Глава 9 - Part 01
Глава 9
Авионот долета откај шумата. Сосем ниско го надлета селото и се чинеше дека, штом ќе замине отаде лозјата, нема да се врати. Стражарот од месната одбрана ја репетира старата малихерка и истрела во воздух. Киро излезе на чардакот, разгледа наоколу и во мигот кога повте да се врати дома, слушна бучава на авион. Се сврте. Црната точка брзо наближуваше и растеше во неговите очи. Виде како една по друга се одделија од авионот две топки и во косо спуштање итаа кон земјата. Во долното маало се дигна во воздух плевната на Митрашковци и селото се наполни со грмеж. Ехото го презеде и го удираше од најблиските карпи, го пренесе отаде долот и го префрли преку река. Над куќите затропаа куршуми. Парчиња керамиди и камења од калдрмата прскаа наоколу. Авионот кружеше над селото и непрестано пукаше од митралезите. Долго коњско ‘ржење се испомеша со пукотниците. Во близината - болно кучешко цвилење го наполни сокачето и се загуби зал куќите. Само за миг авионот се оддалечи и, кога стивна бучавата, од училиштето истрчаа децата и се растурија во дворот, а оттаму фатија кон отворената лединка... Киро се стаписа кога виде дека авионот го заврши кругот и како орел, рикајќи со сета бучава, го снижи летот, истури гранати и во исто време митралираше. Од чардакот како на дланка се гледаше како се превртуваа децата. Некои стануваа и тетеравејќи се и со пискот и плачење, се обидуваа да дотрчаат до првите куќи; други, како да беа сопнати, паѓаа одеднаш и остануваа притулени наземи. Авионот одлета, ги превали Стените и го cнема. Луѓето трчаа избезумени, викајќи на сите страни.
Киро си ја соблече ќурдијата, ја посла на земја и го стави во неа распарченото тело на Коста. Понатака од него, на десетина чекори, потскокнуваше телото на Јане, дванаесетгодишно момче. Не викаше. Неговите широко отворени очи беа вгледани во небото. Ту со левата, ту со десната нога ја гребеше земјата. Киро со кpајот од окото погледна и во тој миг го виде бледото лице на Јане како се стега и се витка во грч. Подигна гради, се обиде да се преврти, отвори уста, чиниш некого викаше, стегаше очи како да молеше. Умираше тивко. Околу него, на зелената и ровка млада есенска трева, полека пивтијосуваше
крв. Погоре, Маре, русокосо девојче, држејќи се со едната рака за колкот, а со другата за стеблото на бадемот, со глас исполнет со болка, молеше испрекинато:
- Мамо, мамо! Дојди, мамооо! - направи чекор и се преврте. Падна ничкум, со лицето в земја. Не се помрдна. Букварот што и падна од под мишка, ветрот го оддиплуваше, си играше со листовите, шушкаше меѓу нив, ја мрсеше русата коса на Маре.
- Рииисте-е-е! - долго трепереше во воздухот гласот на Митревица. Избезумена од болка, клечеше таа до своето обезличено дете. Ристе беше погоден од големо парче железо и одвај можеше човек да го познае. Митревица ја имаше симнато веќе црната шамија и со неа го имаше покриено разнебитеното детско тело. Нејзиниот пискот одекнуваше до небото.
На стемнување, говедата, вpаќајќи се од пасиште, насетија крв. Се собираа таму каде врз тревата и земјата имаше пивтијосана крв, риеја со копитата, фрлаа зад себе земја и мукаа: ту продорно и долго, ту пискливо и испрекинато, засипнато и кратко, заглушувачки и морничаво. Пред прагот на Стојковци ореше бикот Црнуш и со левото копито ја грбеше земјата и ја валкаше со пена. Неговото пробивно и грозничаво мyкање го исполни воздухот; надоаѓаше се посилно и поморничаво до крајните куќи, се растураше по доловите и се разбиваше врз карпите отаде селото.
