Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

To Hell and Back

Front Matter - Part 06

Од Евдокија Фотева - Вера · Дел 6 од 16 · Околу 20 минути

Читај на English

“Вера Николовскаја. Тоа е кличка (псевдоним)” – ми вели. “Тогаш, ми вели, отсега истрагата ќе ја водиме под двете имиња и презимиња: Вера Николовскаја ана же Евдокија Балева”. “Како сакате, јас сум таа истата” – му велам. За цело време на истрагата, во логорите, во интернација и во пасошот кога се вратив од СССР во Југославија на 25 август 1956 година и мојот син кој се роди во Белград фигурираа двете имиња и презимиња.

-Како се вика татко ти? – ме праша -Татко ми се вика Никола Балев.

-Каде се наоѓа?

-Во Канада.

-Кога отишол?

-Во 1928 година, на печалба.

-Ќе видиме! –ми вели, а мајка ти како се вика?

-Невена Балева.

-Каде се наоѓа?

-Во Југославија, во Македонија. Сакаа да ја уапсат монархофашистите и избега во 1946 година во Битола.

-Ааа, уште позадоволен и ми вели: “Ќе видиме”.

-Што друго имате од семејството?

-Немам никого.

-А што Ви е Минчо Фотев?

-Сопруг.

-Зошто не го носите неговото презиме?

-Не сме регистрирани, си имаме само дадено збор, нашиот брак е склучен на партизански начин.

-Добро. Зошто мајка Ви отиде во Југославија? – го повторува прашањето.

-Бидејќи беше член на АФЖ, па монархофашистите сакаа да ја уапсат и таа во мај 1946 година побегна и беше префрлена во Битола. Тогаш илјадници народ побегна преку граница од теророт на монархофашистите, а нашата куќа до темел беше изгорена. И баба ми Јагна ќе изгореше внатре, ако еден сосед, по име Павле Караџов, не стрчаше да ја спаси, а во неа монархофашистите стрелаа, па го ранија него. И тој сега се наоѓа во Југославија, како и сите постари луѓе од моето село.

-Каде се наоѓа мајка ти? – повторно ме прашува.

-Во Југославија, во Македонија, во градот Битола.

-Татко ти кога отиде во Канада?

-Татко ми Никола уште во 1928 година замина на печалба во Канада и сега живее во градот Торонто. Има негова крзнарска работилница. Јас него не го познавам, бидејќи одвај имав две и пол години кога тој замина.

-Дали се допишуваш со татко ти?

-До 1940 година се допишувавме, но кога на 28 октомври 1940 година почна грчко-италијанската војна, па и за време на германската окупација, а и за време на англоамериканската интервенција не се допишувавме.

-Кога си родена?

-На 2 август 1926 година.

-Каде?

-Во село Д’мбени, Костурско, Егејска Македонија, во Грција.

Преведувачката преведуваше, а тој ги запишуваше моите одговори.

-Ти си агент! – ми вели.

-Јас сум комунист! – му велам.

-Ти си шпион.

-Јас сум партизан.

-Ти си агент на интелиџенс сервисот! - ми вели.

-Не! Јас сум комунист, партизанка и ќе пишуваш јас како што ти велам, а не ти како што сакаш! – му велам, на што се согласува.

Ми го даде протоколот да го прочитам Ги читам неговите прашања и моите одговори. Сум задоволна од напишаното и си мислам: “Се борев непрекидно десет години за слободата на македонскиот народ против италијанските фашисти, против германските фашисти, против англоамериканските империјалисти, против грчките монархофашисти, ја докажував вистината за македонскиот народ пред КПГ, па и сега пред СКП(б), ако тоа е грев, нека ме убијат”. Така задоволна го потпишав првиот протокол составен ноќта на 7 спроти 8 јануари 1950 година со иследникот на НКВД во Лефортовскаја тјурма во Москва.

По потпишувањето на протоколот, иследникот даде знак и стражата ме одведе во ќелијата. Не знам колку беше часот, но само што легнав, не знам дали заспав или не, се отвора фортичката на вратата и ми викаат: “Падјом”. Значи е шест часот наутро. Од прозорчето се гледа дека е темно надвор, но се слуша голема бучава. Така беше секој ден. Не знаев тогаш дали во близината има некоја фабрика или е нешто друго.

