ГЛАВА 14 Најавеното писмо од Михаил Керамитчиев и Илија Димаковски –Гоце, со д - Part 02
Зарем во предвечерието на големите и судбоносни битки потребно беше едно такво писмо? Дали тоа го направија со знаење или без знаење на некои?... Зарем не се најде некој да ги посоветува да се воздржат или се најде некој кој ги посоветува токму сега, а не во некое друго време да го напишат и пратат тоа писмо? На чија страна е штетата и кој настрада и ќе настрада? Дали помислија и дали беа свесни за последиците и за тоа кој ќе биде жртвата на таа голема вистина и обвинувањата што ги изнесоа? Знаеја ли со кој се фатија во игра? Знаат ли тие кој е Захаријадис и кој му беше учител? Знаат ли дека нивното писмо во рацете на Захаријадис е нож вбиен во нашиот и во грбот на нашиот народ? Знаеја ли дека нивното писмо во рацете на Захаријадис е обвинителен акт против народот во чие име го напишаа писмото? Знаеја ли дека и тие се вклучуваат во осудата и пресудата? Знаеја ли дека и најдобронамерната забелешка во рацете на Захаријадис станува доказ за обвинување? Штом Захаријадис за тоа писмо зборуваше со толку голема лутина и бес, со толку големо омаловажување, мора во него да има многу големи вистини. Ни рече дека ќе ни го дади писмото да го прочитаме, да се запознаеме со неговата содржина. Ни го даде? Не! А зошто? Умиш ли зошто не ни го даде? Само таму каде се зборува вистината има големо и жестоко противење. Токму такво писмо му требаше на Захаријадис. Токму со таквото писмо тој ќе ги оправда своите грешки и виновниците ќе ги бара меѓу нас. Токму тоа му треба на Захаријадис и на тие околу него. Сега сме на раздрум. Сега, ете, станавме НИЕ и ТИЕ, скарани браќа. Не извалка со многу валкани зборови и НИЕ оттука и ТИЕ оттаму, сега со уште поголем жар ќе продолжиме заемно да се валкаме со уште повалкани зборови… Зарем дозволено е така слепо, без разум и разумисла да се верува и таа вера да им се пренесува и всадува на други? Многу, море премногу бевме и сме послушни… Памтиш, на одење, тој, Лазо ни рече – од денес ќе го слушате Захаријадис, значи КПГ. Послушавме и ете до што стигнавме. Други ни пресудија, а ние си ја потпишавме пресудата.
Слушна ли што рече Захаријадис, мавтајќи ни со прстот пред нос?
“НОФ – рече – беше агентурна организација која го попречуваше спроведувањето на линијата на КПГ… Вие не бевте искрени кон КПГ и не ни помогнавте…” Си го слушнал ли мудрецот? Тој ќе ни создавал Македонија со резолуции и пленумски одлуки од кои уште мастилото на се исуши, тој се откажа… Си го слушнал ли?! – подвикна Коле и се загледа во очите на Крсте. – Еве, јас тука, во оваа стара излитена тетратка точно запишав што рече тој.
“Историјата докажува – тврди тој – дека НОФ покажа многу празнини и недостатоци. Во НОФ, бидејќи не се раководи од партијата, се појавија малограѓански и шовинистички тенденции”.
И тој, Захаријадис, го најде решението. Целата саможртва на Македонците тој ја смета како заслуга на КПГ. Без срам и перде, отворено ти вели – па, другари, тука нашата партија згреши.
Прерани беа условите. Згрешивме, но си ја признаваме грешката, вели, и тука е нашата сила, силата на партијата која ги признава своите грешки. А знаеш ли ти зошто Захаријадис толку многу им е лут на Керамитчиев и Гоце? Не знаеш? Јас ќе ти кажам… Тие двајцата божем му ветиле дека ако им дозволи да одат во Скопје, тогаш тие ќе мобилизираат некаде околу пет илјади пребегнати Македонци од Егејска Македонија и организирано ќе ги пратат тука. Наместо тоа тие почнаа со голема критика на политиката на КПГ спрема Македонците и македонското прашање… Захаријадис се разбира не го заборави нивното ветување и кога ја подготвуваше битката за Лерин, во Скопје ги испрати Манговски, Митровски и Марика на чело со Порфирогенис со цел да ги потсетат на тоа што го ветија и да почнат со мобилизацијата. Се разбира Керамитчиев и Гоце не само што откажаа да ги мобилизираат пребегнатите Македонци, туку ја подложија на остра критика целата политика на Захаријадис…
-А ти, Кољо, од каде ги знаеш сите тие работи? – праша Крсте.
