Глава 22
Глава 22
Под последниот запис што беше го внесол во Светото писмо, поп Васил запиша:
“Илјада деветстотини четириесет и осмо господово лето. Месец мај, ден четврти. Пред една недела од Грамос ги вратија децата кои лани ги беа собрале за бој. Болни - офтикосани. Денес и нив и најмалите заедно со мајките ги собраа и ги однесоа во Преспа. Дечките појдоа отаде граница. Мајките останаа”.
Над овие записи имаше и други, пишувани од разни раце. За дамнешните и преѓешни времиња. Со неуко писмо и обичен збор, за заумување, на овие страници како оброчиште (Оброчиште - место каде порано имало црква.) и лузна застана времето далечно, а толку свое и блиско, горчливо и чемерно и крваво како отворена рана...
Поп Васил нежно, небаре доенче ставаше в лулка, го стави Светото писмо во сандачето опковано со бакар, го заклучи и го врати во ќералот, на старото место...
МЕСТО ЕПИЛОГ
Си спомнувам, со дедо често одевме на Синадев Рид. Оттаму се гледа целото село и ширум се отворени сите страни на светот. Седнувавме под стариот брест, дедо го запалуваше чибукот, повлекуваше длабоко и потоа ми велеше:
- Чендо Кире, демек, кога оттука направо ќе погледнеш, ќе ги видиш Стените. И со умот качи се на врв горе. Пак гледај и пред тебе долу ќе го видиш распосланото Костурско Поле и таму некаде на крај ќе ја видиш синевината на Костурско Езеро и потаму карпеста, гола планина обвиена со сињак. Затоа ја викаат Сињачка. Зад неа, по лево, е Кајљарско Поле и отаде Каракамен Планина, а зад неа Негуш и Воден. До Воден направо е тешко. Ти сврти малку лево. Помини си покрај Рудничко Езеро и, откако ќе поминеш низ Сорович, ќе го фатиш патот меѓу Петерско и Островско Езеро, ќе поминеш меѓу јаболковите овоштарници на Острово и право ќе стигнеш во Воден. А под Воден - рамнина - зелена и водјето воденски по неа течат. И, ако, чендо Кире, одиме (ех, секаде со дедо одевме пешки) по таа рамнина ќе стигнеме во Солун. На исток од Солун се оди за Стамбол. Тебе не ти треба, чендо Кире, толку далеку да одиш, демек, до Стамбол. Види го Солун и дојди си, зашто ова наше место раѓа се, ако го држи домаќинска рака. Ете, фрли камен камен ќе најдеш, ама фрли семе, бериќет ќе береш... А лево, чендо Кире, ако погледнеш лево, пулиш? Е, штом пулиш, слушај! Планината што е лево се вика Морава. Албанска е, велат. Десно е Мали Мади. Меѓу неа процеп, пулиш? Така, де. Е, сега, ако тргнеш оттука преку Претсело и Лобаницко, ќе втасаш до синорот на Лобаница, ќе го прегазиш Лобаницко Поле, ќе поминеш по Лобаница и, држејќи го патчето покрај рекичката, ќе излезеш во Смрдеш. Ако сакаш, остани малку и напиј се студена вода и потоа продолжи и ќе го фатиш патот за Брезница, а надвор од Брезница, веднаш зад мостот, патот се дели: по Грлото оди за Габреш, па за Апоскеп и долу е Костур... А од Костур знаеш да си дојдеш дома, нели? Е, добро... Одиш, велам, право и лево ти останува Руља, десно, горе, во шумата - Ошчима и Трнаа. Тука патот се дели. Лево за Превалот и штом го поминеш ќе излезеш во Преспа. Повака е Мала, потака е Голема Преспа. Држи го патот така за да останат