Ми носат појадок: 200 грама леб, 5 грама шеќер и кипјаток. Не можам да го изедам. На ручек пак чорба од риба и каша една лажица. Лебот го месам со вода и го фрлам во клозетот неколку дена. Еден ден ме забележаа и ми рекоа да го јадам, не смеам да го фрлам. Другите денови го месев лебот со вода и правев мали човечиња како партизани и ги ставав на радијаторот да се сушат.

Ме забележија и пак ме предупредија дека не смеам да се занимавам со непотребни работи. Ме прашуваат што се тие што ги правам. “Тоа се партизаните на Маркос” - им велам, па ми ги уништија сите.

Кога не ме викаа на испитување, цел ден требаше или да седам на “креветот” или да шетам по ќелијата од ќош во ќош, рамно и попреку. Постојано ја мерев ќелијата: 16 стапала долга и 8 широка.

Имав желба за дијалог, иако ме пцуеја, ме навредуваа. Сакав со некого да разговарам. Деновите ми се чинеа години. Недела-две наутро почнав да правам гимнастика. Тоа го знаев од нашите политички затвореници во Грција. Тие ми велеа за да бидат здрави и да имаат кондиција во затворот правеле гимнастика. И за тоа ми направија проблем, “нелзја” да се занимавам со гимнастика. Им се развикав дека тоа го правам за да не се разболам. Почнав и да го јадам појадокот што ми го даваа, со времето и кашата ми стана вкусна. Лебот веќе го изедував уште утрото како локум и почна да ми нестасува. Таа иста храна ја примав цели 28 месеци во затворот во Москва, во ќелија, како што ја викаа “адиничка”. Само за Први мај и за 7 Ноември, за време на нивните државни празници, ни даваа манаа каша или овцијанка, но за тие случаи ќе стане збор понатаму.

ВТОРИОТ ПРОТОКОЛ По неколу дена, колку што ми дадоа знак да легнам, уште незаспана, во 22,30 часот ми викаат: “На следствие, встават!” Ме носат во друг кабинет. Мојот иследник кабинетите за испитување постојано ги менуваше во зависност од карактерот на испитувањето. Тоа подоцна го скопчав: некогаш во попријатен амбиент, во попростран простор, некогаш во сосема потемнет со застарен мебел, но кај мене тоа ништо не влијаеше. Секогаш ќе си седнев на столчето во ќошето, но не седнував додека тој не ми наредеше. Бев дисциплинирана.

Вториот протокол започна со прашањето дали сега мајка ми со татко ми се допишуваат. Му велам: “Од каде да знам”.

-Кога последно се виде со мајка ти? – ме прашува.

-На 9 и 10 април 1949 година во Битола, во Македонија, Југославија.

-Како си отишла таму? – се интересира.

-Како делегат на Главниот одбор на НОФ, заедно со други другари, бевме поканети од Македонското друштво во Бугарија, Софија, да присуствуваме на годишнината од смртта на македонскиот револуционер и војвода Јане Сандански, па му објаснив на иследникот кој беше Јане Сандански и дека КПГ не испрати преку нејзината “јафка” во Југославија. Другарите заминаа неколку дена пред мене, а јас заминав сама, бидејќи побарав од Захаријадис да останам во Битола за да се видам со мајка ми. Захаријадис ми одобри. На 9 април вечерта мојот другар Минчо ме однесе до границата и оттаму со џип на грчката “јафка” стасавме во Битола. Другарите од “јафката” беа известени и отидов во станот каде што живее мајка ми на улица “Мирче Ацев” број 6. Со неа останав еден ден и една вечер и пак ноќе стигнав во Скопје кај грчката “јафка”.

-Со кого друг се виде и кои се тие? – повторно прашање.

