Vistinata za Egejska Makedonija
ВО ВИОРОТ НА ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА - Part 02
Ги собраа сите селани на селскиот мегдан и ги претепаа до смрт. Три жени паднаа во несвест. Жената на Лазар Пандули ја соблекоа гола и четворица од бандитите ја силуваа. Потоа ја затворија во една соба, па потоа побараа од селото магаре со намера качена на магарето да ја шетаат низ селото за да ја засрамат јавно. Меѓутоа, човекот што ја чуваше се сожали и и дозволи да избега и се сокрие. На 2 јуни истата банда влезе во селото Цакони каде изврши слични насилства. Селанецот Андон Сјула, кој не сакаше по нивна наредба да стане кмет во селото и да биде предавник, го истепаа безмилосно и од тешките повреди умре. Од истото село беа безмилосно тепани селаните Василис Суклидис, Наум Нартеа, Андреас Ставридис и Петар Чочо.
Во село Тиквени од националисти беше заклан Павле Сјагари и ограбени 15 глави крупен добиток. Во село Изглеби беше убиена Дафина Валтова. Од селото Граци припадници на Н. Г.
нападнаа 20 жени и цела една ноќ вршеле гадости врз нив и дури утредента ги ослободија.
Владата на Вулгарис и Софулис во текот на 1945-1946 можеше да се пофали само со грабежите, насилствата и убиствата над мирните граѓани. Во цела Егејска Македонија од Костурско до Кукушко и Драмско беснееше дивиот терор на националистичките банди, на Н. Г. и џандармеријата. Во село Постол-Ениџе-Вардарско со нечуени мачења е ликвидиран старецот Палајков стар 70 години. Во селото Микрокамбос, Кукушко, бандата на германскиот колаборационист Кисабаџак рани 8 селани, од кои Андреас Георгијадис и Христос Георгијадис биле ранети со пиштол во главата.
6. Теророт во Гуменџиско Многу долга е крвавата листа на апсењата, на затворениците, малтретираните и убиените Македонци од Гуменџиско. Од извештајот на раководителот на НОФ од оваа околија Христо Балканов, под заглавие “Блокади, апсења, интернирања по Варкиза наваму”, ги извлекуваме следните покарактеристични податоци:
а) Апсења: на 12. II. 1945 година од градот Гуменџе се уапсени
18 демократски граѓани и одведени во Солун. Тоа се Ѓорѓи Костраки, Вангел Костраки, Јован Попниколов, Костадин Коров, Tрајо Калинов, Христо Мичјоров, Христо Хаџиѓорѓов, Вангел Хр. Ничев, Димитар Шалдев, Христо Чјаков, и други.
На 18. III. 1946 година под обвинение на “Охраната” уапсени беа граѓаните Ристо Костарски и Стамат Љапа, и одведени во Солун. Од селото Петгас на 8.III.1946 година уапсени беа:
Петрос Хаџикармелис, Јанис Хаџикармелис, Костас Хаџикармелис, Јанакис Костас, Димитар Узунов, Христо Узунов, Стамат Стаменов, Тодор Васков, Глигор Тумбов. Од село Крива интернирани се 35 души мажи и жени, меѓу кои:
Вангел Јанакев, Атанас Јанков, Јован Ропков, Tано Јанакев, Јован Младев, Петар Хаџикармелис, Тано Цегли, Христо Сјагли, Ѓорѓи Јанаков, Паскалина Миткова, Анастас Караџа, Елисавета Гаци, Катерина Стоју, Марика Пулка и други.
Од јануари до август 1946 година само од Гуменџе беа уапсени преку 100 граѓани, меѓу кои и сите членови од фамилијата Менчеви. Од селото Баровица беа уапсени: Јован Чутра, Христо Сјули, Христо Ајта, Ѓорѓи Ќосев, Јован Гата, Катина Кута, целата фамилија на Вангел Шошов, Паскалина Гарти и Ѓорѓи Тодоров Шошов. Од село Карпи: Ѓорѓи Текни, Христо Пејков, Христо Кирков, Христо Кјоска, Ѓорѓи Кјоска, Ѓорѓи Џаров, Ѓорѓи Попниколов, Атанас Бетов, Марија Бета, Анета Бенова, Ѓорѓи Егов, Анета Тумба, Димитар Попјанов и Јован Попјанов.
