Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

The Great Lie

ГЛАВА 17 Седиште на Главниот штаб на Демокраската армија на Грција - Part 02

Од Петре Наковски · Дел 22 од 29 · Околу 22 минути

Читај на English

-Цели купишта…

-Што ги правиш?

-Ги горам – рамнодушно одговори Стојан. – Секогаш ги горам.

По наредба. Така ми е наредено. Имам писмена наредба во која јасно ми е напишано – вреќите од шеќер, од ориз и секаква друга хартија задолжително да се горат така за да не остане никаква трага од нив… Пред некој ден дојде еден од воената разузнавачка служба, демек да врши контрола, и кога виде цел куп празни вреќи од хартија, ми се закани со воен суд. Знаеш ли ти, ми вели, магарешки опаш, ти селски опинок и стоко - ми се дери тој, дека ако непријателот дојде до овие вреќе, знаеш ли дека ќе открие воени тајни? Потоа тој отвори голем тефтер и на колено ми напиша наредба и јас според неа им наредувам на моите да ги горат…

-А горе на позиција како го праќаш оризот, шеќерот, брашното, цигарите?

- Во вреќи… товарени на коњи и магариња, а најчесто на плеќи ги носат селаните и селанките од околните села… - Тивка, тешка и долго развлечена воздишка се откина од градите на Стојан. – Чини ли мажи и жени во поодминати години да ги товариш како стока и да ги натераш да носат на плеќи пругоре , ете до онаму – со здравата рака Стојан покажа на околните ридови. – Молчаливи и прибрани во себе одат и го носат ли само товарот што им е товарен на плеќи или заедно со него и својата здробена душа? Ми се плаче кога ги гледам. Носат, кутрите, на своите плеќи носат сандаци со муниција, со храна, а на враќање – ранети. Така и мене ме носеа до главната болница во Грамос каде ми ја доисекоја раката, а потоа ми ја досекоа во болницата во Елбасан, остатокот за да ми биде поздрав… Кога ми се затвори раната, ме однесоа во Сук. А таму, што да ти кажам! Во бараки нашите оздравеници, нашите сакати, нашите ослепени, онемени, оглувени, имаше и падавичари и луди и по некој итроман, кодош и поткажувач.

Стојан прекина за миг, погледна наоколу и, скоро шепотејќи рече:

-Меѓу нив имаше и еден од Второто биро…

-Не те дослушнав. – Ристо навали уво. Што рече?

-Велат, бре Ристо, дека и ѕидовите имаат уши… А тука и планините имаат уши, та затоа ти шепотам, разбра?

-Да бре, се разбира дека разбрав – Ристо подигна веѓи и затвори уста.

-Е, така, да знаеш… - Стојан плукна настрана и продолжи: -Таму во Сук, еднаш неделно од болниците со камиони донесуваа оздравеници за малку одмор и на враќање заздравените ги однесуваа на боиштата. Ние кои бевме со по една нога или со по една рака, со по едно око, неми и полуглуви, постојано баравме да не вратат и нас во стројот, ама командантот на логорот, некој Тесалиец и тој со една нога, ни велеше дека за нас се уште нема наредба. И чекавме. А чекањето ни го исполнуваа со предавања за тоа што рекол некој Маркс, во Русија што направил Ленин и најмногу за Сталин. Даскал ни беше некој поранешен долгогодишен затвореник. Од Румели. Носеше очила со дебели стакла и слухот не му беше најдобар. Велеа дека заедно со Захаријадис учел во Москва, дека бил затвореник на диктаторот Метаксас, дека бил во Булкес и дека таму под негова ука многу стасале до политички комесари. Ама тој не ни беше само даскал.

