Vistinata za Egejska Makedonija
ВО ВИОРОТ НА ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА - Part 03
Во времето на кабинетот на Софулис во затворите се наоѓаа 80.000 затвореници. Владата го изгласа законот 730/45, според кој за кривични дела извршени од 27 април 1941 година до 12 февруари 1945 година преставуваше гонењето, со исклучок на убиствата. Престануваше гонењето и заради морално учество во убиство. При редактирањето на горниот закон беа дојдени до израз следните три гледишта: а) министерот Константин Рендис и Г. Кафандарис беа за престанувањето на гонењата на индиректните учесници во политички убиства; б) министерот Јоанис Софијанопулос беше за давање амнестија за дела извршени во времето на окупацијата и ограничување на казните само за случаите на масовни убиства. Според него, со таквите чекори Грција ќе добие пријатели во странство и во полза на грчките ревандикации кон соседните земји; в) министерот Г.
Карталис стоеше на становиште дека не мора да бидат гонети дури и директни учесници во убиствата на учесниците во непријателските формации, над вооружени колаборационисти на окупаторот, над непријателски агенти.
Покрај противењето спрема политиката за “одлив” на затворите, како и на инсистирањето за формирање на една комисија составена од личности учесници во Движењето на отпорот за давање општа амнестија на чело со Александрос Зволос, владата на Софулис пристапи кон “одливање” од затворите и со таа мерка од ноември 1945 година до октомври 1946 година беа ослободени 5.535 затвореници. Мерката остана половична, бидејќи затворите и логорите и натаму се полнеа со нови затвореници, и логористи, со нови жртви, зашто полицијата и националистите лесно го изигруваа законот 730/45, мобилизирајќи безброј професионални лажесведоци, кои измислуваа убиства и обвинуваа мирни граѓани и чесни учесници во Движењето на отпорот, или за нивно физичко ликвидирање, или за изнудување на пари.
11. Изборна фарса Во своето приватно писмо до Сталина од април 1945 година, Винстон Черчил меѓу другото пишуваше: “Во Грција не бараме ништо друго освен нејзиното пријателство и нејзината независност и интегритет. А немаме никава тенденција да и наложуваме монархија или демократија. Единствената политика таму се состои во нормализирањето на работите колку што е можно побрзо и да спроведеме чесни и слободни избори во следните четири до пет месеци. Овие избори ќе одлучат за режимот, а подоцна и за конституцијата. Ќе се наложи волјата на народот во услови на слобода, што е наша желба...” (К.
Зилјакус цитирано дело).
Така пишуваше тогаш Черчил. Меѓутоа, сосем обратни беа целите што сакаше да ги постигне Велика Британија. Нејзината тенденција по секоја цена беше да ги задржи своите позиции во Грција. Техеранската конференција и Техеранскиот договор од декември 1943 година со согласноста на другите двајца партнери - Сталин и Рузвелт, му дозволуваше на Черчила да дејствува на начин што тој ќе го најде за погоден да ја задржи Грција во сферата на влијание на Велика Британија.
Либанскиот протокол, потпишан и од претставниците на Движењето на отпорот и од делегатите на грчката влада во емиграција, во мај 1944 година, која беше спроводник во тоа време на британската политика, а подоцна и договорот од Казерта, на Черчила му го обезбедуваа правото да интервенира во Грција дури и во случај да не биде пожелно британското присуство во оваа земја. Последиците од тие грешки на тогашното раководство на Движењето на отпорот - ЕАМ - КПГ
- ЕЛАС, што тешко можат да се разликуваат од едно отворено предавство, сега мораше да ги плаќа самиот грчки и македонски народ.
