ПО ОНЕСВЕСТУВАЊЕТО, ЗА МЕНЕ ПОГОЛЕМА
ПО ОНЕСВЕСТУВАЊЕТО, ЗА МЕНЕ ПОГОЛЕМА
“ГРИЖА” Зборувајќи си така, се отвора фортичката и ми подадоа, како секое утро, 200 грама леб, 5 или 10 грама шеќер и топла вода кипјаток со малку сушени овошни плодови за топлата вода да добие боја на некаков чај. Тоа ми беше катадневниот појадок, а, пак, за вечера чорба од риба со коски, повеќе вода, и една лажица каша. Таа вечер пак една лажица каша или боршч и ми ја побараа лажицата, во која ми турија рибино масло. Тоа ми беше како лек скоро цел месец. Со рибиното масло закрепнав, многу ми помогна за здравјето. Организмот свикнува на гладување, а пак јас и во партизани имаше денови кога со другарите бевме сосема гладни.
Се потсетував на 1 мај 1946 година. Тогаш во Радуш три борби водевме во еден ден со монархофашистите. По тие борби петнаесет дена со другарите на планината Вичо јадевме само лисја од бука, киселец и други тревки, пиевме планинска вода и бевме крепки. Немавме храна зашто сите околни села беа сардисани од монархофашистичката војска, не бараа нас, но тогаш се плашеа да навлегуваат во шумите. Кога тогаш преживеавме, и сега ќе преживеам.
Не ме викаат на “следствие” неколку дена. Никако не можев да ги погодам деновите зашто не знаев колку дена бев во бесознание.
Го изгубив редоследот на датумите и деновите, а беше многу студено во тие денови во ќелијата број 105 во Лефортовска тјурма во Москва.
Третиот ден по освестувањето, после шест часот утрото, како обично, го даваат појадокот. Се слуша како по ред се отвораат фортичките еднаподруга од моето крило на затворот. Повторно се отвора мојата фортичка. Дежурниот офицер ми вика: “Давај скореј крушку” (подај ми ја бргу шолјата). Јас му ја подавам шолјата.
Тој ми ја наполна со шеќер. Ми вели: “Цуќур, цуќур” (шеќер).
Украинците шеќерот го викале цуќор. Веројатно офицерот бил Украинец. Така беше и на ручекот и на вечерата. Што ќе останеше каша од другите затвореници ми ја даваше мене. На “следствие” не ме викаат, храната ми се подобрува. Си мислам: “Можеби нешто ќе се измени”, а што ќе биде тоа не можев да заклучам.
Другиот ден ми го даваат паакот, така го викаа појадокот, тоа што следува, како и претходните денови, без додаток на шеќер и каша.
“ Можеби зашто не бев добра ми дадоа повеќе”, си мислам во себе.
Третиот ден, кога беше дежурен тој ист офицер, што остануваше откај другите затвореници ми го даваше мене. “Давај крушку, цуќер, давај тарелку, каша” – ми велеше. Така беше секој трет ден околу 15 месеци во ќелијата број 105 кога беше дежурен овој офицер. Се поправив. Си направив распоред секој ден да имам исто шеќер. Од кои побуди тој офицер така љубезен беше кон мене, зошто ми даваше повеќе не знам. Можеби на тоа крило од затворот само јас бев жена или зашто бев странкиња. Не можам да си објаснам. Или зашто беше Украинец, или некои негови виновни и невиновни со стотини илјади мажи и жени, малолетни и возрасни беа во логорите во Сибир, осудени како Бандеровци, Власовци или зашто малолетни девојчиња заробени слугувале во германски домови, или зашто беа во офицерска униформа... Како и за што било, и во такви околности, што вели народот, ќе се најде некој од мајка роден.
Некаде по недела-две денски ме викаат на “следствие”, но во поширока просторија, попријатна. Одењето до таму вообичаено (еден спроводник напред, друг зад мене, јас во средината со раце одназад). Кога влегов, поздравив, но иследникот никогаш не ми одговараше на мојот поздрав и чекав да ми го рече неговото “Садис”. Седнав на столчето во ќошот. Со иследникот преведувач е Аристотелис Папунидис.
