Front Matter - Part 11
Дозволија да се вратат само жените на печалбарите од Костурско, Леринско и Воденско, кои набргу бродовите ги однесоа во Австралија, Канада и Америка...
Се зборуваше дека подоцна печалбарите во новите татковини си ги прибраа и своите деца кои во земјите на железната завеса беа згрижени во домови и таму учеа...
* * * Еден ден, на пазар, гледам маж, кој ми се чинеше дека го познавам, ама не бев сигурна. Од љубопитност застанав до него, вперив поглед во неговото лице. На левиот образ лузна.
Очи испупчени. Дебели, црни веѓи. Ми текна. Тој е - си реков.
Тој е Костас. Војникот што го заробивме ранет, кого по наредба на командантот, на плеќи го пренесов на безбедно место. Беше ранет во градите, плукаше крв и молеше да не го стреламе. Му ја соблеков кошулата, ја искинав на дветри парчиња. Ја ставив на раната и со мојот завој го преврзав. Престана да крвави. Два денови го хранев со дел од мојот леб, го поев со вода од мојата матарка и многу го тешев, велејќи му дека раната не е опасна и дека уште денес заедно со други ранети ќе го пратиме во нашата партизанска болница. Лежејќи во ровот еден до друг си зборувавме како да бевме одамна познати.
Чудно...
До вчера во два спротивни ровови, сега во еден. Го гледав и без престан се прашував: каква ли е тоа судбина непријатели да врзува со добрина? Некој од нашите го погоди и сега неговиот живот зависи од мене...
Зошто е така? Можеби затоа, што секој ден не дебнеше истата судбина што ја носи војната?
Дознав дека е од село што се наоѓа близу Костур. И јас му кажав од каде сум. Можеби тоа не зближи?
Да, сега сум сигурна: тој е - Костас, кого ранет на грб сум го однела на безбедно место и два дена го негував... Тој е, Костас, заробениот ранет водник на владината војска.
Се преправив дека се пробивам меѓу пазарџиите и посилно го турнав.
- Простете - му реков и пак продорно се загледав во него. Во неговите очи забележав изненадување и напор за потсетување.
Стоевме еден спроти друг, се гледавме...
Му затрепереа образите, на усните одвај видлива тажна насмевка. Ме гледаше упорно и најпосле рече:
- Ти?! Ти ли си, Калино? Ти си?
- Ти ли си, Костас? Ти си?
Се прегрнавме.
Беше миг кога првпат по долго време почувствував радост и дали од радост, дури и сега не знам, ми потекоа солзи. Зошто?
Сигурно не затоа што пред години се гледавме низ мушицата на пушките...
Ами, зошто ми потекоа солзите?
Костас се оддели од прегратката, малку се оддалечи од мене и тивко, со многу растреперен глас, гледајќи ме в очи, прошепоти:
- Калино, многу те мислев, многу те барав, со години во мене чував еден збор што од се` срце сакав да ти го кажам... Ете, сега, по толку изминато време, прости што дури сега, можам да ти речам благодарам... Ти ме спаси, ти... благодарам... Никогаш не сум те заборавил. И таму, во Узбекистан, во Ташкент. Таму, во бараките, во кои пред нас Советите ги имале затворено јапонските заробеници, по цели ноќи, истоштен од копање канали, лежејќи на железниот војнички кревет, постојано те мислев, секого прашував, секаде те барав и преку црвениот крст и преку партијата... Во одговор ми пишуваа - лицето што го барате не постои...
Долго молчевме држејќи се за раце.
Костас прстите ми ги собра во едно клопче и клопчето, заедно со бакнежот го облеа со солзи...
Навалив глава на неговото рамо и таму ја истурив целата горчина...
* * * Имав и втор живот. Во тефтерите. Таму за мене, и за сите други, се` беше запишано. И тоа што сум го правела и тоа што не сум го правела.
Прво во тефтерите на полицијата. Сомнителна личност и опасна за државата. И казна по избор – затвор или логор...
Вториот тефтер беше тефтерот на Второто биро на Главниот штаб на Демократската армија на Грција - исто така дебел -служба за разузнавање и контраизвестителна дејност. Во него имаше и делови од тефтерот на политичкиот комесар на баталјонот.
Во сите тефтери секогаш на првото место беше сомнежот...
Еднаш, сосема случајно, ѕирнав во тефтерот на комесарот и за мене прочитав:
„ Доброволно стапи во редовите на Демократската армија на Грција„ Се изненадив!
Како, бре, доброволно!? - викнав. - Па нели ме собраа ноќе со други девојки?
