Front Matter - Part 03
Гледам по ѕидовите на тоалетот испишани разни имиња. “И јас да напишам нешто белки утре ќе најдам некој збор напишан од моите другари”, си мислам во себе, но немав со што да го сторам тоа.
При одењето и враќањето не забележав во ќелиите преку двете врати од мојата дека има некој, не чув никаков одговор на моето поткашлување. Само од соседната ќелија се слушаше тивко кашлање, но никој не одговараше.
Откако ме вратија назад во ќелијата, дојде еден полицаец. Ми донесе: парче леб со мармалад и пак шлем со вода. Ми ги фрли како на куче и токму да ја затвори вратата, брзо се спуштив кон него, го спречив да ја затвори вратата, велејќи му: “Јас сум партизанка и комунист, не сум куче ти да ми го фрлаш така лебот!
Сакам да зборувам со главниот!” Кога ме виде така решителна да излезам од ќелијата, прстот, показалецот од десната рака, го стави на устата во знак да молчам. Ми вели: “Јас сум Ибраим”. Тоа беше едно младо момче, симпатично. Му се насмеав. Ми ги поткрена рамениците и почна да ми зборува на албански. Колку што можев да разберам, ми велеше дека ќе им јави во управата. Од тој ден Ибраим се однесуваше добро кон мене. Беше на моја возраст, околу дваесет и две-три години. И чудно, речиси, се спријателивме. Ми носеше и повеќе храна.
Ибраим, сигурно, сакаше да знам кој е во мојата соседна ќелија, кој ми е “сосед” за да бидам поспокојна. Едно утро кога затвореникот до мојата ќелија го носеше во тоалет, ѕирнав низ шпионката, бидејќи не беше добро затворена намерно од Ибраим.
Видов дека тоа беше една стара жена облечена во црн долг и широк фустан и со папучи на нозете. Откако ја врати неа во ќелијата, ја отвори мојата ќелија и така правеше еднообразно секој ден.
Постојано си мислев како да им дадам знак на моите другари, односно кои се овде со мене. На јаката од шинелот имав закачено повеќе шпенигли. Извадив една од нив и при одењето во тоалет на ѕидот напишав: “Вера”. По два дена, покрај моето име беше напишано: “Сестро”. Потоа јас напишав: “Бате” и така дознав дека Ташко Хаџијанов е затворен во некоја од тукашните ќелии. Тоа беше голема радост за мене, но и загрижност што од другите никој не ми се јави, т.е. не е тука.
Кон втората половина од вториот месец, околу полноќ, дојдоа стражари.Ме разбудија и ме спроведоа во една канцеларија. Таму беше седнат на столот еден мајор. Тој почна да ми зборува на грчки. Ме праша како се викам: име, татково име и презиме, кога и каде сум родена. Откога ми ги зеде генералиите, го прашав:
“Зошто сум во обој затвор?” Ми одговори дека ништо не знае.
Нему му било наредено да ги земе моите генералии. Односот кон мене му беше љубезен.
РЕАГИРАЊЕ ВО СКОПЈЕ ПРОТИВ НАШЕТО ЗАТВОРАЊЕ Истиот ден кога му кажавме на Гого Петрушевски што не чека во Бурели и, ако може, да бега за да не го доживее истото, вечерта тој ја преминал албанско-македонската граница и ги известил органите во Скопје за нашата судбина. Тој изворен податок за надлежните бил причина за следење на тоа што се случува со нас во Бурели.
Следниот ден (17. IX 1949) “Нова Македонија” ја пренесува изјавата на Гого Петрушевски (член на Комитетот за заштита на мирот во Грција), во која се вели дека на 4 и 5 октомври 1949 година, по налог на раководителите на КПГ, “се уапсени многу Македонци во логорите за грчки бегалци во Бурели и Елбасан во Албанија”, наведувајќи ги нашите имиња и дека за тоа “апсење соопшти самиот Захаријадис на една партиска конференција одржана на 4 октомври... во логорот Бурели”.