Иследникот ме прашува како се чувствувам. Кога му реков:
“Добро”, почна да ме укорува дека не се придржувам на редот. “И да сакам да не се придржувам морам зашто нема што да правам во ќелијата” – му велам. Тој пак ми прави забелешка зашто правам гимнастика. Тогаш се налутив и се развикав на цел глас: “Јас не сакам да се разболам, сакам да живеам, а пак ако тоа не го сакате Вие, тогаш, ако сум виновна за нешто, стрелајте ме, што ме мачите!” За првпат му реков “стрелајте ме”. Мојот преведувач не го знаеше добро грчкиот јазик за тоа добро да му го преведе, па јас се мачев на руски да му кажам што значи “стрелајте ме”.
По којзнае кој пат ми поставува исти прашања. Пак почна со тоа негово: “Кажи за твојата националистичка дејност!” Му велам:
“Ако тоа што не се согласуваме со КПГ по македонското национално прашање го сметате за национализам, тогаш не знам што е патриотизам”, па пак подробно му кажувам како дојде до тоа разидување, за заминувањето во и враќањето од Југославија, за Првата егејска бригада, за нејзините луѓе, за прославата на денот на Октомвриската револуција во Битола, а за сето тоа што го кажувам можат да го проверат преку нивната дипломатска служба и ако нешто не е точно од ова што го кажувам, нека ме судат.
Тој пак провокативно ме прашуваше за мојата “шпионска работа во ДАГ”. Како јас, така и другите уапсени сме вршеле “подревнују работу” во редовите на ДАГ. Категорично тоа го одбивав дека не е точно, дека тоа е клевета зашто ние со другарите Грци ја создадовме ДАГ и дека нешто што сам си го создал не можеш да го урнеш. Македонската организација НОФ го организира македонскиот народ, кој масовно учествуваше во ДАГ од 14-годишни до 80-годишни мажи и жени и даде огромен број жртви во борбите против монархофашистите и нивните помагачи англоамериканци. Ние не сме причина за поразот на ДАГ, туку ЦК на КПГ на чело со генералниот секретар Никос Захаријадис.
Следеа најпогрдни зборови, викања, пцовки, “бљат, зволч, агент, врјош” и што уште не од иследникот.
На ваквите навреди, клевети и лаги веќе отрпнав, но му реков само во протоколот да го запиши тоа што јас го велам, а не тоа што нему му одговара, во спротивно не го потпишувам.
Таквите испитувања се продолжуваа дење и ноќе, со денови, недели и месеци, само да изнајдат нешто што би изменила од претходните искажувања. Меѓутоа, јас немаше што да изменам, бидејќи ја кажував само вистината. Само човек што лаже може да греши.
ПО ГЛЕДАЊЕТО НА ЖУРНАЛ ЗА ВТОРИОТ КОНГРЕС ВО БУДИМПЕШТА, СТАНАВ “ВЕРОЧКА” Понекогаш ме испрашуваше, покрај мојот иследник, полковникот Виктор Петрович Фирсоф. И тој ми поставуваше навредливи и провокативни прашања. Подоцна разбрав зошто било тоа. Тој го испитувал Паскал Митревски и ги споредувал моите одговори со од Паскал.
Сигурно беше 10 март 1950 година. Мојот иследник Евгениј Константинович ме прими некако пољубезно. Не можев да доловам во што е работата, а ме прими накако во покомфорна просторија и, вртејќи со главата, се доближи до мене, што дотогаш тоа не го имаше направено, и ми вели со умилен тон: “Е Николовскаја, Николовскаја, ти сега се наоѓаш заклучена во Москва в затвор”. “Тоа добро го почувствува” – му велам.
-Ти не би требало да си тука! – ми вели.
-Знам дека не требаше, но Вие ме донесовте тука. Јас не заслужувам да сум тука, да сум изолирана од светот како најголем престапник, а не сум – му велам.
-Ако не си била, немаше да седиш тука, можеби било поинаку.
Не можев да одгатнам што е ваквата промена во испитувањето, дали нешто се измени во истрагата, дали дојдоа до некои нови сознанија или тактизираат.
Кога излезе иследникот, тој одеше на појадок или на вечера, мојот преведувач Аристотели Папуниди стана од неговиот стол, се доближи до мене и ми вели: “Ех Верочка, Верочка! Завчера беше 8 Март. Знаеш, ние овде тој ден на жените им купуваме духи, подарки. Јас на мојата жена и купив од најскапите духи, па на 8 Март вечерта ја одведов на кино. Даваа журнал од Вториот меѓународен конгрес на жените во Будимпешта и кога те видов тебе партизанка насмеана и во истата униформа што ја носиш сега, целиот се стресов. Жена ми тоа го забележа и ме праша што ми е.
