Vistinata za Egejska Makedonija
ВО ВИОРОТ НА ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА - Part 01
ВО ВИОРОТ НА ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА
(1945-1949)
ГЛАВА СЕДМА - Терор Склучениот договор на Варакиза (12. II. 1945) меѓу претставниците на ЕАМ-КПГ и владата на генерал Пластирас, која дојде на власт по падот на Папандреу по декемвриските настани во Атина од 3. ХII. 1944 година, не ги оправда очекувањата на раководството на движењето на Отпорот за нормален политички развој во земјата. Се покажа дека беа илузорни агитациите на КПГ-ЕАМ на интерпартиските состаноци и конференции, дека Варкиза претставува победа на демократскиот фронт, победа на ЕАМ-КПГ. Никос Захаријадис, генералниот секретар на КПГ, на годишнината од потпишувањето на Варкиза (12. II. 1945) повторно тврдеше дека потпишувањето на тој договор беше најразумното решение. На вториот пленум на ЦК КПГ од 2 февруари 1946 година во својата уводна реч, Захаријадис, конкретно изјави: “...Денес точно се затвора една година од денот кога во Варкиза беше реализиран познатиот договор со објективната од наша страна цел - Грција да навлезе во патот на една мирна демократска еволуција, што ќе го обезбедеше слободното изразување на народната волја на слободните избори, за да би можела и нашата земја да навлезе во патот на спокојството и изградбата.
Тоа беше нашата тенденција и нашата цел. Таа тенденција беше правилна. Без никакво сомневање денес ќе треба да кажеме уште за еденпат дека договорот на Варкиза беше правилен, зашто одговараше апсолутно на демократските и националните интереси. Потпишувањето на договорот на Варкиза беше единствениот правилен чекор што можеше да се направи во тие услови...” (Од рефератот на Никос Захаријадис на Вториот пленум на ЦК КПГ од 12. II. 1946 година (посебен отпечаток)).
Единствено од таквите илузии за Варкиза беа ослободени уште од првиот момент комесарот на Главниот штаб на ЕЛАС (Грчка народно-ослободителна војска) Арис Велухјотис, офицерите на ЕЛАС Орестис и Захарјас, членот на ЦК на КПГ Јанис Пецопулос и раководството на македонските партизански баталјони од Егејска Македонија. За оние кои без заблуда гледаа на развојот на политичката ситуација во Грција договорот на Варкиза доаѓаше како логична последица на компромисната, капитулантска политика на раководството на ЕАМ-КПГ спрема националистичката влада во емиграција и Англичаните: резултатот на договорите од Либан (јули 1944) и на Казерта (септември 1944), подоцна оквалификувани и од самото раководство на КПГ како предавнички и капитулантски што му го отворија патот за реставрација на стариот десничарски, националистички режим во Грција, а на Велика Британија и обезбедуваа правна основа дури и за вооружена интервенција во внатрешните работи на Грција. (Никос Захаријадис: “Десет години борба на КПГ” (прв дел) во списанието “Неос космос” од август 1950 година.)
Споменатиот Јанис Пецопулос договорот на Варкиза го нарече “Безусловна капитулација, која на високото раководство му обезбеди слободно движење и дозвола за носење на оружје, додека борците од движењето на отпорот ги предаваше незаштитени во рацете на националистите. “Што ни пружаше договорот на Варкиза - пишува Пецопулос - заради кое што го потпишавме тој договор, кој на Черчила му го даде уверението што со толку агонија го очекуваше за да се оправда пред Рузвелта и Сталина и за да се обезбеди со правото за управување со внатрешните работи на Грција? Со тој договор Черчил би докажал дека и со согласноста на грчката левица решенијата од Кримската (Јалта) конференција веќе се спроведуваа од Англичаните во Грција. И што ни даде овој договор? Принуден сум да го кажам без нараквици. Ни обезбеди амнестија за политичките кривични дела, а простото учество во отпорот се оквалификува како политичко кривично дело. Значи, на прост јазик, раководството, за да го обезбеди правото на имунитет и амнестија се согласи да потпише еден договор што Грција ја лишуваше од правото за спроведување и во неа на решенијата од Јалта; и служеше на британската политика во Грција, го озаконуваше инсталирањето на фашизмот во Грција и борците ги предаваше во рацете на џелатот како обични злосторници”. (Јоанидис Пецопулос (Вистинските мотиви за моето исклучување од КПГ) стр. 442-
451.)
