Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

The Great Lie

ГЛАВА 6 - Part 02

Од Петре Наковски · Дел 9 од 29 · Околу 21 минути

Читај на English

-А ноќе, кога небото е ведро, тогаш морето везеница – бисерница од ѕвезди. Се движат тие, се напластуваат, ту болснуваат, ту се губат и само за миг се смируваат, а потоа треперат во благиот морски бран… Горе ќе погледнеш – ѕвезди, долу ќе погледнеш – ѕвезди, на дофат на раката – ѕвезди… Горе ѕвезди, долу ѕвезди, а ти меѓу нив… Мижуркаат тие, ѕвездите де, треперат. Понекогаш некоја ќе се откине од небото и ти се чини дека излегува од морето и лета кон небото… А кајчето рибарско, плови, го расечува небото, ги разделува ѕвездите, ја преполовува полната месечина. А водата позлатена од месечината, ако ја допреш ќе ти се пристори дека ти бакнува рака. А на брегот, слушаш, некој свири на мандолина…

Јанакис прекина. Неговиот глас се изгуби во долгата кашлица.

Во мракот не ги гледа очите на другарите кои се вперени во него.

Ја исплука кашлицата и по сегна по мандолината потпрена на ѕидот заедно со автоматот. Лесно и нежно ја пригушна, ја потпре на левото колено. Прстите галежливо и трепетливо ги допираат струните, кротко легнуваат врз нив. Затреперија и во земјанката разлеаја тажновина и песна без зборови, која жалосливо реве, разнежува и најтврди срца, кај едни истиснува тивка и длабоко скриена момина и момчешка издишка, а кај други врз образите стежнува солза на болка, горчина, возбуда и тага…

Јанакис тивко удри на струните и прекина. Во земјанката висат звуците на мандолината. Некој испушти длабок издив, на неговото рамо се навали нечија глава. Испрекинато момино дишење.

Почувствува како на неговата рака капна нешто топло и полека се оладува. Подигна десна рака и врз струните се разиграа прстите.

Развлечено, па раскинливо и потоа собрано во едно долго и гласно треперење, кое за миг се раскинува и превиткува, се стресува, грмнува и полека некаде се губи. Се чини дека сите ја почувствуваа бурата во морето што го немаа видено и бурата во своите души… За миг прекина и кога одново почна да свири, залиптија звуците. И наеднаш замолкна мандолината, небаре со остар нож некој го пресече звукот и место него, гласот на Јанакис:

-А кога шеташ по брегот, под нозете шушти песокот, крцкаат бели и измиени камчиња, а водата мирна, толку е мирна и кротка што те тера да ја погалиш… А ја погали ли, ќе почувствуваш како дланка нежно ти лижи… Да… - рече тивко. Неговиот глас потона во глув, потиштен и кобен молк…

*** Четниот комесар го подигна крпеното ќебе обесено над влезот на земјанката и, светејќи со батериската ламба, го прекина молкот.

Од офицерската чанта извади дебела измастена тетратка, преврти неколку листови и рече:

-Од командата на бригадата се забележани некои слабости и тоа најмногу тогаш кога маршираме во колона. Се разбира нас не чекаат уште многу маршеви било дење или ноќе, та затоа командата изготви одредени правила. Но за да не должам, подобро е јас да ви ги прочитам, а потоа мојот курир ќе подели по едно ливче на секое одделение. Вие заедно со вашиот старешина убаво ќе ги проучите и, се разбира, да ги запаметите. Слушајте внимателно. – Со батериската ламба ја осветли хартијата и почна да чита:

