Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

Testimonials 2001

ГЕНЕРАЛ ПАНДЕ ПЕТРОВСКИ

Par Панде Петровски · Partie 16 sur 19 · Environ 16 minutes

Lire en English

ГЕНЕРАЛ ПАНДЕ ПЕТРОВСКИ

09.08.2001 година Скопје Изјава за јавноста Денеска, 09.08.2001 година, по неколку дневно размислување, а откако на седницата на Советот за безбедност на Претседателот на Република Македонија и врховен командант на нашите вооружени сили од 08.08.2001 година ги запознав и Претседателот и членовите на Советот, одлучив да се повлечам од должноста началник на Генералштабот на АРМ.

На наведената седница на Советот јасно и прецизно го изразив мојот недвосмилен став дека како човек и старешина, а поаѓајќи од моите морални принципи, не можам да стојам на чело на Генералштабот и да раководам со Армијата на Република Македонија по подмолното убиство на 2 старешини и 8 војници од резервниот состав на Армијата кои своите животи ги загубија заради нечиј интерес чија основна цел е да се спречи политичкиот договор од Охрид и да се оневозможи неговата имплеметација во пракса.

Како и многупати пред тоа и на оваа Седница посочив дека не сакам и нема да дозволмам кој било да мамипулира со мојата личност и функција заради остварување на тесни партиско-политички интереси, посебно не во извршувањето на борбените дејства. Истовремено на членовите на Советот им дадов до знаење дека задачите што сакаат да и се постават на Армијата и начинот на кој тие треба да се реализираат, нужно водат кон предизвикување на граѓанска војна во Република Македонија, во која нема да има победник, а сите ние заедно - граѓаните во нашата земја ќе бидеме губитници. Истовремено потсетив дека на крајот пак ќе мора да се седне на тркалезна маса и пак ќе мора да се дојде до политички договор.

Ова посебно го потенцирав напоменувајќи дека во реоните во кои и од кои сега дејствуваат албанските терористчки банди живее население кое, сепак и пред се, се граѓани на Република Македонија. Затоа и нагласив дека не сакам и нема да прифатам какви било притисоци и хајки врз мене од одредени политичко-партиски структури, а кои во суштина се против интересите на нашите граѓани и на Република Македонија.

Во моето долгогодишно животно и војничко искуство секогаш се раководев во прв план да ми бидат интересите на мојата земја во целост. Тоа како основна цел, со подготвеност секогаш да бидам во полза на мојата земја, ми останува и по моето заминување од досегашната должност и функција.

Генерал Панде Петровски Изјава на генерал Панде Петровска за јавноста Предложената операција на 6. 8. 2001 г., која не беше одобрена од Претседателот, а беше прифатена да се доведат единиците во Еребино во готовност доколку има потреба да се ангажираат за ослободување на патот Порој - Јажинце беше извршена покасно. Од тој аспект, на 9. 8. 2001 г. единиците ги поседнаа почетните позиции. На 9. 8. 2001 г. кога дојде Преседателот во ГШ, по завршување на состанокот со командантите - тој, јас, генерал-мајорот Методи Стамболиски и Владо Бучковски, министерот, се вративме во мојата канцеларија и тогаш договоривме: сепак да се изврши една помала акција, како би се задоволиле нечии страсти. Акцијата беше договорена да се реализира на 9-10. 8. 2001, на една терористичка група која беше стационирана пред Порој - во бараки. Акцијата успешно беше извршена. После тоа се случи нова освета - беа киднапирани недолжни граѓани - Македонци.

Во тие денови се потешко се контролираше состојбата на теренот, посебно таму каде што беа вклучени новоформираните единици “Лавови”. Тогаш т.н. ОНА немаше ни капацитет, ни можност да изврши нeкоја сериозна акција на нашите позиции.

Како освета за некои неконтролирани постапки т.н. ОНА се одлучи да нанесува загуби на патиштата, таму каде воопшто не се дејствуваше. Во просторот, полн со населени места, со жители од албанска националност, тешко можеа да се спречат таквите освети или терористички акции. Тоа секогаш го потенцирав и настојyвавмe што е можно поцелосно да ги обезбедиме на истурените објекти и колони.

