History of Contemporary Greece
ГРЦИЈА МЕЃУ ДВЕТЕ СВЕТСКИ ВОЈНИ - (1919-
ГРЦИЈА МЕЃУ ДВЕТЕ СВЕТСКИ ВОЈНИ - (1919-
1939)
Грчко-турската војна (1919-1922): Со Балканките војни и Првата светска војна, Грција изгледаше како да ги реализирала византиските амбиции за создавање на “Мегали Елада” и не остануваше ништо друго освен да се качи на византискиот трон останат празен уште од 1453 година.
Но историската судбина си поиграла со грчките византиски амбиции. На 25 ноември 1920 година, ненајдено, умира кралот Александар и на парламентарните избори од 1920 година Е.
Венизелос, миленикот на Антантата, бил поразен. Новата грчка влада, плебисцитарно, го вратила кралот Константин XII на престолот, на големо незадоволство на Антантата. Истовремено Турција не го прифатила договорот од Севр што султанот го потпишал. Великото национално собрание свикано на 23 април
1920 година и Првата национална турска влада формирана во мај 1920 година го отфрлиле како неприфатлив Северскиот договор. Во Турција се разви силно национално-ослободително движење на чело со Кемал Мустафа-Ататурк, херојот од Галиполе.
Со желба да ја принуди Турција да го прифати Северскиот договор, силите на Антантата ја советувале Грција да го наметне. Е. Венизелос, опседнат за создавањето на голема Грција и со блаконаклоноста на силите на Антантата, во 1919 година ги испратил првите грчки воени единици во Мала Азија.
Но поразот на Е. Венизелос на парламентарните избори од 1920 година, како и враќањето на кралот Константин на грчкиот престол, Грција ја изгубила благонаклоноста на силите на Антантата. Кралот и грчката влада, сепак, решиле да ја продолжат воената операција во Мала Азија. Една од причините била да и се намали ореолот на Е. Венизелос за ктитор на Голема Грција и, по можност, да се супституира во полза на кралот Константин. Не случајно грчкиот крал го добил името Константин XII, т.е. наследник на последниот византиски император Константин XI, кој загинал во борбата за одбрана на Константинопол 1453 година.
На почетокот грчките војски, пречекани со воодушевување од локалното грчко население, навлегле длабоко во Мала Азија.
Во 1921 година, кај реката Сакарија, се одви епската битка меѓу турските и грчките војски. Грчката војска, тешко поразена, почнала хаотично да се повлекува. Градот Измир (Смирна) бил запален, а грчкото население, заедно со грчките војски, панично се повлекувале кон Грција.
Поразена, Грција, по примирјето склучено во Муданија (октомври 1922), започнала преговори за мир во Лозана (Швајцарија, 1923 г.). Со овој мировен договор Грција била принудена да ги врати на Турција гр. Измир (Смирна) со околината, Источна Тракија и островите Имброс и Тенедос. Со Лозанскиот мировен договор територијата на Грција се намалила од 150.833 км² (со 5.581.474 жители) на 129.880 км², а населението пораснало на 6.204.684 жители поради миграциони движења. Со договот од Лозана се предвидувало и задолжителното иселување на христијаните од Турција и муслиманите од Грција. Претпочитаме да бидиме оштетени 30% или 50% велеше еден турски претставник во Лозана, отколку кај нас да имаме странци и душмани.
Лозанскиот мировен договор има историско значење. Со овој мировен договор се прави првата ревизија на Париските мировни договори и им се ставил дефинитивен крај на грчките византиски амбиции за обновување на византиската империја.
Политичкиот живот во Грција по Малоазиската катастрофа:
Националната катастрофа во Мала Азија предизвикала голема политичка нестабилност во Грција. Страстите меѓи приврзаниците на Е. Венизелос (венизелисти) и неговите противници (антивенизелисти) земале голем замав. По Малоазиската катастрофа, грчки офицери на чело со Николас Пластирас, Силјанос Гонатас и Александрос Хаџикирјакос во островите Хиос и Митилини, објавиле “Револуција” за спас на татковината. Триумвиратот, со помош на војската, ја презеде власта и го принудиле кралот Константин да абдицира во корист на неговиот син Георгиос II. Истовремено, шест членови на владата, обвинети за националната катастрофа од Мала Азија, биле осудени и егзекутирани: Петрос Протопападакис, прв министер, Г. Хацијанестис, главен командант на грчката војска, Г. Гунарис и други тројца министри. По малоазиската катастрофа антимонархистичките чувства во Грција се засилиле. На 24 март 1924 година, пред грчкиот национален празник, владата на Александрос Папанастасиу и лидер “Демократската унија”, ја прогласил Грција за Еленики Димократија (Грчка Република).