-Од каде? Кажуваат… Марика, која со нив беше во Скопје, таа кажуваше… таа кажа како ги пречекаа и што им рекоа…
Захаријадис беше готов се да направи, да ги исполни сите нивни барања само да ги добие тие пет илјади нови борци. Не ги доби…
Немаше од каде да ги пополни големите загуби од битките за Воден, С’ботско и Лерин. И што направи? Оној истиот Порфирогенис го испрати да ги мобилизира децата…
-Сум слушнал… Пратија едно десетина и во мојата единица.
Јас ги вратив во Преспа…
Кољо замавна со рака и налутено го прекина:
-Ти можеби ги врати, а ама тие ги пратија на Мали-Мади…
-И за тоа сум слушнал…
-А, бре, сите ние за многу работи сме слушнале и слушаме и набравме вода во устите… Зошто? Зошто само слушаме и… и чекаме да не пофалат? Пет дена пред да почне конгресот на НОФ во Нивици еден од неговите сенки, Барѕотас, пред политичките комесари на ДАГ од реонот на Вичо ете како не фалеше:
“…Словеномакедонците, борци и офицери, се едни од најдобрите борци на ДАГ. Тие се бореа и се борат јуначки. Но, во последно време имаме доста дезертерства од редовите на Словеномакедонците, а особено Словеномакедонките… - Слушна ли? Не по чело, туку по теме… Со едната рака те гали, а со другата ти врзува шлаканици. И подолу тој вели: - “На што се должат тие дезертерства? На големите тешкотии што ги минува славомакедонскиот народ. Тој херојски народ даде се, ги даде своите деца, својот имот, своите куќи. Секоја куќа има по еден ранет или по еден загинат и сето тоа не можеше, а да нема одраз кај славомакедонскиот народ. Тие тешкотии ги користат некои непријателски и разбивачки елементи и внесуваат раздор во работата…” И знаеш кого најдоа крив? Слушај што рече тој натаму. Точно имам запишано. “За да ги пребродиме тешкотиите и да ги совладаме акциите на разбивачките елементи – човекот сигурно мисли на некои од НОФ – треба да ја развиеме нашата политичка и разјаснувачка работа меѓу словеномакедонските борци и нивните семејства. Последните денови, единаесеттата дивизија презеде една добра иницијатива. Испрати многу свои раководни кадри кои зборуваа на разни конференции по селата – а ти речи си ги плашеа луѓето – при што ја осудија паролата. “Одете си во Југославија за да се спасите” и го повикаа народот да се бори против тешкотиите…” Ете, умиш ли? На тие најдобри и јуначки словеномакедонски борци и офицери и нивните семејства требало да им се каже дека политички не се зрели… И погледни ли какви не имиња ни залепија… Еднаш не викаат Македонци, друг пат Славомакедонци, па Словеномакедонци… Ова не е од незнаење, туку од добро сметање… А тој, Захаријадис де, во очи ни плукна кога рече дека меѓу НОФ и КПГ немало никаков договор… Имало, имало, ама тој сака да не убеди дека немало и ние во име на партиската дисциплина ќе речеме, се разбира другар Захаријадис, немало. А јас имам запишано во оваа тетратка… ете, најдов, имам запишано дека договорот за обединување на НОФ и КПГ е склучен на 14 октомври 1946, а на 21 ноември истата година НОФ заедно со сите македонски одреди се стави под раководство, значи под контрола на КПГ. А знаеш ли тогаш што бараа нашите?
Раководни места за раководителите на НОФ… Секретари ваму, секретари таму и по некој командант на одред. А што направи КПГ откако НОФ го стави под контрола? Се им вети на нашите и потоа ги расформира македонските одреди. А Маркос веднаш почнал да праќа радиотелеграми со молба македонски борци да бидат пратени во Тесалија и Румели за да помогнат таму да се развие партизанството. И така една единица од костурско-леринскиот и една од воденскиот крај, со по над 1000 борци добија наредба да одат таму. Се разбира си зборуваа македонски и пееја наши борбени и револуционерни песни. А знаеш како ги примија?
