Front Matter - Part 04
Светеа високо и полека паѓајќи се претвораа во искри, гаснеа и веднаш над нив други ширеа светлина која ги засенуваше ѕвездите. Едни гаснеа, други пламнуваа. Да не беше тоа, дека е војна, ќе си мислев дека тие мали сонца ноќе ја украсуваат земјата и небото, ридовите и планините и шумите, како да беше некој долго очекуван голем празник. Светеа, гаснеа, јавуваа, наредуваа, известуваа, кажуваа, бележеа тие мали сонца кои го растураа мракот, кои од ноќта правеа ден и така кога денот почнуваше да белее, долетуваа авионите, не толчеа, земјата потскокнуваше, стенкаше, се тресеше, карпите се кршеа, ридовите се ораа, шумите во пламен. Авионите одлетуваа, и почнуваше грмежот на противничките топови. Свиреж на ѓулиња и грмеж, купишта жешка земја вивнуваше в небо. Биеја долго, земја и парчиња од карпи и камења не покриваа, не гушеше чадот.
Над нашите ровови завладуваше ужасот и долго се слушнаа викотниците за помош и гласовите сподавени во болка...
* * * Целата клопко бев во ровот. Над мене земјата се ронеше, се` помалку воздух, се` повеќе чад и се` потешко се дишеше. Кога слушав свиреж на ѓулиња, тогаш знаев дека прелетаа над мене, кога слушав краток, одеднаш прекинат свиреж, тогаш знаев дека ѓулето ќе удри над мене, пред мене и тогаш уште повеќе се склопчував и чекав над мене да се истури земјата, цело ѓуле или само шрапнел да ме удри и мислев каде најмногу ќе ме здоболи...
Многу, многу се плашев кога свиреа и трештеа ѓулињата. Кога грмежот престануваше, тогаш полека се исправував, ја истресував од мене земјата, вдишував длабоко, ја исплукував горчината и си велев: жива сум...
* * * На небото вивна нова ракета и нивната пешадија тргна во пробој. Не трчаа, држеа чекор, исправени и колку повеќе се доближуваа, толку повеќе се наведнуваа и кога стигнуваа на дофат на нашите автоматски цевки - легнуваа. И пак, како некни, како вчера - како деновите кои пораснаа во недели.
Времето не го меревме со часови, туку со денови и ноќи во кои не напаѓаа во бранови... Се браневме себе и ги браневме тие проклети ридови и секој ден бевме помалку на број...
Наоколу се` беше изорано. Расфрлени гранки, кутнати и расцепени стебла и врз нив откината рака, нога, растурени црева. Наши се. Во грозната тишина одекнуваше моето липање и се мешаше со лелекањата и повиците за помош.
Од уста во уста се пренесуваше наредбата:
Повлекување!
Собравме делови од тоа што ни остана и трчаница, прескокнувавме стебла, камења, дупки и дури отаде трапот се прибравме и се преброивме. Колку останаа на осакатениот рид?
Фативме место и ја слушнавме наредбата:
Тука остануваме до последниот здив! Ниту чекор назад!
Легнавме на гола земја. Немаше ровови, немаше бункери.
Земјата гола - камена, цврста, сува, испечена. Понатака распукани карпи. Ноќта ги кршевме на парчиња и ги редевме така за да можеме зад нив да скриеме глави.
Утре тука и од воздух и од земја ќе не толчат.
Кој ќе биде поцврст?
Карпите, камењата или ние?
Лежев на плеќи во стрелечкото место што пред малку го довршив и загледана во ведрото небо, се почувствував сосема сама. Чуден молк завладеа.
Се загледав во ведрото небо. Од северната страна на кај нас се доближуваа црни точки. Растеа и растеа.
Големи беа кога над нас истурија оган.
