с.

Черниче, Благоевградско, осуден на 2 години лишување од слобода, како членик – конспиратор од процесот во Шумскиот техникум во град Банско, исто така по Македонското прашање.

Во Старозагорскиот затвор го сретнав и Китан од с. Гара Пирин, осуден на 15 години лишување од слобода во 1949 година, на еден многу голем судски процес против 149 обвинети по Македонското прашање. Тука сретнав и многу други момчиња од Пиринска Македонија кои минуваа дел од своиот животен пат по голготата на Македонија.

Погледнато филозовски, што преставува затворот? Затворот е место за изолирање, каде што осудените ги издржуваат своите казни – лишувањето од слобода. А, слободата е големо нешто.

Милиони да имаш, ништо не може да го замени тој природен подарок – слободата! Како што е запишано во Декларацијата за правата на човекот од 1948 година, луѓето се раѓаат слободни и рамноправи во достоинството и правата, независно од расната припадност, бојата на кожата, не зависно од нивните политички погледи, социјалната положба, образованието, полот, јазикот, религијата и др. Независно и од тоа во која територија живееш, била таа слободна или под протекторат. Слободата е своето право на секој човек, доволно е тој да го почитува тоа право и за сите останати луѓе.

А, во затворот недостига, имено, не достигна тоа свето човечко право! Тука човек има безброј многу задолженија, а има право само на работење и одмор во рамките на затворот – уште се однесува до политчките затвореници. Тука животот е сив, монотон, малку поподнослив од животот што го минува човек кога е под истрага.

На затворот се бев навикнал толку што по некогаш помислив дека сум се родил во него и дека други свет, поинаков свет од тој на затвореникот, не постои. Ете, поради таквото мислење, поради таквата психичка состојба, на човек не му тежи затворот. Мене на пример, никогаш не ми достигнуваше времето во затворот, иако толку рано наутро не дигаат од сон – уште во 6 часот. Цел ден човек е зафатен. Јас постојано читав уметничка литература, по некогаш цртав – од што ништо не ми остана како спомен. Во затворот вршат така наречен “тараш” на секои три месеци и сето нацртано или напишано го одземат. Тука го нацртав “девојчето со ладило” од Пол Гоген, но ми го одзедоа.

Во Старозагорскиот затвор за време пролетта 1959 година, не пример, јас ја преведов историјата на древните Македонци од Француската “историја на древните народи”, но ми беше одземена и јас не можев да ја изнесам надвор од ѕидовите на затворот. Овде, во Старозагорскиот затвор му напишав писмо на тогашниот министер – претседател и прв секретар на БКП, Тодор Живков, во кое меѓу другото, стоеше: “До кога ќе си играте политика со Македонија и со Македонскиот народ? Вие господине Живков, прв ги поздравите министрите – претседатели на новоослободените тогаш држави Куба, Гана, Камерун, но што сте сторите за Македонија? Вие на туг гроб плачете господин претседателе...” и.т.н.

Заради тоа писмо, по околу три месеци, јас бев повикан од инспекторот на затворското одделение, полковникот Тонев.

Кога влегов во неговиот кабинет го поздравив со “Добар ден”!

- Добар, - рече студено непознатиот инспектор без да ме покани да седнам на столот, а такви имаше пет – шест во собата.

По изразот на неговите намуртетни веѓи јас осетов дека ќе имам разговор со недобар човек.

- Како се викаш? – ме праша тој.

- Штом ме викате, сигурно ми го знаете името – одговорив јас.

- Должен си да одговориш! Ми свика злобно.

- Стојан Николон Георгиев.

- Од каде си?

- И тоа мислам го знаете.

- Момче, треба да разбереш дека јас сун тој што прашува, а ти треба да одговориш.

- Од градот Петрич – реков спокојно јас.

-Зашто не сакаш да ја потпишеш согласноста за социалистичкото натпреварување?

- Затоа што може да се натпреваруваат само слободни луѓе.

Ако бев слободен ќе потпишев, но овде не! Вие намерно воведувате натпреварување меѓу рударскит окна, за да видите кој е согласен со вашата политика овде во затворот. Јас не можам да го прифатам како нормално сето тоа што го правите тука со нас, затворените.