Како туѓа војска! Се растурија гласови дека дојдоа странци… Се распишаа грчките весници дека дошле Бугари и на тие од Тесалија и Румели не требаше повеќе да им се објаснува. И наместо да одат кај партизаните, тие бегаа во градовите. Се направи голема штета.
На нашите им забранија да зборуваат македонски и да пеат македонски песни, а на Румелјотите и Тесалијците мораа долго да им објаснуваат дека дојдените партизани се грчки партизани, ама ендопје од Северна Грција… Мораа бргу да ги враќаат нашите кои таму одвај спасија глава… Захаријадис истото ни го направи и со КОЕМ. НОФ вели тој, има народно-ослободителни стремежи, но му недостигаат комунистички идеи и комунистичко раководство кое само под правилното раководството на КПГ допрва ќе го поведе македонскиот народ кон победата… Си го слушнал ли тоа?
-Да, бре, сум го слушнал…
-Си го слушнал, ама дали си го разбрал, дали си го сфатил? А кога е за НОФ да ти го кажам и ова. Парцалидис, оној кој сега е претседател на привремената влада, гостејќи се со печен крап во една куќа во Нивици, зборувајќи за Вториот конгрес на НОФ, им рече на своите другари дека да го сметаш НОФ за рамноправен соборец на демократската армија и на револуционерното движење е прашање кое во најмала рака е во надлежност на психијатрите…
Ајде сега ако си умен, кажи ми со кого се фативме, кога за нас така си мисли нашиот претседател? Слушнав еднаш како генералот Кикицас му се истопори на Вландас.
-Што мислиш – му вели Кикицас – на овие македонски простори ќе имаше ли национален отпор против окупаторите? А дали денес, сега, ќе имаше ли движење? Ти најдобро треба да знаеш дека токму тие кадри кои денес се извалкани во тефтерите на Бирото А2, токму тие тука го формираа движењето, тие се тука препознатливи, ним им верува народот, тие имаат влијание и доверба и кај народот и кај борците. Без нив тука немаше да има отпор и на овие простори немаше да постои ДАГ…” И не можеш, а да не си го поставиш прашањето – дали тие, кои и дома и на училиште, во црква и во војска, нас од новите предели, нели така не викаа пред дваесетина години, ги учеле да не мразат и презираат, ќе умеат ли да не почитуваат? А што ако ова не успее? Дали тогаш нема целата вина да ја фрлат врз нас? Или ќе не сакаат се дотогаш, до кога ќе им бидеме потребни?... Слепило…
Така понекогаш си мислам и си велам – дали слепилото не е нашата најголема волест? Или заемното валкање и кодошлакот?
Што мислиш?
-Јас сум воено лици и мое е да извршувам наредби, а не да мислам – одврати Крсто и, свртувајќи се, испружи рака и го довлече ранецот. Извади од него половина пешник црн леб, глава кромид и со финскиот нож отвори месна конзерва. Се расече на парчиња и рече: - Повели, масата е поставена, ручекот е готов. Се што велиш можеби е вистина, ама не е и причина да не јадеме…
Коле ја затвори тетратката и, ставајќи ја во ранецот, праша:
-Го гледаш ли врвот?
-Да, го гледам…
-До таму стасавме… А што има зад врвот?
-Сакаш да знаеш што има зад тој рид? Па се разбира дека има удолница…
-Е, токму по неа тргнавме…
Коле се загледа во небото и рече:
-Глеј го, соколот, се уште кружи…
-Кружи – повтори Крсте – ама не е сокол туку авион… Авион е… Од оние кои по цели денови гледаат од горе и им пренесуваат на своите што правиме ние во планините и ридовите… Им велат таму и таму има нови бункери, нови ровови. И тие таму на своите карти нанесуваат, значи ние самите им велиме – еј, вие таму, тука сме… Да… Две и половина години владината војска не можеше да не извади од Вичо… Во офанзиви со многубројна војска и со многу топови не биеше ама да не извади оттука не успеа… А знаеш зошто? Затоа што тогаш не се криевме во бункери и не водевме војна од ровови. Непријателот го биевме таму каде што сакавме ние. Лани на Грамос му објавивме фронтовска војна и не биеше таму каде што сакаше тој. И не извади од Грамос. И сега ќе не бие таму каде што ќе посака тој… Умиш ли?
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/golemata-izmama/18 на 29 октомври 2026