Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

History of Contemporary Greece

МАЛЦИНСТВАТА ВО ГРЦИЈА - (1913-1939)

Од Стојан Киселиновски · Дел 5 од 9 · Околу 17 минути

Читај на English

МАЛЦИНСТВАТА ВО ГРЦИЈА - (1913-1939)

Македонското население: Со анектирањето на Егејска Македонија и Западна Тракија, Грција престанала да биде национално хомогена држава. Поголем дел од населението што живееше во егејскиот дел на Македонија по Балканските војни беше од негрчко потекло. Според јазикот што се зборуваше во куќата, т.е. во семејството, во тој дел на Македонија живееја 370.371 или 35,20% македонско население (главно со егзархиска црковна припадност), 274.052 или 25.05% Турци, 236.755 или 22,50% Грци, 68.206 или 6,49% Евреи, 44.414 или 4,22% Власи итн. Значи, од вкупно 1.052.227 жители 77,50% биле негрци и само 236.755 или 22,50% биле Грци по потекло и мајчин јазик.

По Букурешкиот мировен договор, Грција водела една политика за создавање на една држава, со една нација, еден јазик и една вера. Таа политка се спроведувала со протерувањето на домородното негрчко население и колонизирањето на инородно грчко и друго негрчко христијанско население. Етничкото чистење на македонското и друго инородно население почна со Балканските војни (1912-1913 г) и продолжи по Првата светска војна.

На 27 ноември 1919 година, со Нејскиот мировен договор, меѓу Грција и Бугарија беше потпишана конвенцијата за “доброволното иселување” на инородното население што живееше во двете држави. По силата на оваа конвенција речиси 86.571 македонско население било принудено да замине за Бугарија. Со Нејскиот мировен договор и со “доброволното” иселување на населението, Грција ја извршила Првата принудна миграција на македонското население.

Политиката на етничко чистење на македонското население продолжи и по Грчко-турската војна (1920-1922 г.). Со Лозанскиот мировен договор (1923 г.) се предвидуваше задолжителното иселување на христијаните од Турција и на муслиманите од Грција. Врз основа на овој договор, од Јужна Македонија се иселија уште 44.082 македонски-муслимани. Со Лозанскиот мировен договор Грција ја извршила Втората принудна миграција на македонското население. По силата на Нејскиот и Лозанскиот мировен договор, речиси 127.374 лица или 34,39% биле принудени од Егејска Македонија да емигрираат во Бугарија или Турција. Во Јужна Македонија останаа уште 242.997 македонско население кое главно, како мнозинско население, живело во Костурско, Леринско и Воденско.

Паралелно со протерувањето на македонското население, грчката држава спроведуваше една политика на колонизација на Јужна Македонија, со грчко или друго негрчко христијанско население. Таа политика грчката држава ја реализираше преку т.н. внатрешна колонизација (со население дојдено од стара Грција) и т.н. надворешна колонизација (со колонизирање на различно грчко и негрчко христијанско население дојдено од ширум светот). Врз основа на грчката внатрешна колонизација во Јужна Македонија во периодот од 1913 до 1928 година беа колонизирани 53.056 Грци, а врз основа на надворешна колонизација беа колонизирани 565.143, различно грчко и негрчко христијанско население (Грци, Караманли, Ерменци и разни кавкаски народи). Во периодот од 1913 до 1928 година, врз основа на внатрешната и надворешната грчка колонизација, во Јужна Македонија биле колонизирани вкупно 618.199 лица, различни по своето потекло, јазик и културни традиции. Со сменувањето на етничкот состав на населението во Македонија, грчката држава извршила и топонимна деноминација. Сите градови, села, планина, езера добиле грчки топонимски карактер.

Промените на етничкиот состав на населението во Јужна Македонија имало етно-јазични, политички и економски последици. Најтешки биле етно-јазичните промени. Со сменувањето на етничката структура на населението во Јужна Македонија, македонското население го смени својот историски статус. Од мнозинско, македонското население доби статус на етничко малцинство во својата родна земја.