Вечерта девет ранети момчиња и девојчиња товарени на коњи и маски беа упатени во В’мбел во партизанската болница. Ранетите деца беа придружени од нивните мајки што плачеа тивко но бескрајно болно. Во кошовите липаа, се задушуваа од болка и молеа децата...
Во дворот на Лаки, единствениот столар во селото и маж во одминати години, се собраа мажи и од нерендани лански избичени штици, коваа кивури. Пред изгревот на сонцето седум кивури простум беа наредени под стреата. Меѓу нив и на Коста. Киро го зеде под мишка, но пред да излезе од дворот, го прегрна, го гушна, го стегна на своите растреперени старечки гради, наведна глава и врз него потпре образ. Не ја избриша
солзата што му натежна в’око. Рамената му ги стегна болка, се присобраа, се растреперија. Уште миг остана така, скаменет, и со разнишан чекор тргна пред себе, газејќи ја калливата селска калдрма.
Кивурчето на Коста го ставија среде гостинската бела одаја. Мара Дичева, роднина на Стојковци, во него го стави телото на Коста завиткано во бел ленен чаршаф и, откако го покри со cвојата црна шамија, клекна и зареди:
- Шо сон сони, шо сон пули тоа чендо бело пиле? Орел чрн по него удри и мајка о чрно облече, ој! Шо сон пулпш, шо сон сониш Косте чендо, Косте мило?
Прекина колку за да земе здив. Чепна во чинијата со брашно, ја изгаси cвеќата што догоруваше, запали нова. Тина Митрашкова клекна од другата страна и зареди развлечено:
Ко-о-осте-ее-ех... гууулабббел на-а-а теееета... шо миии лежиш, шо-о-о ми м’лчиш...ооој...
До неа, избезумена и скршена од болка, коленичеше Костевата мајка. Беше млада вдовица и нејзиното до вчера речиси девојчинско лице, сега покриено со бледило и стегнато во црната шамија, беше лице на предвреме остарена жена.
Стани, Косте, стани чендо, мајка да зарадваш, ој...
Одајата ја исполни редењето на Тина Митрашкова. Жените, што cтоеја во одајата и оние што седеа од двете страни на кивурот, се крстеа, липаа, си ги бришеа солзите со црните шамии и колнеа потихум. Старци улуглави влегуваа во дворот низ ширум отворената порта, се крстеа и, удирајќи со патериците по калдрмата, се иcкачуваа горе. Палеа свеќи, cтоеја миг молкома и одеа да запалат свеќи и во другите ожалостени куќи.
Поп Васил дојде на полноќ. Редум отпеваше кај сите унесреќени. Камбаната испрекинато удираше и вестеше за несреќата се до околните села.
Утредента пред црквата се собраа старците и заедно со поп Васил рекоа погребот да се изврши ноќе.
- Да не дојдат пак, проклетите, - pече Митре – и денски пак да фрлаат бумби... А можат да дојдат. Се да се чека од нив...
- Штом рековте ноќе, - испрекинато заклучи поп Васил - тогаш ноќе.
На зајдисонце кивурите ги внесоа во црквата. Не беа откриени оние cамо на Коста и на Ристе. Ги наредија два по два. До олтарот - кивурот со Коста. И колку повеќе луѓе влегуваа во црквата, толку посветло беше. Пламенчињата на свеќите трепереа и ширеа топлина и мирис на восок и изгорен фитил. Молкома cтоеја луѓето, се крстеа и гледаа во иконите. Високо над царските двери, во плетенката од лозови прачки и лисја, нависнати бели и црни гроздови изрезбани во ореово дрво -единcтвено е безгрижна гроздоберката во резба. Кpајот е лозарски и мајсторите тоа го врежале во олтарот. Полулегната под бујната лоза, во левата рака подигната кошница, како да сака да каже дека сите таги и болки во радост ќе ги претвори природата штом се излезе од храмот. До неа не допира тивкото редење на жените и таа не ја чувствува болката... Оттамy, од високо, долги години таа ги гледа радостите на крштевките и венчавките и жалостите на умирачките... Ете, и сега, безгрижно, како закована, таа ги гледа од горе седумте бели кивури и на некој му се присторува дека мавта од горе со кошницата како да сака да рече:
Ајде, луѓе, ајде со мене на лозје... на лозје по грозје, а по грозје на вино...