Арис Велухјотис не се потчини на договорот од Варкиза и со еден одред од стотина борци одново излезе в планина. ЦК на КПГ го прогласи за “малодушник” и “дезертер”, а на 25 јуни
1945 година Арис се најде убиен на планината Пинд.
Околностите под кои загина прославениот комесар на ЕЛАС, Велухјотис досега ниеден партиски функционер не ги објасни, а повеќе буржоаски грчки историографи оставаат да се разбере дека Арис е убиен од луѓе на Партијата, зашто само тие ги знаеја неговите јатаци и движењата. Пецопулос, Орестис и Захарјас беа протерани од редовите на Партијата, а против раководството на македонските баталјони од раководството на КПГ беше отпочната една клеветничка кампања, што по жестина ја надминуваше Гебелсовата пропаганда.
Македонските раководители, иницијатори за отцепување на македонските баталјони беа наречени “Автономисти”, “продадени на Интелиџенс сервис” и слично: “Сомнителните и анархистички елементи, наречените автономисти, што со својата авантуристичка дејност им нанесоа само штети на Словеномакедонците, последново време се појавуваат со нови пароли. Далеку од провокаторите кои се појавуваат како ваши заштитници, кои со своите акции ја предизвикуваат фашистичката десница за нови посурови насилства против вас Словеномакедонците...” - се вели во еден леток на О. К. за Воденско од 10.Х.1944 година. Сите оние членови на ЕАМ или на КПГ што се принудени да употребат најелементарни средства за своја лична одбрана се наречуваат предавници и партиското раководство отворено им сугерира на членовите да претпочитат да отидат во интернација или в затвор наместо да излезат в планина. Захаријадис обидот на Велухјотиса да се излезе повторно в планина го наречува, “обид да се помине со вчерашниот билет”. По тоа прашање конкретно еве што вели Захаријадис: “Голем број членови и кадрови не можеа веднаш да расчистат што сакаме и каде да одиме во новите услови по Варкиза. Таа конфузија имаше резултат што се појавија извесни малограѓански предомислувања во Партијата. Некои од нив, како случајот со Велухјотис, можеа да бидат опасни, но Партијата решително им се спротивстави. Оние појави што не ги предизвика непосредно класниот непријател, беа резултат на идеолошка слабост. Таквите членови на Партијата сакаат да ги задржат пушките и да продолжат герилска војна. Сакаат, наиме, со вчерашната влезна карта да поминат и денеска. Партијата го удри и го нападна тој дух, бидејќи тој ја води целокупната борба до жалосни последици” (Од рефератот на Никос Захаријадис поднесен на Пленумот на ЦК КПГ од 1 јули 1945 година.).
Така, впрочем, не е ни чудно што Окружниот одбор на ЕАМ од Лерин ги осудуваше како “општи злосторници” оние Македонци и демократски граѓани, кои беа принудени да ликвидираат двајца џандари-џелати, кои се претворија во страв и трепет за македонското население во Леринско.
Раководството на Коалицијата од ЕАМ за Леринско отиде до таму што ги изедначи групите на прогонетите Македонци со реакционерните националистички банди, кога во летокот по повод на споменатите двајца крволоци подвлекува дека: “Биле тоа монархофашистите или Гочевци, тие се непријатели на народот, непријатели на демократската еволуција и развиток и како такви ќе треба да бидат посретнати од народот...” (Од летокот на Околискиот одбор на ЕАМ за Леринско. Оригиналот се наоѓа во личната архива на авторот.)
Каква е политиката на КПГ по Варкиза, на кои предуслови се базираше таа во тој период? По Варкиза раководството на КПГ застана на становиште дека во конкретните услови КПГ може да развие масовна политичка борба во градовите, да го преземе раководство во сите масовни организации и на идните парламентарни избори ќе може да смета на голем успех, бидејќи смета дека нејзиното влијание врз масите е големо.