Весникот “Нова Македонија” на 26 ноембри 1949 година ја објави статијата “Крвав епилог на предавството на Захаријадис и ЦК на СКП(б)”, во која за поразот на ДАГ вината и се припишува на Југославија и се соопштуваат имињата на уапсените раководители н НОФ: Паскал Митревски, Павле Раковски, Кича Балева-Вера, Минчо Фотевски, Уранија Пировска, Ламбро Чолаков, Лазо Поплазаров, Ташко Хаџијанов, Михаил Маљов, Видо Кушевски и др.
Против нашето затворање, на 27 ноември 1949 година, како што соопштува “Нова Македонија” од 29 ноември 1949 година, во Скопје, на плоштадот “Слобода”, бегалците од Егејска Македонија и населението на Скопска околија одржаа протестен митинг “против дивиот терор што го спроведуваат грчките монархофашисти за истребување на македонскиот народ во Егејска Македонија. Тие исто така протестираа против теророт и апсењата шо ги врши предавникот Захаријадис над раководителите на НОФ, борци на Демократската армија на Грција со цел да ја прикрие својата и на своите господари ликвидаторска улога и одговорноста за тоа да ја префрли на Југославија и НОФ”. Од митингот е испратена протестна резолуција и поздравни телеграми до ЦК на КПЈ и до Лазар Колишевски.
Секоја чест и благодарност на бегалците од Егејска Македонија што го кренаа гласот за нас, но со кој образ на тој митинг зборувал Михаил Керамитчиев ?! Тоа јасно зборува дека кај него нема ни трунка совест.
ВО ЗАТВОРСКАТА БОЛНИЦА Во почетокот на декември 1949 година добив висока температура и труење, а од носот ми течеше крв, не можев да јадам ништо. Кога ме виде Ибраим, јавил во управата. Од ќелијата ме однесоа во затворската болница. Бев сместена во мала ќелија, но според таа во која што бев оваа беше попријатна. Ѕидовите беа премачкани со мрсна зелена боја и на нив испишани комунистички пароли, петокраки, срп и чекан и на едно место ликот на Сталин. Веројатно во таа ќелија во бивша Албанија лежеле некои албански комунисти. Ме прегледа лекар. Ми дадоа инекции и таблети за снижување на температурата. За појадок ми даваа некоја топла чорба. Некако се опоравив и почнав да станувам. По пет дена, пак ноќе, дојдоа спроводници, ме зедоа и ме однесоа во друг болнички затвор. Тогаш ми дојде помислата за самоубиство, односно да бидам убиена. Истрчав по ходникот за стражарите да пукаат во мене. Но како се најдоа толку полицајци не знам. Од сите страни притрчаа, ме фатија и ме ставија во колата со врзани раце. Затворот во кој ме однесоа личеше на амбуланта, бидејќи беше на кат, а подот со штици. Во собата во која што ме сместија имаше две жени Албански. Едната била девојка. Родила вонбрачно дете. Бидејќи не го кажувала името на таткото на детето, ја затвориле. Беше девојка од село и многу весела природа.
Другата жена била спикерка на радио-Тирана за време на Мехмед Зогу и за време на окупацијата од Италијаните. Се викаше Делфи Руже Бануши, многу интелигентна жена. Нејзе и беше оперирана градата од рак. Беше свесна дека набргу ќе умре, дури и ја присакуваше смртта. Таа по малку знаеше грчки. Кога и раскажав во кој затвор сум затворена и дека до мојата ќелија е затворена една старица, тогаш таа ми кажа дека таа е старата принцеза која не сакала да ја напушти Албанија и да побегне од комунистичката власт и дека е доживотно осудена. Ми кажа дека лично се познавала со неа и дека знае француски добро и на француски да ја поздравам од неа, ако ме вратат во истата ќелија. И реков на Руже дека не знам француски, но некако ќе и го пренесам поздравот. “Јас и се обраќав на македонски и на грчки јазик, но таа не ми одговори никако” – и реков на Руже, а таа ми одговори:
“Сигурно се плашела од провокации”.
