Vistinata za Egejska Makedonija
Front Matter - Part 05
Ставот на КПГ за правото на самоопределување до отцепување и обединета и независна Македонија и Тракија се засновува -според бившиот грчки партиски раководител Ставридис на следните претпоставки за негово реализирање: на координирана вооружена борба преку ВМРО (Обединета) од трите дела на Македонија со придобивање за оваа цел на Власите како малцинство, кое, како и Македонците е обесправено; на албанскиот револуционерен комитет и на крајот, се сметаше и на помошта на Евреите во Македонија, кои беа расположени уште од порано за една автономна Македонија и би биле готови да го поддржат материјално и движењето.
Меѓутоа, режимот вознемирен од ваквиот став на КПГ по македонското прашање, одговори со апсење на комунисти, провоцирање на работниците за оправдување на репресивните мерки (Кавала) и монтирање судски процеси за автономизам.
Врз основа на член 123 од Кривичниот закон, во Атина им беше судено на раководителите на КПГ Пулјопулос, Максимос и Фичос, а во Солун по истиот закон за велепредавство им беше судено на 12 кадри на КПГ, осудени на 12-18 години затвор. (4)
Истапувајќи со марксистичко-ленинистички револуционерни пароли, КПГ ги привлекла симпатиите на македоискиот народ, пред се на пролетаријатот од Солун, Воден, Негуш, Бер, Серез, Драма и Кавала, како и од печалбарските краишта - како што се Костурско и Леринско.
Македонците стапуваа во редовите на КП на Грција, која во нив ги имала најдоследните борци и сојузници во класната борба.
Со желба што повеќе Македонци да привлече во своите редови, КПГ го дозволи на територијата на Егејска Македонија и формирањето на ВМРО (Обединета), која беше формирана во Виена по Мајскиот манифест од 1924 година.
До тоа обединување на македонските организации, односно левото и десното крило на ВМРО, емигрантската федералистичка организација и некои поодделни емигранти во Виена, дојде како резултат од притисокот на македонските маси, кои бараа нов пат и нови форми за водење на национално-ослободителната борба.
До такви промени и ориентации на лево, дојде бидејќи во лицето на Октомвриската револуција во СССР македонските маси го гледаа најочигледниот пример како работничката класа кога се наоѓа под цврсто револуционерно раководство го решава националното прашање.
Создавањето на ВМРО (Обединета) со Манифестот најавуваше едно широко македонско демократско движење, кое и во Пиринска и во Вардарска, а подоцна и во Егејска Македонија наиде на масовно прифаќање и поддршка. Ако ВМРО (Обединета) не ги исполни своите цели, тоа пред се се должи на субјективните слабости на некои од нејзините раководители, кои самите не успеаја да расчистат со основното прашање, дали македонското прашање е национално или политичко прашање.
Во секој случај, околу 1930 година, во периодот кога раководството на КП на Грција го поддржуваше ставот за самоопределување на македонскиот народ, до отцепување, забележана е извесна активност за поврзување на активностите од ВМРО (Об.) од трите дела на Македонија. За такво раздвижување сведочат и неколкуте извештаи - поверливи писма на пограничните органи од леринскиот сектор. (5)
Со едно доверливо писмо на Деветата дивизија, со седиште во градот Кожани, до Деветиот пограничен сектор во Лерин, со датум од 27 јануари 1930 година, и се препорачуваа на војската од овој сектор како и на полициските органи во Леринска околија, да ја зголемат својата будност спрема сомнителните лица поради нивните македонски чувства (подвлеченото е на оригиналот б. м.), да се следи нивното движење од село в село, подробно да се испитува целта на нивното движење и целокупниот живот во околијата, да се вршат ненадејни претреси во нивните станови итн.
Во реализирањето на горната цел, имено да се преследува македонскиот народ и со дирекна помош на самиот режим, на територијата на Македонија во тоа време се формирани повеќе националистички и профашистички организации како “ЕЛЛАС”, “ПАВЛОС МЕЛАС”, “ЧЕЛИЧНИ ШЛЕМОВИ”, и други со задача “да го подигнуваат националниот дух на населението”. На организацијата “Павлос Мелас” во Солун, на пример, постојана мета и беа Евреите заради тоа што беа солидарни со Македонците за автономна Македонија.