селата од десната страна. И ќе втасаш во Ресен. Пред да втасаш во Ресен, погледни лево и ќе видиш висока, долга планина. Тоа е Галичица, а зад неа Охридско Езеро и Охрид. Од Ресен, лево, патот води за Охрид, десно за Битола. А од Охрид одиш за Струга и по Дримот ќе втасаш во Дебар, па Радика - Маврово, долу Гостивар, натаму Тетово и по Вардарот - Скопје. Ако се држиш за Вардарот, ќе втасаш во Солун. А попат Велес - леп град. Ти реков, десно од Ресен - Битола, нели? Така е. Штом стигнеш во Битола, патот десно води за Лерин и од Лерин за Сорович, а Сорович знаеш каде води. Лево од Битола, за Прилеп и оттаму за Градско. И тука се дели: лево за Велес и за Скопје, а десно за Солун. Од Велес десно води за Штип и оттаму за Струмица. А од Струмица по Струмичко Поле стигнуваш во Петрич. По реката Струма одејќи, ќе ги видиш Свети Врач, па Кресна, Симитли, Горна Џумаја, ќе свртиш на југоисток и ќе втасаш во Разлог, па во Банско. Над сите вишнее Пирин. Сега одиш на југ, чендо Кире, и дали ќе одиш во Кукуш или во Серес секој пат ќе те однесе во Солун. Од Солун десно -за Костур. И низ сите села и градови по кои ќе поминеш луѓето зборуваат како што зборуваме сега ние. Исто е словото... Ајде, сега, додека сврти сенката, јас да си дремнам малку, а ти нагледај се наоколу, прошетај и патувај по патиштата и по градиштата што ти ги кажав. Кога ќе ме удри сонцето, јас сам ќе се разбудам, а тогаш, додека јас ќе го полнам чибукот, ти да ми кажеш до каде си стигнал кога јас дремев...
Така, ете, јас од дедо ми ја научив географијата на делот од светот што се вика Македонија.
И уште ми велеше дедо: има и натаму и други и многу патишта и реки и планини и градови и езера, ама јас дотаму не сум бил и не сум ги изодил. Изодив други, ама пред тоа со пампур преку големи мориња втасав во Америка. Трипати одев и трипати се враќав. По тие патишта тебе не ти треба да одиш...
И ми велеше уште: чендо Кире, каде и да одиш, каде и да се најдеш, словото да го чуваш, словото чувај го... Словото чувај го, зашто со него почнува и завршува животот. Богатството, чендо Кире, за векови не е, а словото векови трае. Тоа е лице, тоа е образ, белег за вчера и денес, за навек. Ако не го зачуваш,
ќе немаш утре... Така... Го дочува ли словото, го дочува огнот. На почетокот е словото, а на крајот е смртта. Се е слово. Ете, почни од најблиското. Речи: мајка. Кого ќе повикаш и за радост и за жалост? Мајката. Кого ќе побараш и кога ти е лесно и кога ти е мачно? Mајката. Каде се враќаш секогаш? Дома. Или речи: земја. Сега на што седиш? На земјата. По што одиш? По земјата. На земја се легнува, се стои, се клекнува, се валка, се спие; земјата прима пот и вода и семе; и не се сити ниту со пот ниту со вода и, како огнот, таа не вели доста. Од неа водата бигори, од неа плодот се раѓа. За лошите се вели: земјата под нозе им гори; на земјата се создава човештината и злото против неа; за добрите се вели: тие се гордоста и радоста нејзина. А несреќниците ја молат: отвори се и голтни ме! Над земјата паѓа дожд, снег, пот и крв. Се во неа се втопува. И се вели: за земјата се живее, за земјата се умира, за неа се жртвува. Земјата се ора, се копа, се полева и затоа, се вели, таа раѓа плодови и синови и ќерки. И се вели, чендо Кире, земјата се брани кога некој сака да ја ограби, да ја погани и тогаш таа крвави. И се вели уште дека мрак и магла и снег и страв неа ја покрива; и уште: килим е од цвеќе, од зеленило, од златно класје, сини езера и вити реки. И кога род-бериќет изобилие дава, се вели: по неа мед и млеко тече. Има и глад од земја и глад за земја, и тага и солзи и радост и надеж и мила е кога ќе ја напуштиш или ќе ти ја земат или ќе ти ја распарчат и ќе бараш грутка, делче, педа, појас земја; и уште: за некого ќе слушнеш - овој е син на својата земја или овој ја испоганил