* * * Просторот се` повеќе ни стануваше тесен. Се` посилен беше противникот и се` пожестоко не биеше. Владините, колку повеќе не истиснуваа, толку повеќе со големи машини ги ширеа тесните козји и магарешки патеки и топовите со камиони ги довлекуваа поблиску до ридовите и врвовите. Копаа широки патишта и со камиони носеа сандаци со ѓулиња, довлекуваа се` што им беше потребно за да не истолчат, за да не снема од овие ридови и од зад овие карпи. Чекор в чекор, беа се` поблиску до нас кои веќе се браневме скриени во дупките што остануваа од бомбите и топовските гранати. Нам се` потесни ни беа ридовите, се повисоко се повлекувавме, до голите безводни чуки.
На новата ридска позиција немаше ровови, немаше бункери.
Таму, зад два-три камења и над нив фрлени неколку шепи испржена земја криевме глава...
* * * Се` повисоко се повлекувавме. Ридовите - голи. Карпите, камењата бели, испрани од бурите, испукани од сонцето. Од што прво да се браниме? Од шрапнелите или од парчињата камен и од огнот што паѓаше врз нас? Иста е болката, дали те погоди парче шрапнел или парче камен. Од што да се браниме?
Од шрапнелите или камењата? А денот долг. Помош чекавме само од ноќта. Во неа можевме да здивнеме, да имаме малку починок, троа смирување и да се молиме мракот што подолго да трае... Ама и мракот го снемуваше.
Без престан вивнуваа светлосни ракети. Ноќта бела, сина, црвена, жолта. Бели планините и голите ридови.
Тие и ние, спроти себе, бевме на два рида кои ги врзуваа светлосните куршуми. Врвци куршуми, кратки и ретки од наша страна, долги и густи од нивна. Нашите врвци од германските автомати се губеа над трапот, а нивните, од тешките американски митралези, гаснеа пред нашите плитки ровови што пред малку ги ископавме со ножевите и рацете толку длабоко, колку за да скриеме глава.
Под светлината на светлосните ракети во јуриш тргнаа владините војници.
Нас и ридот што го браневме го имаа на дланка и го биеја со долги митралески рафали...
На разденување, под заглушувачкиот грмеж на авионските бомби го дочекавме седумдесеттиот ден и ноќ од нашето војување на Грамос.
Потоа?
Потоа тој ден трчавме прудолу, прегазивме река и ноќта се прибравме во котлината на Слимница, а таму плипот наши.
Мравјалник наши. Нешто се готви, тивки наредби и горе, на ридот - остра стрелба. Чета во пробој и зад неа тргнаа колоните.
Трчаница, трчаница, што побрзо да се премине празнината, трчаница по доловите, по траповите, трчаница, само трчаница, да претрчаме пред да пукне зора, пред да изгрее сонцето...
Трчавме со една издишка, со душата во грлото. В зори прегазивме река, ја фативме острата угорнина и во бледата замаглина ја видовме планината Мали-Мади.
Отаде - реонот на Вичо и Преспа.
Таму - спасот...
До кога?...
* * * Зад нас во оган и пламен остануваа врвовите, ридовите, карпите, клисурите, шумите, растурените ровови и бункери, земјанките, во кои растевме, во кои го совладавме и го победивме стравот, стравот од грмежот, од рофјата, од дождот, од снегот, од мразот, од матната вода, од долгите ноќни маршеви, стравот од истрелот, од куршумот, од свирежот на топовската граната и авионската бомба, од огнот што паѓаше од небото, го совладавме и го победивме и стравот од машкото владеење што царуваше во нашите селски средини, го победивме стравот од планинската природа и од војната;
стравот од уморот, гладот, жедта, болестите, сонот, тагата, таму оставивме дел од нашата младост и многу од нашите моми и момчиња... зад нас остануваа седумдесет и два денови и ноќи во кои согорувавме.
Таму останаа коските на нашите момчиња и моми, таму ќе ги глодаат стрвници и ќе ги мијат и плакнат планинските дождови...
Таму научивме да го мразиме злото и да ја сакаме добрината.