Сите бруталности и мерки на терор од страна на џандармеријата, Националната гарда и националистичките вооружени групи со отворената поддршка на британските воени единици во Грција, од една страна, британскиот Форин офис и британскиот амбасадор во Атина, Липер од друга, сите овие фактори работеа врз истиот план - од идните избори да произлезе влада што наполно покорно ќе им служи на британските интереси; што ќе ја презентира Грција и Грчките национал-шовенисти на идната мировна конференција. Таа влада, поттикната од своите западни патрони ќе ги постави грчките националистички аспирации на штета на северните соседи. Дури и министерот за надворешни работи на Велика Британија, Ернест Бевин на конференцијата на лабуристичката партија од декември 1944 година, одобрувајќи ја Черчиловата политика во Грција, изјави: “Велика Британија не може да ги напушти своите позиции во Медитеранот”. А токму создадената ситуација во Грција 1945-1946 година е резултат на надворешата политика на Бевин, кој по изборите од 1945 година го водеше британскиот Форин Офис.
Режирањето на изборната комедија од 31 март 1946 година, можеби беше успешно изведено по упатствата на Бевин, но тие избори ја претставуваа и искрата што падна во бурето со барут, каква што беше во тоа време Грција и граѓанската војна стана неизбежна. Теророт и погромите за време на предизборната кампања, што ја достигнаа својата врвна точка на денот од самите избори, го натераа и самиот премиер Софулис да изјави, дека “под вакви услови невозможно е да се одржат непристрасни избори”. Дека сомневањето во фалсифицирањето на изборните резултати не беа измислени од демократскиот лагер, доволно е да цитираме што пишуваше британскиот полковник Шепард во весникот “Нова демократија” од 8 декември 1947 година.
“Еден грчки офицер - пишува Шепард - гледајќи еден британски офицер се осмели да му се исповеда: “Ќе ги дотераме работите вака што луѓето стопроцентно да гласаат за ројалистите. Најмногу пет одсто да гласаат против. Веќе пронајдовме петмина непријатели на режимот. Тоа ќе ни даде прилика подоцна да ги дотераме како им треба...” Каков монструм претставуваа резултатите од грчките избори од 31 март 1946 година, говорат следните факти: додека во повеќето европски земји, Франција, Италија итн. во текот на војната се намали населението, следствено и бројот на гласачите, во Грција покрај жртвите од преку половина милион од гладот и војната, бројот на гласачите на тие избори се зголемил во споредба со изборите од 1936 година. Така на пример, во 1936 година во избирачките списоци на Грција беа запишани 1.753.000 лица, на изборите од 1946 година бројот на избирачите се зголемува на 2.200.000 лица, иако од списоците беа изоставени околу 250.000 избирачи - демократи.
Вистина е дека тие избори во Грција беа следени од меѓународни набљудувачи, без учество на такви од Советскиот Сојуз и другите земји на народна демократија. Но, тие меѓународни набљудувачи од Запад, не ја знаеја или ја премолчуваа стварноста во Грција. Тие не можеа да спречат да не гласаат дури и умрените и да проверат зашто бројот на оние што гласаа за десницата во некои окрузи излезе поголем од бројот на запишаните во списоците. Некои странски весници, коментирајќи го ноторното фалсифицирање на изборите од 31 март 1946 година, објавија и вакви интересни подробности:
Синот на британскиот министер Ноел Бекер, Франсис Бекер, за време на изборите во Грција се затекна тука и на сосем лесен начин, иако немаше право, беше запишан во избирачките списоци и гласаше. Еден од француските новинари на име Утрило, од љубопитство сакаше да провери дали може да гласа и тоа право го доби двапати.
Кога се имаат предвид таквите факти, станува јасно зашто министерот Теотокис, -кој го имаше искуството од плебисцитот од 1935 година, специјално беше ангажиран и за спроведување на овие избори, и тогаш станува јасно како изборните резултати можеа да бидат дотерани до таква степен за левицата да гласаат само 9,5 отсто.
Партиите од коалицијата на ЕАМ апстинираа од изборите со мотивација дека под условите на терор без преседан, беше невозможно да се спроведат објективни и чесни избори, мислење што го потврдуваше и њујоршкиот “Хералд трибјун” од 17 октомври 1946 година. Но, наспроти неподносливите услови, кога секој граѓанин што и припаѓаше на коалицијата на ЕАМ е наречуван комунист, во Егејска Македокија и во Солун посебно мнозинство на гласачите гласаа за листата на ЕАМ.