Некои манифестации во тој правец, како на пример, изборите во работничките синдикати му дадоа огромно мнозинство на ЕРГАС, што се движеше од 88-100%. Исто така и изборите во земјоделските кооперации претставуваа голема победа за демократските сили. Влијанието на КПГ и ЕАМ во првите месеци по Варкиза беше големо и во занаетчиските здруженија во интелектуалските организации, ЕПОН итн. Грчката буржоазија беше свесна дека преку политичка борба не ќе може да го придобие мнозинството на народот. И додека КПГ се бореше за натамошното влијание кај масите, буржоаската реакција, помогната од британската влада, систематски работеше на организирањето на својот државен апарат, на организирањето на воената сила (редовна војска, одреди за безбедност, наоружани банди итн.) И кога владата и реакцијата проценија дека се доволно јаки за пресметнување, го обезглавија работничкото движење, фрлајќи ги в затвор или интернации повлијателните кадрови на ЕАМ-ЕЛАС-КПГ преку нечуениот терор во внатрешноста на земјата. Раководствата во некои од масовните организации, синдикати, здруженија насила беа узурпирани од власта и на тој начин уште еднаш политиката за масовна политичка борба на КПГ претрпуваше неуспех.
Настаните покажаа дека реакцијата не живееше со заблуди.
Штом таа се добра до власта и го постигна разоружувањето на силите од Отпорот, беше решена до крај да ја експлоатира благопријатната за неа ситуација. Со вооружување на десничарски банди - бивши соработници на окупаторот, преку џандармериските одреди и преку новооформените баталјони на Националната гарда (Етнофрура) во цела Грција е започнат теророт против сите учесници во НОБ без преседан. Во текот на целата 1945 и почетокот од 1946 година во Грција и посебно во Егејска Македонија владее законот на насилието, на убиствата и злопоставувањето на секој демократски граѓанин, а затворите и местата за интернации се преполни со борци од движењето на отпорот.
Според официјалната судска статистика, во 1945 година во затворите се наоѓаа “поради прекршок на кривичното право” 17.985 лица, од кои осудени 2.388, а неосудени 15.596. Со висечки обвинителни акти 18.401, а гонети како членови на ЕАМ-ЕЛАС 48.936. Значи бројот на затворените и прогонетите според официјалните податоци во споменатото време е преку 80.000 души. Теророт како средство за ликвидирање на политичките противници на десницата секој ден зема такви застрашувачки размери, што предизвикува обеспокојување и реакција кај видни луѓе од демократскиот Центар. Тие со остри интерпелации до владата го обвинуваат државниот апарат како инспиратор и потстрекнувач на дивјачките акции. Во една ваква интерпелација на грчките политички лидери: Софулис, Кафандарис, Пластирас, Цудерос и Милонас од 5 јуни 1945 година вака се опишува ситуацијата во Грција: “Отпочнатиот по декемвриските настани терор од крајната десница секој ден зафаќа се поголеми размери и го прави неподнослив животот на неројалистичките граѓани... За жалост државата не е без одговорност за оваа жалосна положба... Терористичките организации на крајната десница, од кои повеќето беа наоружани од Германците со кои и на многу начини соработуваа, не само што не се обезоружија, не само што не се прогонуваат, туку секојдневно соработуваат со органите на власта за задушување на секаков демократски дух. На тој начин, државниот апарат, се стави во служба на организираниот терор на десницата, а секој ден се множат злосторствата против слободните граѓани, како апсења, затворања, насилства над жени, убиства и друго, злочини што претставуваат црна дамка за нашата цивилизација...” (КОМЕП (комунистичка ревија), орган на ЦК КПГ, јули 1945 стр. 47.)
Слична е содржината и во апелот на Окружниот гувернер за Кожанско до Министерството за внатрешни работи во кој стои:
“Од гледна точка на јавниот ред Округот се наоѓа во дивјачка положба. Не постои никаква сигурност. Се случуваат одвратни убиства и се ослободува од затвор познат злочинец, кој во својата актива има регистрирано редица убиства, извесен соработник на Германците, под чие раководство ја разви својата крволочна дејност...” (Пак таму.)
Националистичката влада и нејзиниот апарат за да ги камуфлира злосторствата над демократскиот народ во цела Грција, ги обвинуваат комунистите и другите мирни граѓани за наводни убиства на националисти, за скриено оружје, за “предавање на Македонија на Словените” и со други слични клевети. Mеѓутоа, разуздувањето на провладините националистички банди, на џандармериските одреди и Националната гарда зема такви размери, што дури и највештиот пропаганден апарат не беше во состојба да ги камуфлира тие недела и да ја залаже светската јавност.