До 13. 8. 2001, до потпишувањето на Рамковниот договор, вeќe во неколку случаи состојбата ќe излезеше од целосна контрола.

Дваесет и четири часови дневно бевме ангажирани на следење состојбата за да не бидеме изненадени.

На 9. 8. 2001 г. во 20 часот дојде генерал Ристо Галевски да ни пренесе информација дека во Радуша “има многу терористи-односно од Косово се спремаат терористите да ја освојат Радуша”. Бара да се испрати војска за одбрана на Радуша. На генерал Методи Стамболиски му реков: “Ова пак е нeкоја замка”. Поради што, ден пред тоа, МВР наредило да се повлече полицијата, односно да го напушти селото и да се стационира јужно за 2 км, а во полициската станица да остави незнатен број полицајци.

Радуша беше под целосна контрола на полицијата уште од 29.

3. 2001 г., кога на целиот простор беше изведена воена операција. Просторот од Радуша вдолж границата со Косово до Јажинце не е населен. Патот Дворце - Јажинце, исто така беше под контрола. Но поради вовлекување на самата граница од Косово во РМ заседнат беше правецот: Кривени - с. Грачани - с.

Кучково, каде што имавме доволно јаки сили за обезбедување.

Северно од Радуша на границата со Косово, во изработениот камп уште кога беше УМПРОФОР во РМ беше поседнат со еден вод војници и ОТ (оклопни транспортери) граничари кој го следеше целиот простор до Јажинце каде што беше следната караула. Од 29. 3. 2001, на тој простор, повремено, ако се појавеше нeкоја терористичка група бидејќи нема населени места, брзо беше разбивана, а најчесто, штом ќe почувствуваа страв се повлекуваа кон Кривени во Косово.

Одеднаш, пред потпишувањето на Рамковниот договор, целиот простор стана актуелен за предизвикување на поширока акција од терористички групи и тоа од тие кои се инфилтрирале од Косово. Познато ни беше дека во непосредна близина на Кривеник (во Косово на 1 км оддалечено од границата со РМ)

т.н. ОНА имаше камп за обука на регрути. Tој простор од косовска страна го имаше во надлежност бригадата “Југ” на КФОР со сили од Чешка. На целиот тој простор, како погоден правец за инфилтрирање теротисти од Косово беше Радушка Река, заправо каде што беше поставен кампот на АРМ. Поради сето тоа во мај и јуни 2001, во околината на Чашка, АРМ ги засили единиците со тенкови, артилерија и оклопни транспортери. Вкупно АРМ имаше сили на тој простор, вклучувајки го и Рашче еквивалент на околу засилен баталјон.

За класичен напад од страна на Косово, во дневни услови, т.н.

ОНА немаше големи шанси бидејќи по силите кои би тргнале од Кривеник кон Чашка и Радуша би дејствувале и на самата територија во Косово. На командантот на КФОР, во повеќе наврати, тоа и му го потенцирав, знаејки дека во Кривеник има т.н. ОНА камп за обука.

Добиената информација од генерал Ристо Галевски, дека “во Радуша има многу терористи, односно од Косово се спремаат терористите да ја освојат Радуша”- бара да се испрати војска да ја брани Радуша многу не ме загрижи не знаејќи дека пред тоа полицијата била повлечена.

После ова сознание веднаш наредивме од Скопје да тргни колона со тенкови и други воени сили за да го засилиме граничниот камп бидејќи во ваква состојба каква ги остави полицијата можно е да дојде до изненадување.

Тоа беше пресудно покасно да не биде кампот Радуша целосно уништен од страна на терористите кои отпочнаа напад од Косовска страна, а истовремено и од самото село Радуша.

Незнам зошто, но пред самиот напад полицијата целосно се повлече и ги остави војниците во кампот сами да водат 5 часовна борба, додека пристигна засилувањето од АРМ, за најпосле да бидат извлечени од кампот.

Испровоцирани со ваквиот начин на дејство, односно дејство и инфилтрација од Косово, наредните два дена беше извршен силен напад на целиот тој простор со дејство од дистанца. Во јавноста се пласираше тезата “дека на тој простор полицајците ја одбраниле Република Македонија”. А полицијата, всушност, се повлече пред да отпочнат борбените дејства.