Апстиненцијата на ЕАМ од изборите подоцна во внатрепартиските расправии околу причините за поразот на демократското движење во Грција во 1949 година, даде повод за разни напади и противнапади. Генералниот секретар на КПГ Захаријадис од групата Парцалидис - Караѓорѓис беше обвинет за неправилен став во врска со парламентарните избори од 1946 година. Според нив, апстиненцијата од изборите ја стесни платформата за политичка борба на коалицијата на ЕАМ, зашто во Парламентот ги немаше претставниците на партиите од коалицијата на ЕАМ, кои од јавната трибина би го жигосувале режимот за терор и дискриминација. И во моментот кога политичката линија на КПГ се засновуваше врз ставот за водење политичка борба во градовите, апстиненцијата од изборите, макар и во условите под кои што тие избори беа спроведени, сама по себе претставуваше негација на тој политички курс, а од друга страна, ја вооружуваше националистичката десница со уште еден аргумент, дека наводно КПГ-ЕАМ ја избегнуваат парламентарната легална битка и се определуваат за нелегални вооружени акции и субверзивна дејност. Значи, настаните потврдија дека апстиненцијата од изборите одеше во прилог на десничарите, на ројалистите и на британската влада, која во тоа време најмногу беше заинтересирана за враќање на кралот Ѓорѓи II во Грција.
ГЛАВА ОСМА - НОФ, АФЖ, НОМС Појавата на НОФ (Нардноослободителен фронт) во април 1945 година во Егејска Македонија беше искористен за една жална кампања од страна на грчката и светската реакција, па дури и од самото раководство на демократското движење на Грција. Од владиниот и националистичкиот печат оваа нова македонска ослободителна организација е идентифицирана со реакционерното движење, како воена организација, чија цел беше да ја отцепи Егејска Македонија од Грција.
Крајно десничарските кругови во Грција дигаа врева околу НОФ и против него за да се фатат за каков и да било “аргумент” за хистеричната кампања за наводна словенска опасност, пред очите на светската јавност, да ги оправдуваат погромите против македонското население и против учесниците во антифашистичката борба во текот на Втората светска војна во Грција. Факт е дека во текот на 1945-1946 година беа забележани некакви движења за оживување на старите автономистички тенденции. Но, инспиратори и организатори на тоа реакционерно движење беа луѓето од британскиот конзулат во Лерин, вицеконзулот Хил и капетанот Еванс, на кои им ги продаваше своите услуги и познатиот по интригите и мачењата на Македонците во Леринско, полицискиот полковник, Бафас.
Пипките на таа сомнителна британска установа, инсталирана веднаш по завршетокот на војната во непосредна близина на јужната југословенска граница, се протегаа дури и во Социјалистичка Република Македонија, со цел тука да се реорганизираат старите елементи, да се минира социјалистичката изградба и единството на народите во нова Југославија и се реставрира стариот реакционерен режим. Во Југославија, меѓутоа, овие обиди на агентите од империјалистите и на авантуристите од автономистичкото движење уште од својот почеток беа сузбиени, а во самата Егејска Македонија разобличени од печатот на НОФ и КПГ.
Од страна на КПГ и ЕАМ во прво време појавата на НОФ е посретната со слични напади како и од страна на националистите. Во раководството на КПГ уште не беше осуден капитулантскиот однос спрема британската политика од времето на Втората светска војна на Медитеранот и спрема грчката влада во емиграција и не беше чудно што акциите на македонските единици од времето на НОВ од Леринско-Костурско и Воденско во прво време да не се потчинат на таквата капитулантска тактика на раководството на КПГ и ЕАМ во текот на војната се наречени како авантуристички, антиреволуционерни како сепаратистичка тенденција за отцепување на Егејска Македонија. Раководството на отпорот не можеше или не сакаше да сфати дека македонскиот народ од овој дел на Македонија, кој еднаш се фати за оружјето нема да се задоволи со едно неодредено ветување на рамноправност во рамките на една Грција со исто така неодреден режим во иднина, во која со ништо не би се гарантирала егзистенцијата на македонското население како рамноправна етничка група.
