ГЛАВА 17 Седиште на Главниот штаб на Демокраската армија на Грција - Part 03
Две куќе понатаму е седиштето на службата за воена безбедност и разузнавање, позната како Биро А2. Тоа е поранешната Служба за одржување на редот што грчките комунисти ја формираа во Булкес, со цел не само таму да го одржуваат редот, туку пред се бегалците да ги имаат на око. Така им бараше и југословенската УДБ-а. Подоцна со сесрдна помош на југословенските специјални служби таа прерасна во Служба за безбедност. Кога во септември 1947 година високите партиски функционери Јоанидис и Стрингос го напуштија Булкес и се преселија во преспанското село Винени, каде беше седиштето на привремената влада, заедно со себе го довлечкаа и целиот механизам на таа озлогласена служба. По кратко време оваа служба беше реорганизирана и преименувана во Биро А2 во чиј состав влегуваше и Службата за воена безбедност.
Бирото А2 привидно директно беше раководено од Главниот штаб на ДАГ, меѓутоа, тоа претставуваше година високите партиски функционери Јоанидис и Стрингос го напуштија Булкес и се преселија во преспанското село Винени каде беше седиштето на привремената влада, заедно со себе го довлечкаа и целиот механизам на таа озлогласена служба. По кратко време посебна служба со големи овластувања и свои органи имаше во сите единици на ДАГ. Началниците на Бирото А2 беа помошници на политичките комесари, но тие дејствуваа самостојно и во своите активности беа неуморни извршни органи, целосно предани на своите претпоставени; тие беа страв и трепет и најчесто по порачка изготвуваа лажни извештаи против предани борци и проверени старешини…
Шепот на Бирото А2 беше човек од исклучителна доверба. Тие од врвот најмногу нему му веруваа, но и најмногу од него се плашеа. Во разговорите водени во негово присуство водеа сметка за секој изречен збор, за тонот на гласот, движењето на рацете и мускулите на лицето, изразот на очите и начинот на смеење. Пред него никој и никогаш не се смееше гласно. Разговорот најчесто беше службен, одреден и краток. А девизата му беше – никому доверба, сомневање во секого. Имаше одлична, просто зачудвачки голема способност на запаметување. По име и презиме и по изглед ги паметеше сите доушници и поткажувачи, ги паметеше и сите свои жртви и начините на нивното отстранување. И сакаше сите со кои се сретнуваше да му се плашат. Соговорникот долго го гледаше в очи, небаре го пронижуваше и ако погледнуваше настрана или спушташе очи, тој тогаш знаеше дека го има, дека владее со него.
Активностите на Бирото А2 ја имаа разлабавено дисциплината, довербата и пријателството во единиците и меѓу борците.
Сомнежот, следењето, проверката и создавањето досиеја за борците, офицерите и цивилите имаа земено застрашувачки размери. Таму постојано влегуваа луѓе од теренот – така ги викаа информаторите. Кодошите доаѓаа само ноќе. Влегуваа од една и по кратко задржување излегуваа од другата врата. Петмина припадници на службата за безбедност по цели денови слушаат, прашуваат и од потслушнати, прислушнати, кажани и поткажани зборови пишуваат и праќаат извештаи во кои најчесто однапред е скроена судбината. Токму ним по телефон им се јавија овие од одделот за цензура и по разговорот, во кој ги изнесоа своите сомневања во затворен плик им го пратија писмото-цртеж.
-Па се разбира дека е шпионско писмо! – подвикна главниот откако бегло погледна на писмото. –Викнете некој од одделението за цензура! – нареди тој. Никој никогаш не губеше време и ниту се осмелуваше да задоцни кога беше повикуван во Бирото А2. И не беше сигурен дали ќе се врати на истото место. Самото спомнување на таа служба предизвикуваше морни, уплав и потсечување на колената. Затоа службеникот од одделението за цензура стигна трчаница и застана во став мирно со здржан здив и вкочанет поглед. – Кога стигна писмово? – со остар тон во гласот праша главниот. – Пред два дена…
-Од кој сектор?
