Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

The Great Lie

БОРБА ПОБЕДА НАЦИОНАЛНО ОСЛОБОДУВАЊЕ - Part 02

Од Петре Наковски · Дел 14 од 29 · Околу 23 минути

Читај на English

-Ако ја нема, тогаш запиши ја на моја одговорност. Јас го правев списокот и дај ми го да ти се потпишам! И немој да ми го заборавиш името, разбра? Евгенијо, одиме. А ти немој да се плашиш, нема да му кажам на твојот претпоставен кој ми е многу добар пријател. Здраво и збогум…

* * * Во текот на вечерата Вера непрекинато избираше зборови кои треба да бидат вткаени во содржината на говорот што треба да го одржи Евгенија. Како што мониста се избираат и нижат на врвца, така таа ги избираше и ги редеше зборовите по значење и моќ на одраз и влијание кај оние кои требаше да ја слушаат.

- Евгенијо – се огласи откако го извади рибиниот трн што и се зари меѓу забите – на секој збор треба да му дадеш моќ, боја, значење, топлина, ведрина и од сите зборови треба да зрачи вера и верба кон нашиот водач и кон партијата и НОФ, сигурност во победата и надеж во нејзиното брзо доаѓање… Доврши си ја вечерата и легни си. Јас ќе појдам до бирото да се видам со другарите и другарките од советот.

Утредента Вера и Евгенија прво отидоа да ја разгледаат селската црква Света Богородица каде по два дена треба да се одржи конгресот. По селските калдрмисани сокачиња вриеж од луѓе, меѓу кои и многу во воени униформи. Обесени на огради, балкони и прозорци, се ветреа покривачи, веленциња, шинели, стари војнички ќебиња, најмногу со италијански и грчки ознаки, а во дворовите, распалени огнови над кои во големи казани вриеја најразновидни алишта.

Пред црковната врата – стража. И тука проверка на пропусниците. Евгенија очекори праг и се скамени од чудо. Сврте вџашено лице кон Вера и со засркнат глас ја праша:

-Ами што сториле од ова свето место? Зошто со бели чаршафи ги покриле сите ѕидови, та ниту еден светец не се гледа? Ами види што направиле од олтарот!... Пред што да се прекрстам?

Вера се потсмевна и ја праша:

-Пулиш што има таму?

-Каде?

-Таму каде што беше олтарот. Пулиш?

-Да, ама нема светци… А кои се тие на голмите кадра? – со изненадување во гласот, праша Евгенија.

-Тој со мустаќите е Сталин, најголемиот водач, а тој до него е Захаријадис.

Во очите на Евгенија – одраз на вчудовиденост… Не изусти ниту збор. Излегоа. Евгенија се загледа во ведрото претпладневно мартовско небо и без да откине поглед, тивко прозборе:

-Тука, надвор, полесно се дише, нели?

-Ех, мори Евгенијо, побрзо би те научила да читаш и да пишуваш отколку говор да држиш… - ја кореше Вера. Веќе втор ден ја учи како да зборува. – Гласот да тие одлучен, борбен и смел, напаѓачки и остар и кога ќе зборуваш за англоамериканскиот империјализам – да зборуваш потсмешливо. А погледот, погледот Евгенијо, кога ќе зборуваш за непријателите, да ти е безмилосен, молскавичен, искри да летаат од твоите очи. Глава гордо да крениш и пред себе да погледеш убиствено, одмазднички, огнено, луто, орловско и презриво… А кога ќе погледеш на првиот ред каде што ќе седи дргарот Захаријадис, ќе гледаш со устрем ама умилено, благо, срдечно како од уста мед и млеко од пиле да ти течи… Немој да заборавиш. Значи рековме за гласот и за погледот.

А сега за движењата. Тие, движењата на главата, а најмногу на рацете, Евгенијо, да се достоинствени, одлучни, избувливи, гневни. На пример кога ќе зборуваш за борбата, тогаш високо ќе ја кренеш левата рака, запамти, левата, а не десната, прсти во тупаница ќе стегнеш, на исток ќе се свртиш, на исток реков, зашто таму е Вичо и силно заканувачки ќе ја тресеш тупаницата…

-Чекај, чекај – тивко замоли Евгенија. – Ами во црквата на исток е олтарот, Богородица… Зарем ним да им се заканам? Тоа е грев, голем грев е на Богородица да и се закануваш…

-Добро, немој на исток…

-А на запад?