Грчкото население, исто така, го смени својот традиционален етнички статус. Од малцинство (22%), грчкото население доби статус на мнозинско население. Истовремено и македонскиот народен јазик и грчкиот јазик го смениле својот традиционален статус.Од langue usuelle (најупотребуван јазик), македонскиот народен јазик доби статус на langue de la minorité, т.е. јазик на малцинство.Грчкиот јазик, исто така, го менува својот традиционален јазично-историски статус.Од langue de la minorité (јазик на малцинство) или langue de famille (семеен јазик), грчкиот јазик, покрај официјалниот карактер, станува langue usuelle (најупотребуван јазик) за целокупното население што живее во Јужна Македонија.

Новите етно-јазични процеси во Јужна Македонија влијаеле и врз етничката номинација на новото население. Македонското население новодојденото грчко-христијанско колонизирано население го нарекуваше со едно единствено име маџири (чужденци) или со пежоративното име аути или куркутади.

Грчкото колонизирано население го нарекуваше македонското население Вулгари, славофони или ендопи (домородци). Со текот на времето колонизираните Грци и негрци (Караманли, Ерменци, разни Кавкасци) од просвигес (бегалци) ќе се идентификуваат како “Елиномакедонес”(“Гркомакедонци”) и, на крајот, како “македонес” (“македонци”).

По големите етно-јазични промени што се случија во Јужна Македонија, во етничката историја на Македонија заврши славјанскиот период и почнува новиот грчко-маџирски период.

Со тоа грчките политички граници се повеќе се совпаѓаа со грчките етнички граници.

Политика на денационализација: По Букурешкиот мировен договор, грчката држава почнала да спроведува една егзархиска етно-јазична деноминација на македонското население. На македонското население му се забранувало да изразува друга етничка припадност освем грчка и било принудено да ги смени своите славјански имиња и презимиња. Секое македонско презиме, наместо “ов” или “ев”, требаше да завршува на “ис”,

“ос” или “пулос”.

По 1913 година се прогонувала и славјанската писменост.

Славјанската писменост била отстранета од црквите, спонениците и гробовите. Сите цркви биле педантно прегледани и крстени со грчки имиња, славјанското писмо и сите црковно славјански натписи беа отстранети, а пронајдените црковни или лаични славјански книги, беа уништени. Се рушеа гробовите на илинденските војводи и комити.

Особено суров беше нападот врз македонскиот народен јазик.

Македонскиот народен јазик беше забранет и прогонуван.

Најсуровиот напад врз македонскиот народен јазик го реализира диктаторот Јоанис Метаксас (1936). Тој го забрани употребувањето на македонскиот народен јазик не само во секојдневниот живот во селото, во обичната човекова комуникација, на пазарот, свадбени или погребни ритуали, туку и во рамките на семејството. Истовремено македонското население, без оглед на длабоката старост, било принудено да ги посетуваа т.н. грчки вечерни училишта и да го учи грчкиот јазик. Прекршувањето на оваа забрана повлекуваше тешки и сурови казни (плаќање на т.н. јазичен данок, кубење на мустаќи, триење на јазикот со лута пиперка, плукање во уста, пиење рицинус и физичко малтретирање). Поради кршењето на забраната за користењето на македонскиот народен јазик во јавниот живот или во рамките на семејството, речиси 4.500 Македонци биле осудени и пратени по грчките острови.

Притисокот што го вршеше Друштвото на народите ја принудија грчката влада во периодот меѓу двете светски војни да презема формални мерки да ја убеди Европа дека Грција ги почитува одредбите за заштита на правата на малцинствата што произлегуваа од Париските мировни договори. Така, во 1925 година во Грција беше пачатен буквар наречен “Абецедар”.

Букварот беше печатен со латинска азбука на македонски народен јазик (леринско-битолски дијалект). Букварот, веднаш по неговото публикување, бил уништен и никогаш не стигна во рацете на тие за коишто беше наменет.

