Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

Prespa in Flames and Smoke

Front Matter - Part 09

Par Коста Мундушев · Partie 9 sur 17 · Environ 21 minutes

Lire en English

Гробарите си отишле секој подома и бидејќи биле многу уморни, веднаш легнале да спијат. Помладиот веднаш заспал.

На сон му се појавила девојката, облечена само во здолниште.

Во раката држела анџар и му се заканувала дека ќе го заколе ако не и ги врати фустанот и накитот. Тој се разбудил исплашен и повеќе не можел да заспие. Се решил утредента украдените работи да ги врати назад. Постариот гробар не можел да заспие.

Нему пред очи му блескала златната амајлија. Тој решил сам да оди во црквата и да се обиде да ја извади од гушата на девојката.

Двајцата гробари не можеле да исчекаат да се стемни. Штом почна да се замрачува, постариот гробар отишол во црквата, запалил кандило и почнал да го одврзува синџирчето на амајлијата, но тоа било многу цврсто врзано и тој се уверил дека не ќе може да го одврзе. Затоа решил да и го пресече вратот на девојката. Го извадил ножот што го носел секогаш во појасот, го наострил од еден камен, ја поткренал умрената на колено и и ја свиткал малку главата, побарал место каде да засече со ножот и колку што се обидел да пресече со ножот, девојката му се слизнала од коленото, паднала на земја и се исправила на нозе. Таа со плашлив глас прашала каде се наоѓа.

Од возбуда на гробарот му паднал ножот од рацете и тој просто се вкаменил, така што не можел да и одговори. Во тој миг влегол и другиот гробар. Тој уште повеќе се уплашил од она што го видел. Сите тројца немо гледале еден во друг. По малку стравот попуштил и се разборувале.

- Каде се наоѓам? прашала девојката. Кои сте вие и зошто ме донесовте тука?

Гробарите се ослободиле од стравот и и објаснаа се по ред. И сега тројцата биле радосни што така убаво се се свршило.

Девојчето им се поклонило на гробарите, во знак на благодарност им ги бацувала и нозете и рацете. Потоа ги замолила да ја однесат кај нејзините родители, а за услугата им ветила дека ќе ги награди богато. Гробарите малку се замислиле, нивните лица се намуртиле и како да им било криво што девојчето се спасило. Тие се сетиле на строгите закони кои за ограбување на мртовец предвидувале казна со изгорување жив.

- Ние тебе ќе те погубиме, рекол постариот гробар.

Девојчето не очекувало такво нешто и се вџашило. Погледнало лево-десно за да види дали може да се спаси, но видело дека тоа не е можно, зашто тие биле двајца и имале оружје. Затоа таа повторно им паднала на колена им ги бацувала нозете, молејќи ги за милост.

- Не може, повторно рекол постариот, ќе те заколеме и тоа веднаш. Притоа се наведнал да го подигне паднатиот нож на земјата. Се доближил до девојчето со цел да го убие.

Девојчето ги раширило рацете и барало милост. Младиот гробар се нажалил, му го оттргнал ножот на својот другар и рекол:

- Чекај, нема да ја погубиме. Ќе и го смениме името и ќе ја продадеме на некој од многубројните трговци.

- Отсега ќе се викаш Преспа, и рекол тој на девојката. Ти не беше мртва, туку само спиеше. Затоа викај се Преспа. Покрај тоа ти ќе земеш заклетва дека за сево ова дури си жива никој нема да дознае.

Девојчето многу се израдувало, повторно паднало на колена, ги раширило рацете и рекло:

- Се заколнувам дека ќе ја исполнам заклетвата.

Истата вечер Преспа, преоблечена во ветва облека и со пресечена коса, била продадена на некои трговци што тогаш поминале низ градот. По десетина дена напорен пат таа стигнала во Цариград. Тука Преспа била одведена на пазарот за купопродажба на робови и продадена за многу пари, на еден стар но богат трговец, кој живеел сам со својата жена и му била потребна млада робинка за догледување.

