Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

Kalina

Front Matter - Part 09

Од Петре Наковски · Дел 9 од 11 · Околу 21 минути

Читај на English

Затвореничките имаа право да напишат писмо само еднаш неделно. Сите писма беа строго контролирани. Секогаш беа цензурирани. Секој збор што им беше сомнителен го бришеа со црна боја. И тие кои беа праќани и тие кои пристигнуваа на островот. Тие писма кои им беа сомнителни, беа ишаркани, ама и од тоа можеа да се добијат вести за тоа што се случува надвор од логорот. Имаше многу случаи писмата и пакетите со денови да чекаат во управата. За казна.

Писмата не смееја да имаат повеќе од дваесет редови. Вишокот редови ги бришеа со црно мастило или писмата ги кинеа и ги гореа во куп пред нивните очи.

Писмата – пратени или примени беа радост, надеж, кураж, љубов, исчекување, ама и болка и тага, чиј крај секогаш завршуваше со плачење и лелекање. Плачењата, лелекањата, клетвите и анатемите траеја до наредното пристигнување на поштата.

И јас пишував, праќав, ама одговор не добивав... Сите писма ми се враќаа...

* * * Во логорот еднаш месечно полицијата носеше службен фотограф. Да не слика. Сликање само во групи. Само групни слики. Никогаш поединечно.

Пред сликањето не тераа да се измиеме, убаво да се исчешламе и потоа да се дотераме во чисти алишта што ги праќаше црвениот крст.

Кога не сликаа не тераа да се смееме. Сите моравме да бидеме насмеани.

Насмевката беше затоа за да изгледаме задоволни и среќни.

Полицијата фотографиите им ги предаваше на новинарите, а тие ги објавуваа во весниците со соодветен коментар. Така од тие фотографии јавноста дознаваше дека во логорот сме задоволни од животот и од однесувањето кон нас. Барем така кажуваа и потврдуваа фотографиите.

Ама широката и весела насмевка за нас имаше и друга цел -наша, логорашка. Само насмеани логорашките можеа да ја излажат полициската цензура и фотографиите можеа да стигнат до роднините и на тој начин даваа на знаење дека се живи.

И јас се сликав насмеана. На групната фотографија се грижев преку насмевката да изгледам многу радосна, весела, среќна, ама мојата насмевка никогаш не се случи да стигне до моите.

Моите писма заедно со фотографиите се враќаа со печат на ковертот: ``Примачот отсутен``.

Така знаев дека моите дома ги нема...

Колку и да се трудев насмевката да ми е повесела, поведра, поширока, толку повеќе во очите ми тонеше тагата и болеше болката... А тие, кои не тераа да сме насмевнати, по фотографирањето сакаа во нашите очи да ја видат болката, залепениот нем крик на ужасот врз нашите усни, стравот во нашите очи, да ги гледаат натажените образи покриени со принудната насмевка и тоа ги задоволуваше, зашто беше дел од нивната добро извршена работа. А не можеа да сфатат дека во тие натажени очи, во тој нем крик болно стежнат во зеницата, траевме со нескриена надеж исчекувана дури и во несигурното утре...

Денот, пред доаѓањето на фотографот, во ќелиите и шаторите, пред парче скршено огледало вежбавме насмевка - весела, блага, кротка, задоволна и надежна и правевме се` за да ја скриеме болката зашиена во нашите души.

Пред секое сликање полицајците проверуваа дали добро ни стоеја фустаните испратени од црвениот крст, дали добро ни беше дотерана косата, дали доволно бевме нашминкани.

Наредено им беше до сликањето да се грижат за да изгледаме многу убаво, зашто од нашиот изглед надворешниот свет добиваше јасна слика за тоа дека во центарот за патриотско превоспитување владее радост и среќа, а сето тоа мораше да се гледа во нашата насмевка, фустаните, фризурите, шминката...

Вежбавме за да немаме помодрени образи, натечени очи;

вежбавме за да знаат тие кои беа на слобода дека сме живи и дека со насмевката го презиравме стравот и смртта, вежбавме и за да имаме малку помирна ноќ...

Додека не сликаа очите, образите, усните ни беа полни со смеа и радост, а потоа ни беа полни со солзи на болка и тага...

А таму, дома, тие кои ги гледаа сликите сигурно не мислеа и не беа убедени дека тука, нивните сакани, беа толку среќни, како што изгледаа на сликите... Во нивните зеници ја откриваа болката на страдањето...

