ГЛАВА 22 - Part 01
ГЛАВА 22
“До Политичкиот биро на ЦК на КП Грција Во слободен Вичо има жители од разни села кои кога ќе почне витката за Вичо, веројатно ќе сторат многу голема штета во позадината на ДАГ. Од досега собраните информации и проценки тие на нашите служби можат да им нанесуваат големи штети и за таа таква дејност да поттикнуваат други. Во текот на борбите тие веројатно ќе им даваат гостопримство на непријателските агенти (на монархофашистите и на Тито) кои ќе успеат да навлезат во позадината со цел да собираат информации, да вршат саботажа или да даваат сигнали за потребите на авионите и артилеријата на непријателот. Тие меѓу луѓето ќе фрлаат разни непријателски пароли со цел да го разбијат единството и сплотеноста… Ќе бегаат кај непријателот (монархофашистите или кај Тито) и ќе им даваат информации за борбените позиции на ДАГ и градењето бункери, како и за поставените мински полиња. Ќе поттикнуваат борци на ДАГ да дезертираат кај монархофашистите или кај Тито. Некои од селаните од овој регион беа фатени и затворени, но не поминаа пред воен суд поради тоа што по партиска линија добивме наредба нив да ги превоспитуваме со укажување на штетноста правена од нивна страна. Не применивме строги казни. Не можевме секој случај одделно да го решаваме и затоа најчесто применувавме колективна казна – тешка физичка работа при копање тунели за сместување на оружјето. Некои другари од судовите ни бараа изјави и докази што ние бевме во можност да ги доставиме, бидејќи нашите информатори најчесто бегаа кај непријателите, а воените судови без докази не можеа да излезат со судење пред народот. Ние бевме во случајот ограничени да даваме само совети и да ги следиме луѓето и да ја оцениме нивната одговорност. Така повеќе се определувавме да применуваме казни отколку судења од страна на воените судови. Од нашите информации може да се заклучи дека кога ќе почне непријателската офанзива, таквите луѓе ќе нанесат огромна штета на нашето движење и одбраната. Затоа предлагаме и бараме од одобрение сите тие луѓе (дополнително ќе доставиме и нивен список) да се соберат и да се испратат во позадината и за нивна казна да се одобри принудна работа со ограничување на можноста да пребегнат кај нашиот непријател Тито, да се организира соодветна служба за нивно чување. Во случај на бегство да бидат стрелани. Ние веќе имаме список на наши луѓе кои ќе бидат фрлени меѓу нив и кои за секого ќе прибираат информации. На овој начин ќе ја отстраниме опасноста што ни се заканува. Наместо да ги држиме изолирани, со што ќе бидат потполно некорисни, затоа предлагаме да бидат искористени како работна сила која сега многу и недостасува на ДАГ. Предлогот го поднесуваме поради тоа што сите тие елементи со започнувањето на воените операции на Вичо ќе се активираат.
Имаме уште еден предлог. Просторот околу граничниот сектор на одделението на народната милиција во Герман е голем во однос на силите со кои располага одделението (35 лица), предлагаме границата да се обезбеди со употреба и на други средства, како бодликава жица, ѕвонци, празни кутии од конзерви, мини и друго.
Со оглед на итноста молеме Ваше одобрение.” Захаијадис внимателно го прочита писмото на Бирото А2 и напладне во пештерата над Винени одржа состанок на кој учествуваа Барѕотас, Вландас и Гусјас. Политбирото едногласно оцени дека состојбата е сериозна и во врска со тоа се наложува потребата од преземање сериозни мерки. Истиот ден во запечатен плик писмото беше вратено во Винени. На маргината со големи црвени букви напишано:
“Одобрение и согласност имате, но не одобруваме вие да ја извршите целата замислена операција. Продолжете со следење.