Со време дознавме дека човекот си сплете цела мрежа од доушници, поткажувачи, кодоши и друга помија со чија помош сите не стави во тефтерот во кој едни беа националисти, други шовинисти, опортунисти, автономисти, титоисти… Е, овие двете последни така обележани ги сметаше за најопасни. Значи нас, Македонците. И не беше тоа доволно. Меѓу нас пушти кодош и еден провокатор. Пак наши. Кодошот брзо го откривме и добро го притегнавме. Тој ни кажа за тефтерот. И пули да видиш. Тој тефтер ни ги зафати умовите. Тоа, како да дојдеме до него, ноќе и дење си умувавме ние кои бевме обележани како автономисти и титоисти…

-А кодошот?

-Кутриот тој, се слизна на лушпа од лубеница и си го скрши вратот. Сите го жалевме… И така, ти велам јас тебе, почнавме да умуваме како да дојдеме до тефтерот. Умувавме ама од нашето умување – ништо умно. Еден од така обележаните еден ден вака рече: - Море, братија, ве пуља дека глави имате, ама не знам шо имате во нив, аљ слама или сено, се опитвам јаска… А бре, дајте да го насамариме чоеко… Еве вака да напрајме. Јаска ќе влезам во амбулантата и ќе го земам шишето со чпирто. Нели чоекот има мерак да си пивне? Сум го видел како меша половина чаша чпирто со половина чаша вода. Ноќта, откако завршува да пишува, тој си пие. Без да сети, јас на масичката ќе му го ставам шишето. Да пукнам ако тој не се ангелоса. Е, тогаш, јаска полецка ќе влезам и ќе ја завршам работата. Умно, нели?

Стојан повлече од цигарата, ја исплука кашлицата и продолжи:

-Не бевме сигурни дали е умно, ама одобривме зашто нашинецот честопати незабележано влегуваше во магациот и оттаму се враќаше со џебовите полни со тоа што го јадеше само началството.

Утредента, по будењето, одеднаш онемеа звучниците, секнаа борбените песни. По кусо време, истече од нив гласот на командантот:

-Προσοχη! Προσοχη! Αµεσος ολοι στην πλατεια! (Внимание!

Внимание! Веднаш сите на плоштадот!)

Се построивме. На колички ги донесоа и тие кои немаа нозе.

Стоиме, чекаме. По едно петнаесетина минути ете ги командантот и даскалот кој ни кажуваше за Маркс, Ленин и Сталин и не оцрнуваше во тефтерот. Намуртени, лошотилак и злоба во очите.

Се качија на бината.

-Другари борци… - почна командантот, ама во истиот миг веднаш пред него се истопори даскалот, целиот црвен од лутина и злоба, замавна со десната, потоа од под мишката го извлече весникот и со растреперени раце брзо го одвитка. Пред него падна… тефтерот! Тој со прстот покажа на подот и силно тупајќи, од неговото грло се истури глас сличен на гавраново грачење.

-Веднаш да дојде тука тој што ми го посра тефтерот!

И во тој миг целиот плоштад грмна во силна и долготрајна смеа. Смеата не ни излезе на добро. Во седиштето на началството со денови не викнаа еден по еден. Не испрашуваа, ни се закануваа со воен суд, сонот ни го одзедоа. Нејсе, и тоа го истрајавме. По битките за Негуш, Воден и Лерин дојде и наредбата, демек доброволно де, тие кои сакаат можат да се запишат и да се вратат за да работат во разни заднински служби. Крајот на мај стигнаа камиони. Останаа тие кои беа без двете нозе, слепите и полудените. Сите други, кој без два-три прсти, без дланка, без рака, без стапало, без нога, со едно око, глув или полуглув, бевме способни. Еден ден, крајот на мај, стигнаа камионите и ноќе стигнавме во Брезница. Добивме воен распоред. Мене ме пратија тука, значи командант на магацините…

-А провокаторот? – праша Ристо.

-И тој тргна со нас. Во камионот седеше на крајот. На една кривина камионот влезе со голема брзина и тој, кутриот, изгледа лошо се држеше, излета. А таму бездна. Го снема во мракот.