И така, заедно со сите и јас вежбав се` до наредното сликање, ако би го дочекала денот за сликање...

Така сакаше поредокот на тупаницата, на камшикот, на стапот, пендрекот, пцуењето, понижувањето, стравот... Сето тоа мораше да биде покриено и скриено под нашата изнудена насмевка...

Фотографиите беа добро прегледувани и тие, кои весело и ведро не се смееја, наредниот ден беа повикувани во командата и од таму се враќаа со помодрени лица...

Случајот не ме остави на страна...

* * * На островот не косеа болестите. Најчеста болест беше дизентеријата. Тешко болните ги носеа во логорската болница, ама пред тоа бараа од нив да потпишат изјава за каење.

Тоа што не уништуваше не беше само заточението, туку и тешката физичка работа, секојдневната ангарија. Се` што носеа бродовите, целиот товар моравме ние да го растовариме и да го однесеме горе до манастирот.

По острата и стрмна угорнина се` носевме на грб.

Многу не измачуваше студенилото, гладот, жедта, нечистијата, несигурноста, стравот..

Маки ни носеа и мувите. Роевите муви, излегуваа од сите нечистотии, растураа зараза која сееше болести. Тешко се браневме. Долетуваа цели роеви токму тогаш кога се постројувавме за да добиеме ручек. Немаше начин да се одбраниме. Слетуваа на храната, ни се пикаа дури и во устите.

Роевите муви беа неиздржливи. Се собираа таму каде беше највалканото и најнечистото и ги пренесуваа двете постојано присутни болести - дизентеријата и болеста на очите. Овие болести беа најчести. Најмногу страдаа тие, кои крајно беа исцрпени. Присутен беше и тифусот што извираше од матните води на бунарите и лошо измиениот зеленчук.

* * * И немаше месец да не стигнат покани за судење. Тогаш, најчесто ноќе, по полноќ, во ниедно време извикуваа жени од келиите и шаторите.

Кошмарни ни беа ноќите и зорите кога со силно тропање полицајците ја отвораа вратата на собата - ќелија или влегуваа во шаторите со гласно викање. По име и презиме, наредуваа извиканите да излезат. Време за собирање на своите работи - само пет минути.

Знаевме зошто ги викаат.

А тие, кои беа повикани, оставаа зад себе делови од својата облека, слики, писма, книги, обетки, чешлиња, огледалца - за спомен.

Девојките ги испраќавме свечено. Им дававме малку од скриената вода за да си го измијат лицето, им помагавме да си ја дотераат косата и облеката и така убави ги испраќавме со зборови на кураж. Ги храбревме нив храбрите кога го напуштаа логорот.

Една ноќ, од нашиот шатор извикаа две девојќи и колку можеа побрзо ги извлекоа надвор. Сите станавме и фрлајќи врз себе по нешто од облеката, во толпа тргнавме зад полицајците.

Надвор дуваше силен ветер, дождот истураше и не се гледаше каде почнуваше и каде завршуваше копното. Во бурата одвај се слушаше грозоморната бучава на разулавените морски бранови кои бесно удираа на карпестите брегови.

Ноќта - црна, ниту прст пред око да видиш. Мракот, небото и морето го расечуваа молскавици и ровјите трештеа над нас.

Викавме, ама нашите гласови се губеа во грмежот на громовите.

Во таква ноќ ги одведоа девојќите.

Секогаш, дали во ниедно ноќно време или во рани зори, трчавме за да ги испратиме на последното патување, пеејќи:

Збогум, збогум жален свету, Збогум, збогум живот мил...

А тие одеа исправени, а ние трчавме зад нив, им бевме многубројна придружба се` до брегот. Спречени од вперените пушки во нас, стоевме на високиот брег и се` додека во морската шир се` уште се гледаше бродот пеевме и раколескавме.

На тој начин им пожелувавме добар пат и добра среќа.

Нашата песна ги придружуваше до последниот чекор и здив под ѕидот на стрелиштето.

За тие, кои беа зграпчени во мракот или во раните зори, кога ветриштата и бурите најмногу лудуваа, кога брегот го кршеа морските бранови и островот го биеја громови и ровји, кога небото и земјата во мракот стануваа едно, само толку можевме да сториме...

Деновите кога ги одведуваа извиканите затворенички бевме како мртви, молчаливи, скршени... немаше зборување...

Во таков ден се` помалку се зборуваше и се` помалку се слушаа прашањата за тоа што ќе биде и како ќе биде и со нас. Никоја од нас не беше сигурна дали утре или друг ден нема да биде повикана, никоја не знаеше кој ден ќе биде повикана и затоа секој ден беше ден на исчекување.