- А што правиме со затворените? – свика јадосано инспекторот.

- Ги тепате и малтретирате!

- За што си осуден?

- По Македонското прашање.

- Ти си многу малечок, а големи прашања сакаш да решаваш!

- Сакав само да ги разбирам. Затоа сум тука.

- На колку години си осуден?

- На четири.

- На малку години те осудиле.

- Веројатно не биле по прости од Вас тие што ме осудиле! – вратив налутено јас.

Но овие мои зборови инспекторот не можеше да издржи, го повика дежурниот старешина кој за сето време од претсобјето го слушал нашиот говорен судар. Кога се отвори вратата полковникот му нареди:

- Води го во карцерот овој идиот!

Дежурниот ме зграпчи за раката и ме измолкна во коридорот.

Тука се обиде да ме удри со тупаница, но јас успешно му ескивирав со моите раце. Кога виде дека не ќе може да се справи лесно со мене, рече итро:

- Излегувај надвор!

Јас ги отпуштив рацете долу и направив чекор да излезам надвор. Пуштањето на моите раце го искористи стариот тепач и молњевито ме удри во стомакот. Од неговиот силен удар јас се свиткав во колак. Тогаш осетив уште посилен удар по вратот, а по една – две секунди и удар со клоца во задникот. Одвај се воздржав да не го удрам и јас, но се премислив. Беше по разумно да издржам зашто пред неколку дена еден наш затвореник беше ѕверски претепам па после мораа да го ставаат во овчи кожи. Сето тоа ме натера да издржам. Размислив уште и дека ако посегнам крвожедниот тепач, ќе ме убијат другите чувари кои лежеа во соседната соба.

Така, после тој наш “дијалог” кон крајот на Јули 1959 година, јас бев два пати по 14 дена држен во карцер, кој никогаш и за ништо во светот нема да го заборавам.

Карцерот се наоѓаше во подземјето на логорската кујна. Тој претставуваше просторија со размери 2 x 2 x 2 метра или општо 8 м3 воздух, со дрвен под. Единствено отвор во таа малечка просторија беше една врата 190 x 80 cm без никаков прозорец.

Бидејќи во подземјето влегуваше сосема бледа сончева светлина, во карцерот беше темно како во рог. Тука ни оставаа, исто, една кофа со вода за природни потреби, која ја исфрлувавме само наутро, еднаш на ден.

Кога не втераа во карцерот, вратата ја заклучија со еден катанец. А не затворија во таа просторија 5 души, од кои еден беше во години и крупен човек. Се викаше кољо. Беше некаде од Старозагорските села. Човекот деноноќно седеше, зашто немаше место каде да си ги испружи нозете и да легне. А ние помладите, Милче, Иван Кошленски, Пешо и јас, повеќето време минувавме исправени.

Времето надвор беше многу жешко, а внатре во карцерот задушно. За да можеше да влезе нешто малку почист воздух за дишење, јас го ставив едниот налон во процепот на вратата и мавтав со една летна блуза за да го издувам смрдливот застојан воздух и втерував по чист воздух кој се наоѓаше во останатиот дел од визбата, вон карцерот. Но, чуварите ја забележија таа моја “итрост” и ставиа уште два катанца. Братата сосема се прилепи по целата своја должина и ние дишевме забрзано како кучиња на кои не им достига воздух за време на големите горештини.

Наутро, на ручек и навечер, кога чуварите ја отвораа врата за да ни дават чорба и леб, бегаа како изгорени од неа зашто нечистиот, спарен воздух ги задушуваше. Тие не можеа да стојат на влезот на вратата ниту една – две минути, а ние, како издржавме цели 14 деноноќија? Дури во знак на протест поради лошите услови во кои бевме ставени во карцерот, ние четворицата млади затвореници, без Кољо, одбивме да земаме храна цели 6 дена, барајќи да дојде окружниот обвинител, за да види во какви услови живеат казнетите со карцер затвореници. Но, ниту обвинителот дојде ниту ѓаволот. Чуварите велеа дека тоа не е фашистичко време па да бараме да не посети обвинителот. Така, гладни, жедни, ненаспани ги издржавме првите четиринаесет дена, кога не пуштија на ручек, а вечерта мене со други момчиња одново не втераа во карцерот. Остануваше да издржам уште 14 неподносливи деноноќија. И јас, благодарение на своиот млад организам го издржав и вториот карцер.

