Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

To Hell and Back

Front Matter - Part 05

Од Евдокија Фотева - Вера · Дел 5 од 16 · Околу 21 минути

Читај на English

Нивните гробови сега не се обележани. Зборовите изречени од Крсто брзо се исполнија, загина тој. Јас го зедов неговото куферче и чантата со документите, потоа искршениот часовник од неговата лева рака и едно килимче исткаено од рацете на баба Ристовица, неговата мајка, која умре во Битола, а ја погреба мојата мајка на битолските гробишта до мојата баба Јагна. Мене тешко ми беше што не можев да ја исполнам желбата на вујко ми зашто кога мајка му почина и самата не знаев каде се наоѓам, единствено знам дека бев во затвор во Москва. Многупати си велев дека Крсто беше среќен што загина зашто, ако беше жив, или ќе беше во затвор со нас или во некој затвор во другите народни републики. Така, на 15 август 1949 падна Вичо. Куферчето и чантата со документите на НОО на Крсто Мангов ми ги зеде Пиракли Мировигли, а килимчето остана во затворот во Тирана.

НЕ ВО РОМАНИЈА ТУКУ ЌЕ НЕ НОСАТ ВО СССР Бродот ја продолжи пловидбата. Пловиме веќе ден-два.

Сфативме дека не не оставаат во Романија туку не носат во СССР.

Така и беше. На 23 декември 1949 година стасавме во пристаништето на Одеса. Михаил Маљов и Паскал Митревски мислеа дека ќе не носат во СССР штом не не оставија во Романија.

Таму ќе не однесат во некој колхоз да не превоспитаат, Маљо беле: “Ќе не однесат во колхоз, ќе се истушираме, ќе се избричиме, ќе се потстрижиме и ќе не превоспитуваат”. Минчо ги слуша тие разговори, на кои што им се приклучија и Лазо Поплазаров и Ламбре Чолаков. И тие го мислат истото. Минчо цело време им се потсмевнуваше на нивните зборувања, па им вели: “Гладна кокошка просо сонува. Ја знаете таа народна поговорка? Ќе не носат во некој затвор на Петар Велики. Таму добро ќе не истушираат, ќе не истрижат и ќе не превоспитаат”.

Паскал се смее и на Минчо му вели: “Од тебе што не ќе чуе човек.

Што не речеш нешто добро!” И навистина беше така.

Расудувањето на Паскал и на другите не беше без основа. Тогаш ние имавме такво сознание за Советскиот Сојуз, дека таму нема затвори, ами луѓето на добар, хуман начин ги превоспитуваат. Од каде да знаеме што не чека и дека зборовите на Минчо ќе се обистинат. Тој најдобро ја имаше оценето нашата ситуација.

За да ни мине времето во тој амбар од бродот “Мичурин”, од кутиите на папироските и мундуштукот што ни го даваа (најголеми пушачи беа: Паскал, Коленцев и Маљов) направивме траполи (карти) за играње. Игравме на цигари. Кој ќе победи, добива цигари.

На 25 декември 1949 година утрото нашиот амбар во бродот го посетија двајца руски офицери на НКВД. По име и презиме почнаа да не прозиваат. Ние бевме 11 души, а излегоа само 9. Почнаа да викаат каде се уште двајцата. Се разбира, офицерите зборуваа на руски, а ние руски сосема малку знаевме колку што научивме по партиска линија на ЕЛАС и за време на ДАГ, па недоволно го разбиравме нивното викање. Минчо и јас во таканаречениот “долап на среќата” уште спиевме. Паскал ни тропна на вратата.

“Ајде бре излегувајте” – ни вели. Долапот беше висок и кога го отворивме и излеговме, офицерите се изнасмеаја, но им рековме дека сме брачен пар.

