Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

Prespa in Flames and Smoke

Front Matter - Part 03

Par Коста Мундушев · Partie 3 sur 17 · Environ 21 minutes

Lire en English

ИТАЛИЈАНСКАТА ОКУПАЦИЈА НА АЛБАНИЈА ТЕШКО ЈА ПОГОДУВА ПРЕСПА Италијанската окупација на Албанија во април 1939 год. во голема мера ја погоди и М. Преспа. Грчката влада презеде мерки за одбрана на државата. Се издаде наредба за изградба на одбранбена линија во должината на границата со Албанија, а за работа да се користи пограничното население. Машкото население од 18-65 год. беше задолжено со присилна и бесплатна работа. На работа се одеше построени и во групи и за секого се одредуваше работата која требаше да ја изврши во текот на денот. Работата се состоеше во тоа по целата гранична линија да се ископаат ровови, да се направат бункери, скривалишта и складови. Со работата раководеа специјалисти и инженериски единици. Наедно се пристапи кон изградба и на втора одбранбена линија, на која на клучни стратегиски места се градеа и бункери од армиран бетон. Овие бункери ги градеше војската, а помагаше населението.

Во Мала Преспа такви бункери беа изградени 12 и ја сочинуваа главната одбранбена линија. Изградбата на овие две одбранбени линии продолжи до крајот на октомври 1940 год., кога Италија и објави војна на Грција.

МАЛА ПРЕСПА ВО ДЕНОВИТЕ НА II СВЕТСКА ВОЈНА ИТАЛИЈА И ОБЈАВУВА ВОЈНА НА ГРЦИЈА На 28 октомври 1940 год. Италија на Грција и објави војна.

Истиот ден населението од селата Нивици, Аил, Винени, Орово, Граждено, Трнаа и Дробитишта беше евакуирано во горните села од М. Преспа и остана се до заземањето на Иван Планина и градот Корча од страна на грчката армија.

За одбивање на фашистичката Мусолиниева италијанска армија која беше наоружана со модерно и современо оружје, голема заслуга имаа Македонците. Македонските синови на овој фронт храбро се бореа и крвавеа цели 6 месеци. Тие крвареа и ги топеа албанските планини со македонска крв. Тука бројот на убиените и ранетите не беше мал. Сакајќи на читателот да му дадам појасна слика од учеството и хероизмот на македонските синови во оваа војна, ќе се послужам накусо со овој мал пример, на една чета, чии војници беа сите Македонци:

Петнаесеттата дивизија од грчката армија, која во текот на војната го носеше името челична дивизија, се состоеше од дваесетиосмиот и триесетитретиот полк, чии војници беа од македонските погранични подрачја: Лерин, Костур, Сорович и М. Преспа. Оваа дивизија ја држеше граничната линија т.н.

клин спрема Албанија до Преспа до планината Врба и Малимади, а спрема Југославија исто од Преспа до планината Кајмакчалан. Со влошувањето на положбата на граничната линија спрема Албанија, сите сили претежно беа концентрирани на албанската граница.

Во петтата чета на II-от баталјон на 33 полк сите војници бевме Македонци. Офицерите и стариот водник беа Грци и имаше десетина деца на доселенички семејства од селата на М. Преспа и околија Лерин. На 15 август 1940 год. четата, која броеше 120 војници, отпочна со копање ровови по ридовите карши с. Рулја и крстопатот кај Брезничкиот Мост, како и на селата Брезница и Смрдеш. На 20 октомври се прекина со копањето и четата дојде во с. Бесфина, тука беше и штабот на полкот.

Со објавувањето на војната италијански десантни единици навлегоа на грчка територија. Четата го напушти Бесфина и под силен дожд преку планината Врба, ноќта спрема 29 октомври, зазеде борбени позиции над височината над селото Вомбел и наутрото изврши напад над Италијаните и височината ја зазеде.

Овој напад беше првиот напад на противникот во оваа војна. На 30 октомври четата заедно со уште две чети од II-от баталјон изврши напад на албанското село Врбник и го зазеде. Тука ги заробивме и првите италијански војници. Од 1-6 ноември водевме борби со напад, и на 7 ноември 33-тиот полк изврши напад на градот Билишта и го зазеде. Во оваа борба 5-тата чета вршеше директен напад над ридот на градот, ридот го зазеде и се спушти во градот. Во оваа борба е ранет командирот на четата капетан Рондојанис, Андреја Проданов од Лерин, Сотир Маџев од Герман, а убиен Сотир Видинов од Роби.