-Ако секој борец помогне добро да се одвива маршот, тогаш и тој многу нема да се измори и нашата цел ќе успее. Второ: кога се движиш во колона, не треба да оставаш празен простор, бидејќи колоната се отвора и се прекинува. Трето: ако мракот е многу густ и пред себе не гледаш, тогаш на плеќите на тој кој е пред тебе закачи парче бела крпа или фати се за неговиот шинел. Четврто: за време на маршот не разговарај дури и не шепоти, немој да пушиш, немој да ја запалиш батериската ламба, бидејќи можеш да направиш голема штета. Петто: не излегувај надвор од колоната без дозвола на старешината или на политичкиот комесар, не оди по вода или по нужда или малку да одмориш, бидејќи ја прекинуваш колоната и тогаш и себе си и соборците ги изложувам на опасност. Шесто: добро товари го добитокот. Пред да тргне колоната, провери дали добро лежи товарот. Ако добитокот наиде на тешкотии, помогни му да ги совлада. Ако тој падне, тогаш ти најмногу ќе се измориш, ќе го измориш и него и ќе ја пресечеш колоната. Седмо: добитокот не го оставај да пие вода, бидејќи колоната ќе се пресече. Ако некој добиток падне, тогаш веднаш тргни го настрана, за да може да помине колоната. Потоа одново товари го и залепи се за колоната. Добитокот терај го да оди со иста брзина како и колоната. Осмо: спрема тие кои ќе се изморат и ќе заслабнат во маршот, покажи голема солидарност, помогни им, окуражи ги. Деветто: за време на маршот рацете треба да ти се слободни за да можеш во секое време да го употребиш оружјето.

Десетто: пред да тргнеш добро стегни ги цокулите, во ранецот добро смести ги другите работи. На овој начин рацете ќе ти се слободни, полесно ќе чекориш. Единаесетто: кога на пат ќе ти се најди некоја пречка, не застанувај да ја гледаш. Прескокни ја без колебање за да не ја забавиш колоната. Дванаесетто: ако во текот на маршот слушнеш истрели, продолжи да одиш без страв.

Командата на колоната ги има преземено сите мерки. Но ако од командата добиеш наредба да се спротивставиш на противникот, тогаш тргни брзо и одлучно.

-Ете, другари борци, тоа е се што сакав денес да ви кажам. – Комесарот ја стави тетратката во офицерската чанта и ја напушти земјанката со поздравот - Сите на оружје – се за победата.

Земјанката молчи. Долгата, длабока, мачна и злокобна тишина ја прекина Мита:

-Па, од тоа што ни отпеа политичкиот, треба да разбереме дека нешто се готви… Така ми сечи умот. Што ден сме денес?

-Шеснаесетти декември. Се уште сме во 1948 и осум дена пред Божик – рече Кољо.

Мита го облече се уште водениот шинел и, наведнувајќи глава за да не удри на нискиот таван на земјанката, излезе. Со дланката засенчи лице. Од полузамижаните очи снежната белина и исцеди солзи. Се до каде и фаќаше око беше покриено со снег. Очекори и ногата до колено ѝ потона во снегот.

-Излегувај! Строј се! – кратка и остра наредба изречена со одлучен глас се разлеа пред земјанките и бункерите.

- Строј се! – наредуваа командантите на четите и водовите.

- Строј се! –одекнуваа наредбите.

Мита во два скокови се врати во земјанката и викна:

-Станувајте! Зарем не слушате?!

-Што е?

Мита не стигна да одговори. Нагло, со силен замав командантот на четата го оттргна крпеното ќебе што место врата беше обесено на влезот во земјанката. Викна:

-Излегувај надвор! Строј се!

Построениот вод, заедно со командантот, осумнаесет души на број од кои седум девојки, тргна кон рамнинката каде се постројуваа четите. Циљка одеднаш застана, се сврти и брзо се стрча кон земјанката. Фрленото ќебе го зграпчи и, виткајќи го во ролна, го префрли преку рамо.

-Што ќе ти е тој партал? - праша Мита.

-Молчи! Ќе притреба…

-Нели реков јас, дека од тоа што ни отпеа политичкиот треба да разбереме дека се готви нешто големо?

-Прекини! Не разговарај во стројот! – викна водникот.

Рамнинката ја исполнија водовите, веќе построени во чети.