Останав една недела во затворската амбуланта на првиот кат, а под нас на приземјето, имаше многу затвореници и се слушаа зборувања на српски и на грчки јазик. Си помислив дека Грците се монархофашистички офицери кои што ги имавме фатено како заробеници, а Србите како титовисти, па не сакав да им возвраќам на псовките што се слушаа.
И по една недела престој во таа болница на лекување (снимање на белите дробови, лекување со инекции и таблети), носот постојано ми крвареше, дури и во спиењето. Меѓутоа, кој гледа на такви “ситници” во тоталитаризмот. Една ноќ ме зедоа спроводници и ме однесоа во истата ќелија на истиот затвор.
Утрото се сретнав со Ибраим. Повторно почнав да пишувам на ѕидовите од тоалетот за да фатам некоја врска со моите другари, но никако немаше одговори, дури ни од “Бате”. Ме обзеде меланхолија. Почна да ме совладува разочарувањето. Си мислев дека, можеби, во моето отсуство ги однесле некаде, но тоа чувство не траеше долго.
НА ПАТ ЗА ДУРУС На 14 декември 1949 година, на полноќ, слушам се отклучува вратата и влегува внатре чуварот со еден офицер, кој ми наредува:
“Спремај се, што имаш земи со тебе!” Го зедов војничкото зелено ќебенце, а килимчето го оставив за спомен да го чува Ибраим во тиранскиот затвор. Не знам дали сега, кога ги пишувам овие редови, Ибраим се наоѓа во Албанија, дали е унапреден во некој повисок чин, дали е уште чувар на затворениците во тиранскиот затвор или, пак, некои него го чуваат во истиот тој затвор, а, можеби, користи пензија. А јас му го оставив килимчето во знак на благодарност. Сигурно Ибраим би го чувал тоа килимче кога би знаел што ми значеше. Тоа беше рачно ткаено од баба Ристовица Мангова, мајка на Крсто Мангов, кој замина во Југославија кога селото Д’мбени во јуни 1948 година дотемел беше изгорено од монархофашистите. Тоа му го остави на Крсто, а кога тој загина на
11 август 1949 година го понесов тоа килимче со себе како ретко драг спомен.
Целата се претворив во уво. Кога ме извадија во ходникот, слушам се отклучуваат и други врати. За час се најдовме сите 11-мина другари во дворот на затворот. Прво се поздравив со мојот сопруг Минчо, потоа со Паскал и со другите по ред. Кога стражарите не видоа како се поздравуваме меѓу себе, не ни дозволија да разговараме. Двајца по двајца ни ставија лисици на рацете и со една дебела ортома не врзаа сите по трипати и на крајот што остана од ортомата делот го врзаа одолу половината на Ташко Хаџијанов. Со очи и со глава, без збор се поздравивме. Не беа нашите поранешни ликови. Мажите беа со долги бради и коси.
Сметавме дека тоа е нашето последно видување. Мислевме дека ќе не носат на стрелање. Ни причинуваше утеха што ете така изврзани еден за друг, како што заеднички се боревме, заедно и ќе бидеме на тој век.
Не натоварија во еден камион. Над секој од нас над глава со вперен автомат во главата стои по еден полицаец, а покрај возачот еден офицер, кој многу добро знаеше грчки. Кога излезе камионот од градот, оддалеку се слушаше песната “Чупе машала”. Дуваше силен ветар, беше декемвриски ветар. Сите бевме завиткани во шинелите со кренати јаки и со пилотките на глава. Само Паскал имаше војнички мантил. Михаил Маљо на грчки рече дека не носат на стрелање, а пак Паскал дека, можеби, ќе не однесат на југословенската граница и ќе не пуштат во Југославија. Минчо, пак, смеејќи се, бели: “Нели гледаш во каква положба сме! Многу сакаш!” Сите се смееме. Гладна кокошка просо сонува.
