Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

Vistinata za Egejska Makedonija

ГЛАВА ПЕТТА - СНОФ во Леринско и Костурско и Македонскиот Реонски Комитет во В - Part 03

Par Христо Андоновски · Partie 11 sur 19 · Environ 14 minutes

Го продолжуваат старото дело на комитаџиите во Округот”.

“Уште за еден пат овие луѓе ги осудуваме како предавници на заедничката борба”.

“Ги каниме сите членови на партијата, сите ЕАМ-ити, сите чесни патриоти Грци и Славомакедонци да станат против нив, против нивните лаги и пропаганда, против нивните предавнички планови, против гнасната авантуристичка клика што ги раководи...” Но, кампањата против македонското раководство не се водеше само преку печатот. Од единици на ЕЛАС и ЕП (национална милиција) се уапсени и малтретирани родителите, жените дури и роднините на македонските раководители на македонските баталјони и се фрлени во логорите заедно со соработниците на окупаторот.

Со отстапувањето на македонските единици од територијата на Егејска Македонија, за да се избегне излишно крвопролевање и во одговор на клеветничката кампања на КПГ, ЕАМ и ЕЛАС против македонскиот народ, Привременото македонско раководство на двете обединети единици испрати до Покраинскиот комитет на КПГ за Македонија протест, во кој на кусо е изложена безпринципиелната политика на КПГ, ЕАМ и ЕЛАС спрема македонскиот народ и неговата борба.

Во протестот меѓу другото стои:

“...Не избегавме за да се претвориме во измеќари на фашизмот -како што сосем злонамерно не клеветите пред народот, туку постапивме така, точно зошто сме борци, борци Македонци, зашто сакавме да се бориме против фашизмот, зашто баравме, врз основа на принципите на големата Сојузничка војна, да му бидат признати националните права на нашиот народ и да се остави слободен патот за нивното остварување”.

“Но, на сегде, сретнавме само на одрекнување, омраза и недемократски однос спрема сите прашања на македонскиот народ. И еве еден краток осврт на настаните:

Уште во 1941 година излегоа првите македонски партизански групи. Партијата не само што не се загрижи да ги организира и раководи, туку ги остави на својата судбина. Тоа им овозможи на италијанските и германските окупатори да ги разбијат македонските антифашистички групи и обезглават од своето раководство. Во Костурско такво поведение 1941-42 година покажа Атанас Зјогас - секретар на Окружниот комитет во Костурско, како и Периклис, Лефтерис и други.

Во 1943 година излегоа првите грчки андарти, фанатизирани националисти, познати предавници и џелати на нашиот народ, како Коларас, Баскакис, капетан Стефос, Кирчидакис и други.

Македонскиот народ неупатен уште во организацијата, се исплаши да не би за него се понови трагедијата како со старото грчко андарство. Бугаро-фашистичката пропаганда во соработка со окупаторите најде погоден терен да го создаде Комитетот. Но непријателската пропаганда сепак не му попречи на поголемиот дел од нашиот народ да го најде своето место во антифашистичкиот лагер.

Вие наместо да кинисате по патот на убедување, отидовте по патот на насилието, на уништување на оној дел од македонскиот народ, кој беше повлијаен од непријателската пропаганда. Во март 1943 година партиските раководители Периклис и Лефтерис го горат селото Старичани и убиваат 35 души, од кои само 2 беа виновни. Капетан Коларас во април 1943 година закла 8 Македонци од с. Горенци од кои повеќето беа готови да стапат во ЕЛАС.

Периклис под влијание на фашистот и германски шпиун Јанис Дајлакис - десна рака на Периклис, осудува на смрт и ги стрела 5 невини селани од Лудово во март 1943 година. Истиот месец во с. Брештани (Авги) без да се замешани Македонците во Комитетот, им ги горат куќите и ги опљачкуваат. Четата на Папафлесас ги уапсува сите мажи и жеци од с. Галишта и ги тепаат до смрт; жените ги соблекуваат голи и ги малтретираат, мачат дури и малолетни деца. Ги блокираат македонските села Жужулци, Молени, Езерец и Нестиме и невините селани ги подложуваат на нечуени маки, без никој од нив да имал врска со Комитетот. Од село Калевишта се фатени и стрелани 5 Македонци во мај 1943 година од кои само 2 можеби да беа заврбувани од бугарската пропаганда. Во Воденско и посебно во Мегленско ги вршат своите самоволија одговорните раководители Ларас, Ренос и Киријакос, испоапсија и стрелаа десетини Македонци од Тресино, С’боцко, Пребадишта, Чеган и од други села без никому да даваат сметка.