-Господ да чува! Таму е Албанија. Ќе го навредиме Енвер Хоџа.

-Па тогаш на север?

-И таму не може… Ќе им се закануваш на нашите македонски браќа?

- А на југ?

-Чекај да помислам. Што имаме на југ? На југ оттука го имаме седиштето на Главниот штаб и на Централниот комитет. Знаеш, најдобро ќе биде многу високо ти да не ја дигнеш тупаницата.

Така малку над главата. Така ќе биде најдобро… Аха, добро запамти! Да не заборавиш повремено да прекинеш и да извикаш по некоја парола за другарот Захаријадис, за борбата, за ДАГ, за борците. Прво и прво да извикаш парола за другарот Захаријадис, него прво да го поздравиш со топол и сладок глас… да кажиш за него дека тој е најголемио и најсаканио син на славомакедонцкио народ…

-А зошто, мори Веро, да не реча на македонцкио народ, та нели ние сме си Македонци?

Вера налутено ѝ одговори:

-Ти да велиш како што ти велам јас. Тоа што сме, тоа сме, ама сега политиката на партијата е таква и сака и таа и Захаријадис да сме Славомакедонци. Штом така вели Захаријадис, така треба да ести. Тој најдобро знае што е добро…

-Можи да е така – по подолго молчење се одгласи Евгенија – ама ние по дома, во селата и таму горе во планињето само така си се викаме – Македонци… А сега ти ми велиш дека сме некои…

-И немој, клета, проклета, да го спомниш Тито или Лазо. Ги спомна ли, ни отидоа главите во калта. Ќе памтиш?!

-За мојата ќе памтам, ама за твојата не сум сигурна… -Евгенија се насмевна гласно.

-Да памтиш… - замоли Вера.

И наредниот ден, од самото утро, па до пладне и попладне, тие двете, една до друга, тргнуваа по тесните калдрмисани сокачиња, преминуваа отаде буништата, слегуваа долу и, одејќи покрај поилото разматено од говедата и полно лепешки, го фаќаа езеркиот брег. Тука беа подалеку и од ушите и од очите на тие кои на секој чекор и на секој ќош –чуваа и слушаа, а потоа кажуваа и поткажуваа, а жените кои носеа маси, столови, распалуваа фурни, месеа и готвеа, растресуваа покривачи, веленциња, рогозини и перници, погледнуваа скришум и, шепотејќи, се распашуваа, та се чудеа, што ли толку скришни работи зборуваат Вера – неа тука во Нивици сите ја познаваа – и таа непозната жена? И терајќи си ја својата работа, умот не им бегаше од Вера и непознатата, кои сега седнаа крај брегот, ги собуја чорапите и ги пикнаа нозете во студената езерска вода.

-Ама Веро – свртувајќи глава настрана, се огласи Евгенија - и нозете и чорапите ти смрдат како на пцовисано… Фрли ги во водата зашто орли ќе не попладат, жими Богородица…

-Ајде, ајде де, не туку се жали. На борците им личи и такви да се… Знаеш ли ти од кога не сум влезена во вода? Толку сум миена и перена, колку што ќе ме наврне дожд…

-А езерото, малку ли ти е езерото?

-Не ми е малку езерото, ама времето ми е малку. Ете за пример, јас наместо убаво да се измијам и подмијам со топла вода, тебе толку многу време те учам, а уште не сум те доучила… А знаеш ли ти колку време е потребно за да го научиш овој наш народец?

Таква е нашата борба…

-Да не сакаш да речеш валкана?

-Ова, Евгенијо, што го рече, мене ми личи на контра… Чувај се што зборуваш, зашто за такви работи се оди во Дреново, под ѕид…

- се закани Вера.