Преспа старите господари ги гледала како свои родители. Со отмениот став кон нив таа просто ги запленила, така што тие ја сметале како своја родена ќерка. По нивната смрт таа го наследила целиот имот. Сега Преспа покрај убавината, имала и големо богатство. Но, сепак, таа не била среќна, зашто знаела дека се наоѓа во туѓ крај. Во неа се родила желба што побрзо да се врати во својот роден крај. Желбата за својот роден крај била посилна од се и таа решила да се врати.

Во градот на малото езерце, со широкото и богато поле, во кој Преспа се родила, растела и “умрела”, го добила и новото име, пред куќата со црни ѕидови запрел карван од камили, коњи и неколку слуги кои носеле богати дарови за родителите и роднините. Преспа влегла во својот дом и им се поклонила на своите стари и ужалени родители и им рекла дека таа е нивната ќерка, која пред десет години умрела. Таа им кажала многу уверливи докази од своето детство, им ја покажала и амајлијата што и била подарена од мајка и. И покрај сето тоа старите и ужалени родители во никој случај не и верувале. Преспа била многу упорна во своето настојување, но за жал, нејзините родители не и верувале, ја истерале од куќата и ја пријавиле на властите од градот. На Преспа и било речено во срок од три дена да го напушти градот. Од градските власти Преспа побарала да се провери нејзиниот гроб, и откако добила гаранција од нив дека луѓето што ја откопале од гробот ќе бидат ослободени од секаква казна, тогаш таа ги кажала луѓето што и го спасиле животот. По сите проверки од градските власти, случајот бил прогласен за чудо. Родителите си ја примиле својата ќерка, градот прогласил повеќедневна веселба.

Преспа си го задржала новото име, а набргу ја добила и круната од градот. Таа станала позната надалеку, многу луѓе дури и од далечни краишта доаѓала да ја видат. Како знак на настанатото чудо градот го добил нејзиното име – Преспа, а подоцна така била наречени и околината и езарата.

ПРЕСПА СЕ ВИКАЛА РЕКА Кај сегашното Перово Кула, каде двете Преспански Езера се на отстојание од само 200 м нив ги поврзува река чии води се вливаат од Малото во Големото Езеро. Оваа река е сврзана со минатото на Преспа.

Постарите Преспани раскажуваат дека патот на оваа река бил многу подолг а реката поголема. Имено, реката почнувала од подножјето на планината Врба во близина на с. Лок и завршувала кај завојот на Нивичка Планина во местото Роот, каде сега Езерото е најдлабоко, 40 сажни било мало езерце во кое се вливала реката. Низ подземни пукнатини и канали под планината Галичица од езерцето водата се провлекувала и се вливала во Охридското Езеро.

Тие уверливо раскажуваат дека тогаш Преспа била широко и плодно поле, со многу села како и голем град, градот Преспа.

Преспа тогаш се викала Река. Веројатно името го добила поради Голема Река, која почнувала и завршувала во Преспа. И кога градот Преспа со своите села биле најубави и богатата околија живеела убаво, се случило најлошото. Околијата ја зафатил силен земјотрес, се спуштило земјиштето, се појавило многу вода и тогаш градот Преспа и околните села биле рушени до земја, ги поплавила водата и останале под неа засекогаш.

Тогаш се урнале и многу села во околијата. Подземните канали и пукнатини под Галичица, по кои истекувала водата, се затрупале и се затнале, и малото езерце, кое го проголтало градот и околните села, почнало да го зголемува своето ниво и да ги поплавува полето и селата. Така настанала трка на поплавување и селење која траела со години и векови, се дури езерото го достигнало сегашното ниво. Во полето имало многу села и сите овие не можеле да се сместат во Преспа така што еден дел од жителите на поплавените села се преселиле и се населиле во сегашните села до Преспа: Желево, Оштима, Рулја, Брезница, и Габреш, а областа се викала Корешта. И поради тоа што ова население дошло од областа која се викала Река, го добиле името Рекарци, кое име се уште го носат.

Во близината на селото Лок, има извор со голема протечна моќ.

Оттука почнувала реката во која се вливале изворите кај селата Дреново, Трнаа и Винени. Потоа реките Рударска, Германска и Брајчинска, како и останатите рекички и потоци ја сочинувале Голема Река, чие корито врвело покрај сегашното островче Видринец, продолжувала пред островот Аил, на источната страна сечела низ полето па се доближувала до Наколец, и кај Нивичката Планина при завојот од ридот и во местото Роот се вливала во малото езерце, кое заземало место на тромеѓата од југословенско-грчко-албанската граница. Водата која се вливала во езерцето преку пукнатини и канали, под планината Галичица се вливало во Охридското Езеро. Кај манастирот Св.