25 декември во Грција е Божик. Си велиме да свртиме на религиозно белки Божик ќе ни помогне. Да, многу ни помогна во сите следни седум години. Ноќта, на 25 декември 1949 година, во пристаништето на Одеса дојдоа две затворени коли. Подоцна разбравме дека по жаргонот на затворениците се викале “воронки”. Не стрпаа во колите и не однесоа во затворот на Одеса, ставајќи не по три-четворица во ќелија. Мене и Уранија не ставија заедно. Во одескиот затвор останавме пет дена.

ОД ОДЕСА ЗА МОСКВА Ех, судбина! Се прославува Нова година, а ние в затвор, и тоа во СССР. Рано-рано на 1 јануари 1950 година не зедоа од затворот во Одеса и пак со истите “воронки” не однесоа на железничката станица. При префрлувањето со затворските коли успеав да видам наоколу уште траги од војната: урнатини, расфрлани железа, купишта камења. Морници ми лазеа по телото. Си велам во себе:

“Којзнае колку советски војници се загинати тука, на ова место, бранејќи ја татковината”.

Не натоварија во затворски вагони со решетки на прозорците, а вратите под клуч. Двете со Уранија не ставија во едно купе, а пак мажите по дватројца во други купеа. Не придружуваа НКВД-евци.

Бидејќи бевме во ист вагон, зборувавме меѓу себе и покрај предупредувањето на нашите спроводници. Зборувавме на грчки за “гостопримството” што ни го приредија Советите, носејќи не во “колхоз” за превоспитување. Јасно тоа се читаше од “беспрекорниот” однос на спроводниците. Така свечено ја “дочекавме” Новата 1950 година. Дочекот, вечерта на 31 декември во затворот во Одеса, а првиот новогодишен ден одиме во сонуваната Москва. Велам “сонувана” зашто сите имавме друга претстава за СССР од информациите за неа, па немаше комунист кој не сонуваше да појде барем еднаш во неа. И ние “бликаме” од радост што пропатувавме во и низ неа.

Во Москва стасавме вечерта на 3 јануари 1950 година. При слегувањето од возот, успеав да прочитам “Киевски Вокзал”, Киевска железничка станица. Во Москва на повеќе места има железнички станици во зависност од кој правец доаѓаат или во кој одат возовите. Пречекот “свечен”, построен еден вод на НКВД и еденпоеден не ставаа во затворските коли (“воронки”). Имаме чест секој да биде во посебна кола. Внатре нема прозорец, само мала ламбичка свети, а седиштето одвај да се сместиш. Во “свечената колона” од воронки одвај успеав на Минчо и на некои други мои другари да им мавнам со рака и некои од нив и мене. Од тој миг дури по пет и пол години се сретнавме со Минчо и со другите другари, а со Михаил Маљов и Леонида воопшто не се сретнав.

ВО ЗАТВОРОТ ЉУБЉАНКА По долго возење, воронката застана. Се претворив целата во уво.

Слушам се отвораат тешки порти. Воронката влегува и застанува.

Се отклучува вратата. Некои слегуваат. Ме отклучуваат и ме слегуваат мене “големиот непријател на СССР”. Еден спроводник оди пред, а друг по мене. Ме однесоа во една просторија. Доаѓа еден офицер со некакви хартии во рацете и ме прашува како се викам. Му кажувам. Излегува и ја заклучува вратата. Јасно ми е дека сум во затвор, и тоа не во обичен.

Можеби по половина час доаѓа една жена, на мои години или можеби некоја година постара од мене. Таа е во униформа и ми наредува да се соблечам. “Соблечете се од на себе, како од мајка родена и ајде по мене!” – ми вели, се разбира, на руски. Ме однесе во соседната просторија под туш. Се смеев во себе, мислејќи на зборовите од Паскал и на Михаил во бродот дека ќе не носат во некој колхоз да не превоспитаат, да се истушираме, да се потстрижиме и да се избричиме, а посебно се сетив на зборовите од Минчо за затворот на Петар Велики, но се уште не беше тој вистинскиот затвор на Петар Велики. Се туширав и гласно се смеев. Чуварката од шпионката погледнуваше и на двапати ме предупреди за смеењето. Јас со рацете и го покажав моето голо тело. “Еве за ова” – и велам и покажувам на моето тело.