-Од Вичо…
-Поточно?
-Според шифрата вреќата не припаѓа на воена единица, туку на работните бригади…
-Поточно! - викна главниот.
-Вреќата носи шифра РБ/1-7.
Главниот префрли неколку папки. Закова поглед на папката со наведената шифра. Ја отвори, прелиста неколку хартии и, ставајќи ја настрана, рече:
-Оди си…
-По ваша заповед, другар… - му го знаеше името, но во тој миг стравот му го избриша од паметењето. Нему добро му беше познато која е улогата на А2 и за што е способна таа служба.
Главниот седна на крајот од масата, ја отвори папката и промрмори:
-Точно е. Работни бригади во Бигла, Лунѕер, Голината, Чука, Полената, Баро и Јамата. Триста и шеесет жени на возраст од триесет и пет до педесет и пет години. Со бригадата раководи некој си Христос Пападопулос, а сега се води како Ристо Поповски… Роден 1901 година. Писмен. Недовршена гимназија.
Учесник во грчко-италијанската војна и за покажаната храброст во борбите на Иван Планина произведен во чин десетар и одликуван со медал за храброст. Пролетта1946 помогнал во нападот и уништувањето на полициската станица во Макрохори или Кономлади. Накодошен, претепан од полицијата во Костур, а потоа пратен во логор на островот Аи Стратис. Со скршени ребра и левата нога, вратен дома. Активен во народно-ослободителното движење. Поради воена неспособност одреден да раководи со утврдувањето на Мали-Мади каде работи до крајот на 1948 година. Од военот суд на XV-та дивизија на бладината војска со седиште во Кожени, осуден на смрт во отсуство. Татко на четири машки деца. Најстариот син, Трајко, лани во текот на големите борби за Грамос, загина на Горуша, помалиот Трпо, служи во 18-та бригада на ДАГ, а двајцата најмали синови се испратени во државите. Жена му копа ровови и пренесува трупци за бункери на Бела Вода. Карактеристичен белег – долг црн мустаќ. Толку сознанија имаме забележано за него во нашите тефтери. Значи тој е човек од доверба. Барем до сега. Велам до сега зашто од пред некој ден тој ја изгуби контролата врз луѓето кои му се доверени.
Според тоа веднаш до началниците на одделенијата на Бирото А2 кои се наоѓаат на борбените позиции Бигла, Лунѕер, Голината, Чука, Полената, Баро и Јамата да им се испрати шифрирана радиотелеграма со наредба веднаш да отворат истражна постапка против Пападопулос Христос или Поповски Ристо… На извршување!
* * * Началникот на Бирото А2 во состав на командата на XVIII-та бригада на ДАГ откако ја прочита дешифрираната радиотелеграма, го повика својот заменик и му ја пренесе наредбата.
-Значи ли тоа дека тука треба да го приведам оној Ристо?
-За приведување има време. Прво, знаеме дека Ристо е осомничен и тоа ни ја олеснува работата. Второ, не знаеме дали дејствува сам или со него има и други. Затоа со истрагата ќе почнеме од тие кои се под негова команда.
-Сакаш да речеш тие од работните бригади? Тие кои носат трупци и градат бункери?
-Токму така. Најлесно ќе биде да почнеш од жените. Едно по една. Зборувај им за дома, за мажите, за децата, за тешкотиите низ кои поминуваат. Прави така за да сфатат дека водиш најобичен разговор. Со нив зборувај кротко, така ќе ги придобиеш. А ако дојдеш до некои сознанија, немој повеќе да ги распрашуваш.
Доволно е да се фатиш за врвцата, а потоа ќе дојдеме до клопчето и полека ќе почнеме да го одмотуваме. Ме разбра?
Заменикот потврди со движење на главата, ама тој не беше од тие кои знаеја да разговараат кротко. Секој негов соговорник за него беше сомнителен. Па со таквите тој зборуваше со висок тон, со заплашување, секогаш водејќи сметка да му наметне таков одговор, каков нему му одговараше и тоа беше основата за донесување заклучок за тоа дали многу или малку е виновен.
