Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

Kalina

Front Matter - Part 02

Од Петре Наковски · Дел 2 од 11 · Околу 22 минути

Читај на English

Во нашите исплашени очи тонеше голем страв и од стегнатите усни ни се одлепуваше страшното прашање:

- Што бомби беа тоа кои не бучат, а горат, пеплосуваат и пржат и печат земја и камен и луѓе? Какви ли беа тоа бомби? Кој ги донесе и од каде?

Утредента пак почна голем колеж. Свиреж, оган, гаснеше светлината во очите, се превртуваа купишта земја, камења се кршеа и дробеа, гореа дебелите букови стебла, чад го засенчуваше сонцето. Со главата стегната во дланките, со гласот потонат во немо липање, пак се прашував:

- Што бомби ли беа тие кои ги гореа нашите ровови, нашите бункери и нас? Со вода не гаснеше огнот и пламенот, туку само се прикриваше, се смалуваше, одново избувнуваше, огнот се ширеше, се засилуваше, се зголемуваше, распарчуваше, се раскинуваше во помали пламенчиња, кои откинати ширеа други и малку дувнати од ветерот растеа, се ширеа, вивнуваа и гореа луѓе, камења, карпи, дрвја, земја! Бура од пламен и оган...

Изгорена земја, зачадено небо и под него ние... Згрчени од страв и болка.

Што бомби ќе беа тие...

Земјата не беше земја и небото не беше небо...

И земјата и небото ги врзуваше оган...

Што бомби ќе беа тие бомби кои не грмеа, не бучеа, само истураа и ширеа пламен и оган и со луда сила само ја гореа земјата, камењата, дрвјата и нас?

Сите не изгоревме.

И тогаш, кога ни беше најтешко и се чинеше дека нема излез, им завидувавме на тие, кои веќе ги немаше, затоа што не го доживуваа тоа што стануваше се` потешко.

Кутри среќници!

А ние се` уште бевме живи во пеплосаната земја, во рововите и бункерите, меѓу карпите и каменот...

Зад нас останаа здробени четириесет и пет денонокија...

* * * Не толчеа и дење и ноќе.

Од каде ли им беа толку многу бомби, толку многу топовски и минофрлачки гранати што неброено ги истураа врз нас? Од каде им беа?

Така се прашував и многу се чудев. Ми се чинеше дека ноќта грмежите беа посилни, погласни, по застрашувачки. Го расечуваа небото и над нас се распарчуваа. Цела ноќ само трештења. Утрото се смируваа. Се смируваше и небото и земјата и легнуваше некаква злокобна тишина. Врз земјата која дишеше реа од барут, легнуваа облаците чад. Не успевавме од себе да ја истресеме земјата, правта, да ги исплукаме грутките песок. Кон нас тргнуваше нивната пешадија. Исправени мажи, оружјето стегнато, сигурниот чекор ги носеше се` поблиску. По исчекорените сто метри, одекнуваше силен глас - напред! Се наведнуваа и јуриш... Ги пречекувавме со рафали, а потоа со рачни бомби. Легнуваа пред нашите позиции. Некаде педесет, некаде триесет, нејаде дваесет метри далеку од нас. Токму толку далеку, колку што можеше да ги стигне рачната граната.

Едно по друго фрлавме рачни гранати и ги легнувавме. Од нивна страна молк, од наша рафали и гранати.

Многу се изненадив кога над нив се дигна густ чат. Од каде толку чад над нив? Каков ли оган гореше што толку чад се дигаше меѓу нив и нас? Тоа беше некаков облак, некаква густа магла и ништо не се гледаше. Подоцна ни објаснија дека тоа беше димна завеса. Така невидливи зад чадот, зад таа магла се повлекоа од пред нашите ровови, носејќи ги со себе ранетите и убиените.

Така, во јуриши и напади од нивна страна и во одбрана од наша, поминуваа наредните денови и ноќи во кои ги браневме тие проклети ридови и карпи...

Зошто?!