* * * Во логорот на посета и на убедување доаѓаа министри, високи воени и полициски личности, попови и владици. Носеа и дезертери од Демократската армија на Грција и такви кои од логорите излегоа со потпишана изјава за каење.

Сите ни ветуваа само едно:

– Ако потпишеш изјава за каење, веднаш ќе си одиш дома. Ако не, тогаш, велеа, тука ќе те умреме од глад, од болести, од работа, од жед и жега, од студ, од влага, од страв, од безнадеж и осаменост!

Покајте се!

Така викаа стоејќи под ладната сенка, а нас во тоа време со часови не печеше сонцето, не врнеше дождот и снегот, не вкочануваше студот...

* * * Полицијата, покрај многуте начини за создавање малодушност, применуваше најразлични методи. Во логорот честопати ги носеа мајките со цел да ги наговорат ќерките да потпишат изјава за каење.

Еднаш сум слушнала ваков разговор:

- Дете драго, потпиши, ќе те пуштат.

- Не, мајко, нема да потпишам. Премногу ме измачија за да можам да заборавам таква подлост. Сакаат да се откажам од тебе, од мене, од сите наши. Сакаат да сум ништо... Тебе сега те измачуваат со мојата болка. И тебе и мене ни ја одзедоа радоста на средбата. Држи се, мајко, да не не видат дека болиме. Да не им го дадеме тој мерак, да не ја имаат таа злобна радост дека ме скршија, да не им дадеме тоа кучешко задоволство...

Девојката клекна пред мајка си, во своите дланки ги прибра нејзините дланки и цело време ми се чинеше дека заедно со жешките бакнежи и топлите солзи врз нив ја оставаше и целата тежина на својата болка.

Глетката многу ме болеше...

* * * Просторот за движење - ограничен. Обележан со два реда бодликава `рѓосана жица. И времето ограничено. Само два часа дневно. Еден час пред и еден час попладне. Вооружен полицаец го надгледуваше секое движење. Така ограничена ни беше дури и глетката на небото и морето и ридовите отаде бодликавата жица.

Жените кои од дома добиваа пари, се редеа пред жицата. Од другата страна месните трговци. Во нивните раце преминуваа тешко заработените пари на роднините, а во рацете на затвореничките - сапун, нешто од облеката, конци, игли, моливи, коверти, хартија, свеќи... и се разбира се` под будното око на полицајците.

Јас ништо не купував зашто немав со што, ама додека се водеше таа ситна трговија, ја користев приликата, преправајќи се дека собирам цвеќе, најмногу незаборавка, во корените на маслините или под камењата ги криев тетратките на Викторија, во кои таа запишуваше се` што се случуваше во логорот.

Цвеќето им го подарував на постарите жени, кои поради тоа многу ме засакаа. Некои од жените го сушеа и го лепеа на писмата што им ги праќаа на своите роднини.

И јас праќав, ама од таму, од моето место, од таму во Костурско, ми се враќаше само молкот занемен во болка...

* * * Ноќите, иако беше забрането, се собиравме во една просторија и тивко, скоро мрморејќи, пеевме и радосни и тажни песни.

Кога ги пеевме тажните песни, тогаш најмногу се слушаа долгите воздишки кои ја исполнуваа просторијата и секоја одделно ја чувствуваше и ја одболуваше својата болка.

Многу тага и болка ни предизвикуваше песната ``Kaποια µανα αναστεναζει``. (Една мајка тешко воздивнува). Тажни се зборовите и мелодијата на таа песна и уште потажно и поболно се будеше паметењето и споменот. Не само нас не растажуваше, туку и полицајците кога скришум ја слушаа и за да не им се крши духот, ни бранеа да ја пееме.

* * * Во логорот секогаш ги одбележувавме националните и верските празници. Националните со песни, ора и скечеви. Логорската управа секогаш проверуваше кои песни ќе се пеат и каква содржина ќе имаат скечевите. И од досада и од будност, полицајци секогаш стоеја на страна и внимателно следеа се` што се случуваше на импровизираната сцена и реагирањето на логорашките.

Многу тажни ни беа деновите кога ги славевме верските празници. Тогаш само со телата бевме во логорот во Трикери, а со мислите - дома...