Почнавме да викаме, дека некој излета од камионот, ама возачот не слушна и продолжи натаму да вози со голема брзина. Кога подоцна го прашавме зошто не застана, тој рече дека ништо не слушнал, бидејќи моторот на стариот американски воен камион многу бучи. Да… Тоа ти е тоа, брат. Доволно е едно мало невнимание и да те голтне мракот. Несреќа… Нашинец беше, никаквецот… А во итро сошиениот џеб од неговиот ранец најдовме список со име и презиме на триесетина наши момчиња.

Сите обележани дека сакаат да бегаат во Југославија. А таквите, знаеш, под ѕид за дезертерство…

Ристо цело време го слуша раскажувањето на Стојан, но умот постојано му е врзан за вреќите од хартија. Праша:

-А вреќите од хартија што ги прават таму горе?

-Што ги прават таму не знам, ама јас знам што треба да им правам тука кога се празни… ги горам… Таква е наредбата. А тебе, зошто ти е толку гајле за тие вреќи од хартија?

-Па… како да ти кажам.

-Така, направо, отворено.

-Слушај, Стојане… Јас раководам со работите околу копање ровови и градење бункери.

-Аман, бре! Значи ти таму им командуваш на жените?

-Не. Јас не им командувам. Командуваат други.

-Така де, ти не им командуваш, туку им кажуваш како да копаат и како да носат трупци од шумата.

-Така нешто…

-И…

-И на тие кои не знаат да пишуваат, им ги пишувам писмата до нивните кои се во единиците, а најмногу до детулињата таму во државите. Ама…

-Што?

-Нема хартија…

-Хартија за писма во магацините немам.

-Не ти барам од магацините…

-Значи ти ја сакаш хартијата од вреќите?

-Така. Можам ли?

-Да ги земеш? Како сакаш, ама јас ниту сум слушнал, ниту сум видел!

-И јас Стојане…

Се погледнаа в очи. На нивните лица се појави одвај видлива насмевка.

ГЛАВА 19 И од тогаш Ристо, и по некоја од жените, скришум редовно ги посетуваше магацините-земјанки и кујните. Празните вреќи од хартија пред да ги изгорат, ноќе, по мрачнина скришум и на брзина ги собираше во една вреќа. Дење, кога одмораа по деноноќното носење трупци, една по една ги постелуваше на рамно и ги мазнеше со дланките за да ги израмни. Така испеглани, ги диплеше и со штикот што постојано го носеше закачен за појасот, ги сечеше на рамни фаши, широки колку неговата дланка, ја издувуваше прашината и ставени една врз друга, ги притегнуваше со камена плоча за да бидат порамни. А тие, жените, при секоја починка, по секој ручек или вечера се собираат околу него, му ги кажуваат своите маки и болки и го молат што поголема фаша од вреќите хартиени да оддели, што повеќе и поголемо да е писмото и да има во него многу зборови. Жените кога бараа “книга” за да напишат писма, тој откинуваше од појасите или фашите им ги даваше, знаејќи дека никоја нема да напише. Беа неписмени. Хартијата долго ја држеа в раце, ја мазнеа на колено врз излитените малини, небаре ги галеа своите рожби кои им ги испратија по државите, чиниш во нив, во појасите од хартија, сакаат да ја внесат целата своја љубов и топлина и надеж дека наскоро писмото ќе стигне до нив, а со него и нивната љубов, молитвите и желби. Го молеа Ристо секој ден да им пишува писма и секој ден, благословувајќи го, го прашуваа кога ќе им стигне одговорот.