Тие што ја изрезбале, небаре го изрезбале вечниот човечки стремеж дека животот моpа да продолжи каков и да е...
Се отворија царските двери и се појави во нив поп Васил -низок, полничок, троа подгрбавен и сив како гулаб. Посла питом поглед по луѓето и по кивурите. Во левата рака му трепереше Евангелијата. Тој лесно замавнуваше со кадилницата. Се ширеше мирис на темјан. Молк во црквата. Сите погледи вперени во него. Стоеше поп Васил и сите чекаа да го почне опелото. А тој само лесно замавнуваше со кадилницата и гледаше во луѓето. Се влечеше времето и тишината притискаше. Врз себе поп Васил ја чувствуваше тежината на погледите и бремето на исчекувањето.
- Отпеј, попе, отпеј - му шепна Ѓорѓи кој стоеше најблизу до него.
Поп Васил се сврте и влезе во олтарот. Ѓорѓи по неrо.
- Поп Василе, што е? - праша Ѓорѓи со молба во очите.
- Да отпеам, велиш? Да отпеам на јазикот на тие што ни ги убија дечките, а?
Ѓорѓи скрсти раце, си го прибра вратот во рамената и со молбен поглед гледаше во поп Васил.
- Оди и кажи нека ја удрат камбаната, - рече поп Васил.
Ѓорѓи излезе од левата страна на олтарот и му шепна на Киро:
- Удри ја камбаната...
Тивко, тажно и развлечено одsвонуваше камбаната. По првите удари, поп Васил излезе пред царските двери. Улуглав и со спуштени раце. Се вслуша во sвонењето на камбаната што тераше на липање. Подигна очи и полека го впери погледот кон таванот - тамy каде низ отворот што го направи минофрлачката граната што удри на црковниот покрив, го проби, ама не пукна. Оттаму сега зееше отвор и низ него се гледаше круг од небото. Таму го закова поп Васил погледот и, подигајќи ги рацете високо над главата и подавајќи ги кон парчето небо, изусти:
Господи, в скорби распространил мја јеси...
И во тој миг секна гласот на камбаната. Допреа до Киро зборовите на поп Васил и тој во првиот миг се стаписа, ама кога ги сфати првите зборови, почувствува како по грбот му тече студена пот. Вчудовиден, го пушти јажето, се стрча низ скалите и, кога слезе до балканот - женскиот дел од црквата - се скамени. Поп Васил стоеше пред царските двери со подигнати раце, гледаше во парчето небо и, подавајќи ги рацете, замоли:
Уштедри мја и услиши молитву моју...
И одеднаш постарите, кои ги памтеа овие забранети зборови, што cамо во темнина и cамо пред потуленото пламенче на масленичето, без да ги чуе тyѓото уво, ги изговараа како молитви кои во тие мачни и теглилни времиња им беа мевлем на отвоpена рана, изговорија:
... и услиши молитву мојy...
- Амин, - рече некој тивко.
Киро длабоко вдиша воздух, со ракавот си ја избриша потта што му потече од челото и вратот. Трепереше. Грлото му се исуши. Годините на молкот и стравот, годините кога и во овој храм беше замолчан и заедно со книгите беше истеран словенскиот збор и заедно со него беа премачкани иконите и натписите под нив, ете, сега, во ова лошо време што носи само плачови и редења, време во кое ја снемува младоста и радоста на животот, црквата заличи на она зашто беше подигната и за што беше наменета. Луѓето, вслушани во зборот cвој, како да ја заборавија големата несреќа. Ги плени и зборот и гласот на поп Васил. Во нив го пробудија минатото и вчудовидени почувствуваа олеснување; ги обзеде некаква чудна, морничава топлина блиска и cвоја, зашто cекој ден потајно ја носеа во себе, скриена некаде длабоко во дното на душата и мислите, а толку години јавно не можеа да ја изговорат...