Седиш на голиот под и си мислиш, си претставуваш дека си дома. Во очите потопени во солзи се одразува се` што се правеше дома пред празникот и во текот на празникот. Тогаш, ден пред Велигден, ние, девојчињата, од целото село, со шумски и ливадски цвеќиња ја украсувавме големата икона на Богородица исправена пред црквата. Сите во селото белевме одаи, метевме дворови, месевме и печевме погачи, готвевме. На трпезата - ставена среде големата гостинска одаја - се` што даде Господ - погачи, варено и печено, црвено вино и кошница со црвени Велигденски јајца... Најстариот, дедо ми, ја креваше чашата со црвено вино и наздравуваше:

-На здравје! За многу години! Сега радосни и до година уште порадосни!...

Ѕвонење на чашите во кои искреше виното...

Попладнето одевме на Свети Атанас. На дебелата дабова гранка

- лулашка. Редум се лулаа девојките и се ореше песната посветена на таа која се лули и на тој кој ја пули...

Весело беше, радосно беше, среќно беше, празнично беше...

Беше...

Склопчена, со брадата втисната меѓу колената - ја гледам гостинската одаја и сите мои најмили ми се губат во солзите.

И сето тоа, тука, во логорот, беше само спомен кој будеше горчлива тага и болка.

Во такви мигови осаменоста стануваше уште поголема и по маченичка и тогаш споменот многу болеше, а најчесто повеќе болеше и од полициската тупаница, од ударот со стап, од клоцата и камшикот... и во таа осаменост само славењето на празникот стануваше топлина, сон, мечта и желба изречена со долга воздишка - честит празник и стори, Господе, што побрзо да сме на слобода и дома...

Тој ден празнувавме Велигден и не го допразнивме.

Одеднаш се отвори вратата од одајата - ќелија. Се прекинаа желбите...

Беше наредба - секогаш кога на вратата застанува полицаец, тогаш сите на нога. Задоцнив да станам. Полицаецот ме зграпчи за коса и ме извлече во ходникот. Ме изби крваво и болно, ама таа болка не ме болеше толку многу, колку што ме болеше испогазената мисла и големата желба токму денес, на Велигден, да сум дома...

Тој ден беше Велигден и празнувавме Велигден...

За многу години...

* * * Од манастирските келии не преселија во шатори поставени на самоти брег. До работ на карпата два или три чекори. Кога дуваше јужниот ветер тогаш под нас се слушаше силното удирање на морските бранови кои кај сите нас будеа ужасен страв. Имав впечаток дека разлошените води ќе го разурнат брегот и сите ќе не повлечат во матното.

Уште пострашно беше кога дуваше северњакот. Тогаш ги подигавме крилата на шаторот од северната и јужната страна за да може ветерот слободно да провејува, зашто во спротивно можеше и шаторот и нас да не одвее во морето.

Една ноќ, некаде по полноќ, заедно со свирежот на ветерот и бучавата на разулавеното море, се слушнаа ужасни викотници на страв и молби. Соседниот шатор го одвеа ветерот, а жените грчевито се држеа за колците и јажињата.

Мракот густ, ветерот силен, бучавата на морето страшна и уште пострашни викотниците на жените. Ветерот и мракот ги голтаа ужасните викотници кои уште повеќе го засилуваа стравот.

Едни клечејќи, други полу легнати, си подадовме раце и ги извлековме жените кои само на неколку чекори беа далеку од бездната. Се изброивме.

Во морската бездна никоја не падна.

* * * На едно три или четири метри од шаторот беа гробиштата со десетина гробови во кои лежеа мажи - жртви на логорот, кои тука беа донесени порано.

Во средината крст од делкано маслиново дрво. Меѓу овие гробишта и шаторот, оддалечени само три чекори, имаше уште едни гробишта. Се разликуваа по малите гробови. Во нив беа погребани малолетни деца кои тука беа донесени заедно со своите мајки. На секој гроб имаше мал крст од две врзани маслинови гранки, кој по дождот и секое посилно дување на ветерот паѓаше во матната вода насобрана меѓу тие детски гробови.

Мојата постела, само од едно старо ќебе, беше најблиску до тие гробови. Тукуречи на дофат на раката ми беа малите гробови на близначките - Елефтерија и нејзината безимена сестричка.

Будна и на соне честопати ги галев... Не еднаш, во најтешките мигови, кога ми се случуваше да ме совладува безнадежноста, тогаш седнував до нив и, галејќи ги, им ги пеев сите приспивни песни што ми ги пееја баба и мајка и и присакував да има мир и смирување за нивните прерано згаснати душички. Со тивок шепот им пеев приспивни песни во кои ги вплетував сите мои најдобри желби и се молев барем тие да имаат мир во оваа јалова и солена земја ...