Штом се доаѓа до средба и до поставување прашања, тврдеше, доволно е лицето да се внесе во тефтерот на осомничените. Во основата на неговото мислење и размислување лежеше оценката дека секој за кого неговата служба, Бирото А2, ќе се заинтересира, доволно е да биде ставен под сенката на сомнежот. Доволно е да му се спомне името. Така го учи неговиот пријател од Булкес, сегашниот шев на Бирото А2. Па и сега, токму и само поради тоа што треба да испрашува некоја од жените кои носат трупци за покривање на бункерите и копаат длабоки ровови, не е ли доволна причина таа да биде осомничена? А кој може да знае дали преку неа или некоја друга, баш токму тој, нема ли да открие некој голем непријатели и неговата дејност да ја расечи со се корен?
Наредниот ден, пресоблечен во селски алишта и, терајќи прудолу ѕевгар волови, стигна до мажите кои со секири и пили сечеа дебели и високи буки. Откако се поздрави праша:
-Кој ви е човекот кој командува со вас?
-Ене, оној високиот.
-Оној со големиот мустаќ?
-А зошто ти е потребен?
-Да му кажам дека по наредба на претседателот на селскиот народен одбор, доведов ѕевгар волови за влечење трупци.
-Ристо, о Ристо! Дојди, некој те бара.
Дојдинецот не чекаше. Веднаш тргна кон Ристо.
-Ти си водителот?
-Јас.
-Прими ги воловите и дај ми потврда дека си ги примил.
Од кожната торба Ристо извади врзоп хартија, откина парче големо колку една шепа и, плукајќи на моливот, напиша:
“Долу потпишаниот Ристо Поповски денес прими ѕевгар волови.”
-На - изусти Ристо, подавајќи му ја хартијата.
Дојдинецот, диплејќи ја, полека ја стегаше, ја триеше и под прстите ја чувствуваше нејзината дебелина и тврдост.
-Уште нешто? праша Ристо.
-Не. Само толку. А вода, имате ли вода?
-Причекај. Отидоа да наполнат од изворот.
-Не, немам време. Ме чека друга работа. По пат ќе се напијам од изворот. Е, јас отидов. Останете со добро – и со поздравот “Сите на оружје – се за победата тој се сврти и појде.
Кривулестата патека го одведе до изворот. Таму, наведнати, две жени полека ја полнеа кантата. Тој смири чекор, застана зад дебелото стебло на буката, наслушкува, но ништо не може да долови од тивкиот разговор. Се помрдна и во тој миг од под неговите нозе се помести камен и се истркала прудолу. Се скина конецот на разговорот. Жените подигнаа глави. Кон нив полека, со одмерен чекор слегуваше маж. На два-три чекори далеку од нив тој се поздрави и седна на каменот скраја од изворот. Од џебот извади валкано шамивче и брише пот од чело, лице и врат.
-Топло е - рече – голема жега ја спржи тревата… Може ли да се напијам вода?
-Повели – жената забрадена со црна шамија под која одвај се забележува посивената коса, без да му погледне в очи, му ја подаде црпалката.
Пие жедно, држејќи ја со двете раце. Од двете страни на црпалката во синџир тече водата и му ја наводенува брадата, вратот, градите.
-Полека - забележа жената – студена е, ќе те пресече…
Мажот ја истресе црпалката и подавајќи ѝ ја на жената, изусти:
-Сполај ти за волата. Господ да ти дај здравје и долг живот. И тебе - ѝ се обрати на другата жена. – Ама бев жеден… Изгор е времето, голема жега…
-А ти од каде?
-Бев горе – покажа со рака – доведов ѕевгар волови за да влечат трупци. Видов како жените на плеќи носеа долги трупци. Кутрите тие, гледајќи ги, многу голема жал ме стегна. И вие носите?
-Цел месец носиме – рече постарата, барем нему така му се причини.