По заземањето на Билишта четата се повлече од I-вата линија и неколку дена остана во с. Врбник за да се одмори, потоа преку с. Бесфина и Роби и селото Орово одново влеговме во Албанија и преку с. Ракицко зазедовме позиции на безименото ритче кое му беше во скутот на планината Иван.

На ова ритче, кое Италијаните упорно го држеа, 4-пати извршивме напад и се повлекувавме и секогаш имавме ранети и убиени. 5-тиот пат нападот имаше пошироки размери, во кој беше употребена и артилерија и ритчето беше заземено. Истиот ден падна и планината Иван, а по неколку дена и градот Корча.

Борбите за заземање планината Иван траија 10-тина дена и во овие крвави борби на живот и смрт паднаа убиени многу војници, меѓу кои и Трајко Бечков од Роби. Тука е ранет Никола Марков од Роби, четата се преполови а ритчето доби име Ритче на смртта. Италијаните се повлекоа.

Во неколку села во близина на градот Билишта, преполовените чети од 33-тиот полк останаа 10-тина дена. И од кога одново се пополнија, на 5 декември полкот пак тргна на фронтот. По патот за Ќафежежи, одевме ноќе а врнеше и силен дожд. Во Ќафежежи останавме еден ден и навечерта патот го продолживме за с. Фрашер. По угорниот планински пат зафати лапаец со дебели пластови од снег, кој подоцна се претвори во ситен снег, зафати и силен ветар. Беше ноќ, темница и патот се покри со големи намети од снегот. Коњите и маските, кои на нив носеа тежок товар од муниција и храна, се лизгаа и паѓаа по удолнината во трапот. На завеаниот добиток не можеше да му се помогне и да се извлече од снегот. Вејавицата беше многу силна. Војниците одвај успеваа самите да се извлечат, држејќи се еден за друг. Со голема мака по полноќ стигнавме во селото Фрашер, и зад нас оставивме голем број добиток завеан во снегот. Војниците облечени во ветви облеки, со ветви и искинати чевли, со покиснати нозе и снаги.

Се раздени и на земјата имаше дебела покривка од снег. Студот се спушти до минус 10 степени. Небото се разведри. Овој ден италијански авиони надлетуваа над нас, се спуштаа ниско и над нас фрлаа ракети и не косеа со рафали. На ридовите од Фрашер се слушаа рафали од митралези, експлодираа артилериски гранати и од двете страни. Бевме на фронтот.

Навечерта со снег до колена, со водени чорапи и искиснати алишта, полкот тргна за да заземе положај на фронтот и пред зори сите бевме на предвидениот положај и истиот ден извршивме напад на непријателот.

Италијаните се повлекуваа и зад нив оставаа ранети војници, и многу други војници кои во брзите и силни наши напади не успеваа да се повлечат се предаваа кај нас.

Овој голем број на италијански ранети и заробени војници ни правеше големи потешкотии поради големиот снег, затоа што и ние имавме ранети и убиени војници.

На височината 1200, Италијаните не запреа и оттука не можевме да ги избркаме. Тука имаа направено јака одбранбена линија. Грчката армија беше присилена да изврши напад со повеќе војска, артилерија, минофрлачи и заради тоа презеде однапред добро да се спреми. Единствениот пат за овој фронт по кој војската се снабдуваше со муниција и храна, поради големите намети од снегот често пати се затвораше. Снег паѓаше секој ден и патот уште повеќе го загрозуваше. Малуто храна што ја носевме со нас се потроши и сега останавме гладни. Студот достигна и до минус 15 степени, а ние со пушките во рацете ја браневме линијата на фронтот спремни за одбрана и напад. Кога ги изедовме последните конзерви и последниот залаг леб, ги изедовме и замрзнатите пцовисани коњи и маски.

Малуто села со расфрлани куќи кои се населени на ова планинско подрачје не беа во состојба да ни помогнат со храна, затоа што и самите доволно немаа за нив. Војската грчка на ова население присилно им зеде голем дел овци, кози и добиток, како и пченка и тоа не спаси. Првите дена ја јадевме печена, и од тоа не зафати силен пролив и сите попаднавме, после ни се даваше варена. За да биде лошото уште поголемо вошките не нападнаа, се појави и тифус. Од мојата чета умреа 2 војници.

