Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

A Stone Too Is Soil

Глава 21

Од Петре Наковски · Дел 23 од 25 · Околу 4 минути

Читај на English

Глава 21

На почетокот на мај од Грамос ги вратија четиринаесетгодишните и петнаесетгодишните момчиња и девојки што ги мобилизираа ланската есен. Со нивните гласови некако живна местото, небаре искра засветка и одвај видлива радост се појави на лицата и надежта се зголеми дека и другите деца, што заминаа пред еден месец, тукушто не се вратени. И се повеќе луѓето погледнуваа кон ритчето, накај Свети Илија, и се почесто се искачуваа дотаму зашто им се чинеше дека децата се на пат за дома и да не дај господ да дојдат, а никој да не ги види, да не дотрча и на сет глас да викне, да ја растури радоста: се враќаат!

Но, место таков глас, стигна друг. Сите деца по првомајот ќе одат по државите. Човекот што дојде и што ја донесе оваа вест рече дека ќе одат само до Битола и, штом ќе завршат борбите, веднаш ќе се вратат.

- Затоа - објаснуваше тој - децата ќе ги однесете сами до Преспа. Малите, тие до две години што останаа, и доенчињата ќе ги однесат мајките лично. За да не плачат децата по пат. А и полесно ќе им биде... Овие, постарите, што се вратија од Грамос, тие ќе одат таму да учат... И нема што да им подготвувате многу. Уште на граница ќе ги прифатат и се ќе добијат...

Мијалица, која остана со внучето сираче, го праша човекот:

- Ќе го земете ли и моето внуче?

- Речено е сите деца, бабо.

Тие денови се повеќе се зборуваше дека владината војска ќе тргне во голем бој против ДАГ. Авионите што летнуваа од Рупишта и од Кожани се почесто кружеа над селата и се почести и подолги битки се водеа на околните ридишта.

Четвртиот ден од првомајот, ноќта, мајките тргнаа со децата. Од костурските села се собираа во Брезница, Руља и Желево.

Таму ја преспаа ноќта и наредниот ден пешки стигнаа до граница. До Маркова Нога. Ѓорѓи, кој пред себе ја тераше маската на Кузе со два товарени коша во кои беа сместени деца, одеше покрај Мијалица.

Човек во кожено палто и со тефтер во рацете поминуваше и ги запишуваше имињата и презимињата на жените. Потоа рече:

- Децата оставете ги таму и вратете се на ова место. Ако плачат, да ги заспиете и да ги оставите. Веднаш ќе ги преземат таму. Имајте доверба и не плашете се.

Мијалица во меѓувреме фати за рака едно од поголемите деца и го праша:

- Како ти е името, бре, чендо?

- Ташко, бабо.

- Жив да си. Ами, да те замоли баба, да го пренесеш детулево отаде - покажа таа со главата на патот што водеше накај Маркова Нога. - Човекот, го пулиш? Tој рече дека таму ве чекаат и веднаш ќе ги сместат како што треба и малите... Жити мајка, земи го. Еве ти и лепче за да го залажеш да не плачи. Пули, баба како го рани. - Мијалица откина парче леб, го изџвака, направи топче и му го пикна на детето в уста. - Виде? Е, така да го раниш и ич нема да плачи. На. И торбулето земи го. Има кладено баба постилци и пелени. Не е малечко детенцето... Осум месеци има... големко... На, земи го и носи го... Аха, да не заборавам. Како рече дека се викаш?

- Ташко...

- Да си жив и аир да видиш, чендо...

Ноќта жените ја преспаа во Медово, Герман и Штрково. Наредниот ден ги поделија во групи. Едни да работат во фурните и кујните, други да пренесуваат ранети, трети да копаат ровови и да носат трупци и камења за да градат бункери.

- А ти, - му викна на Ѓорѓи еден од мажите со пиштол на колкот и преку рамо обесени кожени чанти. - Ти, што чекаш? Оди со маската во Рудари и таму ќе ти кажат што треба да правиш. Тргнувај...

Се врати само Јановица... Кога влезе дома, дојде комшијата и онака одоколу и кажа дека Јане и загинал. Откако таа го исплака, ја зеде лулката од ќошот, ја исчисти, ја завитка во ќебе и ја однесе на таванот.