-На 11-12 април во грчката “јафка” во Скопје во една зграда на таванските простории во центарот на Скопје, што беше наспроти Министерството за внатрешни работи на Македонија, дојде еден мој другар од моето село Димитар Трповски, кој живееше во Скопје, ме зеде и ме однесе да се видам со мои соселани постари лица, а потоа се видов и со тие раководители на НОФ кои уште во 1948 година дезертираа и останаа во Југославија, во Скопје. Тие се: Михаил Керамитчиев, Вангел Ајановски-Оче, Стеријана Вангелова-Славијанка, Лена Стојкова-Мирка и други. Во разговорот тие ме нападнаа и ми рекоа дека ние се предадовме на Грците. Јас тогаш се налутив и им реков дека тие се малодушни и дезертери, го оставија народот што го организираа и побегнаа да се скријат, да си ја спасат кожата и своите семејства, а пак ние верни на Партијата и на нашиот народ ќе останеме докрај макар и да загинеме. Се налутив, им ја треснав вратата и отидов во “јафката”, а ноќта го продолжив моето патување за Софија преку градот Петрич, каде што ме прати “јафката”, Македонец по име Јани. Во Петрич спиев во една македонска куќа. Утрото од Петрич, со курирот од “јафката” и еден од државната сигурност заминавме за Софија, каде што бев сместена во грчката “јафка”.

Таму ги сретнав моите другари од делегацијата: Павле Раковски, Тодор Кочев-Виктор, Тане Наумов и Вангел Ничев, кои од Главниот одбор на НОФ имаа задолжение по прославата во Софија да заминат на работа во Источна Македонија, а пак јас со Павле Раковски да заминеме во Прага на Вториот меѓународен конгрес на мирот.

Го потпишав и вториот протокол. Се мислев во ќелијата зошто толку ме прашуваа за мајка ми и дали се допишуваме со татко ми.

По долго размислување, ми текна. Си правам реконструкција на настаните и заклучив: Информбирото го напаѓа Тито дека отишол по патот на капитализмот, а сега кои се врските, значи какви врски има со Америка и со западниот свет, т.е. ние обвинетите како агенти на интелиџенс сервисот какви врски имаме со Запад, односно јас со татко ми и мајка ми и ми олесна. Задоволна од таа помисла, легнав и заспав. Не знам колку беше часот, колку време спиев, но кога ми викнаа “Падјом!”, веднаш станав и првпат се чувствував наспана и добро расположена како да не ми недостасуваше ништо.

ОТСТРАНЕТА ПРЕВЕДУВАЧКАТА ЦАКАЛОПУЛА ПОРАДИ МЕНЕ Во меѓувреме ги измешав датумите и деновите, бидејќи иследникот почна да ме испитува и дење и ноќе, и во опразник и во делник. Така беше три месеци. Кога едно утро ми носат појадок како обично, на ручекот ми донесоа многу убав боршч и каша ориз, се разбира, мала чинија, но тогаш за мене многу вкусна, а другиот ден мана каша. Помислив дека секогаш вака ќе биде храната. Иследникот не ме повикуваше. Си мислам: “Можеби ќе ме судат”, но третиот ден пак почна по старото.

Иследникот ме прашува кога се видов со мајка ми, дали се видов и со некои други лица, освен тие во Скопје и дали зедов некоја обврска од Југославија. Му одговорив дека не зедов ништо од никого и нема зошто да земам некакво задолжение. Ме праша што образование имам, на што му одговорив:

-Во градот Костур одев до трети клас гимназија. Бидејќи во Грција немаше македонски училишта, учевме на грчки јазик. Кога започна грчко-италијканската војна во 1940-1941 година, прекинав со училиштето, бидејќи градот Костур е блиску до Албанија, а моето село е уште поблиску и редовно беа бомбардирани од италијански авиони, а градот Костур скоро цел беше евакуиран во блиските села.

На прашањето дали имам завршено други училишта, му реков:

“Во Македонија, во Скопје, од мај 1945 до крајот на јули истата година завршив тримесечен курс при ЦК на КПМ.” На овој мој одговор иследникот почна да се смешка. Следуваа други прашања.

-Од кога и во какви организации беше организирана и какви функции имаше?

-Кога се запишав во костурската гимназја во 1938 година, по Метаксасовата диктатура, сите ученици ги запишуваа во фашистичката организација ЕОН (му објаснив што значи тоа) и мене без да ме прашаат, како и целиот мој клас, не запишаа по име и презиме во таа организација, но во неа немав никаква активност.

Во нашето село Д’мбени постоеше комунистичка организација уште од 1932 година и скоро сите младинци и младинки учествуваа во таа организација и редовно плаќаа црвена помош.