Од Мандалево уапсени и интернирани: 16 души, од Исиклар 50, од Боемица 15, од Горгопик 50.
б) Силувани 4 жени.
в) Убиени и егзекутирани: во јуни 1945 година од потера на британски војници, предводени од предавникот Христо Пеци во костените над село Крива беше убиен Петар Стаменитов, жител на село Пендалофос. На 25 август 1945 година во месноста “Кромви”, Ениџевардарско, од војската и џандармеријата и башибозук беа убиени: Коста Џина од село Лака, Атанас Коровешов од село Смрдеш, Атанас Лувчев од Кастанери. На
17. XI. 1945 година во месноста “Сехово” кај селото Баровица од Н. Г. беа убиени: Ѓорѓи Шашев, од Кастанери, Христо Г.
Тартев, Трифун Ајта, Димитар Парлапанов, Христо Гацов, Ѓорѓи Губев, Петар Карамутев и Александар Василев, од Крива
- Гуменџиско. Овие Македонци од Гуменџиско беа предадени од соработникот на окупаторот Димитар Дојара од селото Кастанери.
На 14. VIII. 1946 година во село Извор беа убиени: Христо Сима, Василиос Кусталидис. На 15 истиот месец во Гуменџе беа убиени: од џандари и националисти Ѓорѓи Хаџипопов, Димитар Караџа од Гуменџе, Коста Попјанов од Карпи, Лазо Пројчев од Гуменџе, Ѓорѓи Тампов од Кастанери, Петар Даутис, Јован Шашов, Трифун Минов и Тано Митанов од Карпи. На 16. IX. 1946 година со дрво се убиени од џандари и башибозук Јанис Асаридис од Геракона и Никос Караманлис, како и Јанис Сидерис од Аксиуполис.
г) Пљачкање и опожарувања: На 20. IX. 1946 година одред од џандари од бандити навлегоа во селото Баровица и ги изгореа куќите на браќата Трифун и Ѓорѓи Курлеви, им зедоа две мазги, 300 кози, сирење, маст и се друго скапоцено што пронашле во куќите. Истото го повториле и во куќјата на Христо П. Курлев.
Исто така, биле опљачкани и оштетени и куќите на Петар Ајта, Коста Пројчев, Тано Гацев, Коста Гацев, Ѓорѓи Таретев, Јован Ковачев, Христо Даутов, Васил Даутов, Димитар Чолаков, Христо Чолаков, Ѓорѓи Поппетров. Од истите селани биле одземени овци, кози, мазги и друг добиток.
7. Теророт во Преспанско Во извештајот на реонскиот раководител на НОФ во Преспанско, Петар Аспров од 23. ХII. 1945 година се изнесени некои од злосторствата што врз македонското мирно население од оваа област ги извршија органите на власта и националистите од овој крај. Така, на 5. Х. 1945 година припадници на Н. Г. го блокираа селото Штрково и уапсија 7 Македонци, кои откако ги претепаа ги одведоа во Лерин. Тоа се: Јоше Грозданов, Божин Костов, Пандо Костов и Ставре Катиелов. На 10 истиот месец било блокирано селото Рудари и уапсени 15 селани и одведени во леринскиот затвор. Од уапсените најмногу беше тепан Јоше Цакларовски и Михаил Михаиловски. Полициските началници Гизас во село Герман и Сарандопулос во Попли по реставрирањето на државниот апарат, до пролетта од 1947 година, кога Преспа беше ослободена од демократската армија на Грција, своите участоци ги претворија во места на инквизиција за Македонците.
8. Одјекот од теророт во странство Секојдневните сцени на ужас и крвав терор во Грција, особено против македонскиот народ во Егејска Македонија страшно ги погоди слободољубивите чувства и предизвика бран на револт кај прогресивното човештво. Покрај своите обиди преку својот печат и радио националистичката влада не успеа да ја дезинформира светската јавност во обидот да се прикаже себе како жртва на организациите на отпорот во Грција и на северните соседи, кои наводно го загрозуваа националниот интегритет на Грција. Реакционерната грчка пропаганда не можеше да ги спречи објективните посматрачи да го искажат своето негодување и одвратност од злосторствата на провладините националистички банди и органите на самата власт.