Јас и велам ништо, таа е грчката делегација, тие тамо што се бореа дојдоа на конгресот делегати за да му кажат на светот дека, освен против Германците, сега се борат против Американците и уште не се ослободени. Ех, Верочка, Верочка, за тебе се прикажува филм, а ти тука. Кога би знаела присутната публика на филмот дека оваа жена сега се наоѓа во затвор во Москва, каква иронија на времето би била”.
-Таква ни е судбината. Кога еден народ ќе ја изгуби револуцијата, најдобрите борци ќе ја плаќаат – му велам.
Се врати иследникот и првпат ме прашува: “Курите?” (“Дали пушите?”. До тој миг немав ставено цигара в уста. Секогаш во партизани ги собирав цигарите кога одевме по селата и им ги давав на другарите. Во мојот ранец секогаш чував и хартија за цигари, дури и исечоци од весници и тутун кога ќе им се завршеа цигарите на другарите ќе им подадев, за што ми беа многу благодарни. А сега, уште недоречен зборот на иследникот, без никакво мислење, му одговорив: “Да, курју”.
Излезе од канцеларијата и ми донесе неколку папироски, велејќи ми: “Вазми, дља женштини”. Јас веќе знаев за женскиот празник од Аристотели, кој ми подаде неколку цигари и ми рече: “Скриј ги во џебот и не кажувај дека јас ти ги дадов”. Иследникот ми даде и неколку кибритчиња. Тој ден, на 10 март 1950 година, јас првпат во животот запалив цигара “бокс” со махорка, една од најнеквалитетните цигари во СССР, додека на Аристотелис беа “казбек”. Оттогаш и ден-денес со интервали продолжувам да пушам.
После оваа неочекувана пријатна церемонија, почна испитувањето. Ме праша како, со кого и по кој пат отидов на Вториот меѓународен конгрес на жените во Будимпешта. Му раскажав од а до ш.
-На 3 октомври 1948 година во селото Рудари, во Преспа, Лерински округ, беше свикан актив на военополитичките кадри на НОФ. На тој актив присуствуваше лично и генералниот секретар на КПГ Никос Захаријадис. На активот се расправаше, покрај другото, и за настанатата ситуација во организацијата НОФ по отстранувањето на Паскал Митревски од секретар и Михајло Керамитчиев како претседател (според организационата структура, секретарот беше политичка фигура во НОФ) и беше заземен став да се отстранат од организацијата, од тоа беа видни штетните последици за организацијата НОФ. По завршувањето на активот, во истото село, во присуство на Захаријадис, кој тогаш лично раководеше со НОФ, на Вангел Којчев како привремен претседател и Ставро Којчев како секретар и потпретседател на НОФ и секретар на АФЖ јас, Захаријадис го повика прво Паскал Митревски да се изјасни каде сака да оди по суспендирањето од Главниот одбор на НОФ, односно од секретар на организацијата.
Паскал одговори: “Јас сум борец и каде што ќе ме испрати Партијата таму ќе одам”. Захаријадис му рече: “Ќе одиш во ДАГ како обичен војник”. Паскал му одговори: “Ќе одам, Ви благодарам за понудата” и замина.
После Паскал, во присуство на нас наведените тројца од НОФ и Захаријадис, беше повикан Михајло Керамитчиев. Захаријадис истото што му го рече како на Паскал му го рече и на Керамитчиев. Керамитчиев изјави дека неговата здравствена положба не му дозволува да оди во армијата (ДАГ), бидејќи има епилепсија и на неговата психа многу негативно влијаат авионите (пред овој состанок, Керамитчиев на двапати, по предлог на Павле Раковски, симулираше напади: еднаш во селото Буково и еднаш во Брезница, што беше на потсмев од народот). “Па добро, му вели Захаријадис, каде сакаш да одиш?” “Ами, ако може, овде на слободната територија да останам или, пак, да бидам испратен на лекување” – вели Керамитчиев. “Каде сакаш: во Албанија или во Југославија?” – го прашува Захаријадис. “Сакам во Југославија” – се решава Михаил Керамитчиев, на што Захаријадис му рече:
“Добро”.