Исправен и во исчекување стои баталјонот. Од остриот зимски ветер – поцрвенуваат образите, студенилото штипи уши, под око замрзнува исцедена солза, во цокулите, под стапалата – лазат мравки.

-Другари борци и боркинки! Здраво! Слободно! Застанете во полукруг. – Тоа е гласот на командантот на баталјонот. – Денес ќе одиме на долг марш. Патот по кој ќе одиме е тежок, но за вас, кои сте прекалени во борби и долги маршеви и овојпат пречките нема да бидат несовладливи. Ќе биде тешко. Маршот ќе трае долго и по тежок терен и многу лошо време, но затоа по извојуваната победа

– радоста ќе биде голема! Напред во нови победи!

Четните команданти, на кои на таен состанок им беше речено дека задачата се состои во борби за заземање градови, но не им беше речено каде ќе води патот, им објаснија на своите подредени дека секој ќе добие сува храна за три дена и да понесе колку што може повеќе муниција. Во маглата што падна и под чиј превез се одвиваа подготовките за големиот марш, не забележаа кога заврши денот.

Се уште мракот не ги беше покрил ридовите и трапиштата, кога се постави колоната. Луѓе и товарени коњи и мазги тргнаа пругоре. Ситниот снег што почна да паѓа, не го спречува маршот.

Луѓето и добитокот се одморени и лесно се држат за патеката пробиена во длабокот снег што ја покри земјата претходниот ден.

Без тешкотии и во голема тишина ја преминаа линијата на фронтот меѓу ридовите Кула и Плати, западно од Вичо превалија и во длабоко мугра влегоа во селата Лаген, Долно и Горно Котори и се распоредија по куќите. И додека се соземаа од уморот и на огништата сушеа водени алишта, засилени стражи ги чуваа сите приоди, а најмногу тие што водеа од Лерин. Утрото, за да избегнат налет на авиони, ги напуштија куќите и легнати во снегот во поблиските кории, добија наредба да не се движат, оган да не запалат и гласно да не зборуваат. Под ниско надвиснатите снежни облаци траеше целосна тишина и во неа полека згаснуваше денот.

Во куќата во која конакуваше командантот на бригадата беа повикани сите старешини на единиците. Началникот на бригадата застанат пред оперативната карта, со врвот на прачката влечеше линија со која го обележуваше патот што води кон целта и што во текот на ноќта мора да го изоди бригадата.

-Во целосна тишина – завршуваше тој – единиците, подвлекувам во најголема тишина и со сите мерки на претпазливост и добро странично обезбедување, мораат да го прегазат Леринското Поле и во мугрите да заземат позиции во пошумените ридови близу селата Крушоради и Сетина. Маршот долг околу 40 километри ќе води по нерамен и ридски пат и ќе се одвива во многу тешки змиски услов. Оценка на командата е дека вчерашниот марш помина примерно и борците го завршија со одлична физичка истрајност. Командантите на единиците покажаа примерно однесување и ја користам приликата во име на командата на бригадата да изразам благодарност. Вратете се кај своите единици и подгответе ги за тргнување. Часот на тргнувањето ќе ви го соопштат куририте.

И на овој состанок никој од старешините на четите и водовите не ја дозна целта на маршот.

Циљка, легната до Мита и до неа Јанакис, праша:

-Кој ден сме денес?

-Осумнаесетти декември.

-А зошто?

-Така. Да не се изгубиме во времето? Забележавте ли дека долго го нема командантот?

-Се чуло дека сите старешини ги викнал командантот на бригадата.

-Никој ништо не кажа каде и зошто одиме. Порано ни кажуваа, нели? – праша Циљка.

-Порано да, ама сега ништо. Мајорот рече дека одиме на долг марш и толку – прошепоти Мита.

-Не, тој ништо не рече. Зарем еднаш се случило некој да пребегне и да јави? И што? Паѓавме во стапица.

Неврзаниот разговор го прекина гласот на четниот командант:

-Строј се! - командантот изврши преглед. Едни пофали, други укори. Застана пред стројот и праша: - Има ли болни?