Веднаш да се повикаат во Главниот штаб на ДАГ членовите на Централниот совет на НОФ.” По два дена, толку време беше потребно за да се најдат и да дојдат на одреденото место тие од НОФ. Во истата пештера, вечерта, Гусјас ги советуваше:
-Другари, јас по налог на другарот Захаријадис ве повикав за да ви го пренесам решението на нашето Политбиро и на Главниот штаб. Вам добро ви е познато дека наскоро ќе почне големата битка за Вичо. Морам да подвлечам, а тоа вие треба да го прифатите како добронамерна критика, се додека траеја подготовките за одбрана, вие другарке Вера, кога велам вие, јас мислам на целото раководство на НОФ и АФЖ, некако лежерно си ја вршевте должноста, долго и удобно се заседовте по селата во Преспа, барем такви информации ни доаѓаат од теренот, то ест некако како да спласна вашиот револуционерен и борбен елан…
Кај мене, мислам во Главниот штаб, стигнаа гласини дека во корештанските села ретко одите, велат дека таму ретко поминувате, па дури некои велат дека таму воопшто ве нема.
Сакам да ве известам дека ние тука, во Политбирото и во Главниот штаб сериозно размислуваме како да го заштитиме населението од Корештата и од другите костурски и лерински села. Да не заборавиме дека тоа население кое, како што има речено другарот Захаријадис, се бори со хероизам и самопожртвуваност и има дадено се за борбата што предизвикува восхит и поради тоа за време на офанзивата прво ќе стане жртва на непријателот. Затоа заслужува да биде заштитено. Ние му ја должиме таа заштита.
Токму тоа, другарки и другари – заштита и затоа ние во Политбирото и во Главниот штаб решивме вие од НОФ и од АФЖ заедно со сите ваши активисти да појдете во селата, да влезете во секоја куќа и да поразговарате со секој маж и жена, со секој старец и старица, значи со сите селани кои останаа во селата и да ги убедите да се тргнат од своите села. Да се повлечат зад линијата на фронтот. Ние тука во ЦК и во Главниот штаб долго размислувавме и ја согледавме опасноста што им се заканува на тие селани и оценивме дека таа задача вие можете најдовро да ја извршите, се разбира и со помош на народната милиција, бидејќи вам тоа население најмногу ви верува. Можеме тоа да го направиме и со помош на нашата војска, но нејзината улога е друга. Кога непријателот ќе ја почне офанзивата, тогаш нема да бие само по борбените позиции на ДАГ, туку ќе бие и по селата, по секоја куќа, а најмногу по куќите и по луѓето за тоа што тие целосно застанаа на наша страна. Токму затоа непријателот својата одмазда ќе ја насочи против нив, ќе врши невидени злосторства.
Тоа ќе го прави непријателската пешадија, полицијата, а најзлосторнички ќе се однесуваат паравоените групи. Тие нема да остават камен врз камен, секоја куќа ќе пламти и секој кој ќе биде фатен, ќе биде измачуван и убиен. Ние располагаме со точни информации за одмаздничките цели и намери на непријателот. И токму за тоа за да не настрада тоа население, ние мораме да го заштитиме. Прв чекор е да го извлечеме зад линијата на фронтот.
И вие тоа треба убаво да им го објасните, значи треба да ги убедите. Имено ќе им речете дека ги чека најлошото доколку останат во своите села во своите куќи. Треба исто така да им објасните дека на непријателот не треба ништо да му остават. Со себе да ја земат целата жива стока, волови, овци, кози, па дури и магарињата, да ги земат сите вредни работи што ги имаат, колку можат повеќе да понесат од покуќнината и храна барем за десетина дена. Толку време ќе ни треба за да го отфрлиме непријателот од Вичо и, се разбира, со себе да го понесат сето тоа што претставува поголема вредност – пари, злато, сребро, чекови… Собирни места ќе бидат селата Смрдеш, В’мбел, Брезница, Руља, Трнаа, Ошчима, Желево. Кога ќе го отфрлиме непријателот од Вичо, тогаш сите ќе си се вратат во своите ослободени села… Активирајте го целиот ваш апарат по селата, значи активистите на селските народни одбори, а таму каде ќе има отпор, во разјаснувачката работа лично да учествувате вие…
* * * Во доцните вечерни часови по селската калдрма затропаа коњски копита. Ване подотвори прозорче и со едното око виде како двајца коњаници застанаа пред неговата авлија. Тивко, бесшумно се повлече и го потули трепетливото и бледо пламенче на кандилото. Се врати до прозорчето. Коњаниците сега стоеја пред дебелата дабова порта опкована со неколку редови дебели клинца. Начули уво, наслушува, но не успева ништо да долови од тивкиот разговор. И одеднаш го стресе тропањето на дабовата порта и тивкото сподавено довикување:
-Ване! О Ване!