Киро се сврте одеднаш и шепотејќи - Господи, в скорби распространил мја јеси... - го дофати јажето и колку што му
држеше силата в раце - повлече. Бронзениот глас ширум се растури, го однесе ветрот далеку оттука и додека гаснеше некаде тамy во доловите и се разбиваше од карпите, зад него како бран достасуваше друго sвонење - посилно и погласно. Киро со cекој замав и удирање велеше:
Уштедри мја и услиши молитву моју...
Едноподруго, повторувајќи “уштедри мја и - бам--бум -камбаната и тешка воздишка се откинуваше од градите на Киро и веднаш по неа - услиши молитву моју... Се заборави. Се посилно го повлекуваше јажето и ја удираше камбаната. Му се чинеше дека, колку подалеку ќе стигне sвонењето, толку подалеку ќе ги однесе словенските зборови.
Поп Васил прекина. Климна со брадата и со веѓите покажа кон камбанаријата. Ѓорѓи за миг сфати и, пробивајќи се меѓу луѓето, појде горе.
- Дум-дам-дум-дам!... удираше камбаната во неговите уши.
Киро, полунаведнат, со широки замави, како да косеше, повлекуваше. Неволно прекина кога почувствува дека некој го фаќа за pамо.
- Што правиш, бре, Киро? - мy викна Ѓорѓи.
- Услиши молитву моју,... услиши молитву моју” - повторуваше Киро.
- Не удирај, велам, како да е Велигден, туку кратко - едно долго, едно кратко и тивко... - мy го зеде јажето од раце и, самиот повлекувајќи, рече: - Ете, вака.
- Ах... така, демек... - во гласот на Киро небаре се почувствува навреда. - Дај ми го јажето... Знаеш, се заборавив, прости ми, господе боже - прозбори Киро и, откако брзо се прекрсти, повлече нежно. Од долу, од пред царските двери, низ балконот и скалите допираше растреперениот и возбудлив нежен и кроток глас на поп Васил:
Глаголи моја внуши, разумеј Господ звание моје...
По извесно време поп Васил ги спушти рацете. Си ја наведна главата. Гласот небаре му секна. Ги затвори очите и стоеше и на сите им се чинеше дека уште миг и ќе се струполи пред кивурчето на Коста. И одеднаш тој ја подигна главата, ги подаде рацете пред себе и, покажувајќи со прстот кон крукчето небо, викна на сет глас:
Суди им, Боже, да отпадут од мислеј своих...
Гласот негов како sвонење ѕунеше под таванот на црквата и одsвонуваше во ушите на луѓето. И никој не се помрдна од место. Едни вгледани во таванот, во отворот низ кој се гледаше парчето небо, други во поп Васил.
Свеќата во раката на Ѓорѓи догоруваше. Малендавото пламенче гаснеше во неговата дланка. Тој си ги навлажни прстите од усните и кротко го задуши пламенчето. Запали нова cвеќа и, кога ја ставаше на свеќникот што стоеше пред него, го слушна гласот на поп Васил, но сега силен и гневен:
- Да скончаетсја sлоба грешних....
Киро немаше трпение полека да ја удира камбаната. Само за миг прекина и слезе долу до балконот. Погледна кон олтарот. Штом забележа дека камбаната не бие, поп Васил му даде со веѓите знак на Ѓорѓи. Tој се сврте и во истиот миг се сретна неговиот поглед со погледот на Киро. Tој мy даде знак со рака, и, кога Ѓорѓи пријде до него, Киро мy рече:
- Аман, бре, Ѓорѓи, удри малкy и ти. Барем и јаc, демек, да слушнам како поп Васил отпева на наши...
Ој, ој, ој, Ѓорѓи, ој...
Киро не стигна да слези долу и да застане пред олтарот, на местото каде што пред малку стоеше Ѓорѓи. Грмна како гром гласот на поп Васил и Киро остана на половина чекор:
Сокруши мишцу грешному п лукавому...
- Амин! - рекоа неколку гласови и по нив повторија сите.
- Амин! - рече гласно Киро и три пати се прекрсти.