Политика на асимилација: Во периодот меѓу двете светски војни, грчката држава спроведуваше една политика на асимилација на македонското население. Целокупната политичка надградба (просвета, црква, војска) била ставена во служба на ова политика. Грчкото училише беше местото каде Македонците за прв пат се сретнуваа со грчкиот јазик. За побрзото изучување на грчкиот јазик во просветата, редовно се предаваа два часа (грчки јазик и грчка историја), а сите други предмети се учеа со песни и играње. Во наставничкиот процес особено се величеше грчкото “славно минато”. Секое дете требаше да знае и требаше да се гордее дека е Грк, да знае за славните битки на нивните предци во Маратон, Термопиле, за “јуначката и славна борба на Андарите” на чело со Павлос Мелас и Германос Каравангелис, за “злосторничката активност на комитаџиите” на чело со Лазо Поп Трајков, Пандо Кљашев, Васил Чакаларов, Митре Панџаров и др. Терор врз македонското население за користење на грчкиот јазик секогаш и сегде, вршела грчката националистичка организација “Грчко-македонска тупаница”. Поради тешкото национално угнетување, македонското население ги сметало Турците за подобри од Грците. “Турци, на кого не оставивте”, “Турците немале вера, но имале исав. Грците немаат ниту вера, ниту исав”, “На кол вода пиевме”, велеше народот.

Македонското население даде силен отпор на грчката политика на денационализација и асимилација. Семејство одигра голема улога во тој однос. Во македонскиот семејство се негуваше и пренесуваше македонскиот народен јазик, историските и народните културни традиции. Во рамките на семејството, македонскиот народен јазик беше присутен преку секојдневната комуникација. Тоа придонесе македонскиот народен јазик да го зачува статусот на мајчин (примарен) јазик. Македонското население го учеше мајчиниот јазик од најрани години и се изразуваше природно на мајчиниот јазик, а грчкиот јазик го учеа покасно и за македонското население грчкиот јазик имаше статус на странски (секундарен) јазик.

Македонското семејство ја негуваше и пренесуваше традиционалната историска и културна традиција. Во рамките на семејството новите македонски генерации слушаа за Илинден, за војводите и комитите, за злосторничката дејност на грчките андартски чети на чело со П. Мелас и Г. Каравангелис.

Семејството се претвори во училиште и ноќе рушеше тоа што преку ден го градеше грчката просвета.

Турското население: По Првата светска војна, во Јужна Македонија и Западна Тракија живееја речиси 460.000 Турци (310.000 во Јужна Македонија и 150.000 во Западна Тракија).

Врз основа на Лозанскиот мировен договор 310.000 Турци од Егејска Македонија биле принудени да заминат за Турција.

Исклучок од задожителното иселување биле Турците што живееле во Западна Тракија (Родопите, Ксанти и Марица) и Грците што живееле во Истанбул. Турците во Грција, по силата на Лозанскиот мировен договор, добиле статус на муслиманско малцинство.

Турското малцинство во Грција уживало и неслобода во слобода. По задолжителната размена на населените меѓу Грција и Турција и колонизирањето на 100.000 христијанско грчко население во Западна Тракија, притисокот врз турското и другото муслиманско население беше секојдневно. Новите колонисти, со дискретната помош на властите, почнаа да ги узурпираат турските имоти за да ги принудат Турците на “доброволно” иселување. Со Законот за управување на вакафите на муслиманите во Турција се прецизираше дека вакавската земја му припаѓа исклучиво на муслиманите. Со тоа привидно се штитеа интересите на турското малцинство, но со суштина имаше и антитурски карактер. Со овој закон не се дозволуваше никакво земјино проширување и со тоа се спречуваше и нивното етничко проширување. Антитурската политика на грчката држава се изрази и во периодот на Метаксасовата диктатура. Со законот бр. 1366 се забранувало продажба на земја на припадниците на турското население.

Еврејското население: Во периодот пред Балканските војни, во Македонија живееја речиси 80.000 Евреи или 3% од целокупното население. По поделбата на Македонија, 68% од еврејското население живееше во Јужна Македонија, а 7.200 живееја во Вардарска Македонија. Евреите во Јужна Македонија главно живееја во Солун каде се својата економска активност, сериозно придонесуваа за економскиот и културниот развиток на градот. Во периодот на турското владеење, еврејското население не беше вознемирено и нормално се развиваше на етнички, економски или културен план.