-И дома ич не сте биле?
-Одиме, ама не секој ден…
-Не ви бранат, нели?
-Не. Не ни бранат. Ристо не пушта…
-А кој е тој Ристо?
-Тој кој не повелба, тој ни е како командант…
-Мора да е многу добар човек.
-Многу е добар. Кроток. Секогаш со добар збор ни зборува. Не не кара, не вика кога некоја не може на рамо да носи, ја остава да одмори, душа да прибери, самиот подметнува рамо под трупецот… Таков е тој… И не пушта да одиме дома. На старите да им зготвиме, да ги испереме, а тие кои имаат мали деца, доенчиња, по трипати на ден ги пушта да одат да ги надојат, пелени да им сменат...
-А во партизани, мислам во нашата војска, имате некого?
-Маж ми е во 103-та бригада. А имав и двајца браќа… - жената сврте глава, рамениците ѝ се стресоа, тивко залипа, со крајчето од црната шамија собра солзи.
-Едниот, помалиот, на осумнаесет години, лани загина, таму некаде на Грамос, а постариот, дваесетгодишник, во Лерин…
-Жал ми е… - рече непознатиот – многу ми е жал… Тоа е тоа…
што да се прави… А ти, твоите каде се? - ѝ се обрати на другата жена.
-И јас останав сама. Дома немам никого. Свекорот и свекрвата си умреа…
-А мажот ти?
-Во Америка е…
-А во партизани имаш некого?
-Имам.
-Кого?
-Син и ќерка.
-Доброволци?
-Ги собраа. Оломнани… Ноќе дојдоа и ги собраа.
-А во државите?
-Најмалиот син…
-Колку е стар?
-Наполни шеснаесет… и него го собраа…
-Од каде знаеш?
-Го видоа жените во Желево. Како него таму имаше и многу други деца. Деца собраа, болест да ги собере…
-И што сторивте?
-Колневме, престанавме да носиме трупци и камења за бункерите. Некои од жените избегаа. А потоа, напишавме писмо до оние горе со кое побаравме да ни ги вратат децата…
-Писмени сте?
-Едни се писмени, ама повеќето не сме писмени и затоа го замоливме Ристо да напише писмо до големците…
-И напиша?
-Аха. И сите кои не знаат да пишуваат под писмото ставивме крст…
-А нему од каде хартија?
-Од вреќите што ги носат горе. Ние скришум ги береме пред да ги изгорат…
-И сами си пишувате писма до децата и роднините?
-Ами тие кои знаат да пишуваат, сами си пишуваат. А ние кои не знаеме, го молиме Ристо да ни пишува така, како што ќе му речиме ние…
-И тој пишува?
-Секогаш пишува кога ние го молиме…
-Значи, тој Ристо, добар човек е, нели?
-Подобар со свеќа да бараш…
-Е, па јас да си одам. Сполај ви за водата и за муабетот. Работа ме чека, а и вас горе ве чекаат да им донесете вода. Побрзајте.
Жедни се…
* * * На полноќ завршија со пишување на извештајот. Во него стоеше:
“Согласно добиената наредба, во текот на изминатиот ден ја почнавме и ја завршивме истражната постапка. Добиени се следниве сознанија. Прво: писмата до децата во државите и писмото до Главниот штаб се пишувани на хартија од вреќи.