А Евгенија како да не слушна ништо, триејќи ги нозете со песок и, фрлајќи врз нив вода, продолжи:

-Ние, Веро, таму во трапиштата и во коријата од каде носиме трупци, кога само ни останува малку временце, фрас вода по лице, на чело, врат, под мишки, меѓу нозе. Толку сме чисти, што дури и мува не прелетува покрај нас. А околу тебе и оние другите горе, на!.. –Евгенија покажа на големиот нокт – олкави муви се вртат…

Ете, прашај го Ристо…

-Кој Ристо?

- Ристо, тој што ни е командир. Тој секогаш ни вели – да се миете за да не смрдите. Срамота е, вели, жена да смрди…

-А тој, како го рече, Ристо, тој мустаќлијата ли, да не е тој малку женкар? Да не потфаќа некоја таму во коријата, во доловите, во трапиштата, та бара од вас да сте чисти и да не мирисате на пцовисано, а?

-Ама, Веро, имаш погана уста. Тој, тој ни е како Ристос, мори?

Си слушнала за Ристос, нели?

-Пушти го ти Ристос. Да си седел тој мадро, немаше да виси на кол. Тој не бил револуционер како нас, туку сакаше со добро, со добар збор. Ете, затоа му ја ебале мајката Евреите и го ставиле на крст со помош на Италијанците. И немој повеќе да ми зборуваш за муви и… Ние и против нив се бориме. Против сите се бориме кои ни застануваат на патот кон светлата победа. Толку денови те учам и ми изгледаш сосема ненаучена. Види ја ти неа и Ристос ми го замеша! – налутено подвикна Вера и фрли камен во водата. – Виде? – таа покажа на местото каде во водата падна каменот. – Така ќе напрајме со сите наши непријатели… Виде? Глук и го немаа…

Евгенија се поднамести, ги прибра водените чорапи и кога се обиде да стане, Вера ја праша:

-А ти, каде?

-Ќе си одам кај жените. Мене таму ми е местото. Да им помогнам да перат, да месат, да зготват, вошките да ги истресат…

Земи си некоја друга и подучија како да шири перја… Јас, Веро, во ова што го викаш борба, не влегов слепа. Дадов се што имав, а и сега да имам, пак ќе дадам. Ја имам само душата, а и неа сте готови да ми ја земите… И неа ако ми ја побарате, ќе ви ја дадам…

-Ајде, ајде, седи тука и миј се. Кој е позаслужен од тебе?

Никој! Затоа само ти заслужи утре да зборуваш на конгресот и тоа пред Захаријадис. Ти зборувај како што те учев и сите само тебе ќе те фалат. Ајде, крепи шега. Борбата и тоа го бара. Ме разбра?

-За разбирање јас многу разбрав, ама што и колку разбраа некои други, не знам…

* * * Попладнето, вториот ден конгресот, следеа поздравните говори. Вера застана зад говорницата, причека додека стивнаа ракоплескањата и најави:

-А сега конгресот ќе го поздрави другарката Евгенија, која е примерна во носење ранети, копање ровови… Ајде, другарке, Евгенијо, повели, да им раскажиш на сите како ти се бориш со крвниот ни непријател… Ајде, повели, дојди…

Евгенија, срамежливо, со скоро наведната глава се исправи и полека појде на кај говорницата. Вера ѝ подаде рака и, наведнувајќи глава до нејзиното уво, прошепоти:

-Чувај, пуста, да не падниш, та кој ќе ти ги пули греојте…

-Не се плаши… ме држе нозете… не се плаши… оди си на местото…

-И како шо ти реков - настојуваше Вера – кротко, само кротко, многу кротко… и почни така, како што те учев…

Евгенија замижа очи, чиниш на овој начин сакаше да потврди дека се разбра и полека појде кон скаличките што водат кон говорницата. Застана за миг, погледна во салата и ѝ се пристори дека пред неа се седнати небројни луѓе. Зачекори на сцената и некој ѝ покажа да оди кон говорницата. Погледна на сите страни.

Чувствува дека нозете во колената ѝ се кршат, омалакса, грлото ѝ се стегна. Пак погледна во салата. Во првите редови ја здогледа Вера која, мрдајќи со глава, ѝ дава знакови на охрабрување.