Паскал Митревски веднаш по состанокот со Захаријадис стапи како обичен борец во 107. бригада на ДАГ, а Михајло Керамитчиев замина во Југославија на “лекување” со 813 лири на организацијата НОФ, без да му се јави на новото раководство, од кое раководство ги зема тие пари, без да им каже.
На тој ист состанок Захаријадис ми рече дека и јас треба да одам во ДАГ. Веднаш се согласив. “Ќе одиш, ми вели, во 18. бригада на ДАГ како помошник на политичкиот комесар (тогаш политички комесар на 18. бригада, која се сметаше за македонска, беше Ташко Гушевски-Маки, а командант Пандо Вајната), но, ми вели Захаријадис, ќе раководиш истовремено и со организацијата АФЖ и со НОФ, ти не си лишена од должностите”.
Откако си ги средив работите во организацијата, по еден одржан состанок во селото Папли ја одредив другарката Марика Елкова додека сум отсутна да ја следи/раководи организацијата АФЖ во окрузите, на крајот од октомври 1948 година заминав во 18.
бригада на ДАГ. Таа бригада (18.) во ноември доби посебна задача од ГШ на ДАГ да се пробие во заднината на непријателот. Заедно со бригадата и јас заминав на планината Сињачно и околу неа, каде што водевме борби. Зедов учество во борбата во гратчето Ератира-Селца. Во таа борба имавме голем успех и извршивме мобилизација. Таков успех имав и во гратчето Сјатиста. Во Кајлари и во неколку села во Кајларско Поле немавме некој посебен успех, бидејќи многу беа наоружани селските парадржавни чети, а во акцијата за мостот Неаполи немавме успех бидејќи бевме предадени.
Кон крајот на ноември 1948 година Штабот на 18. бригада на ДАГ доби телеграма во која се наредуваше: “Другарката Вера и Алекси Парни веднаш да заминат за Главниот штаб”. Така, заедно со Алекси со коње патувајќи два дена и една ноќ стасавме во Преспа. Алекси Парни тогаш беше известувач на Главниот штаб
(подоцна во СССР заврши студии, беше писател, имаше вила под Москва до вилата на Констандин Синонов, во својата поезија многу го величаше Сталина, а сега живее во Атина). Веднаш по доаѓањето во Преспа, бев примена од Захаријадис и ми беше речено веднаш да заминам за Будимпешта, бидејќи другите членови на делегацијата пред некој ден заминале и ако побрзам сигурно ќе ги стасам во Софија. Во Главниот одбор на НОФ се задржав ден-два, бидејќи другарите ме известија дека се појавиле некои тешкотии во месните организации по нашето заминување.
Членството прашувало што е причината за нашето заминување. За тоа кој како умееше така ги убедуваше луѓето, но главниот акцент е да се помогне фронтот со сите можни средства. Другарката Марика Елкова ме информира дека АФЖ оди добро, сите жени се вклучени, како и членките на АФЖ кои работат во народните одбори и избраните делегатки од АФЖ Махи Пилаева и Малина Марковска (Махи Пилаева беше секретарка на АФЖ на Лерински округ и член на Главниот одбор; Малина Марковска член на Главниот одбор и член на НОО на Лерински округ, таа со целото семејство беше во борбата: синот Пандо, синот Ѓорѓи (сега живее во Канада) и ќерката Архонда, која загина како потпоручник на ДАГ со офицерско училиште; двајцата синови сега живеат во Скопје, а таа во Скопје почина пред некоја година) заминале на конгресот. Малина ја претставуваше македонската жена на Меѓународниот конгрес во Будимпешта. Беше облечена во народна носија. Од ДАГ беше Афродита од селото Горенци, Костурско, офицер на ДАГ, умре во Ташкент. Махи Пилаева е од селото Екшису, Леринско, како емигрантка беше во Чехословакија, во Брио и од таму се пресели во Атина, бидејќи мажот и е Грк, од каде што на двапати ме има посетено во Скопје и тука почина.
Во селото Желево, по одржаниот состанок, се поздравив со другарките и со другарите Којчев и Кочев, како и со мојот другар Минчо, со кого доста време не сме се виделе и подробно го известив за настанатата ситуација во НОФ по неговото заминување. Тоа за него беше изненадувачко и ме прекоруваше зашто сум допуштила така да биде. Му реков дека и самиот знае какви се не влијанија имаше во НОФ и го уверував дека ќе биде подобро. На заминување ме предупреди: “Внимавај каде ќе одиш и со кого ќе се движиш”. Беше во право, бидејќи имаше поголемо искуство од мене. Минчо ми даде и некои документи да ги оставам во Битола кај мајка ми на чување.