Во Западна Македонија, каде што и по размената на населенијата Македонците останаа во мнозинство, режимот често прибегнуваше кон инсценирање на процеси против видни и активни по националното прашање Македонци. Така, на пример, на 20 мај 1931 година во Солун им е судено на група Македонци од село Горно Каленик, Леринско, под обвинение дека на 9 декември 1930 година го убиле полјакот Тодор Цантовски, бивш грчки андартин и познат шпион. Меѓутоа, според пишувањето на грчкиот прогресивен печат процесот бил монтиран единствено за да се заплаши македонското население, кое не сакаше да се помири со политиката на денационализација и асимилација, со политиката на протерување на Македонците од нивната родна земја, што сакаа грчките влади да ја легализираат преку фамозната конвенција за “доброволна” размена на населенијата меѓу Грција и Бугарија.
Од обвинетите Македонци од Леринско тројца беа осудени на смрт и егзекутирани во август истата година, а еден осуден на доживотна робија. Овој акт на грчкиот режим предизвика огорчување и негодување што ги мина границите на Грција и ја разбрани европската јавност. Претседателот на Лигата за борба против војните и за мир, Анри Барбис, по повод солунското злосторство упати остар протест до тогашниот грчки премиер, Венизелос.
По повод егзекутирањето на македонските патриоти од Леринско: Тодор Манов, Ѓорѓи Петков и Стојан Палафа, Централниот комитет на грчката црвена помош истапи со остар протест, кој завршуваше со овие зборови: “Ние протестираме заедно со поробените народи на Балканот и ги повикуваме сите трудбеници на Грција да ги помогнат националните малцинства и жртвите на грчкиот фашизам...” (6)
А во уводната статија на весникот “Ризоспастис” од 3 август 1931 година (орган на ЦК КПГ) во која смело се истакнуваше праведната борба на македонскиот народ за национално самоопределување и се застапуваше за македонската национална кауза, по горниот солунски случај, пишуваше дека причината за убиството на Чантовски ако веќе не се работи за еден инсцениран процес, е чувството на огорчување и омраза против поробувачите, кои го тероризираат македонското население и кое чувство уште не го нашло својот израз во вистинскиот пат на масовната борба. Македонците и Евреите се сојузник на грчкиот пролетаријат, тие се борат против заедничкиот непријател - грчкиот имеријализам”.
“Ете затоа - пишува “Ризоспастис” – грчките работници се должни да го поткрепат националноослободителното движење и да се борат против националното, економското и политичкото угнетување на националните малцинства, за правото на самоопределување до целосно отцепување од грчката држава, за една независна Македонија и Тракија...” (7)
Апсења и друг вид терор од власта е вршен и по други околии на Егејска Македонија поради активноста на членството на Партијата и посебно на македонското население. Во тоа време во градот Воден е воден процес против Ѓорѓи Манчов и Никола Галиников, во Лерин против двајца членови на КПГ (не ни се многу јасни наведените во в. “Македонско дело” имиња на обвинетите тројца Македонци од село Владово, Воденско во 1927 година. Еден од нив истакнат комунист Коста Думов е испратен во интернација на пустиот остров Анафи.
Во градот Солун се убиени 7 демонстранти и 20 ранети. На 2 август 1931 година во градот Серес биле осудени 12 работници Македонци на вкупно 80 години затвор. Прогонувања и судења имаше во Кукушко и Ениџе-вардарско. Шовинистичкиот солунски весник “Македоника неа” отворено препорачуваше и повикуваше на крстоносен поход на националистите против “пропагандата на комунистите”.
Прогонувањата и масовниот терор против македонските и грчките комунисти поради пропагирањето на ставот за независна Македонија и Тракија, ја разбранува и прогресивната македонска и грчка емиграција во Америка и Канада. По иницијатива на македонската прогресивна група “Вардар” во Торонто, на 21 март 1931 година бил организиран протестен митинг, на кој говореле Л. Бошев, Г. Шалдев, Спиро Василев и Н. Кирјакопулос, бивш пратеник на КПГ од Леринско во грчкиот Парламент. Говорникот Пан. Јоану истакнал дека истиот Венизелос ги испраќаше Македонците во Украина како грчка воена експедиција против младата советска социјалистичка држава и во Мала Азија за интересите на империјалистите и денес пак тој ги прогонува Македонците од родните огништа...