Грчките влади, кои често се менувале, се соочиле со еден сериозен проблем: колонизирање на бежанското население протерано од Турција по силата на Лозанскиот мировен договор. Во Грција пристигнале 1.159.311 бежанци. Тие потекнувале од Азија (353.652), Европа (263.481), Америка (567), Африка (486) и Океанија (3). Сите грчки партии се залагале за успешно колонизирање на бежанците особено на овој план се залагала Либералната партија на Е. Венизелос, наречен татко на бежанците. Во месец декември 1924 година грчката банка го потпишала првиот договор со странски кредитори од Англија и САД. Според овој договор Грција добила 12.300.000 лири стерлинзи. Каматата изнесувала 7% што за тогашните финансиски прилики била доста висока. За успешно колонизирање на бежанците, се формирала една Главна дирекција за колонизирање (ЕАП).
Огромното бежанско население било колонизирано на следниот начин: Егејска Македонија (565.143 или 48,75%), Стереа Елада и Еубеа (317.188 или 27,36%), Западна Тракија (100.485 или 8,6%), Егејските острови (51.550 или 4,45%), Тесалија (36.427 или 3,14%), Пелопонез (32.411 или 2,84%), Крит (32.411 или 2,98%), Кипар (10.348 или 0,98%), Кикладите (6.697 или 0,53%)
и Јонските острови (6.189 или 0,53%). Колонизирањето на бежанците било на сметка на домородното население и затоа домородното население во Егејска Македонија не ги сакаше грчките колонисти.
Надворешна политика: Во однос на надворешната политика републиканските влади меѓу двете светски војни се стремеле да го зачуваат балканскиот status quo создаден во Букурешкиот и Париските мировни договори. Односите со Бугарија биле најзатегнати. Со Букурешкиот и Нејскиот мировен договор, Бугарија ги изгубила бугарските етнички територии (Јужна Добруџа, Тракија, Западните Покраини). Бугарија сметала дека и Македонија му припаѓа на бугарскиот етнички простор.
Бугарското царство водело една политика на ревизија на Букурешкиот и Нејскиот мировен договор. Во такви политички услови, сепак, се воделе меѓу државни контакти меѓу Бугарија и Грција. На 29 септември 1924 година во Женева меѓу Грција и Бугарија бил потпишан протоколот Калфов-Политис од страна на министрите за надворешни работи на двете земји. Со овој протокол грчката страна го признала славјанското население во Егејска Македонија како бугарско малцинство. Протоколот “Калфов-Политис” сериозно ги засегнале грчко-српските односи. Кралството СХС, кое барало славјанското население од Егејска Македонија да биде признато како српско, дури го откажало договорот за пријателство со Грција од 1913 година.
Политичките ривалства меѓу Либералната (венизелисти) и Народната партија (антивенизелисти), обидите за атентат врз Е.
Венизелос, како и тешката економска ситуација во земјата, ја искористил генералот Теодорос Пангалос да ја преземе власта во земјата (1925). Неговото диктаторско владеење повеќе го следеле неуспеси отколку успеси. Во периодот на пангаловата диктатура кралството СХС постигнало дипломатски успех. На 17 август 1926 година генералот Т. Пангалос склучил со владата на кралството СХС поволна спогодба околу слободната зона во Солун и ЖП линијата Солун-Гевгелија. Истовремено Т.
Пангалос го признал славјанското население во Егејска Македонија како српско малцинство. Неговото владеење останало запамтено и со Петричката неславна воена авантура.
Во 1925 година, по еден мал инцидент на грчко-бугарската граница, грчките војски навлегле на бугарска територија. Тие биле брзо поразени од малубројните бугарски војници, помогнати од четите на ВМРО. По овој инцидент, Грција била принудена да плати оштета на Бугарија. Спогодбите на Т.
Пангалос со југословенските власти, како и воената Петричка авантура, биле едни од основните причини за неговото остранување од власта. Неуспешното владение на Т. Пангалос придонесло повторно во политичкиот живот на земјата да интервенира војската. Во 1926 година генерал Кондилис ја остранил владата на Т. Пангалос и ја презел власта.