Пријде полека до говорницата и се потпре на неа. Погледна. Во првитот ред - седат Захаријадис, Митровски, Јоанидис, Барѕотас, Гусјас, Којчев, Вера. Освен Захаријадис, сите кои седат во првиот ред, имаат ставено нога врза нога и им болскаат светнатите кожени чизми. Во вториот ред – командантите на бригади и баталјони. Ги препозна Пандо, Ламбро, Насо, Ахилеа и колку понатаму гледа –гледа предвреме остарени мажи и жени во црно.

Црнило и мрак ѝ удрија в очи. И кога забележа дека сите неа ја гледаат, во грлото почувствува грутка. Никогаш толку очи не беа загледани во неа. А најпродорно и најупорно во неа е вгледана Вера. Нејзиниот поглед небаре ја пронижува, ја пробива и само за миг се обиде да открие што ли уште од неа сака таа жена, ама не може да разбере дали во нејзиното лице и насмевка се собрани сите стравови и сомнежи и во тој миг кон неа почувствува неизмерливо сожалување. Се искашла и тивко, со глас на молење, таа изусти на својот костурски говор:

-Другари и другарки, драги и мили куманданти и борци на ДАГ, големци на партијата. Ве поздраввам свите јаска Евгенија, свите шо сте туа и вас шо сте о планинте на позиција, и вас шо лежите о болниците де си ги лекувате тешките рани и све шо ви е раносано… ве поздраввам јаска Евгенија за која веле дека најмногу ранети има носено и гренди и дрва и камења има клавано и ровои има копано… Ми рекое, така ми рекое, јаска од името на такви како јаска да држам тука лаф, на конгесо, де. Му реку јаска:

ами јаска се проста сељанка, од де дур де јаска да држа лаф пред големи људје, пред герои на ДАГ… јаска знам да ора, да жнеа, да меса, к’шча да спастра… Така… Деца јаска изроди и издои.

Здрави и големи порастее… Големи, златните, да ми се живи и здрави и вашче, да дај Госпу да се живи и здрави… - Евгенија за миг прекина, погледна на црковниот таван и ѝ се пристори дека оттаму со широко отворени очи ја гледа Христос Седржителот и сакаше да се прекрсти, да се помоли, ама ѝ текна дека Вера вчера ѝ имаше речено: - Немој, ленда, случајно да се прекрстиш зашто ќе ги навредиш сите комунисти… - И место молитва, Евгенија ја голтна грутката што ѝ беше застанала в грло и продолжи: - Здрави и големи порастее на, дур таму горе порастее и о борбата влегое, а помалите, помалите ми ги… велам се најдве о државите, о тие со… ка се веле… аха, републиките со народна демократија…

Истина е… Две години носам ранети, гренди, копам ровои, ама не се сама. Со мене се многу, свите ка и јаска се со окапани рамена и со фултаци на р’ците и на нозите, ненаспиени и недојадени и жедни и раносани и некои останати таму о Бела Вода, на Мали-Мади, на Лунѕер и на Буковик и на другите боишча, а многу и надвур од Лерин и о самио Лерин… Сполај му на Госпу Бог и на Богородица, ме сочувае жива и здрава и ету јаска се туа пред вас и ви држа лаф. Ами за шчо да ви говора? Подобро ми е ушче енаш да ви реча да сте живи и здрави, а не да ви говора. За говори има други. Тие подобре знае да говоре отколку да носе гренди и ранети, да копе под бумби и топојте кога грме и мурталезте кога вие…

Вера потскокна и со рацете и дава знак да помине на главното.