Еден британски офицер, кој во времето на теророт служеше во Грција, во в. “Нју стејцмен ент Нејсон” од 22 ноември 1947 година, накратко вака ја опишува ситуацијата во Грција: “Една недела по потпишувањето на договорот во Варкиза ги видов најужасните и најнечовечни постапки вршени од новоформираната Национална гарда - составена главно од бивши соработници на окупаторот. Сите оние кои поверуваа на словото на Договорот (кој го беа гарантирале и Англичаните) и не побегнаа благовремено, беа затворени и малтретирани. Во еден подземен затвор во големина на една кујна од мал стан видов 16 мажи, жени и деца. Двајца од мажите беа спрострени на подот и онесвестени пливаа во сопствената крв. Секој затвореник имаше право да оди в клозет само еднаш во три часа и само за три минути. Еден старец заради тоа што продавал весници на ЕАМ беше врзан и тепан цел еден час. Ниеден од овие затвореници не беше информиран за причините на своето апсење. На ниеден од нив не му беше судено, а во затворот се наоѓаа веќе девет месеци. Ова не беше изолиран случај во времето кога не постоеја нити комунистички групи, нити левичарска дејност, дури и од оној вид што и е дозволен на секоја политичка партија”. (8 Кони Зилјакус: “Интервенции во Грција”, Одломка 2 во “МАХИ”, од 9.V.1950 година.)
Весникот “Дејли мирор” објави неколку карактеристични слики и еден опис од еден британски водник, личен сведок на сцените што ги приредуваа грчките владини сили. Во овие слики прикажани се тепања, мачења, масовни колежи, сечење на глави, дури и на едно девојче од 16 години, кои ги обесуваа на седлата од своите коњи, или ги набодуваа на колови.
Кони Зилјакус пишува дека јавната управа и војската не беа подобри од полицијата и џандармеријата, организирана од англискиот генерал Чарлс Ујкан, кој служеше од почетокот до крајот во редовите на британската воена мисија за време на интервенцијата во Советскиот Сојуз. “Четири петини од силите во јавната управа, на правосудството и во полицијата се наоѓаат во рацете на Хитосите. Бандите на Сурлас владеат во провинцијата и имаат наложено своја управа. Тие се добро наоружени и прават што сакаат”. (Кони Зилјакус, “Интервенциите во Грција”, одломка 7).
Британскиот полковник Шепард во в. “Нова демократија” од 8.
ХII. 1947 година пишува: “Баталјоните на безбедност, германски колаборационисти, денес го составуваат грбникот на кралската џандармерија”. А Ричард Мауер од Американската прекуокеанска информативна агенција соопштува од Атина, дека “еден голем дел од бившата џандармерија што им служеше на Германците, сега ги употребува списоците што ги беа оставиле Германците за гонење на сомнителните лица...” (пак таму).
Во текот на 1946 година Грција ја посети комисија од британските лабуристички пратеници: Солеј, Тифанис и Доде, кои подробно ја испитаа политичката ситуација во оваа земја.
Тие на враќање за својата земја на 17 јуни 1946 година во Париз изјавија дека Грција во деведесет проценти е фашистичка земја, додека бившиот британски претседател на лабуристичката партија на Велика Британија Ласки, пророчански изјави:
“Враќањето на крал Ѓорѓи во Грција ќе ја претвори оваа земја во втора Шпанија...”
9. Националистичкиот печат инспиратор и поттикнувач за терористичките акции Особена улога во заострувањето на внатрешната политичка ситуација во Грција, во повампирувањето на великогрчката политика на грчката буржоазија и на нејзиниот патрон во тоа време - Велика Британија тука на Балканот и за респирувањето на расна омраза спрема соседните словенски народи, му припаѓа на грчкиот националистички печат. На политиката на Велика Британија и на грчката плутократија им пречи фактот што како резултат на победата над фашизмот и на народната револуција во соседните земји: Југославија, Бугарија и Албанија, се воспоставени народни републики. Кампањата за наводна “Словенска опасност” од север станува знаме на грчката реакција. Сигналот за тој антисловенски поход беше даден од најголемиот експонент на империјалистичката политика на Балканот, Винстон Черчил со неговиот подбуцнувачки говор во американскиот град Фултон, во летото
1946 година.