Уште на 23 октомври 1948 година, на основачкиот состанок на ПДЕГ во селото Рудари, Преспа, кога беше избрано раководството, се избра делегација на ПДЕГ (Сегрчки демократски сојуз на жените) и на АФЖ која ќе ги претставува жените на Грција на Меѓународниот конгрес во Будимпешта. Во селото Рудари, во тоа време, беа сместени таканаречените “ембеда”, тука се увежбуваа новодојдените од другите републики и мобилизираните за ракување со оружје и оттаму се испраќаа по единиците на ДАГ.
Преку “јафката” ноќе дојдов во Битола. Таму се видов со мајка ми. Од Битола дојдов во Скопје, каде што Ипсиландис остана за да мине на друг правец. Јас идната вечер заминав за Софија преку Струмица и Петрич за да се приклучам на нашата делегација. Низ Југославија ни префрлуваа луѓе од безбедноста на Македонија, а низ Бугарија од државната сигурност на Бугарија. Во Петрич на “јафката” ме прифати едно Македонче по име Јани. Тие беа “ѓафки” на КПГ. Таму бев сместена во една македонска куќа.
Другата вечер заминав за Софија. И таму бев прифатена од нашата “јафка”, кога се сретнав со членовите на нашата делегација. Во Софија ни се приклучи и другарката Кети од Солун, која дојде преку Беласица. Одговорен на “јафката” беше Шапера.
Во Софија бевме сместени во семејства од членови на ЦК на КПБ. Јас и Рита бевме сместени во станот на Неда Тодорова, министер за здравје на НР Бугарија.
Овде ни беше понудена цивилна облека. Ни беа извадени бугарски пасоши и други потребни документи за патување со воз до Букурешт. Јас добив пасош на име Стојна Стојанова. По неколку дена одмор и пријатно патување во прва класа со воз, стасавме во Букурешт на 28 ноември 1948 година.
Во делегацијата бевме 11 членови на АФЖ, и тоа: Вера Николовска, секретар на АФЖ за Егејска Македонија и член на раководството на новоформираната организација ПДЕГ; Антула Љаку, поручник потоа капетан на ДАГ, почина во Ташкент, а родум од селото Горенци, Костурско; Махи Пилаева, секретар на АФЖ за Лерински округ од село Екшису, Соровичко и Малина Маркова од село Желево, Леринско, член на Околискиот НОО:
Од грчка страна беа: Рула Кукулу, секретар на ПДЕГ, жена на Захаријадис; Домна Иоаниду, член на раководството на ПДЕГ, жена на Јани Иоаниду Рита, член на раководството, Кети, член на раководството, илегален работник; уште една Кети, капетан, а потоа мајор на ДАГ, по професија лекар, жена на Христофоро Гизиди, кој беше и одговорен на “јафката” во Будимпешта и кој не пречека на станицата и Марика, партизанка на ДАГ од бригадата на ненаоружаните борци кои беа дојдени од Тесалија. Во Букурешт ни се приклучи и Хриса Хаџивасилиу, познат политички работник на КПГ, член на Политбирото, жена на Петро Русе, министер за надворешни работи на Привремената влада на ДАГ, а до конгресот Хриса беше член на Секретаријатот на Меѓународната демократска федерација на жените. Хриса многу ми се приближи и многу ја засакав, бидејќи за мене беше поим на жена-револуционер, храбра и способна во комунистичкото движење на Грција. Знаеше дека сум Македонка, но не знам од кои причини беше во немилост на Захаријадис. Како што дознав подоцна, од болест починала во Романија.
Во Будимпешта бевме сместени во хотелот “Гелер” во Пешта, хотел на левиот брег од реката Дунав, тогаш еден од најлуксузните. Тука бевме пречекани од членовите на раководството на женската организација на Унгарија, кои за цело време беа наши придружнички. Овде се облековме во нашите воени униформи.
Вториот меѓународен конгрес на ПДОГ (Меѓународна федерација на демократските жени) почна со работа на 1 декември 1948 година и траеше до 6 декември 1948 година. Се одржа во велелепната зграда на Унгарскиот парламент.