Таму ја презреавме смртта, исправени стоевме пред грозоморот, ужасот и очајот...
Таму научивме да се сакаме и да се почитуваме, таму станавме војници и во борбите не се разликувавме од мажите.
Ете, таму бевме машки женски...
Таму брзо ја совладавме пушката, автоматот, рачната граната, панцерфаустот, митралезот...
Таму бевме упорни, настојчиви, трпеливи, издржливи и послушни...
И храбри.
Зад нас гореше и пламтеше Грамос...
Гореа и пламтеа ридовите и во нив гореа и нашите надежи и мечти...
На Грамос остана нашата вера и верба, која во битките не крепеше..
Од кои ли извори извираа?
Зад нас нашата занесна, иако скршена и неисполнета надеж и нашата голема храброст...
Таму тоа бевме ние, ние, шеснаесет, седумнаесет, осумнаесет, деветнаесет, дваесет годишните девојки и момчиња во цутот на младоста...
Зад нас изгорена земја, пустош.
Грамос гламносан, ние чемерни...
Така беше...
Го напуштивме Грамос и нови позиции фативме на Вичо.
На многу мајки им пренесовме лоши вести, кои ги завија во црно.
Крик на болка и анатема...
Камбаните биеја на мртво...
Поп не отпеваше...
На таа таканаречена слободна територија, која од изгревот до заодот на сонцето од високо беше надгледувана од жолтиот авион, ни се даде време да здивнеме, да се прехраниме, преоблечеме, вооружиме и да слушаме пароли за нови победи.
На петнаесетти септември го здробивме противникот на Мали- Мади.
Во јуриш стигнавме до портите на Костур. Никој не го бранеше.
Падна наредба - назад. Се повлекувавме толчени од авионите и тенковите. Зимата, во најголемиот студ го нападнавме Воден.
Од битката излеговме осакатени.
На Кајмакчалан не презедоа југословенските војници и камионите цела ноќ возеа до болницата во Катланово. Тука бев по второто ранување. Удрена во плешката и ногата, под коленото, повредата тешка.
Така рекоа лекарите.
Два дена по излегувањето од операционата сала, ми рекоа дека двете операции се успешни и дека лекувањето на ногата подолго ќе трае. Не ја чувствував. Ставена во дебел слој гипс имав чувство дека за колкот ми е врзано дрвено трупче. Лежев ничкум и така сестрата, жена со многу натажено лице, кое само повремено го озаруваше блага насмевка, ме хранеше и постојано ми велеше дека до свадбата ќе оздравам и да не заборавам да ја поканам.
Во болничката соба бевме дванаесет девојки, од разни единици.
Кревет до кревет, одвај да се помине меѓу нив. По неколку денови, со помош на сестрата, веќе можев да легнам на десниот колк и така да се гледам и да зборувам со девојките. Во собата имаше и четири девојки, кои не го разбираа нашиот јазик, па честопати си зборувавме и на нивниот јазик - грчкиот. За што разговаравме? За што може да се разговара во воена болница?
За болести ли? А нам разговорите најмногу ни течеа за доживеаното во планините, јуришите, во студените земјанки, рововите и долгите ноќни маршеви под дожд, виулици, бури, снегови, студ, глад и затоа, кога и каде не погодија... Со болка и долги воздишки ни се прекинуваа разговорите. Во долгото молчење се роеја прекинатите мисли, се враќаа во недамна изминатото време...
Девојката која лежеше до мене, гласно воздивна и загледана во таванот, тивко прозбори:
- Пријателка ми Тинка, не успеа да ја прегази надојдената река.
Ја однесе матната. Имаше седумнаесет години и тој ден таа го носеше пушкомитралезот и ранецот полн со фишеци. Кога му кажавме на командантот дека Тинка ја снема во матното, тој плукна и праша:
А пушкомитралезот?
Молк. Тивки, тешки, длабоки воздишки...