Две главни цели си беше поставил грчкиот националистички печат со подгревањето на кампањата за “словенска опасност”:
да го заплаши грчкиот народ, всадувајќи му ја помислата дека ќе биде нападнат и ликвидиран од Словените. Тоа пак би имало за последица да се создаде недоверба и се наруши братството и единството што во годините на четиригодишната борба беше со крв создадено меѓу грчките и македонските борци. Се одеше кон тоа Македонците да се претстават како агентура и истурена позиција на соседните словенски земји и против нив да се отпочне поход за физичко ликвидирање или протерување од родната земја. Таквите намери на грчката шовинистичка буржоазија и на воените кругови најмногу беа изразени во весникот “Елиникос Ворас” од 13 јуни 1945 година, (бр. 114), кога сите Македонци ги оквалификува за соработници на окупаторот и на бугарската фашистичка пропаганда, па додаваше: “Ако за нив толку многу се интересираат денешните антифашисти во Југославија и Бугарија никако нема да се противиме; им ги подаруваме. Нека им бидат алал. Нека ги земаат во нивните богати полиња и нека се исчисти нашиот крај. Нашите “демократски” сограѓани и наши смртни пријатели најмногу изнесуваат до 30.000 души. Нека се истребат и нека не остават на мира и нас и нивните задоцнети заштитници. Тие се “плевелот и каменот на скандалот”.
“Елиникос Ворас”, впрочем, и не се мачи да ги сокрие своите желби, тој го повикува грчкиот народ да ги протера Македонците, без задоцнување, кај нивните северни собраќа.
Врз основа на кое морално и меѓународно право се вршеше тој геноцид против населението, кое од дедо прадедо го населуваше тој дел од Македонија, тоа најмалку го интересира и за тоа воопшто не води сметка “Елиникос Ворас”.
Органот на Наполеон Зервас, еден друг соработник на окупаторот, но под британска заштита, “Етники флога” (Национален пламен) од 23. ХII. 1946 година, го развева знамето на антисловенскиот поход и им дава сигнал на грчките националисти да отпочнат со терор против демократските граѓани и антифашистите во Грција. “Опасноста е трајна и постојана - се вели во уводната статија на “Етники флога”. Ќе не вознемерува и ќе претставува опасност за животот на нашата држава се додека Советска Русија не се повлече во своите граници. Додека руските караули ќе се наоѓаат во растојание помалку од 30 км. од Егејското Море и ќе се обидуваат да излезат на неговиот брег, тоа секогаш ќе ги поттикнува за напад. Русите со запаливи дрва се снабдуваат од своите филијали: Србија, Бугарија и Албанија, а раката што се користи да ја потпали нашата земја, тоа е Комунистичката партија, замаскирана под разни форми. Излезот од тоа е само еден – наполно уништување на бандитизмот кој газејќи го законот на правдата го овозможува предавството. Лозунгот е: војна без милост и колебање. Војна додека непријателите, издајниците не се претворат во храна на дивите sверови и орлите, или да се оковат во занданите што го носат името народни републики...” (Весник “Етники флога”, орган на Наполеон Зарвас, бивш лидер на ЕДЕС, од 23.XII.1946 година.)
Грчките вековни аспирации на север во таа антисловенска клима уште повеќе ги потхранува “Неа алитија”: “Грција војуваше, пострада и се жртвуваше - пишуваше овој националистички весник на 8. VIII. 1945 година. Таа денес е победничка. Има национални барања на север, барања кои не можат да бидат игнорирани…” Автономистичкото движење и словенска опасност е најомилената тема на “Елиникос Ворас” и постојано измислува настани и обиди за “грабнување” на Македонија. До какви размери се разви таа негова фантазија сведочи и следниот коментар: “Од сигурни извори се дознава -пишуваше “Елиникос Ворас” на 24 март 1945 година - дека капетанот Аминдас Авгеринос (И. Пападопулос од село Песошница) од 28 бригада на ЕЛАС, во поголемиот дел составен од словеномакедонци, не ја признава спогодбата на Варкиза, туку формира вооружена група и сега обиколува по селата Песошница, Лесковес, Попожани, Врбеник, Каменик и Воштарени, каде ги застрашува селаните и ги тера да заминат за Битола и да стапат во редовите на бугарските одреди, командувани од Гоче, кои се борат за Автономија на Македонија...” Дека ваквото пишување на весниците од типот на “Елиникос Ворас” е само измислица, доволно е да се споменат следните неколку факти:
Прво, Аминдас Авгеринос не беше едно и исто лице, туку двајца ЕЛАС-ови раководители, кои не само не испраќаа борци за македонската бригада ами, како верни и дисциплинирани членови на КПГ послушно ја спроведуваа линијата на КПГ во тоа време и дури се познати нивните напади против македонското ослободително движење. Второ, “Елиникос Ворас” на македонските одреди им импутира автономистички тенденции, кога нему му беше добро познато дека токму македонските борци крваво се пресметнаа со автономистичките контрачетнички групи во Костурско и Леринско и со “Охраната” во Воденско. Македонците преку народноослободителните организации ЕАМ, ЕЛАС и НОФ доследно се бореа против сите појави на автономизам. Беше општа тајна дека во текот на 1945-1946 година британската влада и грчката безбедност преку препредениот полициски офицер Бафас беа оние што најмногу се интересираа за создавање на автономистичко движење во Леринско, преку разни соработници на окупаторот. Конците на целиот тој заговор ги држеше британскиот вицеконзул во Лерин, Хил, за чија дејност повеќе светлина фрли леринскиот лекар Јоанидис пред Анкетната комисија на ООН во март 1947 година и таа своја смелост човекот ја плати со сопствениот живот.