Мојата мајка уште од 1932 година е член на КПГ. Од фамилијата од која што потекнува мајка ми: баба ми и вујко ми беа во Илинденското востание, всушност моето село има револуционерни традиции. Јас кога се вратив во 1940 година во селото, од мојот сосед Панајот Караџов бев примена во ОКНЕ

(Комунистичка младинска организација на Грција). Панајот загина на Грамос во 1948 година. Од 1943 година членувам во КПГ. Кога се формира СНОФ (Славјаномакедонски народноослободителен фронт), работев како позадински работник во таа организација во Костурско (кажувајќи точно кога и од кого е формирана таа организација). Во мај 1944 година дојдовме во судир и несогласување со линијата на КПГ по македонското национално прашање и една група на борци на ЕЛАС и СНОФ со Наум Пејов и Атанас Коровешовски преминавме во единиците на НОВ и ПО на Југославија – Македонија.

Иследникот внимателно ме слушаше, преведувачот преведуваше, а тој ги запишуваше моите одговори. Јас ги потпишував протоколите, а каде што не се согласував со запишаниот мој одговор, иследникот поправаше. По којзнае кој пат ме праша како и зошто поминавме во македонските единици на Југославија, како бевме осудени на смрт од Окружниот комитет на КПГ за Костурско и таа пресуда растурена со леток по костурските села и во ЕЛАС, како беа вратени во редовите на ЕЛАС по договорот меѓу КПГ и Главниот штаб на НОВ и ПОЈ на Македонија. Се интересираше за се подробно.

Му раскажав како по вторпат со нашиот македонски баталјон на ЕЛАС поради повторно несогласување преминавме во Југославија во октомври 1944 година и како во слободна Битола, македонски град, беше формирана Првата бригада на Македонија под Грција.

Сето ова подробно му го раскажував на иследникот. Му раскажав кака на 7 Ноември, на денот на Октомвриската револуција нашата бригада маршираше во Битола и присуствуваше на митингот што беше одржан во чест на 7 Ноември, на кој говореше Светозар Вукмановиќ-Темпо. Тука мојот иследник се разбесна. Стана од столот и почна да вика дека не е вистина, Југославија не го празнува денот на Октомвриската револуција. “Не е вистина. И ден-денес во Скопје на плоштадот се бистите на Маркс, Енгелс и Ленин” и не успеав да ја довршам реченицата, ме прекина, уште повеќе се разбесна, почна да вика, да се доближува до мене, застана над мојата глава и хистерично ми викаше: “Ти си зволоч, ти си агент на меѓународната буржоазија, агент на Тито и Југославија”.

-Не сум ничиј агент. Јас сум комунист и партизан. Македонска сум по националност и Ви ја кажувам вистината таква каква што е.

Прашајте ги Вашите дипломати, ако ги имате во Белград, па тие нека проверат дали јас лажам или ја кажувам вистината! – му одговорив, но не знам по кој пат тоа исто прашање и исти одговори од моја страна.

Тогаш иследникот погледна на часовникот и излезе. Останавме двете со мојата преведувачка Цакалопула. Таа жена тогаш ми кажа дека е Гркинка од Кавказ и дека е офицер на Советската армија, дека има ќерка која многу личи на мене и почна да плаче. Ми вели: “Немој да се нервираш”. Стана од столот каде што седеше близу до иследникот и дојде до мене. Ми подаде едно шамивче, бидејќи мене постојано ми течеше носот зашто бев настината, само шмркав и со раката се бришев. Ми вели: “Иследникот нека ти задава тешки прашања, ти пак одговарај му по твое, не плаше се”.

“Не се плашам, ама не очекував дека во Советскиот Сојуз ќе се најдам во ваква положба, за првата земја на социјализмот јас имав друго мислење.” Се врати иследникот и почна да ме прашува какви функции сум имала во ДАГ. Му зборував за ДАГ, за тоа каква организација е НОФ и пак ме навредува: “Зволоч, агент, предавник...” Погледна во часовникот. Дојде над мене со една хартија и ми вели да го прочитам напишаното. Читам коректно се регистрираии моите одговори, ама тој е незадоволен. “Ну”, ми вели откога го потпишав протоколот. “Да”, велам. “Ќе видиме понатаму, ќе признаеш” – вели. “Ќе признаам само тоа што сум” – му одговорив. Потоа даде знак да ме одведат. Се појавија двајца НКВД-евци. Едниот пред, другиот зад мене, јас во средина со рацете одназад, и пак по ходници и скали, даваат знак со клучовите да не се сретнам со друг затвореник и ме затворија во ќелијата.