Слични протести имало и во Гери Индијана од групата “Правда” во Детроит, и други градови. На сите овие собранија се поддржуваше борбата на ВМРО (Обединета) за национална независност на македонскиот народ.
Колку грчките власти беа загрижени од популарноста на ВМРО (об.) кај македонскиот народ, говори нивното интересирање по прашањето дали ВМРО (Обединета) надвор од Грција соработува со грчките комунисти, како и за соработка со националистичката ВМРО. Во врска со ова прашање карактеристичен е еден автентичен документ, конкретно, доверливото писмо на грчкото Министерство за надворешни работи, со кое го известува Министерството за внатрешни работи, дека според добиените информации од грчката амбасада во Софија се заклучува дека не постои никаков договор меѓу грчките комунисти и македонските комитети.
“Таков договор - се вели во писмото има само меѓу федералистите на Влахов, кој живее во Виена и грчките комунисти” (8). (Писмо на Министерството за надворешни работи под број 5551 од 15 мај 1930 година).
Што се однесува до ова последното, за врската на федералистите на Димитар Влахов со ВМРО (Обединета) во Егејска Македонија, се знае дека таква врска постоела и неа ја одржувал во Солун стариот македонски револуционер Неделко Попнеделков. Тука кај него преку тајни канали доаѓала пошта со весниците “Балканска федерација” и “Македонско дело”, што членовите на ВМРО (Обединета) и македонските комунисти ги растураа во внатрешноста. Жртва на таквата дејност со пренесувањето на поштата стана и преданиот на ослободителното дело на ВМРО (Обединета), кален комунист од Воден Ѓорѓи Кронцелчев, кој во 1935 година беше убиен од грчката полиција во Солун при вршењето на својата задача.
Освен Влахов, како претставник на федералистите, во поверливите писма на грчките власти се споменува и името на Цветко Христов, кој преку Албанија одржуваше врски со фактори на ВМРО (Обединета) во Егејска Македонија. Треба, меѓутоа, да се истакне дека некои од овие наводи во писмата на грчките органи на безбедноста не можат да се земат сосема за веродостојни, иако во нив се споменува изрично името на ВМРО (Обединета), од простата причина што во истото време и на истите места се забележани и движења од луѓе на фашистичката ВМРО. Ова оградување ни е неопходно, бидејќи официјално ВМРО (Обединета) во Егејска Македонија е формирана 1934 година.
Работите околу формирањето на ВМРО (Обединета) се одвивале по следниот начин и тоа онака како што се изнесени во некои белешки на бившиот секретар на Централниот комитет на Организацијата за Егејска Македонија, Андреја Чипов.
Во јуни 1932 година по директива на Централниот комитет на КП на Грција во Солун беше одржана конференција под името “Конференција на малцинствата” и во неа учествуваа четворица делегати од Леринско, двајца од Костурско, еден од Солун, еден од Лагадина, еден од Негуш, и по еден од Драмско и Воденско.
По потекло сите беа Македонци. Од другите малцинства имаше еден муслиман од Западна Тракија, двајца Евреи од Солун и еден Влав од Бер.
Конференцијата ја раководеше обласниот секретар на Комунистичката партија на Грција за Централна и Западна Македонија. Како инструктор од страна на Централниот комитет на Комунистичка партија на Грција присуствуваше и Ст. Склавенас. На Солунската конференција беше донесено решение при сите околиски и реонски комитети на комунистичката партија на Грција да се формираат комитети за малцинствата, кои подоцна требаше да израснат во посебна организација во градот Бер, на која учествуваа само Македонци, а по три месеци истата година во Солун, со делегации од сите околии. Во март наредната година беше свикана конференција во Воден (во друго место А. Ч. го споменува Солун) во куќата на Петар К’чев, која ја раководел Андреја Чипов. На оваа конференција веќе било избрано раководство на организацијата, односно Централен комитет со седиште во Солун. Главна тема беше нацрт-програмата на организацијата, поврзувањето со странство и набавка на литература. (Пандо Дурдуловски од с. Неволјани, Лериноко, стар комунист и активист на ВМРО (Обединета) тврди дека конференцијата во Воден ја водел Христо Галабов, додека Андреја Чипов бил делегат на ЦК КПГ.) И нешто позначајно: дека на оваа конференција учествувале и делегати од Вардарска и Пиринска Македонија, што Чипов во своите белешки не го споменува.