Не помалку брутален беше нападот против македонското население во Егејска Македонија и преку страниците на атинскиот печат и во таа антимакедонска кампања челното место го задржаа “Елефтерија” и “Етникос кирикс”. Во една статија на “Елефтерија” од 28.I.1946 година отворено се бара прогонување на македонското национално малцинство од неговата родна земја. “Нека одат од наша Македонија славомакедонците. Нека одат каде сакаат. Треба да исчезнат оттука, тие треба да се иселат веднаш и задолжително. Тесна е за нив и тесна ќе и им биде грчката земја” – пишуваше
“Елефтерија”.
Во ист тон како “Елефтерија” и националистичкиот “Етникос кирикс” го сондира теренот за погроми и насилно протерување на Македонците, кога бараше: “Што поскоро од Грција треба да се протераат 180.000 Словеномакедонци, а бившиот окупаторски колаборационист, Периклис Илијадис во в. “Фони тис Касторијас” и во “Етнос” уште погрубо ги нападна Македонците: “Во грчка Македонија - вели Илијадис - нема повеќе место за Грци и Македонци...” (Види: “Етникос кирикс”, орган на Папагосовото движење Синагермос.)
Под условите на најостра антимакедонска кампања, која се претвори во најдив терор против словенското население во Егејска Македонија, македонскиот народ сега се соочуваше со дилемата: Да остане пасивен, што значеше да подлегне на судбината што му ја одредуваа националистичките банди на Коларовци и Андончаушовци. Или пак да се напушти се - дом, имот, па да се премине преку граница. Македонскиот народ реши да не остане пасивен, туку да се бори за својата егзистенција и во заедничка борба со грчкиот демократски народ, да се бори за воспоставувањето на вистински демократски режим во Грција, кој и нему би му ги гарантирал најосновните човечки права.
10. Паѓање на владите Беззаконието и грубите истапи на националистичките банди во цела Грција против демократското население, во кои учествуваа или ги поттикнуваа полицијата и Националната гарда, предизвикуваше негодување и кај светската јавност која грчката влада и Британците ги сметаше за директно одговорни за таквата ситуација. Честото паѓање на владите беше одраз на ненормалната ситуација во земјата, бидејќи тие, или стануваа опашка на настаните или пак без никакви скрупули ја земаа страната на националистичките и реваншистичките елементи, со што наполно се дискредитираа пред прогресивната светска јавност.
По декемвриските настани од 1944 година во Атина, што доведоа до паѓање на владата на Папандреу, во Грција беа формирани неколку службени влади - се разбира, секогаш под благословите на британскиот амбасадор Липер, но и со многу ефемерен живот. Владата на генерал Пластирас кој го наследи Папандреу бргу беше минирана од националистичките организации, кои имаа големо влијание врз органите на власта.
Реакцијата не можеше да премине преку тоа што владата на Пластирас ги водеше преговорите за договорот на Варкиза со голема толерантност спрема ЕАМ - КПГ, што не настојуваше на полното разоружување на ЕЛАС, туку бараше да се предадат само 42.000 пушки.