Наум, во подножјето на планината Галичица извира немало количество вода, која се влива во Охридското Езеро. Вршени се испитувања за да се докаже потеклото на оваа вода и е докажано дека водата доаѓа од Преспанското Езеро. Таков е случајот со водите кои се собираат во рамнината во Попленска Горица. Овие води преку подземни пукнатини и канали под тумбата Горица на должина од околу 1 км се вливаат во Малото Езеро. Во спротивно, оваа рамнина ќе беше блато. Овие пукнатини толку се проширени што на пролетта, кога се мрестат рибите, низ овие подземни канали од другата страна на тумбата, излегуваат големи количества риби скобусти, кои селаните од Попли ги ловат по ендеците.

Големата Река, која го сечела полето за да се влие во тогашното езерце, Преспа ја делела на Горна и Долна. Над реката имало наколку мостови кои ги поврзувале селата и населбите. Поради зачестените есенски дождови, како и топењето на снеговите на пролетта во планините, во реката доаѓало многу вода, која честопати го затнувала речното корито и се изливила од него, го поплавувала полето и на посевите им правела големи штети.

Тогашните владетели во Преспа, а подоцна и царот Самуил, за чистење и одржување на коритото го користеле населението од Корештата чие земјиште било пасивно, а за тоа биле ослободени од секакви давачки на државата. Така, за чистење на речното корито овие луѓе престојувале во Преспа во групи и наизменично и седеле по неколку месеци годишно. Со оглед дека овие луѓе со десетлетија го чистеле речното корито, има претпоставка дека името Рекарци го добиле и од тоа што го чистеле речното корито во Преспа.

Градот Преспа се наоѓал над брегот од езерцето, во близина на островот Св. Петар. Овој град, заедно со уште некои поголеми населби, се развивале уште отпорано. И во почетокот на нашата ера достигнале висок растеж. Како градот бил на патот од некогашниот град Хераклеја за градот Лихница (сегашен Охрид) и Јадранското Море, тој бил многу развиен. Според една легенда, името градот го добил од убавата Преспа, млада девојка која умрела и на другиот ден воскреснала.

Од градот Преспа нема никакви остатоци. Само се споменува неговото име и местото каде бил лоциран. Најмногу тоа го спомнуваат рибарите, кои во овој локалитет ловат риби.

Постојат урнатини од некои поголеми населби, како и урнатини од некои тврдини и цркви и други градби, како што се некои калдрми до 2 м под вода.

Голема населба се развивала во локалитетот Латински Гробишта, во непосредна близина на селото Попли. Во оваа населба се топела руда добивана од рудникот Рудари, во непосредна близина на селото Рудари, кое го добило името според рудникот. Од преработената руда се ковало оружје, како и друга опрема за војската. Тогашните владетели во Преспа, па и самиот цар Самуил, во голема мера својата војска ја опремувале со оружје ковано во Преспа. Во ова населба се обликувале бакарни предмети кои служеле за домаќинството.

Од населбата сега постојат големи грамади и камења.

Жителите од Попли, чии е овој терен, при обработката на земјиштето честопати наидувале на темели од некогашни градби, како и водоводна канализација. Тие откопувале глинени ќупови од големи размери, разни монети и други метални предмети. Наидувале и на многу гробови и на некои од костурите забележувале поголеми размери во споредба со жителите кои сега живеат во Преспа. Ова по се изгледа ќе да е една од најстарите населби во Преспа, која била чувана од две тврдини – калето Граишта на тумбето Граишта и калето на малата тумба помеѓу Рудари и населбата. Овие две калиња не се знае кому му припаѓале.

Првиот пораз населбата го добила по навлегувањето на војниците на Василија II во Преспа и оттогаш била запоставена.