* * * Во планините ноќта надоаѓа полека, како маглата кога ги полни клисурите. Почнува од долу. Прво ги полни траповите, кои не делат од спротивните ридови. Немо се искачува нагоре. Полека во себе ги вовлекува карпите, шумите, ги бриши боите, ги голта рововите, бункерите, ни ги гасни лицата. Уште малку, па и од врвот на ридот што е зад нас, гаснеше и последниот зрак.

Никакво движење, никаков белег на живот. И ние и тие таму, на спротивниот рид - бевме голтнати од мракот и се` што беше околу нас, под нас и над нас беше едно големо клопко, молчаливо, ама во секој миг готово со силен грмеж да ги разбуди ридовите, да не згрчи, да ни ја скрати воздишката.

Затоа и ние и тие се држевме на нишан, кој како камен легнат врз нашите гради ни го отежнуваше дишењето.

* * * Ровот, бункерот, а најмногу земјанката трајно не врзуваше.

Тука сите бевме исти, можеби се разликувавме само со длабочината и должината на воздишките, ама желбите ни беа исти. Прво да сме сити, топло облечени, наспиени и вошки да не` не јадат и секогаш во стројот да сме на број. Некои можеби имаа и други желби, ама јас така би сакала. И уште да не ме фаќа страв пред напад и да не плачам кога помалку не има во редот пред казанот. Секогаш многу голема ми беше желбата во стројот да сме сите...

Добро ми беше кога во средината на земјанката, која секогаш беше полна со мирис од лисја, папрат, пот и неиспрана облека, со густ чад залепен на зачадените греди на земјанката, кога гореше оган, кога сите бевме облеани со роеви од мисли и молкум сновевме сништа. Загледани во пламенот - мислите ни се ткаеја во желби...

Сите, ама секој одделно, си имавме своја бројаница на која беа нанижани соништа, желби, надежи, летови...

Цела ткаенина од мисли...

Ткаенината секогаш се кинеше тогаш, кога од далеку на небото се појавуваа црни дамки. Подвижни растеа и беа се` поблиску над нас. Во низок лет не опсипуваа со митралески оган, а ридот од десната страна го покриваа со бомби. Гледавме само купишта земја вивната нагоре. Грмежот, подоцна, до болка, ни ги заглушуваше ушите.

* * * Тревките што растеа до мојот ров, ги покри прашина, ги снема капките роса, кои секое утро како бисери беа нанижани и трепереа во утринските зраци на младото сонце. Секогаш ми беа омилени врвовите и стебленцата на тревите. Ме разведруваа кога гледав како треперат во мекото и благо дување на ветерот, како се разиграни, како се допираат, како се свиткуваат, ама не се кршат, се исправуваат и траат дури и кога дувнува посилно.

Нежно ги допирав и листенцата и стебленцата и со перничките од прстите собирав капки и со таа утринска бисерна и блескава мирнотија, со тој издив на надеж, си го миев лицето и очите.

Тие и наредните денови се` повеќе бевме биени.

Почнував да не ги сакам ведрите денови и синото безоблачно небо. Не ги сакав и зорите, тие бели планински зори. Колку и да беа убави, тие не носеа радост, ами само немир и страв, осакатување и смрт. Ја претпочитав ноќта, па дури и густиот мрак. Почнував да не ја сакам и полната месечина. Ја сакав ноќта, нејзината црнина и молкот и тишината, кога во неа ги имаше.

Денот рануваше, осакатуваше, убиваше, носеше многу болка, која само ноќе и во мракот можеше барем малку да се одболи.

Само тогаш, во мракот, имавме малку мирно време. Над рововите и бункерите деновите секогаш се будеа без ведрина...

Οд кај полето редовно се појавуваа црни дамки. Подвижни.

Растеа на небото и колку беа поблиску над нас, толку повеќе стануваа грозни. Во низок лет не опсипуваа со митралески оган, а потоа ридиштата од десната и од левата страна ги покриваа со бомби. Таму купишта земја вивнуваа нагоре, а грмежот се истураше над нас.