Меѓутоа, не е исклучено дека имало таква соработка, бидејќи такво нешто се наведува и во еден доверлив документ (види во прилогот на документите). Истото го потврдува и Пена Думова од село Владово, сестра на стариот комунист Коста Думов, стрелан од Германците на 3 март 1943 година во Солун.
Организацијата успеа да набави една стара печатница на која во строга илегалност беа печатени летоци и друг агитационен материјал на македонски јазик. А по иницијатива на леринската организација уште во 1930 година на индиго бил издаван, на македонски јазик, весникот “Земјоделско знаме”, кој излегуваше се до седмиот број. Повеќепати беше практикувано да се објавуваат разни написи во органот на Комунистичката партија на Грција “Ризоспастис” со грчка азбука, но на македонски јазик.
Во исто време се појавија и неделни локални весници, како весникот на грчки јазик издаван во градчето Нестрам, наменет за иселениците во Америка, Канада и Австралија, во кој постојано се објавуваа македонски песни и приказни, гатанки и друго од животот и обичаите на Македонците во овој крај. По иницијатива на Централниот комитет на Комунистичката партија на Грција еден од функционерите на ВМРО (Обединета) беше повикан во Атина, каде што работеше исклучиво на собирање македонски народни песни и приказни, од кои, беа подготвени два тома за објавување. Тоа значи дека Партијата преку фолклорот настојуваше да ја развие македонската национална култура и македонската национална свест кај помладите Македонци врз кои се вршеше систематска денационализација од страна на официјалниот режим.
Целата оваа дејност на Комунистичката партија на Грција и на ВМРО (Обединета) во Егејска Македонија, беше потикната и од решението на Коминтерната од април 1934 година, со кое се признаваше посебноста на македонската нација и нејзиното право на самоопределување. Во тоа време ВМРО (Обединета)
излезе и со барање за слободна употреба на мајчиниот јазик, отворање македонски училишта и други права на културна автономија. Така, организацијата во Леринско, на пример, успеала некако да се полулегализира и за време на предизборната кампања во 1935 година јавно протестирала против теророт над македонското население од страна на власта.
Раководството на ВМРО (Обединета) во Македонија под бугарска власт, земајќи ги за повод спонтаните барања на Македонците од Егејска Македонија, за културни права, во 1935 година излезе со една декларација во која се истакнува дека македонскиот народ има свое минато, своја сегашност и иднина, и не е крпка на империјалистичка Бугарија, Грција и Србија туку дека е самостоен елемент со сите белези на самостојна нација, која со децении се бори за извојување на своите права, за самоопределување до отцепување во самостојна политичка, државна единица. (9)
Во прилог на барањата од Македонците во Егејска Македонија за национална рамноправност, во грчкиот Парламент истапи шефот на парламентарната група на Комунистичката партија на Грција Ст. Склавенас, кој на седницата од 25 април 1936 година меѓу другото рече: “Уште едно прашање што го игнорира власта во своите декларации, е прашањето за давање полна рамноправност со месното население и на националните малцинства, кои живеат во Грција. Тоа, главно, се однесува на македонската нација. Оној што поминал низ Македонија го почувствувал особениот притисок кој се врши против Македонците. Правото да имаат училиште, да го употребуваат македонскиот јазик и своите обичаи им е строго забрането”.
“Ваквата ситуација го тера македонскoто население да се организира и да води борба за извојување на сите права, што ние не можеме да не ги поддржиме. Победниците од големата војна и Друштвото на народите го прокламираа правото на потиснатите националности да се самоопределат. Ова право наполно го признаваме и за македонската нација... (10)
Грчката влада на Метаксас уште пред прогласувањето на диктатурата за да го спречи масовното приоѓање на Македонците во Комунистичката партија на Грција и ВМРО (Обединета) започнува сурово гонење на комунисти, посебно на македонските комунисти.