Повеќе од жалосна беше мојата положба. Моето саркастично смеење чуварката го сметаше дека е на сметка од советската власт, па ја нервираше. И во тоа имаше вистина. Јас поинаку ја замислував советската држава. По третпат чуварката ја отвора вратата. Не успеав дури ни косата да ја исплакнам од сапуницата, таа луто ми дава знак да излезам. Ме однесе во истата просторија каде што се соблеков. Се облеков набрзина. И додека да си ја исчешлам косата и да ја избишам од сапуницата, истата жена ја отклучува вратата и ми дава знак се што е мое да земам, меѓу кои предмети и зеленото војничко ќебенце. Ме однесе во друга ќелија.

Таму ја најдов Уранија. “Добро е што сме заедно” – и реков. Но таа средба не траеше долго.

Шкрап-шкруп клучовите и повторно ме носат некаде по тесните ходници со многу врати, скали нагоре, скали надолу. Најпосле, по долго одење, ме сместија во еден бокс, во кој одвај да седнеш. Ме заклучија и преку шпионката секоја минута ме надгледуваат и проверуваат што правам. Јас сум во недоумица: ова е сон или јаве.

Мозокот не знам колку вртежи прави во секунда од помисли, претпоставки, размислувам за се и ништо не можам да најдам вина во себе.

Набрзо доаѓа една друга жена НКВД-евка. Повторно ме соблекува како од мајка родена. Ми ги исече сите копчиња од шинелот и од офицерската блуза. Да напомнам дека на 20 април 1949 година кога како делегат на Вториот меѓународен когрес за мир во Прага другарката Синкова, не и го помнам името, инаку член на КПЧ, заедно со Рула не однесе во една шивачка работилница и таму по мерка ни сошија по еден костум хаки, чист волнен кабардин како подарок од жените на Чехословакија, старите униформи си ги понесовме со себе, а пак шинелот го зедов од еден монархофашистички офицер кога во ноември 1948 година со единиците на 18. бригада на ДАГ го нападнавме и влеговме во гратчето Сјатиста, беше изрешетан со неколку куршуми. Оваа советска НКВД-евка ги исече сите копчиња, амблемот на ДАГ од пилотката, војничкиот колан, долгите чорапи, врвките од артилериските војнички чевли, една црвена свилена марама што секогаш ја носев околу врат, огледалцето и на крајот крвнички ми ги откачи од блузата значките од меѓународните конгреси и одликувањата што ги имав добиено. Во тој момент ми се чинеше дека ми ја корне душата, па ја фатив за раката, ја стегнав, таа со другата рака силно удри со клучовите на вратата, барајќи помош од другите за да не ја задавам. Толку ме здоболе тој нејзин гест што не може да се опише, таа болка како да ми го одзеде животот, дури нешто повеќе од тоа Си реков: “Боже, што им сторив на овие луѓе што толку грубо постапуваат со мене?” Таа ја крена ногата и ме удри силно во стомакот како што бев гола. Се зашеметив, но немаше простор во боксот каде да паднам, па и јас ја удрив со ногата, се наведна на ѕидот. Таа бесно викаше по мене: “Зволч ето не дља тебја”. Повеќе беше бесмислено да и се спротивставувам.

Ги пикаше прстите во женскиот орган да не имам нешто скриено и повеќе психолошки да влијае на мене. На крајот го собра пленот, со инает ја тресна вратата од боксот и ја заклучи, како јас да бев најголем убиец или најголем шпион. Можеби во тоа време и така бев прикажана пред советските органи на прогонот.