Претседателка на Федерацијата беше мадем Котон од Франција, почесен претседател беше Долорез Ибарури ла Пасионарија, која не присуствуваше на конгресот, не знам од кои причини, секретар беше Мари Вајан Кутурие, исто Французинка, а за потпретседател беше Нина Попова од СССР. Нашата делегација имаше став (тоа ни беше речено од Захаријадис) во односите со сите делегации да бидеме исти, бидејќи се наоѓаме во воена состојба, а со нашето учество да ја афирмираме нашата борба и да ги разобличуваме англоамериканските империјалисти кои со сите средства го помагаа моноархофашистичкиот режим на Атина. Ете затоа, кога конгресот го поздрави претседателката на Југославија Митра Митровиќ нашата делегација аплаудираше. Веднаш по паузата, од советската делегација ни беше упатена забелешка. Им одговоривме дека ние сме во воена состојба, Југославија ја помага нашата борба и според тоа поинаку ние не можеме да постапиме.
Митра Митровиќ во меѓувреме побара да се одржи состанок на раководството, односно на Секретаријатот на ПДОГ. На тој состанок од наша страна присуствуваме: Рула Кукулу, Домна Иоаниди, која добро го владееше францускиот и јас. Митра Митровиќ, која раководеше со југословенската делегација, имаше доставено протест до конгресот зашто на зградата во која се одржува конгресот не е истакнато југословенско знаме кога се знае дека југословенските жени зедоа масовно учество во борбата против фашизмот и дадоа стотици илјади жртви. Се случи јас да седам веднаш до Митра Митровиќ, која многу пушеше и беше многу нервозна за таквата неправда, а пак Нина Попова седеше спроти неа. Се водеше остар дијалог меѓу Митра Митровиќ и Нина Попова. Ние ја поддржавме Митра Митровиќ, како и другите делегации. Другиот ден беше подигнато на зградата и југословенското знаме. За поддршката што и ја дадовме на југословенската делегација пак ни беше забележано од советските другарки, но нашиот став беше неизменет.
Нашата делегација одржа состанок во простории на хотелот “Гелер” и беше одредено Рула Кукулу, секретарката на ПДЕГ, да го поздрави конгресот од страна на жените на Грција, а пак јас да зборувам на митингот, на плоштaдот пред Парламентот, што требаше да се одржи во чест на Конгресот. Бевме одредени Рита и јас да ги напишеме говорите. Ја прашав Рула дали јас треба да зборувам на македонски. Ми рече дека не треба. На мојот говор ми беа направени некои корекции, но поинаку не можев да постапам зашто упте во Софија Антула Љаку ме предупреди: “Вера, внимавај, Рита е поставена да ги следи сите твои движења како се однесуваш со луѓето и што ќе зборуваш”. За тоа и бев многу благодарна на Антула, беше многу чесна и храбра девојка.
Така, Рула од страна на нашата делегација го поздрави Конгресот во името на жените од Грција. Имаше многу аплаузи, овации за нашата делегација и беше поддржана нашата револуција. Рула во поздравниот говор ја образложи состојбата на жените во Грција, теророт што се врши во окупираните територии, положбата на децата и зошто тие беа евакуирани во источните земји и големата сестрана и семожна помош на англоамериканците што им ја даваат на монархофашистите.
За време на паузата ми се доближија еден маж и една жена. Ме прашаа дали ги познавам. Кога им одговорив негативно, ми рекоа дека тие ме познаваат од средбата што сме ја имале на грчката страна од Кајмакчалан. Тогаш се сетив на средбата со нив во селото Горно Родово.
Овде мојот иследник го прекина испитувањето. На неговиот знак се појавија двајца НКВД-евци и ме поведоа во ќелијата. Неколку дена не бев повикувана на сослушување. Се мислев зошто пак не ме повикуваат. Испитувањето за Конгресот во Будимпешта ми беше душевен излив, иаку бев понижувана и навредувана. А и зошто да ме повикуваат кога се им раскажав во детали, но мене ми беше до тоа да зборувам, да не онемам со молчење во ќелијата.
Некаква оддишка наоѓав во пушењето на најнеквалитетните цигари што ги добив во чест на Денот на жената од иследникот.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/do-pekolot-i-nazad/7 на 29 октомври 2026