Така знаевме дека нашите таму се бранат и дека ридовите се` уште беа наши.

Тие и наредните денови се` повеќе ми беа снемилени. Почнував да не ги сакам ведрите денови и синото безоблачно небо. Не ги сакав и зорите, тие бели планински зори. Колку и да беа убави, тие не носеа радост, ами само немир и страв, осакатување и смрт. Ја претпочитав ноќта, па дури и густиот мрак. Почнував да не ја сакам и полната месечина. Ја сакав ноќта, нејзината црнина и молкот и тишината, кога во неа ги имаше.

Денот рануваше, осакатуваше, убиваше, носеше многу болка, која само ноќе и во мракот можеше барем малку да се одболи.

* * * Квечерината не построи командантот и рече дека утре или задутре ќе не посетат некои Френци и поради тоа треба добро да се дотераме.

Нареди: - сите да сме чисти, за да видат Френците дека сме војска. Половина од ноќта носевме вода од плиткиот поток и се миевме, ги чистевме вошките, се дотерувавме во тие наши излитени и крпени униформи на туѓи војски.

Утрото построени, исправени, одвај дишејќи од возвуда, ги пречекавме Френците. Не поздрави еден висок маж, за кого дознавме дека е поет. Не му го запаметив името, ама велеа дека е голем френски поет и дојде да не види и да не охрабри. И тој френски поет беше толку храбар, што ја зеде инката, свиткана од дебел картон, малку ја подигна главата над ровот и со силен глас, им се обрати на владините војници, се разбира на френски.

Никој од нас ништо не разбра, ама сфативме дека е на наша страна, а политичкиот комесар ни велеше дека поетот на војниците им зборува за мирот, за збратимување со нас и дека сега кога такви луѓе се на наша страна, ние треба да сме уште похрабри и посигурни во победата.

Френскиот поет заврши со викањето и помина пред стројот.

Нешто му велеше на еден облечен во цивил, кој запишуваше и се смешкаше, креваше лева тупаница, веројатно во знак на сигурност дека ќе победиме. Додека тој, френскиот поет, така не уверуваше, го донесоа казанот со манџата. Имаше густ компир со месо.

Првпат по цели недели се најадовме и заедно со нас се најаде и френскиот поет и сите кои дојдоа заедно со него. Фотографот без престан пстрикаше и глупаво се смешкаше. Кога целиот тој рој си отиде, а ние го испративме со ракоплескање, си велев, мислејќи на густата манџа со компир и месо, камо ли среќа почесто да ни доаѓа тој френски поет, а можеби и некој друг...

Така охрабрени и сити, ноќта тргмавме во противнапад.

* * * Противникот ги премести топовите и отвори оган. Не стигнав да дотрчам до карпата. Остра болка ме жегна во плеќите, ми се потсекоа нозете, ми се прекршија колената, изгубив здив.

Лежев ничкум. Некој врз мене фрли засмрдено ќебе, мирисаше на се` што душата не поднесува - и на крв и на барут и на гнило... Потоа го послаа под мене, ме дигнаа и се лулев на тоа ќебе што се лулаше де десно де лево. Тоа беа чекорите на тие, кои ме носеа. Кога лулањето беше поголемо, тогаш и болката беше поголема. Ми се чинеше дека некоја дебела спица, некое шило, некое глето ми е заковано во плеќите. Губев светлина, издив и глас. Повремено се освестував и тогаш ја чувствував острата болка, почнував да стенкам, да офкам, да лелекам.

Одењето прекина. Ме спуштија на земја. Се обидував да се свртам. Немав сила. Сакав да ги видам лицата на тие, кои ме носеа. Знаев, дека не се мажи, не се млади жени. Мажите и младите жени останаа таму, на ридот, за да го бранат. Знаев кои се и знаев дека носат црнина и имаат натечени стапала и стврднати дланки и згрбавени плеќи и натечени рамена од носилката на која лежеше осакатено тело - живо месо, сожаливи се, тврди, такви ги направи и мојата болка и болката на тие кои вчера или некни ги носеа и нивната болка.