Сеедно ни беше во тие мигови што ќе стане со нас. Интересно, ама сите сме со борбено чувство. Ни беше сеедно дали ќе не стрелаат или не. Се шегувавме меѓу себе, иако полицајците ни наредуваа да не зборуваме. Во еден момент силниот ветар на Ламбро Чолаков му ја однесе капата. Тој вика: “Почекајте, капата”. Почнавме ние да се смееме, а Минчо, со кого беа заедно врзани, му вели: “Остави ја бре, таму каде што одиме подобра ќе најдеш”. Еден од стражарите, на лош грчки јазик, му вели: “Аси то микро, апо пу ксериш пу тато пате”. Почнавме ние да се гледаме меѓу себе и да се смееме. Со тоа разбравме дека не не носат на стрелање штом поминавме толку долг пат. Албанецот се налути, разбра дека згреши и почна да го псуе Минча, кој беше собран во шинелот и дуваше во рацете да ги згрее од студот и му вели: “А, ти си тоа курирчето што ја минуваше границата и одеше во Југославија? (Еси исе то курири пу то пигане сто Југославија)”.
Предозори стасавме во едно гратче. Минчо го праша офицерот каде се наоѓаме, а тој, немислејќи, му одговори: “Во Дурус”.
Веднаш се сепна, виде дека згреши и почна офицерот да псуе и да вика: “А еси то курири, то микро...” НА БРОДОТ “МИЧУРИН” Од камионот не растоварија покрај пристаниште. Се приближивме кон бродот. Така врзани со ортомата преку половини почнаа да не качуваат по едни железни скали. Забележав дека со големи букви на бродот пишува “МИЧУРИН”. Така се викаше советскиот брод кој пренесуваше руда од Албанија за СССР. Тоа беше товарен брод. Со нас на бродот се качија и двајцата албански старешини кои не донесоа до таму. По темница, така изврзани, слегуваме по скали до дното на бродот во една просторија. Албанците не одврзаа. Еден советски морнар пушти светло. Тогаш почнавме да се прегрнуваме со ред. Бидејќи Албанците си ја исполнија обврската, си ја собраа ортомата, ни ги зедоа лисиците. Минчо на Албанците им извика: “Со добро да си одите, алал нека ви се и лисиците и ортомата”.
Во бродската просторија во која што бевме сместени имаше само еден отвор на таванот, односно кај скалата по која што слеговме. И тој отвор набрзо еден советски морнар-старешина во цивилна облека го затвори со капакот. Останавме само со светлото од сијалицата. Тука, во пристаништето на Дурус, останавме два дена додека бродот да се натовари со руда или којзнае со што. Наутро ни носеа каша или кипјаток, варена вода и пак не затвораа.
Мажите беа обраснати со бради и коси, сите бевме нечисти, неизмиени. Чукнавме на отворот. Се појави цивилното лице.
Побаравме со Уранија да се качиме горе на бродот да се измиеме и да се испериме, да одиме во тоалет. Ни ветија, ама ништо од тоа.
Ноќта ни донесоа едно тенеќе со вода и едно друго празно и ни рекоа дека тука ќе се миеме и тука ќе вршиме нужда. Тенеќината ги поставија во еден агол од просторијата и обесија нешто како завеса. Во тој амбар во дното од бродот имаше големи долапи во коишто имаше кревети/лежаи. Се затвораа одвнатре. Ние со Минчо се сместивме во еден од нив. Тој долап другите го нарекоа “долап на среќата”. Тоа патување со бродот “Мичурин” со Минчо ни беше “свадбено патување, медениот месец”.
Бродот “Мичурин” на 16 декември 1949 година го напушти пристаништето Дурус и тргна, за нас, во непознат правец.