Молк во стројот.

-По некое време ќе го продолжиме маршот кон целта што ја одреди Главниот штаб. Од нас командата на бригадата бара маршот да го продолжиме со иста истрајност, дисциплина и заемно помагање како сношти за што командата сите не пофали и… - не доврши.

-Мирно! – допре гласот на командантот на соседната чета.

-Мирно! На лево… - бран од силен и бучен ветер ја однесе командата.

Тргнаа. Пред колоната, петмина на растојание, газејќи во длабокиот снег, со оружјето на готово, прават пат. Тоа е мртвата стража. Зад нив синџир од вооружени луѓе и коњи и мазги натоварени со муниција. Во средината чекорат Мита, зад неа Јанакис, по него Циљка, Трајанка, Митре, Крсте, Илија, Коле и Маре на која многу ѝ тежи ранецот и торбата со знакот на црвениот крст. Снегот што пред малку ситно почна да паѓа, преминува во лапавица и носен од ветерот бие во очите и лицата.

Пред нив темнина. Тесната патека пробиена во дебелиот снег, брани скршнување. Мита, држејќи се за опашот на коњот што члапа пред неа, цврсто држи чекор Јанакис фатен за нејзиниот појас тешко издишува, губи чекор. Циљка го бодри, го поддржува кога му се преплетува ногата и подзастанува за да прибере издишка. Во густиот мрак го превалија трапот, прегазија блага угорнина и загазија на рамно. Од кај планината силно поддувна и ветерот во бранови се спушта прудолу кон полето, носејќи пред себе облаци од снег. Злокобно виејќи се растура по полето, снегот го мете и го претура, го префрлува, го вее и го залепува врз лицата и очите. Смрзнуваат образите, челата, ушите. Со вкочанети прсти Јанакис трие образи, чело, од стежнатите рамена го истресува снегот. Забавува чекорот. Згрбавен и помодрен од студенилето, тој се подава напред, тешко откинува здрвени стапала, одвај помрднува вилици и чувствува како студот го прошива, му влегува под кожа, му ги здрвува прстите. Истоштен е и неговиот чекор е разлабавен, побавен и треперлив. Одвај ги издржува силните и ледени навеви на ветерот што спуштајќи се од горе, од планината, одново и одново бие в очи, в лици, удира како камшик и секое допрено голо место го спружува и вкочанува. Забавува колоната. Старешините бодрат, слабите ги поддржуваат за рамена, ги молат да издржат, ветуваат дека бргу ќе стигнат до целта.

-Одмор! Петнаесет минути одмор! – се раздаде гласот на четниот и колоната спласна во снегот. Вие и завива снежната бура.

Во наглите и кратки завивања на ветерот се губат гласовите, довикувањата личат на шепот. Само за миг свирежот на ветерот се губи во ширното поле и нов бран, со уште посилни свирежи долетува и снегот го подигнува и превртува, го собира во намети.

Циљка одрами ќебе и го посла пред себе.

-Ножот – му рече на Коле. – Дај ми го ножот. Мито, ти држи оттука, повлечи.

Со остриот нож Циљка го исече ќебето во долги фаши. Рече:

-Завиткајте глава, нозе, врат, лице…

Мита виткајќи ја фашата околу вратот, изусти:

-Сега знам зошто си го носела ова валкано ќебе.

-Поаѓај! – одвај се слушна наредбата.

Мрзеливо се исправи колоната и фати да се искачува по стрмната угорнина. Се лизгаат и назадечки паѓаат еден врз друг.

-Појасите! – викна четниот. Тој го откопча војничкиот појас, се исправи пред својот дел од колоната и крајот му го подаде на најблискиот. Коњоводците силно ги стегнаа уздите и со сета сила зад себе ги влечат коњите.