Девојката што беше близу до мене, ми рече:
- Будалче. Немој повеќе да писнеш зашто ќе те земат на око и секогаш ќе им бидеш сомнителна. Остави. Нека си ги полнат тефтерите. Ти само чувај се и немој се` што да зборуваш, а најмалку да прашуваш...
И се чував и не прашував. Од тогаш секогаш зборовите ми беа броени. Пред сите... и ништо друго толку многу не ме придружуваше како тие тефтери. Каде јас, таму и тие, каде тие, таму и јас... секогаш во сенката на полицијата...
* * * Еден ден со придружба на полицаец бев одведена во полициската станица. Началникот ми подаде печатен лист со заглавие:
Изјава за лојалност.
Прашав:
- Што значи тоа?
А тој:
- Прво потпиши, а потоа ќе ти објаснам...
- А кој закон на државата не почитувам за да морам да потпишам таква изјава?
Рече дека не се работи за тоа дали почитувам или не почитувам некој закон, туку морам да потпишам. Сите ендопји, рече, мораат да потпишат изјава за лојалност. Реков дека нема да потпишам, а тој ме потсети на еднаш изречената закана дека островите на Егејско Море не се поместени и дека патиштата за таму не се затворени и тоа да не го заборавам.
Со сосема смирен глас му реков дека имам добро паметење и не сум заборавила како поминав таму.
Поминаа неколку месеци и пак во полициската станица.
- Госпоѓице те повикав тука за една многу важна работа.
Идната недела во неколку костурски села селаните ќе даваат заклетва дека нема да го зборуваат локалниот словенски дијалект. За твое добро те советувам и ти да се заколнеш дека таквиот јазик нема да го зборуваш.
Не можев да издржам и гласно почнав да се смеам.
А тој:
- Смеата може да премине во плачење, госпоѓице...
- Па за плачење и потсмев сте вие, господин началник! Што ли уште нема да измислите за да ги избришете разликите меѓу нас и вас!... - реков и без барање дозвола, ја напуштив полициската станица.
По неколку месеци пак повик во полицијата.
- Госпоѓице – со умилкувачки тон на гласот ми се обрати началникот. - Колку што знам, немате некоја работа која би ви донела подобро живеење. Ете, јас со задоволство сакам да ви кажам дека ви се отвора прекрасна прилика за одлична работа со висока заработувачка...
- Каде?
- По ваш избор во Австралија, Канада или Америка. Доволно е да се јавите во една од овие агенции и тие ќе ви ги средат сите потребни документи. До една од тие земји се` е бесплатно... Да, се` е бесплатно само во една насока... Јавете се таму...
Одбив.
Што потоа?
Потоа следеа чести закани...
И така, во тоа колнато време големи бранови на иселување го заплискаа Костурско и Леринско. Брановите биеја само во една насока.
Во времето на тие бранови од колку оџаци во Костурско и Леринско чад престана да чади и на колку врати и порти беа обесени катанци?...
КОЛКУ?
* * * Кон крајот на педесеттите години земјата ја завеаја покротки ветришта. Ми рекоа дека немам обврска да се јавувам во полицијата и дека слободно можам да одам каде што ќе посакам.
И посакав да одам во селото.
И отидов.
А таму каде што беше село го најдов само дедо Ѓорги, кого честопати го сретнував во градот.
Радост е кога ќе сретнеш познат.
Бегаше од старскиот дом каде по завршувањето на војната го имала сместено војската, зашто немаше ниту покрив над главата и ниту некој за да се грижи за него. Го враќаа во домот, а тој одново - во селото. Друго место не го береше. Секаде му беше тесно. Селото не го напушти и тогаш кога во близина се водеа тешки борби. Остана и тогаш, кога сите селани под принуда пребегнаа во Албанија.
Честопати го посетував во домот. Му носев нешто од храната и овошје, а понекогаш вино и ракија. Ме молеше да седнам до него и ми велеше:
- На овие постојано им велам кога ќе умрам да ме погребите во селото... Под дабјето... На друго место не сакам...
Седнавме на камењата од неговата разурната куќа и потонавме во молк загледани во урнатините кои некогаш беа дом. Во мене се одмотуваше клопчето на времето што протече. Во мачните спомени живнуваа мајка и татко, дедо и баба и братот што остана на некој од ридовите на Грамос и сите кои од тука се витосаа во незнајно. Со мислите одново го прегазував изодениот пат.
Грч во грлото, во окото натежната солза на болка...