- А на мојата пријателка, Цана се викаше, лани, во болницата во Корча нозете и` ги скратија до под колената... Цел месец глас не и` слушнавме. Молчеше. Кога дојдоа од штабот за да видат колку сме оздравени и да не вратат во стројот, тогаш Цана прозбори:
И мене земете ме во строј... - се откри и ги покажа остатоците од осакатените нозе... кои ги немаа проодено деветнаесетте години...
Молк. Долги, болни, побожни воздишки....
- Мојот десетар, најубавото момче во единицата, жив - осакатен висеше на бодликавата жица пред бункерот на противникот. Го гледавме и не можевме да се доближиме. Не биеја со долги рафали... остана таму... немаше дваесет години...
Молк. Раскинати, жални воздишки...
- А Стојна, медицинска сестра во четата на грб го носеше ранетиот и... - не дорече, гласот и` секна во грч...
Молк. Тажни, сподавени, испрекинати воздишки... Тишина...
Воздишките занемуваа во спомените...
Во болницата во Катланово долго останав и затоа во битката за Лерин не учествував. Почетокот на летото ме вратија. Борбена позиција - планината Бела Вода. Ја дели Преспа од Леринската котлина. Висока. Гола. Зелени ливади. Извори. Глетка до Кајмакчалан на исток и на запад - Преспанските Езера и Галичица и натаму други планини. Искривена линија на ровови обраснати со троскот, трња и шипови - од Првата светска.
Французи, велеа, тука копале тогаш. Сега ние тука копаме и најмногу градиме бункери. По тука да не помине непријателот.
Во подножјето на Бела Вода - густа буковата шума. Четириесет ѕевгари волови, ноќе, пругоре влечеа долги трупци. Заедно со селаните од околните села, меѓу кои имаше најмногу жени, кои ги водеше маж - мустаклија во години, трупците ги префрлувавме над длабоките дупки.
Пет, шест и седум редови трупци и меѓу нив камења и земја. Од командата велеа дека се доволно јаки за да не чуваат нас и ние да ја чуваме планината за да не помине непријателот.
Не пофалија за извршената работа и си отидоа.
Пред да превали сонцето отаде планината, дојдоа афежитки (Афежитки – активистки на женската организација АФЖ – Антифашистички Фронт на Жените). Доаѓаа и порано, ама не остануваа со нас во влажните ровови и студените земјанки. Со нас остануваа само на собир и цело време ни велеа дека секаде победуваме и дека секаде го биеме непријателот. Точно беше дека го биевме непријателот, ама не ни велеа како излегувавме од тоа биење зашто нив таму ги немаше. Ги немаше на Грамос, ги немаше во Воден, ги немашпе и во Лерин. А меѓу нив имаше една која беше најзборлеста. Имаше голема уста и од неа заедно со плунката исфрлуваше најголеми зборови со кои таа го дробеше, го толчеше, го уништуваше непријателот. На крај од зборувањето многу не фалеше за добро направените големи бункери и длабоко ископаните ровови.
Браво! - викаше - по тука нема да помине непријателот! Браво!
Ама додека жените и мажите од околните села на рамо ги носеа долгите трупци и ги префрлуваа и редеа над јамите -зборлестата не сум ја видела под трупецот да подметне рамо...
Така тие, афежитките, ретко ни доаѓаа на гости, многу не фалеа, а ние не ги трпевме... и не сакавме да ни кажуваат, дека тука, високо, на овие голи ридови под кои распослани се зелени ливади, пикнати во големите и страшни бункери од трупци, камен и земја, треба да го чекаме непријателот...
Кога завршивме со утврдувањето, на Бела Вода останаа два водови. Баталјонот доби наредба да заземе одбранбени позиции на ридовите Бигла и Лунѕер. Таму стигнавме утрото и веднаш се сместивме во веќе готовите земјанки и бункери. Забрането движење. Од високо, цел ден, не гледаше жолтиот авион.
Чекавме да се смрачи и во мракот вежбавме одбрана и напад.