Напротив, тоа население со своето учество во антифашистичката војна очекуваше да му биде признаено и правото на самоопределување.
Организацијата НОФ, никната од неумоливата потреба за одбрана на голата егзистенција на прогонуваното македонско население и од желбата за извојување до крај неговите права за национално воспоставување, во текот на цела 1945 година е принудена да се бори на два фронта: да се брани од нападите на разуздените националисти и реваншисти, од една страна, да го убедува грчкото раководство на КПГ и затруените од великогрчки шовинизам кадрови, од друга страна, дека НОФ е сојузник на грчкото демократско движење.
На 2 септември 1945 година НОФ ги даде и првите жртви од своите редови, Атанас Коровешовски и Коста Џина, првиот член на Главното раководство на НОФ, а вториот член на раководството од НОФ во Ениџе-Вардарско. Тие во близината на село Корнишор, на Пајак Планина беа опколени од една единица на Националната гарда и една чета на англиска војска и при нерамна борба двајцата кадрови на НОФ паднаа како вистински народни борци. Два месеца подоцна, на 17 ноември на два часа надвор од селото Баровица пак на Пајак Планина, преку предавство беа нападнати во една колиба деветмина Македонци и ликвидирани на спиење. Тоа беа: Ѓорѓи Гиуда, Ѓорѓи Шасов, Ѓорѓи Трифунов Шасов, Трифун Ајтов, Д.
Парлапанов, Ѓорѓи Тартов - сите од село Боровица, Гуменџенско, Г. Карлов од Валтово, Алеко Василев од Гуменџе и П. Туфа или Кармута од Крива.
Убиството стана под следните околности: Колибата во која се прибираа деветмината раководители на НОФ беше позната на бившиот соработник на Германците, Дујама, кој на 17 ноември вечерта на одредот од Националната гарда во село Баровица му го покажа местото. Колибата беше опколена и убиени 9-те македонски борци. Националистичкиот печат триумфално пишуваше за “жестоката борба со автономистите”, но фактот дека сите убиени носеа рани на телото само од половината нагоре и уште дека не беше дозволена автопсија врз нивните трупови, на што инсистирало раководството на коалицијата на ЕАМ од Солун, сето тоа говореше само за еден кукавачки акт против ненаоружени политички работници и кадрови на НОФ.
(1 Весник “Лаики фони”, орган на ПК на КПГ за Македонија, од
24.XI.1945 година.)
Брзото проширување на мрежата на организацијата НОФ среде македонскиот народ во селата и градовите, борбениот дух и високиот морал, херојското држење на првите жртви на НОФ, како и растежот на бројот на македонските партизани на Кајмакчалан, Пајак и Вич Планина – сето тоа беа очигледни факти што не можеше повеќе да ги игнорира КПГ. Најпосле и на раководството на КПГ му стана јасно дека секој понатамошен напад и непријателски став со цел НОФ да биде дискредитиран, оди само во штета на демократското движење во Грција. И дека прифаќањето на таа македонска организација, која веќе е стварност, е само од корист за заедничкото демократско движење. Раководството на КПГ можеше лесно да констатира дека НОФ од ден-наден стануваше се поодлучувачки фактор во економско-политичкиот живот во Воденско - Ениџевардарско, Гуменџиско, Леринско, и Косурско.
Горното го потврдува извештајот на Павле Раковски, член на Главното раководство на НОФ, каде се вели: “Повеќе од 70 отсто од младите работници и работнички во Воден се вклучени во НОMС. Успеавме да ја преземеме во наши раце управата на Работничкиот центар и преку него ги организираме штрајковите во фабриките. КПГ се исплаши од тој наш успех.
Понатамошното организирање на штрајковите го презеде таа, бидејќи како легална партија има можност за понепречено движење пред власта.
На наша страна премина претседателот на занаетчиското здружение како и половината од членовите на здружението на земјоделските работници. Поголемиот дел од кадровите Македонци кои порано работеа во КПГ, сега преминуваат во НОФ, а се случува кадрови од КПГ и ЕАМ да се најдат принудени да се обратат за помош и прехрана на македонските кадрови на НОФ и да наоѓаат гостопримство единствено во македонските села и куќи, бидејќи по договорот од Варкиза повеќето од грчките села преминаа на страната на реакцијата и националистите”. (Извештајот во оригинал се наоѓа во архивата на авторот).