В мугри стигнаа и застанаа во пошумените ридови надвор од селото Сетина. Истоштени од деноноќното одење, наводенети до коска, во длабокот снег бараат место да седнат. Старешините не им дозволуваат да легнат зашто сон ќе ги совлада и студот ќе ги вкочани. Се собираат околу стеблата, ги обгрнуваат и така стуткани и притегнати во клопче еден до друг си дишат во вратовите, грбовите, плеќите и спијат простум и така заспани ги споплати густиот шумски самрак.

-Поаѓај! – Во шумата остро одекнуваат наредбите и испресечени се растурија меѓу стеблата. Се одлепуваат клопчињата и се врзуваат за долгата колона.

И тргнаа во мракот и цела ноќ одеа шибани од снежната бура и лутите ветришта. Четвртиот ден, на разден, со душите во шепите, влегоа во селото Кронцелево.

Мита, Циљка, Илија, Маре, Трајанка и Коле збрани и гушнати во купче, си дишат во лицата и низ солзи шепотат:

-Живи, живи сме…

Мита наеднаш се оттргна и викна на грчки:

-Јанакис! Јанакис! Дојди, дојди кај нас!

-Не викај … - прошепоти Маре и со очите покажа на ридот.

Циљка на ридот закова поглед и ѝ се пристори деда таму гаврани ги колваат смрзнатите очи на Јанакис.

*** Вечерта, на 22 декември во една од куќите во селото Кронцелево, на состанок беа повикани командантите на 14-та и 103-та бригада и на единиците кои дејствуваа во реонот на Кајмакчалан. Претседава претставникот на Главниот штаб, генералот Гусјас, кој два дена порано тука беше стигнал преку Југославија.

-Другари команданти - продолжи Гусјас со свечен тон – вечерва одиме да го удриме Воден. Повторувам – тргнуваме вечерва. Пристигнувањето на толку голем број наши единици во реонот на Кајмакчалан може да биде откриено од противникот што за нас би имало трагични последици. Токму поради ова не можеме да дозволиме на единиците да им се остави време за одмор.

Тишината што завладеа ја прекина генералот Георгијадис, командант на 14-та бригада.

-Борците се крајно истоштени од долгото и макотрпно марширање во многу тешки зимски услови што беа совладани со натчовечки напори. Предлагам нападот на градот Воден да се одложи за дваесет и четири часови што на борците ќе им овозможи да се соземат, да се нахранат и да одморат.

Гласот на Георгијадис беше единствен. Никој не го поддржа.

-Нема да има никакво одлагање на операцијата - викна Гусјас.

– Наредбата на Главниот штаб гласи: на 22 декември 1948 година во 3 часот по полноќ со сите расположиви средства да се изврши синхронизиран напад на градот Воден.

*** Со сила ги разбудија и задремани ги извлекоа од куќите. Стојат во полукруг. Студенило ги стресува, заб на заб чука, нога од нога удира, во водените цокули отрпнуваат прстите, остро штипење во ушите, под окото смрзнува солза, поцрвенуваат образите, помодруваат усните. Во предвечерниот студен повев стврднуваат влажните алишта. Кочан се прстите врз цевката и дршката на автоматот.

Четниот командант им објаснуваше:

-Вечерва ќе го продолжиме маршот. И овојпат ќе биде долг и измачувачки. Издржавме четири ноќи, ќе издржиме и овој пат.

Денес одиме во напад на градот Воден.

Нема изблици на радост и извикување борбени пароли.

Надоаѓа и згустува самракот и одвај видливо се прелева во мрак.

-Поаѓај! – падна команда.

Под цокулите се дроби снегот. Маглата смрзна. Иње ги обеле дрвјата. Колеблив е чекорот. Чекорат и чекорејќи дремат, одат и одејќи спијат и сопнати паѓаат, ја раскинуваат колоната. На удолнина се лизна натоварен коњ. Сандаците се откачија и прудолу се тркалаат мини и рачни гранати.

-Стој! - нареди четниот. – Соблекувајте ги шинелите и постелете ги за да поминат коњите. Брзо!

Превалија уште еден рид и пред нив, не знаат колку далеку болснаа светлата на Воден.