По повлекувањето на полицијата и по 5 часовна борба извлекувањето на војниците од кампот Радуша, во целиот тој простор (од Радуша и Јажинце) Радуша стана “Мека” за терористите бидејќи после 12. 8. 2001 им беше овозможено слободно комуницирање со Косово и Радуша за Кривеник иако од другата страна беа силите на КФОР.

Групата војници која го бранеше кампот Радуша иако доживеа силен напад од сите страни, посебно од косовската страна, го издржа нападот, го одбрани кампот и покажа висока професионалност, храброст и упорност. Од ГШ цело време ги имавме на директна врска, за да не се создаде паника до пристигнувањето на единиците кои ги засилија и ги извлекоа без загуби. Нападот беше извршен ноќe, бидејќи беа свесни терористите, доколку отпочнеше напад на 11. 8. 2001 дење, никој не можеше да ја спречи АРМ да изврши дејство по ДТГ уште при доаѓањето и тоа дури и на Косовска страна.

Тие денови, пред 13. 8. 2001 (пред потпишувањето на Рамковниот договор), во сeкој момент очекувавме провокација од поголеми размери. Бидејќи одлуката за напад на Тетово Претседателот не ја потпиша, се измисли Радуша. МВР имаше 100 полицајци во Радуша, од посебните единици и посебно полициските сили во полициската станица, а АРМ кампот Радуша го држеше со 24 војници и ОТ.

Во текот на борбените дејства, во ноќните часови, кога беше најжесток нападот на кампот, го повикав командантот на КФОР, бидејќи не реагираше, му пренесов: “Доколку од Косовската страна се дејствува со минофрлачи ќe морам да извршам напад и нема да сносам одговорност ако во близина имаат нeкоја единица на КФОР во реонот каде ќе дејствувам”.

За оваа одлука им дадов дека го известив и претседателот Б.

Трајковски. Веднаш потоа, околу 00 часот на 11. 8. 2001 дејствата престанаа, а војниците од кампот беа извлечени. При нападот, ноќта еден тенк се заглави во Кривеничка Река, онеспособен и оставен во реката. Покасно терористите го извлекоа и пласираа како заробиле тенк од АРМ.

ЉУБОТЕН После “Карпалак” патот Пороj - Jажинце и “Радуша” кои се случиjа за многу кратко време, односно од 8. 8. 2001 до 11. 8.

2001, кулминациjата на теренот излезе од општа контрола, отворено се доjде до директен конфликт помеѓу членовите на Владата од широката коалициjа бидеjќи секој бараше повод за конфронтација и директно обвинување за состојбата. Се сеќавам, на седницата во Охрид, кога беше барано оставка од Владо Бучковски, а на негово место да дојде Бранко Црвенковски - на таа седница ја прибележав дискусијата на премиерот Љубчо Георгиевски, кој покрај другото, истакна:

“Сето ова премногу наивно се случи - општа трагедија за македонскиот народ - овој договор ќе го потпишеме како срамно решение. Р. Македонија влезе во ќорсокак, државните институции немаат никаков авторитет пред народот”. Ова го прибележав на 8. 8. 2001. Но, сепак тој Договор е потпишан, меѓy другото со коалициониот партнер кој беше во Владата кога започна воената криза во РМ. Тоа требаше да се констатира тогаш, а не на 8. 8. 2001 бидејќи “беше доцна -меѓународните институции веќе беа целосно инволвирани во разрешувањето на кризата. Доколку не се прифатеше разрешувањето на кризата на тој начин граѓанската војна ќе беше неизбежна. Веpојатно некој тоа и го посакуваше, па покрај сите тие провокации во времето од почетокот на преговорите во Охрид, достигна кулуминација на ден пред потпишувањето на договорот со случајот во Љуботен.

На 12. 8. 2001, недела, како и секогаш спиев во кабинетот на Генералштабот. Во 6 ч. ме пробудија експлозии од правецот на касарната “Илинден”. Мислев дека нешто се случува во касарната, па веднаш го повикав полковник Блажо Копачев, командант на касарната: “Блажо, што се случува во касарната?”