Потоа предавања со убедување дека во реонот на Вичо непријателот нема да помине, дека тука сме силни како никогаш и дека секаде на околните ридови имаме многу топови и минофрлачи со кои ќе го здробиме противникот.
Верувавме дека е така. Арно, ама, почнавме и да се сомневаме кога деветтиот ден од август во котлината легната меѓу планините Мали-Мади, Вичо, Полената и Рото, пладнето влегуваа камиони кои растоваруваа многу владина војска и довлекуваа топови. Војниците поставуваа шатори и тоа го гледавме од нашите бункери. Вечерта котлината болсна. Светла во шаторите. Пукање немаше. Тишина на двете страни. Ноќта мирно си течеше.
Во пет часот утрото не разбуди бучавата на авионите. Беа многу и многу бомби и ракети истурија над нашите ровови и бункери.
Гореше целиот фронт, сите ридови во чад и пламен.
А нашите минофрлачи и топови молчеа.
Зошто?
Беше десетти август илјада деветстотини и четириесет и деветтата година. Издржавме два денови и вечерта ги напуштивме нашите позиции. Наредбата гласеше:
- Бела Вода. Таму да се спречи противникот за да не се пробие во Преспа.
Ја претрчавме клисурата која ја бранеше позициона чета. Така се викаа единиците составени од борци инвалиди, кои поради својата осакатеност, немаа можности да ги напуштат борбените позиции и мораа да се бранат до последниот здив за да не поминат тенковите по џадето што води кон Преспа.
На полноќ стигнавме во нашите бункери. Уморни, гладни и жедни дочекавме утро и чекавме напад. Стигна наредба:
- Баталјонот веднаш да се премести во селото Герман и од таму да премине на другата страна на Преспанското Езеро.
Не трчавме во колона, туку во купови.
Герман празен. На многу врати обесени катанци. Немаше луѓе.
По сокаците претрчуваа по некоја мачка и кучиња. Слеговме во селото Раби кое беше на нишан на тенковите. Го фативме врбјакот по должината на брегот на големото езеро и трчаница кон мостот. Авионите еден зад друг се редеа над двата брегови и рамнината и со ракети и бомби, како тие што ги фрлаа на Грамос, се` толчеа и гореа. Трчавме, трчавме и одеднаш - бум!
Мостот во воздух.
Нашите го минираа за да не поминат тенковите и пешадијата на другата страна. Останавме отсечени на големата и отворена песочна рамница. Слушнав гласна наредба:
- Назад!!! Кон границата!!!
Од десно не напаѓаше владината пешадија. Во движење се браневме, стигнавме до врбјакот и од таму во пробој, трчавме, пукавме, паѓавме. До колена бев во езерската вода. Одеднаш ме пресече силен молежлив глас:
- Калино, Калино, помагај!
Свртив глава. Во водата, Лефка. Од моето село. Околу неа водата крвава, се давеше. Се втрчав, ја зграпчив за појасот и ја извлеков на брегот. Под неа песокот во крв. Беше тешко ранета.
Таму ја оставив. Зад мене остана нејзиното молежливо и плачливо викање. Наведната трчав, се пробивав низ врбјакот, а зад мене молеше нејзиниот глас. Застанав. Се свртив и потрчав назад. Лефка лежеше на песокот. Ја подигнав и легнав под неа.
Со мака ја префрлив на моите плеќи. Се влечев покрај брегот.
Не успеав да направам десетина метри. Лефка почина на моите плеќи...
Ја скршивме заседата пред селото Раби и трчаница кон границата. Врз нас и пред нас - трешкеа ѓулиња од тенковските топови. Се` поблиску бевме до границата и зад нас тенковите бучеа и пукаа. Одеднаш, над нас долг свиреж на куршуми од кај границата. Помислив дека југословенската војска не нападна.
Тенковите застанаа.