1. Терор, убиства и масовни погроми во Егејска Македонија На територијата на Егејска Македонија по склучувањето договорот на Варкиза непречено ја продолжуваа својата разбојничка дејност познатите соработници на окупаторот и опасни главорези Михалагас (Михалис Пападопулос) и Коларас во Кожанско - Гребенско. Коларас, чија предавничка дејност во времето на германската окупација стигна дури во Леринско и Кајларско, по Варкиза многупати беше виден да се вози во истиот автомобил со британскиот капетан Еванс, претставник на британската мисија на подрачјето на Вич за време на окупацијата. Tој стана надалеку познат со своите зверски методи за ликвидирање на своите жртви.
Во Кукушко резервниот потпоручник Костас Пападопулос, кој за време на окупацијата држеше цел одред од предавници облечени во воени униформи, закла преку 500 родољуби. Таа своја дејност Панадопулос ја продолжи и по Варкиза.
Од систематскиот терор, силувањата и прогонувањата и убиствата, животот, посебно на македонскиот народ во Егејска Македонија, е претворен во вистинска трагедија. Сите напади против македонските села во прво време се вршени по упатствата на британските окупациони сили и во соработка со џандармеријата, одредите на Националната гарда и провладините националистички банди.
Националната гарда е првата владина грчка војска формирана по склучувањето договорот на Варкиза (12. II. 1945) исклучиво од војници со декларирани националистички убедувања. Tакви единици на Националната гарда во Егејска Македонија во 1945 година ги имаше: Под воената команда во Солун беа: 115, 150, 163, 165, 183 и 605 баталјон; под воената команда во Бер: 111, 103, 305 баталјон; под воената команда во Серес: 145, 158 баталјон и под воената команда на Драма: 101, 147, 159 и 167 баталјон на Н. Г.
Одредите на Националната гарда заедно со британските воени единици од февруари до септември 1945 година, кога таа се претвори во регуларна војска, извршија низа препади по селата и операции по планините, убивајќи и малтретирајќи ги мирните граѓани, обвинети како симпатизери на ЕАМ, КПГ и ЕЛАС.
Како и Националната гарда и првите формации на џандармеријата се обучувани од британската мисија под генералот Чарлс Ујкам, познат непријател на комунистичката идеологија уште од времето кога беше шеф на британските воени сили -интервенционистички во Советскиот Сојуз. Летото од 1945 година бројната состојба на џандармеријата износуваше 27.000 души, од кои 14.000 во Егејска Македонија. Од овие џандармериски единици подоцна беа формирани “ловечките чети”, кои заедно со “четите за брдски операции” (ЛОК)
извршија многубројни изненадувачки напади против силите и позициите на Демократската армија на Грција. Нивната оданост кон националистичкиот режим, фанатизмот и закоравеноста им беше до таква степен, што само единиците на џандармеријата во текот на граѓанската војна претрпеа загуби од 2.450 убиени и 2.600 ранети. Во текот на 1946 година, кога демократското население во Грција и Егејска Македонија посебно, е принудено одново да се фати за оружје, мета на одредите на ДАГ најмногу се џандармериските станици и џандарите, најсвирепи прогонувачи на учесниците и симпатизерите на НОБ за време на окупацијата.
2. Теророт во Водепско Уште на првиот ден од доаѓањето на Националната гарда во градот Воден од населението се дадени првите 4 жртви. Една мирна манифестација на населението против едностраните акции на терор од владините органи е растурена со пукање од националгардистите на масата народ, при што беа убиени четворица мирни граѓани. Во прво време од страна на реставрираниот режим се врши притисок против македонското население и неговиот мајчин јазик. Во извештајот на секретарот на воденскиот комитет на НОФ, Пеци, се наведуваат следните акции на терор против македонското население:
“Луѓе од безбедноста - се вели во извештајот, се обидоа да го уапсат Коста Чорлинов зашто го слушнале да говори на македонски јазик. Истиот ден е фатен Петар Саракинлиев со обвинение дека на јавно место говорел на словеномакедонски јазик. В затвор го држеа 24 часа и беше пуштен откако беше претепан до смрт”.