-Ај, Ристо, жити здравје, да му напишеме на Паскалче мој – и почнуваше да кажува:

-Паскалче, синко мој мил, чедо мое мило, светлино моја и росно мајско цвеќе мое… - шепоти и реди Ангелина зборови топли, галежливи и молежливи и надежни и ги повторува и преповторува… Со насолзени очи долго гледа во ридовите, во шумата, во небото, во облаците, во птиците и галејќи ја тревата покрај нејзините нозе и цвеќенцата, подигна глава, се загледува во лицето на Ристо, приседнува поблиску и гледа колку место уште остана во хартијата. Се смрачува нејзиното лице, се згустуваат брчките и навираат со солзи кога слуша:

-Нема повеќе место…

-Како бре Ристо нема – зачудено прашува таа. – Па вчера повеќе кажав, а хартијата беше помала. Ајде уште трошичка напиши, ете тука, крајчето да не остане празно, и тука од страна напиши, напиши едно крстче да е како молба до Бога за да ми го чува Паскалче мој, моето злато, мојата радост, моето најмило…

соколот, орелот, бабачкото мој… Тука, Ристо – таа го допре крајчето од хартијата и со насолзени очи и засркнат глас замоли: -Допиши нешто од тебе, да е добар и добро да учи… напиши… И кога ќе завршиш, дај да го бакнам писмото…

Жената ја одврза црната шамија и во неа го сокри расплаканото лице. Од липтежот ѝ треперат рамениците. Молкома стана и оддалечувајќи се, рече:

-Господ да те варди и со добро здравје да те дари, мил Ристо…

Сполајти, да си жив и здрав…

-Која е на ред? - праша Ристо без да подигне глава.

-Јас…

-Прости, ама не ти го знам името…

-Стојна. Стојна по мојот дедо Стојан. Најстариот син ми се вика Трајко, по дедо од татко му. Ќерка ми Трајанка, по мајка ми.

Вториот син ми го викаат Трпо, по стрико му, а маж ми се вика Живко… Се од дедо и баба, од татко и мајка. И така ние си се редевме Стојановци, Трајковци, Трповци, Живковци… А по последната војна – некои нови имиња – Слободанка, Победа, Слободан, Мирка… А по оваа војна? Белки ќе остане некој Трајко и Трајанка, некој Стојан и Стојанка за да раѓаат, за да не се прекине коренот… Какви имиња ќе има, само Господ знае… Од нашето село веќе нема многу Стојановци, Трајковци, Живковци, Трповци… Кој на Грамос, кој на Мали-Мади, кој во Воден, кој во Лерин остави коски. Досега четириесет и осум на број, а бројот на ранетите и осакатените не го знам. Се што беше младо отиде…

Пусти и лоши времиња… така ли ни било пишано? Трепери раката на Ристо. Потскокнува мускулот на неговиот десен образ. Се збрчкува челото. Грч во грлото. Некаде далеку, многу далеку му е вперен погледот. Молк.

- Ристо, ме слушаш ли? праша Стојанка.

-Да, јас…

-Ај не денес… Утре ќе го напишеме моето - рече Стојанка и се помести.

-Кој е на ред?

Лина седна до него и од пазувите извади ливче хартија свиткано на четири. Трепери пожолтената хартија во нејзината рака. Му го подава ливчето и вели:

-Само толку ми дојде од рака да скинам. Другите беа побрзи од мене… Жените кинеа од вреќите, а комесарот, кој си ја заборави торбата пред земјанката, се истопори пред нив, та почна да вика по жените и да ги кара… А јас кога видов на кожната торба многу наредени моливи, си зедов еден. Еве го… - Таа посегна во пазувата. Ристо налутено намурти веѓи, размрда мустаќ и со укор во гласот ѝ рече:

-Значи, ти на комесарот си му го украла моливот?