Со влегувањето во 1946 година е забележана извесна еволуција во ставот на КПГ во однос на НОФ. Секретарот на Покраинскиот комитет на КПГ за Македонија и Тракија, Леонидас Стрингос, изложувајќи го новиот став на Партијата пишува: “Постои основа за да се обезбеди разбирање и единство меѓу Грците и Македонците, нарушено по договорот на Варкиза. Во последно време националните организации на Словеномакедонците НОФ и ЕНОФ се појавија со позиви, во кои прокламираат: “Нека се обединиме и застанеме на страната на работниците. Да се бориме како и во времето на Движењето на отпорот единствени за ликвидирање на фашизмот во нашата земја, да го смачкаме режимот на квислинзите, да бараме влада репрезентативна со учеството на ЕАМ - КПГ, леб, работа, слобода. Напред сите заедно обединети за народна демократија”.
“Ако организацијата НОФ е расположена доследно да ја следи оваа линија, нема никаква пречка за соработка и заедничка пречка”. (Списание “Протопорос” (Авангард), месечен орган на ПК на КПГ за Македонија и Тракија, Солун, 7 февруари 1946 година, во статијата: “Нашата борба за демократија и прашањето на Словеномакедонците” стр.9).
Во сличен дух е напишана и статијата на членот на ЦК КПГ Василис Барџотас под наслов “Нашиот идеолошки фронт”, во која пишува: “Последните дни во Воден беше изведено едно судење против НОФ и тука тројца беа осудени на смрт, а другите на строги казни. На овој процес и покрај гнасните обиди на монархофашизмот, беше свечено докажано дека НОФ е ЕАМ на Словеномакедонците, кој бара рамноправност во рамките на грчката народна демократија, со прворазредна задача да се зачува суверенитетот и независноста на Грција...” (Сп. “Комеп” од декември 1946 година). Барџотас понатаму, обраќајќи се кон членовите на КПГ, додава: “Нашите партиски организации со сите средства треба да им помагаат на Словеномакедонците кои најмногу страдаат, да му објаснат на народот во Северна Грција дека клеветите за автономистичко движење на Ноф имаат цел да ги заплашат Грците, да го оневозможат заедничкиот братски фронт меѓу грчкото население на Македонија и Тракија и словеномакедонскиот елемент, а да ја потхрануваат теоријата на “словенска опасност”, а особено да го оправдуваат сомнителното автономистичко движење што го создаваат англиските агенти во Македонија...” (Пак во истата статија на “КОМЕП”).
Генералниот секретар на КПГ Никос Захаријадис на пленумот на Покраинскиот комитет за Македонија и Тракија од 28 декември 1945 година, земајќи повод од содржината на еден леток на Воденската организација на НОФ, карактеристично рече: “Секој грчки демократски граѓанин сигурно ќе се согласи со позивот на антифашистичката организација на Словеномакедонците (НОФ) од Воденскиот округ, со кој се повикуваат сите трудбеници и сите жители од овој округ заеднички да се борат за народни слободи, за политичка правна и социјална рамноправност, за општа политичка амнестија. Со нив ќе тргнеме заедно во борбата за леб, слобода и новогрчката народна демократија”. (в. “Лаики фони”, орган на ПК на КПГ за Македонија и Тракија, Солун 29 декември 1945 година).
Оваа промена во ставовите на КПГ во однос на НОФ се должи на следните фактори: Во почетокот од 1946 година се почесто доаѓаа до израз некои нови гледања и тенденции за ревизија на поранешниот став за “политичка борба” во градовите и за подготвување на членството за новата вооружена борба. На споменатиот пленум е фрлена и паролата со следната содржина:
“Го повикуваме народот каде и да се наоѓа, во градовите, во селата на вооружените напади од реакцијата да одговори со масовна народна самоодбрана и со истите средства”. (В. “Лаики фони” од 24. ХII. 1945). Нова оружена борба бараа обединетите сили од сите демократски граѓани и антифашисти, а македонското население во тоа време не само што имаше значајни партизански групи по планините, но и монолитна масовна организација.