Глас на жена. Познат. Бргу ги облече волнените шалвари и, слегувајќи по скалите, со двете раце го опашува долгиот шарен појас.
-Ване! – пак истиот глас и испомешано поместување на коњските копита.
-Сега, сега… - Ване дроби чекор по дворот. Одлости порта и ширејќи ги двете крила, прошепоти: - Влегувајте…
-Здраво Ване. Жив – здрав? Како ти е домаќинката?
-Дал Бог добро, Веро, на нога сме. А домаќинката моја, добра е, само фатена е во колкот. Одвај да направи чекор. Ни да се исправи, ни да се помести. Ја осакати тоа носење трупци. Ајде, врзете ги онаму коњите и да влеземе в куќи… А вие… да ве опитам, што така ноќе? По некоја работа од вашите работи ве донесе патот или.
- По работа, Стојане, по работа и тоа голема.
-Да не е од онаа – со брадата Ване покажа на планините. – Ако е до мене, јас жими мајка, Бог да ја прости, нема да можам да одам. Нешто половината и вратот ме вртат, а и жената, за несреќа, ми е болникава…
- Не е за таму, Ване…
-Е, ако е така, тогаш повелете, повелете, право, по скалите горе…
На чардакот излезе Менка и, држејќи се за болниот колк, ги пречека дојденците.
-Повелете, повелете, добре дојдовте. Мрачно е, не се гледа.
Почекајте да донесам светлина…
-Не треба. Не сме за долго. Ќе позборуваме и ќе си одиме.
-Ако, ако… Влезете…
-Ние, Ване – го почна разговорот Вера – дојдовме по наредба на високото раководство. Знаеме дека ти, Ване, дека ти во селото си најумниот и најмудриот и најпочитуваниот. Ти ако тргнеш, тогаш сите ќе појдат по тебе и така и себе и другите ќе ги спасиш од лошото. Паметиш како беше тогаш, кога требаше да се изнесуваат ранетите од Лерин? Ти тргна прв и зад тебе целото село. Така е сега ти пак треба да тргнеш прв…
-За каде?
Вера пренесува што и рекле тие од високото раководство, објаснува, уверува, наговара. Ване врти со глава, одраз на сомневање ги сподави неговите очи, во секое треперење на лицето
– недоверба.
-Не, не одат така работите… - замислено рече Стојан.
-Не, не се прави така… - дофрли Менка.
-Што, бре вие двајцата, само контра ми одите? Не и не и само не! Како да не знаете ништо друго! Речено е сите да одат, па ќе одите и вие! - подвикна Вера.
Ване се исправи, искриви веѓи и, влечејќи го секој збор, рече:
-Ти мене многупати ми го имаш речено зборот контра, што ние не го разбираме. По твоите очи и по твојата уста се гледа дека тој збор е лош збор. И немој да ми подвикнуваш зашто не јас, туку ти си во мојата куќа! – ја исплука лутината и откако малку помолчи, дофрли: - Па ќе одиме, се разбира дека ќе одиме… Ама да знаеш дека ова ми личи на откорнување… Ако е така, тогаш Господ Бог нека ви суди, а од нас ќе имате само клетви… Зошто да не, се разбира дека ќе одиме… Сношти полн беше друмот од луѓе и стока… Ете, сега и нам ни дојде редот… Се разбира дека и ние ќе појдеме… Што да земеме, а што да оставиме? Цела среќа што лошото не ја зафати нашата куќа… Се собирало од прадедо, од дедо и од нас. Си велевме – полна ни е куќата и полна да им ја оставиме на чедата. Има ли полна куќа без чеда? Без нив празна е куќата… Што да земеш, а што да оставиш? Се е вредно. Во се има пот од нашите стари и во нивната пот е и нашата пот… Што да земеш, а што да оставиш?
