Глава 15
Глава 15
Пред смрачување во селото стигна коњаник. Облечен во војничка униформа, со германски автомат на гради и преку рамо кожена чанта. Децата што трчаа покрај коњот тој ги праша за куќата на Лазо и дури кога влезе во неговиот двор, му рече на едно од децата:
- Викни го другарот Лазо. Ама бргу!
Лазовица ја подотвори вратата и внимателно, но и со љубопитност, го гледаше коњаникот. Младо, изморено момче. Вратата крцна и во неа се исправи Лазовица.
- Кого барате? - праша таа.
- Лазо, тетке, Лазо. Нели тука живее?
- Тука, - одговори Лазовица кога слушна питомина во гласот на коњаникот. Се врати дома и малку потоа на прагот се исправи Лазо, до него Кузе, а зад нив, се уште несигурна, Лазовица.
- Јас сум Лазо. Што е работата?
Коњаникот ја отвори чантата и од купчето пликови оддели еден и му го подаде на Лазо велејќи:
Итно е, другар Лазо.
Лазо, без да го отвори, погледна во коњаникот, го измери од петици до глава - многу е младо... не е постаро од син ми -помисли и, поправајќи си го палтото што му беше префрлено на рамената, рече:
- Врзи го таму коњот и влези една вода да се напиеш.
- Сполај ти, другар, ама морам да одам. - Го сврте коњот и, без да се поздрави, го бодна. Одново затропаа коњските копита по селската калдрма и набрзо се загубија зад гумната.
Лазо и Кузе седнаа до огништето. Полека, без никаква љубопитност и заинтересираност, Лазо го отвораше белиот плик и лежерно ја извади хартијата. Ја подигна до пламенчето на ламбата и читаше. Кузе забележа како почнаа да му треперат рацете на Лазо. Лазо погледна во Кузе, а потоа со некаков чуден, растреперен и уплашен глас ја викна жена си:
- Лазовице, Лазовице, мори... Донеси една чаша вода и фрли цела лажица шеќер, - рече, фаќајќи се за грлото.
Кузе се доближи до него и, не можејќи да види што пишува во свитканата хартија, тивко праша:
Шо има, Лазо?
Лазо почека да му налегне шербетот, слабо се искашла, ја отвори хартијата и му ја подаде на Кузе.
Прочита? - го праша откако тој си ги спушти рацете на колена.
- Аха... - промрморе Кузе.
Е, сега, стани и оди да ги викнеш жените што треба да одат со дечките. Веднаш да дојдат. И не кажувај по пат за да не дознае целото село, слушна?
Се намртши Лазо. Си ја навали главата на sидот и дури сега допре во неговата свест тижината на неминливото.
- Добро најдов, Лазовице, - се слушна гласот на Костовица.
- Добре дојде! Влегувај право во одајата.
Набргу дојдоа и другите две жени и заедно со нив седна Кузе.
- Ете, жени, - почна Лазо развлечено и со растреперен глас. -Речиси пред еден саат дојде курир и го донесе писмово. Тука пишува сите деца што се запишани во четврток попладне да ги однесеме во Лабаница. Таму ќе се береле децата и од околните села. Пишува уште дека во вторник или среда по тука треба да
поминат децата од селата на Костенаријата и дека треба да ги пречекаме... Што да ви кажам друго? Bpемето дојде, жени... Одете сега по куќите да им кажите на луѓето да си ги подготват децата за пат... Знаете вие што треба. И да им речете да подготват храна за два дена, море не, за три да им речете... Е, сега одете си... И ти, Кузе. Оди и ти кажи и на жена ти нека ги подготви децата. Со здравје... одете си...
Кога Лазо остана сам со жена си, и рече:
- Што велиш, Лазовице, да го скриеме Насе? Ќе поминат два три дена, можеби недела, и ќе го извадиме. Ќе речеме дека избегал и си дошол дома... Што велиш а?
Лазовица си го покри лицето со дланките и почна да липа.
- Ами, како, бре, Лазо, - плачеше таа - ќе пуштиме три, едно ќе скриеме? Па нели ти рече, дека нема да останат децата долго таму каде што ќе одат... така велевте и ти и тие што зборуваа на собирите, нели? Да помини лошото, велевте, и децата ќе си дојдат... две-три недели, можеби месец, и ќе си дојдат... Ако е така, зошто да го криеме Насе? А другите не те болат? Или затоа што се женски?
Лазо шеташе по одајата со лицето скриено во дланките. Пет чекори натаму, пет наваму. Не тропаше со нозете обуени во дебели волнени чорапи. Тивко, одвај шушкаше, одвај се слушаше неговиот чекор. Си ги спушти рацете и болно рече:
- Ами, каде сите, таму нека одат и нашите, Лазовице. Тешко е да ги одделиме, ама и срамота... - не дорече. Излезе. Цела ноќ скиташе надвор од селото. Стигна до Стените, оттаму сврте накај Галичник и Вировите па накај Шекарица. Тука, навален на каменот, ја дочека зората. Со рака ја избуричка младата трева врз која во изгревот на сонцето блеснаа капки роса и си го избриша лицето, си ги истри очите. Над него прелета јато птици. Гледаше по нив додека не се загубија отаде шумичката. До него честар од леска. Обесија леските златни реси. Понатака расцутен дрен. Во цветот блеска бисер-роса. Скрши една лескова прачка и по удолнината слезе во Стара Ливада.
Жалните врби имаа обесено долги танки гранки, како тељови на невестинска глава. Потскокна и сркши една подебела гранка. Од појасот го откопча ножот и со врвот ја подигна кората. Прстот мy се навлажни со врбов сок. И, како некогаш, кога беше дете, кога тука доаѓаше во рана пролет како воловарче, отсече нова, права гранка, без глуждови и со сплеснатата страна на ножот удираше одмерено по зелената кора. Направи рез, потоа исече мали отвори, внимателно ја сврте. Во едната рака му остана оголеното парче врбова гранка, а во другата лушпата. Делот од исеченото парче го намести и потоа го допре до усните и дувна. Свирна. И засвири Лазо, прво тивко, плашливо, небаре првпат држеше во рацете такво нешто, потоа пак дувна, ги намести прстите и тажно и болно засвире... Му се пресекоа нозете, се прекршија во колената и папсан, полека, како што беше навален на стеблото од врбата, се спушташе надолу и со полуотворени очи, пред него се повеќе се појавуваше мрак, се згустуваше, а тој се обидуваше да се фати за нешто, чувствуваше како му замрзнува челото, му отрпнуваат стапалата и како низ магла гледаше дека пред него се вртат сите дрвја и ридишта, и камењата на ридот, и долгата ливада, а тој се обидуваше да се фати за нешто, но не успеваше и паѓаше, паѓаше во некаква мрачна бездна и го слушаше само својот глас...
Овчарот, кој пладнето поминуваше со овците по Нова Чешма, виде човек свиткан под плачливата врба. Беше Лазо.
Подоцна, додека Лазовица, липајќи ги подготвуваше пљачките на децата, Лазо лежеше на рогозината неподвижен и гледаше само во таванот. До него не допираше ни липањето, ни плачот на Лазовица, ни нејзините длабоки воздишки. Ги чувствуваше само топлите солзи на децата кои, наведнати над него, безгласно плачеа и со солзи ги топлеа неговото збрчкано чело и бледите образи...
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/i-kamenot-e-zamia/17 на 29 октомври 2026