Меѓутоа, подлабока причина заради која крајната десница и ројалистите отпочнуваа напад против Пластирас беше стравот да не би овој ветеран на буржоаската демократија го одложи до неодредено време плебисцитот за враќање на кралот. Од друга страна, владата на Пластирас не беше поштедена и од нападите на левицата и коалицијата на ЕАМ заради својата неефикасност во сузбивањето режимот на теророт. Но, сепак, неговиот пад беше предизвикан од десницата, чиј печат стигна до таму да го нарече капитулант и хитлерофил, објавувајќи истовремено едно писмо на Пластирас, во кое тој се залагал за погодба меѓу Германија и владата на Метаксас, (“Етникос кирикс” од 2 ноември, 1952 г.)
Идната по ред влада на адмиралот Вулгарис, послушна марионета на Англичаните - како што пишува генерал Зафиропулос - како своја најголема замисла постави “задоволување на националните права” и тоа по “секоја цена”.
(Димитриос Зафиропулос “О антисимориакос агон” (Антибандитската војна), стр. 75.) Истата влада поради својата наклонетост кон екстремните десничарски и шовинистички елементи, поради засилувањето на теророт против припадниците на Отпорот, беше обвинета дури и од демократскиот центар за бел терор. Во нејзино време кампањата за заземање на Северен Епир, т.е. на Јужна Албанија, и за анектирање на делови од Пиринска Македонија, за наводно “преуредување” на северните граници на Грција, достигна врвна точка. Регентот Дамаскинос, под чиј благослов дејствуваше владата на Вулгарис, истапувајќи во одбрана на владата, на 9 јули 1945 год. изјавуваше: “Во ниедна земја не постои поголема демократија од Грција. Печатот ужива привилегирана слобода. Се вложуваат големи напори од државата за да се ограничат случаите на одмаздувачки акции, фатални последици на една граѓанска војна”. (“БИЛТЕН” орган на Главното раководство на НОФ, од јули 1945 година.)
Но, како што видовме погоре, токму во времето на Вулгарис е забележан најголемиот бран на терор во цела Грција - вистина што го принуди и Софулис да ја обвини оваа влада за тотално отсуство на сигурност во земјата, за непостоење на вистинска држава и за семоќноста на вооружените националистички банди. Решението на политичката криза, според Софулис, можеше да се најде во формирањето на Национална политичка влада “врз основа на критериумите на Грчкиот Парламент, од 1938 година, без учество на КПГ. Демократската левица бараше формирање на репрезентативна влада, а крајната левица се согласуваше со формирање на репрезентативна влада со учество во неа и на организациите од Движењето на отпорот.
Продолжувањето мандатот на владата на Вулгарис го поставуваше единствено крајната националистичка десница, која покрај другото бараше и конкретизирање датата за референдум за враќање на кралот. Со други зборови, десницата во лицето на Вулгарис гледаше сигурен човек кој преку терор и ликвидирање на демократските сили ќе го приготовеше сигурниот терен за враќање на кралот.
Раководството на ЕАМ повеќе пати ја обвинуваше владата за флагрантно кршење и повредување на договорот од Варкиза, за прогонување на борците на ЕЛАС и приврзениците на ЕАМ, поради еднострано организирање и комплетирање на војската единствено од луѓе со крајно националистички убедувања, како и во безбедноста, во која влегуваа лица со проверени националистички убедувања, од кои повеќето беа соработници на окупаторите. ЕАМ преку меморандуми до владите на големите сили - Велика Британија, САД, Советскиот Сојуз и Франција, бараше формирање на сојузничка комисија за надгледување ситуацијата во Грција и формирање на репрезентативна влада, врз основа на спогодбата од Јалта.
На 10 октомври 1945 година, под притисок од левицата и демократскиот центар, владата на Вулгарис е заменета од друга влада под Канелопулос. Нејзиниот живот беше уште пократкотраен, така што наскоро формирањето на влада со “широка коалициона основа” му е доверена на Темистоклес Софулис. Меѓутоа, меѓу владата на Софулис и левицата доаѓа до конфликт по прашањето на амнестија. Беше неизбежно создавањето на две струи и во пазувите на самата влада. Едната под министерот Јоанис Софијанопулос и Георгиос Карталис, која беше наклонета за давање на општа амнестија, а другата за ограничена амнестија.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/the-truth-about-greek-occupied-macedonian-vistinata-za-egejska-makedonija-e-book-macedonian/13 le 29 octobre 2026