Пишувач е Ристо Поповски. Второ: Истиот им дозволува на жените да ги напуштаат борбените позиции, значи носењето трупци и копање ровови. Чекаме натамошни наредби.” Во седништото на Бирото А2 врз основа на добиената шифрирана радиотелеграма, составија извештај и го испратија до Главниот штаб на ДАГ:
“Бирото А2 има сознанија дека раководителот на работните бригади, Христос Пападопулос или Ристо Поповски на хартија украдена од вреќите со шеќер, ориз и други прехранбени артикли кои пристигнуваат од нашите сојузници го напиша протестното писмо во врска со мобилизација на одреден број поранешни деца кои беа испратени во државите. Со овој чин тој откри строго доверлива воена тајна. Истиот им дозволува на луѓето, посебно на жените од работните бригади да го напуштаат работното место со што намерно се врши забавување во врска со утврдувањето на теренот, значи градењето бункери и копање ровови, што претставува бидлива саботажа, а повременото отсуство на жените може да претставува можност за бегање кај Тито и на непријателот да му бидат пренесени информации за местата каде се наоѓаат нашите бункери. Во текот на изминатата недела на границата со Југославија уапсивме поголем број дезертери и бегалци. Дезертерите и возрасните бегалци, согласно важечката наредба, ги стрелавме, а малолетните ги однесовме во логорот во Дреново. Во очекување ваши наредби, остануваме со борбени и другарски поздрави.” Наредниот ден стигна одговорот од Главниот штаб.
“Сторителот на непријателските дела веднаш да се уапси, да се дади на воен суд и да се стрела.” Вечерта Ристо го уапсија и врзан го одведоа во затворот во преспанското село Дреново.
ГЛАВА 21 Развлечената колона камиони натоварени со муниција, храна и со 280 оздравени од болниците во Корча, Елбасан, Тирана и Сук, се влече со потулени светла. Во селото Брезница стигна во мугрите. Тука на оздравените им заврши возењето. По изгревот ги построија на ливадата скраја од џадето. Петмина мажи во офицерски униформи без ознаки на чинот, извршија преглед.
Еден од нив, со зарипнат и пискав глас нареди:
-Нишанџии и помошници нишанџии на тешки митралези три чекори напред!
Чекорите не се војнички. Се слушна крцкање и тропање на дрвени протези. Во стројот застанаа мажи едноноги и еднораки, неми, еднооки и глуви. Меѓу нив и едноногиот Нумо. Тој и тие како него, потпрени на патериците, цврсто држат исправено тело.
Половината од новоформирираната чета доби распоред во 18 бригада и заповед веднаш, без никакво задржување, да заземе борбени позиции на ридот Баро. Тргнаа попладнето и одеа цела ноќ и ги развидели на ридот и оттаму, во изгревот што ги огреа раседнати во дабовиот честар, тие пред себе видоа рамно распослано поле. Отворен простор. Лево Полената и натаму Голината, Бигла – Лунѕер и на истокот – Вичо. Десно – се до зачетокот на Костурското Поле се протега Мали-Мади и далеку, отаде Костур – замаглена дреме Сињачка.
На заод ги разбудија и по двајца и тројца ги распоредија во бункерите.
Тешко влечејќи ја дрвената нога и, потпирајќи се на дебел стап, четникот командант, му објаснуваше на Нумо.
-Твојот бункер ја држи средината на Баро. Лево има уште три бункери, а десно десетина. Во вториот ред – триесетина. Ти ја имаш најдобрата глетка. Десно под око држиш дел од Јамата, целиот простор пред селото Габреш и самото село. Лево на нишан ги имаш ридовите над Кономлади и западниот дел на Полената и јужно од неа – ридот Рото. Пред тебе лежат селата Поздивишта, и натаму по на десно Дреновени, па оди лево – Црновишта, Жервени. Се како на дланка. Бришан простор. Целото поле е твое.
Забележа ли како се поставени бункерите? Не? Слушај и гледај.
Сите наши бункери прават триаголник. Ако бункерот лево или десно оттука биде заземен од противникот, ти го имаш на нишан и биеш. Бие и оној од другата страна. Значи секој наш бункер е заштитен од два други наши бункери. На овој начин противникот е спречен брзо да напредува. Разбра?
-Јасно!
-До тука е јасно, нели?
-Јасно!