Преносот на ранетите беше отежнат. Нив ги носевме нарамо по 5 и повеќе км, во снег до колена. Од големиот студ или од ненавреме давање помош на тешко ранетите војници тие умираа по патот. Таков беше случајот со водникот Алексиу од мојата чета.

На 7 јануари 1941 год. со водникот Алексиу од Каламата, со Трифуна Мирчев од Нивици и Петре Мангов од Баница бевме пуштени како извидници да го пронајдеме местото од каде четата ќе вршеше напад на височината 1200. На преминот на еден срт не забележија италијански авиони, надлетаа над нас и спуштија бомби. Трифун беше лесно ранет, а на Алексиу едната нога му беше скршена, беше ранет и во плешката, во рамото.

Ние му ги врзавме раните, направивме носило од ластагарки и ќебе и го пренесовме во првиот пункт за помош, каде имаше и лекар.

Алексиу требаше да се носи уште неколку километри во снег до колена и голем студ, и несреќниот водник по патот умре. На 8 јануари полкот изврши силен напад на височината 1200 и ја зазеде. Во оваа борба, која траеше половина ден, Италијаните беа разбиени . Кај нас се предаде многу нивна војска, ние имавме голем број убиени и ранети. Тука загина Герман Мундушев од Роби.

По разбивањето на Италијаните на височината 1200, тие кај нас се предаваа поединечно и во групи, дури и цели чети сосе старешини. Ова масовно предавање ни направи големи потешкотии за нивното сместување и храна. Сите овие требаше да се пренесат во внатрешноста и така можеа да се видат редици од по стотина италијански војници да ги води еден наш војник. Некои од заробениците Италијани со нив имаа армоники и гитари, и по патот свиреа како да се враќаат од свадба, а не од фронт.

5-тата чета пак се преполови и на отсутните војници се местеа нови, ама сега Грци, затоа што повеќето од Македонците беа исфрлени од стројот, ранети и убиени.

На разделбата со водникот Алексиу, тој ме заграби со здравата рака, ме баци и ми рече: - Брат ми си, само ако останам жив и тебе господ да те чува. Пешки ќе дојдам до Преспа и ти да дојдиш во Каламата. Македонец! Тоа е нешто од голема вредност. Другар, пријател, брат! – Така ми рече водникот на разделбата за секогаш со него. Преостанатите војници Македонци од четата зборувавме по македонски, а за тоа никој не ни правеше заблешка. Офицерите се чудеа зошто ни го забрануваат јазикот.

По победата на височината 1200 вршевме напади спрема селото Бумбеши и го зазедовме селото Каиза, уште неколку помали села кои ни го отежнуваа нападот на Бумбеши. Во Каиза направивме веселба да ја прославиме оваа важна победа. Се собравме во една голема одаја и сите заедно, војници и офицери се веселевме и пеевме песни на сметка на Мусолини, како грчки и македонски народни, и други песни. Грците војници кои за првпат слушаа македонски песни, не гушкаа и не бацуваа и тераа по нашиот глас, ама не можеа да изговараат. Некои од офицерите не тераа да ја пееме песната Три години Донке и ни велеа – Донке, Донке. Ние Македонците сметавме дека со борба заслужено сме ја стекнале ова слобода.

Четата секој ден беше во оган. Италијаните се повлекуваа а ние одевме зад нив чекор по чекор и не им дававме да здивнат и колку влегувавме во внатрешноста на Албанија, толку повеќе се отежнуваше снабдувањето со муниција и храна, како и пренос на ранетите.

Грчката армија правеше големи напори за да го заземе теснецот кај Клисура и патот по должината во подножјето на планината Трепешина до големиот ан познат под името Балабани и селото Бумбеши, и тогаш снабдувањето на овој фронт ќе беше решено целосно. Теснецот Клисура и патот до анот Балабани војската го зазеде, остануваше уште селото Бумбеши кое беше распрострено на широкиот рид и тогаш линијата на овој фронт ќе се израмнеше. Во спротивно Италијаните пак можеа да се вратат во Клисура.

Нападот на селото Бумбеши го изврши 33-тиот полк во состав со вториот баталјон, кој првин ја прегази допојас реката во подножјето, иако тоа беше февруари. Во првите денови од февруари времето беше сончево, убаво и топло. Баталјонот го продолжи нападот по угорнината на ридот со извици УРА, и по четири часа крвава борба заедно со останатите чети, полкот се искачи на ридот и селото. Четите беа десеткувани, војниците ослабнати, истоштени. По неколку дена четата се пополни со нови војници, се донесоа лопати и казми и ископавме длабоки ровови.