ВО ЌЕЛИЈАТА 105 Точно да кажам не можам колку беше часот во ноќта, но, веројатно, полноќ, кога повторно се отклучи вратата од боксот и еден НКВД-ец ми викна: “Вихадите!” Пак ме носат по долги ходници, низ врати и во еден двор. Таму пак “воронка”. Ја отклучуваат задната врата, ме заклучија внатре и пак ме носат во неизвесност преку пруги, се слуша шум од возила. Подоцна од мојот иследник дознав дека тоа било Министерството за внатрешни работи на СССР. Кога во 1968 година на една екскурзија ја посетивме Москва со мојот сопург, отидовме на плоштадот “Џерџински”, го видовме и неговиот споменик, но таму зад ѕидините не се виде ништо, таму се крие страотната Љубљанка во која и ние бевме нејзини жители.

Се слуша дека “воронка” минува низ калдрма, па преку некои шини, пак асфалт. Полноќното возење можеби траеше повеќе од половина час. Воронката застанува. Се отвораат тешки железни врати. Влегуваме во еден двор. Се отклучуваат вратите на воронката. Ми даваат знак да слезам. Слегувам. Ме носат вдесно во една долга порсторија. Повторно ми велат да се соблечам како од мајка родена. Повторно ми ја претресуваат облеката, ме прегледуваат во устата, во косата, во гинеколошките органи и ми даваат знак да се облечам. Доаѓаат двајца млади НКВД-евци. Ми наредуваат рацете да ги кренам и ме спроведуваат едниот е пред, а другиот зад мене, ме качуваат по скали на трети кат, одиме вдесно низ еден ходник на едното крило од затворот. Гледам одлево надолу. Високо е. Помислив да се фрлам одозгора и да се самоубијам. Не може. Забележувам на прозорците долу има мрежа. Одиме по ходникот. Во пресрет доаѓа еден старешина.

Застанува пред ќелијата. Скоро на средина од ходникот ни дава знак да застанеме. Ја отклучи железната врата од ќелијата број

105. Ми даде знак да влезам. Влегувам, а зад мене се заклучува вратата. Не видов ништо околу мене, освен црнила. Се сопнав на нешто и пљаснав ничкум на подот. Почнав силно да плачам, да ридам и да липам. Не можам да се смирам. “Боже, си велам, се наоѓам во Москва в затвор како предавник! Ужасно, а јас кога со нашата бригада во декември 1944 година бевме во Битола и се бараа доброволци од македонската егејска бригада (формирана на 18 ноември 1944 година) за СССР, меѓу дванаесетте доброволци да заминат во офицерските училишта се пријавив за авијатичарско училиште и ме запиша Ѓоре Ѓорески од Прилеп, кој тогаш беше инструктор на СКОЈ во нашата бригада, но кога дојде денот за заминување мене не ме прозваа. На тоа јас се жалев кај секретарот на СКОЈ Минчо Фотев, подоцна мој сопруг. Зар е таа Москва за која толку жалев што не дојдов во 1944 година?!” колку добро ми мислеле: вујко ми Крсто Мангов, братучед на мајка ми, тогаш комесар на баталјон, Филип Калков, интендант на бригадата и Минчо. Тие се договориле и ме отпишале. Подоцна ми велеа:

“Како ќе одиш во Русија, уште не е завршена војната, а си една на мајка, можеби ќе загинеш”. Од Белград некои од пријавените ги вратија, но повеќето заминаа и завршија воени училишта во СССР.

Меѓу нив беа и мои соученици од моето село: Панајот Ралев (заврши артилериско училиште и служеше како офицер на ЈНА во Битола, сега во пензија) и Ристо Целев (по завршувањето на училиштето се ожени со Русинка и остана таму, а подоцна дојде во Скопје да се види со неговите, па ме посети и мене). Тие желби од 1944 година ми се вртеа во главата и сегашниот мој статус во таа Москва и се погласно, поболно плачев. Некогаш Москва за мене беше поим на нешто возвишено, човечко, хумано, а еве што била Москва. “Минчо, викав, каде си, од каде знаеше дека ќе не затворат во затворот на Петар Велики? Не, не, не сум предавник, не го заслужувам ова што се врши врз мене...” Тогаш не знаев дека Лефортовска тјурма е затвор на Петар Велики. Тој Лефортов го изградил овој затвор и затоа уште го носи неговото име.