Острата болка ми го замагли видот и не успеав да им ги видам лицата, ама знам какви им се. Ме дигнаа и ме товарија на коњ и заедно со други коњи, копито зад копито, прудолу. Коњите застанаа и некои раце ме симнаа. Други раце ме презедоа и ме легнаа на маса. Жена во бело со ножици ми ја исече блузата, кошулата, на местото каде ја чувствував големата спица истури некаква течност, која ме изгоре. Дојде маж во бело, ме прегледа, нешто рече, што јас не разбрав, потоа ми ставија на лице една влажна крпа и... заспав...

Се разбудив во голема одаја. Сфатив дека лежам в кревет.

Горчина во устата, засушено грло, мачнина. Чувствував како нешто ми го полни грлото и почнав да исфрлувам жолта, горчлива течност. Ме фати леснотија, длабоко дишев. Лежев ничкум, Полека свртив глава, де десно, де лево. Отворив очи.

Голема, светла одаја и полна со осакатени момчиња и моми.

Жени во бело разнесуваа кошнички со леб и сирење. Една од нив го избриша од мене тоа што го повратив. Горчината и натаму ме гореше. Вдишував длабоко и не го чувствував мирисот на влажната земја, на барутот, на чадот. Шајката, шилото, глетото не го чувствував во плеќите, ја немаше и острата, тапа болка и печењето. Лесно дишев. Си реков: - Жива сум... жива сум... жива... - повторував и се расплакав...

По недела дена пак ме товарија на коњ и во колона, ноќе преминавме во Албанија. Отаде границата, во ретката шума не чекаа камиони, кои не однесоа во Корча. Болницата полна наши. Немаше ден кога едни се враќаа на боиштето, а други, повеќе од тие кои се враќаа, пристигнуваа со камиони.

Болницата вриеше. Немаше место за сите. Ходниците полни. Во таа болница, велеа болничарките, креветите никогаш не се оладуваа.

Раната брзо заздравуваше и се` уште не доздравена - ме вратија на боиштето. На старата позиција.

Од мојата чета тукуречи половината беа надвор од стројот...

* * * Со заодот на сонцето небото се ослободуваше од авионите и ние од нив. И тогаш добивавме наредба да сечеме дрвја. Три -четири метри долгите букови трупци ги носевме до растарашените бункери и над нив ги префрлувавме во редови.

Ред трупци, ред земја, ред камења. Пет, шест, седум и повеќе редови. Цела куќа. Така подигнати, им ги стававме на дланка на тие кои ги имаа топовите, минофрлачите и авионите, како да им велевме - повелете, ете не, ние сме тука...

Кога веќе бевме готови со бункерите, почнувавме да копаме дувла зад рововите. Во тие дувла се криевме, по еден или двамина, кога не толчеа со авионите и топовите.

Копав длабоко, колку подлабоко, толку посигурно. Копав со инаетот на магарето и со отпорот на козата. Секогаш чувствував дека мирисам на земја, на корени, на влага, на гнил лист и папрат и таква пот бришев од челото и лицето. Се` подлабоко влегував во земјата во која не го чувствував мирисот на тревата, на лисјата и на свежиот воздух... Кога веќе бев длабоко влезена во земјата, тогаш ми се чинеше, дека го губев бодриот чекор. Повеќе бев склопчена, свиткана, згрбавена, згрчена. Лицето ми примаше земјена боја, алиштата ми мирисаа на земја и на земја ми мирисаше и здивот. Само душата се` уште не го имаше примено тој мирис. А земјата, не одбираше.

И мене и сите други околу мене, од левата и десната страна и тие кои беа подолу или погоре, не примаше сите: - и храбрите и страшливците и вошливите и валканите, гладните, жедните, исплашените, сакатите, живите и мртвите - сите, не одбираше...

сите ги примаше...

Добра земја...

