Глава 3
Глава 3
Кољо Шурдов, првиот сосед на Ѓорѓи, при еден упад на кралските војници во селото, покажан со прст од кметот, кој заедно со патролата шеташе тие денови по околните села, го одведоа во Костур. Таму и го предадоа на полицијата која го обвини за дела против државата. А според записникот, вината на Кољо не беше мала. Татко му илинденец, тој во дваесет и четвртата не сакаше да се пресели во Бугарија, па го нарекоа автономист, триесет и шестата неговиот син, Јане, не сакаше да се запише во ЕОН (1 ЕОН - Елиники органоси неон - Грчка организација на младите - младинска метаксасова фашистичка организација) та затоа го пратија во логорот во Егина, а за време на декемвриските настани во Атина тој, командир на вод, се бореше против единиците на англискиот експедиционен корпус на генерал Скоби и против кралските единици, а кон крајот на 1946 година беше еден од првите што излегоа в планина. Обвинението го товареше и со тоа дека за цело време откако Македонија се наоѓа под грчка власт, тој, Кољо Шурдов, не научи да зборува грчки, дека не сака да се вика Кољос Сурдос, ами само Кољо Шурдов. Полицискиот началник дури се вчудовиде поради ова, па сосем наивно го праша:
- Човеку, па што ти пречи тебе едно “с” на крајот од името и по едно “с” на почетокот и крајот од презимето?
Кољо упорно молчеше зашто знаеше дека, што и да одговори, кабаетот ќе му се зголеми. Зар еднаш му го правеа тоа? Зар прв пат тој се наоѓа во овој затвор и прв пат го бијат по муцка и го пцујат затоа што сака да е Кољо, а не Кољос? Парусис, така се вика истражниот судија, не сака да сфати дека за Кољо тоа едно несреќно “с” е неговото битие и достоинство. Ја отвора папката, чита некои стари хартии и вели:
- Тука, Кољос, пишува, дека цели шест години си бил во грчка униформа и дека и во Мала Азија си бил... Цели шест години во служба на Грција и толку години си одел во бој под сенката на светото грчко знаме...
Кољо молчи, одвреме навреме ги подига дебелите и густи веѓи и се држи за бочината зашто таму најмногу го боли од вчерашното тепање. Го боли него цел живот што го преживеа досега, ама има ли некој од сите што дојдоа во неговиот крај што ќе може да ги разбере неговата болка и чемерите, да почувствува каква топлина има неговата воздишка, да види каков сјај имаат неговите очи, да слушне каков му е гласот, а ако го слушне, тогаш да разбере зошто е толку рапав, зошто понекогаш е топол и мил, а понекогаш во него се слуша брмчење на стршен.
Парусис зеде уште една хартија од папката и читаше:
“Ги изнесуваме нашите жалби против разните побеснети органи на грчката држава...” Парусис прекина, си ја голтна плунката и, откако кратко рече: - “Глупости”, испушти неколку редови и продолжи: - “Во 1912 година од турско паднавме под грчко владеење. Во 1915 заедно со Грците отидовме да ја пролеваме нашата крв во Дојран и Беласица и останавме до 1918 година. Потоа не подбраа на исток во Мала Азија и таму гиневме. Гиневме и во албанските планини, бидејќи го Италијанецот во 1940 и така борејќи се за Грција, Грција ни забрануваше да си зборуваме македонски и не казнуваше. И сега пак не казнуваат затоа што си го зборуваме својот јазик. Дојде Италијанецот, не остави да си го зборуваме јазикот. Дојде и Германецот и тој не остави да си го зборуваме јазикот. Станаа Грците да ги бијат, станавме и ние. Си отидоа тие, дојде пак грчката власт и ни забрани да зборуваме македонски. Не ги казнува Маџирите кои не пљачкаат. А кога ние се браниме, со коси, со секири и стапови, жандармериски одреди не тепаат по цели денови и ноќи...”