Доцна попладне баталјонот се сокри во трапот покрај границата... Пукањето престана, ама не и во преспанската рамнина. Бреговите на Малото Преспанско Езеро во пламен.
Гореше трската. Густиот црн чад го засени сонцето. Ноќта ги прибравме ранетите и ги легнавме во шумичката покрај границата и додека ги преврзувавме се` ми се чинеше дека го слушам гласот на Лефка. Од медицинската сестра ја зграпчив торбата со завоите, го нарамив автоматот и се стрчав таму каде ја оставив. Не ја најдов...
Се вратив во трапот до границата.
Командантот на баталјонот преку курир побара средба со командантот на југословенската војска. Чекавме да се врати.
Некаде пред полноќ, во придружба на двајца војници, на граничната линија дојде југословенски мајор. Нашиот командант ме повика и ми рече:
- Ти, Калино, ќе дојдеш со мене. Добро го знаеш јазикот. И јас го знам, ама не сакам помошникот и политичкиот комесар да помислат дека се договорам за нешто, бидејќи тие не разбираат македонски. Јас ќе зборувам и на грчки и на македонски, а ти кога ќе затреба ќе преведуваш... Одиме...
Се сретнавме во земјанка на самата гранична линија.
Командантите војнички се поздравија.
Долго траеја разговорите. Јас само онака, само да кажам, колку што се може најкратко.
Нашиот побара да ни биде дозволено по југословенска територија, пеш да преминеме во Албанија. На ова југословенскиот офицер рече дека можеме да добиеме дозвола под услов да го предадеме оружјето. Нашиот на ова рече дека тоа би било дезертерство, капитулација и уште некои такви зборови кои јас не ги разбирав. Нашите не прифатија да го предадеме оружјето.
Толку од разговорите. Пред разделбата нашите замолија да ни биде дадена храна и вода и да ги примат нашите петнаесетина ранети борци. Прифатено. Војнички поздрав и се вративме во трапот.
Ранетите до полноќ ги пренесовме на другата страна на границата, близу караулата, каде ги преврзаа и ги однесоа со камиони. И ним и нам ни олесна. Тоа беше само дел од тешкиот камен што легна врз нас.
Лежевме во трапот покрај граничната линија, сподавени во неизвесноста и оптоварени со чувството на несигурноста.
Слушавме долги рафали од автомати и митралези, ги гледавме светлосните куршуми и разнобојните ракети како го везат и го осветлуваат небото над Преспа, како ги врзуваат планинските ридови на запад и југ...
Нашите противници, таму, во преспанската езерска рамнина и околните ридови, славеа...
Победа славеа...
Некој легнат до мене, шепна:
- Ете, тие така, со светлосните куршуми и разнобојните ракети ја пренесуваат веста за нивната победа. До утре и Атина ќе блеска под тие светла...
Цела ноќ и до изгревот, противникот ја славеше победата.
Ноќта ја поминавме будни до бела зора. Утрото стрелбата престана и до нас стигна свечено биење на камбаните. Си помислив дека најавуваат погреб. Ама не! Ми текна!
Денес е петнаесетти август. Во Грција се слави верскиот празник - Голема Богородица.
Голема Богородица е заштитничка на моето село. На денешен ден, празнувавме. Гости од сите околни села. Затворив очи и со мислата се пренесов дома. Под клепките - дедо, баба и мајка.
Софрата поставена за гостите. Дедо, натажен седи на скалите....
Дали некого чека? Зошто е тажен? Ми се губи во солзите... и тој, и скалите и дворот и софрата и гостите... се` ми се губи во солзите...
Лежев во високата трева испржена од сонцето и го слушав биењето на камбаните. Пред очи, пак, мајка, баба, дедо и одајата полна со гости седнати околу празничната софра.
Глетката ми се замаглуваше и полека и баба и мајка и дедо и одајата и софрата и госитите тонеа во моите солзи...