Од дувлото излегував само на кратко. Седнував на купот исфрлена земја и длабоко го вдишував воздухот измешан со мирис на барут. И си мислев - зарем ова е живот? Што ли е ова?

Што има сега во него? Што да очекувам? Мислев за се` и од сето тоа сакав само едно да ми е сигурно - жива да останам па дури и под земјата... живи да останат и моите другари...

Ова ми беше голема желба. Живо ми чукаше срцето. Така, да чука, па нека е и од мака, од страв, да чука и од радост затоа што се` уште имам сила да мислам дека сум цела, дека мрдам со нозете, со рацете, со главата, дека се` уште сум жива. Дали сум доволно силна така да продолжам да мислам?

Ни велеа дека ние не треба да мислиме. За нас, ни велеа, мислат некои други, а ние треба тие нивни мисли да ги следиме и да се однесуваме така, како што мислат само тие.

И така правевме.

Тие мислеа дека бункерот е слаб и бараа моќен и тврд да го направиме. Го правевме.

Тие мислеа дека ровот е плиток и ние го правевме длабок.

Тие мислеа дека треба да сме истрајни и ние бевме истрајни.

Тие мислеа дека треба да го браниме каменот и карпата и ние го браневме и каменот и карпата.

Тие мислеа дека не треба ниту чекор да отстапиме и ние не отстапувавме.

Тие мислеа дека треба да се биеме до последната капка крв и ние така правевме.

Правевме се` што милеа тие...

Така правевме и кога ноќе марширавме под снег, под дождови гладни и жедни.. и кога фаќавме нови позиции и кога на тие позиции копавме и кога напаѓавме и кога не напаѓаа и кога гледавме убиени, ранети и сакати и кога скапувавме во влажните и студени земјанки...

Секогаш правевме така, како што тие мислеа. Дури и духот сакаа да ни е според нивните мисли. А во мене само тој дух беше нешто мое, лежеше длабоко во мене и уште подлабоко во мојата мозговница. Ме бодреше, ми носеше и радост и страв и болка и кураж и надеж. Душата - духот, длабоко беа вгнездени во мене и ме правеа силна, не даваа да се изгубам, да се разочарам, да пропаѓам во гнилежот на времето...

Пикната длабоко во земјата, можеби метар или подлабоко од дното на ровот, се чувствував посигурна, побезбедна иако воздухот беше валкан и ширеше гнил мирис. Исфрлената земја ја растурав пред дувлото и потоа ја покривав со лиснати гранки скршени од најблиските дрвја и со папрат.

И таа, ископаната земја, да е скриена, како јас. Таму, на првата линија на боиштето, кога не биеја бомбите и тешките топовски ѓулиња, тогаш само длабоко под земјата ние можевме да опстанеме. А противникот го чекавме скриени во рововите и бункерите и зад карпите...

Кога немаше напад, тогаш бункерот ни беше спална (ако не бевме постојано на позиција), трпезарија (ако имаше нешто за јадење), а местото за олеснување (ако имаше од што) беше во трапот. Така земјанката, бункерот ни беше дом, гнездо. Целата ридеста позиција беше ископана со рововите и покриена со бункери. Наредба беше да ги браниме...

Колку долго?

* * * Цел ден не толчеа.

Кон крајот на денот авионите веќе не се редеа над нас, ама затоа топовите отпеаја. Кога излеговме од своите дувла бункерите и рововите ги најдовме изорани. Ми се плачеше од мака.

Некој до мене, прошепоти:

- Добро си бевме порано. Немавме ниту ровови, ниту бункери.

Бам ваму, бам таму и в шума... Сега не пикнаа во ровови и бункери, во дувла и што браниме? Ридови, камења, карпи, изгорени и осакатени стебла браниме. Сега дури и ридовите и планините и шумите ни станаа тесни. Дури и дувлата ни станаа тесни...

Гласот му го пресече гласната наредба:

- Да се дотераат рововите и бункерите!

И почнавме ноќе да сечеме дрвја, долги трупци да пренесуваме, да копаме.