Евгенија го забележа тоа и почна:

-Па јаска помногу сакам да ме опитвате или подобро јаска да опитвам. Ама прво тоа да ви кажам. Два дена, Вера, другарката шо седи таму о првио ренд, два дена, мене простата, ме учеше како да држам лаф. Ми рече прво и прво и најсетне да го поздравам најголемио, најумнио и нај… - тука Евгенија заборави што беше тоа трето нај… За миг прекина, размислува, се измачува и не може тоа нај што некако несакана испари ли испари од нејзината глава… Што беше? Вера ѝ даде знак, скоро викна:

-Син, син…

-Така, ету, ми текна… и најголемио син, така де, син, најголем син кој не води од бој до бој за да се биеме… - а Вера од долу избројува на прсти – и од победа до победа и за тоо да ни е здрав и жив и умен за да не води од бој до бој и до…

-Да живее другарот Захаријадис! - силен и продорен глас, некаде од средината на црквата го прекина говорот на Евгенија.

-Захаријадис, Захаријадис, Захаријадис! – грмна црквата, сите застанаа на нозе, долго ракоплескаат и го извикуваат името на нај- нај синот.

Евгенија првпат слуша толку громко викање. Се созеде и кога потстивнаа викањата и ракоплескањата, таа продожи:

-Да ни е жив и здрав и тој и другите да се живи и здрави. Јаска од туа добро го пуља. Си седи тој мирничко о првио ренд… и ми пули право о очите. И јаска од туа го пуља право о очите и право ќе го опитам…и…и сакам да го опитам, другаро Захаријадис. Да го опитам за многу нешча шо ми греде о умо кога на носилка, на черга или на шинел ги носам осакатените момчиња и чупки, некои ми умирве о р’ци, ме моле кога се жедни и гладни, кога не може да оде зашчо му се замрзнати или раносани нозите, тогаш секогаш си веља: каму ли еден ден да го сретнам и да то видам, па да го опитам тој прочуен, умен, храбар, како шо се вели, мил и сакан Захаријади, и да го опитам не само за мене, ами и за многу мајки, шо не се туа, шо се од’нде синорите и шо се по планињето и шо терат пред себе товарена стока да носи горе високо о планињето – ридјето вода и леб и куршуми и бумби преугоре и преудолу ранети и шо закопве уморени и умбрени и шо плаче и шо моле шо си откорнве косма кога шепнешкум одоколу ги поплатва новинта дека му загина чендото, да го опитам: зошчо, бре Захаријади, зошчо ние и дење и ношја да си имме голема страв за чендата, за дома, за берикето, за добитоко, за блиските и најсаканите. Пред нас и зад нас, бре Захаријади, само црнина пулиме, само страв, само трепет ни го стегва срцето, само лошото врти окол нас. Да не реку нешчо лошо? А ти, Веро, оттаму, од долу, не ми покажвај з’мби и доста мрдај со р’ци. Шо ме учеше јаска забораи… жими кресто златен… Остај ме сега да си кажа јаска од срце… болка да излеја, да ми олесни зашчо така ми рекоа и жените… ми рекоа тие, Евгенијо, да не се будалиш кога ќе зборваш пред сите таму на конгресо, туку прао, напрао да кажиш и да опиташ… Све од нас и за нас… И, ету јаска, туа на конгресо ка шо ми рекоа жените – мајки и вдовици, сакам да кажам све шо се насобра туа о душата и о гр’ндите и о срцето, а не о умо, заш немам ум за да умам ка шо уме големците… од срце и од душа и од болка и од горчина и од чемер истеква мојо лаф… Да не реку нешчо лошо? Ако веља лошо, речите, јаска ќе си зам’лкна и ќе си седна таму долу… реку нешчо лошо?...

Евгенија прекиа. Замолкна црквата. Чемрее во вчудовиденост и страв, чиниш уплав ја фати…

-Шо барам, бре Захаријади? – како со нож се пресече тишината, нејзиниот глас небаре грмна во црквата. – Деците и чупите ги растеме за стопани и стопанки, за зетои и невести, ги учеме нас да не одмене кога ќе си остариме, а вие ни ги собрате, аскери од ними сторите, ги учите да уморве, рофја да ве умори!...