-Напред! – бодрат старешините.

Четниот погледна на часовникот. Помина три по полноќ.

Далеку е градот. Доцнат. Забрзуваат од и по изминат половина час застануваат пред реката Воден. Налудничаво бучи надојдената вода. Со оружјето на готово, стојат до брегот. Нема ниту мост, ниту јаже. Од јужната страна допреа долги митралески рафали и веднаш потоа небото го осветлија небројни бели ракети.

-Напред! – нареди четниот и прв се фрли во надојдените води.

Циљка и Мита, држејќи се една до друга вчекоруваат во реката. Студената вода до половина ги пресечува, им одзема здив.

-Држи се! Фати ме посилно! - вика Мита.

Циљка одрамува ранец, го позеде во водата. Се фаќа за појасот на Мита. Излегоа на брегот. Панталоните – коска.

-Јури – и – иш! – се разлеа гласот на командантот.

Се кршат смрзнатите пачовици и мразот сечи и чекорот е пресечен. Одвај се одделува нога од нога. Ледот ги врза.

-Напред! Јуриш!

Над нив избувнаа светлосни ракети, побеле брегот, околните ридови и во исто време целиот простор го покрија долги митралески рафали од спротивната страна. Мита и Циљка погодени во нозете, останаа да крвават крај брегот.

Противникот не беше изненаден од трите илјади и петстотини истоштени борци на ДАГ, кои во некоординираниот напад на градот Воден претрпеа пораз и осакатени и во неред, гонети од авионите, се повлекуваа кон пошумените падини на Кајмакчалан.

*** Тој ден, таа ноќ и наредниот ден и ноќ мобилизираните жени и девојки од подкајмакчаланските лерински и воденски села ги собираа ранетите и на носилки ги пренесуваа во пунктовите за прва помош во селата Долно и Горно Пожарско…

Тука, преврзани, стоплени и нахранети, тие чекаа да заврши денот. Вечерта колоната од ранети носени на носилки ја фати тесната и кривулеста патека што по стрмната угорнина води кон врвот на Кајмакчалан. На чело двајца вооружени мажи и зад нив десетина лесно ранети пробиваат пат во високиот снег. По некое изминато време падна наредба колоната да застане и да се тргне од патеката. Набргу покрај носилките, поминаа петмина вооружени мажи. Некој од ранетите меѓу нив го препозна Гусјас. Тој по изгубената битка, преку Југославија, се враќаше во Преспа.

Во утринските часови челото на колоната застана на граничната линија. Предводникот се упати кон југословенската караула. Оттаму излезе подофицер. Преведувачот, мешајќи по некој српски збор во воденскиот народен говор, му пренесе дека имаат голем ранети и молат да бидат префрлени во болниците.

-Сега и веднаш не може - врати подофицерот и покажа на небото отаде границата. – Гледате? Авион. Снима.

-Барем дајте леб и вода. Ранетите се гладни и жедни.

-Одете и чекајте. Ќе добиете. Чекајте да се врати командирот на караулата. Одете. Не стојте тука.

И додека се водеше разговорот, ранетите еден преку друг негодуваа.

Маж со окрвавен завој на главата и целото рамо, плукајќи настрана, тврдеше:

-Тука ќе умреме. Тито премина на страната на Американците.

Верувајте ми дека е така. Јас тоа ви го велам. Од студ и од глад тука ќе умреме. Така Тито ќе им помогне на Американците. Јас тоа ви го велам.

Доцна попладне предводникот беше повикан во караулата.

Офицер со чин капетан, му рече:

-Камионите не можат да се пробијат поради високите снежни намети. Селаните од околните села се мобилизирани да го расчистат патот. И додека тие таму работат, вие ќе добиете топла храна и вода. На стемнување сите ранети пренесете ги во оние колиби.

ГЛАВА 8 Пред болничката двокрилна порта опкована со бодликава жица, застана валкан камион. Стражарот погледна низ замагленото стакло на стражарската бутка и, криејќи глава во широката јака на кожувот од овча кожа, излезе и со млак глас нареди:

-Документите!