-Одиме натаму. Твоја задача е да го држиш на нишан просторот што го гледаш пред тебе. Запамети! Ти го држиш централното место. Во нашата одбрана противникот ќе се обиде да влезе како клин. Ќе бие со сите расположиви средства. Сигурно ударот ќе биде жесток. Ако на пешадијата ѝ дозволиш да дојде блиску, да речеме на сто или педесет метри, тогаш нема да има ниту авиони, ниту топови. Тие нема да бијат по своите. Тогаш ти ќе биеш по нив. Биј со долги рафали и не очекувај наредба за отстапување. Од денес и натаму секој ден вежбање. Нишаниш ваму, нишаниш таму и замислуваш како непријателот напаѓа, а ти со долги рафали го биеш, го косиш, го посипуваш со оган.
Оружјето да е толку чисто за да можеш во него суратот да си го видиш. Разбра? Најдов ли влакно или нешто поситно, тогаш ќе те натерам да трчаш до онаму, преку трапот и обратно. Разбра?!
-Јасно!
На излегување командантот му се загледа в очи и, галежливо удирајќи го по рамо, доврши:
-За нас, тука на Баро, наредба за отстапување нема да има.
Наредбата гласи: да се брани Баро!
Кога престана да се слуша чукањето на дрвената нога на командантот, Нумо ги притегна ремените од дрвената нога, се исправи и откако направи неколку кругови, му рече на својот помошник:
-Ете, сега си имаме наш дом. Море каков дом, речи – палата.
Што имаме таму – тој покажа на левиот ќош каде еден врз друг се наместени сандаци. Што има во нив.
-Четниот рече дека се полни со муниција.
-Во оние тенекии што има?
-Тоа се канистри. Полни се со вода. Има доволно за дваесетина дена.
-А во сандакот до нив?
-Конзерви и леб…
Колку сандаци има со муниција?
-Три, пет, шест. Сите се полни.
-А во оние таму?
-Во тие има рачни гранати. А во оваа кутија има две митралески цевки.
-Одлично. Нема да мораш да ја мочаш митралеската цевка кога ќе се вжешти од пукање. Што друго рече командантот?
-Рече да гледаме само напред…
-Мајката! Се разбира дека само така ќе правиме. Зад нас е само ѕидот.
-И да не отстапиме ниту чекор…
-Се разбира дека така ќе сториме… Не запаметив. Ми рече дека имаш деветнаесет години?
-Само толку. А ти?
-Јас малку повеќе.
-Женет си?
-Женет и лани, ова време, ми се роди ќерка…
-Машала, да е здрава и жива! Си ја видел?
-Не.
-Ниту жената?
-И неа не сум ја видел веќе две години. Се распрашував и ми рекоа дека тука некаде на некој од овие ридови носи греди за градење бункери…
Нездржана и долга, длабока и неизмерливо тажна воздишка се откина од неговите гради. На челото и лицето се оцрта неизвесност и измачувачки немир што со болка опфати душа, се вгнезди во срцето и во главата зароија црни мисли…
Од болната помраченост го одвлече гласот на помошникот.
-Блазе си… прозбори помошникот. – На време си завршил работа. А да те прашам јас тебе. Може ли? И не чекајќи одговор, тој продолжи: - Како бре ние сакатите, кој без рака, кој без нога, без око, глуб, та нем, ќе си најдеме невести?
-Прашај го за тоа политичкиот.
-Го прашав.
-И што ти рече?
-Ми рече да не се грижам и да не берам гајле. Рече дека тоа е и ќе биде грижа на партијата, дека таа, партијата де, по победата ќе ни најде невести и тоа млади, негибнати, одвај расцутени.
-Мајката… А каде ги има? Не ти рече?
-Ми рече. Ти бори се храбро, ми рече тој, немој да го пуштиш непријателот да помине, цврсто држи ја позицијата… немој ниту чекор да отстапиш. Во домовите, рече, таму, во државите, растат и созреваат невестите. Така рече… Тие таму, невестите де, рече, растат, зреат и цутат, расцутуваат таму во домовите по државите и дека партијата сама ќе ни ги намести во скутот… така ми рече политичкиот… А тие, се фалеше политичкиот, невестите де, ќе бидат многу, премногу горди затоа што ќе се мажат за херои од Грамос и Вичо…
-Така ти рече?
-Аха…
-И ти му поверува?