-Тфу, тфу, далеку од лошото, не зборувај така бре Ристо, сум зела само еден… Зошто нему му се потребни толку моливи? Не оти од тебе тој е пописмен, та на кожната торба нанишал многу моливи небаре се митралески реденик… На, земи го де, тебе повеќе ќе ти затреба отколку нему. Тој само се топори со тие моливи и кој знае што им пишува за нас на тие кои се погоре од него. – Таа прекина за миг, му се загледа в очи и со молежлив поглед, прошепоти: - Не ме гледај криво… Ете, го зедов и поради тоа зарем се растури светот? Не оти го украдов… Го зедов. Ако би го украла, не оти би ти кажала… Жените одамна фрлиле око на таа комесарска торба, мислам на моливите. Тие велат што ќе му се толку моливи? Ете, велат, Ристо наш има само еден молив и доста му е за да ни ги пишува писмата. Нели е така, бре Ристо? Јас не оти за мене го зедов моливот, туку за жените, за тебе, за да ни пишуваш писма. Нему му личи да има таков молив. Така си помислив и си реков – моливот ќе му го дадам на Ристо. На, земи го и немој да ми се срдиш…

Ристо строго ја погледна, ѝ се закани со прст и по подолго молчење ја праша:

-А ти што би сакала да им напишеме на твоите?

-Па прво и прво – таа рашири прсти и кршејќи еден по еден почна да реди – дека им посакувам многу здравје и исполнета сум со надеж дека се живи и здрави, дека многу ги сакам, дека мојата љубов кон нив е голема-преголема, топло им бакнувам уста, образи и очи и сакам и натаму да ми се убави и чисти во телото, душата и мислите, да ми се радосни и весели како што на пролет се е радосно и весело, да ги краси питомина и добрина, да се праведни и милосрдни, да имаат разбирање за сите и да се благословени… Сонце јасно да ги огрева, Господ да ги чува, власт над другите да не сакаат, за сите да имаат љубов, да не се завидливи и љубоморни, пред лошото да се будни… такви секогаш да ги гледам… Тие се мои очи, да се чуваат, пред очи да им е нашето сино небо зелените ливади и шуми, нашата куќа, лозјата и нивните, со широки очи да гледаат пред себе, никого да не заборават, ниту мајка, ниту татко, ниту баба, ниту дедо, ниту бројните роднини, верата наша православна да ја чуваат, во Господ Бог да веруваат и да го молат да живот и здравје за сите, да не заборават да се крстат и да се умни, храбри, горди и на сите без страв да им гледаат в очи… И песните наши и ора да не ги заборават и дека тие без престан се во моите мисли кои секогаш летаат кон нив и не ги спречуваат ниту силни ветришта, ниту облаци, ниту ровји, ниту громови, дека душата ме боли кога помислувам на нив и дека голема е мојата грижа… Сакам што побрзо да ми се вратат… -прекина. Пред себе пушти долг поглед, чиниш, со него ги бара таму во далечното. –Ех, да сум врапче и да летнам да ги видам… А тука во градите имам голема тежина, тука ме пече мака, тага ме гризе, болка ме разјадува, чемер ме труе… со солзи во очите ја молам Богородица да ми ги чува и да ми врати, да ми се наполнат прегратките со нив… сал тие ми се сон, сал нив ги сонувам и сал тие во сонот и на јаве во мислите ме дружат…

Ами за така разделени, за така одени во непознато та туѓо, може ли срцето да молчи… може ли умот да е помрачен и мислата замрзната… Што се може? Нека ми се живи и здрави и со телото и душата и мислите да ми се чисти како солза… само да ми се живи и здрави… мајка ќе истрае… ќе истрае мајка како што истрајува каменот, карпата и планината… така, секој со својата тежина… со својата болка…

Се крши зборот и раздробен занемува врз усните. Гласот ѝ е се потивок и заличува на растревожено шумолење на растреперен лист. Прекина и на Ристо му се пристори дека гласот ѝ згасна и воздишката ѝ секна. Испитувачки се загледа во нејзиното лице и сфати дека во неа се се превртува и се покрива со сенка на неизмерна тага и потиштеност. А таа потпре брада врз стврднатите и жилести дланки прерано ишарени со брчки и занемено се вгледа пред себе. Нејзиниот поглед молежливо полета во далнината и во неа бара и пребарува, се преместува и провира, ненаситно се втиснува во процепите на времето и разочарано се враќа. Испушти длабока и долга издишка, замавна со рака санким истерува лоша мисла, одречно мрдна со глава и во нејзините очи легнува питомина. Блага насмевка и одвај видлив жив зрак во очите го разведри нејзиното лице. Рашири раце небаре некого зема во прегратка, а на Ристо му се пристори дека таа чедата си ги гушнува и ги прибира во скутот. Така остана сал толку, колку што траеше тажната и сподавена издишка и само миг потоа, таа вкрсти дланки, молежливо подигна очи кон небото, се предаде и вдлабочи во тивка, покорна, надежна и топла молитва.