По истекот на неколку дена Италијаните отпочнаа со контранапади, се обидоа селото пак да го заземат. Ние секогаш ги одбивавме. Ранетите италијански војници кои не можеа да се повлечат ги земавме, ги преврзувавме нивните рани и ги пуштавме во болниците за да се излечат.

На неколку бунари и чешми, италијанската артилерија без прекин фрлаше гранати, такашто и тука имавме ранети и убиени. За вода одевме дури на реката. Една група од 20 војници држеше положај на едно мало ритче. Долу во трапот течеше бистра вода. Од спротивната страна на другото ритче беа Италијани. На почетокот и тие и ние во трапот буклињата ги полневме ноќе, подоцна водата ја пеевме дење. Кога ние одевме за вода на Италијаните наспроти нас им дававме знак со бела крпа, кога одеа тие, тогаш тие ни даваа знак, и така и тие и ние водата ја пиевме братски.

Со затоплувањето на времето големиот број убиени италијански војници, кои се наоѓаа во неутрална зона, почнаа да се распаѓаат. Местото засмрде. Се закануваше опасност од епидемија и на двете страни. Една италијанска делегација од 3 свештеници, облечени во бели облеки и со големи крстови на гуша, дојдоа на наша страна, побараа примирје и прекинување на огнот дури да се закопаат сите убиени тела. Грчката влада ова барање го одби.

Честопати Италијаните применуваа групно топовско бомбардирање, кое траеше и по неколку часа. Со такво едно бомбардирање на мојата чета беа ранети 9 и убиени 14 војници, беше направена вистинска касапница. Некои од војниците се ранувани по 2-3 пати, никој не можеше да ги прифати и подлегнуваа на раните. Ранетиот на ридот над Билишта, капетанот Рондојанис се врати пак на фронтот и си ја презеде својата 5-та чета. Не праша уште колку останавме од старите војници. Му рековме: - Само 8. – Каде се другите? – Убиени и ранети, - и му ги наброивме со ред имињата. Почна да плаче.

Плачеше како мало дете, плачевме и ние. – Се гордеев со вас, рече. – На моите колеги им велев, во мојата чета сите се Македонци, како лавови се фрлаа во огнот, ми завидуваа.

На 9 март 1941 година на нашите позиции околу селото Бумбеши Италијаните ја извршија најголемата дотогаш офанзива која траеше без прекин 2 ноќи и два дена. Ни рекоа дека заради оваа офанзива во Албанија и на самиот фронт дошол Мусолини, кој самиот ја следеше. За времето колку што траеше оваа офанзива, малите ридови и селото на нив беа покриени со чад и прашина. На овој положај се истури со тони експлозив. Линијата ја одбранивме, непријателот имаше големи загуби, а исто така имавме и ние. На патот покрај реката камионите чекаа во редици за да ги земат ранетите. Четите, празнините се пополнуваа со нови војници. Некои од војниците не достигнуваа да се пријават во четата: на патот беа ранувани или убивани. Некои од новите војници што пристигнуваа во четата посакуваа да ги видат Македонците, и да им се восхитат на нивниот хероизам.

Со нападот на Германците на Југославија и Грција, се најдовме во тешка положба и со голема брзина требаше да се повлечиме.

Во спротивно, сите ќе бевме заробени. На 9 април полкот го напушти фронтот и при повлекувањето се запре во близина на мостот Мерџани, на самата грчко-албанска граница. Полкот доби наредба да заземе положај на одбрана, за да може да се повлече преостанатата војска од Албанија, во која и претстоеше опасност да остане отсечена. Некои офицери од полкот наредбата не ја прифатија, и кај војниците интерно створија паника. Еден дел од војската откажа да ја извршува наредбата на штабот. Истиот ден, на 13 април навечерта, штом се стемни, многу од војниците тргнаа за своите села и куќи. Несреќните војници паднаа во италијански раце, како и заседи од албански банди вооружени од Италијаните. Еден дел успеа да се извлече од заседите и пак се врати во полкот, ама повеќето настрадаа.

Наредниот ден преостанатите војници заедно со штабот го преминавме мостот Мерџани и влеговме во наша територија, во близина на гратчето Коница, каде останавме неколку дена, и на 23 април дојдовме во Јанина, во која веќе имаше германска војска.