својата земја. И да знаеш, чендо Кире, дека земјата влече, вика, плаче, топли, налегнува, се вгнездува в срце; а за човека ќе речеш: црн, блед, нечист, валкан, тежок - и како ли го крепи земјата? Ете, чендо Кире, се е на земјата и под земјата и над земјата. И на земјата човекот се раѓа. И кога оди далеку, зема грст од неа и во пазува става за да го чува, за да го грее, да го топли, да го влече. И човекот по смртта в земја го погребуваат. И меѓу народот се вели: нека му е лесна земјата. Каде на човека може да му биде полесно освен на својата и во својата земја? За нас земја е изворчето и поточето, и нивата, и ливадата, и полјанката, и бавчата, и градината, и дрвото, и патчето, и планините, и ридовите, и сите оние места каде што се зборува нашето слово. И каменот- Ете, пули онаму десно, на крајот од Стените има камен. Гол е и миен од дождовите, и биен од ветровите, и печен од сонцето откако станал камен. Си
стои тој така со векови и ќе речеш: камен, па што? Камен, ама и тој е делче од нашата земја, така, како што е реката, шумата, и изворот, и полето, и... верата... Така... И каменот во дворот, во калдрмата, во темелот, во ѕидот, на патот и крај патот, во нива, и тој е земја и тој е наша земја... Е, таму де, таму на крајот од Стените, го пулиш каменот? Под него се ношвите на Крали Марко. До ношвите изворот. Кога Крали Марко, чендо Кире, дошол до Косинцко Поље, го боднал коњот за да ги прескокни Стените. Арно, ама лошо го измерил местото и токму таму, под каменот, коњот удрил со копитата и се сопнал. Крали Марко со колкот удрил на карпата и од неа бликнала вода. Ќе одиме еден ден и ќе видиш како се гледа на карпата колкот на Крали Марко и како од неа тече вода, а понастрана се наоѓаат ношвите на Марко... Tој од лутина неколку пати удрил со тупаници по плочата, ја сплескал и така ја вдлабил и во неа месел леб... Ама... А каменот, чендо Кире, што го пулиш, се вика Дупен Камен.
Дупен Камен се гледа од сите околни села што се наоѓаат западно и источно од Стените. Дупен е и низ отворот оттука, од Синадев Рид, се гледа само крукче од Населицата, а од долу, од Ѓамов Трап, некаде таму пред пладнето, пред да почнат горештините, се пробива сонцето. А највпечатливо е зиме, кога од мраз трештат буките, кога се е покриено со сињак и - тогаш црвенило се пронижува низ Дупен Камен. Тоа трае кратко... но долго се памти.
- Чендо Кире, за Дупен Камен ќе ти раскажам друг пат...
Не ја слушнав приказната на дедо за Дупен Камен што се уште стои на јужниот крај на Стените, издигнат и дупен... Не собраа нас, децата, и несакана ги изодивме патиштата што не ги изодил дедо. Без да сакаме, без да знаеме, ту пеш, ту со камиони, ту со возови без возен ред, преминувавме граници и реки и ниеден пат не не носеше така за да имаме или лево или десно некој од градовите што секогаш ги делеа патиштата за Костур, а од Костур е толку блиску до Крчишта. И Дунав го преминавме и Моравско и Карпатите. Северецот не вееше и пустинските ветришта на Сир Дарија и Аму Дарија. И ете, по четириесет години јас отидов во Крчишта. Се качив на Синадев
Рид. Се свртев кон исток и седнав под сенката на стариот брест. Исто како тогаш, кога седевме со дедо. Се налактив на коленото и гледав на Стените. Ене ја големата карпа, на крајот од ридот -Дупен Камен. Седам и гледам и ми се чини дека седам до дедо, го чувствувам остриот мирис на неговиот чибук и го слушам неговиот зарипнат, старечки глас: - А таму, чендо Кире...