Молкот го прекина дедо Ѓорги.
Да те замолам, чедо...
Моли, дедо...
На тие во домот да им речеш, кога ќе умрам да ме погребат тука, во селските гробишта, под дабјето. На друго место не сакам... Нема да заборавиш да им речеш, а? Да не заборавиш...
под дабјето, така да им речеш...
Му ветив дека нема да заборавам.
Му бакнав рака и отидов во урнатините каде беше дедовата куќа. Нашата куќа. Зовреа спомените и во нив изгор и болка...
Меѓу камењата обраснати со трева видов парче крпа. Го извлеков и од него ја истресов земјата. Се стресов. Во рацете ми легна дел од малината (Малина – волнен плетен фустан) на мајка... Седнав на урнатите скали. Ја послав на моите колена, ја галев, ја бакнував, ја оросував со солзи. Од црната малина се оддели конец и нависна над моите стапала...
Во тој миг загледана во црниот конец си ја спомнав приказната, кога ноќе, во логорот во Трикери, ни ја раскажуваше професорката од Атина.
Приказната беше за Арјадна.
За конецот на Арјадна (Арјадна - конецот на Арјадна, во грчката митологија таа е ќерка на критскиот цар Минос и на Пасифеја. Кога Тезеј тргнал да го убие Минотаврот, пред да влезе во лавиринтот, Арјадна му дала клопко конец. Тезеј слегувајќи го врзувал конецот зад себе и откако го убил Минотаврот, држејќи се за конецот успеал да излезе од лавиринтот. Од овој мит во современата култура е сочуван изразот ``конецот на Арјадна`` како симбол за излегување од тешко решливи ситуации).
За конецот на помошта, конецот на спасот и на надежта...
Конецот за излезот од злото...
Зад мене мојот скинат конец и на моите колена црниот скинат конец од малината на мајка...
Нашиот црн - нашиот црн скинат конец...
И нашето колнато време во кое никој не ми подаде конец за да излезам од злото...
Тој ден не се вратив во градот.
Ноќта ја преседов во црквата, во нашата црква, Света Недела.
Низ прозорецот течеше сноп месечева светлина. Бледо ги осветлуваше лицата и вчудовидените очи и натажените лица на светците и ангелите вковани во мене чиниш ме прашуваа што барам меѓу нив, а јас молчев и ме давеа безброј прашања за многу нешта што беа и што се.
Палев свеќи за живите и мртвите, за тие кои ги нема и кои се.
Со мислите се враќав во планињето, ридовите, земјанките, рововите, бункерите, траповите, долгите ноќни маршеви и таму ги наоѓав соборците, седнував крај нив и ја галев земјата над нив и одново се враќав на пепелиштето, кое беше куќа, двор, дома, оџак од кој право угоре, како столб, се издигнуваше чадот, бележејќи дека тука имаше живот.
Сега на тоа запустено парче земја, на кое бујно расте бурјанот и шипот, само јас чекорам жива... и желба ми е да и` се јавам на мадам Олга, таму во Атина, за да и` кажам дека веќе ги нема добрите луѓе и куќата на добрината...
Ги нема...
Зошто?...
* * * Дедо Ѓорѓи кој беше корен од старо и бројно големо семејство и на стари години самуваше, умре во старскиот дом.
Ми рекоа дека го погребаа на крајот од гробиштата, таму каде богатите Костурчани ги закопуваа своите миленици - мачките и кучињата.
А дедо Ѓорѓи сакаше да биде погребан на селските гробишта, таму каде почиваат неговите предци, таму каде над нив со векови растат и во најлошото време истрајаа и траат старите и дебели дабје на кои не им се знаат годините.
Не му беше исполнета последната желба.
Неделините го посетувам.
На безимениот камен секогаш оставам парче леб и бокалче со вино...
Во тоа време со тело, мисла и душа си останав своја. Не на туѓо, туку во дедовиот двор, цврсто седната токму таму каде беше каменот темелник...
Врастена сум во пеплосаното парче земја, кое сега е мојата дома... иако од куќата ниту темели ниту камен не ми оставија...Дома сум, во мојата дома...
Над мене лазурот на небото, а под мене пепелта на мојата дома покриена со троскот, бурјан и шип...
И од тука, од мојата дома гледам таму, во планините, ридовите, карпите, камењата, шумите, ливадите, кои се покриени со болката, огорченоста, измамата, разочараноста, тагата и крвта истурена во тие лоши времиња, каде по многу години и сега природата ги покри со бои и им ја врати убавината.