Спијте мили, малечки, душички...

Спијте и заедно со мене сонувајте сонце...

VIΙ Април. Утро. Илјада деветстотини педесет и четвртата година.

Излегов од шаторот изненадена од тишината. Надвор сончевина и во неа зеленеа ретките треви меѓу камењата испукани од жешкото сонце и изглодани од дождот, снегот и ветриштата.

Цутеа маслините, боја и мирис ширеше незаборавката.

Ме изненади тоа, што не одекна утринската логорска труба. На јарболот не се вееше државното знаме. Какви ли изненадување не чека? Се вратив во шаторот, а таму девојките и жените веќе стуткани една до друга, ѕиркаа од полуотвореното крило.

Мачно исчекување. Чекавме и добро не мислевме. Молк.

Никакво движење. Тишината морничава и напната.

Издржувавме тешки мигови на неизвесност за тоа што може да не чека. Напнатоста растеше, несигурноста уште повеќе. И одеднаш - грмеж. Грмнаа логорските звучници и кратко потоа, наредба:

- Внимание! Внимание! Внимание! Сите на собир! Сите на собир! Сите на собир! - повикуваа звучниците и истото го повторуваа секои неколку минути. Чудно ми беше што пред тоа ги немаше воените маршеви, а ми се чинеше дека и гласот на најавувачот беше некако смален. Исплашени излегувавме од шаторите и манастирските ќелии и во толпи се собиравме на зборното место. Се построивме и чекавме. Во очите и образите мачно се оцртуваше прашањето: - што не чека? Денес што ќе прават со нас? Растеше несигурноста и стравот.

Исправени во стројот молчевме и чекавме – напнати, згрчени, исплашени...

Пладне. На бината се истопори командантот на логорот.

Стројот и сите очи заковани во него. Тој од таму, од високото, не гледаше, не голташе. Најпосле длабоко воздивна и рече:

- Слушајте вие... - Прекина и пак долго се загледа во стројот. За него бевме само строј. – Слушајте и добро и долго да запаметите. Благородната татковина од денес ви ги проштева злоделата и ве враќа во нејзината пазува. Од денес сте слободни. Соберете си ги парталите. Се враќате дома... – толку рече и си отиде.

Дали бев изненадена?

Бев многу исплашена...

Само по неколку дена Трикери - островот логор се испразни. И се` додека тоа траеше ми се чинеше дека над островот небото стануваше поведро.

Синевина, топлина, зеленило, мирис на маслините, меѓу камењата во росата блесок на расцутените синолички...

Го напуштав Трикери, островот на мачеништвото и страдањето, островот врз кој легна болката и солзите на илјадници жени и девојки и... моите...

Зад мене, во Трикери, останаа празните стари американски воени шатори, влажните и мувлосаните манастирски ќелии, расцутените маслини, бујните незаборавки, лудите морски ветришта, од сонцето испечените и испуканите стрмни и омразени карпи, ужасниот крик на избиените, осакатените и полудените, молитвите, патилата и клетвите.

Зад мене скаменето молчење под синото небо на острοвот и во него искра на безмерна, нескротена, голема утешна радост и солзи.

Зад мене остануваше Трикери - обременет со целата тежина на болката на илјадници измачени жени и мојата.

Ми почна сонуваното и долгоочекуваното патување кон сништата.

Без презир дома испратив многу жени и девојки кои потпишаа изјава. За нив имам длабоко сочувство. И на суд и на стрелиште испратив многу. За нив имам восхит... и низок поклон пред нивните посмртни останки.

Со мислите сум и со едните и со другите. Каде и да се ги сакам и среќа им посакувам...

* * * Секоја жена и девојка која беше во логорите за жени - Хиос, Макронисос и Трикери, за тоа што доживеа и што претрпе таму, има иста, како на сите, ама и своја, лична, приказна...

И мојата е слична како на другите, ама и различна...

Таму од сите бараа да се откажат од своите мажи, браќа, сестри, роднини и од тоа во што веруваа...

Од мене бараа многу повеќе...

И така деновите и ноќите, неделите и месеците си врвеа и се пластеа во години се` до илјада деветстотини педесет и четвртата година.

Таа година ги затворија логорите за жени...

Збогум Трикери...

