Vistinata za Egejska Makedonija
ВО ВИОРОТ НА ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА - Part 08
Во текот на офанзивата на владината војска од август 1949 година на Вич Планина и на Грамос, ДАГ со големи загуби беше разбиена и принудена да се повлече во Албанија, а поголем дел од борците кои умееја храбро да се борат на бојното поле, но ни најмалку или воопшто не ги познаваа задкулисните работи, заминуваа во емиграција со горчливото сознание дека “победата беше пред нив, но дека Титовото предавство тоа го осуети”. Требаше да поминат цели осум години и да се одржи VII пленум на ЦК КПГ во 1957 година, па да излезе на бело видело позадината на таа гнасна антијугословенска кампања за “фамозниот удар зад грб” што беше измислен за да се излаже светската и грчката јавност и на друго место да се бара одговорноста за поразот на ДАГ. (Види материјали од VII проширен пленум на ЦК КПГ, сп. “Неос космос” бр. 4-5 од април-мај 1957 година, стр. 37-118).
ЗАКЛУЧОЦИ Дваесет години од денот кога замолкнаа страшните плотуни на Грамос и Вич Планина, каде и денес се посеани илјадници безимени гробови, овозможија да излезат на површина некои задкулисни работи, да се објаснат многу прашања што денес фрлаат достатна светлина врз периодот од Граѓанската војна во Грција и да се извлечат соодветни заклучоци, кои завршуваат на следното: дека отпочнувањето на Втората оружена борба во Грција - па макар и испровоцирана од реставрираниот реакционерен режим – беше непромислена авантура, или игра на големите сили, но за која најголем данок плати македонскиот народ.
Раководството на КПГ, на чие чело по јуни 1945 година се најде Никос Захаријадис, запаѓаше од една во друга контрадикција при оценувањето на политичката ситуација во земјата и при определувањето на кокретната линија и задачи за акција: се говори за помирување меѓу демократи и десничари во 1946 година, а од друга страна истовремено им се дава директива на основните организации за апстиненција од изборите во март 1946 година, што ќе и овозможеше на КПГ да го задржи својот легален статус, а нејзините пратеници од трибината на Парламентот ќе ја подложуваа на критика недемократската политика на десницата како на распирувач на граѓанската војна во земјата и поткопувач на мирот на Балканот. Раководството на КПГ бара формирање на репрезентативна влада со учество во неа и на ЕАМ, а во исто време ја исфрлува паролата за “Самозаштита” и подготвување на нова вооружена борба. И кога Покраинскиот комитет за Македонија бара одобрување за формирање на вооружени единици од Македонија за што токму тогаш постоеја најблагопријатни услови, ПБ одговара дека до тоа не треба да дојде, бидејќи паролата – вооружена борба е замислена само како блеф за уценување на десницата.
Македонската организација НОФ во 1945 и 1946 година жолчно е напаѓана од раководството на КПГ и ЕАМ како автономистичка и предадена на Интелиџенс Сервис, кога се појавува потребата да и се одземат на НОФ оружените единици создадени на Кајмакчалан, Пајак и Вич Планина, се признава НОФ како антифашистичка демократска организација на Македонците, која постепено се потчинува на раководството на КПГ и на крајот е искористена како пропаганден инструмент против самиот македонски народ и неговите национални идеали. Таква и никако поинаква смисла и цел имаа резолуциите од Вториот пленум на НОФ и на КОЕМ за “формирање на македонска држава”, свртена против Народна Република Македонија; потоа клеветите против НОФ и формирањето на организацијата Илинден итн.
Македонскиот народ во лицето на КПГ гледал единствен заштитник, кој требало да ги задоволи неговите национални и социјални права и затоа тој никогаш не отсуствувал од акциите што ги преземала КПГ во текот на цели триесет години (1920-
1950) и мнозина Македонци ги жртвуваа и своите животи кога КПГ тоа го барала. Меѓутоа, која била наградата за тие жртви?
Потценување, дискриминација, искористување на борбениот дух на Македонците единствено за великогрчки цели. Тоа го потврди тактиката на КПГ за цело време на антифашистичката војна со капитулантскиот став спрема грчките буржоаски партии, а уште повеќе спрема политиката на Велика Британија на Медитеранот. Но и за време на Граѓанската војна немаше помалку случаи на дискриминација и недоследно спроведување на решенијата што се однесуваа до правата на самите Македонци дури и во самата Демократска армија на Грција, чиј состав повеќе од половината го сочинуваа Македонците.
Немаше ниту еден Македонец во ДАГ со повисок чин, ниеден во Главниот штаб, ниту во Привремената демократска влада (тоа е направено само еден месец пред ликвидирањето на ДАГ при реорганизацијата на владата, кога еден Македонец, Паскал Митревски е коптиран за министер на снабдувањето и еден друг, Вангел Којчев, како член на Воениот совет. Не еднаш се случило македонски борци да сакаат да запеат македонска песна, а да им биде забрането, бидејќи ќе слушнат Грците и ќе мислеле дека во ДАГ се борат Бугари и слично. (За ваквиот однос кон македонските борци прави критика и самиот Захаријадис во своите забелешки врз една статија на П. Вајнас под иницијали К. во сп. “Димократикос стратос”.)