Од големата возбуда, од плачењето и црните мисли што ми го параа срцето не осетив кога се отвори вратата од ќелијата и зад мене застанал истиот старешина што ми ја отвори вратата во овој пекол. Луто викна: “Вставај!” Станав. Со остар тон ми вика:

“Нелзја плакат, нелзја кричат, дење нелзја лежат, нелзја смејатсја!” Јас си ги бришам солзите и му викам со уште повисок тон:

“Нелзја, нелзја, нелзја! право нему в лице. Којзнае колку ужасно изгледав во тој момент, бидејќи тој се сврте, ја тресна железната врата и ме заклучи.

Стоејќи простум, ја разгледав ќелијата. Внатре: еден железен кревет со бетонирани ногалки за да не се помрднува, на левата страна пред креветот со масичка исто така со бетонирани ногалки, на масичката чингена чинија превртена наопаку, над чинијата чингена шолја превртена наопаку и на неа лажица. Од десната страна, во ќошот, покрај вратата клозетска шолја, на спротивниот ѕид, железна славина (чешма), малечко лавабо и под него цевката од водата тече во клозетската шолја и се чисти, во левиот ќош радијатор сосема малу загреан, на средина од таванот светилка обвиткана со жица и прозорче, ѕидовите црни, подот бетонски, сосема поцрнат, вратата железна, црна. Се измив од плачењето.

Малу се смирив. Ја исчешлав косата и ја измерував ќелијата: 16 стапала долга и 8 широка. Седнувам на креветот. Чувствувам дека на вратата се крева шпионката и се покажува едно око. На средината од вратата мало вратниче. Се отвори вратата и ми вика:

“Лажитес!” Како што бев облечена со шинелот се испружив во креветот, гледајќи со отворени очи кон таванот. Целиот мој живот ми помина како на филмска лента, ми се стори како да ја гледам мајка ми. Почувствував како во мене да расте една огромна сила и почнав гласно да зборувам: “Не, не, не... Морам пак да ја видам мајка ми зашто таа само мене ме има, друг нема никого...” Размислувањето ми го прекина повторното отворање на вратата.

Влегува истиот старешина и ми вели: “На следствие!” Не разбирам што е тоа, ми дава знак со раката да излезам. Се прибрав. Со главата горе и излегов. Ми наредува: “Руку назад!” Еден спроводник е напред, еден назад, а јас во средина. Спроводниците даваат знак со прстите и ги чукаат клучовите по ходниците и скалите каде што поминуваме за да не се сретнеме со друг затвореник, ме носат на првото “следствие” (испитување, сослушување). Тоа беше на 3 јануари, 1950 година во три часот наутро, во Лефортовскаја тјурма, затворот на Петар Велики. Ох, бре, Минчо, како предвиде дека ќе не носат во ваков затвор.

ПРВОТО “СЛЕДСТВИЕ” Ме одведоа во една огромна просторија. На средина имаше голема маса и околу неа повеќе столови. Како што одев, инстиктивно, седнав на еден од тие столови, но офицерот од НКВД, кој дојде близу до мене, ми викна: “Встават, не здес кавана!” Станав. Тој со рака ми покажа на едно столче во ќошот од просторијата. Седнав таму. Пак згрешив. Ги кладов нозедте една на друга и пак офицерот вика грубо: “Овде не е кафеана што седиш така!” Ја спуштив ногата и ги ставив рацете на колениците како што ми наредија. Бев облечена во мојата убава војничка хаки-униформа, која ми беше сошиена во Прага кога бев делегат на Вториот меѓнароден конгрес на мирот во април 1949 година.

Таква униформа имаше уште само Рула Кукулу, претседателка на ПДЕГ, жена на Никос Захаријадис.