- Нема да читам повеќе, туку ќе ти кажам нешто, бре Кољос. Тука има уште една белешка во која стои дека ти си го пишувал ова. А знаеш ли ти, Кољос, дека човек станува сомнителен само затоа што седнува да пишува, а камо ли да напише нешто вакво. И се чудиш што државата те товари со обвинение дека си и непријател. Е, море Кољос, Кољос, дебелоглавецу!
Полицискиот началник го притисна копчето на масата и во канцеларијата влезе млад полицаец.
- Води го старчево.
Откако излегоа, началникот рече:
- Преку глава ми дојдоа тие жалби. А што си мислат тие, славофоните?
- Мене ли ме прашувате, господин началнику? - праша Парусис.
- И вас и себеси! - викна со горчина во гласот. - Цела среќа -продолжи тој - што Грција ја загуби војната со Турција. На Ататурк Грците треба да му подигнат споменик во знак на благодарност за да го фрлат потоа во воздух во знак на омраза поради срамот што го доживеа грчкото племе од страна на тие дивјаци. Е, мој господине, кога не би биле тие аути што дојдоа од Мала Азија, поправо што ги протераа Турците, ете ваков – тој покажа на лактот, подигајќи ја тупаницата - ќе се справевме ние со овие селанчишта.... Тие, господине, аутите, обездомени и искоренети од своите огништа создаваат тука нови огништа и пуштаат нови корени. Да не беа тие, ќе си останевме ние во нашите голи карпи и ќе ги славевме разните Меласовци, Петропулаковци и други капетани, а бивши бекрии и недовршени студенти. И мислите дека јас со моите момчиња ќе тргнам да испитувам кој ограбил и кој како силувал по славофонските села? Мене лично, тоа што го прават аутите, ми одговара. Не, не, не. Немојте лошо да ме разберете. Со нив не сум имал никакви разговори и преговори. Убеден сум дека тие се свесни за она што го прават. Едноставна работа, господине: таму загубија, тука сакаат да добијат...
- Со благослов на грчките власти, а посебно на полицијата, - го прекина Парусис со саркастичен тон и, гласот.
- Нека е и така како што мислите вие. Но за нас, мислам за грчката држава и нејзините идели за велика Елада, покорисни се аутите отколку славофоните кои имаат добри имоти и бериќетна земја. Аутите...маџирите....
- Великогрците и ...
- Бидете љубезен, господине, и оставете ме да си ја завршам мислата. Велам, дека за нив е шанса да го надополнат загубеното...
- Со пљачкање? - пак се уфрли Парусис.
- Не ме интересираат начините и средствата. Јас и како Грк и како полициски службеник сум задолжен за постигнување на целта. Тоа е најважно за мене, па и за вас, господине...
На вратата се слушна чукање и само еден миг потоа влезе истиот млад полицаец.
- Господин началнику, дојде господинот капетан Питер Роџерс.
- Еве го пак него, мајката му. Како болва е. Скокни ваму, скокни таму, а секаде го има. Нека влезе...
Од врата, уште невлезен, англискиот капетан викна:
- Здраво, господин началнику.
Началникот сакаше да му одговори на англиски, но се воздржа, бидејќи според духот на своето воспитување не ги трпеше Англичаните, но службата и инструкциите што ги имаше добиено од своите претпоставени во Атина и Солун, му налагаа да биде учтив кон анлискиот сојузник и покровител.
- Моето длабоко почитување, господин капетане. Повелете, седнете. Нешто за пиење?
- Ноооу! - флегматично рече капетанот седнувајќи на фотелјата. - Јас, ми се чини дека ве прекинав, господо? - праша на грчки јазик. - повелете, продолжете го разговорот доколку, се разбира, не претставува тајна. Интересно е да слушнам.
- Не, господине, - побрза началникот. – Воопшто не не прекинавте и не ни пречите. Ќе ми биде задоволство да ги слушнете моите размислувања, за кои, впрочем, еднаш само ви наспомнав.