Но, кога на дваесет и осмиот ден најпосле бев пуштен кај “слободните” затвореници – логораши, еве што се случи со мене.

По моето ослободување од карцерот јас отидов право во летната бања која се наоѓаше во реонот на логорот, добро чуван од вооружени со автомати милиционери и специјално за тоа обучени кучиња.

Откако се искапив, помошните мои најдобри пријатели Васко Зафиров и Киро Тушев Динев, и двајцата Македонци, ми приготвиле за јадење леб со шпекова салама. Седнувајќи јас го лапнав првиот залак од лебот и малку од саламата и почнав да џвакам. Кога почнав да ја голтам изџваканата храна почувстував како некаква топлина почна да ми слегува надолу по хранопроводот. По неколку секунди почувствував дека топлината се разлива по сите делови на моето измршавено тело и почнав да треперам како премрзнато од студ циганче. Пријателите ме прашаа зошто треперам, а мене започна да ми трака и вилицата од возбуда. Ете, тој момент во затворот исто така нема никогаш да го заборавам.

И така ден по ден минуваа дните, грди, без нешто што би се запомнало, додека најпосле не дојде 30 Јануари 1961 година, кога бев ослободен од затворот во Стара Загора. Бев слушнал вакво верување: “Кога човек ќе излезе од затвор не треба да се завртува назад, зашто одново може да падне во него”. Јас никогаш не сум верувал во такви нешта и се завртив кон таа Бугарска Бастилија, каде што ги поминуваше своите најубави години интелектуалната совест на Бугарија и Македонија. Таму поминав три и пол од моите најмлади години, кога требаше да го завршам високото образование, кога требаше да љубам и да бида љубен, кога требаше да служам војник, и.т.н. А колку сакав да спортувам, колку јас сакав кожната фудбалска топка! Но, поинаква беше мојата судбина и јас требаше да продолжам по мојот нацртан пат;

можеби за тоа и така смело се завртив на излегување да бидам како изгледа однадвор затворот.

На 31 Јануари. кај 9 часот утрото, веќе пристигнав во Петрич.

Близу до нашата улица ме препозна една наша соседка, тетка Марија.

- Ти ли си Стојане? – запраша жената.

- Да, тетко Марија, јас сум. Не си ме заборавила?

- Не сум, синко, не сум! – излезе, ме прегрна, како што се прегрнува роден син. – Трчај дома, оти мајка ти не може да те дочека!

На вистина, кога пристигнав дома, таму веќе ме чекаа моите родители. А беше и Атанасов ден и луѓето не беа на работа. Кога ме виде мајка ми, од радост почна да плаче.

- Не плачи сега мајко, еве, јас сум тука! – и реков.

- Тешкото веќе помина и не чека подобар живот.

- Така е, така е, - рече стрина ми Олга, прегрнувајќи ме и таа.

Наскоро дојдоа и соседите и ние весело го отпразнувавме моето враќјање од затвор.

Летото почнав пак да правам тули. Есента решив да учам, да изучувам Француска филологија, мојата стара мечта. Но, се бараше некој да ми даде карактеристика, дека сум член на Партијата или добар косомолец, а јас не бев ниту едното, ниту другото, по ради што не можев ниту документите да ги поднесам.

Ми остануваше утехата дека бев жив и здрав и дека има илјадици како мене без завршено високо образование. Е, не ми е лесно и до ден – денешен, се чуствувам несреќен зашто немам високо образование, кога знам колку неспособни, колку двојкаши сега се директори на училишта, на претпријатија и.т.н.