Не беше земја во која лопатата можеше лесно да сече. Копачот удираше во каменот, некаде се вклинуваше, дршката се кршеше, каменот не даваше да го извлечеш. Земјата ја исфрлував со шепите. Така до зори. Ако немаше напад, тогаш денот го преспивавме. По заодот пак в раце лопатата, копачот, клинот. Противникот ноќе не напаѓаше. Одмораше, јадеше, спиеше и се готвеше денски да тргне во напад. Ако не тргнеше, тогаш ни фрлаше неколку топовски гранати, авионите правеа неколку кругови и не биеја и тогаш од нашиот одмор, од нашето спиење - шикли...

Позициите на противникот не беа далеку од нашите. Трипати на ден ја слушавме нивната труба. Наутро за појадок, напладне за ручек, пред заодот - за вечера. Тие си имаа време за јадење, а ние само време за јакнење на рововите. Јадевме еднаш или двапати. Најчесто грав и тарана и парче црн леб, ретко месни конзерви. Заробениот војник ни велеше дека јадат месо со многу компири, макарони. Политичкиот комесар го прекинуваше и го караше, велејќи му да не шири непријателска пропаганда и дека многу сака да му се плукне на таа американска храна и тврдеше дека кога ќе се ослободиме, тогаш ние двојно повеќе ќе јадеме и ќе пиеме и така бесрамно долго ни ја делеше идната храна небаре бесплатно ја носеше од својата кујна. Се разбира го слушавме и многу се смеевме во себе, гледајќи го со презир. Човекот имаше фантазија и многу лажеше... Ние ги слушавме тие глупости, исто така, како што слушавме многу други ветувања...

* * * Излегов од дувлото. Небото замаглено, ѕвезди тукуречи и немаше, а високо над планинскиот врв висеше камбурестото рокче на месечината. В лице ме удри лесен освежувачки повев на ветерот. Не стоев долго. Се вратив во дувлото.

Копав длабоко и бочно. Не прекинував и не знам колку длабоко и колку широко сум ископала. Ако, нека е подлабоко, си мислев, нека е пошироко. Нека ми заличи на одаја. Ќе ја наполнам со себе, со моите мисли, со моите мечти, ќе ја украсам со зелени подгорени лисни гранки и со ридско овенато цвеќе. Тука нема нешто што не е подгорено, што не е овенато.

Ќе вдишам топла издишка, ќе истурам дел од мојата душа за да замириса на живот ова дувло што тоне во подземен мрак.

Малку понатака од мене тешко удираше копачот, понатака лизгаше лопата, секој копаше дувло лево и десно од мене.

Спасот го баравме во дувлата, во јамите, а не на земјата, туку под земјата. Копав. За миг прекинував и мерев висина и ширина. Доволно ли е?

Никогаш сончев зрак не се провлекуваше во него зашто го покриваше густата сенка на буката која ме чуваше од гранатите.

Потака голема карпа, цврста - кремен. Оној што пред мене копаше, карпата ја кршеше со глето.

На ѕидот ископав и камарче во кое чував и запалував боринка.

Трепереше пламенчето, ја здебелуваше мојата сенка, ја преместуваше од ќош во ќош, ја зголемуваше, ја намалуваше, ја кршеше, ја свиткуваше. Не бев сама. Во дувлото бев со мојата сенка и така си имав со кого да другарувам, да зборувам, да му се лутам, да му се смеам и потсмевам, па и да се карам. Две глави, четири раце, две тела. Мрдавме, се свиткувавме, се наведнувавме, се будалевме. И по некое време согоруваше боринката и со неа и мојата сенка. Згаснуваше боринката, згаснуваше и сенката и тогаш си мислев:

- Дали и јас тука ќе згаснам? Во мракот останував сама, без мојата сенка. Подадов глава надвор и гледав како облак го покриваше рокчето на месечината. Полека ме обземаше некаква безмерна тага, која во мене предизвикуваше болка. Гледајќи го рокчето на месечината си спомнував како на жнеење ноќта останувавме да ја преспиеме на нива за да станеме порано и по ладовина да го довршиме жнеењето. Ноќта тивка, небото извезено со безброј ѕвезди и над нас јасно светеше млечниот пат. Во ноќната ведрина стружеа штурчињата, во шуплината на старата горница повремено се огласуваше бувот. Вгледана во месечината и млечниот пат што небото го правеше појасно, ја вдишував светлината, свежината на тишината, мирисот на класјето и сакав, многу сакав, така да остане...