1. Вонредни мерки. - Борбата кај Почепската Шума - Мирка Гинова. - Борбите во Леринско Владата на К. Цалдарис, која произлезе од фалсификуваните парламентарни избори на 31 март 1946 година, уште во првите денови на своето постоење даде поттик за терор против демократското население во земјата, спроведуван од националната гарда, џандармеријата и провладините организации “X”, “ВЕН” и други.
Кулминација на терористичките мерки, што потсетуваа на хитлерофашистичката окупација од 1941-1944 година, е постигната со изгласувањето на “вонредните мерки” од 7 јуни
1946 година.
Со лишувањето на народот од неговите конституциони права, забранувањето дејноста на политичките и професионалните организации, отворено веќе се одеше кон воспоставување на воена диктатура на воената организација САН.
Вонредните мерки особено беа вперени против Македонците, бидејќи со нив се правеше различен третман на граѓаните од Јужна Грција и оние од Егејска Македонија и Западна Тракија.
Додека демократските граѓани од Јужна Грција, кои се бореа против режимот се третирани како елементи кои бараат само отстранување на режимот, на демократските граѓани од Егејска Македонија им се импутираат тенденции за отцепување на грчки територии и рушење на интегритетот на грција, што повлекува смртна казна. Така, на пример, во член 1 од резолуцијата за вонредни мерки доследно стои:
“Оној што сака да отцепи еден дел од националната територија, или овозможува, давајќи за тоа планови за заговор внатре во државата, или пак се договара со странски лица, организира бунт или оружени групи, или пак зема учество во нив, се казнува со смрт...” (В. “Македонија” од 7 јуни 1946 година).
Со вонредните мерки, кои веднаш беа ставени во сила, беа формирани воени судови, кои се претворија во фабрики што секојдневно испраќаа на стрелање десетици родољуби, борци, кои за време на фашистичката окупација ја лееја својата крв во борбата против окупаторот. Сега достатно беше месната “Комисија за безбедност” некого да го обвини како човек кој се бави со субверзивна дејност против земјата, па да биде исправен пред воениот суд.
За оправдување на бруталните мерки на претреси во куќите во секое време (што се предвидуваше со член 10 од Законот за вонредни мерки - “Македонија” од 7 јуни 1946 година) печатот секој ден фабрикуваше откривање на заговор, влегување преку граница на автономисти и семожни други дезинформации.
Така, истиот ден кога во Парламентот се гласаше за вонредните мерки, весникот “Македонија”, ја објавуваше долната информација:
“Последните денови компетентните власти имаа конкретни информации, според кои во првото петнаесетодневие на јуни би требало да се случат безредија од револуционерен карактер, што би се прошириле во цела Македонија, толку во внатрешноста колку и во градовите. Сигналот би го дале бандитите кои влегувајќи во селата би ги згустувале своите редови, готови за акција во даден момент...”
“Според истите информации оваа наредба е дадена од НОФ до нејзините банди што дејствуваат во Македонија и кои што во последно време ја зголемија својата дејност...” “Подалечна цел на ова движење е да се претстави Македонија дека ја бара својата слобода од грчкиот фашистички јарем и за прогласување на Македонија во “Народна Република”, присоединета кон федерацијата на народните републики на Тито...” Со такви исфабрикувани обвинувања од професионалци лажесведоци, илјадници Македонци дури и цели семејства се испраќани на интернација во егејските суви острови, а многу други осудени на смрт и егзекутирани. (Види весник “Лаики фони” од 24. 11. 1945). Првата жртва на воениот суд во Ениџе-Вардарско беа шестмината македонски кадрови на НОФ заедно со Мирка Гинова, заробени во Почепската шума, Воденско во јули 1946 година.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/the-truth-about-greek-occupied-macedonian-vistinata-za-egejska-makedonija-e-book-macedonian/14 le 29 octobre 2026