- Аха… Велат затоа е поставен за да му поверуваш. Нели?
-Да, бре. А не го праша на будалите каде им растат рогови?
Ајде, оди. Оди, ти реков! – налутено викна Нумо.
-Каде?
-Па кај политичкиот…
-Кај политичкиот ли? Што мајка да барам кај него? Токму ли си? Да не си болен? Ајде, бре, смири се. Види го, ти него, ми се развика… Туку јас тебе да те прашам. Наредбата гласи ниту чекор назад. Ама ако случајно ни наредат да се повлечеме, како ние двајцата, а и другите, без една нога ќе му ја здувнеме оттука?
-Лесно, бре, многу лесно. Ти ја имаш левата, јас десната. Ке си се гушнеме и туп-туп-туп ќе не нема отаде рид. Нели? Стани.
Дојди, дојди ваму.
-Зошто?
-Ќе вежбаме. Фати ме за половината. Ете така. А сега напред…
Крцкаат дрвените нозе и бункерот се преполнува со громка, кикотлива и горчлива смеа. Изморени, еден до друг седнаа на сандакот полн со рачни гранати.
Нумо избриша пот од челото. Се наведна на ѕидот од бункерот и рече:
-Кога ми зборуваше за политичкиот нешто ми текна. Ланската година кога противникот успеа да не извади од бункерите и кога ние зазедовме нови борбени позиции, за некое време стивнаа борбите. Политичкиот, овој кој ти вети невеста, донесе една голема инка од тенекија и рече: “Со оваа наутро и приквечер, ако нема напад, ќе ги повикувате владините војници да се предадат.” И девојките добиваа наредба да одат со инката да ги повикуваат владините војници да се предадат. А тие од другата страна најпогрдно ги пцуеја, со спуштени гаќи, пред нивните очи ги истопорија и ги тресеа алатите и викаа – дојдете, дојдете тука ороспии бандитски и комунистички да ве нанижеме. Ми дојде и мене редот. Политичкиот ми ја даде инката и едно ливче хартија на кое тој имаше напишано што треба им речам на војниците од онаа страна. Се сокрив зад дебелото стебло на дабот и со мирољубив глас, читајќи од ливчето, почнав да викам:
-Браќа војници. Ви зборува еден ваш брат…
Од тамошните ровови стигна гласно смеење, а потоа пцуење.
-Браќа војници ви зборува еден ваш брат кој исто како и вие има мајка…
…да ти ја е… мајката бандитска!
-и сестрата… донеси ја тука таа комунистичка курва!
Јас не издржав, ја фрлив инката, распалив со автоматот, а потоа најгласно викнав – дојдете, страшливци и со вас донесете ја кралицата, та и вам и нејзе да ви го испикам!
Оттаму загрме и минофрлачка граната, ни уби двајца и петмина ни рани, а командантот ми го зеде автоматот и ми го даде огламникот од неговиот коњ. Тоа ми беше казната. Тој ден така ни заврши војната со зборови. Потоа настапија денови на тешки борби. Не исфрлија од првата одбранбена линија и настапија мигови на некое чудно молчење на оружјето, но затоа почна војната со зборови. Пцуење колку ми сакаш. Ние им нудевме слобода и демократија и им ја пцуевме грчката кралица, Америка заедно со Труман и Англија со нивната кралица, а тие нам ни нудеа леб и вода (знаеја дека немаме ниту леб ниту вода) и многу погрдно ни пцуеја Богородица и Крстот, партијата и Сталин и Маркос (тогаш тој не бил скаран со Захаријадис, а може бил, кој ги знае), не нарекуваа бандити и што ли уште не. А потоа пуштаа песни. Ние исто така низ инката пеевме, а тие низ една голема кутија. Од неа излегуваа песните, ама пред тоа од таа кутија не пцуеја многу лошо и погрдно зборуваа за нас, а уште попогрдно ги пцуеја нашите другарки – боркинките. Ме викна командантот и ми рече:
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/golemata-izmama/23 на 29 октомври 2026