Душата почнаа да ми ја мачат спомените. Се фаќав за еден спомен, кој можеби во тој миг во едно клопче ги собираше сите спомени. Некои живи, некои подзаборавени. Ме разбудуваа од тоа што беше вчера, излегуваа од клопчето и полека, полека, со задршка, го одмотуваа конецот на кој беа нанижани радости и мечти, сакања и присакувања, желби и соништа... Спомените се одмотуваа и одмотуваа, некои се губеа и некаде одново никнуваа, се редеа, пак се врзуваа скинатите радости, горчините, стравувањата, исчекувањата, мечтите, надежите, соништата...

И така потпрена на каменот што лежеше до моето стрелечко место, многу посакував да имам една таква ноќ. Посакував над мене да свети полната месечина, да стружат штурците, да дише ноќта со мирисот на тревките, со ладовината на ридот. Така со умот си мислев и пак многу посакував така да е засекогаш...

Слатко е да се мечтае и да се сонува под ѕвездено небо со полна месечина... Сакав, многу сакав да сум дома, да сум легната меѓу класјата на не пожнеената нива и во очите до бела зора да ми тоне месечината... Мечтата ми ја прекина невидливо, тивко, ѕвонливо, момино пеење. Се разлеваше полнејќи ги рововите, замолчуваше колку за да собере здив, молежливо и жаловито некого повикуваше...

Згрчена ја слушав песната на тагата...

И се запрашав дали може да се подјарми тагата, да се скроти така за да не ја гризе душата, да не биде напаст, да не измачува, да не гори во градите, да не гризе, да не ја смука душата?...

Над рововите и бункерите зазоруваше.

* * * Излегов надвор. Ме удри воздух исполнет со мирис на барут и изгорени крпи. Преминав во ровот. Врз цевката на автоматот болскаа ѕвездите и рокчето на месечината. Во тревата стружеше штурче. Довикуваше, прекинуваше, наслушуваше и одново стружеше и стружеше упорно, кутрото, стружеше та стружеше...

Си реков - има живот.

Од градите ми се откина долга издишка и ми донесе олеснување. Упорно се напрегнував да не мислам повеќе на дувлото, на ровот, ми се присакуваше да легнам на влажната земја што пред малку ја исфрлив и да гледам на ѕвезденото небо, на облаците што се преместуваа и некаде одеа, на осакатените гранки и на дебелото дабово стебло исцепено од топовските шрапнели.

Топла беше ноќта. Мирисаше на свежо ископаната земја и мирисот го вдишував со целата влага што испаруваше од неа.

Си го слушав биењето на срцето и си повторував - жива сум, штом го слушам шумолењето на лисјата, стружењето на штурчето и го чувствувам мирисот на земјата и `рчењето на соборецот.

Спиеше тој навален на ѕидот од ровот. Мирно му беше лицето и сонот длабок. `Рчеше гласно и штурчето исплашено од `рчењето за миг прекинуваше да стружи. Во шумот на лисјата, во лесното треперење на стеблата на испржената и изгазена трева, во тажното довикување на штурците, во `рчењето на другарите, во тивкото дување на ветерот, жива беше ноќта...

И јас во неа бев жива...

* * * А противникот цела ноќ го чекавме скриени во рововите, во бункерите и зад карпите...

Кога немаше напад, тогаш бункерот ни беше спална (ако не бевме постојано на позиција), трпезарија (ако имаше нешто за јадење), а местото за олеснување ( ако имаше од што) беше во трапот.

Земјанката, бункерот ни беше дом, гнездо.