Офицерот застана крај мене и почна со висок тон и навредливо да ми вика: “Ти си агент, ти си шпион, ти си Титов агент”. Јас вчудовидено го гледав, со отворени очи, здивено, како може така да ми се обраќа и да ги повторува по којзнае кој пат тие навредливи зборови како што ме нарече Захаријадис во Бурели пред триилјадитите борци на ДАГ. Ми зовре крвта. Станав од столчето одеднаш и право в лице му викам уште со посилен глас од неговиот, на што тој еден чекор се повлече назад, а јас му велам: “Јас сум комунист, партизан!” Тој го повторува истото којзнае по кој пат. Пак јас му велам: “Не, јас сум комунист, партизан!” – не можев повеќе да се искажувам зашто не го знаев добро рускиот јазик. Тој ми вели: “Знаеш каде се наоѓаш?” “Знам” –му велам. “Каде?” – прашува. “Во Москва!” “А знаеш што е Москва?! – пак ме прашува. “Престолнина на Советскиот Сојуз” – му одговарам како учениците на час по географија, но го разбирам: со неговиот тон и со таквите прашања треба да повлијае на мене. Но за чудо, од неговите навредливи зборови добивав се поголема сила, во мене се појави желба за борба со тој човек и викав се на повисок глас: “Јас сум комунист, јас сум партизан, јас сум Македонка!” По мала пауза, ме праша на кој јазик сакам да давам искажувња. “На македонски” – му велам. Ми вели: “На бугарски?” “Не знам бугарски” – му велам. Тогаш на кој јазик сакаш да разговараме?” – пак ме парашува. “На грчки” – му велам.

Тогаш ми вели: “Јас се викам Евгениј Константинович Никитин”.

Удри со прстите и вратата се отвори. Истите двајца НКВД-евци ме презедоа и пак еден напред, еден назад и ме однесоа во ќелијата број 105, во која останав година и пол, цела 1950 година и до јули

1951 година.

Се испружив на креветот со се шинел и се покрив прво со војничкото ќебенце, а потоа со затворското. Не знам колку степени, но беше многу студено. Не е шега јануари во Москва, а јас во мала ќелија. Размилувам: во една ноќ се изменија толку амбиенти, и тоа кој од кој пострашен, сретнав толку непознати, лоши нељубезни луѓе, како да не се од мајка родени. Се обидувам да заспијам, кога повторно се отвора вратата. Влегува дежурниот офицер и ми вика: “Рацете горе! Рацете кога спиеш нема да ги покриваш!” “Боже, што уште нема да измислат овие нелуѓе!” – си велам во себе. Некако изморена од тоа што го претргав заспав, ми се чини со отворени очи гледајќи во таванот. И пак, уште ноќе, се отвора само фортичката (малото вратниче, прозорче на вратата)

ми викаат: “Вставај!” Дежурниот ме предупреди: наутро да станувам во шест, а во десет навечер по трипати дадениот знак со гаснење на светилката да легнувам. Значи, сега е шест часот. Станав. Се измив на чешмата. По некое време, пак се отвори фортичката и ми дадоа:

десет грама леб – едно фелче, пет грама шеќер (една коцка) и кипјаток – варена вода и неколку грама сушено овошје што кога ќе го ставиш во топлата вода тоа ќе ја обоеше, стануваше како чај.

Тој леб беше за цел ден. Првите денови и тој леб не можев да го изедам, го фрлав во клозетската шолја. Едно утро ме открија дека го фрлам и ми забранија. Ми велат: “Мораш да го јадеш, нелзја”.

Таму се беше “нелзја”. Кон пладне, којзнае колку беше часот, но се гледа од малото прозорче на таванот доаѓаше мала дневна светлина, пак се отвори фортичката. Ми наредија да им ја подадам чинијата. Ми турија чорба од риба со се коски и една лажица каша, која првите денови не можев да ја јадам. Вечерта, којзнае колку беше часот, пак се отвори фортичката и ми подадоа пак една лажица каша, којзнае од што беше, тогаш не знаев.