Краткотрајната политичка стабилност се забележува во периодот на владењето на Е. Венизелос (1928-1932). Владата на Е. Венизелос спроведувала реформи во правниот систем и економијата. Една од поважните реформи биле во просветата.
Се изградиле нови основни и средни училишта и Димотики се воведува во гимназиските училишта. Но тоа што способниот Е.
Венизелос не предвидел била големата економска криза. Во 1929 година почнала големата светска економска криза, кризата која ја засегнала грчката економија и влијаела врз популарноста на венизеловата влада.
Владата на Е. Венизелос била многу поуспешна во водењето на надворешната политика. Односите со Италија секогаш биле затегнати по убиството на генерал Телени и грчката влада се залагала да ги нормализира. На 23 септември 1928 година бил потпишан договор за пријателство со Италија. На 27 март 1929 година бил потпишан грчко-југословенски договор и на 30 октомври 1930 година турско-грчки договор “За пријателство, неутралност и арбитража”. Во 1929 година, со договорот Молов-Кафандарис, биле решени имотно-правните прашања што постоеле меѓу Грција и Бугарија по големите миграциони движења. На 9 февруари 1934 година, во Атина, Грција, Југославија, Романија и Турција, ја формирале Балканската антанта насочена против Бугарија, а на 31 јули 1938 година Балканската антанта и Бугарија потпишале договор со кој двете страни се откажувале од употреба на воена сила во меѓусебните односи.
Политичкиот живот во земјата повторно се комплицирал и добивал загрижувачки размери. Политичките страсти меѓу венизелистите и антивенизелистите повторно ескалирале. На парламентарните избори од 1933 година победила Народната партија, која била поддржана од малите политички формации на Кондилис, Ј. Метаксас и Хацикирјакос. Е. Венизелос бил незадоволен и не го прифатил мирно парламентарниот пораз.
Генералот Пластирас, со цел да ја спаси земјата од “хаосот”, извршил неуспешен обид за државен удар. Владата на П.
Цалдарис, поддржана од Г. Кондилис и Ј. Метаксас, воведуват во земјата “вонредна состојба”. Дел од пучистите се осудени на смрт, а дел бегаат во Бугарија. Самиот Е. Венизелос, осомничен како главен иницијатор на пучот, е осуден на смрт и принуден, со бродот “Аверов”, да бега во островот Касос што бил под италијанска управа.
По обидот за државен удар биле закажани парламентарни избори за 9 јуни 1935 година. На изборите победила Народната партија и Кондилис формирал влада. Новата влада, монархистички настроена, организирала плебисцит за враќање на монархијата во Грција. На плебисцитот 97,80% се изјасниле за враќањето на кралот Гергиос II на грчкиот престол (25 декември 1935 г.) Кралот, по неговото крунисување, прогласил општа амнестија и формирал Привремена влада на чело со К.
Демерџис, професор на Атинскиот универзитет. Новата влада закажала избори за 26 јануари 1936 година.
По неуспешниот државен удар од март 1935 година, Либералната партија не ослабела до таа мера до која се надевала Народната партија. Парламетарните избори од јануари 1936 година тоа го потврдиле. Политичките пресметки меѓу Либералната и Народната партија, како и шумната пропаганда во текот на изборите, не влијале многу во корист на една или друга од главните владејачки партии. Либералната партија на изборите добила 574.655 гласови и пратила во новиот грчки парламент 142 пратеници. Од друга страна конзервативните формации, што биле собрани околу Народната партија, не го добиле саканото мнозинство. Конзервативните сили на изборите од 1936 година добиле 602.840 гласови и испратиле во новиот грчки парламент 143 пратеници. За Народниот фронт, кој ги обединувал левите сили на чело со КПГ, гласале 73.411 гласачи и во новиот грчки парламент репрезентирале 15 пратеници. По парламентарните избори ниту Либералната, ниту Народната партија не претставувале апсолутно мнозинство и не биле во можност да формираат еднобојна влада. Во такви услови 15 пратеници на Народниот фронт претставувале грам на кантарот. Ако до 1936 година грчките партии одбивале секаков компромис со КПГ поради нејзината политика за “Обединета и независна Македонија”, по изборите во 1936 година и Либералната и Народната партија ги правеле првите чекори кон спогодување со КПГ за формирање на новата грчка влада. Сите овие политички контакти биле можни единствено со сменувањето и отфрлувањето од страна на КПГ на политиката за “Обединета и независна Македонија”.