Со доаѓањето на грчките власти, љубоморни на богатството и способноста на еврејското население, почнуваат и првите притисоци врз Евреите. По Првата светска војна, грчките власти често го навредувале еврејското човеково и национално достоинство. Веднаш по 1918 година сите Евреи од 15 до 50 години биле принудени од грчките власти да ги чистат улиците на градовите и да ги отстрануваат мртвите од градските улици.

Тие што одбегнувале да ги исполнат овие обврски беа принудени на уште потешки ангарии и им се земале и боновите за леб.

Истовремено еврејското население било вознемирено и ставено под силен психолошки притисок. И за најмал престап, најчесто измислен од страна на грчките власти, еврејските трговци биле казнувани со високи парични казни, се кршеше “случајно” излогот на некој еврејски дуќан или “случајно” ќе се запалеше некој еврејски дуќан. Притисоците врз Евреите земаа се поотворени насилнички форми. Во Солун група младинци организирани во т.н. “црни банди”, ги напаѓале и физички ги малтретираа Евреите по солунските улици.

Оваа политика на грчките власти сериозно го вознемири еврејското население. Претставниците на еврејското население барале меѓународна заштита. Во текот на Париските мировни договори една тричлена делегација заминала во Париз и барала протекција и заштита од страна на големите сили. Поради силниот грчки притисок, Евреите биле принудени да емигрираат во Италија, Швајцарија и Франција. Во периодот меѓу двете светски војни еврејското население самостојно си организирало самостоен просветен, културен и верски живот (училишта и синагоги).

Влашкото население: Влашкото население што живееше во Македонија не беше многубројно. Пред Балканските војни во Македонија живееја 80.767 или 3,58% од целокупното население. По поделбата на Македонија (1913), во Јужна Македонија живееја 44.114 Власи или 6,11% од целокупното влашко население. Власите во Македонија не беа етнички хомогени и не изразуваа една единствена влашка етничка свест.

Тие изразуваа или грчка (т.н. “грковласи”) или романска (т.н.

“романовласи”) етничка свест. Грчката влада имаше различен однос кон Власите. Таа ги поддржуваше “грковласите” и ги прогонуваше “романовласите”.

Во периодот меѓу двете светски војни, под силен грчки притисок, “романовласите” беа принудени да емигрираат во Романија и беа колонизирани во Јужна Добруџа, бугарска етничка територија анектирана од Романија по Втората Балканска војна. Првите влашки семејства од Јужна Македонија Бер (Верија), Воден (Едеса), Меглен (Моглена) и Катерини пристигнаа во Романија во октомври 1925 година со коработ “Јаши”. Во периодот од 1925 до 1937 година во Јужна Добруџа (Калијакра и Дуростор) биле колонизирани 6.000 влашки семејства кои потекнувале од Македонија (Егејска и Вардарска). Со договорот од Крајова (7 септември 1940 година)

се предвидувало задолжително иселување на Бугарите од Северна Добруџа (67.000) и колонизраните Романци и Власи од Јужна Добруџа (83.000). Македонските Власи биле колонизирани во Северна Добруџа.

Влашкото колонизирано население во Романија не се претставуваше со своето вистинско етничко име. Власите од страна на романските власти биле именувани со политичкиот етноним “macedoromâni” (“македороманци”), а самите тие, пред обичниот романски човек, се претставуваа и се нарекуваа “Макидон” (“Македонци”). Само помеѓу себе македонските Власи го употребувале своето вистинско етничко име Арм’ни, т.е. Власи.

Бугаромахомедани (Помаци), Албанци и Роми: Второ најбројно население со муслиманска верска припадност се Помаците (35.000). Бугаромахомеданите главно живеат во Западна Тракија, во реоните на Ксанти, Родопите и во села покрај Марица. Тие се муслимани по верска припадност, но Бугари по етничко потекло. Јазикот кој го зборуваат во куќата, т.е.