Сосема ја поништиле Турците. Кога турскиот аскер навлегол на Балканот и дошол во Преспа наишол на отпор и во борбите паднале многу Турце. За да ја одземат тие ја изгореја населбата а населението го исклаа. Преживеаните се населија кај сегашно Попли. Труците не застанале само на тоа. Во близина на Рудари бил манастирот Св. Ѓорѓија. Калуѓерите кои живееле во манастирот на Турците им дале отпор и не се предавале.

Манастирот бил опседнат и во опсада останал неколку недели.

Кога аскерот го зазел манастирот, калуѓерите ги затвориле секого во засебна ќелија и тука ги држеле се дури умреле за вода и леб. Ова место се вика Ќелје, а ридот над малото манастирче С. Ѓорѓија се вика Калуѓерица.

Во близина на селото Винени, на самиот брег од Малото Езеро, постоела голема населба. Поголемиот дел од нејзините урнатини се наоѓаат под водите од езерото. На самиот брег се урнатини од големата црква С. Ѓорѓија. До оваа населба во непосредна близина од околу 1000 метра, остана малото село со 50-тина куќи селото Винени, кое подоцна, поради навлегување води во селото, е преселено во подножјето од ридот.

Селото Аил сега е лоцирано на северозападната страна од островот. Во старо време ова село било богато, големо и се простирало на источната страна во подножјето од островот.

Покрај селото врвела Големата Река. На спротивната страна од реката имало село, селото Опаа. Кога жените од овие две села на реката ги переле алиштата, тие преку река правеле разговор.

На ова место сега има од 2-3 м вода.

Островчето Видринец, мало островче во Малото Преспанско Езеро, има површина од само неколку хектари. Тоа е голема стена во која има голема пештера. Кога езерото не постоело и пештерата била на суво, летото овчарите штом овците ќе ги напиеле вода на реката, во пештерата од стената ги носеле на мериз и тука ги молзеле. Во водите околу островчето има многу видри, кои зимата, кога Езерото е замрзнато и покриено со мраз, излегуваат на островчето и се печат на сонцето. Од тоа и името Видринец. Со оглед дека во близина е речното корито, тука има и многу риби, а видрите обезбедуваат доволно храна.

До островчето Видринец се наоѓало селото Бушкани. Оваа населба била голема и играла значајна улога во развојот на занаетчиството. Тука врвел и патот од Корча преку сегашното дреново, па спрема Бушкани за населбите и градот Преспа.

Жителите од оваа населба се населиле во селата Оровник, Букоик и Лок.

Селото Опаа, кое се наоѓало наспроти Аил, последно ги напуштило своите куќи и се населило во селата Стрково и Рудари. Од овие фамилии во Рудари сега се Толеви и Мијалови, а во Стрково Костандинови, кои селаните од овие села се уште ги викат Опајците. Во близина на селото Опаа постои месност Градињето, каде сега има до еден и пол метри вода. Од Перово Кула спрема Градињето и Опаа кај месноста Слогот, под вода под 1,5 м има калдрма, околу 500 м.

Селото Наколец неколку пати било преселувано. Така пред последното преселување, кога наоколу селото надошла вода, тие направиле пат со калдрма, и од страната поставиле колје кои им служеле да не се губат од патот и од тоа селото го добило името Наколец.

Селото Дреново се наоѓа на влезот и патот од Корча за Преспа.

Во ова село имало неколку анови, каде трговците со своите карвани го одморале и го хранеле својот добиток, па го продолжувале патот. Тука постојат грмади од камења од некогашните анови, а местото се вика Ановите.

Од островот Аил до копното, кај малата тумба Крина, отстојанието од 1,5 м под водата има калдрма висока 1,5 м и широка 3 м. Над калдрмата има околу 1 м вода. Оваа калдрма е од времето на царот Самуил. Тука било створено блато и тој изградил пат од калдрма, а подоцна истата била доградувана.

Во 1935 год. нивото од Големото Езеро опаднало со еден метар во однос на нивото на Малото Езеро.

Жителите од блиските села до Малото Езеро го проширија коритото од реката на Перово Кула, и за неколку часа малата река се претвори во страотна и матна, која уште веднаш сосебе го понесе мостот, кој беше и единствена врска со селата од Д.