Почнавме сите да ја пееме грчката песна: “Ена карави ап тон Пиреа”, но сега ја пеевме вака:
ена карави ап то Дирахио, ахи салтири гја макарија, а мија група пу ине меса, то нутис панда тон ехи стин стерија, а мија група пу ине меса, то нутис панда тон ехи стин стерија, Еден брод од Дурахија плови во непознати далечини една група во него со мислите постојано на копното тоа сме ние Нофитите такви сме ние Нофитите Можеби звучи нешто саркастично, но во ситуацијата во која што не стави Никос Захаријадис не можевме поинаку, туку на друг, ваков, начин да се изразиме за “благодарноста” што после се што дадовме од себе за Движењето за македонскиот и грчкиот народ за извојување на слобода и демократија.
Не знаевме кога е ден кога е ноќ во бродот зашто денска, природна светлина не видовме. Знаевме дека е ден само по храната што ни се даваше: кипјаток – варена вода, каша и понекогаш чорба од риба. Деноноќно сијалицата светеше.
Стававме рецки/цртички на капаците за да знаеме колку дена сме на бродот.
Некаде четвртиот или петтиот ден откога тргнавме осетивме дека бродот подзастана. Помисливме дека сме во некое пристаниште. И навистина. По некое време тој истиот морнар, или старешина, во цивилна облека, ја отвори вратата и се виде парче сино небо и копно не многу далеку, односно морски брег само камен. Од тоа заклучивме дека ги менавме Дарданелите и дека се наоѓаме во Мраморно Море и влегуваме во Црно Море.
ПОМИСЛУВАЊЕТО ДЕКА ЌЕ НЕ НОСАТ ВО РОМАНИЈА – СЕЌАВАЊА НА ПОДЛИТЕ ДОЛГИ ПСИХОЛОШКИ ПРИТИСОЦИ ВРЗ МЕНЕ ОД ЗАХАРИЈАДИС Кај нас се јави мислење дека ќе не носат во Романија, во пристаништето Костанца. Јас и Паскал ја имавме посетено Романија. Јас дури двапати, па ја имав посетено и Костанца. Тоа беше официјална посета со делегација на грчките жени во декември 1948 година. Тогаш посетив неколку работни колективи, поздравувајќи ги од името на жените на Грција кои се борат за слобода против грчките монархофашисти и англоамериканските империјалисти. Вториот пат бев во Костанца, Романија, во јуни
1949 година, кога се враќав од Вториот меѓународен конгрес на мирот, а Паскал со министерот на Привремената влада на Грција Таки Пападимитриу беа вратени од погребот на Георги Димитров, кои беа делегација заедно со претседателот Парцалиди. Знаевме ние дека во Романија, во Букурешт, е центарот на ЕЛАС-Прес и седиштето на Информбирото. Тоа беше на 20 април 1949 година.
Овде ќе напоменам накратко. По завршувањето на II меѓународен конгрес на мирот, од кој дел се одржуваше во Прага, на нашата делегација француската влада не и даде влезни визи, а истите денови паралелно се одржуваше во Париз – Прага. Нашата делегација ја сочинуваа: Милтијадис Порфирогенис (министер за надворешни работи на Привремената влада на Грција, кој и ја предводеше делегацијата), Петрос Кокалис (министер за просвета)
и Рула Кукулу (претседател на сегрчкиот демократски сојуз на жените), потоа од страна на НОФ беа: Павле Раковски, Доне Сикавица (член на Секретаријатот на Главниот одбор на НОФ) и јас како потпретседател на НОФ и секретар на АФЖ. Од страна на НОФ Павле Раковски, како раководител на просветната дејност на НОФ и главен и одговорен уредник на весникот “Непокорен”, на македонски јазик, го поздрави Конгресот. Доне Сикавица во тоа време од НОФ беше одговорен за сите деца сместени во народните републики. Во тоа својство и тој го поздрави Конгресот. Се сеќавам, тогаш во еден разговор со Кокалис, ни предложи да не ги делиме Македончињата посебно да го изучуваат македонскиот јазик, но ние бевме категорични во нашата решеност и тој се согласи со нас. Тој беше добар другар, по професија лекар специјалист-фиматолог. Не беше тој многу упатен во реалноста на случувањата, па што му велеа тој го спроведуваше.