Во ова време на секаде се пројавува еден антимакедонски поход. Офицери и борци од ЕЛАС шовинистички настроени, крстарат по македонските села, говорејќи секакви гадости и подложувајќи ги Македонците на нечуени понижувања. И за нив, како порано за Метаксас, Македонците се “полјовулгари”.

Влегуваат во село Добролишта и претепуваат до смрт старци Македонци, чии синови се наоѓаа во редовите на ЕЛАС. Ги заплашуваат со заканите: “Вие сте Бугари, мислевте дека ќе дојде Бугарија. Тука се Грци, тука е Грција и секогаш под неа ќе лежите”. Пљачкаат куќи, кршат џамови и застрашуваат.

Голем број Македонци се уапсени без никакво стварно обвинение и се фрлаат во логори. Што се однесува до политичката линија, националното македонско прашање воопшто не се поставува. Се зборува само за стариот став:

“Македонците се малцинство, тие ќе добијат рамноправност во една Народнодемократска Грција”, без да се зборува за самоопределување. За Додеканезите и Кипар постои Атлантска Повелба, постои Москва, Техеран и самоопределување, додека за македонскиот народ сето тоа не се однесува, во моментот кога и веќе почна да се говори за формирање на македонска држава во Вардарска Македонија.

И покрај сето тоа македонските партизани со самопрегор се бореа против окупаторите и самите ја зедоа на себе си задачата да го обезоружат Комитетот. Никој не може да го оспори фактот дека ликвидирањето на контрачетниците не е дело на македонските борци. Македонските борци од резервниот ЕЛАС во Костурско обезоружија 45 села, од каде зедоа преку 3.000 пушки. Но, во моментот кога работата напредуваше и се ќе беше ликвидирано со Комитетот, резервниот ЕЛАС е обезоружан од ЕЛАС па и групата е расформирана.

Се формира СНОФ, но уште од првиот ден, започнува непријателска и клеветничка кампања против него. Се поставуваат од самото партиско раководство пречки СНОФ да не го опфати целиот народ. Раководителот Тријандафилис отворено агитираше: “Будалите влегуваат во СНОФ и ќе видат...” После малку СНОФ се расформира и неговите кадрови се уапсени.

По долги преговарања одвај беше формиран СНОВ, Словеномакедонска народноослободителна војска. На јавни конференции помпезно се фрлаат паролите: Напред за формирање македонска војска СНОВ. - Сите Македонци во СНОВ. Напред за бригади и дивизии на СНОВ. – Одредот

“Трповски” да стане бригада...

Но сето тоа се покажа тактички трик. Се расформира СНОВ и сосема природно кај народот се создаде впечаток дека Партијата го формира СНОВ само за измама и како прашина зе очите на Македонците.

“Еве зошто нашиот пат не е пат на предавство, туку чесен револуционерен пат кој би го избрал и самиот грчки народ, ако би се нашол во нашата положба.” (Оригиналот од документот се наоѓа во архивата на Гоче, командант на првата ударна бригада на Македонците под Грција).

Леринско-Костурскиот баталјон излезе и со повик за да би го запознал народот со создадената ситуација и да го побие клеветничкиот поход на раководството на антифашистичкото движење во Грција против македонските баталјони.

Во повикот на баталјонот со дата 15. Х. 1944 година се вели:

“Не можеме да замолчиме и да не одтовориме за правата и задолженијата на нашиот потиснат народ, што толку години се бори против окупаторите хитлерофашисти и не можеме, а да не го разобличиме како сосем лажлив и подал повикот што 28 полк го издаде против нас. Сите наши партизани знаат оти се борат за слободата наша. Сите знаат оти нашата борба беше заедничка со партизаните на ЕЛАС и оти ние никојпат досега не избегавме од линијата на ЕАМ и ЕЛАС и денеска пак сме готови да умреме заедно со чесниот грчки народ”.

“Категорички изјавуваме пред цел свет:

1) Дека не сме разбојници како што кажува 28-от пеш. полк во неговиот повик од 1. Х. 1944 година. За тоа ли 1500 македонски партизани го претставуваат целото население од Костурско и Леринско? Ако сите вие партизани, чеда на Македонија сте бандити, како што ве наречува 28-от пеш. полк, тогаш и целиот наш народ е разбојнички и бандитски.