Началникот му се извини на капетанот и, свртувајќи се кон Парусис, продолжи:
- Повторувам, господине, дека за мене е најважно да се оствари целта...
- И со пљачкање? - пак праша Парусис.
- И со пљачкање и со други средства. Се што може да се исели, да се исели, ама преку океаните, и да се искоени секое нивно чувство што нема врска со Грција. Да се избрише се што може да блесне, да струи и да влијае врз нивниот делничен и духовен живот што нема грчки бои. Чувства, струења, влијанија, се мора да е грчко... И мозокот треба да им го измиеме. Нашето чувство на величина и достоинство мораме да им го всадиме на нивните деца за да мислат и размислуваат, да зборуваат и да мечтаат и прижелкуваат онака како што правиме ние. Bремето работи за нас...
- Не баш сега, драги господине, - се вмеша Англичанецот - не баш сега.
Началникот посегна во џебот од каде извади сребрена табакера и му се доближи на капетанот. Ја отвори и го понуди: - Цигара, капетане?
- Не, благодарам - рече развлечено капетанот и решително го погледна в очи. На крајот од неговите усни началникот му здогледа навредлива насмевка.
Пред бистрото око на Англичанецот не остана незабележан изгравираниот германски орел и кукастиот крст под капакот на табакерата и натписот “За одличниот успех” и не успеа да прочита кој беше потпишан. Началникот брзо ја затвори
табакерата пред носот на капетанот и ја врати во внатрешниот џеб од кусото палто.
- Чувствувам дека разговорот, господа, е многу интересен, ама јас поради зафатеност морам да ве напуштам. Ќе ми дозволите, нели? - рече со блага насмевка капетанот и излезе.
- Значи, јаничарење?! - викна Парусис откако се затвори вратата зад англискиот капетан.
- За големината на Грција се е прифатливо.
- Не е токму така, - се противстави Парусис. - Доволно е само една стара песна, неколку зборови изговорени на свој јазик, па дури и звук на збор, легенда или приказна еднаш слушната, едно тажно пеење за да се пробуди одново се... да биде вулкан, фурија, виор... А што е ова сега по планините? И што се не направи Метаксас со нивната младина? Многумина мислеа и веруваа дека ја грцизираа штом успеаја со закани и со што ли не друго да ја облечат во сините униформи на ЕОН и беа убелени дека е така кога таа гинеше по албанските планини, биејќи го накострешениот Мусолини. И сите се разуверија кога тие истите, некогаш во стројот на ЕОН, подоцна на капите си закачија други знаци...
- Можеби е и така, - се согласи началникот - но се правеле грешки, и тоа кобни. Еве, на пример, еден ваков податок за да видите колку грешеле Грците. Ако, место да се преселуваат, живееле од почетокот во своите области како што го прават тоа Германците, денеска ќе бевме една од најголемите нации во светот.
Парусис се насмевна, но не рече ни збор.
- Не смејте се, господине. Ќе ви го докажам тоа. Во петтиот век пред нашата ера бројот на Грците изнесувал околу дваесет милиони. Со еден пораст од еден и пол од сто денес нивниот број би изнесувал четиристотини и деведесет милиони. Каква бројка, а!
- Откако се замомчив, господин началнику, секаде и секогаш ме труеја, па и сега тоа некои го прават, со смрдеата на Велика Елада... Значи, вие сакате татковина против светот, а не свет со татковина...
- Доволно! - просаска началникот. - Да бевме таква нација, тогаш ќе бевме газди и на друго место, а не само тука, на оваа наша ракатка.
Парусис се сврте кон прозорецот и малку потоа виде како на вратата од дуќанот од спротивната страна на улицата се појави англиски наредник. Без да се сврти, му рече на началникот:
- Господине, погледнете таму. Гледате? Ете, тие сега се газди на оваа наша ракатка, како што рековте. Денес пред тој полупијан наредник според волјата на нашиот крал еден грчки генерал стои во став мирно.