Така рече Господ севишен? Така ли? Чупите наши осакатени лежат по болници… некои се без нога, без рака… како ли ќе поведат невестинско оро. А ние за невести ги готвеме… За невести, бре Захаријади, за невести… А сега чупите и деците прерано ни пораснае по планинте и ти, бре Захаријади и вие, бре, кумадантите шо сте туа, се гордеете со тоо шо тие се аскери, како шо велите – борци, а ние умирваме од страв… лоши новини секој ден не поплатве… Борци, велите, ги направите, нели, шо знае да уморве… Така вели Господ? Така ли? Чупите наши осакатени, бре, Захаријади, како дете – прваче ќе држе, како вода на стар татко и свекор ќе му даде, како по вода на чезма ќе оде? Како стомна ќе држе, како ќе месе, како ќе ткае… На патерици се потпирве, такви виду о Елбасан и таму по другите болници…

Долу, во првиот ред, Вера лудува. Искривува образи, шири очи, покажува со дланки, крши прсти… - Доста – шепоти таа – доста, кучко, замолкни, пукни, пукни да дај Господ, да онемеш…

леле, шо ми стори, леле шо требаше тебе да те изберам, онеми, кучко… - Се заканува таа. А Евгенија само за миг прекина.

Одврза црна шамија, се растури врз рамената долгата веќе посивена плетенка. Избриша чело и образи, тешко голтна плунка и со ист глас продолжи да прашува:

-Ами, бре, Захаријади, за тоо ли ги собрате дечките наши за да ги врните па? Па тие дури ниту тонѕина не пораснае, а ги собрате… лошото да ве собери! – Вера потскокна, та придушено викна:

-Доста! Слези долу!...

-Не, не Веро, не се тоа душмански лафои… Некни Доновица си го виде сино, одвај наполнети петнаесет годинки… А вие ги собрате дечките и ги врнате туа о Преспа за аскери да и прајте… А што ни велете? Зошчо, бре, Захаријади? Та нели ти ни рече све за победата да дајме, така ни рече. Пошчукаме и дадоме све. Рече свите на оружје и свите сне на нога. Така сториме како шо рече. И празни и пусти ни се селата, о к‘шчите наши пајаци пајажини плете… Зошчо, бре, Захаријади? Нели ти рече: дајте за борбата све шо имате. И ние све дадоме. Нели ти рече: на Вичо непријателот да не помини. И ние прајме све за да не помини. Цели ридје и планини изораме, од туа до таму ги прекопаме, гл’мбоко о ними се пикнаме. Ровои и бункери со татуи р’ци ископаме и подигнаме Нели ти така рече, бре Захаријади, и така направиме. Бункер до бункер, ров до ров, на, до таму, дупки и мбоки глас да не се слушне. Кој нашите ќе ги извади оттаму? Не душман – непријател, ами врапче не можи да прелета. Нели ги рече така, та ние така сториме. И чрнина не покри. Види да видиш, бре, Захаријади, дали ќе видиш жена насмеена, жена радосна, жена о бело… О чрно облечени сне свите. Ношја, ка в’лчици, по месечина си ги доиме малечките скриени о шумата и по трапишчата. А потоа чекор по чекор со гренди камења на рамо – преугоре на Лунѕер, на Бела Вода, на Чука, на Лисец и друзите ридои… На мајките од мака му секна млекото, ама не и чекоро… И си имме, другар Захаријади, голем страв. Страв – дали денес или утре нема да не поплати и нова чрна новина. Само чрни новини слушаме и чрнина катаден падинва над нас. Реку нешчо лошо? Речите дали реку лошо? Ми рекое говор да држам. Ама јаска не знам говор да држам. Јаска си прикажвам од душа, бре, Захаријади… И ни велите сега дека победата е блиску? Блиску, ама за кого? Кој ќе ја тргни чрнината од нас? Велите победата е блиску, ама додека таа ќе дојди, ќе остани ли некој утре за да родва, за да подигне к’шча од пепел, за да распали огнишче? Огнишчата ни угаснае, бре, Захаријади… Шо беме не сне и шо сакаме да сне нема да сне…

Евгенија прекрсти дланки, преплете прсти, ги стави на говорницата, навали чело врз нив и се расплака гласно. Молк во црквата. Се чини дека и ангелите и светците од векови замолкнати, вчудовидени и понижени, поглед заковаа пред себе…