Во градот Јанина имаше многу војска и постојано пристигаше и друга. Штабот издаде наредба да не се разбегнуваме, да чекаме нови наредби. Германците ни го зедоа оружјето, ни ја прекинаа и храната. Во градот сите фурни и дуќани беа затворени. Имаше многу војска и сите останавме гладни.

Војниците почнаа да го напуштат градот.

Пензионираниот офицер Цамбурас од Кожани, штапски офицер на 2-риот баталјон, на неколку преостанати војници ни рече: -Деца мои, треба да го напуштиме градот и да си одиме по своите села и куќи. – Тој ни раскажа дека штабот правел наводно обиди на некој начин да не префрли во Каиро. Истата вечер, на 26 април, го напуштивме градот и тргнавме по своите села и куќи.

*** Во ова време кога Македонците по планините на Албанија гинеа масовно и ја бранеа честа на Грција, побеснетата клика на Цаксирас не престана со прогонување на Македонците во М.

Преспа. И во ова време тие имаа луѓе затворени по затворите заради што луѓето се чувствуваа Македонци. Таков беше случајот на Митрета Кузманов од Герман, на кого син му Илија се бореше во 33-тиот полк на грчката армија, Митре се тресеше во логор заради тоа што не им се покоруваше на желбите на Цаксирас.

ГРЦИЈА ПОД ОКУПАЦИЈА НА ГЕРМАНИЈА МАКЕДОНЦИТЕ СЕГА УШТЕ ПОВЕКЕ ЈА ПОДИГНУВААТ СЛОБОДАРСКАТА СВЕСТ Со навлегувањето на Германците на грчка територија, владините војници и жандарми, како и административните службеници и учители, кои престојуваа во М. Преспа, заминаа преку Костур за внатрешноста на Грција. М. Преспа остана слободна како никогаш дотогаш. Во ова безвластие многу луѓе се охрабрија и створија нереди. Навлегоа во напушените касарни и караули и оставените продукти и облека ги подигнаа.

Посилните тука доведоа и запрежни коли и почнаа да дигаат предмети што им беа и што не им беа од корист. Караулите беа сосема изобличени. Во касарната од Роби, робенци почнаа да ги вадат вратите и прозорците. Некои се качија и на чатија и почнаа да ги вадат ќерамидите. Некои постари мажи ги спречија.

Положбата многу се влоши и требаше веднаш да се спречи.

Требаше да се спречат и некои насилници кои станаа страв и трепет за населението. Никого не одбираа, туку редум вршеа пљачки, се маскираа, застануваа на крстопатите и ги пљачкаа минувачите.

Понапредни луѓе од селата, по своја иницијатива се собраа и договорија по селата да постават селски совети, кои врз себе ќе ја земат одговорноста како би се поставил ред по селата. Така по сите села се поставија совети од постари и поавторитетни луѓе. Советите го препорачуваа следното: Она што Турците ни го правеа со векови, а Грците со години, ние нема да го правиме. Во оние села што имаше бегалци, советите бегалците ги зедоа под заштита, и оваа заштита траеше се дури се смири положбата. Сите настанати спорови кај селата ги решаваа советите.

Со распаѓањето на италијанскиот фронт се растури и војската.

Преживеаните војници изнемоштени се враќаа од фронтот по своите куќи. Војниците се враќаа по групи и поединечно, луѓето кои работеа по нивјето, кога ќе видеа да се враќа група од војници ја оставаа работата и трчаа кај нив, се ракуваа, се гушкаа со нив. Најсреќни беа родителите на кои децата им се вратија живи и здрави.

На 25 јули 1941 год. во Мала Преспа имаше една единица од новоформираната Служба за безбедност на Чолакоглу. Новите жандарми во состав со бивши жандарми и приврзеници на Метаксас, се распоредија по поранешните жандармериски станици во М. Преспа. Населението го известија дека тие ќе бидат служба за безбедност, наедно и власт. Доаѓањето на новата власт во М. Преспа донесе нов немир кај населението.

Со нивното присуство и активност сакаа да го опаднат моралот на населението, а како верни слуги на Германците ќе ги собираат даноците од населението.