Началникот долго гледаше во англискиот наредник и, кога се тргна од прозорецот, опцу на германски.
Вечерта, седејќи во кафеаната, Роџерс му велеше на Парусис:
- Ужасно не ги поднесувам таквите надуенковци како началникот. А дали знаете, господине, дека тој има завршено полициска академија во Берлин?
- Не, не знам, - тивко одговори Парусис.
- Не бидете наивен. Знаете! Како не знаете? Па пред малку јас ви кажав. Tој соработувал и со Гестапо...
А утредента Питер дојде порано во канцеларијата на началникот и праша:
- Ќе му судите ли на стариот?
- Прашајте го господин Парусис.
- Парусис, - потсмешливо повтори Питер. – Што знае тој? Па сите вие треба да сфатите една основна работа: сите нив треба да ги натерате да одат во планина... Размислете... Патем...
- И да водиме војна со два-три лошо вооружени баталјони?
- Денес баталјони, ама утре дивизии и корпуси. Оружјето е на пат. Бродовите веќе тргнаа.
- Како да не, господин капетане! Јас слушнав дека нашата влада веќе и се заблагодари на владата на нејзиното кралско величество и дека американските бродови со оружје наскоро ќе стигнат во Пиреја.
- Нашиот Монтгомери, господине, - рече Роџерс одејќи кон прозорецот - еднаш запрашан што мисли за личната карактеристика на старешините и нивните способности, истакнал четири типови. Во првиот ред ги ставил оние што се талентирани и трудољубиви; во вториот - умните и трудољубивите, во третиот умните и мрзливите и на крај оние што се глупави и трудољубиви... И кога пак го прашале која група или категорија е најопасна ако се најдат на одговорни места, тој рекол: - оние што се глупави и трудољубиви.
Роџерс се сврте. Од крајот на устата испушти густ чад, го откина лулето од усните и, чукајќи со него по работ на работната маса, продолжи во тактот на чукањето:
- Така вие, драги началнику, според мојата оцена, спаѓате во последнава категорија. Глупав сте, но трудољубив. Глупав затоа што - кога забележа лутина на лицето на началникот, Роџерс го подигна показалецот за да му покаже дека уште има да кажува и продолжи со истиот тон - воопшто не размислувате, се правите автоматски, како обичен војник што слуша само наредби и неговото е безусловно да ги извршува, а трудољубив затоа што сте глупав... Кој работи толку како вас?...
Началникот се подигна од столот и, потпирајќи се со обете раце на работната маса, просаска:
- Господине, вие ги пречекорувате границите на дозволеното...
- Што е дозволено, - Роџерс не дозволи началникот да продолжи - што е дозволено, јас најдобро знам, бидејќи и затоа сум тука. Ете, - тој покажа на весникот што го извади од џебот -во ова крпче пишува дека треба да ги протерате славофоните онаму од каде што дошле... Не е ли брзо? А зошто да не си одат сами?
Началникот ококори очи и замижа неколку пати. Праша:
- Како мислите, господин капетане, сами?
- Гледате, како се докажува моето тврдење за вас? Ви реков дека сте трудољубив, но не мислите. А зошто? Затоа што сте убеден дека други треба да мислат место вас. А вие не сакате да мислите. А тој што не мисли, тој е глупав. Логично, нели? Не трудете, се началнику, нема да барам одговор на моето прашање. Јас самиот доволно сум умен за да знам како ќе ми одговорите. А размислувате ли вие зошто е подобро сами да си одат? Не размислувате. Вие Грците тргнавте против нив како турски башибозук. Ги малтретирате, ги гоните, ги апсите, ги тепате... им браните дури в планина и в шума да одат. Зошто? Оставете ги да одат. И не брзајте што побрзо да ја завршите војната. Да, војната, ова треба да го сфатите. Војна е, господине, а не бандитско пушкарење како што вестат вашите весници и радиото. Нека трае војната, нека продолжи... И не бранете им да одат во планините и шумите...