-Највредното – дофрли Вера.
-Земјата – рече Ване – земјата е највредното. Се што имаме од земјата го имаме. Таа не храни. Неа како да ја земеме, како да ја понесеме со нас? Ако си здрав и домаќин и во туѓо ќе спечалиш, куќа ќе изградиш, ама земја оставена без домаќин, ќе ја најдеш ли?
Се остава ли земја? Така, де… Што можеме. Тоа ти е тоа.. Се разбира, да, се разбира дека ќе одиме…
-Така, де…Пред сите ти прв треба да појдеш - рече Вера и, излегувајќи, дофрли: - Ќе се видиме таму…
Ване не одговори.
Надвор чекаше претседателот на селскиот народен одбор.
Навали уста со увото на Вера.
-Има голем отпор. Селаните не сакаат да бегаат.
-Како, бре, не сакаат? Дали добро им објасни?
-Подобро не се може…
-Води ме во куќите на тие кои сакаат да бегаат!
-Сите, до еден, сите - викаше Вера. Ќе дојдат и ќе пљачкосуваат…
-Ами јас немам зошто да бегам. Никого немам со вас. Сама сум. Куќата празна, се ни собравте. Што ќе ми земат од празна куќа? Камењата од дворот?
-Тебе, тебе ќе те земат и ќе те убијат, жива ќе те одерат, на пците ќе те фрлат… Бомби и оган, пламен и жар ќе фрлат, се ќе изгорат лани одвај ги спасивме луѓето од селата отаде Мали-Мади.
Таму со авиони фрлаа оган и пламен. Се гореше. И дрвјата и земјата гореше и каменот пукаше во жарта. Одвај ги спасивме луѓето и со голема мака ги префрливме на слободната територија.
-Потоа тие се вратија ли дома?
-Кој?
-Па тие што ги спасивте.
-А тие ли? Нема каде да се вратат… Им ги изгореа куќите, камен врз камен не оставија…
-Јас и овие жени кои се тука нема да бегаме.
-Жени! – викна Вера. – Не се работи за бегање, туку за одење…
-Нека е и за одење… Ние нема да си одиме. Ќе си седиме дома зад залостена врата и нема никого да пуштиме… Тука ќе си ги чекаме мажите…
-Од каде?
-Од затворите и од островите.
-Ами, верувате дека ќе ги пуштат?
-Па еден ден ќе ги пуштат.
-Каде е мажот ти?
-На заточение на островот Егина.
-А твојот?
-На островот Јура…
-Твојот?
-Мојот е на островот Аи Страти…
-Кутри вие… Ќе ве фатат и ќе ве мачат затоа што мажите ви се по затвори и на заточение по островите. Најмногу вас ќе ве мачат, ќе ве испоганат војниците, па потоа голи ќе ве шетаат и ќе ве даваат од еден на друг.Тоа ли го сакате? И… и што ќе им сте такви валкани на вашите мажи? Ќе сакаат ли воопшто да ве погледнат кога… кога, ако се вратат дома живи и здрави? Не чекајте, туку земете што имате највредно и кога ќе се рече тргнуваме, да сте меѓу првите.
-Вашиот претседател на народниот одбор добро ви објасни што ве чека ако не бегате. Ви објасни или не ви објасни?
-Ами што ако ни објасни? Му рековме нема да бегаме. На кој му е страв, тој нека си бега. Мене што ќе ми земат? Што ќе ми прават? Стара сум и без заби. Кој сака такви? Од се што имав ми остана само иконата. До половина е изгорена. Нозете на Христос се разјадени од огнот, а раката на Богородица – исчадена. Куќата кога гореше, врз иконата падна ѕидот и така остана недогорена.
Само таа ми остана… Кој ќе ми ја земе Богородица таква осакатена?...