2) Голема лага и измислица е, оти ние подло го оставивме нашиот положај. Ние зедовме мерки против намерите на ЕЛАС против нас. Сите знаете оти се фати и се обезоружи наша чета од грчки андарти на ЕЛАС. Знаете оти тргнаа воени единици на ЕЛАС од Костурско и Преспа за да не заобиколат и не обезоружат. Затоа ние зедовме мерки за да го избегнеме братоубиството и да го осигуриме спокојството на сите наши браќа. Наредија да не префрлат во стара Грција само и само за да го растурат македонското партизанско движење. .. ЕАМ и ЕЛАС досега никојпат не ни кажаа оти во Атланската карта и во преговорите на Техеран и Москва се кажува, оти сите поробени народи кога одговараат на 5-те принципи имаат право да се борат за својата национална слобода и да си формираат своја држава. Ние денеска го зедовме оружјето в рака за да го добиеме правото како да се ослободиме од досегашниот ропски живот.. . Ќе гинеме до последниот Македонец и не ќе оставиме никој да не разделува како досега.

Како да му веруваме на ЕЛАС, кога министер од денешнниот кабинет на Папандреу, пред целиот свет изјави по радиото, дека за Грција не постои македонско прашање, а постои само прашање за Додеканезите и Кипар? Не можеме да трпиме повеќе да не мамат. Ја сакаме нашата правда, сакаме и ние да живееме слободни, како што сака да живее и грчкиот народ. Не сакаме нови диктатори и не желаеме да имаме туѓи господари.

Токму затоа ќе се бориме сите ние, како што се борат нашите големи Сојузници да го смачкаме Хитлер и неговите чираци и да донесеме слобода на целиот потиснат народ”. (Документот е земен од личната архива на Гоче).

И одделни раководители на македонското движење од Леринско, со цел да се разбие клеветничката кампања од ЕАМ, ЕЛАС, КПГ против македонските борци, испратија до народот во Егејска Македонија отворени писма, во кои ги изнесуваат вистинските причини за одвојувањето на баталјоните.

Во отвореното писмо на Ѓорги Турунџов и Попдимитров од 10.

X. 1944 година до населението во Леринско меѓу другото се вели:

“...Решение на IX Дивизија беше во Леринско да формираме бригада во редовите на ЕЛАС со офицерски кадар од Македонци. Но, од страна на ЕЛАС беа преземени мерки тоа наше барање да не биде задоволено. И тоа му е познато на секој наш другар дека беа ликвидирани нашите одреди, а беше подоцна земено решение и за расформирање и на Баталјонот на Гоче. Тоа не натера да побараме да се свика конференција во Костур на 7. Х. 1944 година со делегати од цела Западна Македонија и од IX дивизија на ЕЛАС.

На конференцијата беше земено решение да се формираат не само баталјони, туку и дивизии македонски, за да можеме да им го зададеме последниот удар на окупаторот и на месните продадени елементи.

Штом се вративме во нашата околија и им соопштивме на одговорните лица од регуларниот и резервниот ЕЛАС, некои несовесни луѓе организираа илегална група за да не уапсат. За да не стане нешто лошо, ние решивме да преминеме во нашата слободна Македонија и оттука да се бориме против окупаторот...” Но, покрај големиот број шовинисти и отворени непријатели од редовите на Покраинскиот комитет на КПГ, ЕАМ и ЕЛАС спрема македонското прашање, не отсуствуваа и луѓе – за жалост многу малку – кои правилно и марксистички ја оценуваа целата работа и до негде се бореа да ја исправат положбата. Но, нивниот отпор не можеше да го победи страотниот опортунизам на мнозинството од раководството.

Ценет документ за потврда на горното претставува извештајот на комесарот од IX дивизија на ЕЛАС, Ренос до штабот од групата дивизии во Егејска Македонија.

Во извештајот на Ренос до групата дивизии (Биро II) од 13. XI.

1944 година по македонското прашање, меѓу другото, се вели:

“Прочитав во интервјуто на др. генерал Бакирџис – во в. “Лајки Фони” - почнува Ренос - за партизанското движење во Македонија еден израз неприфатлив за народноослободителниот речник, изразот “Бугарофони Грци”.