Така се редеа протоколите од испитувањата година и пол.

Осумнаесет месеци во Лефортовскиот затвор во ќелијата број 105, на трети кат. Во тоа време само за кусо ме преместија во друга ќелија на истиот кат, малечка, но “поудобна”, а потоа пак ме вратија во 105.

Кога по третпат ме повика иследникот на испитување, мојата преведувачка Цакалопула ја немаше. Беше присутен еден повозрасен човек. Ми се претстави дека се вика Јоанис Иоанидис.

Многу добро го знаеше грчкиот јазик, бил професор, а бил и во Грција. За разлика од Цакалопула беше многу арогантен. По секоја цена сакаше да се покаже пред газдите дека е лојален. Ми поставуваше и негови прашање, на што јас протестирав, а и ме навредуваше. По извесно време ми беше претставен и трет преведувач. Се викаше Аристотелис Папунидис, поручник на Советската армија. Иоанидис доаѓаше многу ретко, веројатно кога го немаше Папунидис.

Цакалопула, мојот прв преведувач, ја отстранија поради тоа што како жена не можеше да го издржи тој режим, а најверојатно заради искажаната сентименталност кон мене.

РЕЖИМОТ ВО ЌЕЛИЈАТА: НИ ДА ЖИВЕЕШ, НИ ДА УМРЕШ Преку шпионката на вратата бев следена. За се дежурните го известуваат иследникот. Не смееше ништо да направиш што не беше одобрено. Толку суров режим беше што не те оставаа ни да умреш, ни да живееш. Жив а мртов.

Се миев без сапун. Само на 15 дена ме носеа на туш во приземјето на затворот. Тогаш ме носеа женски лица. Ќе ми дадеа мало сапунче и уште не сум успеала да ја измијам косата, ќе ми викнеа: “Канчај”, готово. И кога се капев ме гледаа преку шпионка, било машко, било женско зашто тие во мене не гледаа човек туку скот. Тогаш ми даваа и долна облека: машки долги гаќи и долга кошула. Мојата долна облека што ми ја оставија при претресот набрзина ја наквасував, ја сапунав и со неа се триев, а на тој начин и да ја исперам. И кога ме иставаа од ќелијата за бањање и кога ме враќаа од бањање ме претресуваа за психички да ме малтертираат, но веќе отрпнав на се, бев решена да не отстапувам од вистината, па што ќе биде нека биде со мене. Кога не загинав на фронтот како херој, нека ме стрелаат овде.

Одвреме-навреме ќе помислев каде се Минчо, Паскал и другите.

Дали и тие се во истиов затвор, во некои од блиските ќелии.

Помислата на нив ме охрабруваше да издржам секаква тортура, па дури и нека ме стрелаат, ама барем да ме изведат пред народ да ме судат, ако за нешто сум виновна. А мојата вина беше една: затоа што сум чесна Македонка.

Триесет и два месеци бев под истрага: 3 во Албанија и 29 во Русија. За тоа време се испишаа протоколи и што ти не друго со томови. Сигурно тие се чуваат во Москва, па кога и да е ќе можат испитувачите на вистината, нашите историчари да ги прочитаат и да видат што сме претрпеле ние за својот народ, што доживеа македонскиот народ од Егејска Македонија по капитулацијата на ДАГ. Оваа документација, како што ми рекоа некои наши историчари, веќе била донесена во Архивот на Македонија – Скопје.

ПАДНАВ ВО БЕСВЕСТ НА СОСЛУШУВАЊЕ Неиздржливи сослушувања. Досадни, едни исти прашања и на нив да даваш исти одговори. Не беше тоа случајно, туку да ти најдат нешто за обвинување. Седната на столчето во ќошот од одајата морам на сите глупости да одговарам. По којзнае кој пат кажувам како и зошто дојде до префрлувањето во Југославија на нашата единица, па со кои лица, за Егејската бригада, за НОФ и така со ред.