Во еден допис во органот на Комунистичката партија на Грција “Ризоспастис” од 31 мај 1935 година, станува збор за еден процес пред воениот суд во град Лариса на група од 6 македонски комунисти од село Пателе, Леринско, обвинети за автономизам. Тие претходно биле sверски мачени од полицијата во Сорович. (Податокот е позајмен од архивската документација на научниот соработник на Институтот за национална историја во Скопје, Тодор Симовски.) На долгогодишен затвор се осудени и првакот на ВМРО (Обединета) Христо Галабов, Коста Думов, Фоти Типов, Ѓорѓи Манчов и други Македонци од Костурско, Леринско и Воденско.
Расположението на македонските маси за самоопределување и национални права, како што видовме, многу го обеспокои режимот и грчката буржоазија преку формирањето на разни политички партии со локалистички пароли и обилна демагогија се обиде да го експлоатира за своја сметка и да ги оттргне овие маси од влијанието на КПГ.
Така, пред парламентарните избори од 1935 година со локална македонска боја и пароли се јавуваат Македонската унија (популарно наречена “Искра македонска”) под Сотириос Коџаманис во Кукушко и Воденско, во Леринско, независните антивенизелисти под Филипос Драгумис, во Кожанско “Македонската група” и во, Драмско слична локална партија со македонска боја. Ова македонско локалистичко движење, кое бараше управна автономија за Македонија и децентрализација, прилично ја застраши владата, зашто во агитацијата се говореше за третирањето на Македонија како колонија на “Стара Грција”, што ги електризираше масите. Стравот во Атина можеше да се види низ колоните на атинскиот печат во нападите против ова локалистичко движење. Во Солун пристигна за време на предизборната кампања и самиот министер на одбраната Георгиос Кондилис, кој во своите јавни говори на адреса пред се на Коџаманис, рече:
“Што се однесува до проповедите на Коџаманис, тоа претставува национално предавство, бидејќи ја копира паролата на Бугарскиот комитет (во Грција националистите Македонците ги наречуваат со името Бугари - н. б.) “Македонија за Македонците” и сее национална омраза, барајќи го отцепувањето на Македонија...” (В. Врадини од 26. V. 1935 година и во ‘Како стигнавме до 4 август” стр. 65-66, од Сп.
Линардатос).
Тоа локалистичко македонско чувство колку ги имаше опфатено дури и колонизираните бегалци од Мала Азија во Македонија, зборуваат и самите резултати од споменатите избори, која сите овие партии со македонска обоеност успеаја да им обезбедат пратенички мандат на сите свои кандидати.
Метаксасовата диктатура, која дојде на власт на 4 август 1936 година, го прекина развојниот, пат и на Коумитичката партија на Грција и на ВМРО (Обединета) во Егејска Македонија.
Партијата беше ставена надвор од законот; комунистичките кадри беа поапсени и интернирани, а меѓу нив и многу првеници на ВМРО (Обединета) какви што беа Христо Галабов, Андреа Чипов, Лазо Трповски, Михаил Кљанев, Трифун Хаџијанов, Ташко Tрајанов, Фоти Урумов, Ѓорѓи Турунџиев, Неделко Попнеделков, Андон Љомов, Коста Думов, Михаил Трпков и многу други, чии имиња не се познати или пак од причина на претпазливост не можеме да ги објавиме. Во релативно кусиот живот ВМРО (Обединета) и покрај своите сопствени слабости и отсуство на вистинска помош од КПГ, која подоцна го напушти ставот за самоопределување на малцинствата и го усвои ставот за рамноправност на малцинства во рамките на грчката држава, одигра позитивна улога во организирањето на Македонците од Егејска Македонија, за зацврстување на нивната македонска национална свест, и се истакна како мобилизатор на македонските маси на парламентарните избори на страната на Комунистичката партија на Грција. Одраз на таа дејност на ВМРО (Обединета) беше и масовното учество на Македонците од Егејска Македонија во редовите на движењето на отпорот подоцна во времето на хитлеровската окупација на Грција.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/the-truth-about-greek-occupied-macedonian-vistinata-za-egejska-makedonija-e-book-macedonian/5 le 29 octobre 2026