-Зарем немаш ништо друго? Зошто ја зеде таа црна икона?
-Богородица за да не остане сама… да си биде со нас, со луѓето и да не чува од лоши усти и очи и од…
-А ѓумот, велам ѓумот – налутено ѝ рече Ване на Менка – зошто го земаш? И котленцето си го ставила!
-А во што ќе полнам вода? Каде и да одиш вода ќе пиеш… А котленцето и тоа ќе ни треба… - дофрли Менка и по кратко молчење, праша: - Добро ли слушна што рече таа?
-Што рече таа, ти да заборавиш! Е, така… Собравме што собравме, а сега да товариме. Доведи го магарето.
Дебелата и дрвена порта, набиена со големи и дебели клинци Ване ја залости од внатре, потоа ја превали авлијата, низ двата железни круга го пронижа синџирот и двете крила од портата ги врза со катанецот. Двапати го сврте клучот што по тоа го сокри под големиот камен до портата. Се прекрсти и рече:
-Лошо е кога на врата се става катанец…
-Покривачи, перници, чинии, лажици… се што остана од давање…
-Па ти, бре жено, зарем цела куќа ќе ја товариш?
-Зедов само толку колку што не ни зедоа кога ти доброволно даваше за борбата. Подобро таму да го имаме пред нос и на око, отколку да остане тука. Барем нешто ќе си имаме…
-Да не заборавивме нешто?
-Чекај да помислам… Да заборавивме… чековите.
-А наполеоните? Велам наполеоните, добро ли ги сокри?
Тој ја фати под мишка, ја одведе настрана и на уво ѝ шепна:
-Дел имам тука – се удри по пазувата – а најголемиот дел го закопав во алето. Кој ќе чепне таму? Кутијата со наполеоните е најдолу. Таму никој нема да чепка…
Топла и спарна ноќ. Корештанската котлина под жега. Во летната горештина жолтее класот и во него зрее лебот. Пој на штурци, лаеж на кучиња, облак го засенчува големиот пешник на месечината. ‘Ржење на коњ, мукање на говеда, ѕвонење на клопотарци, довикувања, клетви, плач и очај…
Долга е колоната. Полека се движи, се влече долж друмот од Габреш, па се до свиокот, до пред мостот. Тука се дели – една врвца кон Брезница и оттаму до Смрдеш и В’мбел, а другата направо – главата веќе стигна во Желево. Врвежот се влечеше и наредната ноќ… Таму некаде на излез од свиокот, Стојан скрши лево и, полека удираќи го магарето, ја фати угорнината и се пикна во шумскиот густеж. Густиот мрак не му дозволи да продолжи пругоре, онаму до под карпите. Дури на разденување заедно со жена си појдоа нагоре по тесната шумска патека.
-Тука некаде треба да е – рече, кршејќи ги гранките што му заградуваа пат. Неколку чекори погоре, застана. Се сврте и, покажувајќи со раката, прошепоти: - Тука е…
Ниско надвиснатите гранки ги подбра настрана. Зад нив широк процеп во карпите. Со ластегарката неколкупати удри во внатрешноста. Оттаму излетаа неколку лилјаци. Очекори внатре.
Запали кибрит и, држејќи го запаленото шкорче во високо кренатата рака, ја осветли пештерата. Гледаше се додека светлината не згасна. Излезе. Надвор се уште беше мрачно.
-Бргу! – рече и тргна прудолу. – Бргу, додека не се раздени, да ги пренесеме работите.
Откако во пештерата пренесоа се што имаа понесено, Стојан рече:
-Ни остана долу магарето. Ќе одам да го одврзам. Нека паси во шумата. Тука ќе останеме додека не помине лошото.
-Ами, Ване, кога ќе видат дека нас не нема меѓу другите од селата, нема ли да не бараат?