Одговарав на поставените прашања точно така како што навистина беше. Му реков на иследникот дека некои од тие луѓе што ги наведов се овде, во Москва, но не знам каде се, можеби се во блиските ќелии до мојата, а тоа се: Паскал, Минчо, Поплазаров, Чолаков, Хаџијанов, Пировска, Раковски, Коленцов, освен Маљов, кој не беше со нас, а некои се во Југославија. За другите не знам каде можат да бидат, доста загинаа во борбите, други се во грчките затвори. За момент го повишив тонот и им велам (на иследникот и на преведувачот): “Срамота е што Вие мажот ми го држите овде в затвор, а неговата мајка Александра со три малолетни деца ја уапсија монархофашистите, прво ја одведоа во Костур, па ја осудија. Лежеше затвор во затворот “Аферов” во Атина, им ја запалија куќата и се затоа што Минчо беше партизан, а Вие него како комунист го затворивте во комунистичка Москва. Каква иронија на судбината негова и на сите нас. Неговиот брат Фоти уште неполнолетен загина во 1944 година во борбата против германската окупација”.

-А каде е неговиот татко? – ме прашува иследникот.

-Тој е во Југославија. Таму пребегна за да не биде уапсен и стрелан од монархофашистите, од што таму се најдоа и илјадници други луѓе од Егејска Македонија! –му велам.

-А каде е семејството на Паскал Митревски? – се интересира.

-И тоа е во Југославија. Таму пребегна со илјадници Македонци и Грци за да не паднат во рацете на монархофашистите.

Продолжија испитувањата за сите подробности за другите од мојата група, за нивните семејства каде се и нивните имиња и презимиња. Јас им ја кажав адресата на мојата мајка Невена дека живее на улица “Мирче Ацев” број 6 во Битола, Македонија, Југославија. На прашањето кој е тој Мирче Ацев, им раскажав за тој македонски херој. Јас кажувам, тие пишуваат што им е во интерес. Поопширно ме испитуваа зошто со нас е затворен Михаил Маљо кога тој не бил во Југославија. Им реков: “За тоа прашајте го Никос Захаријадис. Тој нека Ви каже, а јас не знам.

Можеби затоа што како секретар на НОФ си ја вршеше доследно и чесно својата функција и не дозволи ничие влијание во организацијата НОФ”. Ме испитуваа подробно за неговото потекло. Тоа многу ги интересираше. Што знаев се им кажав.

Секоја ноќ од 23 до 5 часот наутро ме носеа на “следствие”. Тоа ме исцрпуваше. Неподносливи беа малтретирањата, а и без сон.

Ми се чини дека беше сабота навечер кога бев на “следствие”.

Едно време, како што седев на столчето во ќошот на канцеларијата, ми се смати во главата и паднав во несвест. Не знам потоа што било со мене. Не знам: кој, како и кога ме внесле во ќелијата. Колку долго сум лежела во ќелијата, само кога влегле во ќелијата една жена во бел мантил и дежурниот офицер, застанале над мојата глава, ме разбудија со зборовите: “Ставај!” Се стресов од викањето. Некако успеав да станам. Ме седнаа на “креветот”.

Лекарката ми стави шок-инекција во тилот и пак ме оставија да лежам. Не знам по колку време (денови и вечери) го слушам познатиот глас: “Падјом”. Станав. Се измив. Седнав на креветот изгубена. Се обидов да си ги средам мислите, да се сетам што се случи со мене. Се чувствував подобро и расположена. Штом дојдов присебе, штом сосема се освестив, си зборувам самата на глас: “Значи овде не ти даваат ниту да умреш, ниту да живееш, туку да те држат во живот и да те користат како скот. Ти нема Вера тоа да го дозволиш! Држи се како досега! Собери сили и почни по малу да глумиш. Не дозволувај тоа што не си да те направат” И викам колку што глас ме држи: “Нема, нема, нема...” На моето викање се подотвори портичката и се слуша познатиот глас: “Малчи!” Една чудна сила во мене ми зборуваше: “Ништо не ти можат, ништо не ти можат!” Така се бодрев самата себеси. Чудни се тие чвствувања. Нив можат да ги разберат само тие што такво нешто доживеале, само таквите можат да ми веруваат.

“Ти Вера, продолжив да зборувам во себеси, не си сторила ништо против нив. Не можат да те обвинат зашто си родена Мадедонка, зашто си била во Југославија, па и тие биле. Ете и Сталин на Тито му додели орден за победата над фашизмот”.