Главната управа за женските логори, со седиште во Лариса беше сместена на вториот кат. Ме внесоа во канцеларијата на некој началник, кој без поздрав, туку со само намуртен поглед вгнезден во ненаспаните очи, долго и упорно ме гледаше, ме меркаше од глава до пети. Од полицата зеде сина папка, ја отвори, преврти неколку листови и развлечено рече:

- Утре си одиш...

- Каде?

- Во твојата мала татковина.

- Мислите дома? Во моето село?

- Да, дома. Во Костурско. Нели си од таму? А таму каде точно ќе ти одредат да престојуваш, не знам.

И додека началникот ги средуваше хартиите во папката, која беше моето досие и нешто допишуваше, мене ми се вртеше мислата дека ако тие, веројатно полицијата, таму ќе одлучат каде ќе престојувам, значи ќе ме затворат во костурскиот затвор или во некоја келија на тамошната полиција.

Началникот ја стави папката во голем кафеав коверт, одново долго се загледа во мене и изусти:

- Ајде, оди, собери си ги работите и на пат со добро. Од денес си слободна. Татковината ти прости... Оди... Уште денес.

Собери си ги работите и кога ќе бидеш готова, дојди да ја земеш отпусната потврда за излегување од логорот...

- Јас немам што да соберам. Се` што имам, го имам на мене и...

и во ова торбиче...

- Немаш ништо друго? А што имаш во тоа торбиче?

- Еве - го отворив и реков: - Едно малечко чешле, огледалце и две шноли... Ова е се`!

Не му кажав од кого ми е. Не му кажав дека секогаш со мене го носев тоа малечко торбиче, кое беше полно со болка, страдање и солзи и дека кога се враќав од Макронисос торбичето ми беше полно со соништа, исчекувања и надежи... Во него ја носев и физичката и душевната болка на сите логорашки и мојата...

- Не, така не, во парталави алишта и со тие војнички цокули, не можеш да одиш. Што ќе рече светот, а? Зарем вака сакате да им дадете причина на домашните и странските новинари да пишуваат лаги дека таму во логорите лошо се однесувавме со вас, а?

Ја подигна слушалката и со остар тон викна:

- Дежурниот кај мене! Мораш убаво да си облечена и убаво да изгледаш, а не вака.

- Заповедајте, господнине, полковник! – рапортира дежурниот офицер, стоејќи во став мирно.

- Однеси ја во магазинот и таму нека си одбере од фустаните, од чевлите, од шамиите, од капите се` што ќе и` се бендиса...

Отидовме во магазинот. На подот куп фустани, понатаму чевли, капи, шамии, шалови, палта...

- Што е ова? – го прашав офицерот.

Тоа што гледаш...

Пречекорив праг и влегов внатре. Полека се доближив до купот фустани. Се наведнав и подигнав еден, го истресов и се занесов, почувствував дека под мене подот се поткрева, опаѓа, се лула, омекнува, таванот, ѕидовите, прозорецот се вртат во некакви матни кругови, на челото студена пот, стегање во грлото, ми снемува воздух, се` се прелеваше во магла... се врти, се врти, чувствувам дека паѓам. Се стресов, свеста полека ми се враќаше, ми се избиструваше видот и низ замаглените солзи гледав дека во обесената рака држам фустан во сини цветчиња и во горната половина голема дамка засушена крв.

Го познав - фустанот на Антула.

Антула ја запознав во ќелијата на главната управа за женските логори. Весела, црноока, дваесет и двегодишна учителка од Атина. Самата избиена до крвавење, не тешеше и не бодреше.

Многу ги колнеше мачителите и кога најмногу беше тепана.

Тогаш викаше:

- Удрете, страшливци, удрете, малодушници, удрете, ви личи девојки и старици да мачите... Јас, јас сум Грција, јас сум нејзината каријатида, а не вие...

Воениот суд неа и пет други од нашата ќелија ги осуди на смрт и нејзините песни, мечтите и надежите што ги оддиплуваше пред нас, згаснаа на затворското стрелиште...

На заминување од логорот, Антула ми подари малечко торбиче.

Земи го - рече - за спомен...

Цело време од престојот во Трикери ниту за миг не го оставив торбичето што ми го подари Антула. Со мене, секаде го носев тоа мало торбиче кое беше полно со болка, со мака и солзи.

Во него беа и мечтите на Антула...

Секогаш тоа торбиче ми беше полно со соништа, со исчекувања, со надежи и се радував како што птицата се радува со првиот лет...

Во осаменоста и страдањето ми беше придружник и поткрепа.

Во него ги чував и лошите и добрите мисли и спомените за сите со кои бев во логорите...