“Еден ден припадници на Националната гарда се обидоа да ги уапсат воденчаните Tрајо Сапунџиев и Анастас Акрепов, во моментот кога тие се наоѓаа во своите бавчи во “Л’гот”. Во дожд од куршуми Анастас Акрепов успеа да побегне. До овој момент не се знае каде се наоѓа. Tрајо Сапунџиев го одведоа в затвор каде беше подложен на нечуени мачења. Беше пуштен дури по шест дена, осакатен од ќотек...” (Оригиналот се наоѓа во архивата на авторот.)
Во истиот извештај се редат и другу акции на малтретирање на македонското население во Воденско. На 25 јуни, на пример, еден заставник со пиштол в рака ги гонеше малите деца во махалата “Ќуприја” во Воден, зашто децата при играњето си зборувале на македонски јазик. Јавните шпиони - фашисти Јанис Перчемлис, Геримџес и Фотијадис деноноќно кружеа низ улиците и извикуваа пароли: “Софија - Москва”. Често ги пуштаа гласовите дека “направени се списоците за оние што наскоро ќе бидат уапсени”.
3. Теророт во Мегленско На 10 јули 1945 година од џандармеријата во село Луковиц без никаква причина се уапсени четири девојки од истото село и одведени под стража во градот С’боцко, каде се подложени на неопишани маки. Од истото село по само неколку денови од првиот препад се уапсени 14 деца на возраст не поголема од 15 години и се претепани до смрт. На 15 август во Луковиц навлегува и бандата на фашистот Сократис Тупанидис од село Драгоманци, која уапсува 10 лица и ги води во Драгоманци.
Тука селаните од Луковиц се подложени на ѕверско мачење за да се изнуди од нив злато. Најмногу е тепан и мачен Никола Марков пак од Луковиц, кому под мишките му ставија врели јајца и сол на раните.
На 19 август 1945 година од џандармеријата во село Саракиново се уапсени 25 селани. Во село Тресино еден капетан од стационираната војска, заедно со неколку војника изнасилува една Македонка пред очите на нејзиниот свекор. Во село Пожарцко на најсвиреп начин е отепан Јован Доков и уште жив фрлен во ископаната дупка и затрупан со земја. Во Струпино изгореа 13 куќи, меѓу кои и куќата на Ташо Бојчев, а неговата жена убиена и фрлена во оганот. Истиот ден стрелани се и две деца од бандата на Герасимос Пападопулос.
4. Теророт во Леринско Летото 1945 година во Леринско се појави со својата банда фамозниот соработник на окупаторот и познат крвник Андон Чауш, од Драмско, кој тука вршеше секакви насилства.
Неговата криминална природа измисли едно ново малтретирање за македонското население од Леринско, со тоа што наредуваше од 6 часот попладне да се запечатуваат со восок куќите на Македонците и домаќините не можеа да излезат од дома цели дванаесет часа. На тој начин тие се наоѓаа во домашен притвор.
Во селото Попожани припадници па Националната гарда една вечер ги осрамотија жените на уапсените демократски граѓани.
Во Сетина изнасилија две млади јатрви. Една девојка од истото село ја држеа цела една ноќ во касарната и откако ја силуваа утредента им ја предадоа полумртва на родителите.
Во село Петораци силувана е една девојка, заради тоа што беше организирана во ЕПОН. На 6 јуни 1945 година припадници на Н. Г. од 165 баталјон во село Горничево силуваа 4 жени, чии мажи служеа во Југословенската армија. Препади се вршени и во селата Горно Клештина, Елово, Соровиќ, Рудник од каде се ограбени златници и други скапоцености.
Во извештајот на раководителот на НОФ од Леринско, Балкански, од 10 јуни 1945 се наведува дека припадниците на Н. Г. од селото Екши-Су грабнале 250 овци, од Зеленич две стада овци, 6 волови и 6 свињи. А од село Мокрени 3 стада овци.