семејството, е бугарски. Грчката држава го почитува верските слободи на Помаците гарантирани со Лозанскиот мировен договор, но не им го признава нивното бугарско етничко потекло. Албанците во Епир (регионот Чамерија), биле подложени од страна на грчката држава на една политика на денационализација и асимилација.

КПГ и македонското прашање (1924-1940): Комунистичката партија на Грција (КПГ), за разлика од другите грчки граѓански партии, имала различен став во однос на македонското прашање. Но нејзиниот став не бил самостоен и автономен.

КПГ, по решенијата на Коминтерната, само ја спроведувала политиката на Коминтерната во однос на македонското прашање, а Коминтерната, како “филијала” на советското Министерство за надворешни работи, националната политика ја спроведувала во зависност со државните интереси на СССР.

Советскиот сојуз не бил гарант на Париските мировни договори. Во однос на Версајскиот политички status quo во политиката на СССР се забележуваат четири периоди:

антиверсајски период (1919-1935), проверсајскиот (1935 – август 1939), антиверсајски (август 1939 – 22 јуни 1941) и антифашстички период (22 јуни 1941 – 1945).

Во антиверсајскиот период СССР се стремеше да го руши европскиот версајски status quo создаден со Париските мировни договори. Коминтерната, преку користењето на националното прашање, ја спроведувала ова политика и барала разбивање на Версајските наследнички држави (Чехословакија, Југославија), Романија и Грција. Во антиверсајскиот и проверсајскиот период во политичката на Коминтерната во однос на македонското прашање се забележуваат два периоди: а) периодот на “Обединета и независна Македонија (1924 – 1935)”, т.е.

периодот “Државност без националност” и б) периодот “ националност без државност”, т.е. периодот на почитување на малцинските права во рамките на грчката држава (по 1935 година).

Во периодот “Државност без националност” на македонското население му се признаваше државност, но не и националност, т.е. периодот кога не се признавало постоење на македонски етнос. Во периодот “Државност без националност”, КПГ, како и Коминтерната, сметале дека во Македонија живееле шаренило на народи (главно Бугари, Грци, Евреи, Власи итн.) и името на ниту една народност не се рефлектирало во името на територијата (Македонија) и името на територијата (Македонија) не се рефлектирало со името на ниту една народност во Македонија.

Политиката на Коминтерната за “Обединета и независна Македонија” КПГ ја прифатила на Третиот вонреден конгрес на партијата што се одржал во Атина во 1924 година.

Прифаќањето на политиката за “Обединета и независна Македонија” во редовите на КПГ предизвика долги и жестоки расправи. Во текот на дискусиите во однос на ставот на КПГ кон македонското прашање се појавиле две јасни тенденции: се формирало едно т.н. “малцинство” на чело Јанис Кордатос и Томас Апостолидис кои биле против политиката за “Обединета и независна Македонија” и едно т.н. “мнозинство” на чело со Пантелис Пуљопулос кои биле за прифаќање на политиката на Коминтерната во однос на македонското прашање.

Претставниците на малцинството сметало дека политиката за “Обединета и независна Македонија”, по големите етнички промени што се случиле во грчка Македонија, е вон просторот и времето. Таа политика, пишувал претставникот на т.н.

малцинство Ј. Кордатос во органот на КПГ в. “Ризоспастис” (Радикал), е нереална зашто мнозинството од населението во грчка Македонија во мнозинство е грчко. Таканареченото малцинството го предупредувало “мнозинството” дека со прифаќањето на политиката на Коминтерната за македонското прашање, партијата ќе се претвори во партија на малцинствата и ќе ја “вооружи грчката буржуазија” со едно опасно оружје за клеветење и напаѓање на КПГ.

“Мнозинството” ја бранело политиката на Коминтерната во однос на македонското прашање од класни позиции и сметало дека таа политика е исправна и револуционерна. Кога на Третиот вонреден конгрес на КПГ се ставило на гласање за прифаќање или не на политиката на Коминтерната во однос на македонското прашање, 17 гласале за прифаќање на политиката на Коминтерната и 2 биле против. Но победата на “мнозинството” на чело со П. Пуљопулос била Пирова победа.

