Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

The Great Lie

ГЛАВА 22 - Part 05

Од Петре Наковски · Дел 29 од 29 · Околу 5 минути

Читај на English

“Амин” – повтори мракот и ридиштата, Амин, повторија запустените села и од гранатите осакатените дрвја. Така му се пристори на стариот поп, зашто наоколу никој не плаче. Ваму-таму земјата езерска се вдлабнува, налегнува таа меѓу мртвите, ги пригушнува, ги пополнува празнините.

Денот согоре. Кога во квечерината на небото се појавија првите ѕвезди и бледо одблеснаа во езерската вода, на Свети Ахил затреперија пламенчиња на свеќи што ги запали нечија рака. Во долгите и покорни молитви на попот тие треперат како долго очекуван одзвук на живот што се појави над ова мртвило.

Попот продолжи по патот за на кон Раби. Оди полека и без престанување го отпева опелото и кога дојде до “последное целование”, тогаш му затрепери гласот, чиниш самиот се преголтна. - Последное целование – отпеа, но никој не се приближи до мртвото преспанско поле. Застана на угорнинката скраја од патот, се сврти кон полето – гробница, подигна раце кон небото и прошепоти:

-Блажени нека се гладните и жедните за правда, зашто тие ќе се наситат…

Трипати се прекрсти, клекна и неколкупати ја допре земјата со чело. Стана полека, божем на неговите рамена се товарени сите тешкотии, маки, страдања и чемери на овој свет. Трипати пак се прекрсти стариот поп и велејќи “Во век-и-веков” тргна кон Герман.

Разбранетото езеро Мала Преспа, чие сино огледало два дена го кршеа авионски бомби, топовски и минофрлачки гранати и го расечуваа илјади вжештени зрна, полека се смирува и на брегот исфрлува трупови.

* * * Ѓорѓи не успеа да го премине Пероо, теснецот меѓу двете езера и остана во вителот на оганот. Тој успеа да се скрие во густите трски. Со раце ископа дол и се покри со песок. Оттука гледа како од обете страни на езерото и во самото езеро кипи дива, нагла, страстна, непомирлива, слепа, отворена и смртна, бесна и упорна како неразуздана стихија – борба за живот и како се повеќе се разгорува омразата и пизмата. Едните ликуваа, другите со последниот истрел се бранеа, а кога го снемува и последниот куршум, тогаш и во рацете на девојките-борци, болснува ножот, камата, штикот…

Дури утредента на пладнина се смирија водите. Од своето скривалиште тој гледа како ги собираат убиените и ранетите.

Квечерината, не подалеку од себе тој слушна тивко, изморено плачење. Ниско наведнат, тргна по гласот. Во трските, дополу легнато во водата, лежи момченце. На челото голем пивтосан струп, а на левото рамо рој муви. Го подигнаа и полека го изнесе на суво. Му го мие рамото и со парче од кошулата му го преврзува. Момчето липти, преплашено гледа во очите на Ѓорѓи, трепери. Тој клекна на колена и во мигот кога сакаше да стане, малку понастрана, само десетина чекори од него, во трските виде легнато женско тело. Го остави детето и појде. Иако лицето ѝ беше подуено, жената изгледаше млада. На образите остатоци од убавината. Има издупчени гради и големи, широко отворени сини очи. На прстот прстен меновник. Набабрени од крв се одлепуваат пијавиците. Бранот плиска и небаре го гали мртвото тело, удира полека, се враќа и одново ја заплискува неа, непознатата. До неа автомат. Ѓорѓи го откопча шаржерот. Празен. Во нејзината стегната дланка, чудно подвиткана под левата града, му се пристори дека нешто се крие. Ја отвори и во неа најде два патрона.

Изгледа, кутрата, помисли Ѓорѓи, не успеа да ги испука. Тој уште малку остана покрај девојката и потоа се врати кај момчето. Тоа легнато меѓу трските, како исплашено врапче гледа во спепеленото небо. Ѓорѓи го подигна и го однесе до врбјакот што расте скраја од езерото. Тука накрши гранки, ги собра под мишка и појде кај девојката. Ја довлече на суво. Со раце копа во песокот.

Ја покри и врз купчето една по една ги стави зелените гранки. Од сите страни стави камења. Клечејќи, се прекрсти. Се врати кај момчето. Легна покрај него и чека да падне мракот.

Кога на небото се покажа српот на месечината, тој го подигна момчето и држејќи го во своите прегратки тргна низ огромната гробница и кога само миг, без да го прекине растреперениот чекор, погледна кон небото, тогаш му се пристори дека и ѕвездите патуваат со него.

А зад него тивко, испрекинато бие селската камбана. Трипати и цела ноќ дам – дам – дам… ѕвони за секого по трипати во Имја Отца и Сина и Свјатаго Духа, АМИН…

БЕЛЕШКА ЗА АВТОРОТ Петре Наковски – романсиер и преведувач, е роден на 17 јули 1937 година во с. Крчишта, Костурско, Егејска Македонија.

Педагошки лицеј завршил во Полска, а Филолошки факултет во Скопје. Докторирал на Институтот за политички науки на Вроцлавскиот универзитет во Полска. Бил новинар во весниците “Вечер” и “Нова македонија”. Работел во Министерството за надворешни работи. Прв амбасадор на Република Македонија во Република Полска.

Член на ДПМ од 1989 година.

Автор е на повеќе раскази објавени во македонската периодика, како и на книгите: “Постела за чемерните” (роман, 1985), Македонски деца во Полска 1948-1968” (докторски труд), “И каменот е земја” (роман, 1988), “Големата удолница” (роман, 2003), “Големата измама” (роман, 2007).

Од полски на македонски има преведено и објавено 40 литературни дела и поголем број песни и раскази од македонски автори на полски јазик.

Добитник е на наградите “Златно перо”, “Кирил Пејчиновиќ” (за преведувачки опус), Нагадата на полските автори, а е одликуван со Златен медал за заслуги за полската кулутра и Златен орден на командоријата.