-Господ да чува и да брани! – се прекрсти Ване. – Не вели двапати… Лошото никој не го вика. Тоа само доаѓа. Влези внатре, седни и не мрдај. Јас бргу ќе се вратам…
Тргна прудолу, но одеднаш застана. Се сокри во густежот. На кај него, еден зад друг доаѓаа десетина мажи и жени натоварени со торби, вреќи и покривачи. Тие молкома поминаа покрај него, држејќи се за патчето што води до пештерата. Направи полукруг и вјасаница влезе во пештерата.
-Жено поместувај ги работите… Доаѓаат…
-Кој?
-Луѓе… И тие се кријат. Поместувај работи! Прави место и за нив!
-Ова не ми изгледа за добро – по долго молчење се одгласи Трајко. – Порано од лошото се криевме по шумите и планините и пак си се враќавме дома. Сега ни велат сите, ама сите отаде… Не ми изгледа за добро. Некнежната и вчерашната ноќ поминаа селаните од Д’мбени, Сетомо, Тиолишта, Кондороби, Загоричани, Черешница, Бапчор, Шештево, Вишени, Апоскеп… Сега и ние. Го превалија Лисец и тие од Нерет, Турје, Кономлади, Горно и Долно Статица. Тераа пред нив говеда, магариња, овци, кози. Како коњи луѓето товарени со вреќи и торби… Кој ли знае каде оди работата…
-Велат дека ќе почне голем бој, та поради тоа народната власт и партијата сакаат да не спасат од лошо. Вера велеше дека ќе фрлаат големи бомби, дека од авионите ќе фрлаат оган и пламен и дека се ќе гори…
-Како и да е колку подалеку се криеш од селото, толку полошо.
Нашите стари од Турците се криеле по вакви пештери или во кориите имале ископани јами и во нив останувале се додека не одминувало лошото. Во такви пештери и јами се криеја и нашите во Илинденското востание… Тука се криеја кога оној крвник, да не му миросаат коските, заедно со своите андарти-колачи палеше и колеше по овие села… Па, тука се криевме, бегајќи од Италијанците и Германците…
-А тие кои лани ги спасуваа, како што велеше Вера, што ли се случи со нив?
-Еден возач, ми кажуваше дека ги имаат сместено во едно село, Прењес се вика, во Албанија, близу границата со Југославија.
Живеат тие таму во коњски бараки, ми рече возачот, и се хранат од заеднички казан.
-Случајно да не им се присака и нас така да не спасуваат?
-Не знам дали е така, ама знам дека не чини да бегаме од нашите куќи…
- Вера рече дека штом нашите ќе го истераат од Вичо грчкиот аскер, веднаш ќе се вратиме дома…
-Така им велеа и на тие од селата отаде Мали-Мади дека штом ќе го уништат непријателот на Грамос, веднаш ќе ги врателе во нивните куќи… Од тогаш цела година помина, а тие наместо да се вратат дома, се гнездат во коњски бараки и пред казанот чекаат ред за јадење… Тоа ми го кажа оној мој познаник возачот кој оттука во Албанија носи ранети, а оттаму се враќа со оздравени…
Велам јас, ова не ми се гледа дека оди за добро… не оди за добро штом ги празнат селата… штом луѓето ги тераат да си одат од дома… Пак ќе речам ова не ми изгледа дека оди за добро…
ГЛАВА 23 Реонот на Вичо е последната надеж. За бранителите – надеж за одбрана, за напаѓачите – надеж за победа. И едните и другите ѝ веруваат на својата надеж. И едните и другите тука, во македонските планини, Бела Вода, Лунѕер и Бигла, Кулкутурја, Плати, Кресто, Главата, Полената, Рото, Баро, Јамата, Мали-Мади, Голината, Чука, Моро и Лисец ќе се бијат за слободата, за својата слобода.
Десетти август илјада деветстотини и четириесет и деветто лето. Во 05,00 часот борбени авиони ја напаѓаат Полената и кота
1685. Во 05,30 артилериска подготовка во траење од половина час.
Тоа е центарот на одбраната. Бранови во тројки со бомби и ракети ги бијат бункерите.
Над Бигла и Лунѕер, Полената и Рото, Баро и Мали-Мади се отвори небото и пеколот слезе на земја.