Ристо мрдна со глава, погледна на ливчето, неколкупати го сврте и праша:

-И ти мислиш дека се што ми рече може да се смести на ова ливче?

-Може, бре Ристо, зошто да не може?

-Ами како можат тука да се сместат толкуте многу зборови што ми ги кажа? Ти знаеш колку хартија е потребна за толку многу зборови?

-Па, бре Ристо, не пиши зборови…

-Да не пишувам зборови? Ами што да напишам? Во писмото зборови се пишуваат, зашто зборовите зборуваат… Какво е тоа писмо во кое нема зборови? Зборовите, бре жено, зборовите зборуваат…

-Така е… зборовите зборуваат, ама ти не пиши зборови…

-Ами што да напишам?

-Напиши цвеќе, око, солза, птица, срце…

Редум, како што му кажуваше Лина, Ристо пишуваше.

-Добро. Еве цвеќе, око, солза, птица и срце. Напишав…

-Дај да видам. – Таа го зеде ливчето, се загледа во него и во нејзините очи се појави скриена насмевка. – Не така, не така, туку напиши цвеќе… Цвеќе напиши, ете вакво какво што расте до твоите нозе… Го гледаш ли?

-Мислиш да нацртам цвеќе?

-Така де… Напиша? Добро, ама листеницата нека се малку поголемки… Сега напиши око… Еве, напиши го моето око… Под окото напиши ја и солзата што ми капна и потака напиши едно врапче… напиши врапче со отворено клунче и раширени крилца…

Напиша? Сега напиши срце… срце напиши… и под него капка…

Не дорече. Болна воздишка и липтеж ѝ пресекоа глас, солзи маглосаа очи, навираат, се збиваат и бисерно светкаат врз нејзините црни, густи и долги трепки… Наведна глава и се вгледа во вкрстените раце распослани во скутот.

Бучен е трептежот на листот, вревливо е брмчењето на пчелата во чашката на цутот, громовито шумоли поточето… се разлошија, разјадосаа и се разлелекаа ветриштата, се размолка небото, патиштата и друмовите се разредија и по долиштата се разлева врисок, тап удар на ралник се вдлабува в земја, на врв даб гавран развлечено грачи… глув липтеж, далечно викање и молежлив плач…

Лина избриша надвисната солза, чепна во пазувата и оттаму извади доизгрушено ливче и, подавајќи му го, замоли:

-Е, сега клај го и ова…

-А што е тоа?

-Тоа е, како се вели… Тоа е местото каде живее татко им. Таму како што е напишано, живее нивниот татко. Да му напишат писмо, ама со зборови… Клај го внатре и свиткај го како што ги свиткуваш сите писма и фрли го таму во вреќата… Жените рекоа дека денес ќе дојди човекот од големата пошта…