Во еден момент морничавоста попушти. Hекој гласно воздивна и во таа воздишка се почувствува олеснување, но никој не го откина погледот од поп Васил. А тој, се уште со подигнати раце и вперен поглед во небото, тивко, одвај чујно се накашла и со низок, но горд длабок глас - во кој се чувствуваше и нежност, и гнев, и покорност, и гордост и кој истовремено беше и глас на разумноста, на срцето и совеста, запцали:
Спаси нас Господи...
И прошепотија жените вудвосани и забрадени и старците потпрени на патерици:
Господи, спаси нас...
Поп Васил полека си ги спушташе рацете и се додека не се исправија широките ракави од расото и додека дополу не му ги покрија дланките, без прекин повторуваа луѓето: Господи, спаси нас...
Последните неколку зборови беа изречени тивко и сите почувствуваа дека поп Васил беше изнемоштен. И оние што го слушаа беа изнемоштени и од неcpеќата што се истури како бура врз нив и од неочекуваното пеење на поп Васил. Очите на старите беа полни солзи и на многумина од нив образите им беа навлажнети. Никој не подигна рака да избрише солза, никој не го спушти погледот од попот зашто не сакаа да испуштат ниту еден збор. Разбираа речиси се што доловуваше нивното уво, се што попот јаcно изговараше, се што течно испушташе неговото засипнато грло.
Поп Васил одново се вгледа во кругот небо и, подавајќи ги рацете кон него, замоли:
Ти, Господи, сохраниши ни и соблјудеши ни од рода сего и во вјек...
- Амин, - се одгласи црквата и едно по друго се пренесуваше од сите грла:
Ти, Господи, сохраниши ни и соблјудеши ни од рода сего и во вјек... Ти, Господи, сохраниши ни и соблјудеши ни од рода сего и во вјек... - повторуваа едни, а со “Амин” потврдуваа други.
Поп Васил ја подигна десната рака и направи во воздухот голем крст. Три пати повтори и потоа влезе во олтарот и, додека таму се преслекуваше, луѓето запалија нови свеќи и уште појасна светлина ги осветли сите зачадени икони. Излезе држејќи го Евангелието. И дури сега го почна опелото онака како што е вообичаено и согласно со црковните канони.
Последноје целованије го отпеа со скршен глас. Не издржа стариот поп. За прв пат тој одеднаш отпеваше за покојот на толку дyши. Само кивурите на Коста и Ристе не ги открија. Најблиските ги гушкаа и ги бакнуваа студените и неизрендани штици и се збогуваа не со телата, ами со она што беше парчиња од тела.
Поп Васил даде знак и ги подигнаа кивурите. Прв од црквата излезе Киро, носејќи ја големата икона на Богородица. Пред него чекореа со ситен чекор две момчиња, држејќи во рацете две големи запалени ламбади. Зад Киро одеше поп Васил и по него редум по четворица ги носеа на рамена кивурите. И зад нив сите одеа држејќи в раце запалени свеќи.
- Белузнавата, бледа растреперена и расколебана светлина што излезе од црквата тргна накај гробиштата. Пламенчињата на свеќите трепереа во лесниот вечерен повев на северецот.
Тажната колона придружувана од плачот и од зарипнатото пеење на поп Васил, се до гробиштата велеше и повторуваше:
- Ти, Господи, сохраниши ни и соблјудеши ни од рода сего и во вјек!
- И кога застанаа кpај отворените гробови и до нив ги спуштија кивурите и кога врз нив, откако ги мироса поп Васил и ги спуштија в гроб трипати фрлаа грст земја, едни молчешкум, други плачешчем молеа:
Ти, Господи, сохраниши ни и соблјудеши ни од рода сего и во вјек...
Жените, држејќи ги сепетките во прегработ на едната рака, одеа од човек до човек и раздаваа за душа. Поп Васил, каснувајќи од лебот и пивнувајќи од виното и ракијата, погледна во високото и ѕвездено небо и тивко, колку за себе, го праша севишниот:
- Господи, кој ли ги задои нивните чеда со толку омраза и ги осакати со суровост?...