Голем број од населението од овие села во кои дојдоа непожелните жандарми, за времето на Метаксасовата диктатура беа понижувани, малтретирани, затворани по затворите и мачени и од сето тоа беа огорчени и во нив се разгоре желба за отвор. Уште истиот ден, селаните се собраа и се договорија да им речат нив не ги признаваат за власт и со добро да ги напуштат селата. Жандармите не се согласија со тоа и рекоа дека имаат оружје и по потреба ќе го употребат.

Во Герман бранот беше најсилен и најефикасен. Уште истиот ден на жандармите кои беа сместени во бившата жандармериска зграда, им ја прекинаа водата. Селаните се договорија никој да не им се приближува и храна никој да не им дава, и тоа го сторија. Жандармите останаа без вода и храна, ноќта одвреме навреме низ селото се слушаа пукотници од пушки и рафали од митралез. Жандармерискиот началник се исплаши, се обиде да воспостави врска со Германците во Лерин и не можеше. На 4-тиот ден на прозорот извади бела крпа и еден по еден ја напуштија зградата и селото, се запреа во Роби во касарната. Робенци за цело време не беа мирни. Настаните во Герман ги следеа и беа во тек со нив. На вечерта 29 јуни селаните што се прибраа од полската работа, на средселото се собраа сите, се договорија во касарната да испратат делегација од селани кои ќе побараат уште веднаш да го напуштат селото.

Луѓето отидоа кај началникот, тој ги одби со зборовите дека до последниот ќе се бијат. На средселото имаше стотина мажи, а пристигаа и други. Положбата беше напната и во оваа напнатост од кај патот од Герман и Роби се чу борбена македонска песна и по 10 минути во Роби влезе колона од околу 200 младинци од Герман и сега сите заедно германци и робенци во колона од околу 350 души со борбени песни тргнаа кон касарната. Кога колоната пристигна до мостот и првите тргнаа за касарната, квислингшките жандарми отворија оган, поради застрашување на населението. Луѓето тргнале кон касарната и немале намера да пукаат со оружје. Луѓето се исплашија и се разбегаа по реката и по селските улици. По извесно смирување од околу еден час, група од селани се обидоа да одат кај касарната, се чуја истрели од пушки. Пукаа во се живо и го убија Мијал Мундушев од Роби, го ранија Доне Бечков од Роби. Ноќта жандармите ја напуштија касарната и заминаа за Лерин.

По 10 дена во М. Преспа пристигна германска војска со тенкови, а со нив и истераните жандарми. Го собраа населението, му се натресоа и му се натопорија и ги побараа иницијаторите. Селаните беа единствени. Германскиот офицер што ја предводеше колоната рече: - Ова нека ви биде простено, ако поново се случи истото, селото ќе ви биде изгорено, а сите вие ќе бидете убиени, и продолжи: - Овие тука ќе останат и ќе ви бидат власт. Тие се на наша, германска власт. Неколку мажи се доближија до офицерот и му рекоа: - Без разлика дека тие се ваша власт ние не ги сакаме, а имаме и зошто да не ги сакаме.

Командирот се разлути и рече: - Комуниста. – Не, рекоа луѓето, ние не сме комунисти, ние сме Македонци, а тие не не оставаат да бидеме Македонци, со сила не прават Грци. Офицерот рече: -Ред мора да има, и си замина, а жандармите по селата останаа.

Жандармите на германската квислиншка влада, во М. Преспа за населението не претставуваа нити власт нити држава. Тие беа како да не беа. Сега во М. Преспа се зборуваше по македонски, се пееја македонски народни и други песни од Илинденското востание. Германските жандарми вложуваа напори да го задушат овој силен слободарски дух со застрашување и затворање на поединци. Во Роби се запали една плевна и поради овој случај беа уапсени 9 души на кои им се досуди по 6 месеци затвор. При процесот на судењето во Лерин во обвинението плевната не беше спомната. Луѓето ги клеветеа, затоа што во селото биле организатори на оружен напад на жандармите во Роби, и дека луѓето се бунтовници. Подоцна беше установено дека плевната ја запалија жандармите и преку тоа да можат да ги затворат луѓето.

Во другиот дел на Преспа, во Г. Преспа беа Италијани и во Љубојно имаше италијанска војска. Преминот на Маркова Нога го чуваа италијански војници. Италијанската окупациона команда од Костур со германската окупациона команда од Лерин, на барање од Италијаните се спогодија М. Преспа да им припадне на Италијаните и во ноември 1941 год. во М. Преспа дојдоа Италијани.