Возачот му подаде картонче на кое беше втиснат број – шифра на болницата. Стражарот го зеде картончето, се врати во бутката.

Не се слушаше со кого и што зборуваше по телефон. На неговите усни возачот го прочита зборот – добро – и убеден дека има дозвола за влегување, го вклучи моторот. Стражарот се врати, и давајќи му го карточето, праша:

-А овие – со брадата покажа на двајцата мажи кои седеа до него – овие, кои ти си овие?

-Лекари.

-Што?

-Лекари се – одговори возачот.

Стражарот се загледа во нивните изморени лица и во очите поцрвенети од неспиење.

-Здраво, како сте? – ги поздрави. Не доби одговор. – Што, неми се?

-Не. Не знаат македонски. Тие се Грци.

-И што мајка бараат тука?

-Доаѓаат на преглед. Ранетите да ги прегледаат.

-Чекај!

- Стражарот влезе во бутката, подигна слушалка, нешто зборуваше, брзо се врати и, отворајќи ја портата викна:

-Влегувај!

Пред главниот влез на болницата – наредени колички и до нив болничарки. Од камионот ги симнаа пристигнатите ранети и додека ги пренесуваа во приемните простории, во бањата се чистеа дојдените лекари. Откако завршија, една од сестрите ги одведе во кабинетот на главниот лекар.

-Повелете, седнете. Главниот е на вообичаена утринска визита.

Јавено му е за вашето пристигнување.

-Простете, ние не знаеме српски – рече оној кој беше поблизу до неа.

Не добија одговор.

-Спик инглиш?

-Не. Не спикувам…

-Парле ву франсе?

-Не, не парлирам…

-Говорите по русски?

-Не. Говорам, македонски – врати сестрата.

-Што рече? – на грчки праша другиот.

-Колку што разбрав, рече дека македонски зборува…

-Значи те разбра. Па прашај ја на руски дали може да не послужи со чај?

-Сестра, пожалуйста, можете нас угостить чаем?

-Чај сакате? Со задоволство. Каков чај?

-Што рече?

-Вели дека со задоволство и прашува каков чај.

-Па оној што го пие Сталин.

-Што! Сталин! – го прекина сестрата. – Него го сакате?! Нема Сталин! Долу Сталин! – се вцрвени и тргна да излезе.

Двајцата се вџашија. Тој што зборуваше руски веднаш сфати во што е работата и брзо тргна да се извинува.

-Простите, сестра. Не уходите, подождите, подождите пожалуйста. Нам нужен…

-Во нужник со него… - таа сакаше да каже уште нешто, но во тој миг пред неа застана главниот лекар.

-Што ти е, сестро, та викаш и се расправаш со гостите?

Здравствуйте товарищи. Добро пожелавали! – се поздрави на руски и со широк замав на рацете ги замоли да седнат и, покажувајќи со главата на сестрата, праша: - В чём дело, о чём шла ссора?

-Да нет, доктор. Она не ссорилась… Всё в порядке…

Главниот благо се насмевна и ѝ се обрати на сестрата која вкочанета стоеше до вратата.

-Сестро, те молам, донеси од онаа на дедо ти, лутата. Да се стоплат гостите. Само побрзај.

-А чај? – праша со растреперен глас.

-Товарищи, чай пить будете?

-С удовольствием – рекоа и удрија да се смеат.

Кога му ја објаснија причината за своето гласно смеење, главниот лекар, лесно намршти веѓи, ја подигна штотуку донесената чашка со лутата ракија и, длабоко воздивнувајќи, рече:

-За жал, поматено е времето. На здравје…

-Ис игија!

Миг молчење. Разговорот го продолжија на руски. Главниот праша:

-Слушам, имате тешки денови…

-Се потешко. Многу големи загуби, посебно по неуспешната битка за Воден и С’ботско.

-Да, скоро сите ранети кои ги имаме тука, оттаму се донесени.