- До сиви мугри гореа свеќите на седумте гробови. Топлиот воздух трепереше над жолтеникавите пламенчиња. Во cвежата земја се втопуваше истопен восок. Гаснеа една подруга свеќите. Воздухот мирисаше на темјан, восок, изгорен фитил и варена пченица.
Три дена по ова, пред црквата и на гробиштата раздаваа за душа. Поп Васил, откако отпеа му даде знак на учителот. Тој му пријде.
- Коле, почекај ме, синко, заедно да си одиме – му рече поп Васил.
Враќајќи се од гробишта, поп Васил скршна од патот и по него Коле.
- Да одиме до Свети Илија, - рече поп Васил без да погледне кон Коле. Одеа молчејќи. Го поминаа потокот, свртија кон оревите и го фатија патчето што водеше право за Свети Илија.
- Многу мака и болка одеднаш, оче, - го прекина молчењето Коле. Поп Васил не одговори. Одејќи пред Коле, по угорнината, често подзастануваше, собираше воздух, со широк замав си ја бришеше потта од челото.
Стигнаа горе, на ритчето. Под дебелите и разгранетите дабје, остатоци од големи тули и ќерамиди. Поп Васил, покажувајќи го местото, рече:
- Тука, синко, во стари времиња имаше голема црква. Ете, оттука до таму беа темелите. Кога и кој ја изградил - никој не знае. И не се знае кога е урната. Ама остана местото, како што гледаш, недопрено од човечка трага. Дабјето си растат со векови и, како што времето им ја одзема силата, така се сушат. Ветрот им ги крши гранките, ама никој не ги зема за дрва или за што и да е друго. Свето е местово... И лепо... оттука се пули целото Костурско Поле. И езерото. И Вичо. Види каква ширина. Им велев јаc на луѓето тука да ги закопаме децата. Да имаат оттука ширина пред себе и нив сонцето прво ќе ги грееше взори. И не ќе беа сами... Дојди тука и погледни онаму, под трите дебели дабје. Пулиш? Таму каде што е малечката рамнинка и каде што е многу зелено? Таму лежат шест души. Дојди, да слеземе... Тука лежи Cтеpјо Сидовски. На триесет и пет години и остави сирачиња - Зисо, Коста, Риса и Тана. До него Cтеpјо Фотовичин, млад, неженет. Од таа страна - Петро Николов, не стигна да има челад. Потака Стеpјо Љочовски. Таму лежи Ставре Ставровски и до него Геле Шомовски. Јаc сакав тука да си лежат и дечките...
- А од кога тие лежат овде? - праша Коле.
- Од 18 март 1905 година. Таа година андартите во црно го облекоа Костурско. Крвникот Каравангелис, држејќи во едната рака крст, а во другата кама, им даваше благослов на андартите што доаѓаа од Грција, - ѓомти да не ослободуваат, а место слобода колеа и палеа. Таа година во Загоричани заклаа осумдесет и пет души... И старци и деца поминаа под грчката кама... Петокот на 17 март влегоа и во нашето село. Ги бараа војводите од востанието, ама не им беше толку до војводите. Знаеја дека тие или се убиени или избегани. Удрија по куќите
да пљачкосуваат, да бијат. Бараа злато, злато бараа арамиите, а сред село го имаа развеано грчкото знаме. Штом не најдоа, ги собраа оние што лежат тука. Едни застанаа таму долу, под оревите, и пукаа по луѓето што се обидуваа да поминат од оваа страна на рекичката. А мажите што ги собраа ги поминаа по Клопотареј, еве по таму, па покрај Свети Илија, по Брезето и таму, од таа страна, под ритчето, на Поленик ги тепаа до зајдисонце. И додека зад Копанче заоѓаше сонцето, тие, андартите, со ножови им ги вадеа прешлињата од колената. До селото се слушаа патилата на несреќниците... А кој и како да им помогне? Тука, на Свети Илија, имаа поставено стража и пукаа по луѓето... На стемнување им ги пресекоа вратните жили, ги оставија полека да искрвават, а тие, андартите, се повлекоа на Орлето. На Станици