“Долгжен сум да протестирам како партизан на ЕЛАС и следствено како народен борец, и по овој повод гледам дека е неопходно да ви ја изложам атмосферата што владее во баталјонот на Гоце (II/28), бидејќи неговите облаци, изгледа, дека ја покриваат вистината и тоа не за доброто на Сојузничката и Балканската борба. Треба исто така да се одбележи дека, се споменува Бугарскиот комитет, без да се одбележува и соодветната дејност на грчкиот комитет (грчката реакција н. б.) среде овој несреќен народ; не се споменува воопшто херојската дејност на самите славомакедонски партизани за разбивањето на Комитетот”.

“Претставува неправда без преседан да се третира овој народ како бугарофон Грк, жртва на бугарскиот комитет, без јавноста да се информира за неговите борби за ликвидирање на Комитетот и општо за неговата борба против Оската...” “Должен сум да подвлечам дека, ако бев славомакедонец партизан ќе барав објаснувања и до колку не ми се даваа, единствено нешто што би ме задржало во ЕЛАС ќе беше само сознанието дека, иако не признат во ЕЛАС, ми се дава можноста да се борам против фашизмот и неговите патрони не како рамноправен, туку како работник со неблагодарен работодател...”

“Черчил рече дека Тито го реши примерно националното прашање. Впрочем, на тој Илинден се колнат Македонците од Југославија и продолжувачите на таа борба од Илинден ја доцелија денешната македонска држава во Југословенската федерација. Тоа е една стварност. Ако ги затвораме очите пред неа изгледаме слепци и самиот живот го заслепуваме на штета на мирот и братството на Балканот и на народите воопшто...” (Документот се наоѓа во лична архива на авторот).

Ренос, што во тоа време правеше вистински исклучок од другите раководители, прашањето на баталјонот не го гледаше просто како изолиран инцидент во еден баталјон, туку како протест на еден народ кој од 1912 година наваму учествувал и давал жртви во сите војни на Грција и за сето тоа, наместо признание му се давала титулата на “Бугари”.

Ренос не се сложува и со нападите од КПГ против баталјонот и по повод повикот од ЕЛАС од 10. Х. 1944 година во кој се обвинуваат борците на баталјонот како автономисти и комитаџии, во извештајот, вели: “Сето тоа го велиме пред овој народ. Кој може да поверува дека кадровите од баталјонот се автономисти и комитаџии, кога тие лееја крв во борбата против Комитетот, за единството и борбата. На тој начин може ли ЕЛАС да спечели авторитет?” Но Ренос, со својот став по македонското прашање не само што не успеа да ги убеди шовинистите од Покраинскиот комитет на КПГ да го променат својот став, туку падна во немилост и по малку беше ослободен од секаква функција. Тоа можеа да го направат само затруени националисти, или во поблата мера, луѓе самозаборавени и прекумера занесени од тоа што Германците се повлекуваа од Грција и тие мислеа.дека власта ја држат во рацете.

Меѓутоа и покрај тоталното игнорирање на националните чувства и правата на Македонците во Егејска Македонија од страна на раководството на Движењето на отпорот, тоа население не само чесно ги поднесе сите тешкотии на окупацијата, но и самопрегорно се бореше на страната на антифашистичките сили во Грција.

Ако треба да се даде еден биланс за учеството на Македонците од Македонија под Грција во антифашистичката војна достатно е да се рече, дека само од окрузите Костурски, Лерински, Воденски и Солунски во редовите на ослободителното движење, беа организирани околу 90.000 души. Во ударните единици на ЕЛАС учествуваа околу 6.000 борци, а во редовите на Резервниот ЕЛАС повеќе од 7.000 души. Само во македонските единици, вклучувајќи ја тука и Првата ударна бригада, учествуваа 1.700 Македонци. Во борбите се убиени преку 3.000 Македонци и изгорени 4.094 куќи. Во концентрациони логори беа одвлечени 4.150 мажи и жени и уништени имотите на 38 села и градови.

Прво место во списокот на жртвите имаат големите македонски села Катраница со 380 жртви, Ранци, Нестрам, Влахоклисура со преку 200 жртви, Граматиково, Ениџе-Вардар со преку 100 жртви како и селата Ноте, Лугунци, и Љумница во Мегленско, додека во логорите “Павлос Мелас” во Солун во Кардица и Волос, на сувите острови Ајстратис и по други места најубави и најсветли страници од заедничката борба на грчкиот и македонскиот народ ја напишаа со својата крв десетини, стотини и илјади најдобри синови на македонскиот народ.