И таму и тука побарав да најдам стари луѓе од моето место за да ми раскажат за Каменот. Ги проголта нив времето. Едни останаа во Романија, други во Чехословачка, во Полска, Узбекистан, Унгарија во Америка, Канада и Австралија, други, во постаро време, во Анадолија, некои на сувите острови на Егејот, трети во затворите ширум Грција. Tрајно, ете, остана само Каменот, и кој знае низ колку векови се пренесуваше неговото име - Дупен Камен. Трае тој наспроти сите времиња, и лоши и добри, наспроти сите ветришта и бури, а јас, ете, се уште не знам од каде и кој и зошто му дал такво име... Дали само затоа што е дупен ? Или навестуваше дека решето дупната ќе ни биде судбината? Ех, да не доаѓаше лошото, како што велеше мајка, белки дедо ќе ми ја доискажеше приказната за Каменот?
Седам тука, на Синадев Рид, и гледам долу. Под него се уште се живи бадемите на тета... и бозјак и плевел и шипови растат секаде каде што некогаш беше село и имаше живот... Тишина... Молк... Осама... Си ги собирам дланките во инка и викам:
- Е-е-е-е-ј, нашиии!!!
- Еееее... - ми враќаат Телок, Вишомо, Борово, Стените, а тие си пренесуваат еден на друг и ми се чини дека гласот стигнува до Аљавица, до Населицата и оттаму натаму и понатаму до бескрајот и по некое време моето “ееее” - ми се враќа одвај чујно и ништо не носи.
Тишина. Шумолат сал лисјата на старите тополи... шумоли сал ветрот во гранките на дабот. На полјанката, каде пред лошите годиње, се играа сите празнични и свадбарски ора, го вклучувам транзисторот... свири... тишина... свири... што свири? БАЈРАЧЕТО свири... и слушам дише, дише Костурско...
тишина... ја слушам душата на Костурско... тишина, останете мирно, станете, слушајте, дише, дише, дише, воздивнува Костурско...
Слегувам долу. Стои само црквата и на скалите седи старичка. Вели дека годините не си ги памти. Влегуваме во црквата. Свеќи најпрвин запаливме долу. Дваесет и девет - толку загинаа на боиштата на Граѓанската војна. За сите по една. Горе - двесте и осумдесет - толку броеше селото пред најлошата војна. За сите по една - и за мртвите и за живите. Да не им е мрачен мигот и денот и местото. Светлина да имаат во очите и пред очите за да не го згрешат патот и ако одново се решат за нови подвизи, нека промислат со кого и по кого ќе одат или ќе тргнат сами...
... И голема ламбада пред Богородица, што е толку замислена и загрижена. И нејзе да и биде светлина пред очи за да го гледа патот по кој одат оние што толку се молеа и клечеа и удираа метании пред неа и нејзе и ги упатуваа сите најмолбени, најнадежни, најсакани и најмили и најтопли зборови и мисли. Го спуштам масленичето пред нејзиното натажено лице и го запалувам. Запалувам уште една голема ламбада пред да и ја пренесам молитвата на мајка:
“Богородице, врати не во огништето наше и покажи ми го патот до коските на син ми. Со тагата на растурените и испадените по светот, со незнајните гробови на нашите чеда, со белината на нивните коски што бури ги мијат и снегови и ветришта ги бијат... И ние боледуваме како што боледуваш Ти за синот закован на крстот - нека биде светлина пред очите Твои и пред патиштата наши за да дојдеме во земјата дедова и наша и каде што ќе стигнеме цвеќе миризливо да израсне и секоја наша трага да биде трага на љубов и трага на надеж...”
Толку запаметив и толку реков од молитвата на мајка. И, пред да ги спуштам очите од Богородица, уште реков: - И чувај не во туѓо штом не успеа да не дочуваш во наше...
...И, пред да излезам, одејќи наназад, реков: - За да дојдам пак...
... И надвор пред да излезам, кога видов како меѓу нејзините очи трепери пламенчето на ламбадата и на масленичето, ми се пристори дека Таа плаче и реков: - Догодина пак ќе дојдам за... за да ти кажам, на уво да ти шепнам, каде се витосаа другите и зошто те оставија сама...