Тогаш го посетив селото Лидице, кое германските фашисти целосно го изгореле кога на 31 мај во 1942 година чехословачките антифашисти го убиле водачот на Гестапо, Рајнхард Хајдрих.
Искористивме прилика тогаш да ги посетиме и домовите во коишто беа сместени нашите деца Македончиња. Ги посетивме фабриките во градот Оломуз. Таму ни дадоа една кола полна со бомбони и чокалади. Потоа отидовме во Острава, каде што ми подарија 50 рала чевли за партизаните во Грција и 6 транзистори и многу други подароци. Пакетите со бомбони и чоколади ги разделивме по домовите на децата во Либерец и во Прага.
Разговарав за недостатоците во домовите. Од тоа што го видов се уверив дека децата беа згрижени, добро сместени и добро напредуваа. Направив повеќе фотографии со децата за да им ги однесам на нивните мајки. Во Либерец ги фотографирав малите деца со кои што беше и синот на Уранија, Дончо. Кога на 6 август се сретнавме со Уранија во Брезница, и ја дадов фотографијата, но таа не можеше да си го препознае детето. Во Прага бевме сместени во хотелот “Париз”. Одговорен во грчкото претставништво (“јафка”) за Чехословакија беше Максимо. Кога му кажав која сум и дека сум Македонка, тој многу ме засака и ми рече дека заради македонското прашање во триесеттите години, кога, според ставот на Коминтерната, го спроведуваше грчката комунистичка партија за “Автономна Македонија”, тој бил затворен од реакционерниот грчки режим. Како што дознав од него, тој беше во немилост од Захаријадис, па не му беше дозволено да учествува во ДАГ и како познавач на францускиот јазик беше поставен на таа должност. По капитулацијата на ДАГ, заминал за Виена и таму починал. Колку е тоа точно не знам.
Добро бев примена во Прага од другарката Синкова, член на ЦК на КПЧ, стар комунист. Таа присуствуваше на Сегрчката конференција на ПДЕГ на 1 март 1949 година, која се одржа во Преспа, на слободната територија во месноста “Африка” и беше многу одушевена од мојот настап и кога ја прочитав Резолуцијата со температура 40° (бев болна). За време на мојот престој во Прага, Синкова ме покани кај неа дома и ми рече: “Ти си мојата ќерка”. Заедно со Рула тогаш ни беше сошиен по еден костум хаки кабардин, ми беа дадени и многу други подароци во облека и друго.
Конгресот траеше шест дена. Тогаш ги запознав и Фадеев, двократен херој на Советскиот Сојуз и писателот Константин Симонов, кои постојано беа со нас. Ја запознав и првата жена на Никос Захаријадис, која како член на ЦК на КПЧ присуствуваше на конгресот.
Случајно во салата седевме јас и до мене Рула Кукулу. До мене дојде и седна една руса жена, непозната за мене, со едно девојче од три-четири години. Го зедов девојчето кај мене в скут и го погалив по главата, му се смешкав, а и тоа мене. Како што сознав подоцна, таа жена беше жената на Захаријадис со неговата ќерка, Марија Новакова, чие презиме во Москва е сменето во Краузова.
Русата жена љубезно ми се насмевнуваше и ми зборуваше нешто на чешки јазик. Заврши работата на конгресот. Се спремавме да си одиме. Порфирогенис и Рула требаше да заминат за Грција, Кокалис и Д. Сикавица остануваа, а јас и Павле Раковски требаше да заминеме за Бугарија и оттаму преку Југославија за на слободната територија на Грција, односно јас требаше да заминам во единиците на Беласица каде што беше VI дивизија на ДАГ.