Кратко време по Третиот вонреден конгрес на КПГ, 8 членови што гласале за прифаќање на политиката на Коминтерната во однос на македонското прашање си ја повлекле поддршката. Во суштина т.н. “мнозинство” од 1924 година било реално малцинство и т.н. малцинство било реално мнозинство. Грчката “буржуазија” реагирала по прифаќањето од страна на КПГ на политиката за “Обединета и независна Македонија”. Во 1925 година диктаторот Т. Пангалос ги организирал познатите антикомунистички процеси во Атина. Во јули 1929 година Е.

Венизелос, со законот бр. 4.229 познат како Идионимо, забранил секаква комунистичка активност во земјата.

Политичките судири што се изразиле во редовите на КП на СССР меѓу Лав Троцки од една страна и Ј. В. Сталин од друга, предизвикало идеолошки расцеп и во редовите на КПГ.

Идеолошките судири во редовите на КПГ се заостриле со појавата на новото “малциснтво” на чело со П. Пуљопулос (троцкисти) и мнозинството на чело со Георгиос Сјантос и Никос Захаријадис (сталинисти). Идолошките судири во редовите на КПГ се комплицирале уште повеќе и со појавата на т.н. “Центар” на чело со С. Максимос, К. Склавос и Т. Хајноглу, кои гледале со поголема симпатија спрема малцинството на П.

Пуљопулос. На 1 ноември 1927 година преставниците на

“Центарот” и претставниците на “малцинството” (Пуљопулос, Јатопулос, Николино и др.) ја создале т.н. “Обединета опозиција” и, преку списанието “Спартакус”, ќе ја продолжат политичката борба против сталинистичкото мнозинство што, со помош на Коминтерната, го добило, раководството на партијата. Формирањето на организацијата на грчките комунисти-интернационалисти (ОКДЕ, покасно ЕОКДЕ) ќе се претвори во Комунистичка партија на Грција-интернационалисти, секција на Четвртата интернационала.

Поради својата политичка активност, П. Пуљопулос, поранешен генерален секретар на КПГ, бил отстранет од партијата како “ликвидаторист”. Раководството на КПГ, со помош на Коминтерната, го презел ортодоксниот сталинист Никос Захаријадис, маџирин од Мала Азија.

Во периодот од 1931 до 1935 година, Коминтерната, како и КПГ, постепено ќе ја отфрли политиката за “Обединета и независна Македонија” (“Државност без националност”) и ќе ја спроведува политиката “Националност без државност”, т.е.

политика за полна рамноправност на малцинствата во рамките на грчката држава. Со политиката “националност без државност” КПГ ја отфрлила политиката на шаренило на народи и признала постоење на посебен македонски етнос. КПГ констатирала дека Македонците не се ниту Грци, ниту Срби ниту Бугари, а македонскиот јазик е посебен славјански јазик.

Весникот “Ризоспастис” во периодот од 1932 до 1935 година, под рубриката “Со Македонците во Македонија”, публикувал написи за тешката политичката и економска ситуација на македонското население.

На 6-тиот Конгрес на КПГ од декември 1935 година, КПГ официјално ја прифатила политиката за полна рамноправност на малцинствата во Грција. По прифаќањето на новата политичка ориентација по однос на македонското прашање, делегација на КПГ на чело со Василис Нефелудис заминала во Москва за да ги убедат претставниците на Коминтерната за спроведливоста на новата ориентација на КПГ во однос на македонското прашање. Претставниците на Коминтерната Г.

Димитров, Д. Маноилски, П. Тољати, К. Готфалд, ги прифатиле аргументите на претставниците на КПГ и решенијата на 6-тиот конгрес на партијата по однос на македонското прашање. КПГ, по 1935 година, наместо етнонимот Македонци, се почесто ќе го користи етнонимот “Славјаномакедонци”.