Седумдесет авиони кои полетта од аеродромите во Лерин, Рупишта и Кожени во пет часот наутро ги наподнаа позициите на ДАГ, а половина час подоцна, рововите и бункерите почнаа да ги бијат сто и четириесет топови и уште толку тешки минофрлачи. Се уште густиот чад висеше ниско, кога во напад тргнаа осум дивизии, повеќе независни баталјони, тенкови и борни коли.
Во 6,00 часот, со поддршка на тенкови, 22 дивизија на владината војска ја напаѓа Полената и кота 1685. Без успех.
Отпорот силен. Се до 13,00 бомбардираат авионите, па артилеријата. Потоа пешадијата на јуриш во 13,30 часот ја напаѓа кота 1685. Оттаму никој жив не излезе. Во 18,30 згасна отпорот на Полената. Скршен е централниот фронт.
Истовремено во рацете на владината XI-та дивизија паѓа селото Турје и по удолнината и трапот го зазема Горно Статица.
Оттука, по голата угорнина тргнува во насока на Лисец и Моро.
Во скокови владините трчаат пругоре, газејќи и прескокнувајќи ги мртвите тела на своите соборци. На триста метри од бункерите, згасна јуришот. Легнуваат и со лопатките копаат пред себе за да сокријат глава. Од горе ги бијат долги митралески рафали. Тие кои стигнаа поблиску до бункерите и рововите, жнеени се со долги митралески и автоматски рафали и распарчувани од рачните гранати.
Надмоќните владини сили во текот на ноќта се непрекинато во напад.
* * * Истиот ден, пред стемнување, во 18,30 часот, III владина дивизија за ридско гонење од насоката на село Дреновени ги нападна силно утврдените позиции на ридот Баро со цел да се пробие кон Лисец. Во 08,00 часот, по претходно бомбардирање, едночасова артилерска подготовка и по тешки борби гради в гради, падна ридот Баро и во12,45 часот ридот Дабче.
* * * Од здробениот бункер допира болежливо, развлечено и молежливо јачење. Остар крик на болка, очај и ужас расечува воздух.
-Има ли живи?! – небаре од под земјата некој довикува и гласот придушен, молежлив, зарипнат, изгорен и скршен од болештина, се губи во заглушувачкиот свиреж, во грмежот и татнежот, во баботењето и пукотот на топовските ѓулиња.
-Има ли живи?! –пак истиот глас.
Нумо подигна глава и во тој миг го спржи остра болка. Се вкочани. Успеа да го слушни само зборот – живи – и пред очи замаглина, потоа мрак, замавна со рацете, направи круг околу себе, чувствува дека снеможува, а во ушите му удри свиреж, бучење, јачење, тропот, виење, тап шум и цвилење, избувливо завивање и јачење, на ветрот… Направи чекор пред себе и… падна ничкум. Со лицето удри во подгорената земја измешана со пивтосана крв, остар мирис на барут, пеплосани алишта и недогорено тело… Чувствува како му мрзне челото и му отрпнуваат нозете. И одеднаш се виде себеси како дете и му се чини дека некој го вика по име… Се обидува да подигне глава и во тој миг едно по друго како вода на рамна ливада се разлеа се низ што досега поминал, е што доживеал… Се чуди што така брзо се менуваат сликите, како се отплетува долга и дебела плетенка, како се растураат мониста нанижани на златен конец и се тркалаат прудолу по големата и стрмна удолница…
Ридот изоран од авионски бомби, топовски и минофрлачки гранати – молчи. Врвовите на дрвјата потсечени. Гранките раскршени, стеблата разголени. Гори кутнато дрво. Расцепена пенушка тлее во жарта. Црвен и светлив пламен оближува две мртви тела. Поддувнува ветрец – пламенот живнува, разгалено трепери. Заедно горат луѓе и дрвја и воздухот го заситуваат со остра, раздразлива, задушлива и блуткава мртовечка реа.
-Има ли живи? – се потивок и послаб е гласот.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/golemata-izmama/25 на 29 октомври 2026