Така, во работа и грижи за опстанок ми минуваше монотоно времето. Сите мои добри соученици беа на универзитетот, некои веќе се беа ожениле, а јас како замаен, другарував со момчиња четири – пет години по млади од мене.

Преку зимата, некаде кај 20 Ноември истата 1961 година една вечер, шетајќи по петричкото “Гезме” со мојот пријател Вангел, ја сретнав Анчето, сестра на мојата бивша интимна пријателка, Величка, како шета со нејзините пријателки Роза и Нонка кој штотуку го беа завршиле XI клас. И трите беа од убави поубави.

Првиот пат се разминавме, а вториот пат решив да ја замолам Анчето за разговор насамо. Но тоа не сакаше да се раздели од другарките.

Десет месеци по моето враќање во Петрич, јас често ја среќавав Анчето, но не се поздравувавме. Таа знаеше дека сум бивш пријател на нејзината постара сестра, но се разминувавме како непознати. Не чувствував никаква потреба од разговор со неа.

Знаев дека е малку ладна по карактерот и затоа никогаш не пројавив интерес да ја застанав за разговор. Но оваа вечер упорно настојував.

- За прв пат, Анче, откако сум се вратил од затвор решив да те заговорам, а ти не сакаш – реков јас.

- А, за што да зборуваме? – ме праша.

- Така, просто сакам да те прашам за ова за она.

- Е, ти си разбрал дека сестра ми си дошла и затоа сега сакаш да зборуваме.

- Како така, си дошла? – прашав јас.

- Така, си дошла и цел ден седи на прозорецот, за да те види ако поминеш покрај нас.

- Ама, вистина ли е тоа што зборуваш? – прашав јас.

- Вистина, се разбира!

- Тогаш, нема што повеќе да зборуваме. – реков јас и се оддалечивме од мојот пријател.

Уште истата вечер, околу 21 часот, јас свирнав со нашиот сигнал и само за две минути таа веќе беше во моите прегратки.

- Здраво, добро дошол - рече таа.

- Здраво – реков јас и еден долг, предолг бакнеж раскажуваше за желбата одново да се видиме после долгата разделба.

- Како разбра дека си дојдов денес? – праша.

- Како, од сестра ти Анчето.

И раскажав за кусата реплика меѓу мене и сестра и, а таа од душа се смееше.

- Нели знаеш таа малку си е дива – рече.

- Затоа и толку пати сум се разминувал со неа во овие десет месеци, откако сум се вратил од затвор, но сега нешто во мене ме тераше, просто ми велеше: застани ја, застани ја! И јас собрав храброст да ја запрам, но не беше неопходно повеќе да разговарам со неа, откако ми рече си тука.

- Инстиктивно си почувствувал дека сум тука.

- Да, има нешто такво, а можеби тоа е случајно совпаѓање – реков јас.

- Воопшто не е совпаѓање, цел ден мислам за тебе и чекам да поминеш покрај нас. Тоа се нешта сеуште необјаснети од науката.

Но, луѓето веројатно ги поседуваат, зашто велат:

- “Замисли куче, грабни стап”.

- Можеби си права – реков јас одново ја зграпчув во прегратките.

- После тоа отидовме кај нас дома и пак ја почнавме како и пред затворот, нашата прекрасна љубов.

- Можеби си права – реков јас одново ја зграпчув во прегратките.

- После тоа отидовме кај нас дома и пак ја почнавме како и пред затворот, нашата прекрасна љубов.

За време на месец Февруари ги собраа трудоваците (војници кој целиот рок го поминуваа во работа) од градот и околината, а мене не ме зедоа. Еден ден го сретнав Кицо Јанкулов, оперативен работник во Реонската управа на МВР – град Петрич и му реков:

- Трудоваците во Петрич ги собраа, а мене уште не ме зедоа.

Ако оваа година не појдам војник, да знаете, до година в затвор ќе одам – но војник не! Ова е моето категорично решение.

Тој ме ислуша добро и рече дека ќе стори за мене се што е возможно. Така на 22 Април 1962 година јас бев повикан во Благоевград во Окружната управа не трудовата војска и бев земен во воената единице бр. 1640 во град Петрич, со командир Георги Јанакиев.