Цел ден останавме легнати во трапот. Гладни, жедни, исплашени и несигурни. На лицата и во очите големо сомневање. Што ќе биде со нас? Легнати во трапот, на просторот што го нарекуваат - мртва гранична зона - ничиј простор, ама сега наш, колку сме сигурни? Наеднаш ме жегна прашање:
Дали тогаш, кога на Грамос, од авионите фрлаа летоци, не беа во право? И почна да ми се одмотува клопчето на сомнежот.
Беше дваесет и деветти или триесетти јуни илјада деветстотини четириесет и осмата. Речиси две недели откако почна големата офанзива на владината војска, ни се случи нешто што не можевме да го замислиме. Молк во рововите, молк во бункерите, молк во земјанките, молк во себе. Седевме намуртени, замолчени и длабоко потонати во себе. Погледот ни бегаше отаде ридовите. Тишината ја прекинуваа гласни воздишки придружени со пцости. Со клечка шарев по ѕидот на ровот, повремено фрлав поглед на хартијата - леток што утрото ми падна во ровот.
Летоци, илјадници летоци, небото и земјата побелеа од хартии.
Илјадници летоци се откинуваа од авионот што кружеше над нас. Ги наполнија рововите, ги послаа ледините, се пробиваа меѓу гранките, потскокнуваа, полетуваа дувнати од ветерот.
Седевме, не мрдавме и со наведнати глави читавме:
„Тито ве предаде!” - викаше летокот.
Тој ден авионите не фрлаа бомби. Летоците за нас беа големи и страшни бомби. Ни ја ранија вербата и душата, до некаде ни го скршија духот.
Тој ден не штракаа митралезите и не` не биеја топовите на противникот.
Биеја летоците.
Страшно оружје беа тие летоци.
Не грмеа, не трештеа, не ги ораа и не ги растураа рововите и бункерите, ама кршеа и разурнуваа дух, ја оладуваа вербата, ја раносуваа душата, а за таква рана, лек нема.
За раната на вербата и духот нема лек.
Тогаш ранета ни беше вербата во тоа, дека зад нас имаме сила, која ни помага и не поддржува...
Стуткани во рововите, молчевме.
Тие бели хартии не совладаа со лошата вест и кај многу го разбудија сомнежот. Молкот траеше. Молчеше и командата.
Дури попладнето политичкиот комесар, откако се врати од штабот на бригадата, не собра и рече дека летоците се само непријателска пропаганда и дека...
Не беше многу убедлив...
Сомнежот голем... посебно свртен кон момите и момците од Костурско, Леринско и Воденско...
И во текот на денот на спротивниот рид, цело време - развиено големо платно и големите црни букви вестеа:
„Тито ве предаде! Предајте се!’’ Не убедуваа дека од таму, од Југославија ја имаме најголемата поддршка и помош и затоа тие летоци толку силно не удрија, не погодија во душата.
Тој ден го претворивме во најжестока борба со навреди и пцости.
Политичките комесари, а најмногу партиските секретари со денови, со месеци ни ја полнеа главата, ни го переа мозокот со најпогрдни зборови за предавникот Тито, ни всадуваа омраза кон него. Велеа:
- Гледате, нашата партија е во право! Да не беше Тито ќе ја добиевме војната.
Слушајќи го, ми светна мислата:
- Така де, да не беше, можеби и немаше да ја почнете...
Дали тоа убедување не беше дебел стап по нашиот грб? Така ми дробеше умот, дотолку повеќе што отаде граничната линија стоеја војски со готово оружје. Едната беше таа која ја сметавме за пријателска, која ноќе ни носеше оружје и храна и која спасуваше наши ранети. Дали сега е готова да не зароби, да не затвори во некои логори или да не предаде? И на другата страна, војска, само на два километри од нас - тенк до тенк.
Сигурно не чекаат или можеби мислат дека пребегнавме во Југославија, за која политичкиот комесар не сакаше да слушне.
Без престан ме гризеше мислата:
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/kalina-e-book-macedonian/4 на 29 октомври 2026