- “Ништо!”, кратко одговори. - “Слушаш ли ти дека некој дејствува со артилерија?!” - “Слушам вели, но звукот ми доаѓа од Радишани”.- “Веднаш да провериш и да ме известиш!” Го викнав генерал Методи Стамболиски: “Да не знаеш ти кој дејствува, овие се јаки експлозии, не верувам дека терористите негде напаѓаат”. Во меѓyвpеме се јави полковник Блажо Копачев и ми соопшти: “Дејствата се во Љуботен, отпочнат е напад со полицијата во селото, но за тоа ние ништо не знаеме!”

- “Како не знаеш, нели твојата артилерија дејствува, полицијата нема артилерија, веднаш да провериш и да ме известиш!” - Пак го прашав генералот Методи Стамболиски: “Што се случува, кој го наредил нападот кога ниту ние знаеме, ниту командантот на бригадата?!” “Не знам, вели, ќе провериме!” - “Извести го Министерот за одбрана!” Артилериските дејства престанаа околу 7 часот. Повторно се јави командантот полковник Блажо Копачев и ми соопшти дека минофрлачка батерија од 120 мм го подржала нападот на полицијата по наредба на Врховниот командант” - “Застани, му велам, од каде знае Врховниот командант дека ти на тие позиции имаш батерија 120 мм, а со што му наредил кога ни јас не знам кој е командир на таа батерија? Оди на лице место, провери ја состојбата, земи изјава од командирот на батеријата и дојди во ГШ со изјавата!”, му наредив.

За сето ова министерот Владо Бучковски беше информиран, но и тој не беше запознат со случајот.

Кога дојде полковник Блажо Копачев во ГШ ја донесе изјавата од командирот на батеријата и ми ја даде. Читав и не можев да поверувам. Покрај другото, во изјавата пишуваше: “Во 6 часот ми се јави Претседателот преку мобилен телефон и ми нареди да ја подржам полицијата која врши напад во селото Љуботен -но не дејствувавме во селото ами надвор од селото...” “Не е спорно, Врховниот командант може и директно да нареди, по правилото на служба, односно на секој претпоставен во итни случаи, во системот на командување може да издаде директна наредба на потчинетиот, поради брзина на преносот на наредбата, но таму во тоа правило исто така е регулирано, потчинетиот е должен веднаш да го извести предпоставениот каква наредба има добиено и од кого!”- му забележав на полковник Блажо Копачев. - “Познато ми е тоа, но ете така се случи”, вели полковник Блажо Копачев, што во суштина и беше во право.

Суштината не беше во тоа бидејќи не се случило Претседателот пред предходни проценки, согледувања на состојбата и начинот на извршување на борбената задача, да не се консултира и да побара наше мислење, а посебно кога една задача заеднички ја изведуваат АРМ и полицијата.

Сепак, во себе си помислив дека ова е игра на Љ. Бошковски, министерот за внатрешни работи. Го прашав Љубе Бошковски а тој едноставно ми рече: “Кога почна нападот јас не знаев, а Претседателот ми се јави околу 8 часот, а во тоа време јас бев во населбата “Аеродром” да се потстрижам”. -Повеќе не знаев на кого да верувам, си мислев во себе. Командирот на батеријата беше дециден во својата писмена изјава. Освен 12 испалени гранати на минофрлачи од минофрлачката батерија АРМ не учествуваше во тој напад. Покасно, добиени се некои информации дека “наводно ни полицијата не учествувала во директен напад, ами некоја агенција за обезбедување “Комета”.

Информациите не беа проверени, а за што АРМ не беше надлежна.

Сакам да подвлечам дека ова беше уште еден “обид” да се вовлече АРМ во “хаосот” што беше од некој посакуван.

Благодарение на трезвеноста на дел од Владата и помошта од меѓународната заедница, сепак не беше дозволен општ хаос во РМ и не се дозволи граѓанска војна во што бев сигурен, дека во таква создадена состојба НАТО ќе влезеше со свои единици “поради раздвојување” на двете страни, а не беше исклучена можноста за инволвирање и на некои од соседните држави.

Доколку би дошло до тоа, тогаш исто така беше неизбежна регионална војна, во која тешко би се предвиделе последиците, посебно за македонскиот народ.