Притисокот и теророт над македонското население уште повеќе се засилува спроти парламентарните избори од март 1946 година. Така, на 5 март 1946 година припадниците на Н. Г. од село Нерет уапсија 10 селани. Сите ги испратија пред судовите како припадници на ЕАМ - ЕЛАС. Истото се повторува во селата Неокази, Попожани, Борешница, Секулево. Од село Петораци на 13 март 1946 година беа осудени од леринскиот суд 10 селани на казни со затвор од 10-15 години. Меѓу осудените беа: Витко Мијалев, Лазо Дамјанов, Насто Жунзов и Васил Попов. Од село Сетина од истиот суд беа осудени на казни со затвор 8-12 години 18 селани. Како сведок против нив се појави учителот Милтијадис Дулукас. На 6 март 1946 година во 9 часот вечерта издадени од Ирини Мечкари беа уапсени од џандарите на Воштарени селаните: Димо Кратев и Ване Аламчев од Крушоради. На 15 март водени од шпионот Јанис Апостолидис, џандарите од Воштарени влегоа во село Крушоради и ги уапсија селаните антифашисти: Петар Доневски, Пандо Весев, Спасе Џаџов и Ѓорѓи Mајнов, кои на другиот ден под спровод ги одвеле во леринскиот затвор.
Режимот истовремено се обидува да сее раздор меѓу селаните подмитувајќи ги некои наклонети кон шпионажа и среброљубие. Така од село Крушоради беа поткупени Ѓорѓи Буковски, Методи Мечкаров и Спасе Румелов, кои станаа агитатори на националистичкиот режим. Тие постојано ги тероризираа другите селани и им велеа: “Дојде крајот на сите комунисти”. Тие беа одредени да ги делат продуктите од УНРА.
На селаните не им даваа ништо, земаа се за себе и потем го продаваа на црна берза.
Како светол пример на чесни борци и како револуционери ќе служи држењето пред судот во Лерин на осудените Македонци од с. Сетина: Алексо Гаштаров, Свето Чаркев, Ѓорѓи Чакалов, од кои, Јордан Витков беше осуден на доживотна робија, Катерина Ц. Шабалова на 3 години и другите на затвор од 8-12 години. Тие му изјавија на судот: Ние сме Македонци и затоа не ни е мачно што ќе лежиме в затвор. Тоа е данок за нашата слобода. Македонците се научени да лежат по занданите, но и за нас еднаш ќе изгрее сонцето”.
5. Теророт во Костурско Слично, како и во другите околии, терор и масовни прогони против македонското население владее и во Костурско. Во билтенот “Новините на денот” на Околискиот одбор на ЕАМ за овој округ од 6. VI. 1945 година, се изнесуваат некои случаи на терор, апсења и убиства против македонскиот народ, чии актери се националистичките банди и самата Национална гарда.
На 17 мај 1945 година ,националистичката банда од село Инои (Цакони) го опколија селото Полипотамос, ги претепа селаните, а Живко Поптрајанов полумртов од ќотек го одведоа во Костур.
На 19 мај банда од 200 вооружени од селата Шијаки, Четирок и Горно Папрецко повторно се обидоа да го нападнат истото село со намера на пљачкање. Овој пат селаните од Четирок не се исплашија туку наорухжени со дрва и камења ги сретнаа и не им дозволија да се приближат до нивното село. Во овој напад од селаните во Полипотамос беше ранет само Лазар Антонопулос. На 23 истиот месец селото беше блокирано од припадници на Н. Г. кои претепаа многу селани со мотивација дека се комунисти. При овој препад l5 селани беа тешко претепани. Беа опљачкани сите куќи и одведени три стада со овци.
На 31 мај група од 15 насилници од село Загоричани, облечени во воени униформи и вооружени со пушки на чело со Андреас Пападопулос го блокираа македонскиот дел од селото, ги собраа селаните и почнаа да ги тепаат до смрт. Неколку селани ги врзаа како коњи за еден стожер и тепајќи ги со камшици ги тераа да трчаат околу стожерот.
Селскиот поштар Мице Попјованов толку беше тепан што животот му се наоѓаше во опасност. Во истиот месец мај 1945 година вооружени бежанци од Мала Азија (Маџири)
националисти нападнаа во селото Брест, грабнаа стадо од 1.200 овци, од Долно Папрецко ги грабнаа сите овци, а од селото Сетома 300 глави овци. Кога оштетените селани се обратија до окружниот гувернер во Костур за интервенција, тој ги истера најбрутално од канцеларијата велејќи им: “одете по ѓаволот”.
На 1 јуни 1945 година вооружената банда на познатиот дерикожа Андреас Пападопулос го опколија селото Брештани.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/the-truth-about-greek-occupied-macedonian-vistinata-za-egejska-makedonija-e-book-macedonian/12 le 29 octobre 2026