И така секој ден, на пладнување, под бучавата на извидничките авиони, под дебелите сенки на буките, Ристо ги пишува писмата и повеќе додава од себе отколку што му кажуваат тие. Им ги знае желбите, им ја знае големата и неизмерна болка и љубов кон децата, грижата и сомнежите и стотиците прашања што сакаат да ги постават. Тој знае по кој збор тие тажно ќе се насмевнат, кога ќе испуштат долга издишка, кога ќе одбрадат црна шамија и со крајчето ќе избришат сронета солза; знае кога ќе им се засркне гласот и колку време ќе им затреба за да приберат глас и молежливи и галежни зборови да изустат… Им ги знае тајните што се кријат во нивните срца и мисли, ги теши, им ветува, ги преколнува да не се грижат толку многу, да се смирени и да се надеваат и веруваат… Тој знае која жена како ќе му се обрати на своето дете или деца, кои зборови ќе ги употреби за да ја искаже својата љубов и грижа, кои молитви и желби и како ќе го заврши писмото. Ристо од себе додава дека треба да се мирни и да учат, какви да бидат и колку многу ги чекаат мајките. А кога оттаму каде беа праќани писмата, немаше одговор, жените вознемирени и исплашени прашуваа, Ристо им одговараше:

-Ами што си мислите вие, дека државите каде ви се децата се блиску? Е, бре жени, колку долги патишта, колку многу реки и мостови треба да се поминат за да се стигне до таму. Далеку се тие држави, многу се далеку…

ГЛАВА 20 Големата пошта, така жените кои беа викнати од селата за да копаат ровови и да градат бункери, ја нарекуваа службата која ги прегледуваше писмата. Таму, во една од трошните куќи во селото Винени, тројца чиновници од службата за цензура, расправаа за писмото во кое најдоа адреса на човек кој живее во Охајо – Детроит, во Америка, ама најмногу нивното внимание го привлекоа цртежите на цвеќето, окото, солзата и птицата.

-Нацтраното ми изгледа многу чудно. Првпат гледам писмо- цртеж. Ајде да беше испишано со зборови и врз нив нацртано цвеќе, па око, солза и птица, што со себе носат и најавуваат многу човекови чувства, ама само цртежи… Навистина ми личи на нешто многу чудно.

-Е, па ти. Зарем еднаш сме имале такви чуда? Затоа сме тука за да ги откриваме и разјаснуваме и таквите чуда.

-По мое разбирање и сфаќање во цртежите има нешто скришно.

-Се согласувам дека цвеќето, окото, солзата и птицата во себе кријат симболика. Но каква? Дали преку нив можат да се изразат само мноштво човекови чувства?

-Можно е да е така, но… На пример да го земеме цвеќето.

-Можеби преку него пишувачот на писмото сака да ја искаже својата надеж, љубов, добрина, радост, среќа и многу други желби…

-Зарем цвеќето не може да симболизира и нешто друго? На пример на тоа и тоа место расте такво цвеќе. А таму сега народот копа ровови и гради бункери. Значи определува одредено место каде нешто се прави, а тоа што таму се прави сега е тајна. Што уште симболизира цвеќето? Покрај неговата основна функција да пренесе нешто, симболизира овенување на злото… Може да значи пренесување на вести дека многу изгинаа, нели се вели изгина цвеќето на младоста , загинаа во цутот на младоста… Другари, внимавајте… Во цртежот на цвеќето се крие тајна! Сега да го земеме окото. Цвеќето го лоцира позицијата, а окото гледа што се случува таму. Случувањата ги гледа и ги бележи, ги запаметува.

Логично, нели?

-Значи окото заедно со цвеќето шпионираат!

-Да, другари, шпионираат!

-А солзата?

-Да, солзата, другари, симболизира болка, тага може и радост… Но, во случајот што го разгледуваме, солзата може да значи големи загуби, плачење, патење, несреќи и сето тоа како одраз на разочараност, немање борбен дух и морал и недоверба во нашата борба… Погледнете на цртежот со врапчето. Што гледате?

-Отворено клунче и раширени крилја.

-Раширените крилја значат брзо да се пренесат податоците, а отвореното клунче да каже се што лоцира цвеќето, што гледа окото и што вели солзата. А каде сето тоа треба биде пренесено?

Се разбира – во Америка.

-Тоа го потврдува адресета што е напишана под цртежите…

-Јасно е, другари… Имаме случај на шпионажа…