-Шо повеќе да реча, бре, Захаријади… Све сториме и сакаме да знаеме зошчо толку лошо не најде? Чрнината, бре Захаријади ни претежна и ја чекаме победата шо секој ден ни ја ветувате и ни ја носите, а таа пустата победа шо толку е блиска шо се помноту ченда ни зева и о се потешка чрнина не облеква, шо селата до под темел доизгорее… Блиска е, велиш, победата… Ама за кого е блиска? За нас? Дури и темелите од к’шчите ни ги нема, толку се израмнети од тие клети душмани… Блиску е велиш победата, ама кога ќе стигне ќе има ли некој да се радва, да гради, да ора, да сее, да родва, да пее, а? Опитвам: А???! Опитвам… И ми греди да плача… да заплача не само за мене, ами за свите мајки, за свите вдовици, за свите раносани и осакатени… Да заплача, заш туа, туа

– таа ги допре градите – туа ме боли… ме стега… ме гуши… Шо ушче да реча? Па да му реча на кумандантите да ни ги чуве чендата и од туа да му реча на чендата кои се горе на позиција:

инате многу поклонатие од вашче мајки кои ве проколнве и ве моле: чувајте се деца… да се чувате мили… Госпу Бог и Богородица златна нека ве чува… Толку од мене…

Тишина и во неа надвисна нејзината длабока, тажна, згушена, тивка и побожна воздишка. И во тој миг некој одново извика парола во чест на водачот и црквата грмна и заори.

Евгенија покри лице со дланки, налакти раце на говорницата и се чини дека се моли. А таа липти и липти и во липтеж и треперат рамениците нејзини и говорницата тивко крцка под големата болка… Кроце слегува таа по скалите кои одвај видливо се подвиткуваат под нејзините снеможени стапки.

Захаријадис стана. Се сврте кон собраните. Подигна раце и даде знак да престанат. Потоа се упати кон говорницата. Неговите чекори по лошо делканите скали од дабово дрво не се слушаат.

Заглушени се од извиците и ликувањето. Сите стојат, ракоплескаат, некој извикува нови и нови пароли. Само Евгенија, како некој кабаетлија, тивко, одвај забележливо седна на клупата подалеку од Вера, собра и стутка раменици. На нејзините долги црни трепки како бисери надвиснаа солзи. Ја забради црната шамија и лицето го покри со рапавите дланки.

Водачот застана зад говорницата. Гледа пред себе и далеку пушти поглед. Високо над сите и далеку зад грбовите на сите. На неговото лице – одвај видлива насмевка, чиниш таа се цеди низ неговите подзамижани очи. Вера одеднаш се качи на клупата и, свртувајќи се кон собраните, на сет глас викна:

-Да живее големио, мудрио, храбрио, достојнио и многу саканио син на грцкио и славјаномакедонцкио народ!

Крајот никој не го слушна. Се изгуби во громкото е-е-е-е и долго го следеа нови и нови пароли и фалби и се во чест на другарот Захаријадис. Тој сега беше најважен и најголем и само за него беше врзано се што се случи досега и што треба да се случи денес и утре.

Водачот гледа на големото платно со кое е покриен олтарот и врз кое е испишана главната парола и со неука рака нацртаните симболи: на преден план партизан и партизанка со устремен поглед и борбен чекор во напад, а зад нив планини и ридје над кои изгрева сонцето на победата и непоколебливата вера во водачот.

Пред нив експлозии на бомби и гранати, а тие неустрашиво чекорат победоносно напред. Не престануваат фалбите. Црквата Света Богородица во Нивици никогаш не виде толку развикани и радосни луѓе. Захаријадис пак подигна рака. Одвај видлива насмевка во неговите очи и, не чекајќи да се смири толпата, рече:

-Другари и другарки! Ете, денес, една обична, благородна, проста и добродушна Македонка, крв и месо од крвта и месото на својот многу напатен и многу настрадан славомакедонски народ, кој рамо до рамо, рака до рака, чекор до чекор се бори заедно со братскиот грчки народ за социјална правда и за ослободување од англо-америкаскиот империјализам и нивните домашни слуги…

-Долу англоамерикаскиот империјализам! – извика дежурниот паролаш.