Преспа и ова население остана отсечено неколку месеци, дури нивоата од двете езера се израмнија и над реката се направи нов мост. Тогаш од водите од Малото Езеро се ослободи голема површина земја и по калдрмата до Аил можеше да се оди со газење. Во некои места на калдрмата се отворени таканаречени премини за чунови, кога опаѓа водата чуновите да можат непречено да преминат.

Мостот и реката на Перово Кула заземаат значајно место во историјата на Македонија. На 14 август 1949 год., кога ДАГ се повлекуваше, а заедно со неа и населението од Мала Преспа, тие беа изложени на масовно касапење од владините авиони. Во овој пресуден момент владината армија вршеше притисок за да навлезе во Преспа, а на партизаните им претстоеше опасност за да бидат пресечени на албанската граница. Навечерта спроти 15 август речното корито беше проширено и за кратко време реката се претвори во голема река, а со тоа го спречи преминот на владините тенкови и војската, која беше присилена по два дена да се префрла со чунови низ Езерото. За тоа време партизаните, а со тоа и населението преминаа во Албанија.

Поради легендите и тврдењата на рибарите дека на дното од езерото има градби, во 1936 год. во М. Преспа беа донесени двајца нуркачи, кои спрема упатствата на рибарите беа спуштени на дното од Малото Езеро. Тие на повеќе места на дното од езерото забележаа остатоци од стари градби – куќи и цркви, а во местото од речното корито извлекоа греди од фојови дрва од некогашните мостови.

Во големиот залив до местото Роот, на брегот од Големото Езеро е с. Нивици, чии жители се занимаваат само со риболов.

Во ова село се зборува наречје со акцент на македонски јазик зачуван од најстаро време. Тоа е поради тоа што селото е сосема отсечено од останатите села од Преспа и се развивало во најголема мера самостојно.

СПОМЕНИ ОД ЦАРОТ САМУИЛ ВО ПРЕСПА При изборот на престолнина за својата македонска држава царот Самуил не случајно ја избрал Преспа. Тој Преспа ја видел питома и богата со големи населби, богато и плодно поле, со богати пасишта, како и богат лов на риби во малото тогашно езеро и големата река и блатото. А тоа му овозможувало доволно храна за војската и робовите што ги држел во Преспа.

Самуил Преспа ја видел и како тврдина која му обезбедувала спокоен престој за војската и управата и спокоен одмор на војската кога се враќала од походите.

Самуил се одлучил Преспа да ја направи престолнина на својата држава и уште веднаш се зафатил со огромни работи во кои сакал државата економски да ја зајакне и културно да ја издигне.

Прво се зафатил со прочистување на речното корито кое којзнае од какви причини било запоставено и од изливањето на водите од коритото низ полето настанало блато. За оваа цел тој го задолжил населението од селата од Корештата, сега таканаречени Рекарци, чие земјиште било пасивно. Овие селани биле задолжени да го исчистат речното корито, и низ полето да направат канали за цедење на водата. И за тоа биле ослободени од секакви давачки на државата.

Овие луѓе, откако го исчистиле речното корито и низ полето ископале канали, тие по некој ред и групно со месеци седеа во Преспа и го одржуваа коритото, а тоа подоцна им стана и обврска која била озаконета и траела подолг период, па и во подоцнежните управи се до поплавувањето на полето од водите и езерата.

Од малата тумба Крина на сегашниот брег на Малото Езеро до островот есента и зимата патот бил многу отежнат поради што тука се створило блато, и приодот до островот бил многу отежнат. Самуил се решил да направи убав пат од калдрма. За оваа цел тој ги заангажирал робовите, дел од војската и населението од Преспа. Се работело без прекин до завршувањето на патот. Луѓето кои работеле тука - робови, војска, мажи и жени, правеле пат од калдрма широк 3 м и долг 1,5 км. Камењата ги земале од планината до Крина. Луѓето биле поставени во редици и камењата ги предавале од рака на рака.

Работата од оваа масовна акција завршила многу бргу. На оваа работа работеле и многу жени, мајки на деца цицалчиња.

Малите деца ги чувале стари жени. Една жена чувала 10 деца.

Кога ги заспивале, крошните ги врзувале со ортома една за друга па сите заедно ги нишале.