Излегов. Но пак се вратив за да ја прашам:
- Богородице, како ли ги заштитуваше нашите куќи штом сега не гледам камен на камен, не гледам каде почнуваше една, а каде завршуваше друга куќа; не гледам сокаче и зошто се отворени гробовите и коските се расфрлени? И каде се сребрените невестински пафти на мајка и приќето на сестрите? Зошто се исечени шумите, променети патиштата, ископачени лозјата? Зошто и кој отвори нови патишта? За да не го најдеме нашето место, нашето огниште, нашите лозја? Зошто водје немаат трапиштата и кој им го промени текот? И гробиштата Богородице, се обраснати со плевел... Богородице, зошто?...
Зедов голема бела ламбада, ја запалив пред Богородица и реков:
- Ти палам, Богородице, уште една ламбада за да ми го чуваш зборот дека пак ќе дојдам и за да не речеш дека те оставивме сама. Чувај ми го зборот и меракот што е само тага...
Отидов на гробиштата да го побарам гробот на дедо. Старичката ми рече:
- Умрел дедо ти во Костур и гроб му нема, чендо...
Дедо умрел сам... во осама. Отиде, како што велеше - в земја или под земја. Се враќам и одам накај Синадев Рид и го слушам гласот на дедо; ми шуми во ушите како жуберкање на изворче под леска: - чендо Кире, каде и да одиш, две работи да не заборавиш: словото и патот. Само така ќе се вратиш, ќе си дојдеш дома. Го заборави ли словото, се заборави себе. Го заборави ли патот за дома - скитник остануваш засекогаш... Словото, чендо, е тоа што си ти, го заборави ли, ќе те заборават сите, чувај го, а тоа ќе те чува тебе. Ако словото не го
заборавиш, и патот нема да го заборавиш... И тогаш ќе си дојдеш дома...
Отидов горе, на Синадев Рид, седнав под брестот, така како што седевме со дедо, и реков:
И таму, дедо, пред Моравско и во Моравско и преку Моравско обичајот наш го пренесовме и го растуривме и оро развивме и песна испеавме што ја учевме под стреите на куќите што сега ги нема и што ги свиревме на кавалче од врба, по тесните сокачиња, на ливада и полјанка, на нива и на лозје, на, свадба и на празник. На сите патишта и на сите граници песната и словото ни беа знак за препознавање и низ нив го гледавме ова катче и лицето расплакано на мајка... И си велевме: белки нема да престанат тркалата да се вртат и ќе довртат дотука?... Така си мислевме кога потпораснавме, а кога узреавме, си мислевме: дали со нашето заминување се откорнавме и корен не остана зад нас и што ли не врзува со она што е наше? Така таму, во туѓо, во туѓиот свет, ние, растејќи, узреавме и сфативме дека во нас ништо не овена. Кревки заминавме, ама, ете, со дебели корени сме враснати во оваа земја... Така ли е?...
Пред црквата ме чека старичката. Вели: дојди, чендо, дома човек да ми влези. Во ќошот икона на Богородица и пред неа маслениче, до sидот стомни наредени, на подот излитена черга, во оџакот на ченгел - котленце. Пред прагот, речиси на дофат, полека шурка вода, а десетина чекори потаму бандера со електрични жици. Дома нема струја, нема чешма... Кандило и ламба на газија... Ме почести со локум и вода од стомна... Ми рече:
- Јаска, чендо, и водата не ја деља со Маџирите. Сама си п’лна од Петковец...
- Сполај ти, мајче, - реков и тргнав да излезам.
- Си ош? - праша таа. - Ој си... Јаска ќе остана да а чува земата... местото да го чува... И да не заборавиш да му кажиш на свите, на свите да му кажиш, на свите наши да му кажиш дека ушче јаска остана о селто... Да а чува земата, да паља свешчи о
црквата и да му кажиш дека само од мојот оџак чад чади и ношја само од моето пенџерче се пули светлина од Вишомо, од Стените, од Телок, од Борово, од Претсело... за да не им се чини на зверојте дека тука нема живот...
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/i-kamenot-e-zamia/24 на 29 октомври 2026