“Планерот” на воената криза во РМ ги постигна целите, со помалку последици во однос на целосна војна (на граѓанска војна) бидејќи имаше однапред разработени инструменти за контрола на воената криза на двете страни. Сите други “меѓупростори” “и топло - и ладно” беа само составен дел на завршницата кои се забораваат како времето минува. Самата дилема дали има победници или поразени во ова воена криза:

победник има, а тоа е политиката со политичарите, а ние бевме само еден инструмент на постигнување на планираните цели во оваа војна.

Во сето тоа време најголем губитник беше македонскиот народ и Македонската армија која е понижена во овој историски период-понижена од сопствените “патриоти”. До кога така ќе му се случува на овој народ и на овие простори не би знаел да кажам - но сепак сум со надеж дека се приближува кpајот на односните понижувања!?” Македонскоиот народ учествувал во војни, но никогаш со своја Армија и за сопствени цели - секогаш за туѓи интереси. Bојната во 2001 г. сепак ќе остане во историјата, ако по ништо друго-тогаш по тоа дека Р. Македонија како самостојна суверена држава со сопствена армија го бранеше сопствениот територијален интегритет и целовитост.

РАЗОРУЖУВАЊЕ НА Т.Н. “ОНА” На 15. 08. 2001 Владата на РМ донесе одлука, како што истакнав во предходниот текст, да се прекинат деjствата на двете страни, а потоа да се пристапи разоружување. Секако, по потпишувањето на Охридскиот договор.

Во oвој момент се сеќавав на писмото од П. Фејт во кое децидно е нагласено: “Како мерка за градење на доверба од вас се бара да ги прекинете сите воено-воздушни операции за време на операцијата, со исклучок на оние кои се вршат за редовни логистички потреби на безбедносните сили на РМ и за евакуација на жртвите во вонредна состојба, кои ќе се извршат во координација на Командата на Наменските сили “Жетва”.

Понатаму, од Вас се бара да го повлечете тешкото оружје и вонредно разместените сили во гарнизоните за време на собирањето на оружјето од етничките албански вооружени групи, истовремено водејки сметка за барањата за заштита на безбедносните сили на РМ.” Сите овие барања посебно за повлекување на единиците со тешко оружје (тенкови, артилерија) оклопни транспортери) беа задоволени: Целокупното оружје од кризните реони беше повлечено во касарните.

Покрај повлекувањето на тешкото вооружување од кризните реони, мораше да се повлечи и тенковскиот баталјон Т-72 кој беше набавен од Украина, формиран со професионални послуги, оспособен за дејство, а беше стациониран во касарната “Илинден” Скопје. За ова повлекување немаше нити писмен договор, нити беше тема на разговор во преговорите за прекин на огнот, а ни покасно кога се договараше разоружувањето на т.н. ОНА.

Генералниот секретар на НАТО беше посебно заинтересиран, овој баталјон да биде дислоциран што подалеку од кризните подрачја. Знаејки ја борбената моќ на оваа единица НАТО бараше по секоја цена баталјонот да биде дислоциран во Струмица. Со секојдневни притисоци од НАТО Претседателот на РМ одлучи и нареди Тенковскиот баталјон со комплет старешински и војнички состав да се дислоцира во Струмица, што беше направено. За секое напуштање и на еден тенк од Струмица мораше да се бара одобрение од НАТО.

И во конкретните преговори, во однос на разоружувањето на т.н. ОНА, на некој начин бевме изиграни - имено во изработка на Планот за разоружување и начинот на извршување на разоружувањето на пунктовите, наменските сили на НАТО “Жетва”, од почетокот на разговорите беше договорено: на секој од пунктовите да бидат присутни и старешини од АРМ или МВР, секако како набљудувачи во цивилна облека. Ова го баравме од почеток на преговорите бидејќи имавме сознанија дека т.н. ОНА е вооружена со вооружување од некои земји, членки на НАТО. Но пред самата реализација на операцијата “Жетва”, под оправдување “не гарантираат безбедност на нашите набљудувачи” не беше дозволено присуство на пунктовите за собирање на оружје на нашите набљудувачи од страна на наменските сили на НАТО.

И по потпишувањето на Рамковниот договор, по прифаќањето на Владата на РМ за стацинирање на наменските сили “Жетва”, и разработка на Планот за разоружување на т.н. ОНА, состојбата не се смируваше, можни беа потешки инциденти во кризните подрачја, а посебно во Тетовскиот регион.