Ми се даде можност одново без проблеми да се среќаваме скоро секоја вечер со Величка, којашто го беше напуштела својот маж во Софија. Но, при една од средбите со неа, таа ми рече дека нејзината соседка и казала оти мајка ми не сакала за снаа разведена, каква што, всушност, беше таа. Мене многу ме заболе, зашто мојата скромна мајка да зборува така по луќето и уште следното утро и направив строга забелешка.

- Јас ќе живеам со неа и ти немаш право да зборуваш така со луѓето!

Таа ништо не ми рече, а можеби и немаше потреба, зашто јас во месец Мај истата 1962 година, бев прекомандуван за некое време во воената единица во с. Митино, Петричка околиа.

Еден ден, неколку трудоваци отидовме да се капеме во реката Струма. Реката беше полноводна, и јас со едно момче, Сергеј, се обложивме дека ќе ја препливаме бујната разјарена река. По некое време, кога веќе бев го совладал силното течение, на околу 50 м.

Од местото на тргнувањето се завртив да го видам Сергеј, но него го немаше. Од брегот почнаа да ми мавкаат за да се вратам, и јас решив да го менам правецот на пливањето. Почнав со сите сили одново да се борам против силното течение на реката. Колку посилно грабев, токлу по далеку ме однесуваше водата, а гледав дека реката надолу се раширува како море. Изгледа ја бев изгубил самоувереноста поради осаменоста среде бурните пенливи води на реката и почна да викам за помош. А скоро никакви сили не ми останаа за пливање. Се обидов да стапнам на дното од реката, но дно не допирав и пак со последните сили запливав против течението кон брегот кои беше на околу 40 м.

Во тој момент забележав дека тројца – четворице трудоваци се фрлија во река кон мене. Јас пак се обидов да го допрам дното од реката за да се одморам. Веќе стапив на песокот, но водата ми беше до носот и ме носеше надолу. Пак почнав да пливам цедејќиу ги последните сили и единствено што помислив во тој критичен момент беше дека ќе ме голтнат таласите, дека ми дошол крајот.

Но за среќа тогаш се најдов на по плитко место, каде што стапнав, а водата веќе ми беше до градите. Тука починав неколку секунди и од ново запливав кон брегот кој беше само 15 м. од мене. Кога се фатив за еден корен на брегот, веќе ме пресретнаа две момчиња кои ми притекнаа на помош.

Имало да се живее и страда, инаку додека момчињата стигнаа, јас одамна ќе заминев кај Св. Петар, на оној свет. Останав жив но за целата таа гужба разбра командирот на единицата и на следниот ден ме извади пред стројот да ми држи лекција.

- Стојан Георгиев, три чекори пред стројот! – искомандува строго капетанот Јанакиев.

- Слушам другар капетан – и истапив три чекори.

- Го гледате ли, другари војници? Го гледајте ли овој убавец?

Вчера ќе се удавеше и ќе правеше дамка на нашата единице.

Заслужува најстрога казна, заслужува да го пратиме в затвор!

Доста работи нареди се во тој бил и се со арогантен тон.

Најпосле се обрна кон мене со зборовите:

- Гаден Македонец, не заслужуваш да го дишеш воздухот на Бугарија!

На последната реплика не можев да издржам и му пратив:

- Другар командир, тука е Македонија, а Вие не заслужувате да го дишите нејзиниот воздух!

- Марш, 5 дена во апс! Ќе те дадам на суд, гадно човече! – свика на мене командирот.

Пет дена бев затворен. Како што после разбрав, тој на вистина се обидел да ме даде на суд но моите родители беа отишле кај Кољо Ќучуток, братучед на татко ми, а тој со капетанот Јанакиев биле баџанаци.

Така, роднинските врски помогнаа одново да не се најдам в затвор, но бев прекомандуван од единицата бр. 1640 – Петрич, и испратен да служам во единицата бр. 3416 во месноста “Илинка Река”, на три километри од рилскиот манастир. Одново се разделив од градот Петрич и мојата прва љубов – Величка.