- Да, но - го прекина началникот - планините и шумите се големи...
- Ако. Утре ќе им бидат тесни....
- Мислите дека ќе бидат победени?
- Сигурно. Немаат никакви шанси. Крајот на оваа војна го знаат оние што ја поведоа, а тие не се тука, туку се далеку. Се разбира дека Грција сама за таквите работи не може да мисли. За неа помислија и мислат други што се поголеми од неа... Е, мој
началнику, барем засега, тоа добро запомнете го, Грција не им припаѓа на Грците. Грција е на Западот и Западот ќе мисли и ќе одлучува што ќе биде со неа. Hекој друг денес се кара, а Грција плаче... Туку, ете, јас навистина претерав... господине... Но не заборавајте зошто сум тука!
Ова беше горчлива пилула за капетанот. Остана ладнокрвен, иако во него нешто загргори, но остана мирен и рече:
- Погледнете ги планините, господине. Таму да ги натерате да одат, а не да ги терате по островите каде што ќе морате да ги храните. Натерајте ги таму. Година или две војна тоа е малку за постигнување на една голема цел. А стариот пуштете го. Нема да ви користи за ништо. Тој е неспособен за што и да е. Пуштете го. Прифатете го мојот совет.
Началникот запали цигара и, откако вовлече неколку дима, рече:
- Да.:. Ќе го пуштам не поради вашиот совет, туку затоа што јас така сакам. Ама пред тоа ќе го натерам да ми потпише изјава за лојалност. Така, ако остане жив, секогаш ќе го држам за гуша.
Ја изгаси цигарата и го притисна копчето. Кога влезе дежурниот, му нареди да го доведи стариот.
- Сакаш ли да си одиш дома? - му се обрати на Кољо кога влезе во канцеларијата. - Те прашувам дали сакаш да си одиш дома?
Кољо се држеше за брадата. Меѓу прстите му течеше крв.
- Не може, кутриот, да зборува, - изусти полека капетанот. -Многу ги тепате. Ова не го сакаат многу нашите, а уште повеќе американските новинари.
Началникот ја пополни изјавата. Погледна во Кољо и со рака му покажа каде да потпише. Кољо рече на лош грчки јазик:
- Нема ништо да потпишам. Јас со години и служев на грчката држава. Моите стари и служеа на Турција, ама Турција не
побара од нив таква срамота каква што бара од мене Грција. Не потпишувам.
Капетанот гласно се насмеа велејќи:
- Кога ние би имале вакви поданици, веројатно сите води на светов би биле се уште наши. Нели, господин началнику?
- Оди си, ѓубре едно! - му викна на Кољо и му врза шлаканица.
- Ви попуштија нервите, началнику, - подбивно му рече Питер. -Запалете си цигара. Смирува. Или подобро една чашка коњак. Кај нас е поголема почитта кон старите луѓе.
- И кон Ирците? - му врати началникот.
- Понекогаш и кон Ирците. Зошто да не, кога човек знае да постапува умно. А пропо, Парусис ќе се радува кога ќе дознае како постапувате со затворениците. Зар не сфативте од неговиот разговор што го водевте вчера тука дека тој малку им е наклонет на комунистите?
Питер од младини беше провокатор и кодош. Долги години ги кодошеше и ги насаскуваше на меѓусебно колење луѓето во Индија, во Авганистан, во Египет и за време на војната. Како англиски шпион и советник во Грција, ги насаскуваше и Грците. Тие се колеа и се убиваа меѓусебно, а тој, секогаш со добро исчистени и кратко потсечени нокти, глатко избричено лице и поткастрено мустаче, со насмевка што се појавуваше на крајчињата од неговите усни ги гледаше плодовите од своето клеветење. Беше Англичанец, роден во едно мало гратче во јужна Англија, имаше добри манири и византиски методи: клевета, лага, сеење неслога, Отров. Ќотекот и ножот не ги поднесуваше.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/i-kamenot-e-zamia/4 на 29 октомври 2026