Таму веќе ништо не потсетува на тие гламносани денови. Се` е послано со зеленилото на тревата и дрвјата, со боите на цвеќињата и на синото небо и стана историја за живите и приказна за Орле, Горуша и Круша, Котелската Кула, Копанче и Одрето, Свети Илија и Алјавица, Краставец и Чарно, Голиот Каменик и Грамос и сите други десетици и десетици ридови и чуки...
Планинскиот пејзаж мами со отворената просторност и се чини дека се` може да се дофати, па дури и најоддалечената светлина на хоризонтот...
Таму кога одам, тогаш времето ми е време на замисленост за духовната величина на човекот, за неговото достоинство и за поимањето на сопствената вредност и за судбината на сите кои ги поминаа патиштата на војната, на поразот, егзодусот и солените води до логорите...
Таму бевме ние, таму останаа тие, тие, кои постојано сакам да се во нашите мисли и огреани со нашето паметење и почит...
Големи се болките на спомените легнати тука во македонските планини, каде секој чекор враќа во минатото и секој рид, секој камен, секоја карпа, секое скршено стебло открива историја и отвора неисцелени рани...
Кој денес зборува за тие, кои изгинаа и за тие кои гниеја во островските логори?
Од нашето партизанско поколение малкумина останавме.
Нашето партизанско поколение полека си оди...
...си оди измамено и разочарано...
Сите ги чувам во споменот и се молам, милосрдниот Бог да ги прими во своите пазуви...
Скопје-Преспа Април 2014- септември 2015 БЕЛЕШКА ЗА АВТОРОТ Петре Наковски, романсиер и преведувач, е роден на 17 јули 1937 година во с. Крчишта, Костурско, Егејска Македонија.
Педагошки лицеј завршил во Полска, а Филолошки факултет во Скопје. Докторирал на Институтот за политички науки на Вроцлавскиот универзитет во Полска на тема ``Македонски деца во Полска 1948-1968``, објавен во Скопје 1987 година.
Бил новинар во ``Вечер`` и ``Нова Македонија``. Работел во Министерството за надворешни работи.
Прв амбасадор на Република Македонија во Република Полска
(1995-1999).
Член на Друштвото на писателите на Македонија од 1989 година.
Автор е на повеќе раскази објавени во македонската периодика, како и на книгите: ``Постела за чемерните`` (роман 1985), ``Македонски деца во Полска 1948-1968`` (докторски труд 1987), ``И каменот е земја`` (роман 1988), ``Големата удолница`` (роман 2003), ``Големата измама`` (роман 2007), ``Македонските бегалци во Полска 1948-1975`` (избор документи 2008), ``На пат со времето` (роман 2010).
Сите наведени романи се преведени на англиски јазик од Ристо Стефов без платка. Печењето на 100 примероци од романот ``На пат со времето``, Англиската верзија, се платени од д-р Лефтер Манче.
Од полски на македонски јазик има преведено и објавено 46 литературни дела и поголем број песни и раскази од македонски автори на полски, како и драмата `Црнила`` од Коле Чашуле (поставена на сцена во полскиот град Катовице (1971), антологија на македонската современа поезија под наслов ``Песни од Охрид`` објавена во Краков 1974, избор поезија од Раде Силјан ``Траги на времето`` (2010), и ``Прагот на минатото`` од Трајан Петровски (2014) објавени во Торуњ од издавачот ``Адам Маршалек``.
Добитник е наградите ``Златно перо``, и ``Кирил Пејчиновиќ`` ( за преведувачки опус), а во Полска со ``Златен медал за заслуги за полската култура`` (1976, со ``Наградата на ZAiKS (Асоцијација на сите полски автори (1982), ``Златен орден на командоријата`` (1999, со овој орден претседателот на Полска ги одликува успешните амбасадори), и медалот ``BENE MERITO`` одликуван од Министерството за надворешни работи на Република Полска за јакнење на соработката меѓу двете држави (2010).
Оженет е со Дитта (Афродита) и е татко на две ќерки, Миленка и Татјана.
Романите на Петре Наковски беа предмет на магистерски труд на Татјана Пеливанова под наслов ``Литературата на фактот во романите на Петре Наковски`` одбранет на 14 февруари 2014 година пред комисијата во состав: проф. д-р Венко Андоновски, проф. д-р Кристина Николовска и проф. д-р Весна Мојсовска- Чепишевска, при Универзитетот ``Свети Кирил и Методиј``, а под менторство на проф. д-р Кристина Николовска.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/kalina-e-book-macedonian/11 на 29 октомври 2026