поставија стража и чуваа никој да не се доближи до страдалниците. Така цела ноќ полека умираа, а живите? Живите од селото дури наредниот ден, кога андартите се повлекоа и од Орлето и тргнаа по селата на Населицата да грабат, ги собраа телата и ги погребаа, ете, тука... И запамети дека ова место е свето. Свето е затоа што оттогаш и стари и млади тyка доаѓаат да палат свеќи и само тие знаат и на никој непознат не мy кажуваат каде се погребани. Доаѓаа потоа и андарти до пред Уриетот за да ја избришат трагата од злосторството и потоа, откако ја распарчија Македонија, па и кога со Бугарија како овци ги менуваа луѓето и кога дојде Метаксас и кога ги истеравме Италијанците и Германците доаѓаа... Доаѓаа и кога се врати кралот пред една година... Доаѓаа, се распрашуваа луѓето од власта, ама никој не кажа каде лежат... Ги покри тревата, ама не и заборавот на оние што го видоа злосторството и го паметат и, за да не се заборави, им го пренесуваат на потомците за да паметат. А тие, синко, доаѓаа за да избришат се, да преораат, да прекопаат. Ама земјата што ги покри знае, синко, да молчи, а луѓето треба да паметат... Се пренесува од колено на колено тивко, како во молитва, молчаливо... и никој не им го мати сонот страден. А тебе, синко, ти кажав затоа што си учител и ти уми како ќе им го пренесеш ова на учениците. Можеби утре некој од нив ќе биде учен и поумно од нас ќе им раскаже на оние што ќе дојдат по нас... Така... Да ги оставиме да си почиваат во мир.
На пладне се вратија во селото. Киро, кој им доаѓаше од спротивната страна, ги рашири рацете, како да сакаше двајцата да ги гушне со една прегратка, и рече:
Нека е повеља ваша да ми дојдете дома, што велите?
- Сполај ти, Киро - врати поп Васил - твојата кyќа секогаш ми е мила и бог да даде векови таква да биде за сите...
За сите ли? - праша Киро и, гледајќи го поп Васил, намршти веѓа.
- ... за сите - ја продолжи поп Васил прекинатата мисла - што имаат чисти срца и добри мисли...
- Амин, поп Васил, амин... - рече Киро и тргна напред да го отвори железното вратиче од дворот. Не чекаше да влезе прв поп Васил. Појде прв за да му ја отвори и вратата од куќата откако се искачија по широките дрвени скали што водеа на широкиот чардак.
Повелете и добре дојдовте, - покажа Киро со рака.
- Добро најдовме и мир на кyќава, - се прекрсти поп Васил и праша: - Ами домаќинката Киревица дома ти е?
- Дома е, дома, попе, - викна однатре Киревица и веднаш се појави на прагот, бришејќи си ги рацете од прегачот. -Повелете, повелете, влезете, добре ми дојдовте, попе - рече радосно и се наведна за да му бакне рака. Tој достоинствено ја подаде широката десница и потоа трипати направи крст пред лицето на Киревица. – По тука, попе, по тука и право о одајката...
Киревица донесе слатко од дуњи и секому му подаде вода во чаши.
- Сполај ти, Киревице, и кyќата да ти е полна и рамна...
- Амин, попе, и тебе господ да ти дади здравје и долга старост...
- На здравје и тебе, синко, - му рече Киревица на учителот.
- Не ти кажав, Маре, - така ја викаше Киро жена си кога посебно беше расположен, - момчето е учител...
- Ааа... - изусти Мара иако многу не разбра од тоа што и го кажа Киро.
На вратата се слушна чукање и Киро и викна на жена си:
- Маро, Маро, види кој е пред врата?- и само миг потоа сите го слушнаа гласот на Кузе:
- Маро, дома ли е Киро?
-Влезете, влезете... добро дојдовте... дома е, влезете.
Киро стана. Излезе во претсобјето од каде што допре гласот на Лазо:
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/i-kamenot-e-zamia/10 на 29 октомври 2026