Претставниците на Народниот фронт на чело со М.
Порфирогенис, облечени во фракови, го известиле грчкиот крал Георгиос II дека КПГ не бара автономија на Македонија. Во контекстот на историската промена во политиката на КПГ во однос на македонското прашање, грчките партии воспоставиле контакт со КПГ. К. Ангелопулос, претставени на Народната партија, воспоставил контакти со претставниците на левиците на чело со Д. Глинос, Г. Сјантос и М. Порфирогенис.
Истовремено и претставниците на либералите воспоставиле контакт со претставникот на Народниот фронт С. Склавенас.
Како резултат на овие политички контакти би потпишан познатиот договор меѓу Т. Софулис, претставник на Либералната партија и С. Склавенас, претставник на Народниот фронт.
Спогодбата Софулис-Склавенас била потпишана во периодот кога грчкото општество изразувало силни елементи на економска и политичка нестабилност. Економското и политичкото незадоволство на масите се изразило со големите солунски демонстрации. Демонстрациите што се одржале во Кукуш (Килкис), Серес, Драма, кулминирале на 8 мај 1936 година со масовните солунски демонстрации на околу 15.000 тутунски работници. Во знак на протест против крвавото задушување на демонстрациите од 8 мај 1936 година на протестниот митинг на плоштадот “Слобода” во Солун учествувале 150.000 демонстранти. Поради бруталното однесување на полицијата, како и убиството на десет работници во текот на големите солунски демонстрации, во цела Грција се одржувале митинзи и демонстрации со кои се изразувала солидарност со работниците од Солун. Истовремено, претставниците на Народниот фронт во грчкиот парламент побарале итна оставка на генералот Ј. Метаксас, главниот виновник за крвавите солунски собитија. На 24 јули 1936 година двете најголеми грчки синдикални организации, Конфедерација на работниците на Грција и Обединетата генерална конференција на работниците, решиле да организираат општ сегрчки штрајк во знак на протест против репресивната политика на владата.
Диктатурата на Јоанис Метаксас (1936-1941): Политичката нестабилност што ја зафати земјата сериозно ја загрижила грчката политичка номенклатура, која спасот го гледала во воведување на авторитарен режим. Со благонаклоноста на кралскиот двор, генералот Јоанис Метаксас, чии диктаторски афинитети биле одамна познати, максимално го искористил историскиот момент. Патот кон воведување на лична диктатура бил олеснет и со исчезнувањето од политичката сцена на познатите грчки политички личности како Е. Венизелос и првиот министер, Д. К. Демерџис. За остварувањето на диктаторските намери на Ј. Метаксас загубата на овие две политички личности, особено смрта на Д. Демерџис, биле “божји дар”. Политичкиот вакум, со одобрение на кралот, го пополнил стариот и амбициозен генерал Ј. Метаксас. На 4 август 1936 година, два дена пред сегрчкиот генерален штрајк, генерал Ј. Метаксас воведува диктатура. Тој го суспендирал Уставот, го распуштил Парламентот, ја забранил политичката активност на партиите и вовел строга цензура. Целокупната власт преминила во неговите раце и се прогласил за Архигос
(Вожд).
“Третата грчка цивилизација” (по Античката и Византиската ), Ј. Метаксас ја почнува со забрана на делата на грчките великани
(Софокле, Аристотел, Еврипид и Тукидит). Службата за национална безбедност на чело со К. Манијадакис почнала да спроведува една сурова политика на репресии против политичките неистомисленици и особено против комунистите.
Речиси 50.000 лица биле испратени по грчките острови или затвори. Истовремено, со желба да ја индоктринира младината, Ј. Метаксас ја формирал “Национална организација на младите
(ЕОН)”, во која требало да членуваат задолжително сите млади.
Надворешната политика на владата Ј. Метаксас била прозападно ориентирана. По Минхенскиот договор (1938) и капитулацијата на Франција (мај-јуни 1940 г.), Ј. Метаксас водел една привидно неутрална политика, но реално се повеќе се доближувал до Велика Британија, која давала гаранции за грчкиот територијален интегритет.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/istoria-na-sovremena-grtsija/4 на 29 октомври 2026