Кои се резултатите од втората оружена борба посебно за Македонците? Преку 13.000 мртви Македонци, борци на ДАГ, стотина и илјади егзекутирани македонски родољуби од воените судови во Ениџе-Вардар, во Лерин, Бер, Кожани, во Солун и други злокобни места. Илјадници Македонци осакатени во влажните подруми на затворите во Еди-Куле, во Солун, на островот Крв, по сувите и злогласни острови Ајстратис, Гавдос, Фолегандрос, во концентрационите логори Макронисос и Ѓура, каде повеќе стотини добија туберкулоза, други полудеа од малтретирање и психички притисок, а од оние што останаа живи и денес се бара монструозната “изјава за лојалност”, ако сакаат да се запослат и обезбедат парче леб за себеси и своето семејство. А други 45.000 Македонци бегајќи од ужасите на граѓанската војна, без своја вина, денес пијат од чашата на горчливата туѓина како политички емигранти, а на нивните имоти и домови со векови спечалени, од власта се сместуваат “Грци со проверени национални чувства”. И сето тоа се случува денес кога секој ден и самата грчка држава се повикува на Декларацијата на ООН за правата на човекот.
(* Само на островот Ѓура, во злоглалсниот логор умреа од малтретирање следните Македонци: 1) Барџов Димитар, од с.
Загоричани, Костурско, 2) Барџов Лазар, од с. Чеган, Воденско,
3) Богов Филип, од Острово, Воденско, 4) Зидров Методи од с.
Загоричани, Костурско, 5) Кузинов Трифун, од с. Тиолишта, Костурско, 6) Липитков Андон, од с. Љубетина, Леринско, 7)
Малинов Доре, од с. Баница, Леринско, 8) Миов Трифун, од с.
Љубетина, Леринско, 9) Ликов Михаил, од с. Пателе, Леринско,
10) Паунов Лазар од с. Љубетина, Леринско, 11) Tрајков Васил од с. Черешница, Костурско, 12) Чочов Томе, од с. Граче, Костурско, 13) Шалов Кузман, од с. Загоричани, 14) Јунчов Стојан, од гр. Лерин, 15) Јанчев Петре, од Острово, Воденско и други.)
И што бараа Македонците од 1913 година наваму, откога се наоѓаат во рамките на грчката држава? Најелементарното: да бидат признаени како рамноправни граѓани на една земја во која плаќаат даноци, служат војска, учествуваат во војни кога е во прашање одбраната на таа заедничка татковина со Грците. И каква опасност по државниот интегритет на Грција би имало ако на Македонците им се даде правото да го говорат без страв својот мајчин македонски јазик, да ги имаат своите македонски училишта и цркви, своите културно-просветни организации, какви што ги имаат Турците во Западна Тракија, и Евреите, а ги имаа Власите, Албанците и уште некои други народности во Грција? Апсолутно никаква. Напротив, Грција ќе ги спечали само нивните симпатии и оданост, нивната признателност, бидејќи ќе живеат со сознанието дека се признаваат нивните жртви за земјата во која судбината сакаше да живеат во заедница со грчкиот народ, во која ќе требаше слободно да ја развиваат својата национална култура како рамноправен народ.
КРАТЕНКИ АФЖ АНТИФАШИСТИЧКИ ФРОНТ НА ЖЕНИТЕ ГШ ГЛАВЕН ШТАБ ДАГ ДЕМОКРАТСКА АРМИЈА НА ГРАЦИЈА ЕАМ НАЦИОНАЛЕН ОСЛОБОДИТЕЛЕН ФРОНТ ЕДА ГРЧКА ДЕМОКРАТСКА ЛЕВИЦА ЕЛАС ГРЧКАНАРОДНООСЛОБОДИТЕЛНА АРМИЈА ПОН НАЦИОНАЛНА СЕГРЧКА ОРГАНИЗАЦИЈА НА МЛАДИТЕ ПГ ЗЕМЈОДЕЛСКА ПАРТИЈА НА ГРЦИЈА ИБ ИНФОРМБИРО ЕППЕ ЦЕНТРАЛЕН КОМИТЕТ НА ПОЛИТИЧКИТЕ БЕГАЛЦИ ОД ГРЦИЈА КЗ КРИВИЧЕН ЗАКОН КОЕМ КОМУНИСТИЧКА ОРГАНИЗАЦИЈА НА МАКЕ ДОНЦИТЕОД ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА КПГ КОМУНИСТИЧКА ПАРТИЈА НА ГРЦИЈА КПЈ КОМУНИСТИЧКА ПАРТИЈА НА ЈУГОСЛАВИЈА КПМ КОМУНИСТИЧКАПАРТИЈА НА МАКЕДОНИЈА МАИ ЕДИНИЦИ ЗА ЗАШТИТА НА ВНАТРЕШНОСТА НОВ НАРОДНООСЛОБОДИТЕЛНА ВОЈСКА НОД НАРОДНООСЛОБОДИТЕЛНО ДВИЖЕЊЕ НОМС НАРОДНООСЛОБОДИТЕЛЕН МЛАДИНСКИ СОЈУЗ НОФ НАРОДНООСЛОБОДИТЕЛЕН ФРОНТ ООН ОРГАНИЗАЦИЈА НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ ПБ ПОЛИТБИРО ПДВ ПРИВРЕМЕНА ДЕМОКРАТСКА ВЛАДА НА ГРЦИЈА ФОРМИРАНА 1947 ГОДИНА НА ГРАМОС, КОЈА НИКОЈ ДРУГ НЕ ПРИЗНАВА ОСВЕН ТАА САМАТА СЕБЕСИ.
ПЕЕА ПОЛИТИЧКИ КОМИТЕТ НА ОСЛОБОДУВАЊЕ ПЗ ПРИНУДЕН ЗАКОН СНОФ СЛАВЈАНОМАКЕДОНСКИНАРОДНООСЛОБО ДИТЕЛЕН ФРОНТ УДБ УПРАВА ЗА ДРЖАВНА БЕЗБЕДНОСТ ЦК ЦЕНТРАЛЕН КОМИТЕТ ЦС ЦЕНТРАЛЕН СОВЕТ.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/the-truth-about-greek-occupied-macedonian-vistinata-za-egejska-makedonija-e-book-macedonian/19 le 29 octobre 2026