По изградбата на калдрмата и отворањето пат до островот, Самуил таму изградил дворец и се населил. Тука ја пренесол и својата управа. Со отворањето канал низ полето, блатото се исушило, станало плодно. Селаните од Аил се горди со оваа калдрма и ја сметаат за една од најголемите придобивки од царот Самуил, и истите се сметаат за негови потомци. Секој посетител кој ќе дојде на островот прво ќе го однесат да ја види калдрмата а после и другите градби.

Во Преспа Самуил почна да ја гради и да подигнува и делум паметници на културата. По изградбата на дворецот тој ја изгради црквата Св. Аил, исто на островот. Оваа голема и ретко убава црква има 12 олтари и во неа на обредите пееле 12 попови. Самуил црквата ја подигнал по големиот поход и победата против Византијците во близина на Лариса. Кога тој влегол во Лариса и таму ја видел црквата Св. Ахил посакал исто таква црква да изгради и во Преспа. Во Лариса тој однесол мајстори да ја видат црквата, каква подоцна и изградил на островот. Од Лариса Самуил ги донесол коските на патријархот Ахил, во чија чест била изградена оваа црква. Неговите коски ги погребал во еден од олтарите на црквата и и го дал името Св.

Аил. Црквата е лоцирана на источната страна на подножјето на островот, и еден дел од неа сега е зафатен од водата од езерото.

Од неа сега постојат урнатини.

Старите раскажуваат дека до разурнувањето на црквата во 1918 год., на денот на Св. Аил, покрај многубројното население кое доаѓало на островот, доаѓале и сите попови од Преспа и пееле во сите олтари на црквата.

Во Првата светска војна во 1918 год. сојузничката војска во состав на Французи, Срби и Грци на тумбата Граишта на 5 км од островот имале поставено топовска батерија. Фронтот со Бугарите бил на ридот Св. Илија и Сливје над Роби и Герман.

На денот на Св. Аил на островот бил надојден многу народ и во моментот кога луѓето излегле од црквата таа била бомбардирана. Половина час на црквата и над селото експолдирале џиновски гранати од тешката артилерија на Граишта и црквата целата беше разурната. Се урнаа и неколку куќи од селото. Од насобраното население имаше убиени и ранети.

Со оглед дека од набљудувачницата на Граишта до островот отстојанието е премало, сојузничкиот заеднички штаб можеше да ја разликува бугарската војска од населението кое дошло во црквата заради денот. Што се однесува за стратегиската положба и улогата на островот на овој фронт. Бугарите сакале да дојдат на островот, ама не можеле поради тоа што мостот на Перово, откаде требаше да минат бил во рацете на сојузниците.

Уништувањето на овој драгоцен македонски споменик за преспанското население остана неразјаснета загатка.

Главниот мајстор, под чиј надзор се градела црквата, бил од Велешко и му се спомнува името Јоаким. Овој мајстор во Преспа станал легендарен, затоа што изградил повеќе цркви, како што е црквата “Св. Ѓорѓија” во населбата кај Винени, од која сега постојат само урнатини кои се зафатени од водите на Малото Езеро.

Во подножјето на тумбата Попленска Горица до истекот на водата од подземниот канал на тумбата, мајсторот ја изградил црквата “Св. Јана”, чии урнатини се во водата на езерото. До неа е изградена нова со сосема мали димензии, црква исто така “Св. Јана”. Овој мајстор ја изградил и црквата “Пречиста” во Роби, во исти стил со црквата “Св. Аил”, само во многу помали димензии, и со еден олтар. Оваа црква отпорано е урната и не се знае зошто. Во урнатините можеа да се видат мермерни столобови и расфрлени мермерни надгробни плочи. До неа е изградена нова во византиски стил, исто така “Св. Пречиста”.

На нејзиниот олтар и страничните ѕидови можеа да се видат неколку слоеви од танок малтер еден на друг и секој слој од нови слики сликани во разни временски периоди.

Царот Самуил за неговиот престој во Преспа изградил голем број цркви, ама најмногу на островот и во Роби. На островот ќе ги наброиме црквите “Св. Аил”, “Св. Спас”, “Св. Ѓорѓија”, “Св.

Димитрија” и “Св. Богородица”. Оваа последната подоцна стана голем манастир, во кој имаше голем број калуѓери и егумен.