Утрото, пред тргнување, дојде во мојата соба истата таа руса жена што седеше до мене на конгресот, само без девојчето. Ми подаде едно писмо и ми рече: “Само во тебе имам доверба. Ова писмо лично да му го предадеш на Количка - Захаријадис”. Ми донесе некои слатки за по пат. Се поздравивме. Ме прегрна и ми посака среќа. Јас бев во недоумица и се прашував: “Зошто токму мене ми го дава писмово?” Порфирогенис беше сместен покрај мојата соба и кога излегуваше да се поздравиме, го прашав која е таа жена што не ја познавам, а ми дава писмо за Захаријадис. Тој ми кажа дека таа жена е жената на Захаријадис. Дури тогаш ми стана јасно зошто мене ми го даде писмото и зошто Рула беше така ладна во однесувањето со неа. Се сетив на пишувањето во весникот “Македонија” од 1945 година, кога работев во НОФ за Соровичко-Кајлерската околија, дека госпоѓата Захаријадис од Атина со авион заминува за Чехословакија.
Не можев тогаш ни да помислам зошто Захаријадис му наредил на Максимо обврзно да бидам прегледана од лекар зашто се сомневал дека имам маларија и да бидам задржана во Прага на лекување. Заедно со Синкова отидовме во една болница. Ми зедоа крв за испитување. Истиот ден бевме по резултатите. Не пречекаа двајца лекари, од кои едниот беше Србин, кој ми се обрати на српски: “Македонко, здрава си како дрен, но сепак земи ги овие лекови”. Ми даде едно чудо лекови против маларија, но никогаш не ги употребив, односно ги фрлив.
Тогаш се сетив на дијалогот што го имав со Захаријадис:
По завршувањето на Вториот конгрес на НОФ и на Конференцијата на КОЕМ (25-27 март 1949 година), во првите денови на месец април, Генералниот секретар на КПГ Никос Захаријадис, ме покани на средба во селото Винени – Преспа.
Во тие денови на април 1949 година, неколку денови по ред, Тој испраќаше курир од централниот комитет, кој лично со моторцикал од седиштето на НОФ во селото Папли ме земаше и ме носеше во селото Винени на разговор лично кај Захаријадис.
Прво, Тој ме замоли да се спремам и да зборувам преку радиостаницата “Елефтери Елада” во превод “Слободна Грција”, за успесите на НОФ-АФЖ, за Конгресот и да напишам статија за весникот на “Коминфор бирото”, “Гја дијарки ирини ке лаики димократија”, во превод “За неопходниот мир и народната демократија”, кој тогаш се печатеше во Букурешт. Јас тогаш му реков: Па зошто токму јас, нека напише Паскал, Кочопуло или некој друг. А Тој ми рече: Не, Ти сега си позната меѓународно.
(Јас тогаш не знаев дека Тие имаат снимено филм за нашата делегација која учествуваше на 2-от Меѓународен Конгрес на жените кој се одржа од 1 до 6 декември 1948 година. Тоа го дознав покасно, дури на истрагата во Москва од преведувачот Аристотели Папуниди, кој ме извести дека во киносалите во Москва се дава журнал за нашата делегација, посебно за Рула Кукулу и за мене, бидејќи и двете зборувавме на Конгресот. Јас и ден-денес не го имам видено тој филм, по се изгледа е некаде зафрлен по некои архиви).
Другиот ден ме праша дали размислив за предлогот од претходниот ден, Јас бев категорична и му реков дека не сум од таквите личности и не можам да ги исполнам тие задолженија.
Тогаш ми рече: Ти, Вера, треба да гледаш во Москва, а не во Белград.
А Јас му одговорив: Јас можам да гледам само до Скопје, во Македонија, толку далеку не можам да гледам.
Со тоа што ми го рече, Захаријадис веројатно сакаше да ме искористи за да зборувам против Југославија за време на Коминформ бирото. Затоа што не се согласив, подоцна Захаријадис ме стави во домашен притвор во Букурешт – Романија и подолго време ме држеше во изолација во странство, подалеку од мојата организација и народот се до август 1949 година, пред поразот на ДАГ.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/do-pekolot-i-nazad/3 на 29 октомври 2026