Три дена распоредот во мојата ќелија 105 беше ист. Не ме повикаа на сослушување, само дежурните ми наредуваа како да се однесувам: навечер кога со сијалицата ќе се даде знак да си легнам за спиење, а наутро во шест часот преку фортичката ме разбудуваа. Постојано размислував за мојата мизерна положба во која што се најдов без вина. Од дното на душата ги мразев зборовите на офицерот при иследувањето: “шпион, агент...” Колку повеќе си споменував за тие навредливи зборови толку повеќе добивав силна желба повторно да се сретнам со тој офицер. Се сеќавав на процесите на нашите другари во Грција организирани од фашистичката власт на Метаксас, па и после од фашистите Италијани и Германци. Тие процеси барем беа од фашисти против комунисти, а јас сум комунист во комунистички затвор од комунисти, и тоа во Советскиот Сојуз, во Москва, во земјата што ни беше идол во борбата. Почнував да се будам од бунилото.

Си велев: “Ќе видите вие дека јас не сум виновна, не е виновен ни Тито што ме нарекувате Титов агент. За нас се виновни Англичаните, Американците и грчките монархофашисти. Па и Захаријадис му веруваше секогаш на Тито и ни велеше дека најдобри другари од Коминтерната му биле Хари Полит од Англија и Тито од Југославија, а сега повеќе му верува на Сталин, а не на вистината. ” Ваквите размисли беа причина што се повеќе сакав да се сретнам со мојот иследник и да му речам дека не е во право тој Евгениј Константинович Никитин.

НА 7 ЈАНУАРИ 1950 ГОДИНА НА СОСЛУШУВАЊЕ Трипати сијалицата на 7 јануари 1950 година се изгасна. Тоа беше знак дека треба да легнам да спијам. Лежев со шинелот зашто беше многу студено. Прво се покрив со малото зелено ќебенце што го носев од ноември 1948 година од борбата во Сјатист, кога со нас ја зедовме и свршеницата на Алеко Русо-Ипциланди, генерал на ДАГ, кој меѓу првите од Ташкент се врати во Грција и се определи за ПАСОК како службеник во Министерството за внатрешни работи. Потоа се покрив со затворското ќебе. Рацете ги ставив над глава според затворскиот ред. Уште не успеав да заспијам, се отвори портичката и ми викаат: “Падјом, на следствие!” Станав, се подготвив, се отвори вратата и излегов од ќелијата. Ќе да беше 22,30 часот. Како секогаш, еден спроводник пред, а друг зад мене. Ме носат по ходници и скали и на крај во приземјето во една канцеларија во која беше истиот иследник, но во друга помала просторија. Покрај него седеше една жена облечена во цивилна облека. Влегов во собата, како секогаш, учтиво ги поздравив. Не ми одговорија ништо, само со раката ми покажа на едно столче во ќошот од собата да седнам таму. Седнав на столчето и пак инстиктивно ги ставив нозете една на друга. Иследникот пак ми се развика: “Тука не се седи така, не си в кафеана!” Потоа потполковникот Евгениј Константинович Никитин, седна на неговиот стол зад масата и почна да ме прашува: како се викам, презиме, кога сум родена, каде сум родена, националност, каде се наоѓаат моите родители.

Пред тоа ми ја претстави жената: “Оваа жена што е тука се вика Цакалопулу, таа е поручник на советската армија и ќе преведува од грчки на руски јазик и обратно”, а за неговите прашања и моите одговори на нив тој ќе води протокол, кој на крајот ќе ми го прочита и јас треба да го потпишам.

Бев решена на прашањата да одговарам онака како што навистина беше, да ја изнесам вистината и само вистината за да се види дека не сум направила никаква грешка, ни кон КПГ, ни кон Советскиот Сојуз.

Се викам Евгенија Балева. “Не, ми вели, Вие се водите под друго име и презиме”. “Да, му одговорив, ме викаат Вера”. Ми вели: